31. Јануари  (18. Јануари)

 

ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ, ИСПОВЕДНИК

патријарх Александриски

Свети Атанасиј, тој бесмртен пример на добродетелен и богоугоден живот и вистински столб на Православието е роден во главниот град на Египет - Александрија. Родителите му беа христијани, благочестиви и добродетелни луѓе и живееја по Божјите заповеди. Иако не беа богати, сепак на своето чедо му овозможија одлично образование. А каков требаше да биде Атанасиј во животот подоцна, самиот покажа во своето детство, зашто играјќи си на морскиот брег со другите деца, свои врсници, тој го правеше тоа што го гледаше во црквата: на детски начин ги подражаваше Божјите свештенослужители. Зашто неговите другарчиња го назначија за свој епископ, а тој, некои од нив назначи за свештеници, некои за ѓакони; и потоа тие ги приведуваа пред него елинските незнабожечки деца, кои сеуште не беа крстени. И тој ги крштеваше со морска вода, изговарајќи ги над нив потребните зборови на светата тајна крштение, кои ги беше слушнал од свештеникот во црквата. А им говореше и по една поука, онака како што тоа го знаеше и разбираше неговиот детски разум.

Во тоа време во Александрија патријархуваше светиот отец Александар. Се случи еден ден, тој, очекувајќи го пристигнувањето на некои клирици, да стои крај прозорецот со поглед вперен кон морето, и да ги види децата како си играат. Тогаш се загледа во нив и се зачуди кога виде како Атанасиј го врши крштевањето. И нареди веднаш да ги доведат сите деца кај него, и започна да ги прашува каква е таа игра што ја играат. Тие како деца, првин се плашеа, а потоа раскажаа сѐ, како Атанасиј го поставија за свој епископ, и како тој ги крсти елинските деца. Патријархот ги прашуваше подробно на кој начин го извршиле крштението и какви прашања задавале пред крштевањето, и што им одговарале децата. И дозна дека сѐ направиле по законот на нашата вера. Откако се посоветува со својот клирм патријархот го призна тоа крштевање за вистинско и правоважно, и изврши миропомазание над крстените деца. Архиепископот ги повика кај себе родителите на Атанасиј и ги посоветува добро да го воспитаат и школуваат својот син и кога ќе порасне повторно да го доведат кај него, или подобро речено: кај светата Црква. Зашто патријархот го беше прозрел Божјиот дар во малиот Атанасиј. Впрочем така и се случи.

Кога момчето го заврши своето образование, и ја проучи сета светска философија, но уште повеќе божествената наука, неговите родители го доведоа кај пресветиот патријарх Александар и Му го подарија на Бога. Патријархот набргу го вброи меѓу клириците и тој, од младоста како храбар војник започна борба со еретиците.

Во тоа време, со својата ерес беснеел безумниот Ариј, и со своето убиствено учење ја потресувал целата Црква. Затоа во Никеја е одржан Првиот Вселенски Собор, на кој светите оци го проколнале Ариј и го исфрлиле од Христовата црква. А го осудиле и на заточение. Но тој, лукавата змија, иако столчен и едвај жив, сепак не се откажал од својата злоба. Оти преку своите ученици и едномисленици, таа змија сѐ уште мавтала со опашот, насекаде изливајќи го отровот на ереста. Кај царот имал бројни свои бранители, особено Евсевија, никомидискиот епископ. Преку нив Ариј работел на тоа, да си издејствува помилување, за од заточението слободно да се врати во Александрија. Евсевиј лукаво му објаснувал на царот дека божем Ариј не учи и не проповеда ништо што не е во согласност со учењето на Црквата, туку дека посреде стои зависта на епископите спрема Ариј. Зашто меѓу нив се води чисто схоластичко препирање во зборови, а не за верата.

Царот кој беше простосрдечен и незлобив, не насетувајќи ја еретичката итрина и префриганост, им поверува на лажните уверувања, и издаде заповед да се прекрати спорот меѓу црквите, та сите александриски клирици, започнувајќи од самиот Александар да живеат во мир, и повеќе да не спорат по богословски прашања. Без да го иследи делото, тој милосрдно му дозволи на Арија да се врати во Александрија. И барајќи мир, не според разумот, Константин му испрати барање на свети Александар за примирје со Ариј. Така нечестивиот еретик за несреќа на целата Црква се врати во градот. Овој настан беше многу скрбен за православните, особено за свети Атанасиј, како воин Христов и тврд заштитник на православието. Тој веќе како архиѓакон, постојано го следеше еретикот, па храбро влезе во Црквата Христова, и ги изобличуваше неговите зли умисли со своите пишувања и проповеди.

И светиот го гонеше тој волк, со својот богомудар јазик и со своите списи изобличувајќи го неговото злосторство. И го потикнуваше пресветиот архиепископ Александар да му пишува на царот, а и самиот пишуваше заедно со него, дека е виновна царевата простодушност, оти поверувал на еретичките лаги и бајки, и Ариј, кој се одрекол од вистинската вера и кој е отфрлен и од самиот Бог и сите свети отци, го прима и му допушта да ги потресува мирните краишта на татковината. А царот, наговорен од еретикот Евсевиј, им возврати со многу остри зборови, заканувајќи им се дека ќе ги лиши од чинот, ако не замолкнат. Благочестивиот цар го направи тоа од ревност, не според разум, туку од желба да нема раздор во Црквата. Сакаше да има мир таму каде што не е возможно да го има. Зашто, како може ереста да живее во мир со Православието?

Наскоро се упокои архиепископот Александар. На престолот го наследи светиот Атанасиј, едногласно избран од сите православни, како сад достоен за такво миро. Тогаш притаените аријански сеачи на какол замолкнаа за некое време и не стапуваа во отворена борба со светителот. Но, кога демонот ги потстрекна, тие ја обелоденија својата злоба и отворено го пројавија до тогаш длабоко скриениот отров на својата лошотија, бидејќи пресветиот Атанасиј не го прими беззакониот Ариј во црквено општење, иако Ариј донесе писмо од царот, Атанасиј да го прими. И почнаа на сите стрни да предизвикуваат непријателство против невиниот и силно да го напаѓаат. Се трудеа не само да го свргнат од престолот, туки и да го протераат од градот, него, достојниот за небесните населби. Но тој остана непоколеблив, пеејќи со Давид: Ако против мене и војска се крене, нема да се уплаши срцето мое (Пс. 26, 3).                                      А глава на на нечесните замисли беше епископот Евсевиј, кој што напразно го носеше името на побожноста, всушност беше непобожен, и сад на безбожноста. Со своите истомисленици тој му се вовлече под кожа на наивниот цар.  Ценејќи дека е добар моментот, почна да превзема сѐ за да го исфрли од престотло, мислејќи дека ако него го исфрли, лесно ќе ги отстрани останатите православни и ќе го утврди ариевото учење. Измисли неправедни клевети на праведникот, и состави лажни (а за еретиците веродостојни) оптужби; притоа го поткупи приврзаникот на мелитиевата ерес, Исион, Богатиот со лукавствоЕвдомон, ипознатиот по расипаноста, Калиник.  Обвинувањата против блажениот беа вакви: Прво, дека ги присилува Египќаните да даваат данок на Александриската црква, поради свештенички одежди, олтарски завеси и други црковни работи; второ, дека не му сака добро на царот и не ги почитува царските наредби; трето, среброљубец е, и ковчег полн со злато испратил кај еден свој пријател да му го чува. На овие оптужби им е додадена и четврта, која се однесува на Исихир, лажен поп мареотски. Овој исихир беше злобен и лукав, препреден во лукавството; себеси се прогласи за свештеник без прописно посветување. Имаше извршено многу зли дела, срамни и страшни и заслужуваше не само отстранување, ами и страшна казна. Блажениот Атанасиј дозна сѐ за него.

Ревносен за ред во црквата, тој во Мареот го испрати презвитерот Макариј за да иследи сѐ, за неговите зли дела.

Исхир се исплаши од истрагата и одговорноста, и за да не биде изобличен, побегна во Никомидија. Таму се пријави кај епископот Евсевиј и бесрамно го нападна свети Атанасиј изнесувајќи лажни обвинувања против него. А Евсевиј и останатите со него го примија Исихир како вистински свештеник, иако беше престапник, бидејќи е нормално за човекот да го сака сличниот на себе си во злото или во добродетелта. Горејќи од омраза кон светиот Атанасиј, тие со голема радост гледаа на Исхир. И неговата душа полна со дрскост и расипаност, ја соколеа со надеж дека ќе му дадат епископски чин, само ако измајстори некоја клевета против праведникот.  А Исихир, вешт во таквите работи, ги вложи сите сили да го оцрни невиниот слуга Христов, и им изнесе ваква клевета против него: По наредба на свети Атанасиј, презвитерот Макариј разбојнички упаднал во неговата црква, самиот него со голем бес го извлекол од олтарот, го испретурил светиот престол, го скршил светиот путир, и ги изгорел светите книги.

Мразителите на свети Атанасиј ја примија оваа клевета како вистина и излегоа пред царот Константин, и го обвинија. Притоа истакнуваа дека тој ги презира царските закони, не ги слуша царските наредби, не го прима, и не општи со Ариј.

Благочестивиот цар Константин се збуни малку: тој добро ги познаваше добродетелите на Атанасиј и макар што беше незадоволен од светителот поради озборувањата што ги слушаше, не им поверува на многубројните клевети, без претходно да испита сѐ. Затоа,  бидејќи се празнуваше обновата на Храмот на Христовото Воскресени, и епископите од сите страни се беа собрале таму, царот заповеда да се свика собор во Тир, за да му се суди на Александрискиот архиепископ, а исто така и во основа да се разгледа случајот со Ариј, и да се види, како што тој самиот кажува, дали стои во границите на светата вера и ги држи вистинитите преданија на Вистината. Во тоа време навршуваа и триесет години од владеењето на царот Консантин и беше свикан собор во 335 година во Тир. Војниците го доведоа презвитерот Макариј, врзан.

На овој собор, јасно се увиде дека обвинувањата против светителот се неосновани и бидејќи тужителите не можеа да ја докажат вината на свештеникот Макариј, дека тој го разрушил олтарот, судијата испрати на лице место во Мареот да се испита сѐ. Но, беа испратени истите клеветници кои на самиот почеток беа обезличени за своите лажни клевети. А кога светителот виде кого го испраќаат во Мареот, не можејќи да ја трпи очигледната неправда, стана против тоа и со висок глас рече: „Згасна правдата, погазена е вистината, замре правосудството. Зарем е законски да се држи окован оној што треба да биде на слобода? И зарем пресудата за оваа работа треба да ја изречат тужителите, кои го наклеветија овој човек?“

Громогласно го изговори ова свети Атанасиј Велики пред целиот Собор. Иако светителот ги поби сите останати обвинувања, сепак Соборот го осуди, и при осветувањето на еден нов храм во Ерусалим го прими во општење Арија.

Кога виде дека на овој начин нема да дојде до правдата, свети Атанасиј тајно замина за Цариград и лично му ја кажа вистината на царот Константин. Царот најпосле дозна како стојат работите и мошне сурово ги прими пратениците на Тирскиот собор и ги повика сите учесници да дојдат во Цариград за преразгледување на делото. Откако повторно ги собра сите во Цариград, непријателите на Атанасиј повторно смислија како да го прелажат императорот и подготвија нова клевета, дека божем светителот сакал да го запре пренесувањето на жито од Александрија за престолнината, за на тој начин да го посрами царот Константин. Кога виде дека е невозможно да го помири Атанасиј со неговите противници, царот реши да го испрати некое време во Франција. Тоа не го направи затоа што им веруваше на клеветите или зашто се налутил, туку затоа што сакаше да има мир во Црквата, како што сведочат оние кои ја дознале веродостојноста на таквата одлука на царот.

Царот виде дека многу епископи се кренаа против свети Атанасиј и поради тоа настанаа и големи немири меѓу александрискиот и египетскиот народ. Сакајќи да ги стиши немирите и да ги смири епископите, тој му рече на светиот маж да замине од градот ва некое време. И беше испратен на заточение во Галија, сегашна Франција. Две години помина свети Атанасиј во Трир. Таму тој беше во другарски односи со месниот епископ Максимин.

Во 336 година почина еретикот Ариј, а следната година се упокои и царот Константин Велики. На умирање, тој го остави царството на своите три сина: Константин Втори, Констанс и Констанциј. Со својот тестамент тој им го подели царството и најголемиот дел го остави на најстариот син Константин. Но, бидејќи никој од неговите синови не беше крај него на смртниот час тој го остави тестаментот во рацете на еден свештеник кој беше потаен аријанец. Тој како што ја сокриваше ереста така го затаи и царскиот тестамент. Иако го прашуваа за тестаментот, тој никому не кажа ништо. Заедно со него за тоа знаеја само некои најблиски цареви евнуси. Бидејќи Константин задоцни, пред него итно од Антиохија стигна Констанциј. Оној презвитер тајно му го даде нему татковиот тестамент, молејќи го само за една милост; и тој да им пристапи на аријанците и да им помага. Каква нискост - за земно царство да го даде бесмртниот цар Христос: да не го исповеда како Бог и Господар и Творец на сѐ, туку како твар! О, неразумност и безумие! - овој презвитер ги потпомагаше во тоа и споменатиот Евсевиј, и целата негова дружина. Тие одвај го дочекаа овој момент. Бидејќи знаеја дека аријанското учење ќе се рашири и зацврсти единствено ако новиот цар ја потврди одлуката за заточение на Атанасиј.

Во тоа време тие ги придобија за својата вера и едномислените препозити кои беа во царскиот двор, а со нив и останатите евнуси, кои по природа се склони кон секое зло. Потоа ја заведоа во ереста и сопругата на царот, и најпосле и самиот цар, заведен од аријанското мудрување, се крена против својот Господ Христос и на него се исполнија зборовите на божествениот пророк Еремија: „Пастирите безбожно се одметнаа од мене“ (Ерем. 2, 8). И царот отворено нареди да се зацврсти аријанското учење, и сите епископи да мислат како и тој; а кој ќе се спротивстави да го натераат со сила. А Бог кој промислува за сите и за сѐ, му внесе мисла во срцето на најстариот син Константин Втори, кој како прв по царската власт царуваше во стариот Рим, та го пушти од заточение свети Атанасиј и со свое писмо го испрати во Александрија на својот престол. Во писмото стоело запишано:

„Константин Победител, ја поздравува Александриската црква и народот. Сметам дека меѓу вас нема ниту еден кој не знае што му се случи на големиот проповедник на верата и учителот на законот Божји, Атанасиј: Против него се кренаа непријателите на вистината, и нему му беше наредено да отиде во Франција каде што сум и јас.

Ова беше сторено за да се заштити од опасноста на која беше изложен неговиот живот, и воопшто не беше осуден на прогонство. И ние многу го чувавме да не му се случи нешто лошо, иако тој навистина е многу трпелив, како никој друг. Зашто, горејќи од божествена ревност, тој можеше да поднесе каква сакате мака. Нашиот татко, блажениот Константин сакаше набрзо да го врати на престолот, но смртта го попречи и не успеа да го спроведе тоа на дело. Таа работа ми ја остави мене, својот наследник, оставајќи ми ја во аманет конечната заповед  во однос на овој човек. И сега, јас ви заповедам да го пречекате со секоја почест и свечено да го примите“. Со таквото царево писмо допатува свети Атанасиј во Александрија, а православните го примија со радост.

Тројцата владетели решија да ги вратат на своите престоли сите епископи што порано биле испратени на заточение. А оние што држеа до аријанското зловерие, се собраа, и повторно ковеа разни сплетки против него. Решија да го објават свети Атанасиј за незаконски епископ, на основа дека бил вратен на својот престол од световната власт - од императорот откако бил осуден на црковен собор. Потоа го обвинуваа блажениот дека божем со некоја рака на мртовец прави чудеса и волшепства; а тоа била раката на некој клирик Арсениј, која божем му била отсечена по наредба на свети Атанасиј.

Непријателите му го доставија ова на царот Констанциј и многу го молеа веднаш да го осуди свети Атанасиј на вечно прогонство. Но, царот заповеда претходно да се испита оваа работа, А Бог, кој бдее над сите и ги избавува наклеветените од нивните клеветници, на тој начин го оддолжи времето, та во меѓувреме во Тир дојде самиот Арсениј, поради кого противниците го клеветеа светиот.

Арсениј беше чтец по чин и имаше направено големо недело. Исплашен од тешка казна која сигурно требало да го снајде, тој побегнал и долго време никој не знаел ништо за него. А лукавите противници на Атанасиј, не очекувајќи дека Арсениј воопшто ќе се врати од срам поради извршениот грев, дрско тврдеа дека отсечената рака е негова, и насекаде ширеа одвратни гадости за светителот. А кога гласот за судењето на Атанасиј дојде некако до ушите на самиот Арсениј, кој се криеше во некои зафрлени краишта, му стана жал за светителот и срцето го болеше поради ваквата лага. Затоа реши да отиде во Тир. Тајно пристигна и му се јави на свети Атанасиј без никој да знае, и раскајан падна пред неговите нозе. Блажениот многу се израдува на неговото доаѓање и му заповеда да не излегува пред никого до денот на судењето.

Но, неговите противници, на злобата ѝ додаваа злоба, а на лагата нова лага. Така проклетите еретици најмија една бесрамна жена да го обвини Атанасиј, дека божем тој, кога ноќевал во нејзиниот дом, ја нападнал и ја силувал.

И започна судењето. Пред судот застанаа клеветниците; влезе и жената која плачеше и се жалеше на свети Атанасиј кого никогаш го немаше видено, ниту пак знаеше како изгледа. И додека опишуваше како божем настрадала од него, презвитерот Тимотеј пријателот на Атанасиј, кој стоеше покрај него пред вратата, ја чу клеветата, и поттикнат од Светиот Дух, ненадејно влезе внатре, тргна кон неа, и ѝ се обрати: „Жено, јас ли те нападнав како што велиш?“ А таа уште побесрамно повика кон судијата: „Овој ме упропасти, овој и никој друг! Имено тој беше кај мене и за благодетта ми возврати со насилие“. Кога го слушна тоа судијата се насмеа, а клеветниците се засрамија, зашто јавно се обелодени нивната лага. Свети Атанасиј беше признат за совршено невин за таквиот грев.

Што сторија потоа клеветниците? Својот прв срам сакаа да го покријат со нова клевета. Започнаа да го обвинуваат светителот дека е волшебник и ја изнесоа мртвечката рака, одвратна и ужасна за гледање. И бесрамно мавтаа со неа кон светителот, и велеа: „Атанасиј, оваа рака молчејќи вика против тебе! Таа те изобличува! Сите знаат кому неправедно си ја отсекол! Ајде кажи, поради што ја отсече, зошто ти беше потребна?“ А светителот, смирено како и што му доликува на таков маж, кој се огледува на својот Господ Христос кој, кога беше суден од Евреите, не одговори на навредите, туку беше како овца за колење, им рече: „Кој од вас добро го познава Арсениј? Кој знае сигурно дека ова е негова рака?“ И кога мнозина станаа од своите места и започнаа да тврдат дека добро го познаваат; свети Атанасиј ја повлече завесата и го повика Арсениј да застане среде судницата. И застана Арсениј среде судницата жив и здрав, со двете раце на себе, а блажениот налутено погледна кон тужителите и им рече: „Зарем не е овој Арсениј? Не ли е тоа овој, за кого вие тврдите дека раката му е отсечена? Зарем не го познаваат сите во Алесандрија? Еве ви го Арсениј, и еве како што гледате неговите раце не се отсечени! А, ако вие имате некој друг Арсениј, на кому му припаѓа оваа отсечена рака, вие покажете го! А пак оваа рака ве обвинува вас самите, кои сте ја отсекле“.

Тогаш се засрамија сите и покривајќи ги своите лица со рацете, ја напуштија судницата. Останаа само војниците. А народот, заразен од аријанството, го опколи светителот; и му се закануваа страшно дека е лажливец, маѓепсник, извикуваа погрдни зборови и му се закануваа со смрт.

Еден царски пратеник по име Архелах, добар по душа, гледајќи ја нивната злоба, успеа да го поведе светителот со себе и да го изведе по еден таен пат, засолнувајќи го од разбеснетиот народ.

А утредента се собраа неправедните судии без Архелах и го осудија праведниот Атанасиј како блудник и убиец, и волшебник.

Го кренаа против него дури и царот Констанциј, па тој дури и големи награди и одликувања им ветуваше на оние што ќе му кажат каде се крие, или пак ја донесат неговата глава.

А свети Атанасиј, протеран не само од царството, туку како од целата вселена, долго се криеше во еден длабок пресушен бунар. За тоа не знаеше никој освен еден богољубив човек кој му носеше храна. Но, за да не го пронајдат и тука, тој од Исток отиде на Запад. Откако дојде во Европа, блажениот Атанасиј им раскажа сѐ на папата Јулиј и на царот Констант, најмладиот син на Константин Велики.

Во тоа време се собраа во Антиохија источните епископи поради осветување на црква. Меѓу нив имаше многу аријанци и со помош на царот формираа свој совет и го симнаа свети Атанасиј од престолот, кој во тоа време се наоѓаше на Запад. А за архиепископ избраа некој кападокиец, Георѓиј, кој беше многу зол аријанец.

Свети Атанасиј остана три години во Рим, и уживаше огромна почит од царот Констант и папата Јулиј. Таму беше и неговиот пријател свети Павле, архиепископот цариградски, кој исто така беше протеран од својот престол. Тогаш, по договор меѓу двајцата цареви, Констанциј и Констант, беше свикан Сардикискиот собор на источните и западните епископи заради исповедањето на верата и поради Атанасиј и Павле. Меѓу епископите беше и поп Исхир, но сега како епископ Мареотски. Епископите од Азија не сакаа ни да се сретнат со западните епископи, додека тие не ги истераат од својот Собор Маркел Анкирски, Павле и Атанасиј. А пак западните не сакаа ни да слушнат за тоа. И источните епископи веднаш се вратија назад во своите краишта. При враќањето се задржаа во градот Филипопол и таму одржаа свој собор, и го отфрлија учењето за единосушноста, а изложија свое учење. Таа своја одлука ја распространија насекаде на своите приврзаници. Кога дознаа за тоа отците од Сардикискиот собор, тие го осудија овој собор и нивното вероисповедување. И посебно благодарејќи на свети Атанасиј ги потврдија одлуките на Никејскиот вселенски собор за светата вера, исповедувајќи дека Бог Синот е единосуштен со Бог Отецот.

После сето тоа, на барање на царот Констант упатено до својот брат Констанциј, свети Атанасиј и свети Павле беа вратени на своите престоли, со огромни почести. При тоа царот му напиша на народот во Александрија и на сите епископи и кнезови во Египет и во Несторија на Августалија и на големците во Тиваида и Либија со големи почести и стравопочит да го дочекаат Атанасиј. Свети Атанасиј тргна преку Сирија и Палестина. Во светиот град Ерусалим, со љубов беше дочекан од пресветиот Максим Исповедник, епископот ерусалимски.

Тогаш пресветиот Максим ги повика сите источни епископи кои од страв од аријанците се согласија на симнувањето на свети Атанасиј, ги помири со него, и тие му укажаа достојно почитување. А тој со радост им го опрости гревот што го беа сториле кон него.

Во Александрија беше дочекан многу свечено. Целиот народ го пречека со неискажлива радост. Го пречекаа и сите епископи и кнезови, со почести го воведоа во градот и го ставија на престолот. Ова беше второ враќање на светителот од своето второ прогонство. И штом помисли дека по толку маки и страдања остатокот од животот ќе го помине во мир и спокој, повторно неволните луѓе се нафрлија на него.

Зашто, кога римскиот војсководец Магненциј, во почетокот на 350 година, во завера го уби благочестивиот цар Константин Втори, аријанците кренаа страшна војна против Црквата Христова. И пак стапија на сила царските наредби и закани; повторно бегства на свети Атанасиј, повторно стравови и потери по него, и по копно и по море. Бидејќи свирепиот Георгиј, кој беше избран од аријанците на престолот на местото на Атанасиј, дојде во Александрија, го потресе Египет, ја поколеба Палестина, и на целиот Исток створи немир. И пак беа симнати од своите престоли светилата на вселената: свети Максим Ерусалимски и свети Павле Цариградски. А што сториле во Александрија, опишува самиот свети Атанасиј, кој вели:

„Повторно дојдоа некои во Александрија, барајќи нѐ за да нѐ убијат; и тоа беше пострашно од минатото. Зашто, ненадејно, војска ја опколи црквата и место молитва настана лелек, врисок и метеж. Тоа се случи за време на Светата Четириесетница. А кога дојде Георгиј Кападокиски, испратен од аријанците, се намножи злото, на кое го беа навикнале оние што го испратија. Бидејќи една недела по Воскресение, започнаа да ги фрлат во темници монахињите, епископите врзани ги одведуваа, а домовите на сиромашните и вдовиците ги пљачкаа.

После Света Педесетница многу народ излезе на гробот на свештеномаченикот Петар да се помоли. Зашто сите се гнасеа од Георгиј и одбегнуваа да општат со него. А кога тој го дозна тоа, го крена против нив војводата Севастијан, манихеец по вера. И тој со многу војска, која беше вооружена со мечеви, ножеви и стрели, упадна во црквата и ги нападна луѓето. Но, затекна малкумина од нив, зашто беше веќе доцна и се беа разотишле. А оние што ги затекна во црквата ги подложи на лути маки. Зашто запали огромен оган и ги нареди сите девојки околу огнот и ги присилуваше да ѝ пристапат на верата на Ариј. Кога видоа војниците дека за ништо на светот не можат да ги убедат девојките да им се приклучат, тој нареди да ги соблечат и немилосрдно да ги тепаат. Лицата толку им ги унаказија со рани што ниту нивните најблиски не можеа да ги препознаат. Четириесеттина луѓе подвргнаа на тешки измачувања; толку ги тепаа со остри трње, што им ја одраа кожата од нивните плеќи, и големи парчиња месо паѓаше од нив, а некои од страшните маки издивнаа. Овој крволочен војвода сите девојки посебно ги измачи и ги испрати на заточение во Велики Оасим. И не дозволи телата на убиените православни христијани да ги земат нивните роднини, туку им нареди на војниците да ги фрлат на некое сокриено место. Мислеше дека на тој начин ќе ја сокрие трагата на страшното злосторство. Тоа го направија овие безумни луѓе со опрелестен ум. А православните се радуваа што нивните маченици јуначки ја исповедаа својата вера и плачеа затоа што не знаеја каде се наоѓаат нивните тела. Веднаш потоа од Египет и Либија ги испратија во прогонство епископите: Амониј, Моин, Гај, Филон, Ермиј, Павлин, Псиносир, Линамон, Агатон, Агамф, Марко и вторите Амон и Марко, Драконтиј, Аделфиј, Атинодор, и презвитерите: Еракс и Диоскор. И толку тешко ги злоставуваа, што многумина од нив умреа по патот, а другите во прогонството. А на вечно прогонство осудија преку триесет епископи, сакајќи ако е возможно, да ја сотрат и истребат вистината. Ова ни го кажува самиот свети Атанасиј, пишувајќи за своето бегство. По смртта на својот брат Констант, царот Констанциј го победи Магненциј и владееше и со Истокот и со Западот. И аријанската ерес тој ја распространуваше и на двете страни. На сите можни начини се трудеше да ги придобие западните епископи за аријанското учење. Тој свика собор во Милано за симнување на свети Атанасиј, зашто очекуваше дека аријанството ќе се утврди, кога Атанасиј потполно ќе биде отстранет. И повторно беше донесена неправедна одлука против невиниот архијереј. Атанасиј повторно беше симнат од својот престол. Многу беа измачувани светите епископи Дионисиј и Евсевиј, кои одбија да ја потпишат ваквата незаконска одлука, откако беа испратени на заточение. На таинствен начин Бог му соопшти на светителот дека епарховите војници доаѓаат по него, по заповед на царот, па тој на полноќ ја напушти епископијата и се сокри кај некои добродетелни девственици, монахини, вистински слугинки Христови. Додека беше сокриен кај нив тој напиша многу книги против еретиците.

Аријанската ерес завладеа не само на Исток туку и на Запад. По наредба на царот и по Италија и по целиот Запад, беа симнувани од нивните престоли оние епископи, кои не се согласуваа да го потпишат учењето за второсуштноста, односно дека Синот е друга суштина, а не ист со Отецот. Во тоа време за верата, од својот престол беше симнат и светиот папа Либериј, кој стапи на римскиот престол после блажениот Јулиј, кој пак беше наследник на свети Силвестер. На негово место еретиците поставија некој Феликс. И додека така, од сите страни, еретиците ја притискаа и ја гонеа светата Црква, беше убиен царот Констанциј. Тој го изгуби и животот и царството помеѓу Кападокија и Киликија, во местото викана Мопсиски извори. Казната Божја го достигна и оној епископ Георгиј, кој го поставија еретиците. Загина проклетникот убиен од елинскиот народ кога сакал да приграби за себе еден елински имот во Александрија. По Констанциј зацарува Јулијан. Тој се трудеше да ги уништи сите закони и одлуки на Констанциј и дозволи да се вратат сите кои беа во прогонство. Кога дозна за тоа, свети Атанасиј се плашеше аријанците да не го прелажат и придобијат Јулијан за своето зловерие. Зашто Јулијан сѐ уште не го беше пројавил своето отстапништво и потполно одрекување од Христа. Затоа свети Атанасиј излезе од домот на девствениците, каде што се криеше, и се појави среде александриската црква. Кој би можел да ја опише тогашната радост на Православните? Како се слееја од сите страни за да го видат? И клириците и граѓаните, и целиот народ. Неговото доаѓање ги исполни со храброст и тие веднаш ги протераа сите аријанци, а градот и самите себе си се предадоа на свети Атансиј, својот пастир и учител. Тогаш светителот одржа голем собор на епископи кој ја потврди Православната вера во 362 година.

Потоа беззакониот Јулијан, кој најпрвин тајно се беше одрекол од Христос, откако ја зацврсти својата власт, јавно пред сите се одрече од Христос. Похули на името Негово и им се поклони на идолите. Потоа насекаде отвори идолишта и заповеда да им се принесуваат погани жртви на нечестивите богови. И на сите страни имаше идолски храмови, и смрдеа, и чад, и колење на животни и крв. Поради тоа големите столбови и учители на Црквата го изобличуваа Јулијан. Но тој покрена луто гонење против Црквата, а во почекотот и против свети Атанасиј, зашто кога се советуваше со своите истомисленици и ги прашуваше своите гатачи како би можело да се уништи христијанството, сите му изјавуваа дека треба да се убие Атанасиј. Тие му велеа:

„Ако се разори темелот, тогаш лесно ќе се разори и се останато во христијанската вера“.

И повторно беше донесена неправедна одлука против свети Атанасиј; и повторно беше испратена војска во Александрија; и повторно се вознемири градот и беше опколена црквата од вооружени војници. И сето тоа само со една цел - да го пронајдат и да го убијат свети Атанасиј. И тој повторно закрилуван од Бога, помина меѓу нив и дојде до реката Нил. Се криеше блажениот сѐ до смртта на Јулијан. А кога набргу загина зловерниот Јулијан, зацарува побожниот христијанин Јовинијан. И повторно свети Атанасиј седна на својот престол и управуваше со Црквата. Но, Јовинијан беше кратко на власт. Тој царуваше само седум месеци и умре во Галатија. Тогаш на царскиот престол стапи Валент, кој беше заразен со аријанското зловерие. И повторно паднаа неволји на Црквата, зашто Безбожниот цар Валент веднаш се зафати да го зајакне и утврди аријанството. Затоа ги симнуваше од престолите православните архиереи кои не се согласуваа со неговото зловерие. Најпрвин го протера архепископот Антиохиски, свети Мелетиј. И испрати потера да го фатат свети Атанасиј. Тогаш блажениот кришум излезе од градот и се сокри во една гробница. Во неа помина четири месеци и никој не знаеше ништо за него. Тогаш цела Александрија од жал и тага направи голем метеж. Му здосадија на народот многуте гонења на светителот од толку цареви, и за да го заштити својот пастир, тој веќе собираше оружје за да завојува со Валент и да се одвои од него. Кога дозна за тоа, царот се исплаши од нивно отцепување и нивното јунаштво, и од граѓанска војна, па и против своја волја дозволи свети Атанасиј да биде слободен на својот престол.

Така Свети Атанасиј, стариот Христов војник, после долги трудови и по многу подвизи за Православието и толку многу пргонства и бегства, одвај кон крајот на својот живот се успокои на неколку години. Беше епископ цели четириесет и седум години, од кои околу дваесет години помина во прогонство. И за тоа, за него многу тешко време, напиша: Три апологии на Православната вера, Против јазичниците, Против Аријаните, За воплотувањето на словото, За Света Троица, Против еретикот Аполинариј и расколниците новациани, За Светиот Дух, Житието на свети Антониј Велики, Толкување на книги од Светото Писмо, прекрасни проповеди и многу посланија на различни теми и до разни лица.

Свети Козма, епископот Мајомски, велеше: „Кога ќе сретнеш книга од Атанасиј, ако со себе немаш хартија, запиши ја на својата облека!“

На Угодникот Божји, свети Атанасиј, светата Црква му го должи распаѓањето на опасната аријанска ерес и создавањето на првите седум члена од Никејско - Цариградскиот Символ на Верата. Житието на свети Антониј Велики што тој го има напишано, имаше огромно влијание врз понатамошниот развој на монаштвото. Затоа со право велиме дека свети Атанасиј Велики е вистинскиот столб на Православието. И во богословието и во личниот живот, свети Атанасиј секогаш ќе биде голем образец на сите поколенија на мирјани и епископи.

Мирно се упокои на 2 мај 373 година во својот дом, надживувајќи многумина од своите непријатели. Им се придружи на своите отци: патријарси, пророци, апостоли, маченици и исповедници, зашто на земјата се подвизуваа исто како и тој. На 18 јануари, светата Црква востанови заедничко чествување на двајцата александријски архиепископи Атанасиј и Кирил (+444 год.) коишто јавно го спасија Православието од двете ереси - аријанството и несторијанството. Ако поживееше уште осум години, свети Атанасиј би ја имал радоста да го види јуначкото Православие на императорот Теодосиј, којшто решително го прогласи и го потврди Символот на Верата, за чијашто заштита блажениот потроши толку многу сили и време во текот на целиот свој, навистина херојски и свет живот. Свети Атанасиј Велики е светилник, којшто според зборовите на Спасителот е поставен високо, за да ја распрснува во должина и во ширина низ вековите, светлината на богопознанието и на светата Православна вера.

Од сѐ срце да му благодариме на Бога за тој светилник, преку којшто се зачува вистинската вера, та и ние да ја имаме и да ја исповедаме со слово и со дела, за овоземно добро и небесно блаженство. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ МАКСИМ

архиепископ Влахозапланински

Отец Максим е син на српскиот деспот Стефан слепиот и деспотица Ангелина. Се замонаши во манастирот Манасиј. Гонет од Турците, тој побегна во Романија каде беше поставен за архиепископ Влахозапланински. Ги помири завојуваните војводи Радул и Богдан. На стари години се врати во Крушедол и подигна манастир и по долги подвизи се упокои на 18 јануари 1546 година. Неговите нетлени мошти и денес почиваат во тој манастир.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА КСЕНИЈА

Пострадала за Христос, изгорена во оган.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЕФРЕМИЈ

Овој светител беше епископ на градот Миласа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МАРКИЈАН КИРСКИ

Тој беше родум од Исток, од градот Кир, од богат и славен род. Се подвизуваше во пустината во многу мала колиба. Своето време го поминуваше во молитва. Храната му беше оскудна и груба. Дознавајќи за неговиот свет живот многумина дојдоа и останаа кај него, и така тој основа манастир. Чудотворна благодат зрачеше од овој свет подвижник. Толку беше свет што навечер додека тој читаше светлина од небото му ја осветлуваше собата. Се упокои преподобниот околу 388-та година.