29. Јануари (16. Јануари)
ПОКЛОНЕНИЕ НА ЧЕСНИТЕ ВЕРИГИ НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ПЕТАР
Кога Ирод го фрли во темница свети апостол Петар, тој беше окован во двојни вериги, а кога ноќе апостолот спиеше помеѓу двајца војници, Ангел Господов го чукна Петар во ребрата, го пробуди и го изведе надвор. А чесните вериги сами паднаа од него, како што пишува во Делата Апостолски (Д.А. 12, 4-7).
За тоа преславно избавување на свети Петар од оковите и темницата се расчу по цел Ерусалим. Тој веднаш замина по други краишта да го проповеда Евангелието, а неговите чесни вериги ги зедоа некои христијани и ги чуваа кај себе со посебна почит, како пред очите да го имаат самиот врховен апостол Петар. Овие вериги добија исцелителна сила и истеруваа зли духови (Д.А. 19, 12). Тие беа грижливо чувани и пренесувани од поколение на поколение.
Така дојдоа до рацете на пресветиот патријарх ерусалимски Јувеналиј. А кога благочестивата царица Евдокија, сопруга на византијскиот цар Теодосиј Младиот, дојде во Ерусалим и тука подигна многу цркви и ги украси, патријархот, гледајќи ја нејзината голема побожност и богољубие, пред таа да се врати во Цариград ѝ подари многу свети работи, а меѓу нив и чесните и чудотворни вериги на светиот апостол Петар.
Царицата ги однесе во Цариград. Дел од светите вериги даде во храмот на свети апостол Петар, дел во големата црква Света Софија, а дел испрати во Рим, кај својата ќерка Евдоксија, која беше омажена за западниот Римски цар Валентијан Трети. Таа беше побожна како и нејзината мајка, и изгради храм на Ексквилиската гора, во името на свети апостол Петар и таму ги положи неговите свети вериги. Во Рим беа пронајдени и други негови свети вериги со кои беше окован од својот мачител, римскиот цар Нерон 4-ти. Шеснаесетти јануари беше одреден како празник за поклонение на чесните вериги, во чест и спомен на светиот апостол Петар, а во слава на нашиот Господ, Исус Христос.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ, ТРОЈЦАТА БРАЌА БЛИЗНАЦИ
ПЕВСИП, ЕЛЕВСИП и МАЛЕВСИП
и нивната баба НЕОНИЛА
Епископот на Смирна, свети Поликарп, беше ученик на светиот апостол и евангелист Јован Богослов. Исполнет со Дух Свети и сакајќи да го умножи Христовото словесно стадо, тој испрати свои ученици во разни земји да го проповедаат Словото Божјо. Во тоа време, во Франција беше спроведено најстрашното гонење на христијаните. Тогаш свети Поликарп испрати таму двајца свои свештеници, Андохиј и Венигн, и ѓаконот Тирс. Тие беа луѓе со вистински добродетели, богољубиви, ревносни во подвизите и спремни на сѐ, за љубовта кон Христа. Отпатуваа и под Божјо раководство стигнаа во древниот град на Галија, Едуа. Таму, по Божја промисла ги пречека сенаторот Фавст, човек многу благороден, и ги замоли неговото семејство и сите роднини и пријатели да ги покрстат. Потоа им рече: „Имам родена сестра; се вика Неонила, и живее во градот Лингон. Таа има тројца внуци близнаци од својот син. Тие се добро школувани, и добро научени на светската мудрост. По угледот на своите предци тие живеат во незнабожечка заблуда, и им служат на идолите. О, свештеници Божји, помогнете ѝ на мојата сестра, и како што започнавте, до крај просветете го благородниот дом“.
Свештениците се посоветуваа меѓу себе и се разотидоа на две страни за да проповедаат; Андохиј и Тирс отидоа во Августодонискиот крај, каде многумина приведоа кон верата Христова, и се удостоија со маченички венец. А свети Венигн отпатува во градот Лингон кај сестрата Фавстова, блажената Неонила. Таа го прими свети Венигн со најголема радост. Тој ден нејзините внуци беа отишле во селото Пасмазија, каде ѝ принесоа жртви на богињата Немезида. Блажена Неонила заедно со свети Венигн ги поучуваше своите тројца внуци близнаци, укажувајќи им на заблудата за принесувањето на жртви на идолите. Нивната баба им се обрати:
- Еве, човекот што стои пред вас е свет човек. Ви го испратила од далечна земја добрината Божја. Слушајте ги неговите зборови зашто од неговата уста излегуваат заповеди Божји. Научете се од него на свети поуки, кои за вашето спасение ќе бидат покорисни од сѐ.
Додека блажена Неонила, со светиот презвитер, со спасоносни поуки ги надградуваше своите внуци, во нивните срца јакнеше божествената благодат, која на таинствен начин веќе беше вдахнета во нив.
Нивната баба им велеше: „Мојот син, а ваш татко, кој е веќе мртов, беше со толку закоравено срце, толку помрачен со маглата на безбожието, што ниту сакаше да верува во Христа Бога, ниту пак го изусти некогаш Неговото свето име. Поради него досега молчев и не ви кажував што е корисно, бидејќи се плашев дека тој со своите погубни совети засекогаш ќе ве оттргне од правиот пат. А сега, кога тој по Божја волја умре, вие отворете ги своите срца и тела, гледајте во небото и искоренете ја од душите свои почитта кон идолите, која е непријател на вашето спасение, за да преминете во вечната радост“. Таа продолжуваше да им зборува, а браќата со восхит ја слушаа својата баба како им раскажува за вистинскиот Бог, Господ Исус Христос, кому и ангелите и сите творенија му даваат должно почитување и слава.
Тогаш браќата ѝ раскажаа како и тројцата претходната ноќ имале виденија. Певсип ѝ рече:
- Јас се видов себеси како баба ми ме дои со изобилно млеко, и ми вели: „Певсипе, пиј го млекото на спасението за да се крепиш од него и да можеш да им се спротивставиш на противниците и да добиеш славна победа“.
А Елевсип рече:
- Јас видов на небесниот престол Некој, Кој блескаше со неискажлива слава, од блесокот не можев да гледам, па ме спопадна страв и ужас. А Он, со светло лице ме повика и ми рече: „Не плаши се! ќе се удостоиш да го добиеш венецот на победата“.
Третиот брат, Малевсип, рече:
- Видов и јас, не знам, некаков голем Цар кој нѐ сврсти и тројцата нас во својата војска и ми рече: „Малевсип, одлучив тебе и твоите браќа да ве ставам во својата палата и подеднакво да ве наградам, бидејќи вашата баба постојано, дење и ноќе ме моли за вашето спасение; да бидете избавени од демонската темнина и да преминете од смрт во живот“.
Тогаш светиот презвитер Венигн многу добро ги поучи во светата вера, ги просвети со светото крштение и ги утврди во вероисповедањето Христово. Потоа замина на исток, во Галија, и по кратко време беше овенчан со венецот на мачеништвото.
Тројцата браќа, веќе утврдени во верата, ги испратија своите слуги да ги искршат сите идоли. И веднаш по целата Лингониска краина се пронесе веста дека високородните момчиња близнаци, внуците на Неонила, поверувале во Христа и ги искршиле нивните богови. Против нив се крена целиот народ, а стана и власта; судиите и жреците ги обзеде силен гнев, и од сите страни потрчаа кон божествените момчиња. Началниците започнаа да им зборуваат: - Какво лудило ве зафати наеднаш? Кој ве наговори да ги напуштите нашите богови кои и нашите претци од дамнешни времиња ги почитуваат? На ваков начин ли царската наредба ја газите? За Бог го сметате Христос, кого Евреите го осудија на смрти го приковаа на крст?
Блажените момчиња се исполнија со Дух Свети, и им одговорија:
- О, слепи по срце и натоварени со огромно бреме на гревови, подготвени за вечни маки и бесконечна смрт! Сами прелажани од исконскиот непријател, зошто и нас нѐ наговарате да се поклонуваме на камења и други предмети, кои немаат дух и живот, ниту чувства? Всушност, тие се ништо, но вие ги почитувате како богови. Нашиот Господ Исус Христос е живиот и вистинскиот Бог, заедно со Отецот и Светиот Дух. Он е творецот на сѐ што е во светот.
Кога го слушнаа тоа, незнабошците се разлутија и почнаа да им удираат шлаканици, и да им се закануваат со мачење. Тогаш браќата едногласно им рекоа: „За нас е чест да загинеме маченички за Христа“. Гледајќи ја нивната непоколеблива вера, ги ставија во темница. Потоа ја повикаа нивната баба, чесната Неонила и ѝ рекоа: „Ако сакаш своите внуци да ги сочуваш од маки, и да ги спасиш од смрт, тогаш оди и советувај ги, боговите што ги испокршија да ги поправат и да им принесат долични жртви“. Неонила им одговори: „Со задоволство ќе отидам и ќе ги советувам за она што ќе допринесе за нивното избавување“.
Таа отиде и кога ги виде своите внуци дека се непоколебливи во исповедувањето на светата вера, се исполни со огромна радост. Секого посебно го целиваше, плачејќи од радост и благодарејќи му на Христа Бога.
Откако долго се помоли за нив, ги крепеше да бидат цврсти и да издржат храбро до крај. Потоа ги повери на Христа и отиде.
Утредента повторно ги тераа да им се поклонат на боговите, но тие пак јавно ја исповедаа својата вера во Христа. Тогаш ги обесија на едно дрво и започнаа силно да ги тегнат нивните тела, така што коските и зглобовите им се раздвојуваа во телото. А тие, крепени со силата Христова, јуначки поднесуваа. Кога видоа судиите дека момчињата ниту малку не се возбудуваат од маките, туку се посилни, наредија да ги врзат околу едно дрво и да запалат силен оган за да изгорат во него. Но, со помошта на Христа Бога, светите браќа останаа неповредени во огнот и го славеа Бога. И покрај огромниот оган тие немаа ни најмала изгореница на себе, а кога огнот згасна пред себе здогледаа хорови на свети Ангели, готови да ги примат и пратат нивните души на патот кон небесното Царство.
Светите браќа Певсип, Елевсип и Малевсип паднаа на колена, се помолија заедно, и ги предадоа душите свои во рацете на Христа Бога.
Нивните чесни тела беа погребани во селото Урват, на два километри од градот. Покасно, овде беше подигнат храм во нивно име и во него безброј чудеса се случуваа.
Некоја жена по име Јовила, исполнета со божествена ревност, ги пренабрегна и својот сопруг и синот единец, и повика среде незнабожниот народ, велејќи: „И јас сум слугинка Христова, и ги отфрлам вашите идоли како ништавни“. Додека вака смело зборуваше, веднаш ја зграбија за косата, ја обесија и ја подложија на многу маки. Но, таа не се одрече од Христа, па заедно со света Неонила, бабата на светите маченици, ги одведоа во споменатото село Урват и таму ги обезглавија и двете. И некој човек, по име Неон, кој ги следеше подвизите на светите маченици и ги запиша нивните страдања, го предаде својот запис на својот пријател Турвон, го исповедаше Христа јавно и беше тепан до смрт. Но, и Турвон, угледувајќи се на светите маченици, после кратко време со маченички пат премина во вечниот живот. Ова се случи на 16 јануари за време на царувањето на римскиот цар Марко Аврелиј. Нека им е вечна слава. Амин.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ РОМИЛ ВИДИНСКИ
Родителите на овој прекрасен подвижник и вистински слуга Божји, Ромил, беа благочестиви и не многу богати. Сепак, имаа доволно за живот и за делење на милостина на сиромасите. Татко му беше Грк, а мајка му Бугарка и живееја во градот Видин, во Бугарија. Тука им се роди и нивниот син, кому му го дадоа името Рајко и го одгледаа и воспитаа во науката и законот Господов.
Кога порасна, неговите родители не знаејќи за неговата неискажлива богољубивост и предаденост на Бога, како и сите други телесни родители, сакаа да го вдомат. Но, Рајко не сакаше ни да слушне за женидба, бидејќи веќе беше одлучил во себе да се оддаде на монашкиот живот. Затоа тој реши тајно да го напушти татковиот дом. Отиде во Трново, во манастирот посветен на Пресвета Богородица Одигитрија (Патеводителка), и беше замонашен со името Роман.
Неговото беспрекорно послушание и благоговението пред Бога, неговото мудро смирение и љубов кон сите, станаа причина да биде сакан и почитуван од сите.
Додека настојателот на манастирот се радуваше на неговата послушност и сесрдие, во младиот Роман сѐ повеќе се разгоруваше желбата да го напушти светскиот метеж и да се насели далеку на некое пусто место. Штом дозна за местото викано Парорија и дека таму за себе изградил живеалиште великиот човек Божји, големиот подвижник на благодатното безмолвие и богосоѕерцание, светиот Григориј Синаит, кој со своите поуки, со зборовите и со примерот на својот живот, секојдневно ги приведува душите кон Бога, преподобниот Роман почна да размислува, како да стигне до него. Чекаше некое време, зашто не сакаше да го нажали својот игумен кој многу го почитуваше и сакаше.
Но, со текот на времето кај него сѐ повеќе јакнеше љубовта кон испосничкиот живот, и во една прилика, тој на настојателот му ја откри својата намера за пустиножителство. Кога го слушна тоа, старецот многу се нажали, но сепак го благослови и го отпушти.
Така преподобниот Роман го зеде со себе својот другар и соподвижник Иларион и отпатува.
Кога стигнаа во манастирот на големиот подвижник, Григориј Синаит, тој ги пречека и ги прими со радост. Иларион како послаб, го постави да ги врши полесните работи, а Роман како многу вреден го задолжи да ги извршува најтешките работи, бидејќи во тој период се градеше манастирот. Тогаш секој можеше да види како Роман трча, извршувајќи ги своите послушанија: час донесуваше греди од шумата, час камења, час вода од реката што течеше до манастирот. Понекогаш служеше во кујната и лебарницата; со еден збор беше вреден работник во сите послушанија. Им служеше исто така и на болните како никој друг, и неговите доблести им станаа познати на сите браќа во манастирот. Затоа сите започнаа да го нарекуваат „Калороман“, што преведено од грчки значи, „добриот Роман“.
Во манастирот на свети Синаит имаше еден многу стар монах. Тој беше телесно болен и имаше јаросен гнев во себе. Поради неговата гневност никој од тамошните монаси не можеше да му угоди. Знаејќи го тоа, а знаејќи и со каква умешност им служи на болните преподобниот Роман, кога завршија со градбата, мудриот наставник и познавач на божествените работи, свети Григориј, одлучи да му даде послушание нему, тој да се грижи и да му прислужува на овој стар монах.
Роман со радост го прифати ова послушание и му служеше, и смирено ги трпеше сите навреди од старецот. Од тогаш секој можеше да го види преподобниот, како великодушно ги поднесува сите навреди и неволји што му ги приредуваше болниот старец.
Тој постојано, иако беше зима, му ловеше риби, како лесна храна заради неговата болест.
Еден ден имаше добар лов, па се занесе и задоцни, и не се врати во манастирот во одреденото време. Старецот многу се разлути поради тоа, и многу го навредуваше, го караше, дури, откако му ги зеде рибите што ги донесе, го остави надвор пред ќелијата цела ноќ. А пак, таа ноќ паѓаше многу снег и го покри преподобниот Роман, така што утредента тој не се ни гледаше од снегот.
Утредента, кога расчистуваа браќата го пронајдоа Роман скоро полумртов под длабокиот снег. Овој подвиг е еднаков на ловење риби во заледена вода.
После некое време се упокои болниот старец, а пред него отиде кај Господа и самиот светилник и општ старец на целиот манастир, Григориј Синаит, на 27 ноември 1346 година. Тогаш секој можеше да го види преподобниот Роман како силно плаче и тагува, и дење и ноќе, зашто не сакаше да живее и да работи по своја волја без потчинување на другите. Потоа тргна и отиде кај старецот кај кого се подвизуваше претходно споменатиот Иларион, кој заедно со него дојде овде. Овде ропски му беше послушен на овој старец, но не беше лесно да му се угоди. Бидејќи овде преподобните беа многу напаѓани од разбојници, тие ја напуштија Парорија и се вратија во Загора. Се населија во местото викано Мокрин, оддалечено од Трново еден ден пешачење. Меѓутоа Роман не остана долго овде, туку од непознати причини се оддалечи на едно осамено место во пустината.
По кратко време се упокои старецот, и кога дозна за неговата смрт, Роман многу плачеше и се обвинуваше себеси за неговата смрт. Тој му рече на Иларион: „Затоа што ја престапив заповедта на старецот и се оддалечив од заедничкиот живот со тебе, еве, од денес тебе ќе ти се потчинувам во Господа наместо на покојниот старец“. Иларион знаеше дека Роман е поголем од него и не сакаше да се согласи, но вистински смирениот Роман го увери, велејќи: „Нема да станам од земјата ако не ме примиш, од денес да ти се покорувам во Господа“. Тогаш Иларион се согласи и го прими. Потоа заедно, повторно се вратија во Парорија и си направија ќелии во близина на манастирот на свети Григориј Синаит.
- Во тоа време, и јас, - вели писателот на ова житие, - најбедниот меѓу монасите, дојдов од Цариград на тоа место и кога слушнав за нивното доблесно живеење и совршено подвизување, ја наведнав главата и се потчинив на преподобниот Иларион, кому му беше потчинет и самиот преподобен Роман.
Таа година, се приближуваше сечесната и Велика Четириесетница и беше обичај во последната седмица пред постот, навечер сите соподвижници да вечераат заедно, а потоа во текот на постот секој да се повлече во самотија. Истото го направивме и ние. Старецот ни рече дека ќе се состанеме следната сабота, односно на празникот на свети Теодор, заради телесно утешување. Како што рече преподобниот Иларион така и се случи.
Кога повторно се собравме и седнавме на трпезата, преподобниот Роман беше некако отсутен. Во еден момент тој стана од трпезата и отиде во својата ќелија. Не се врати долго време, па старецот ме испрати да го побарам. Кога застанав пред неговата ќелија го слушнав како плаче толку силно, како мајка која штотуку го погребала својот син единец. Не се осмелив да затропам туку се вратив назад. Старецот ме праша: „Каде е братот?“ А јас му одговорив: „Ние, оче, јадеме телесна храна, а тој духовна“, и му објаснив на старецот што слушнав.
Старецот ме испрати повторно да го повикам за заедно да се утешиме и да станеме од трпезата. Кога отидов повторно слушнав плач. Затропав на вратата и излезе Роман, целиот богоносен; лицето му беше светло, а образите наквасени со солзи. Пред тоа, овој подвижник имаше благодатен дар на солзи, но сега заради неговите богоугодни подвизи наишла на него благодатта на Светиот Дух и му го дарувала овој богат дар. Дојде на трпезата и додека сите јадевме, тој не зеде ништо, зашто беше заситен не со леб, туку од дарот и благодатта на овие солзи.
Од тоа време, тој го замоли старецот да си направи ќелија на одредена оддалеченост од манастирот. Но, поради опасноста што се закануваше од нападите на Агарјаните, повторно се вративме во Загора и се населивме во нашите претходни ќелии.
Јас и нашиот старец Иларион на едно место, а преподобниот Роман во наша близина на друго. Колку пати и да одев кај него поради работа, секогаш го слушав како плаче и рида.
По кратко време тој пак се врати во Парорија, не плашејќи се од тамошните опасности што постојано демнеа.
Кога се врати таму, тој навлезе длабоко во планината и си изгради за себе колиба, во која се удостои на великата монашка схима, при која го доби името Ромил. Тука помина пет години одвоен од секакво општење со луѓето, освен што понекогаш по потреба доаѓаше во манастирот на свети Синаит. Но, кој може да ги искаже неговите солзи и неговиот плач преку целото тоа време; и неговата борба со демоните и нивните застрашувања што ги претрпел, како што сам ни раскажуваше. Зашто блажениот ни зборуваше нам, дека без Божја помош никој што носи тело не може да се бори со демоните. Колку солзи пролеал овде подвижникот Христов, само Гопод знае.
Потоа замина на Света Гора Атонска и најде таму многу свети монаси подвижници, кои ги упатуваше на патот на спасението. Тогаш кај него започнаа да доаѓаат многу монаси, и не само отшелници туку и оние од општожитијата, зашто неговиот збор имаше посебна благодат. Но, тој сакаше мирно да живее, подалеку од светската слава и затоа промени многу места и на крајот дојде и остана во месноста Мелана. - Таму го најдов и јас, бедниот Григориј, - вели писателот на житието. - Нему му се покорив со смирение како на свој духовен отец, - вели писателот на житието.
Тука основа свое монашко братство, и таму долго време се подвизуваше и ги поучуваше браќата, избегнувајќи ја светската слава.
Преподобниот Ромил имаше неопишлива вера во Бога и на сите подеднакво им го отвараше своето милостиво срце.
Покрај многубројните свои богоугодни дела, тој го правеше и ова: „Ако некој од монасите на Света Гора си градеше ќелија за себе и му се обратеше на старецот за помош, тој ми даваше мене ваква задача: - Во текот на ноќта сѐ што имаш најубаво да го зготвиш, зашто овој или овој отец има потреба од нас, да појдеме и да му помогнеме во изградбата на ќелијата. Јас постапував по заповедта. И наутро земавме леб, вино, приготвената храна, овошје и одевме каде што бевме повикани. Тогаш секој можеше да го види преподобниот Ромил, кој како некое младо момче работеше заедно со другите сѐ до вечерта кога уморни од работа се враќавме назад“.
Старецот беше неуморен во поуките. Кај него доаѓаа монаси од Света Гора заради поука. Зашто како што магнетот го привлекува кон себе железото, така и неговиот збор и пријатната беседа ги привлекуваа човечките души.
После изгубената крвава битка на христијаните од страна на Турците, на реката Марица, на 26 септември 1371 година, свети Ромил како и многу други монаси беше принуден да ја напушти Света Гора и да се пресели со своите ученици во Авлона, близу Драч. А потоа отиде во Раваница кај Ќуприја, во Србија и се насели во манастирот „Свето Вознесение“. Во овој манастир не поживеа многу време. Наскоро ја остави земјата и сѐ што е земно, и отиде во небесните населби, предавајќи ја својата блажена душа во рацете Божји.
Се упокои на 16 јануари 1375 година. Неговиот гроб излеваше многу благопријатен мирис.
Делата и чудесата по неговата смрт ги чувствуваа богољубивите луѓе што доаѓаа на неговиот гроб. Истеруваше демони, исцелуваше хроми, слепи, глуви... Господ така го прослави, бидејќи за време на својот живот многу Му угоди. Го прослави како што ги прославува сите што Му служат и го слават со целата своја душа. Амин.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ДАМАСКИН ГАБРОВСКИ
Свети Дамаскин се роди во Габрово, во Бугарија. Од љубов кон монашкиот живот, тој ја остави својата татковина и дојде на Света Гора. Го прими монаштвото во Хилендарскиот манастир и беше поставен за јероѓакон, а потоа и за јеромонах, дури и игумен на светата обител.
Во една прилика, тој отиде во Свиштов да побара од некои Турци да го исплатат долгот што го имаат кон манастирот. Но наместо да се оддолжат, тие го нападнаа, го ограбија и натераа една Турчинка со лошо поведение да оди во куќата каде беше сместен Дамаскин. Потоа, дојдоа тука Турците и го обвинија дека божем ја нашле жената кај него, па веднаш го изведоа пред кадијата.
Кадијата му предложи на Дамаскин: или да се потурчи или да биде обесен. На тоа, преподобниот спокојно му одговори:
- Се родив како христијанин, како таков и ќе умрам! Да се одречам од Христа, е исто како да се одречам од Царството небесно. Тој е дарител на благодатта Божја која е неопходна за исполнување на Неговата волја. Жал ми е ако тоа не го разбирате, но би било безумно ако јас се согласам за привремен живот да си купам вечна погибел.
Тогаш муги врзаа рацете наопаку и го одведоа нагубилиштето. Овде тој измоли од Турците дозвола да се помоли на Бога. Се сврте кон исток, се помоли, и им рече:
- Сега сум готов за смрт!
И беше обесен на 16 јануари 1771 година, во градот Свиштов. Така свети Дамаскин го жртвуваше своето тело за да ја спаси својата душа. Неговите убијци веднаш ги достигна Божјата казна. Седнаа во едно кајче да се превезат преку Дунав, но ги зафати ненадејна бура и сите се удавија. Житието на свети Дамаскин Габровски го напишаа монаси од Атон.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДАНАКТ
Светиот маченик Данакт е родум од Илирија. Тој беше чтец во тамошната света Црква. При еден напад на незнабошците кои убија многу христијани, тој ги собра сите црковни работи за да ги сочува. Но, го фатија незнабожците и го присилуваа да им принесе жртви на идолите. Тој не сакаше, па одлучно одби и храбро им рече дека го исповеда Христа Бога, а не мртвите идоли. Тогаш му ја пресекоа главата и го фрлија во морето. Така го прими венецот на мачеништвото. Свети Данакт пострада во втори век.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК НИКОЛА
Овој свет маченик беше од островот Митилина и пострада за Христа од Турците во 1771 година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БЛАЖЕН МАКСИМ ТОТЕМСКИ
Беше свештеник во градот Тотем во Вологодската губернија; четириесет и пет години беше во подвигот на јуродив и се претстави во 1650 година. Неговите свети мошти почиват во црквата на свети Никола Чудотворец.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЈОВИЛ, ТУРВОН И НЕОН
Овие свети маченици пострадаа заедно со света Неонила.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ЕЛПИДИЈ И ЕЛЕНА
Овие светии се спомнуваат (во некои Синаксари) заедно со свети Данакт чтец (кој е спомнат напред).