30. Јануари (17. Јануари)
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АНТОНИЈ ВЕЛИКИ
Подвижништвото е древно исто колку и христијанството, но подвижниците од првите векови не го напуштале светот. Тие живееле во градовите и селата, во семејства или сами, а понекогаш и во мали групи. Монахот (или самотникот) сѐ уште не ја познавал далечната пустина. И по време и по совршенство, пустиножителството се здобило со своите први обрасци, во ликовите на преподобните Павле Тивејски и Антониј Велики. Основоположникот на пустиножителското монаштво, светиот преподобен отец Антониј Велики, е роден во 251 година во селото Кома во Египет, во близина на Хераклеја. Потекнува од благочестиви, угледни и познати родители христијани. Уште од мал тој од се срце го возљуби Божјиот храм и постојано доаѓаше на богослужбите, и од нив добиваше голема духовна наслада. Родителите му починаа кога имаше дваесет години. Антониј сам се грижеше за својата помала сестра и за нејзиното добро воспитување. Долго размислуваше кој пат да го одбере во својот живот и одговорот го доби во храмот, кога ги слушна зборовите на Спасителот кон богатото момче:
- Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го својот имот и раздади го на сиромаси; и ќе имаш сокровиште на небото, па дојди и врви по Мене... (Матеј. 19, 21). И друг пат тој ги имаше слушано овие зборови, но сега тие звучеа посебно. Во нив тој го виде Божјиот призив лично кон себе и во пламена молитва му благодареше на Бога.
Затоа реши да го продаде огромниот имот што го наследи од своите родители, и парите да ги раздаде на сиромасите, Сестра си ја повери да ја чуваат благочестиви жени девственици, а самиот тој, по примерот на еден старец кој од младост живееше во осаменички монашки живот, започна да живее по осамените места, околу своето село. Штом ќе слушнеше дека некој се подвизува со таков живот, веднаш упорно го бараше за да добие од него духовна корист, како што се добива медот од саќето.
Потоа се насели во една египетска гробница, засечена во скалите, каде што имаше безброј тешки искушенија. Најнапред тоа беше жалоста за светот, за оставеното богатство, за саканата помала сестра...
Потоа дојдоа страстите - најсилното оружје на ѓаволот против младите. Му досадуваше со фантазии, застрашувања, привиденија, врескање, страшни врисоци, па дури и дење го напаѓаше често. Но, мислата за Христа и за вечните маки и непрестајната молитва го крепеа ревносниот Антониј, и Господ му помагаше да ги победува демонските искушенија.
Гледајќи дека не може да го порази, ѓаволот му се јави на видлив начин: во облик на црно и страшно момче кое плачеше и говореше: „Многумина искушував, многумина соблазнив, а сега сум победен од твоите трудови, како и од останатите светители!“ Ова го зборуваше лукавиот, сакајќи со високоумие да го заплете смиреноумното момче. Блажениот Антониј го праша: „Кој си ти што така зборуваш?“ ѓаволот му одговори: „Јас сум оној што наведува на блуд затоа и се викам демон на блудот. Многумина заведов, но од тебе сум постојано протеран“. Антониј му одговори: - Ти не ми можеш ништо! Господ ми е помошник и јас слободно ќе гледам во своите непријатели!
Привидението кое беше видливо веднаш исчезна. Ова беше првата негова победа над аволот со силата Христова, но и почеток на онаа страшна борба со демоните која продолжи доста долго време.
Младиот Антониј до крајност ја засили суровоста на своето воздржание. Тој не спиеше по цели ноќи и не јадеше со денови, зашто беше убеден дека силата на духот се крепи кога слабеат насладите на телото. Речиси секојдневно беше напаѓан од демоните.
Еден ден тој се повлече на гробиштата кои се наоѓаа недалеку од селото. Замоли еден познаник во одредени денови да му носи храна. Познаникот го затвори во една гробница, и така осамен тихуваше блажениот. Кога го виде тоа, ѓаволот се исплаши со текот на времето подвижникот да не се наоружа против него со пустинското живеење. И допушти Бог, та ѓаволот насобра свои другари, па заедно го претепаа Антониј, што од силни болки не можеше ниту да се помрдне, ниту да зборува. Раните му беа толку страшни, што болките го надминуваа секое човечко страдање. За тоа покасно самиот блажен Антониј многу пати зборуваше. Пријателот кој му носеше леб и вода, дојде еден ден и го пронајде каде лежи на земјата, како мртов. Го зеде на својот грб и го пренесе во црквата за погребение. Кога го слушнаа тоа неговите соседи и ближни, со огромна тага му приредија служба како на покојник. Но, по полноќ силата повторно му се поврати, воздивна, го виде својот познаник дека не спие и го замоли да го врати повторно назад на гробиштата. Однесен таму, Антониј продолжи по својот обичај да живее осаменички и се оддаде на нови натчовечки подвизи. Бидејќи неможеше да стои од здобиените рани, тој лежеше ничкум и се молеше. По молитвата громогласно, повика:
- О демони, еве, овде сум јас, Антониј! Не бегам од борбата со вас, макар и пострашни работи да ми приредите. Никој не може да ме раздели од љубовта Христова. И пееше, говорејќи:
- И војска да се крене против мене, нема да се исплаши срцето мое (Пс. 26, 3).
Кога го зборуваше тоа, непријателот на доброто, ѓаволот, се зачуди како тоа, Антониј се осмелил да се врати после толку рани. И ги повика своите пси и со јарост им зборуваше: „Гледате дека ниту духот на блудот ниту раните не можеа да го победат. Згора на тоа и дрско ни се потсмева. Земете ги своите оружја, зашто тој луто ќе се бори со нас. Нека осознае кого го повикува на борба против себе“.
И длабоко во ноќта тој слушна страшен шум, и се чинеше како зидовите да се рушат. И разнолико мноштво на демони наеднаш упадна и целото негово живеалиште се исполни со привиденија. Преку отворот се втурна страшен орел со најразлични гадови и ѕверови; змии, аспиди, скорпии, лавови, волци, мечки...Сите тие застрашувачки го напаѓаа, и на свој начин беснееја и му нанесуваа тешки рани. Иако телесните рани му причинуваа неопислива болки, светиот сепак беше непоколеблив со душата. Храбриот подвижник Христов легна на земјата, и им се потсмеваше на нивното бессилие, па им рече:
- Ако бевте силни, немаше потреба да бидете толку многу! -и во тој момент се исчезна. Тогаш преку отворот на таванот го озари светол зрак, кој му ги излекува раните.
Кога ја почувствува небесната помош, Антониј воскликна кон Невидливиот со зборовите:
- Каде беше, Ти благи Исусе? Зошто не се појави порано, да ги излекуваш моите рани? И се слушна глас:
- Јас бев тука Антониј, но чекав за да го видам твоето јунаштво и истрајност. Сега пак, бидејќи храбро се бореше, Јас постојано ќе ти помагам и ќе те направам познат и славен по целиот свет! Тогаш блажениот Антониј беше на триесет и пет години.
После тоа, преподобниот Антониј премина од другата страна на реката Нил, и дваесет години живееше во планината, во потполна осаменост и молчание во една напуштена куќарка, во која живееја змии и аспиди. На таа куќарка тој ѝ го созида влезот и остана во неа. Двапати во годината му доаѓаше еден негов пријател за да му спушти леб преку покривот, без да му го види лицето. Оние што минуваа покрај неговото засолниште често одвнатре слушаа страшни шумови и гласови, а го слушаа и гласот на свети Антониј:
- Да воскресне Бог, и да се распрснат неговите непријатели... (Псалми 67. 2).
После долги години поминати во осаменост и страшни борби со демоните, великиот Антониј стекна огромно смирение и дојде времето кога тој требаше да живее не само за своето спасение, туку и за корист на другите.
Тогаш се собраа сите што го поддржуваа неговиот живот, и насилно ја отворија вратата на неговиот затвор и го најдоа со светло лице и здраво тело.
За победата над својата природа, преку скоро невозможното за нас подвижништво, свети Антониј беше удостоен со дарот на чудотворството и прозорливоста. Но, кога лекуваше болни и истеруваше бесови, тој постојано им велеше на излекуваните да не му благодарат нему, туку на Бог.
Многу благочестиви луѓе тргнаа по неговиот пати привлечени од неговите подвизи го избраа монашкиот живот, и ја населија безмолвната пустина. Од тогаш, тој беше наставник и пастир на другите, старец, авва - отец на множество монаси.
По околните планини почнаа да никнуваат многу манастири и одделни ќелии на пустиножители.
Тој стана основоположник на пустинското монаштво. Понекогаш пустиниците се собираа кај него за да ги слушаат неговите мудри беседи.
Еднаш преподобниот со повишен глас им рече: - Светото Писмо е доволно за да не научи на исполнување на сите Божји заповеди! Дојдоа браќа кај ава Антониј и му рекоа: - Дај ни поука, како да се спасиме! Старецот им одговори: - Сте слушнале за тоа во Светото Писмо. Тоа е сосема доволно за вас. Но, тие му рекоа: - Ние и од тебе оче, сакаме да слушнеме нешто. Тогаш старецот им рече: - Во Евангелието е речено: „Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и левиот“. Тие му одворија:
- Ние не можеме да го направиме тоа. Старецот им рече:
- Ако вие не можете да го завртите другиот образ, тогаш барем истрпете го ударот по десниот образ.
- И тоа не можеме, - одговорија тие. - Ако и тоа не го можете, тогаш, во краен случај, не враќајте на ударот со удар. Браќата му одговорија:
- И тоа не го можеме. Тогаш старецот му рече на својот ученик:
- Приготви им малку каша, тие се болни. - Ако вие едно не можете, а друго не сакате, што да ви правам? Треба да се молите! Нашиот преподобен отец, Антониј Велики, многу пати кажуваше дека Господ му открил, та и тој, како некогаш на праведниот Јов, со свои очи го видел самиот сатана; од устата му излегувале пламени јазици кои фрлале искри и се ширела страшна смрдеа, а од ноздрите му излегувал чад како од вжешена печка; здивот му бил како жеравица, а пламен му излегувал од устата. Преподобниот го раскажа и ова, поради корист на оние шо слушаа:
- Колку пати ми се закануваа демоните, претворајќи се во вооружени војници, во скорпии, во коњи во најразлични зверови и го исполнуваа моето живеалише. А јас пак, шом ќе им запеев „Едни се фалат со коли, други со коњи, а ние пак со името на нашот Господ Бог“ (Пс. 19,7), тие веднаш со Божјата помош, ќе се разбегаа на сите страни. Еднаш додека постев, раскажуваше блажениот, дојде кај мене нечестивиот, облечен како црноризец, ми донесе леб и ми предложи да јадам. „И ти си човек, - ми рече, - склон на човечките слабости, окрепи се да не се разболиш“. - А јас, штом ја забележав ѓаволската замка, прибегнав кон вообичаеното оружје Христово, молитвата и крстот, и тој исчезна како чад низ прозорецот. Еднаш сакајќи да го улови на среброљубието, ѓаволот фрлил пред него ва патот, убава сребрена чинија, но угодникот Божји тврдо му одговорил: „Среброто твое нека отиде со тебе во погибел!“, и чинијата веднаш исчезнала.
Гората во која што живееше преподобниот Антониј се беше преполнила со манастири, како шатори еден до еден, полни со божествени монаси. Во нив се пееше, се читаше, молитвата постојано Течеше, се гладуваше, се веселеше во надежта за идното блаженство и постојано се работеше за да може да се дели милостина. Љубубовта и слогата беа меѓу нив, и нивната населба наликуваше на град одделен од светската врева и исполнет со побожност и правда. Секој што ќе ги видеше овие манастири, восхитено велеше, како што стои во Светото Писмо: „Колку се убави шаторите твои, Јакове, и колибите твои, Израилу! Се распослале како потоци, како градини крај реки, како мирисни дрвја, кои ги насадил Господ“ (4Мојс, 24,5-6).
Многу народ доаѓаше кај него за простување на гревовите и тој им ги проштеваше на сите што искрено се покајуваа. Така, еден ден пак му дојде ѓаволот да го искушува, облечен како отмен господин со куфер во раката, барајќи од него да му ги прости гревовите, но светителот му рече да дојде по три дена. Кога тој се врати, свети Антониј знаејќи кој е тој, му рече дека ќе му помогне ако застане на една нога и постојано вика: „Се покајувам, зашто јас сум пакоста, господарот на секое зло, убиецот на душите, непријателот на човечкиот род ...“
Тогаш господинот му рече: „Ако го сторам тоа што го бараш од мене, нема да бидам она што сум, и започна гласно да се смее и исчезна од пред неговите очи како чад“.
Светителот го раскажа и ова:
- Еднаш пак, затропа демонот на манастирската капија; јас излегов и видов човек неизмерно висок, на кого главата му допираше до небото; Кога го прашав:
- Кој си? Тој одговори:
- Јас сум сатаната. А јас му реков:
- Што бараш овде? Тој одговори:
-Сите монаси ме обвинуваат без причина. Зошто сите христијански поколенија ме проколнуваат? Јас му одговорив:
- Правилно постапуваат, зашто ти ги сплетуваш со своите соблазни. А тој на тоа рече:
- Јас не им правам ништо, туку тие сами се смутуваат еден со друг. А јас станав бедник. Нели си слушнал што вели Светото Писмо: „Непријателот исчезна во вечни урнатини; градовите му ги разруши и загина споменот за нив“(Пс.9, 6). Ете, немам ниту едно место, не држам ниту еден град, туку и оружјето ми исчезна, и во сите поколенија и земји се слави името Христово, а пустините се наполнија со монаси. Значи, сами нека се чуваат и без причина да не ме преколнуваат.
- Тогаш, јас многу се восхитив на Божјата Благодат и му реков: „Не на твојата вистина, која ја нема во тебе ни најмалку, туку на Божјата сила ја препишувам таквата нова и нечуена изјава, зашто ти, главата на лагата си приморан да го кажеш тоа, и ете, сега не сакајќи, ја изрече вистината. Зашто Христос, со своето доаѓање потполно ја разруши твојата сила, и ти лишен од ангелската слава се валкаш во смрдлива мувла“. - Само што ги изреков овие зборови, демонот исчезна.
Зборувајќи им со примери, тој ги учеше браќата да не се плашат од демонската сила, затоа што е немоќна и со Христос победена, туку да се наоружаат со јунаштво во Господ, и да ги утврдуваат своите срца во Христос.
Додека времето така минуваше, и преподобниот Антониј се предаваше на многубројни подвизи, настапи лутото гонење на Црквата Христова од безбожниот цар Максимин Дака!. Во тоа време во Александрија доведуваа многу свети маченици на мачење. Тогаш, во 311 година, свети Антониј за прв пат ја посети престолнината на Египет, Александрија. Тој го остави својот манастир и појде кај овие Христови жртви, говорејќи: „Ајде браќа наши на славна веселба. Да се удостоиме на таа иста слава или да ги видиме како другите војуваат“. Тој сакаше маченички да пострада за името Христово, но Бог го сочува од мачеништвото заради големата задача што ја имаше кон монаштвото. Сесрдно и ревносно се држеа светите маченици, а тој им служеше на окованите и доаѓаше во судницата заедно со нив; и пред мачителите истапуваше и јасно објавуваше дека е христијанин; целиот беше устремен и подготвен да биде измачуван за Христа. Но, ниту една рака не се осмели да го допре. А кога пресветиот Петар, архиепископот Александриски, се овенча со мачеништво и кога свирепото гонење на Црквата Христова престана, преподобниот повторно се врати во својот манастир и се оддаде себе си на најсурови постови и бденија.
Носеше власеница и преку неа кожа. Никогаш не го миеше своето тело, освен кога мораше да гази вода. И до крајот на неговиот живот никој никогаш не го видел разголен.
Еден период, кога се сокри од сите очи и ја заклучи својата обител и не примаше никого, дојде војсководецот Мартинијан со својата бесомачна ќерка. Затропа на вратата и го молеше да излезе и да ѝ помогне на неговата ќерка.
Го молеше да се помоли за неа на Господа Бога. Но, тој по никоја цена не сакаше да отвори. Само се подаде одозгора низ прозорчето, и рече: „Човеку, зошто бараш моја помош? И јас сум смртен како и ти. Ако веруваш во Христос кому јас му служам, оди, и по верата своја моли се на Бога и ќе оздрави твојата ќерка“.
Мартинијан веднаш замина, верувајќи и призивајќи го името Христово, и неговата ќерка оздраве.
И многу други чудеса правеше Господ, преку својот слуга свети Антониј. Навистина, како што и ветил преку Евангелието: „Барајте и ќе ви се даде, чукајте и ќе ви се отвори“ (Мт. 7, 7). Зашто штом ќе најде некој достоен на благодатта Своја, Он не му ја ускратува ни чудотворната сила Своја. Така, многумина кои пателе од нечисти духови, доаѓаа пред обителта на преподобниот Антониј. Но, бидејќи влезот му беше затворен, тие лежеа пред неговата врата, а тој ги исцелуваше со своите благопријатни молитви кон Христа.
Бидејќи многу народ доаѓаше и му го нарушуваше неговото сакано безмолвие, подвижничкото молитвено молчание, преподобниот се исплаши да не се возгордее поради големиот дар на чудотворство и донесе одлука да отпатува во Горна Тиваида, каде никој не го познава. Понесе со себе леб и отиде на брегот на реката. Тука чекаше да наиде некој брод. Тогаш слушна глас од небото: „Антониј, каде и зошто одиш?“ А тој како да слушна обичен глас, одговори без страв: „Бидејќи светот не ми дава мира, решив да отидам во Горна Тиваида за повеќе да не се занимавам со онаа што е над моите сили, а тие ми го нарушуваат молчењето. И повторно му прозбори тој глас: „Ако појдеш во Тиваида, тоа е многу Тежок и напорен пат. Ако пак навистина сакаш да молчиш, тогаш, оди сега во внатрешноста на пустината“. Тогаш, Антониј запраша: „А кој ќе ми го покаже патот? Зашто не знам во кое место да одам“. И веднаш гласот од висините му покажа кон Сарацените, кои се враќаа од Египет, каде што беа отишле поради трговија. Антониј ги замоли да го поведат со себе и да го одведат во пустината. Тие го примија како добар сопатник и го продолжија својот пат. По три дена патување, стигнаа до една висока планина во чие подножје извираше слатка вода, и околу неа имаше мало поле со неколку пустински палми. Тоа место му се допадна на Антониј како од Бога посочено, зашто на брегот од реката Бог невидливо му зборуваше одозгора и му го покажа тоа место. И се насели во таа планина сосема сам,
А неговите сопатници, Сарацените, кога видоа каков живот води свети Антониј, му носеа леб; а понекогаш јадеше и по некоја урма. Потоа браќата дознаа каде живее блажениот и како деца на својот татко, од љубов му испраќаа храна. Гледајќи дека браќата се трудат околу него, тој замоли еден од нив да му донесе лопата, мотика и семе. Така преподобниот самиот си направи градина, и се хранеше од трудот на рацете свои.
Така живееше блажениот на тоа место, подвизувајќи се во молитва и воздржание. А браќата го сакаа, му доаѓаа и му служеа. И секој му донесуваше маслинки, масло, леќа и секаков вид зеленчук. А колку искушенија поднел блажениот Антониј живеејќи таму! Навистина се исполни на него, она што стои во Светото Писмо: „Нашата војна не е против крвта и плотта, туку против поднебесните духови на злобата“ (Еф.6, 12), а тоа се дозна преку оние што го посетуваа. А какви стравотии се слушале таму, и врева и 5векоти на оружје. Целата гора беше преплавена со демони. А преподобниот Антониј беше тврд како камен и сам ги совладуваше, зашто коленичењето и молитвите ја прогонуваа војската на сатаната. Со право Давид пеел: „Оние кои се надеваат во Господа, тие се како гората Сион; нема да се поколеба, ќе живее вечно“ (Пс. 124, 1).
Како што по надворешен изглед беше мил, така и во верата беше чист и прекрасен. Никогаш не се мешаше со отстапниците од верата, знаејќи ја нивната доброволна расипаност и пропаст, Со никого од нив немаше разговарано љубезно, освен кога имало изгледи дека некој може да се ослободи од заблудата. Посебно кога ги отфрлаше аријанците, им забрануваше на правоверните да им се приближуваат. Тој за нив велеше: „Зборовите им се далеку поотровни од змија“. А кога тие започнаа да протураат лажни гласини, дека божем свети Антониј општи со нив, тој се зачуди на нивната дрскост. И разјарен со праведна јарост, тој замина за Александрија. Овде, тој заедно со свети Атанасиј, во 335 година, многу помогна против аријанството кое не стивнуваше и по Никејскиот собор во 325 година. Тука, пред архиепископот и целиот насобран народ ги проколна аријанците, нарекувајќи ги претходници на антихристот, и проповедаше дека Синот Божји не е створение туку Творец, единосуштен со Отецот. Појавата на светителот овде, остави силен впечаток. И се радуваа правоверните што столбот на Црквата ја проколнува аријанската ерес, како спротивна и непријателска на Христа. Тогаш ни големо ни мало, ни машко ни женско не остана дома. Дури и јазичниците и жреците се туркаа за да го видат човекот Божји, велејќи: „Сакаме да го видиме Божјиот човек“. Сите сакаа да се допрат до него, макар до крајот од неговата облека, верувајќи дека ќе им биде од голема помош. Зашто неговото име беше прочуено и прославено. Тој не само што ги порази еретиците туку обрати кон Христа и многу јазичници. Колку само бесомачни и други разноразни болни се исцелија тогаш! Колку идолски храмови се испразнија од идолите! И колку луѓе поради доаѓањето на свети Антониј ја напуштија незнабожечката заблуда и му се придружија на Христовото стадо.
Навистина неговите зборови и чудеса не можат да се искажат. Додека многу народ се збираше околу светителот и го притеснуваше, некои започнаа да го одвраќаат народот, мислејќи дека на светителот му е тешко и досадно. Но, тој со кротко срце им рече: „Зарем ова стадо е помногубројно од демонските војски со кои постојано војувам во гората?“
Неукиот и бескнижен старец, со мудро и властно слово ја бранеше својата вера од надмените јазични философи, со кои зборуваше преку преведувач бидејќи не знаеше грчки и латински, туку зборуваше само египетски. Тој, неучениот, водеше кореспонденција и со царот Константин Велики и неговите синови заштитувајќи го својот пријател, свети Атанасиј, од клеветите на неговите непријатели.
„А кога се враќаше од Александрија во својата обител, и ние го испраќавме“, - вели писателот на неговото Житие, свети Атанасиј Велики зад нас плачеше една жена, и викаше:
- Чекај - те молам човеку Божји, чекај! Мојата ќерка силно ја мачи ѓаволот!
Го слушна тоа прекрасниот старец, а жената заедно со ќерката падна пред неговите нозе. Светителот се помоли тајно на нашиот Господ Исус Христос, и во тој час излезе нечистиот дух од болната. Мајката му благодареше на Бога, а светителот се радуваше што се враќа во својата мила пустина.
Тој иако немаше учено книги, беше многу мудар и паметен. Еднаш дојдоа кај него двајца грчки философи. Тие имаа намера да го искушуваат и да го победат свети Антониј. Тогаш тој се наоѓаше на високата планина. Кога ги здогледа веднаш знаеше зошто доаѓаат, па излезе пред нив и преку својот преведувач им рече:
- Зошто вие мудреци, толкав пат изминавте и дојдовте кај глупав човек и сакате да се препирате со незнајко? А тие му одговорија:
- Не си глупав, туку си многу мудар. Светителот слободно им рече:
- Ако сум јас, како што велите вие мудар, и поседувам мудрост, тогаш е добро за вас да се огледате на оној, за кого велите дека е мудар, зашто мудрите треба да се следат и на доброто да се огледате. Да дојдев јас кај вас, ќе се огледав на вас, но бидејќи вие дојдовте кај мене како мудреци, тогаш бидете христијани како што сум јас. И се оддалечија философите, и се чудеа на острината на неговиот разум и истерувањето на ѓаволот што сами го видоа.
Иако живееше далеку во осаменост, царот Константин и неговите синови многу го сакаа и преку писма го молеа како татко ка дојде кај нив да ги види. Тогаш свети Антониј ги запраша своите ученици, велејќи:
- Дали да отидам кај царевите или да не отидам? Тие му одговорија:
- Ако отидеш, ќе бидеш Антониј, ако пак не отидеш, ќе бидеш ава Антониј. И рече преподобниот:
- Значи нема да одам, и нема да бидам ава.
И не отиде. А царевите го молеа барем преку писмо да ги благослови и да ги утеши. Им пишуваше преподобниот и ги советуваше што е корисно за нивното спасение. Најпрвин ја пофали кај нив правата вера во Христа. Потоа ги поучуваше:
- Да не се гордеат со овдешната власт и царската слава; да не заборават дека се луѓе, туку да се сеќаваат на Страшниот Суд, на кој ќе дадат одговор за својата власт; да бидат милостиви спрема луѓето и да се трудат да бидат праведни судии; на бедните и сиротите да им бидат како родители.
Кога го примија ваквиот одговор од светителот, царевите многу се радуваа.
Еднаш додека седеше покрај своите браќа и работеше, преподобниот Антониј дојде надвор од себе, внимателно гледаше во небото воздивнувајќи, и со умиление коленичеше на земјата и плачеше долго. Сите околу него беа исплашени и го молеа да им каже што гледа, а тој воздивна длабоко и рече:
- Подобро е деца да се умре, пред да се случи ова зло. Тогаш заплака и рече: - Неискажливо страдање ќе ја снајде црквата Христова. Вселенската вера ќе им се даде на луѓе, кои ќе бидат како неразумни животни. Зашто го видов олтарот на храмот Господов преполн со мазги, кои го опколија светиот престол и се што имаше на него, свирепо го расфрлаа и згазија. И слушнав глас кој вели:
- Ќе опусте мојот олтар.
Ова видение на преподобниот Антониј се случи после две години: настана луто гонење од страна на Аријанците, црквите беа ограбени, божествените сасуди поплукани, поганите незнабожечки раце ги осквернија Светите Тајни. Православните беа присилувани да ги извршуваат незнабожечките обичаи. Девојките и жените беа осрамотени, крвта на православните беше пролеана по црквите и ги попрска престолите. Тогаш сите видоа дека се исполни видението на свети Антониј. А тој ги утеши браќата, велејќи:
- Не тагувајте деца, зашто, како што Бог се разгневи така и ќе се смилува, и повторно Црквата ќе ја добие својата убавина и како по обичај ќе процвета и ќе зајакне. Само внимавајте да не се оскверните со аријанците. Зашто аријанското учење не е апостолско туку ѓаволско, а нивен татко е сатаната.
Во тоа време во Египет имаше еден војвода по име Валакиј кој луто ги гонеше христијаните. Тој беше толку бесен што монасите и девствениците ги тепаше голи на гледалиштето. Нему преподобниот Антониј му испрати вакво писмо:
- Гледам дека гневот Божји доаѓа на тебе; престани со гонењето на христијаните за да те одмине гибелта која ти се приближува.
Несреќниот Валакиј го прочита писмото, се насмеа, плукна на него, и го фрли на земја. Но, како што беше прорекол преподобниот, овој безбожник набргу го стигна Божјата казна.
Еден ден Валакиј отиде на јавање со многу кротки и питоми коњи. Но, наеднаш коњот на неговиот другар го дофати со забите, го собори на земјата и со забите му ги искина бедрата и утробата.
Свети Антониј беше строг кон несправедливите судии, напоменувајќи им за Страшниот Суд и за нивниот долг - да бидат милостиви и праведни.
- Не треба да се плашиме од демоните! - велеше тој. - Тие се бессилни и не можат да ни сторат ништо повеќе, освен да не плашат. Не е тешко да се распознае присуството на ангели од присуството на демони; видението на светиите не прави да се чувствуваме радосни и смирени, а демоните создаваат внатрешен немир и страв.
Нив ги изгонуваме со името Христово. Тој поучуваше: „Должни сме да мислиме кон каква добродетел се стремиме за да не се трудиме напразно. За да не паднеме во безгрижие да си ги спомнеме думите на светиот Апостол „Секој ден умирам“ (1 Кор. 15:31). Кога се будиме од сон, да си помислиме дека можеби нема да ја доживееме ноќта. Кога си легнуваме да помислиме дека можеби нема да се разбудиме наутро. Така секој што се подготвува за смртта ќе се сочува од грев“.
Еднаш по обичај, преподобниот слезе да ги посети браќата кои живееја во подножјето на планината. Тогаш тој им кажа за својата смрт, за којашто веќе му беше открил Бог, велејќи:
- Ете деца, последен пат ви дојдов во родителска посета. Не очекувам дека повторно ќе ве видам во овој живот. Веќе е време да си одам од овој живот и да си отпочинам зашто проживеав 105 години.
Браќата ги обзеде огромна тага во срцата. Тие со солзи го целиваа својот старец, како некого што веќе си заминува од светот. Тој ги советуваше да не попуштат во подвизите, туку да живеат како оние кои секој ден умираат; да се чуваат од нечисти помисли; да се огледуваат на светителите и да не се дружат со расколниците мелетијанци нити да општат со безбожните аријанци; да ги чуваат отечките преданија и побожно да држат чиста вера во нашиот Господ Исус Христос.
После овие поуки, браќата многу го молеа да остане кај нив зашто сакаа да се удостојат да го видат чесниот крај на својот отец. Но, тој не се согласи зашто знаеше дека тие сакаат свечено да го погребаат неговото тело. И плашејќи се од човечката слава после смртта, блажениот побрза да се сокрие во самотија. По неколку месеци се разболе и повика двајца монаси, свои ученици, кои веќе педесет години се подвизуваа со него, и им рече:
- Деца, како што е запишано во Светото Писмо: „Еве јас заминувам по патот на сите смртни“ (3 Цар. 2,2) зашто Господ веќе ме вика и сакам да ја видам небесата. Откако долго ги советуваше, тој им рече:
- Вие деца, сами погребајте го моето тело и држете ја оваа моја заповед: никој освен вас да не го знае мојот гроб. Јас верувам во Господа дека при воскресението на мртвите, ова тело ќе воскресне нетлено. А мојата облека поделете ја. Мантијата и искинатата риза на која лежам, подајте ја на епископот Атанасиј.
- Другата мантија дајте ја на епископот Серапион, а вие земете ја мојата власеница. И останете со здравје, зашто Антониј заминува и нема повеќе да биде со вас, во овој живот. Го рече тоа и ги целиваше своите ученици. Ги испружи нозете, а лицето му го озари небесна радост, зашто како на свои пријатели гледаше на Ангелите, кои беа дошле да му ја пренесат душата. И веднаш заспа и им се придружи на светите Отци. А неговите ученици Макариј и Аматас, како што им беше заповедал, го погребаа неговото тело и освен нив никој до денес не дозна каде се наоѓа гробот на преподобниот Антониј Велики.
Кога свети Атанасиј, ја доби од учениците неговата ветва риза заедно со мантијата, ги прими како да го доби самиот Антониј и со радост ги чуваше и постојано се сеќаваше на светиот лик на својот отец. Преподобниот свети Антониј Велики помина цели осумдесет и пет години пустински подвижнички живот и доживеа сто и петгодишна старост, запазувајќи го своето телесно здравје и сила. Се упокои на 17 јануари 356 година. Неговите свети мошти беа откриени и пренесени во Александрија во 561 година, при византискиот цар Јустинијан (527-565). Потоа, кога Сарацените го зазедоа Египет, беа пренесени во Цариград околу 635 година; оттаму околу 980 година беа пренесени во Виенската диецеза ( во Галија, денешна Франција), а во 1491 година во Арч ( главниот град на Прованса, во југоисточна Франција), во црквата „Света Јулијанија“, каде почиваат и денес.
Светителот Христов, блажениот Антониј, за духовното раководство на монасите напиша осумдесет правила, дваесет поуки или слова, одговори на разни прашања и остави многу писма. Ги поучуваше браќата меѓусебно да се тешат со зборови. Им зборуваше за вечниот живот, за одрекувањето од светот, за овоземното богатство, за ревноста и постојаното служење на Христа Бога, за Царството небесно...
Тој не се прослави со книжевни дела, ниту со светска мудрост и дијалектика, ниту со познатото потекло, ниту со големо богатство, туку со богоугоден живот. Се исполнија врз него зборовите на Спасителот: „Ќе го прославам оној, кој Мене ме слави!“ Угодникот Христов не го помина животот на некое истакнато место, туку во непроодната пустина; и оттаму се прочу во Шпанија, Африка, Италија, Илирика, Стариот Рим.. Но, тоа ниту го сакаше ниту го бараше блажениот, кој се трудеше да се сокрие од сите во пустите гори, туку Господ им го покажа на сите овој светилник, за другите да се поучуваат од неговите доблести.
Восхитувајќи се на таквиот живот на преподобниот наш отец, свети Антониј Велики, и ние да го прославуваме нашиот Отец Небесен на Кого заедно со Единородниот Син Негов и Сесветиот Дух, нека му е чест, слава, благодарност и поклонение за навек. Амин.
***
Освен ова житие на свети Антониј, кое го напишал неговиот свет ученик, свети Атанасиј Велики, и во други светоотечки книги постојат податоци за други чудеса и доживувања на свети Антониј. Овде ќе наведеме едно од тие чудесни доживувања:
Преподобниот Антониј, Велики меѓу совршените отци беше прониклив. Тој беше толку голем и моќен во доблестите што ги исмеваше нечистите духови. Многу пати со своите телесни очи гледаше и ангели и ѓаволи, како се трудат околу луѓето да ги привлечаат, секој на своја страна.
И еднаш се случи ова: Два демона се договораа како да отидат кај славниот старец Антониј. Си разговараа меѓу себе дека никој од нив не смее да му се доближи, зашто се плаши старецот да не му зададе тешки рани. Зашто беше совршен и обожен со Пресветиот Дух. Едниот од нив му говореше на својот другар: „Брате Серефер, (така се викаше овој демон) ако некој од нас се покае, дали Бог ќе го прими неговото покајание? Може ли да биде тоа или не?“ А Серефер рече: „Сакаш ли да појдеме кај старец Антониј кој не се плаши од нас, и од него да дознаеме за тоа?“ Му одговори другиот:
„Отиди, но внимавај добро, зашто старецот е прониклив и ќе види дека го искушуваш, па нема да сака да го праша Бог за тоа, Сепак оди, за да дознаеш на некој начин“.
И Серефер се претвори во човек и отиде кај старецот Антониј и започна да плаче и рида пред него.
А Бог, сакајќи да покаже дека од никого кој се кае не ја свртува главата, туку ги прима сите кои прибегнуваат кон Него: и давајќи му пример на грешниот човек, дека не би ја свртел главата ни од ѓаволот, поглаварот на злото, кога овој вистински би се покајал, привремено ја сокри од старецот намерата на овој демон.
Преподобниот, гледајќи пред себе човек, а не демон, го запраша: „Човеку, зошто така од срце ридаш и плачеш, та и мојата душа ја потресуваш со своите солзи?“ А препредениот демон одговори: „Свети оче, јас не сум човек туку демон, и тоа поради мноштво мои беззаконија“. Старецот го праша: „Што сакаш да ти направам брате?“ (зашто преподобниот сметаше дека тој од голема смиреност се нарекува себе си демон, а Бог сеуште не му беше открил ништо за него). Демонот одговори: „Свети оче, те молам само за едно: помоли се сесрдно на Бога, да ти каже дали би го примил ѓаволот ако се покае, или не? Зашто, ако би го примил ѓаволот, би ме примил и мене, зашто сум направил дела кои ги прави и тој“. Старецот на тоа рече: „Ќе ти ја исполнам волјата. Но, денес оди си дома, и дојди утре, а јас ќе ти кажам што вели за тоа Господ“. И демонот си отиде.
Кога падна ноќта, старецот ги крена рацете кон небото и се помоли на човеколубивиот Бог, да му каже дали би го примил ѓаволот ако се покае.
И веднаш Ангел Господов застана пред старецот, и му рече: - Вака вели нашиот Господ Бог: „Зошто ме молиш за демон, кој дојде лукаво да те искуша“. А старецот му рече на Ангелот: „Зошто тогаш Господ Бог не ми го откри тоа, туку сокри од мене, да не го прозрам лукавството на демонот?“ Ангелот одговори: „Нека не те буни тоа, зашто ова сигурно е некое прекрасно промислување Божјо, во корист на грешникот; за грешниците, кои извршиле многу беззаконија, да не очајуваат, туку да се каат, знаејќи дека себлагиот Бог не ја свртува главата од никого кој се кае, па макар тоа да биде и самиот лукав ѓавол, ако тоа го направи вистински. Освен тоа, Бог не ти го откри тоа, за на тој начин да се обелодени закоравеноста и очајанието на демонот. Но, ти немој да го пресечеш, туку кажи му вака: - Бог е толку човекољубив што не ја свртува главата од никого кој се кае, па макар тоа бил и самиот ѓавол. Ете, ветува дека ќе те прими и тебе, само ако го исполниш она што ќе ти го нареди. А ако те праша: - А што ми наредува? Кажи му: Вака вели Господ Бог: - Те знам кој си, и од каде си дошол со своето искушување. Ти си старото зло и не можеш да бидеш нова доблест. Одамна си поглавар на злото и нема сега да започнеш да твориш добро. Навикнат на гордост, како можеш да се смириш и во покајанието да најдеш милост? Но, кога ќе дојде денот на Страшниот Суд, да немаш изговор дека си сакал да се покаеш, а Бог не те примал, и тебе ти одреди покајание (само ако сам се согласиш) зашто вели: Стоејќи на едно место три години, и тоа свртен кон Исток и дење и ноќе викај, и вели го ова: - Господи, смилувај се на мене, старото зло!“
Ова да го повторуваш стопати.
Потоа друга молитва: „Боже, спаси ме мене, помрачената прелест!“ И ова исто така да го повторуваш стопати. И повторно: „Боже, смилувај се на мене мерзоста на опустошението“. Кажи го и тоа сто пати. Така викај кон Господа непрестајно, зашто немаш тело да се измориш и малаксаш. Кога ќе го направиш тоа со смиреноумие, тогаш ќе бидеш примен во своето првобитно достоинство и сврстен меѓу Ангелите Божји.
Ако ти вети дека ќе го направи тоа, прими го на покајание. Но, знам дека старото зло не може да стане ново добро. А ова нека се напише за последните генерации, да не очајуваат грешниците кои сакаат да се покајат. Зашто од ова луѓето многу лесно ќе се уверат дека не треба да очајуваат за своето спасение. Откако го рече тоа Ангелот се вознесе на небото.
Утредента дојде ѓаволот. И уште од далеку започна да плаче и рида како човек. Му пристапи на старецот и му се поклони. Старецот во почетокот не го изобличи, но во својот ум си зборуваше: „Во зол час си дошол лажливецу, ѓаволе, скорпијо...“
Тогаш светиот му рече: - Како што ти ветив, се молев на мојот Господ Бог. Тој ќе те прими на покајание, ако го прифатиш она што преку мене ти го заповеда. Демонот праша: „А што е тоа што Бог ми нареди да го направам?“ Старецот одговори: - Бог ти заповеда вака: Свртен кон Исток, три години непокретно да стоиш на исто место и да викаш и дење и ноќе: „Боже, смилувај се на мене старото зло“. Ова треба да го говориш стопати. Потоа стопати вели вака: „Боже, смилувај се на мене мерзоста на опустошението!“ А после тоа, повторно стопати ова: „Боже, смилувај се на мене помрачената прелест!“ И кога ќе го извршиш сето она што ти го заповеда Бог, ќе бидеш сврстен меѓу ангелите Божји и ќе бидеш во оној чин во кој си бил и порано.
Серефер веднаш го фрли од себе она лажно покајничко обличје, громогласно се насмеа и му рече на старецот: „О калуѓеру! Ако сакав да се наречам себе старо зло и мерзост на опустешението и помрачена прелест, јас ќе го сторев тоа порано, во почетокот, за да се спасам. Сега ли да се наречам себеси старо зло? За ништо на светот! И кој го вели тоа? О, та се до овој час јас сум прекрасен во својата слава и сите плашливци ми се покоруваат! И зошто самиот себе би се нарекувал мерзост на опустошението или помрачена прелест? По никоја цена, калуѓеру, по никоја цена! Зашто јас се уште владеам со грешниците, и тие ме сакаат, и јас сум во нивните срца, и тие живеат по мојата волја. Зарем поради покајание, јас да бидам непотребен и рѓав слуга? Никогаш, зол старче, никогаш, тоа нема да се случи, јас себе си да се турнам од таква голема чест во такво бесчестие!“ Откако го рече тоа, кликнувајќи, ѓаволот стана невидлив.
Старецот застана да се помоли, и му благодареше на Бога велејќи: „Вистината си ја рекол Господи, дека древното зло не може да стане нова доблест; творецот на злото не може да биде творител на нови добра“.
Се потрудивме браќа да ви го раскажеме ова, не залудно, туку за да ја познаете благоста и милосрдието Господово, зашто кога е готов и ѓаволот да го прими поради покајанието, тогаш колку претходно би го примил човекот, за кого и крвта Своја ја пролил! Штом си грешен - покај се! Ако не се покаеш, тогаш пострашно од демоните, вечно ќе се мачиш во пеколот, не затоа што си згрешил, (зашто сите ние грешиме, и никој не е без грев освен единствениот Бог) - туку поради тоа што пред твојата смрт не си сакал да се покаеш и да го молиш Судијата. Зашто какви ќе не затекне смртта, такви ќе не испрати таму. Ако умреш без покајание, служејќи му на ѓаволот со помош на најразлични гревови, целосно со нив ќе бидеш осуден на вечен оган, припремен од ѓаволот и неговите слуги. А ако пред смртта побегнеш од гревот, и му угодиш на Господа со покајание и вера, о колку богатства после смртта ќе уживаш! Зашто ќе го најдеш милостивиот Судија, и ќе се удостоиш на блаженство, И ќе се населиш со светлите ангели, каде за сите што му угодиле на Бога е неискажлива убавина и вечна радост и веселба. Нека сите ние го добиеме тоа во Исуса Христа, нашиот Господ, кому нека му е слава заедно со Отецот и Светиот Дух, сега, секогаш и низ сите векови, амин.
***
Светиот писател, преподобниот Паладиј, во своето познато дело „Лавсаик“ го пишува за свети Антониј следното:
Презвитерот нитриски, Крониј, ми го раскажа ова: Во својата младост поради униние, јас побегнав од братството на својот архимандрит и талкајќи дојдов до гората на свети Антониј. Овој, пак, блажен човек, живееше помеѓу Вавилон (кој е дел од денешен Каиро) и Ираклиј, во големата пустина која се простира до Црвеното Море, на триесет милји од реката.
Кога дојдов во неговиот манастир, кој се наоѓа крај реката, во местото наречено Писпир, каде што живееја неговите двајца ученици Макариј и Аматас, јас пет дена чекав да го видам светиот Антониј.
Ми рекоа дека тој го посетува манастирот одвреме навреме, понекогаш после десет дена, понекогаш пет, онака како што Бог му ставал во срцето, за да им помогне на оние што доаѓаат во манастирот. Овој пат се собраа многу браќа со најразлични потреби. Меѓу нив беше и Евлогиј, александриски монах, а со него имаше и еден сакат човек.
Тие беа дошле поради следното: Евлогиј бил учен човек, со широко образование. Ранет од Божјата љубов и со желба за бесмртност, тој се одрекол од светската врева, го раздал целиот свој имот и си оставил малку пари за себе, бидејќи не бил способен за работа. Поради тоа натоварен со униние, тој не сакал нити да стапи во општожитие, ниту да се предаде на осаменички живот, туку на плоштадот нашол еден сакат човек, кој немал ниту раце ниту нозе, кому само јазикот му бил неповреден, за да може минувачите да ги моли за милостина.
Евлогиј застанал, се загледал во него, се помолил и Му дал вакво ветување на Бога: „Господи, во Твое име ќе го земам овој сакат и ќе се грижам за него, се до неговата смрт, и со помош негова да се спасам и јас. Дарувај ми, Христе, трпение за да му послужам“, И пристапувајќи му на сакатиот му рекол: „Сакаш ли пријателе да те земам во мојот дом и да се грижам за тебе?“ Тој му одговорил: „Ох, кога би ме удостоил така! Но јас не заслужувам такво нешто“. „Јас ќе донесам едно магаре и ќе те земам оттука“ - рекол Евлогиј. Сакатиот се согласил со голема радост. Евлогиј го довел магарето, го одвел дома сакатиот и започнал да се грижи за него. Така сакатиот поминал петнаесет години. Евлогиј се грижел за него како татко, со љубов го миел, го помазувал со масло, му угодувал во се, го носел на свои раце, го чувал повеќе отколку што тој заслужувал.
Откако поминале петнаесет години, ѓаволот влегол во сакатиот, со желба Евлогиј да го одврати од неговото ветување и намера, а сакатиот да го лиши од згриженоста и благодарноста кон Бога.
Сакатиот се кренал против Евлогиј. Почнал да го исмева и да го опсипува со навреди, додавајќи: „Крвнику, бегалецу, ти имаш туѓи пари украдено. Можеби си бил роб и си ги украл од својот господар, та така сакаш зад мене да се скриеш, божем како добродетел; и сакаш со моја помош да се спасиш“.
Евлогиј го молел и му го смирувал срцето, велејќи: „Не, пријателе мој, немој така да ми зборуваш, туку подобро кажи ми со што те навредив и јас ќе се поправам“. А сакатиот дрско зборувал: „Не ја сакам твојата нега, однеси ме и фрли ме на плоштадот, каде што и пред тоа ми беше угодно“.
- Те молам, пријателе, смири се, ако со нешто сум те навредил! - го молел Евлогиј. А сакатиот бесен од гнев му викал: „Не можам да ја поднесам твојата подла и лицемерна нега. Мене ми е одвратен овој беден и стиснат живот. Јас сакам да јадам месо!“ И великодушниот Евлогиј му донел и месо. Кога го видел тоа, зловолниот сакат повикал: „Досадно ми е да живеам со тебе, сакам да гледам многу луѓе“. Евлогиј му рекол: „Јас веднаш ќе ти донесам многу браќа“. А тој повторно со негодување рекол: „Тешко мене страдниот, јас не можам да го гледам твоето лице, а ти сакаш да ми донесеш слични на себе мрзливци“. И тргајќи се, почнал да вика: „Не сакам! Не сакам! Сакам да ме носиш на плоштадот! Ох, насилство! Фрли ме таму од каде што ме зеде!“ И да имаше раце, сакатиот не ќе пропуштеше себе си да се задави, или со меч да се лиши од животот. Толку многу го беше разбеснил ѓаволот.
Евлогиј побарал помош од соседните подвижници, и тие му рекле: „Бидејќи се уште е жив Великиот отиди кај него, и како што тој ќе ти каже така да постапиш, бидејќи Бог ќе ти зборува преку него“. Евлогиј ги послушал и заедно со сакатиот стигнал пред манастирот на Великиот Антониј. Се случило Великиот да дојде на вториот ден доцна вечерта. Седнал и ги повикал сите дојдени кај себе. Веќе било доцна вечерта кога тој три пати извикал: „Евлогиј, Евлогиј, Евлогиј“, иако никој не му го кажал името на овој учен човек. Но, Евлогиј не му одговорил зашто мислел дека така се вика некој дуг. Антониј повторно му рекол: „Евлогиј, кој доаѓаш од Александрија, тебе ти зборувам!“ Тогаш му одговорил Евлогиј: „Што заповедаш, те молам?“ Великиот му рекол: „Зошто дојде овде?“ Евлогиј му одговорил: „Оној кој ти го откри моето име, ќе ти ја открие и маката поради која сум дојден“. Свети Антониј му одговорил: „Јас знам зошто си дојден, но кажи пред сите браќа и тие да чујат“. Покорувајќи и се на наредбата на Великиот, Евлогиј раскажал се за себе и сакатиот пред браќата, и додал: „И ете, петнаесет години како живееме заедно, што на твојата светост, се разбира, се и е откриено. Но, сега после толку години, тој страшно ме навредува, и не знам која е мојата вина за тоа. И јас решив да го напуштам, бидејќи тој самиот ме принудува на тоа. Ете, поради тоа дојдов, ваша светост, да ме посоветуваш што да правам, и да се помолиш за мене, бидејќи тој ужасно ме навредува“.
Великиот Антониј му одговори со многу строг и суров глас:
„Евлогиј, ти ќе го отфрлиш? Но, Оној што го создал, нема да го отфрли. Ти ќе го отфрлиш, но Бог ќе најде подобар од тебе, и тој ќе му помогне“, Кога го слушнал тоа, Евлогиј замолчил и се исплашил. А Великиот Антониј започнал со зборови да го погодува сакатиот и да вика на него: „Сакат гаду, недостоен и на небото и на земјата, ќе престанеш ли да војуваш со Бога и да го лутиш братот? Зарем не знаеш дека тебе ти служи Христос? Како се осудуваш против Христа така да зборуваш? Зарем тој не се посвети себе си поради Христа да ти служи?“ Откако го изобличил сакатиот со такви прекорни зборови, Антониј им рекол: „Не талкајте повеќе деца, одете си со мир. Не разделувајте се еден од друг и отфрлете ја секоја навреда која демонот ја става во вас, и со чиста љубов вратете се во ќелијата во која толку многу време живеевте. Бог веќе праќа по вас. Ова искушение го наведе сатаната врз вас, бидејќи тој знае дека вие двајцата сте веќе при крајот на животот и дека ќе се удостоите на Христовите венци, едниот со помошта на другиот. Значи, не мислете за ништо друго. Ако Ангелот, кога ќе дојде по вас, не ве најде заедно, тогаш вие ќе бидете лишени од венците“,
Така тие се вратија во својата ќелија исполнети со љубов. Не помина ни четириесет дена, а блажениот Евлогиј се престави и замина при Господа; три дена по него се упокои и сакатиот по тело, но крепок во душата, кој го предаде својот дух во рацете Божји.
Крониј го раскажа и ова: „Онаа ноќ, кога великиот Антониј го отпушти блажениот Евлогиј, откако го помири со сакатиот, ми го раскажа следното: Цела една година јас се молев за да ми се открие местото на праведните и грешните. И јас видов еден огромен џин, кој достигнуваше до облаците и со рацете го допираше небото. Пред него имаше езеро, големо колку море. Потоа ги видов човечките души како летаат, како птици, а оние кои ги прелетуваа рацете и главата на џинот, беа сочувани од ангелите. Оние пак, кои ќе ги удреше со својата рака, паѓаа во езерото. И ми дојде глас, велејќи: Овие души што ги гледаш дека ги прелетуваат рацете и главата на џинот, се душите на праведниците, нив ангелите ги чуваат во рајот. А оние души кои црниот џин ги удира со рацете, паѓаат во адот, бидејќи телесните желби ги влечат долу, и бидејќи тие се предавале на злопамтието“.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ЦАР ТЕОДОСИЈ ВЕЛИКИ
Овој многу побожен и славен цар владееше од 379 до 395 година. Се родил во Шпанија.
Познат по својот род и своето јунаштво, најпрвин беше војсководец на царот Грацијан, а потоа од него беше поставен за цар во 379 година.
Царот Константин го забрани гонењето на христијаните, а пак Теодосиј Велики, отиде чекор подалеку и во својата држава го забрани и идолското принесување на жртви. Тој се грижеше и за православната вера во борбата против еретиците. Од Цариград го протера аријанскиот епископ Димофил и самиот тој го внесе во храмот „Свети Апостоли“ во Цариград, свети Григориј Богослов. Беше толку побожен, што се удостои за време на својот живот да прави чудеса. Така, сакајќи да се поклони на светите места во Ерусалим, тој се облече во проста облека, отиде во храмот „Свето Воскресение“ и затропа на вратата. Еден црковник му отвори, и тој влезе во храмот, и - о чудо! кандилата кои дотогаш беа изгасени, веднаш сами се запалија, како на некој голем празник. Запрепастен од ова чудо, црковникот веднаш му соопшти на патријархот за тоа. А пак патријархот преку молитвите упатени кон Бога, дозна кој всушност влегол во црквата, и го прослави Бога.
За време на неговото царување беше свикан Вториот Вселенски Собор во 381 година, кој го утврди догматското учење за Светиот Дух како Бог, Единосуштен со Бог Отецот и Бог Синот. Многу направи за ширењето и утврдувањето на христијанската вера во светот.
Свети Теодосиј Велики со своја рака го препиша Светото Евангелие и го читаше секој ден.
Му се претстави на Господа Христа на 17 јануари 395 година, во Милано. Неговите свети мошти беа пренесени и чесно погребани во Цариград. Блажениот Августин кажуваше дека царот Теодосиј често велел дека повеќе се радува на тоа што е член на Црквата Божја, отколку да е цар и на целата земја.
ПРЕПОДОБЕН И БОГОНОСЕН ОТЕЦ АНТОНИЈ НОВИ, ЧУДОТВОРЕЦ
Преподобниот отец Антониј Нови е по потекло од Верија, од Македонија. Родителите му беа имотни и добродетелни. Уште како дете беше ранет со божествената љубов. Затоа, тој го напушти сјајот и суетата на овој свет и отиде во манастир, во местото Переја. Тука се замонаши и ревносно го извршуваше секое послушание што му беше давано. На своите браќа им стана правило и образец на доблестите. Бидејќи сакаше да се посвети на повозвишен живот, го замоли својот игумен, и тој му даде благослов да се повлече во блиската шума и во неа да живее во безмолвие и осамеништво.
Ја помина целата планина, и во близина на изворот на реката најде една непристапна пештера. И храбриот подвижник се насели во неа. Никој од луѓето не знаеше каде точно се населил Антониј, освен еден свештеник кој во одредено време му носеше Свети Тајни и го причестуваше. Тука светителот помина цели педесет години од својот живот, и како што кажуваше свештеникот, Антониј ве јадел ништо, освен трева која растела околу пештерата и пиел вода од реката. Многу го напаѓале демоните и го претепувале до смрт. Поживеал светителот преку деведесет години и се упокоил во својата пештера. И тогаш се случи нешто чудесно.
После смртта на светителот, покрај пештерата минуваа некои ловџии со своите кучиња кои започнаа силно да лаат. Кога го слушнаа тоа, ловџиите се загледаа кон пештерата, и видоа една рака која им даваше знак и ги повикуваше. Мислејќи дека е тоа некој нивен другар, кој им покажува дека пронашол некој добар лов, со брзање ја преминаа реката и стигнаа до пештерата. Внатре не најдоа никаков жив човек, но здогледаа како на земјата лежи подготвено светото тело на преподобниот, и над него стои една запалена светилка. По тоа препознаа дека се тоа мошти на свет човек, па им се поклонија и ги целиваа. Потоа се вратија во градот, и му соопштија за тоа на архијерејот.
Архијерејот, заедно со свештениците и мноштво верници се упати кон планината, влезе во пештерата, ги зеде светите мошти и ги понесе следени со запалени свеќи, славословување и песни. Но, настана препирање помеѓу жителите на Переја и Верија, на кого да им припаднат моштите. Најпосле решија да му препуштат на светителот сам да го реши овој спор. Затоа ги ставија неговите мошти на една кола, впрегнаа во неа два невпрегнувани вола, и ги пуштија да одат каде ќе ги води светителот. Тогаш воловите ја преминаа реката и се упатија право во Верија, не скршнувајќи на било која страна, влегоа во градот и ги одвезоа моштите во родителскиот дом на светителот. Тука застанаа, зашто светителот сакал тука да бидат положени неговите мошти. На местото каде ги положија неговите свети мошти беше подигната црква во негово име, и тие и сега се наоѓаат во неа. Од нив безброј чуда се случуваат. А планината во која се наоѓаше пештерата на свети Антониј, наскоро стана живеалиште на многу монаси. Се изградија во неа толку многу аскетски живеалишта што беше наречена скит на свети Антониј Нови.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ГЕОРЃИЈ ЈАНИНСКИ
Новиот македонски маченик Георѓиј се роди во 1810 година во селото Чуркли, во покраината Гревенска, во денешна Грција. Неговите родители Константин и Василка беа сиромашни земјоделци и се упокоија кога тој имаше осум години. Наскоро по нивната смрт тој се вработи кај некои Турци, како коњушар. Работејќи кај некој турски старешина, кој наместо Георѓија го викаше Хасан, запозна една сирота девојка по име Елена и сакаше да се ожени со неа.
Кога дознаа Турците дека сака да се жени со христијанка, го наклеветија кај кадијата дека е муслиман кој сака да премине во христијаните. На судот, пред кадијата и везирот, тој докажа дека е христијанин од раѓање, а тоа го потврди и газдата кај кого служеше Георѓиј како коњушар. Така ова свето момче беше ослободено, и наскоро се венча во црквата со својата свршеничка Елена. Следната година доби син, кого веднаш го крсти во црквата.
Не помина многу време, а светиот маченик повторно беше лишен од слобода, на 12 јануари 1838 година, и повторно беше изведен на суд пред кадијата, по тужба на оној ист Турчин, дека божем Георѓиј е Турчин, но преминал во христијанството.
На судот Георѓија храбро исповедаше дека е христијанин и таков и ќе остане, а пак Турците започнаа да му се закануваат дека ќе го убијат ако не се потурчи.
А еден старец, потурчен христијанин, го советуваше Георѓиј да ја прими муслиманската вера, но тој одлучно го одбиваше.
Турците сакаа да се уверат дали навистина е христијанин или муслиман, па кога видоа дека не е обрезан, се уверија дека од раѓање е христијанин. Сепак не го пуштија свети Георѓиј туку го ставија во темница. Пет дена го мачеа непрестајно, но тој не се одрече од Господа Христа и постојано велеше: „Христијанин сум, и христијанин сакам да умрам!“ Турците му ги ставаа нозете во клада, го притискаа со камена плоча; на сите можни начини го принудуваа да стане муслиман, но тој остана непоколеблив и повторуваше: „Христијанин се родив, христијанин сум и како христијанин ќе умрам!“ Кога дознаа за тоа христијаните од Јоанина, а посебно клириците ги вложија сите напори да измолат од Турците ослободување на Георѓиј, или барем да го убедат него да побегне во Грција. Турците не сакаа да го пуштат, а пак Георѓиј не отстапуваше од намерата да пострада за Христа, и на сите им збруваше: „Не плашете се браќа, јас со најголема радост ќе пострадам за мојот Христос“. Во понеделник на 17 јануари, на денот на свети Антониј Велики, беше одведен Георѓиј кој тогаш имаше околу 30 години и беше обесен, не сакајќи да се одрече од Христа Бога. По три дена, христијаните го зедоа неговото свето тело и го погребаа зад олтарот на храмот „Свети Атанасиј“, во Јанина.
Цариградскиот патријарх Григориј VI-ти, уште во 1839 година, одреди да се празнува денот на мачеништвото на овој новомаченик Христов, од чии свети мошти се случуваа и се случуваат безброј многу исцеленија.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ АНТОНИЈ
Преподобниот Антониј беше основач на манастир посветен на Пресвета Богородица, на брегот на Црно Море. Му се претставил на Бога во 16-ти век. Неговите свети мошти се чудотворни.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ АХИЛ
Се подвизувал во Египетската пустина во еден скит. Се борел против страстите, и се измачувал себе си со немилосрдна воздржливост. Се претставил во мир во петтиот век. За него се зборува во Евергетиносот.
СПОМЕН НАПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ АНТОНИЈ ДИМСКИ
Се родил во Новгород и од мал ја засакал самотијата и молитвата. Се замонашил во Хутинскиот манастир и целото време го поминувал во монашки подвизи. Преподобниот Варлаам Хутински го одредил за свој наследник, Но, Антониј не управувал долго со манастирот. Бегајќи од човечката слава, тој тајно го напушти манастирот и се насели во една пештера на брегот на Димското Езеро. Тука ги минуваше деновите во работа, а ноќите во молитва. Постепено околу него се насобраа браќа и на брегот на езерото беше основан манастир. Се претстави во Христа Бога, на 24 јуни 1224 година, на шеесет и седумгодишна возраст. Неговите чудотворни мошти почиваат во неговата обител.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ АНТОНИЈ КРАСНОХОЛМСКИ
Најпрвин бил пустиножител во Белоезерската област. Како јеромонах дошол во Тверската област и основал манастир. Ги водел мудро браќата по патот на спасението со своите чести поуки и се упокоил во 1481 година. Неговите свети мошти почиваат во неговиот манастир.