1. Јануари  (19. Декември)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК БОНИФАЦИЈ

Беше во Рим една жена бојарка, по име Аглаида; татко ѝ Акакиј бил поранешен начелник на градот Рим. Млада и убава, богата, наследничка на огромен имот, без законит маж, Аглаида го минуваше времето во блуд и гревови, победувана од страшната немоќ на телото. Си имаше верен слуга, управител на нејзиниот имот и дом; и тој беше млад и многу убав; се викаше Бонифациј. Со него таа живееше во грешни односи, задоволувајќи ја својата телесна страст. Да се зборува за ова не е срамно, бидејќи понатаму ќе се опише чудесната промена на нивниот живот; бидејќи кога ги фалиме светителите, не ги премолчуваме нивните поранешни гревови, за да се покаже дека, не сите од младоста биле добри и праведни, туку слично на другите, воделе грешен живот, но со вистинско покајание се усовршиле, со добра промена на душата и со големи доблести, се прославија со светост. Во житијата на светите се зборува за ова, за и ние грешните да не очајуваме, ами да побрзаме да се исправиме себеси, знаејќи дека и по гревовите, со Божја помош, можеме да станеме свети, само ако тоа самите го сакаме и се трудиме. И навистина, прекрасна и радосна е за срцето приказната во која слушаме како грешникот кој нема ниту надеж на спасение, неочекувано станува свет, дури и маченик Христов.

Таков пример е овој свет Бонифациј. Во почетокот тој живееше во нечистотија и беше пијаница, а потоа стана исповедник, впечатлив подвижник и славен Христов маченик. Но, Бонифациј и во времето на својот развратен живот, иако му робуваше на гревот, сепак имаше некои, за пофалба достојни особини: Тој беше милостив кон сиромашните, полн со љубов кон патниците, и жалосен према сите кои беа во неволја; и така, едни опсипуваше со голема милосрдност, други згрижуваше со љубов, на трети со сочувство и со милост им помагаше. Во своето срце постојано имаше желба да се исправи и често воздивнуваше кон Бога, Он да го избави од замките на ѓаволот и да стане господар над своите желби и страсти. И Господ не го презре своето створение, и не допушти овој делумно добродетелен човек и понатаму да гине во својата убиствена похотливост, ниту допушти своите дела на милосрдие и понатаму да ги валка со нечистите гревови, но благоизволи така да уреди, што неговите скверни дела да бидат измиени со проливање на неговата сопствена крв, со што и неговата душа се украси како со царска порфира и се овенча со венецот на мачеништво. А тоа се случи на следниот начин.

Тоа беше време на силно гонење на христијаните. Длабок идолски мрак го покриваше целиот исток и мноштво верни беа мачени и убивани за Христа. На Бонифациевата госпоѓа ѝ блесна во главата спасоносна мисла, а срцето ѝ го обзеде неодолива желба: во својот дом да има маченички мошти. И бидејќи меѓу своите слуги немаше друг освен Бонифациј кој би можел оваа замисла верно и ревносно да ја оствари, таа го повика, му ја откри својата желба и насамо му рече: - „На тебе брате ти е познато со колку гревови се осквернивме јас и ти, воопшто не грижејќи се за идниот живот и како ќе застанеме пред Страшниот суд Божји на кој по нашите дела ќе бидеме осудени на страшни маки. Но од еден набожен човек слушнав дека оние кои кај себе имаат мошти од Христови маченици, и ги почитуваат, тие добиваат голема помош кон спасението, и во домот нивен грвот не се намножува; уште повеќе, таквите може да се удостојат на вечно блаженство на кое се удостоиле светите маченици. А многумина и сега, како што кажуваат, исполнуваат прекрасни подвизи за Христа, и предавајќи ги своите тела на мачење, добиваат маченички венци. Затоа ти сега послужи ми во оваа работа: ете дојде време на дело да ми покажеш колкава е твојата љубов кон мене. Што поскоро отпатувај во земјите каде што се врши гонење на христијаните, и потруди се да ми донесеш мошти од еден од светите маченици, за чесно да ги положам кај себе, да му подигнам црква на тој маченик и за секогаш да го имам како свој чувар и заштитник и постојан посредник пред Бога“.

Кога ја сослуша Аглаида, Бонифациј со радост го прифати нејзиниот предлог, целиот спремен за таков потфат. Госпоѓата му даде многу злато, бидејќи беше невозмножно да се добие тело на маченик без подароци и тешко злато: зашто, незнабожните мачители гледајќи ја големата љубов и срдечност кон моштите, не ги даваа бадијала, ами ги продаваа по скапи цени, стекнувајќи големи приходи. Од таа причина, Бонифациј понесе многу злато, како за откуп на мошти, така и за раздавање на бедните. Приготви и разни мириси, платна и сѐ останато што е потребно за завивање и пренос на светите мошти. Земајќи и многу слуги од госпоѓата кои му беа и пријатели, и коњи, веќе спремен, тргна на пат. Но, поаѓајќи на пат, во смеа ѝ рече на госпоѓата своја: - „А што ќе биде госпоѓо, ако не најдам тело на маченик, па ти го донесат моето тело за Христа намачено. Дали ќе го примиш со чест?“ - Аглаида се насмеа, го нарече пијаница и грешник, и укорувајќи го, му рече: „Брате, сега не е време за шеги, туку за побожно стравопочитување. Тебе ти е потребно на овој пат строго да се чуваш себеси од секаква непристојност и несериозност; светата должност треба да се извршува чесно и како што треба, и да патуваш во кротост и воздржание: постојано нека ти биде на ум дека одиш да им послужиш на свети мошти, за кои не сме достојни не да ги допреме, туку ниту да ги погледнеме. Така, патувај во мир: а Бог кој зеде обличје на слуга и ја проли својата крв за нас, нека ни ги прости гревовите и нека ти го испрати Ангелот Свој, и нека патувањето го устрои на добро и на напредок“.  

Бонифациј го прими на срце советот на својата госпоѓа, и тргна на пат. Размислувајќи што ќе треба да допре со своите раце, осквернети и грешни, Бонифациј почна да тагува за своите поранешни гревови; и достигнувајќи до страв Божји, почна да пости: не јадеше месо, не пиеше вино, ами често и срдечно се молеше. Затоа што стравот е татко на чувањето на мислите, а чувањето на мислите е мајка на внатрешното спокојство; спокојството ја продлабочува совеста; совеста прави, душата како на некоја чиста и мирна вода да ја види сопствената грдотија; а сето тоа е почеток и корен на покајанието. Така, во себе Бонифациј го насади коренот на покајанието, почнувајќи од стравот Божји, и од чувањето на своите мисли и од испитувањето на својата совест. Со својот пост, воздржание и непрестајни молитви, пројавуваше желба за совршен живот.

Кога стигна во Мала Азија и влезе во прочуениот Киликиски град Тарс, во него тогаш, во времето на царувањето на Диоклецијан и неговиот соцар Максимијан, затекна жестоко гонење на христијаните. Оставајќи ги слугите во гостилницата да се одморат од напорниот пат, самиот не одмарајќи се, веднаш појде да ги види страдањата на мачениците за кои порано слушаше. Кога стигна на местото на мачењето, виде мноштво народ кој се собрал да го гледа мачењето над христијаните. Виде Бонифациј различни мачења на светите: единствена вина на сите нив им беше христијанската вера и побожниот живот. Ги ставаа на различни маки: еден висеше со главата надолу, а под него пламтеше оган; друг беше крстовидно расчеречен, висеше врзан на четири столба; некој лежеше пресечен со тестера; некого мачителите го стругаа со остри орудија; на еден очите му ги вадеа, на друг рацете и нозете му ги отсекуваа; еден го беа набиле на колец кој до грлото го пронижил, некому коските му ги беа испокршиле и смачкале, друг, на кого му ги отсекле рацете и нозете, се тркалаше како клобо по земјата. Но на сите нив, заедничко им беше јуначкото трпење, и на нивните лица се гледаше духовна радост и, крепени од благодатта Божја, тие поднесуваа маки кои се неподносливи за човечката природа.

Сето тоа, блажениот Бонифациј внимателно го набљудуваше, час восхитувајќи се на јунаштвото на мачениците, час посакувајќи за себе ист таков венец. И така, исполнувајќи се со божествена ревност, застана среде мачилиштето почна да ги прегрнува мачениците кои веќе беа дваесет на број. Потоа со сиот глас викна за сите да го чујат: - „Голем е Богот христијански, Голем! оти им помага на слугите Свои и ги крепи во такви големи маки!“

Кажувајќи го тоа, пак почна да ги гушка мачениците и со љубов им ги целиваше нозете; на оние кои немаа нозе им ги целиваше другите делови на телото. Прегрнувајќи ги мачениците, тој ги притискаше на своите гради и ги нарекуваше блажени, бидејќи, кога јуначки ќе ги претрпат краткотрајните маки, тие веднаш ќе добијат вечен покој, утеха и бесконечна радост. При тоа Бонифациј се молеше за себе: да им стане другар на мачениците во истиот подвиг, и заедничар во венците кои ќе ги добијат од Подвигоположникот - Христос.

Целиот народ се загледа во Бонифациј, особено судијата кој седеше на судилиштето и ги мачеше светите страдалници. Гледајќи пред себе човек дојденец и непознат, судијата праша: - „Кој е овој и од каде е?“ - И веднаш нареди да го фатат и да го изведат пред него; и го праша: - „Кој си ти?“      - „Христијанин, одговори светиот“.  Но судијата настојуваше да си го каже името и потеклото. Светителот одговори: - „Прво и најмило мое име е христијанин, а ваму дојдов од Рим. Ако пак сакаш да го дознаеш и името кое ми го дадоа родителите, тоа гласи: Бонифациј“. - „Бонифациј“ - рече судијата - „Уште додека ти го немам искинато телото и смачкано коските, пристапи и принеси им жртва на големите богови. Послушаш ли, ќе се удостоиш со големи богатства, ќе ги смилостивиш боговите, ќе се избавиш од маките кои те чекаат, и од нас ќе добиеш многу дарови“. На тоа Бонифациј одговори:- „На твоите зборови не треба да се одговара, но ќе ти го кажам пак тоа што многупати го повторив: христијанини сум. Од мене само тоа ќе го чуеш; ако пак не сакаш да го слушаш тоа, тогаш прави со мене што ти е по волја“.

Кога Бонифациј го кажа тоа, судијата веднаш нареди да му ги симнат наметките, да го обесат главечки и силно да го тепаат. И светителот беше толку страшно тепан, што од телото му отпаѓаа парчиња месо и коски се наѕираа. А тој пак, како да не чувствуваше болки, не им даваше значење на раните што му ги нанесуваа, туку ги вперуваше очите кон светите маченици, гледајќи во нивното страдање пример за себе и тешејќи се, што се удостои заедно со нив да страда за Христа.

Потоа мачителот нареди малку да му ги ублажат маките, и обидувајќи се да го посоветува, му зборуваше: - „Бонифациј, овој почеток на маките нека те вразуми што е подобро за тебе: ја искуси неподносливоста на страдањето, затоа смилостиви се над себе несреќнику и принеси им жртва на боговите; инаку веднаш ќе бидеш ставен на најголемите и најстрашни маки“. - Светителот одговори: - „Бараш непристојни нешта од мене, безумнику! За твоите богови не можам ниту да чујам, а ти ми наредуваш да им принесам жртва!“

Тогаш, бесен од гнев, судијата нареди да му забодат остри игли под ноктите на рацете и нозете. А светителот, воздигнувајќи го умот и очите кон небото, трпеше молчејќи. Потоа мачителот измисли ужасно мачење: нареди да се растопи олово и да се истури во устата на светителот. Кога го топеа оловото, светителот ги подигна рацете кон небото и се молеше: - „Господи мој, Исусе Христе, Ти ме крепеше во маките до сега, биди и сега со мене, олесни ми ги болките. Ти си ми единствена утеха: покажи очигледно дека ми помагаш во победата над сатаната и над овој неправеден судија, зашто самиот знаеш дека за Тебе страдам“.

Завршувајќи ја молитвата, Бонифациј им се обрати на светите маченици со молба, со своите молитви да му помогнат да ја претрпи страшната мака која го чека. Дојдоа мачителите, со железна справа му ја отворија устата и му го излија оловото во грлото. А кога присутните ја видоа таквата свирепост и мачење, се згрозија и започнаа да викаат: - „Голем си, Боже христијански! Голем си, Царе Христе! Сите во тебе веруваме, Господи!“ Така викајќи сите тргнаа кон блискиот идолски храм со желба да го урнат, а против судијата викаа и фрлаа камења на него за да го убијат. Судијата побегна од судилиштето и се сокри дома во срам, давајќи наредба Бонифациј да го држат под стража.

Утредента наутро, откако стивна народната врева и бунтот престана, судијата повторно седна на судиштето, го изведе пред себе Бонифациј, и го хулеше Името Христово и го исмеваше начинот на кој Христос беше распнат. А светителот не поднесувајќи ја хулата на својот Господ кажа многу навредливи зборови против судијата, и му одврати ругајќи им се на бездушните нивни богови и изобличувајќи го слепилото и безумието на оние кои им се оклонуваат. Така светителот повторно го разбесни судијата и овој нареди да зовријат казан со смола, и во него го фрлија светиот маченик. Но Господ не го остави својот слуга: одненадеж, се симна Ангел од небото, го пороси маченикот во казанот, а смолата се изли од казанот, и наоколу пламна силен оган кој подгори многумина од присутните незнабожници. А пак светителот излезе наполно здрав, без било каква повреда од огнот и смолата.

Тогаш мачителот увидувајќи ја силата Христова, се уплаши и него да не го најде некое зло, и нареди веднаш на Бонифациј да му ја отсечат главата со меч. Војниците го зедоа маченикот и го одведоа на колење. Светителот измоли време за молитва, се сврте кон исток и вака се молеше:      - „Господи, Господи Боже! Удостој ме со милоста Твоја, биди ми помошник и сега, врагот, поради гревовите мои во безумие сторени, да не ми го попречи патот кон небото, туку прими ја во мир душата моја и смести ја со светите маченици кои ја пролија својата крв за тебе и ја сочуваа верата до крај; а стадото кое го стекна со чесната Своја крв, Твоите луѓе, Христе, моите ближни, избави ги од незнабожјето и заблудата на многубожјето, зашто си благословен и постоиш навек!“

Така помолувајќи се, Бонифациј ја стави својата глава под мечот, и главата му беше отсечена; од раната негова истече крв со млеко. Неверните кога го видоа ова чудо, веднаш се обратија кон Христа, а ги имаше петстотини и педесет, и отфрлајќи ги одвратните идоли се присоединија со верните. - Таков беше крајот на светиот Бонифациј кој, поаѓајќи на пат ѝ го претскажа, смеејќи се, на својата госпоѓа она што навистина го докажа и го изврши на дело (Светиот маченик Бонифациј пострада на 01. Јануари /19 дек. стар стил/ 290-та година).

Меѓутоа, пријателите на Бонифациј, слугите на Аглаида, кои со него беа пошле да најдат мошти, не знаејќи ништо за она што се случи, седеа во гостилницата и го очекуваа. Но бидејќи до ноќта не се врати, тие се чудеа; но кога не се врати ниту цела ноќ, ниту утредента, почнаа да зборуваат помеѓу себе и да го осудуваат - како што подоцна самите раскажуваа - претпоставувајќи дека се напил и се занел со блудници. И се смееја говорејќи: Ете како нашиот Бонифациј бара свети мошти!

Но бидејќи Бонифациј не се врати ни втората ноќ, ниту третиот ден, се вознемирија, и почнаа да го бараат по целиот град одејќи и распрашувајќи се за него. Случајно, или подобро кажано, по Божја промисла, тие сетнаа еден човек кој беше брат на коментарисиот кој водеше записник при угнетувањето на мачениците и носење на смртни пресуди над нив, и го прашаа дали видел човек, странец кој скоро допатувал. Тој им одговори дека вчера еден странец беше за Христос многу мачен на мачилиштето, па осуден на смрт и му беше отсечена главата. Притоа рече: Не знам дали е тој кого го барате, но опишете ми го неговиот изглед. Тие му го опишаа надворешниот изглед на Боинифациј: не многу висок, има костенлива коса; му укажаа и на други особини на неговото лице. Тогаш човекот им потврди: Тоа е човекот кого го барате. Но тие не можеа да поверуваат, и рекоа: - „Ти не го знаеш човекот кого го бараме“. И разговарајќи помеѓу себе, тие го напомнаа неговиот поранешен нарав, и исмевајќи го, говореа: - „Зарем пијаница и блудник ќе страда за Христа?“ Но, братот на коментарисиот упорно стоеше на своето мислење, и зборуваше: - „Таков по изглед вчера и завчера бече мачен на судот. Всушност, што ви пречи да отидете и да го видите неговиот труп кој сеуште лежи каде што е заклан?“

Тие појдоа по човекот до местото каде што имаше војничка стража којашто ги чуваше телата на светите маченици, за да не ги украдат христијаните. И тој човек кој одеше пред нив им го покажа закланиот свет маченик и рече: - „Не е ли тоа оној кого го барате?“ А тие, кога го видоа телото, веднаш го препознаа својот другар; особено кога главата која лежеше понастрана ја доближија до трупот, тогаш стана наполно јасно, го познаа и се убедија дека тоа е навистина Бонифациј, и се восхитија; но воедно и се засрамија заради лошото мислење и лошите зборови; истовремено се плашеа да не ги постигне некое зло, затоа што го осудуваа светителот и го исмеваа неговото живеење, не знаејќи ги помислите на неговото срце и неговата добра намера.

Додека гледаа во лицето на светителот и запрепастени се восхитуваа, одеднаш забележаа како Бонифациј полека ги отвара очите и со љубов гледа на нив како на свои пријатели, устата му се насмевнува, лицето му блеска, и тој, со целосниот изглед како да им кажуваше дека им простува сѐ со што се огрешија кон него. Тие се ужаснаа, воедно и се израдуваа, и лиејќи топли солзи, плачеа над него и говореа: - „Слуго Христов, заборави ги нашите гревови, бидејќи неправедно те осудувавме и безумно те исмевавме!“

Потоа на незнабошците им дадоа петстотини златници, па го земаа телото и главата на свети Бонифациј; и помажувајќи ги со мириси, ги завија во чисти, за тоа спремени платна, ги положија во сандук, и тргнаа назад во татковината, возејќи го телото на маченикот кон својата госпоѓа. Кога се приближија до Рим, Ангел Божји ѝ се јави на Аглаида во сон и ѝ рече: Спреми се и прими го оној кој порано беше твој слуга, а сега е наш брат и наш сослужител; прими го оној кој ти беше слуга, а сега е твој господин, и почитувај го побожно, бидејќи е тој чувар на душата твоја и заштитник на животот твој.

Таа се разбуди и се препадна: повика неколку црквени клирици, и излезе во пресрет на светиот маченик Бонифациј кого го испрати на пат како слуга, а сега на враќање, во својот дом го пречека како свој господин, побожно, и со многу солзи радосници. И си спомна таа за пророштвото кое светителот го изговори на поаѓање на пат; и Му благодареше на Бога, Кој така устрои, свети Бонифациј да стане благопријатна жртва на Бога за своите и за нејзините гревови.

Потоа Аглаида, на својот имот, кој беше од Рим оддалечен десетина километри, подигна прекрасна црква во име на светиот маченик Бонифациј, и со голема чест ги положи во неа неговите мошти, бидејќи, по молитвите на светителот се случуваа многу чудеса: болни се исцелуваа, ѓаволи се изгонуваа од луѓето, и се исполнуваа молитвите на многумина кои се молеа на неговиот гроб.

Потоа, и блажената Аглаида, ги раздаде своите имоти на ништите и потребитите, се одрече од светот, и помина осумнаесет години во големи покајание, па со мир заспа во Господа, и му се придружи на светиот маченик Бонифациј, положена поред неговиот гроб.

Така овие двајца свети, променувајќи го својот поранешен живот, добија добар крај; тој, со крв измивајќи ги своите гревови се удостои на маченички венец; а таа, со солзи и суров живот се очисти од скверноста; и двајцата се најдоа оправдани и беспрекорни пред Господа, нашиот Исус Христос, на Кого слава во веки. Амин.

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ГРИГОРИЈ (ГРИГЕНТИЈ), архиепископот Омиритски

Овој божествен светилник најпрво беше ѓакон во градот Медиолан, а за ѓакон беше поставен по особено Божјо откровение. Подоцна, по други градови и села го проповедаше името Христово и ја искоренуваше идолопоклоничката заблуда. Беше син на побожни родители, Агапиј и Теодотија, воспитан во побожност и страв Божји, и исполнет со благодатта Господова, беше чудотворец и исцелител. Господ го спремаше за архиерејски чин, за што и го извстуваше преку откровенија и проѕорливи отци. Кога во Медиолан, Григориј отиде кај еден отшелник, овој му ја претскажа целата негова иднина бидејќи беше проѕорлив; ја провиде и неговата посета кај него кога Григотриј беше оддалечен триесет тркалишта од него, за што отшелникот и му рече на својот слуга. А таму во гората, живееше, во Бога осамен, друг старец схимник. Кога дозна и за него, Григориј појде и кај него. А кога се приближуваше до гората на која се наоѓаше старецот, здогледа огнен столб во воздухот, и од страв падна на земјата. Потоа собра храброст, стана и тргна да види каква е таа огнена појава. Оддалеку тоа му личеше на пламен; но кога се приближи, тој го здогледа отшелникот како оди на кај него и кога дојде, го целива и го нарече Григориј, иако никогаш го немал видено, ниту знаел за него. И помина Григориј два дена кај овој голем старец, и се удостои на прекрасни виденија. На полноќ го виде овој богоносен маж на молитва: со раце воздигнати кон небото стоеше во воздухот, над земјата. Григориј се воодушевуваше на овој призор. А утредента утрото го повика старецот кај себе и со тивок и кроток глас му кажа:

„Ајде пријателе и брате, да се причестиме со најкорисното ухание Божјо, бидејќи ти заради тоа дојде кај мене грешниот, да дознаеш што ми е откриено за тебе. Значи, ќе го видиш градот Рим, ќе се помолиш во црквата на светите Бонифациј и Аглаида; од таму треба да отпловиш во Александрија; потоа во Етиопија да го проповедаш словото на вистината, па да отидеш во Омиритскиот град Награн, завземен од страна на омиритскиот цар Дунаан, и во Награн да го благовестиш апостолското учење; таму, откако ќе извршиш големи и славни дела, ќе умреш и ќе преминеш во небесните населби на праведниците. Но, многу маки ќе доживееш од непокорните евреи кои живеат во Омирит, и многумина од нив ќе ги обратиш кон Бога, бидејќи, благ помошник ќе ти биде Господ, Он ќе те умудрува и ќе те упатува. Таму ќе бидеш ракоположен за архиепископ од страна на преподобнејшиот патријарх Александриски“.

Кога го слушна тоа блажениот Григориј, почна да зборува за својата недостојност за сето она што му го кажува старецот, и посака уште да остане кај него. Проѕорливиот маж му го разјасни и јавувањето кое го виде и самиот Григориј. А ги видоа врховните апостоли Петар и Павле како ставаат омофор на рамењата на Григориј, што беше предзнамение за благодатта на архиерејството, која Григориј требаше да ја прими. Многу ѝ се восхитуваше Григориј на чудесната проѕорливост на старецот, од кого не се сокри ниту она што тој го виде насамо, и рече: Слава на Бога, Кој така чини со оние кои Го љубат; нека биде волјата Господова!

По два дена старецот го отпушти Григориј, целивајќи го со љубов; и си отиде Григориј тажен поради разделбата со таков божествен маж, горејќи кон него со пламена љубов и сеќавајќи се секогаш на него. Од таму, Григориј отпатува во Картагина, и долго време остана таму проповедајќи го Божјото Слово и исцелувајќи секаква болест. Потоа, по Божја промисла, отпатува во Рим и се помоли во храмот на светиот маченик Бонифациј и Аглаида. А кога дојде на гробот на светиот апостол Петар и со солзи се фрли на земјата, му дојде видение: небесната врата беше отворена и сјаеше неискажлива светлина, и го виде светиот апостол Петар, кој држејќи клуч во десната рака, излезе од небесната врата и доаѓаше накај него со голема слава и со блескаво лице, и гледајќи го со радосни очи, рече: „Чедо Григорие, сега дојдов тука по милоста Господова, а пред тоа, со останатите апостоли бев во Награнт, омиритскиот град, служејќи им на оние кои страдаат за Господа, нашиот Исус Христос, од евреинот Дунаан и секого од нив закрепнувајќи го во побожноста; и, со Божја помош, сите ѝ се спротивставија на волјата на законопрестапниот евреин, и јуначки се бореа за побожноста, и пострадаа за Вистината, и сега се на небесата со отците кои од памтивек се удостоија за бесмтрна чест. Јас дојдов да го посетам овој град, а братот Павле, поборникот за црквите по вселената, се раздели од мене во Ерусалим и појде во Персија. Ти пак чедо, врвејќи по добар пат, потруди се да Му угодиш на Господа, секогаш поучувајќи се во законот Негов, знаејќи дека животот и красотата на овој свет минуваат како сенка; и ќе бидеш блажен ако текот твој заврши како што го почна: одејќи по Господовата волја, многумина ќе приведеш кон стравот Господов. Ете тебе веќе ти се приготвува престол на небото до самиот Владика, и ти ќе добиеш награда заедно со нас“.

Кога го кажа тоа апостолот замина, и видението заврши. А Григориј, доаѓајќи си на себе, пак падна на земја нарекувајќи се себеси бедник и грешник. По долга молитва се врати во своето обитувалиште; и таа ноќ, на сон, го виде апостолот Павле како му дава сад полн со елеј, што беше предзнак на благодатта на свештенство и архиерејство. Примајќи го елејот од рацете на апостолот, Григориј во тој час се разбуди и со радосно срце запеа: - „Од срцето мое се изливаат благи зборови, бидејќи Бог ме помаза со елејот на радоста“ (Пс. 44).

Потоа Григориј го напушти Рим и отпатува во Александрија, секој ден воздигнувајќи се со срцето кон Бога, и напредувајќи од сила во сила, исполнувајќи се со преголеми божествени дарови.

Во тоа време, кога царуваа благочестиви цареви: во Византија Јустин (518-527-ма година), а во Етиопија Елезвој, Дунаан Евреинот, кој царуваше во омиритската земја, подигна гонење на христијаните и се трудеше во своето царство да го истреби името на Христос. Тој со лукавство го зазеде славниот град Награн во кој имаше вера во Христа, и погуби огромно мноштво христијани: едни во оган ги изгоре, други со меч ги исече, и благочестивиот кнез Арет со најугледните граѓани ги уби. Кога слушнаа за ова, благочестивите цареви Јустин и Елезвој многу се ожалостија поради невино пролеаната крв христијанска; и му напиша Јустин на Елезвој потстрекнувајќи го да тргне во војна против поганиот Дунаан, да ја освети невината крв. За пофалби достоен, царот Елезвој се исполни со ревност, ја собра целата своја војска и тргна против скверниот Дунаан. Во текот на таа голема војна, со Божја помош, Елезвој ги разби полковите на Дунаан и целата негова војска потполно ја уништи, а него и неговите роднини ги исече со меч. Кога го освои царството на Дунаан, царот Елезвој почна ревносно да го чисти од еврејските и незнабожечките заблуди, ширејќи ја низ него славата на името на нашиот Господ Исус Христос. И многумина од евреите и тамошните омиритски незнабошци посакаа да се крстат, но кај нив тогаш немаше ниту епископи, ниту свештеници, ниту ѓакони, ниту еден клирик, бидејќи злиот Дунаан ги уништи сите луѓе со духовен чин. Затоа, блажениот Елезвој упати молба до патријархот Александриски. Опишувајќи му детално за тоа како Бог му помогна да го воспостави христијанството во омирската земја, царот го молеше патријархот да му избере човек мудар, речит, добродетелен и добар познавач на Стариот и Новиот завет, да го ракоположи за епископ и да го испрати кај нив во омирската земја со сето она што е потребно за Црквата.

Кога стигна вакво писмо во Александрија, патријархот, заедно со сите христијани, се израдува на помошта Божја испратена од небото на христијаните против незнабожците, и почна внимателно да бара човек достоен, да го посвети за епископ и што поскоро да го испрати кај Елезвој. Многу луѓе приведуваа кај патријархот, но ниту еден од нив не му изгледаше достоен за епископскиот чин. Затоа, патријархот ноќе се обрати кон Господа со огнена молитва, самиот Господ да избере и да укаже на човек достоен за таков чин и должност. За време на таква молитва, во видение, му се јави светиот апостол Марко, наредувајќи му да го пронајде ѓаконот Григориј, кој неодамна дојде во Александрија и престојува кај извесен Леонтиј, за да го ракоположи за епископ и да го испрати кај Елезвој, бидејќи токму за тоа Господ го доведе Григориј во Александрија.

Утредента наутро, патријархот веднаш испрати некого да ја најде куќата на Леонтиј. Куќата беше најдена и Григориј беше доведен кај патријархот. Патријархот почна да го распрашува кој е и од каде е. Потоа му го раскажа своето видение, му кажа за потребите на Црквата и почна да го потстрекнува да прими епископски чин. Григориј се сети на старецот схимник од околината на Медиолан, кој му прорече дека ќе прими архиепископски чин од патријархот Александриски, очите му се насолзија и рече: „Нека биде волјата Господова! Чини, вадико, како сакаш, според заповедта Господова“.

Патријархот веднаш го ракоположи Григориј за презвитер, а потоа и за архиепископ. Притоа се случи необично чудо: за време на службата, лицето на Григориј се промени, стана озарено како оган, сјаејќи со благодатта на Сесветиот Дух, а од неговите одежди излегуваше чад на благопријатно миро и извонредни мириси, исполнувајќи ја целата црква со благоухание. Ова траеше за цело време на Божествената служба; сите очи беа вперени во Свети Григориј и сите се восхитуваа на таквото чудо. Го видоа тоа и пратениците на Елезвој и се чудеа; а подоцна за сето тоа го известија и царот.

По посветувањето и духовниот разговор со патријархот, Свети Григориј беше разрешен со посланици до Елезвој, имајќи го со себе потребното свештенство и сè неопходно за уредување на Црква. Стигнаа брзо до Етиопија, а потоа и до Омиритската земја. Благочестивиот цар Елезвој многу се израдува на доаѓањето на архиепископот Григориј, особено кога дозна дека е избран по откровение Божјо и дека во времето на хиротонијата чудесно се откри дека во него живее благодатта на Светиот Дух. Тој го пречека Григориј со голема чест, го прими со љубов и му ја довери целата своја држава. И посетувајќи ги со архиепископот Григориј градовите на омиритската земја, царот градеше свети храмови, ги украсуваше гробовите на светите маченици убиени за Христа од нечестивиот Дунаан, и кон крштение ги приведуваше неверните. Во градот Награн, Елезвој го постави за кнез синот на светиот маченик Арета, и подигна прекрасна црква во чест на светото Воскресение Христово, друга во чест на Пречистата Богородица и трета во името на светиот маченик Арета и оние со него, и тоа недалеку од куќата каде што некогаш живеел светиот маченик. И по другите градови брзо беа изградени многу цркви, кои Свети Григориј ги освети и постави презвитери и ѓакони, доверувајќи им добри пастири на овците Христови.

Блажениот крал Елезвој се задржа во Омиритска земја триесет и шест месеци по смртта на Дунаан, и откако сè добро среди и подреди, намисли да се врати на својот престол во Етиопија. Со Свети Григориј ги повика сите благородници, кнезови, бојари и советници, и почна да се советува со нив за тоа, кој побожен, разумен, кроток и богобојажлив маж да го изберат и постават на омирскиот царски престол. Сите советници му одговорија на царот: „Ти знаеш, и кого Бог ќе ти открие, постави го, бидејќи меѓу нас нема никој што е како тебе по памет и достоинство за кралската круна“. – Потоа царот му се обрати на архиепископот и рече: „Ова е твоја работа, чесен отче и учителу наш! Ете, пред твоето лице се сите кнезови, благородници, војници, мали и големи; Кого сакаш ти повикај го, и во името на нашиот Господ Исус Христос, помажи го за царството, зашто сите ние дојдовме од Етиопија, и, ако даде Бог, сакаме да се вратиме назад“. – Светиот архиепископ одговори: „Добро расуди, благочестив цару! Зашто како што е срцето твое во рацете Божји, така и зборот ти е даден од Бога. Затоа, добро е секогаш, во однос на секое нешто, прво да го прашаме нашиот Отец на небесата и како Тој ќе заповеда така и да правиме“.

Кога го кажа ова, блажениот стана од своето место, малку се оддалечи од нив и, свртен кон исток, ги преклони колената во молитва. Воздигнувајќи ги очите и умот кон небото и кревајќи ги рацете, тој се молеше срдечно и долго, самиот Бог, Кој го знае животот и мислите на секого, да им покаже човек достоен да биде цар. Додека архиепископот се молеше, невидливата сила Божја одеднаш крена во воздух некој човек по име Аврамиј, го пренесе и го постави пред царот Елезвој. Запрепастени, сите долго време викаа: „Господи, помилуј!“ – А архиепископот рече: „Еве, кого побаравте да биде помажан за царството, него оставете го тука за цар, и ние ќе бидеме едномислени со него, и Господ ќе ни помага“. – И голема радост ги обзеде сите заради оваа Божја промисла.

После тоа, царот Елезвој го зеде покажаниот од Бога човек, Аврамиј, и го одведе во црквата на Пресветата Троица во царскиот град Афара, го облече во царска пурпура и му стави на главата дијадема; потоа Свети Григориј изврши царско помазание на него, и беше принесена бескрвна жртва за царевите и за сите луѓе, и двајцата цареви се причестија со Божествените Тајни од рацете на архиепископот. И кога сè заврши, сите присутни извикаа: „Многаја лета на Елезвој, царот етиопски!“ – Потоа: „На Аврамиј, христољубивиот цар Омиритски, многаја лета! – И повторно на двајцата заедно: „На Елезвој и на Аврамиј, благочестивите и богољубиви цареви, многаја лета!“ – И сите ја испеаа „Многаја лета“ три пати. Тогаш сите извикаа: „На Григориј, свјатејејшиот наш архиепископ, наставник и учител, мирни и здрави, многаја лета!“ – После тоа: „На целата христијанска војска и на сите верни, многаја лета!“

Потоа, влегувајќи во царските палати, се веселеа и гоштеваа, радувајќи се во Господа Бога Спасот, и во своите благочестиви цареви.

Елезвој остана уште триесет дена во омиритската земја, учејќи го и упатувајќи го новиот цар побожно и праведно да ракува и управува со царството и во сè да го слуша својот свет архиепископ Григориј, својот духовен отец. Откако избра петнаесет илјади храбри луѓе од етиопската војска, Елезвој му ги остави  на новиот цар за помош и заштита на царството и се врати во Етиопија. Таму, по неколку дена, оставајќи го своето земно царство заради Бога, тој отиде во пустината и во близина на еден манастир се затвори во темна ќелија и не ја напушти до својот блажен крај; храна добиваше преку прозорче од тамошните монаси. И така, откако проживеа уште многу години суров аскетски живот, тој премина во Царството Небесно.

Толку славен и богат цар, им остави на сите таков пример на смирение и доброволна сиромаштија! А по неговото претставување, тамошните монаси ја раскажаа оваа приказна. Еден млад брат, испраќан од манастирот на послушание, навраќаше во крчма и, опивајќи се со вино, паѓаше во гревот на нечистата страст телесна. И еден ден, правејќи го вообичаениот грев и враќајќи се преку пустината во манастирот, залута во длабока долина, и таму огромна змија се нафрли врз него за да го убие. Младиот монах почна да бега, врткајќи тука - таму, за да се избави од змијата, но таа брзо го стигнуваше. Кога, притеснет од сите страни, змијата се устреми да го проголта, монахот се сети на блажениот цар Елезвој, ѝ се обрати на змијата и ѝ рече: „По молитвите на праведниот и свјатејејшиот Елезвој, отстапи од мене!“ – И змијата, како да се посрами од светото име на Елезвој, застана и по Божја заповед, добивајќи човечки глас, му рече на монахот: „Како да те поштедам, кога ми се јави Ангел Божји и ми нареди да те проголтам поради нечистотијата твоја и гревот: зашто си се заветувал да му служиш на Господа во чистота, а сега го осквернуваш телото свое и со тоа го разгневуваш Светиот Дух“.

Монахот, слушајќи ја змијата како зборува со човечки глас и ги осудува неговите дела, почувствува дека нема изговор и со трепет ја молеше и преколнуваше змијата да го поштеди. Змијата на тоа му рече: „Зошто така ме преколнуваш? Најдоброто е: заколни ми се дека повеќе нема да ја исполнуваш својата телесна желба и ќе те пуштам“. – Монахот почна да се колне, велејќи: „Се колнам со Бога, Кој живее на небото, и со молитвите на чесниот цар Елезвој, дека повеќе нема да го гневам мојот Господ, Кого сега го луто Го гневев со телесна нечистотија“.

Штом монахот го изговори ова, оган падна од небото и ја изгоре змијата пред него. Обземен од страв и трепет, монахот отиде во својот манастир и повеќе не изврши грев на блудот, туку го заврши својот живот во добро покајание.

За време на царувањето на благочестивиот цар Аврамиј во земјата Омир, блажениот архиепископ Григориј, откако по градовите постави учени и красноречиви луѓе за епископи, го советуваше царот да им нареди на сите Евреи и незнабошци кои се наоѓаа во неговото царство да се крстат или да бидат осудени на смрт. И кога дојде таква наредба од царот, мноштво Евреи и незнабошци, со жени и деца, од страв од смртта, почнаа да се приближуваат кон светото крштевање. Тогаш, најстарите и најискусни во Законот Евреи, собирајќи се од сите градови, одржаа таен совет и се советуваа помеѓу себе што да превземат. И си рекоа меѓу себе: „Ако не се крстиме, тогаш по царевата наредба ќе бидеме убиени и ние и нашите жени и деца“. – Некои од нив говореа: „За да не умреме со предвремена смрт, да ја исполниме царската волја, а тајно ќе ја држиме нашата вера“. – Други советувале да го држат својот еврејски закон не лицемерно, туку отворено; и рекоа: „За да не паднеме во рацете на Бога Одмазникот па да страдаме уште полошо“. – Некои приговараа: „Гледаме дека нашиот Бог повеќе не го бара овој подвиг од нас, бидејќи го предаде благоречивиот наш крал Дунаан и целата негова војска во рацете на Елезвој; и што да правиме, ние не знаеме“. – Некои предложија: „Ако сакаме да го зачуваме нашиот Закон и да останеме недопрени, тогаш тајно да избегаме од оваа земја, еден по еден, секој земајќи го своето, за со телата да не ги погубиме и нашите души“. – Други забележуваа: „Ако сакаме да избегаме, христијаните ќе дознаат за тоа и несомнено ќе нè убијат“.

И сите беа во страшна недоумица, што да прават. А имаше меѓу нив еден многу мудар законоучител, по име Ерван, кој го знаеше целиот Стар завет, одличен познавач на светската философија; и им рече: „Сите вие зборувате глупости и нема корист од она што го предлагате. Затоа, ако сакате да ме послушате, тогаш ајде заедно да одиме кај царот и архиепископот Григориј и да им предложиме да одредат учители кои сакаат за да се расправаат со нас за верата и  законот. Ако нѐ победат, тогаш оправдано ќе станеме христијани; и ако не нè победат, тогаш самите ќе видат дека неправедно нè принудуваат да отстапиме од нашиот закон. Да ги испитаме и да дознаеме каква е нивната вера. Ако е вистинита, тогаш да поверуваме дека Месијата веќе дошол, а ние тоа не го знаевме. Меѓутоа, ако нивната вера се покаже лажна, тогаш ќе ни биде јасно дека умираме за Бога и со радост ја примаме смртта“.  

Кога Ерван ова го изговори, сите се уплашија и му рекоа: „Гледаме дека ти им помагаш на христијаните. Зарем не знаеш дека нашата вера е вистинита? Како ќе ја оставиме?“ – Ерван одговори: „Ниту еден лош збор не сум изговорил пред вас, браќа. Но, знајте дека вака или онака, од нив ќе бидеме принудени да се крстиме. Затоа, ако не ме послушате, нема да бидам виновен за никого од вас, бидејќи, дури и ако не ја испитате нивната вера преку препирка, ќе морате и без испитување да ја прифатите и да постапувате како што тие ќе наредат. Ако не ја примите нивната вера, тие несомнено ќе ве убијат“. 

Слушнувајќи го  ова, сите го послушаа Ерван, напишаа молба и му ја испратија на царот. Прочитувајќи ја, царот се разбесни и беше готов сите да ги погуби. Но се воздржа, не сакајќи да преземе ништо без совет од архиепископот Григориј, кому му ја упати молбата. Откако ја прочита, блажениот му одговори на царот: „Евреите извонредно и одлично велат дека е подобро да се верува доброволно, по убедување, отколку со сила, по принуда. Затоа, царе, остави ги најпрво да се расправаат со нас, а потоа прави со нив како сакаш“.

Царот го прифати советот на светиот, и на Евреите им беа дадени четириесет дена да се подготват за дебатата, за во текот на тие денови да можат меѓу своите учители да најдат какви што сакаат, и без страв да дојдат на препирката. И кога истече тоа време, се собраа безброј Евреи, меѓу кои имаше не малку многу мудри рабини (= учители), одлични познавачи на Законот, подготвени и вешти во препирките. И дебатата за верата се одржа во престолниот град Атара, во присуство на царот и целиот негов сенат, архиепископот и целиот клир на црквата, како и многуброен христијански народ кој дојде да ја слуша расправата. И Евреите дојдоа со своите книжевници и законоучители, силни на збор. Евреите, наспроти архиепископот го поставија Ерван за свој главен и најречит говорник, одличен познавач на Законот и пророчките книги и извонреден познавач на световната философија. Кога на даден знак настапи тишина, започна разговор и расправија меѓу архиепископот и Ерван.

Во главно, препирката течеше вака. По долго молчење, светиот архиепископ Григориј го отпочна разговорот упатувајќи му на премудриот учител еврејски и на целиот нивен собор, вакво прашање: „Бидејќи помина ноќта и изгреа Сонцето на правдата, зошто се препирате, спротивставувајќи ѝ се на Светлоста Неговата и не верувајќи во Него?“ – Ерван одговори: „Ако Сонцето на правдата изгреа, а ние се противиме, како што велиш, на Неговата светлина, верувајќи во законитиот Бог, тогаш уште повеќе вие, како незнабошци, држејќи се до туѓи учења, се спротивставувате на светлината на правдата, прекорувајќи го Божествениот закон, даден ни од Бога“. – Архиепископот рече: „Ние сме од незнабошците, но чие создание и творба сме ние?“ – Ервин одговори: „ Очигледно е дека сте Божјо создание и творба“. – Архиепископот праша: „Ако ние, како и вие, сме Божји созданија, тогаш каква голема предност сте стекнале во споредба со нас?“ – Ерван одговори: „Онаква каква што имаме над Египќаните“. – Архиепископот рече:„ Добро е што се сети на Египќаните, тогаш покажи ја својата предност над нив“. – Ерван одговори:„Зарем не си читал за големите чуда во земјата Египетска, во Црвеното Море, во пустината, кои Бог ги чинеше преку Мојсеј, по излезот на Израил: ги потопи Египќаните, а го спаси Израел?“ – Архиепископот рече на тоа: „Нема никаква разлика меѓу вас и Египќаните, зашто нив Бог ги потопи во морето, а вас, заради злобата ваша ве погуби на земјата. Откако го преминавте Црвеното Море како по суво, вие потонавте во пристаништето, жестоко скончувајќи во пустината: зашто од над шестотини илјади луѓе, само двајца од нив, Халев и Исус Навин, беа у достоени да ја видат ветената земја. Ете како Бог ве постави над Египќаните!“ – Ерван праша: „А кому Бог му испрати мана во пустината?“ – Архиепископот возврати: „А тебе што ти изгледа поскапоцено: месото што го јадевте во Египет или маната испратена во пустината?“ – Ервин одговори: „Очигледно е дека  маната е поскапоцена“. – Архиепископот праша: „Зошто тогаш во мислите се вративте назад, посакувајќи свинско месо и лук и разновидна египетска храна, а маната ја замразивте?“

После тоа, започна препирка за Пресветата Троица. Ерван велеше: „Христијаните исповедаат три Бога: Отецот, Синот и Светиот Дух. А Бог рече на Синај: Чуј, Израеле: Господ наш, е Господ единствен и нема друг Бог освен Него. Значи: христијаните постапуваат спротивно на Божјиот закон, почитувајќи не еден Бог, туку Три“. – Архиепископот, побивајќи го ова, рече: „Ние почитуваме Еден Бог, Творецот на сè, само во Три Лица: Отец, Син и Свет Дух, но во едно Божество“. И за доказ, ги наведе овие зборови на Давид: „Преку словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни“ (Пс. 32,6). – А смисолот на овие зборови архиепископот го објасни вака: „Господ е Бог Отец; Неговото Слово е Бог Синот: Духот на устата Негова е Бог Светиот Дух; на овој начин се откриваат три Божествени Лица, а едно Божество: зашто Синот и Духот, на Отецот се соприродни, собезпочетни, совечни и сопрестолни“.

Потоа Свети Григориј наведуваше старозаветни писанија за крстот и смртта Господова, пророштва и праслики, како: Животот твој ќе виси пред тебе (5. Мојсеева. 28:66); – и дека Ноевиот ковчег бил праобраз на крстот, и Садековата грмушка со овенот кој беше принесен како жртва наместо Исак (Битие 22:13); за жезолот на Јосиф на кој Јаков се поклони (1. Мојсеј 47:31); за крстовидниот благослов на Јосифовите синовите од страна на Јаков (1. Мојсеева 48:13-15); за жезолот на Мојсеј што го раздвои морето (2. Мојсеј 14:11-29); за Мојсеј кој ги кренал рацете во воздух во знак на победа над Амалик (2. Мојсеј 8:14); за бакарната змија, подигната во пустината (4. Мојсеј 21:4-9); за дрвото што ја заслади горчливата вода во Мери (2. Мојсеј 15:22-26); и за многу други таинствени праслики кои се наоѓаат во Законот.

И продолжи расправијата сѐ до вечерта, жестоко водена и од едната и од другата страна; но сепак, во сите прашања, Архиепископот се покажа како победник, зашто пред него Светиот Дух зборуваше, како што е речено во Светото Писмо: Не сте вие што ќе зборувате, туку Духот на вашиот Отец ќе говори преку вас (Матеј 10, 20). Бидејќи се стемни, а препирката сè уште не беше завршена, царот стана од својот престол, како и архиепископот, а соборот се разијде, одложувајќи ја препирката за следниот ден. 

Евреите, пак, го опкружија Ерван, радосно прегрнувајќи го, целивајќи го и фалејќи го, што како што треба им одговараше на христијаните. На ова Ерван им говореше: „Молете се да ни помогне законитиот Бог, бидејќи самите гледате дека архиепископот е многу промислен човек и не е лесно да се победи“. – Но го соколеа Ерван бестрашно и смело да ја води расправата со архирпископот.

Утредента советот повторно се собра; царот и архиепископот седнаа; дојдоа и Евреите со Ерван. И повторно настана препирка, но не заврши ниту тој ден, ниту третиот, ниту четвртиот, па дури ниту петтиот. Сите тие денови, царот со целиот сенат присуствуваа на дебатите, со задоволство слушајќи што се зборува и радувајќи ѝ се на од Богодадената премудрост и разум на свјатејејшиот свој архиепископ. И навистина, имаше многу што да се чуе и запамти кога беа толкувани многу пророчки и таинствени места од Светото Писмо. Во својата проповед за воплотувањето на Господ Исус Христос и Пречистата Дева, архиепископот ги цитираше зборовите на пророкот Исаија: „Ете, девица ќе зачне и ќе роди син“ (Исаија 7,14). На забелешката на Ерван дека Марија роди само обичен човек, а не Бог, архиепископот одговори со овие зборови: „И ќе го наречат Емануил, што значи: со нас е Бог“ (Матеј 1:23 = Исаија 7:14). – Ерван велеше: „Како женска утроба го сместила страшното величие на Боженството?“ – Архиепископот одговори: „Исто како што шаторот на Авраам го смести Бога под маврискиот даб, кога Бог слезе да обедува со Авраам“ (Битие 1-33). – Ерван возврати: „Како тоа огнот на Божеството не го изгоре женското тело?“ – Архиепископот одговори: „Исто како што огнот не ја изгоре грмушката на Синај (Битие 3:2-4), така и Божеството не ја повреди девствената утроба: Девица роди, и Девица остана“. – Ерван на тоа рече: „Раѓањето од Девицата, било привидно, а не вистинско, бидејќи е невозможно утробата да не се поремети за време на пораѓањето, и на сите им е јасно дека тоа е невистина“. – Архиепископот одговори: „Во времето кога Авакум влезе во лавовската јама, а вратата од јамата беше заклучена и со печати запечатена, кажи ми, како влезе и излезе не отворајќи ја вратата и без да го скрши печатот?“

Во третиот ден по препирката, Ерван се обиде да избега, но останатите Евреи го задржуваа, велејќи: „Ако ти нè оставиш, тогаш ќе загинеме сите. Затоа, остани со нас борејќи се на сите можни начини, не би ли ни помогнал Бог. А ако и бидеме поразени во препирката, имаме и други начини да се противиме, во кои тие нема да можат да нè победат“. – На нивната молба, Ерван остана.

Кога во текот на расправијата Ерван почна да ги прекорува христијаните за поклонувањето на светите икони и почна да ги нарекува светите икони идоли, а оние кои што им се поклонуваат идолопоклоници и противници на Божјиот закон, и зборуваше дека Бог заповеда да не се градат „ликови резбани ниту какви било ликови“, тогаш архиерејот го праша: „Кога во деновите на Ное беше потопот, на кој начин тој се спаси?“ – Ерван одговори: „Се спаси со ковчег направен од дрво“. – Архиепископот одговори со прашање: „Дали Бог можел да го спаси Ное од потопот без ковчегот, или не можел, што мислиш?“ – Ерван одговори: „Мислам дека можел, бидејќи се вели дека за Бога е сè можно“. – Архиепископот на тоа рече: „Ако Бог можел да го направи тоа, тогаш зошто Му беше потребен ковчег за да го спаси праведникот? Од ова не произлегува ли заклучок дека Ное требало да му вознесува благодарност на ковчегот, а не на Бога?“ – „Не, никако!“ -одговори Ерван -  „Славата треба да му се оддаде на Господа, а не на мртва ствар“.                               – Архиепископот потоа рече: „Сепак, признаваш дека Бог со нешто мртво, со ковчег, го устроил спасението на Ное. Така и за нас, Бог го устројува нашето спасение преку овие видливи икони, бидејќи тие, иако без здив, сепак се одредени за нашето спасение. Гледајќи ги иконите, со умот ние се вознесуваме кон Првиот лик и во себе запалуваме желба за Бога и за Богоугодна ревност; а не сликаме идоли туку нашиот Господ, Исус Христос, и тоа според Неговата човечка природа, а не според Неговата божествена природа, која е неопишлива и неможна за обликување. И како што Ное за своето спасение во ковчегот му се заблагодари на Бога со изградба на жртвеник, така и ние му благодариме на Христа Бога изобразувајќи го Неговиот лик, иконата Негова, зашто преку Неговиот телесен домострој на спасението, се избавивме од мислениот потоп; и Неговата човечка природа ја сметаме за втор ковчег, со кој ги понесе нашите гревови, и откако нè обожи со Своето Божество, нè вознесе на небото. Го сликаме Него, Кој беше видлив за телесни очи, ние Го сликаме со бои, изобразувајќи го чистото обличие на Неговата човечка природа, и под видот на Неговиот телесен облик, ние истовремено му се поклонуваме и на Неговото Божество и ги почитуваме во Него, како што доликува, подеднакво и Отецот и Светиот Дух.

Меѓутоа, Ерван, продолжувајќи да ги хули светите икони, рече: „Се чудам на вашите христијански басни кои велат дека Бог им ја дава Својата благодат на иконите, набоени на ѕидови и штици, кои никогаш не оделе ниту говориле“. – Побивајќи го ова тврдење архиепископот, праша: „Кажи ми, Ерване, зошто Бог Својата благодат ѝ ја даде на наметката на Илија, а не му ја даде на Елисеј, и ја претпостави мртвата наметка над живиот пророк? Тоа стана затоа што пророкот не можеше сам да го премине Јордан, туку неговите води ги раздели со наметката и премина по суво; и така, чудото кое Елисеј не можеше да го направи, го направи мртвата наметка. Исто така, и на Мојсеј, кој правеше чуда во Египет, зошто Бог не му дарува нему, туку на неговиот стап чудотворна сила, та тој со стапот ја претвори водата во крв, го раздвои морето и изврши други страшни и славни чуда? Освен тоа, скинијата, ковчегот на заветот, златниот сад со мана, таблиците, Ароновиот жезол, жртвеникот, кадилницата и светилникот; сите овие нешта не ја имаа ли големата Божја благодат, иако беа мртви, направени од човечки раце од видлив и опиплив материјал?

Но, тие беа осветлени од славата Божја, исполнувани и опкружувани со облак, и недостапни за никого освен за свештениците и левитите, и никој не смееше да ги допре, бидејќи беа божествени и свети. И кога така било во Стариот завет, зошто тогаш да се чудиме на благодатта која им се дава на светите икони во Новиот завет?“

Ерван пак забележа: „Во Псалмите е кажано: „Идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на раце човечки“ (Псалм 113:12). – Архиепископот возврати: „И јас не го оспорувам тоа дека идолите на незнабошците, кои не го познаваат Бога, се идоли, бидејќи тоа се слики на оние кои својот живот го поминале безбожно и во секаква нечистотија: магепсници, волшебници, убијци, блудници, и сите тие луто испоизгинаа од таквиот живот; во нивен спомен некои направија идоли; а подоцнежните родови, измамени и заслепени од сатаната, ги претворија во богови и им се поклонуваат. А и вие го правевте истото, поклонувајќи им се на идолите, жртвувајќи им ги своите синови и ќерки, пролевајќи невина крв, крвта на вашите синови и ќерки кои ги жртвувавте на ханаанските кипови, кои се идоли. А тоа што сега изработуваме слики на Божјите светители, тоа не се идоли, туку чесни икони. Зашто ние правиме икони на оние што го познаваа Бога и веруваа во Него и Му угодија со светост и праведност, и беа чесни, свети и мили на Бога, и со Божјата  благодат направија многу чуда: воскреснуваа мртви, исцелуваа болни, слепи, куци, глуви, сакати, лепрозни, изгонуваа демони, смртта им беше чесна, а нивниот спомен славен и вечен; зашто: скапоцена е пред Господа смртта на светиите Негови; Споменот на праведниците е со пофалби, и праведникот ќе се спомнува вечно“ (Пс. 113:12; 115:6; 111:6).

Кога Ерван повторно почна бесмислено да говори, велејќи дека иконите по ништо не се разликуваат од идолите, архиепископот рече: „Твојата облека, Ерване, и скинијата, се направени од волна и лен, но дали имаат иста сила? Дали твојот жезол и жезолот на Арон што расцвета имаат подеднаква чест? Стомната во куќата твоја и садот со маана, дали се исти за тебе? Ковчегот твој, во кој го ставаш она што ти е потребно, и ковчегот на заветот, иста ли слава имаат? Огнот и елејот кој ги палиш во својата куќа заради осветлување, зарем ќе ги споредиш со златниот седмосвеќник? Куќата во која живееш, и храмот што го подигна  Соломон, зарем ќе ги споредиш еден со друг? Никако, ами сето тоа ќе го почитуваш неспоредливо повеќе, бидејќи во нив понекогаш беше Божјата благодат. На овој начин, разбери дека едно е идол - слика на злобна, погубна личност, во пеколот потопена, а друго е икона на свет угодник Божји, од која врз нас се излева благодатта Господова преку молитвите на прикажаниот на неа“.

Зборуваше Ерван и за ангелите, велејќи дека се бестелесни, како кажува писмото: „Ветровите ги правиш Свои гласници (Пс. 103:4), но и покрај тоа, христијаните не се срамат да ги бојат на икони, давајќи им на бестелесни духови телесен облик“. – На ова архиепископот одговори: „Ти не знаеш што зборуваш, оти ние од вас научивме да изобразуваме ангели“. – Ерван се спротивстави: „Кај нас тоа никогаш не било“. – Архиепископот праша: „Ти го проучи целиот Стар завет, и тоа ли не го созна?“ – Ерван одговори: „ Жив ми Господ, не знам дека некогаш меѓу нас се правени и почитувани изобразенија на ангели!“ – Архиепископот на тоа рече: „Нема сомнение, вие го започнавте ова: Кога Соломон Му подигна храм на Бога, не направи ли над светилиштето херувими на славата кои го закрилуваа олтарот? Не направи ли херувими и над првата врата од светилиштето и над втората? Па и во скинијата, устроена од Мојсеја, немаше ли фигури на херувими над ковчегот на заветот? Исто така, и на завесите, не ли беа извезени лица на херувими? И не беа ли сите тие ликови на ангели, заедно со скинијата и со храмот, почитувани од вас? Ако, тогаш вие, изобразувајќи бестелесни суштества им оддавате почит, зошто нè прекорувате нас кои што ги изобразуваме и ги почитуваме лицата на оние свети луѓе кои во тело Му угодија на Бога?“

Тоа, и многу слично на тоа, беше кажано во четвртиот ден на препирката! И кога се стемни и царот и архиепископот станаа од своите места, соборот се разијде, во очекување спорот да заврши следниот ден и да се дочека славата на победникот. Евреите се радуваа поради Ерван, затоа што добро одговараше и му поставуваше прашања на архиепископот, и бодрејќи го, му говореа: „Добро се бориш, не плаши се, туку држи се уште поцврсто, зашто гледаме дека Бог е со тебе! Нека не се плаши срцето твое; очигледно е дека Царот и двајцата ве слуша со задоволство“. – Ерван им одговори: „Браќа, овој човек далеку ме надминува по разум и речитост, и за мене е невозможно да го победам; вие самите слушате како тој сите мои расудувања, побивајќи ги и засрамувајќи ги, ги претвора во ништо“.

Утредента в зори, кога најмудрите Евреи повторно дојдоа кај Ерван, тој им рече: „Браќа, искрено ви велам, мене архиепископот ќе ме победи, зашто синоќа во видение го видов пророкот наш Мојсеј и Исус, за кого се расправаме. Ги видов како да стојат на покривот на некој храм и разговараат; и го видов Мојсеј како му се поклонува на Исус со рацете склопени на градите, како да се врзани, и во страв стои пред Исус како пред Господа, својот Бог. Се чудев на тоа, и кога ми се отвори устата, реков: Господине  Мојсеј, дали е добро тоа што го правиш? – А тој се сврте и ми се закани, велејќи: Престани, не грешам јас поклонувајќи се на мојот Владика, зашто не сум од сличните на тебе, и го исповедам Творецот мој и Господ; зошто му задаваш маки на праведниот архиепископ противејќи ѝ се на вистината? Но, следниот ден ти ќе бидеш победен од него и ќе му се поклониш, како и јас, на Господа Исус Христос. – Тоа го видов, браќа, а што значи не знам, но нема да потклекнам од борбата за нашиот Закон сè додека самиот Бог не устрои онака како што сака“.

Многумина, кога го слушнаа ова, ги зафати сомнеж и недоумица. И кога се раздени и соборот се собра, пристигнаа царот со сенатот и архиепископот со клирот, и дојде многу народ, се појави и Ерван со многу свои помошници, законоучители, и пак отпочна препирката, како и претходните денови. А еден учен нотариј на архиепископот, кого го беше довел од Александрија, брзописец, присуствуваше и ги запишуваше сите зборови, и на архиепископот и на Ерван. Со помош на Светиот Дух, Кој дејствуваше низ устата на архиепископот, противничката страна доживуваше порази, а нашата однесуваше победа за Господа. Во сите расудувања архиепископот беше победник, а Ерван малаксуваше; омалаксуваа и еврејските писари. Сепак, злобата ги заслепи, та со ушите тешко слушаа и очите ги затвораа пред вистината. И беше потребно зборовите на светителот да ги придружи силата на верата и чудо кое би ги изобличило закоравените од злоба и би го посрамило нивното неверие, што всушност и се случи на следниов начин.

Кога во препирката Ерван беше веќе целосно победен, тој извикна: „Зошто губиме време во долги говори и расудувања? Јас ќе ја завршам оваа препирка. Ако сакаш, архиепископе, без претварање да верувам во твојот Исус, дека е Он вистинитиот Бог, тогаш покажи ми го жив, за да можам да го видам и да разговарам со Него, тогаш ќе признам дека вие христијаните нè совладавте и нè победивте“.

Кога Ерван го кажа ова, собирот на Евреите му извика: „Те молиме, учителу наш, немој да се самоизлажеш и да станеш христијанин, туку биди херој и држи се до вистината, зашто знаеш дека нема ништо повистинито од Единиот Бог на нашите татковци“. – Ерван со гнев им рече: „За што брборите; слушнете: ако ме убеди дека постои Оној кого го претскажале пророците, тогаш што друго очекувате?“

Архиепископот, гледајќи дека зборува искрено, и не се преправа, му рече: „Ерван, воведуваш големо искушение и твоето барање е над силите, зашто бараш не луѓе, ами Бога. Сепак, за да се уверите вие и оние со вас, и за да се утврдат срцата на оние што веруваат, Господ е моќен и тоа да го стори. Само кажи ми конечно, како сакаш да те убедам?“ – Ерван одговори: „Измоли од твојот Владика ако е на небото, како што велиш, нека слезе овде и да ми се јави мене за да разговарам со Него. И се колнам во Господа дека веднаш ќе поверувам во Него и ќе се крстам“.

Кога Ерван го кажа тоа, целото мноштво Евреи извика, велејќи: „Навистина, архиепископе, докажи ни ја на дело вистинитоста на твоите зборови, покажи ни го твојот Христос, за, немајќи на што повеќе да приговараме, да поверуваме во Него со страв“. – И сите со викање го молеа светиот Григориј опипливо да им го покаже Христос, ако е жив по распнувањето и смртта. Потоа Евреите почнаа да зборуваат меѓу себе: „А ако архиепископот ни го покаже Својот Христос, што ќе правиме тогаш? Тешко нам, и против нашата волја ќе мора да станеме христијани“. – Едни од нив говореа: „Ако тој ни го покаже Христос, зошто тогаш да не поверуваме во Него?“ – Некои пак зборуваа: „Како е можно да се покаже Оној кој умре како убиен човек, и веќе толку многу години поминаа од денот на Неговата смрт? Каде ќе се најдат Неговото тело и дух, кога сите коски и жили одамна се растурија?“

Но, архиепископот, увидувајќи ја огромната важност на ова дело и гледајќи го силното настојување на противникот, со сета душа се потпре на Господа и размислувајќи во себе дека ако не го замоли Учителот Христос да му го исполни барањето, тогаш спротивната страна многу ќе се озлоби, Евреите ќе излезат како победници, а непријателите ќе им се ругаат на христијаните и ќе ги срамотат. И тој со надеж му рече на еврејскиот собор: „Ако мојот Христос посака, сигурно ќе ви го покажам. Но вие добро знаете дека ако ви го покажам Него и вие не посакате да поверувате во Него, тогаш веднаш меч сите ќе ве погуби; а ако, поради мојата недостојност, не успеам да ви го покажам мојот Господ, тогаш натаму постапувајте по своја волја“.

Евреите, слушнувајќи го ова, станаа во исто време и тажни и радосни: тажни затоа што се плашеа дека ако им го покаже Христа, и против волјата ќе мора да веруваат во Него; радосни, бидејќи очекуваа дека нема да им го покаже Христос, и тогаш тие слободно ќе останат во својата вера. Зборовите пак на архиепископот му беа угодни на Ерван и на најмудрите законоучители кои беа со него; и говореа меѓу себе: „Сосема е невозможно по петстотини години да е жив човек убиен од нашите татковци, и умрел, и бил запечатен во гроб, и бил украден од неговите ученици“.

Светиот наш отец Григориј, знаејќи ги зборовите Господови изговорени во Евангелието: „Ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ кажете на оваа гора: ‘Премести се оттука таму’, и таа ќе се премести; и ништо нема да ви биде невозможно“ (Матеј 17, 20); и имајќи ги на ум овие зборови, и имајќи непоколеблива вера во Бога и цврсто верувајќи во Него, стана од својот престол, и се оддалечи малку, на место погодно за молитва. А царот и целиот народ се чудеа на големата смелост на архиепископот кон Бога и верата, зашто се дрзнува на такво ужасно дело; и со страв чекаше што ќе се случи. Светителот, откако се оддалечи малку понатаму од соборот, се осени со крсниот знакот и застана на молитва.

Смирено и благоумилно преклонувајќи ги колената и устремувајќи го сето свое битие кон небото, тој долго молеше на сиот глас, да чујат сите присутни, спомнувајќи ги во молитвата сите тајни на овоплотувањето на Бога Словото и на целиот Христов живот меѓу луѓето, од Неговото раѓање до доброволно страдање, крстот, смртта, тридневното воскресение и вознесението на небото. И на крајот рече: „Владико, на очигледен начин, покажи им се жив на овие луѓе од злоба скаменети и заслепени; покажи се жив за слава на името твое свето, за со своите телесните очи да го видат Твоето животворно човештво, во кое заради нас се облече и со кое на небо се вознесе, та откако ќе Те видат, да поверуваат во Тебе, вистинскиот Бог, и во Отецот Кој Те испрати и во Светиот Дух“.

Кога светителот ја завршуваше молитвата, и сите внимателно го гледаа, одеднаш настана голем земјотрес и од исток затреска страшна грмотевица, така што земјата се поколеба и сите паднаа од страв. А кога малку се созедоа од стравот и се придигнаа, погледнаа кон исток, и ги видоа небесата отворени и светол облак со пламен огнен како се спушта оттаму на земјата: а во средината на облакот се виде Човек, попрекрасен од сите синови човечки, нашиот Господ Исус Христос, Лицето му сјаеше неискажливо и одеждата му блескаше како да е исткаена од молњи, а Тој, на некој извонреден начин движејќи се по облакот, се приближуваше до земјата и застана горе на облакот кон архиепископот, привлекувајќи ги кон Себе очите и срцата на сите со Својата убавина, која јазик не може да ја искаже. 

Од стравотната Негова слава, која не беа во состојба да ја видат, како некогаш учениците на Тавор, сите ничкум попаднаа на земјата, и царот и благородниците и целиот народ, од мал до голем. А Евреите, обземени од голем трепет, гледајќи наваму-натаму, се дадоа во бегство, зашто сјајот на Божествената светлина ги гореше, а славата Господова, која не можеа да ја гледаат, ги колебаше со голем страв. Но, им беше невозможно да побегнат, ниту од место да се помрднат, бидејќи невидлива сила ги држеше. Архиепископот, пак, закрепнат, громко викна кон Ерван: „Ерван, еве го Оној за кого си слушал многу приказни, погледни Го и увери се дека Тој е Еден Свет, Еден Господ, Исус Христос, во слава на Бога Отца, амин“. – А Ерван, целиот премрен, не можеше ништо да проговори. И од велелепието на славата Господова се слушна глас, кој говореше: „По молитвата на епископот, ве исцелува Оној, Кој беше распнат од вашите отци “.

На овој глас, сите тие уште повеќе се исплашија и паднаа на земја, обземени од ужас. И како некогаш, кога Савле, на патот кон Дамаск, го осветли светлина од небото и дојде глас одозгора, падна на земја и со отворени очи ништо не гледаше, така и овие ослепеа, и со отворени очи ништо не  гледаа, туку само тагуваа и горко плачеа. Кога сето ова така се случи, пред лицето Господово настана некој божествен шум, и светлиот облак што беше под стопалата Господови Го сокри од очите на сите и постепено се згуснуваше од сите страни по Него при Неговото вознесување на небото, сè додека славата Господова не исчезна од небесата и не се сокри сето она што се гледаше. А царот и сите христијани, исполнети со смелост, долго време возвикнуваа кон Господа: „Господи, помилуј!“– А почитуваниот архиепископ лежеше со лицето кон земјата, со солзи принесувајќи молитва кон Господа за народот.

После тоа, сите собрани на соборот: царот со сенатот и народот, почнаа да го почитуваат свјатјејшиот архиепископ Григориј со вонредно и осебено стравопочитување, восхитувајќи ѝ се на толкавата светост и на силата на неговата молитва. А Евреите се прашуваа еден друг: „Гледаш ли нешто, брате?“ – И секој од нив одговораше: „Не гледам ништо“. – И запомагаа кон Ерван: „Тешко нам, учителу наш, што да правиме?“ – Ерван одговори: „Дали само ние ослепивме кога го видовме христијанскиот Бог, или и христијаните истото ги снајде?“ – А христијаните, слушајќи го ова, рекоа: „Ние, со благодатта на нашиот Господ Христос, добро гледаме, и очите наши сега се поздрави отколку што беа, а единствено слепи сте вие поради вашето неверие. Зашто Господ е Бог на одмаздата; Бог на одмаздата нема да пропушти (Пс. 93:1); Тој ви го уништи видот, затоа што, иако недостојни, Го видовте Него.

Тогаш Ерван, со сите Евреи, почна со солзи да го моли архиепископот да им ги излекува очите и да им дарува свето крштевање. Архиепископот ги праша дали вистински веруваат во Господ Исус Христос. И сите тврдеа дека веруваат без никаков сомнеж. Потоа архиепископот, и епископите и презвитерите што беа со него, веднаш ги огласија и ја извршија светата тајна крштевање. А кога Евреите влегуваа во светата крстилница, во тој момент од очите им паѓаше нешто како лушпи, и сите прогледаа и со телесните и со духовните очи: со срце верувајќи за правда, а со устите,  исповедајќи Го нашиот Господ Исус Христос, за спасение (Рим. 10:10). И сите беа крстени во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, почнувајќи од Ерван, на кого самиот цар му беше кум, и на кого при светото крштевање му беше дадено името Лав; и царот, како човек паметен и достоен за одликување, го постави за член на својот сенат и го направи патрициј.

И се каеше Ерван многу за својата претходна заблуда; и секогаш имајќи го на ум јавувањето Господово, тој ужасно се осудуваше себеси за тоа што говореше: „Како е жив Господ Исус Христос на небото, кого нашите отци го распнаа и го погребаа, а кого ние го сметавме за мртов?“ – И со солзи говореше: „Господи Исусе Христе, Сине на Бога живиот, прости ми што во своето незнаење Ти згрешив!“ – Светиот пак Архиепископ, Ерван го почитуваше како ангел Божји и не сакаше да се одвои од него.

И така, целата омиритска земја се просвети со светлината на светата вера: во сите градови и села беа крстени не само Евреи, туку и незнабошци. И беше голема радоста низ целата земја Омиритска; на таквото преобратување и покајание на душите човечки, заедно со луѓето, се радуваа и ангелите на небото, а се славеше Бог, кој на сите луѓе им сака спасение.

Тогаш светиот архиепископ Григориј го посоветува царот да им нареди на Евреите, куќите и живеалиштата да не си ги издвојуваат, туку да се населат меѓу христијаните, за да не држат тајни состаноци и договори. Царот издаде ваков закон: „Никој од Евреите да не зема маж за својата ќерка од еврејскиот род, туку нека си земе зет од христијаните; и синот еврејски нека не зема невеста меѓу еврејските ќерки, туку нека бара меѓу христијаните. Кој ќе се осмели да го прекрши овој закон, тој нека биде погубен со меч.“

Архиепископот го стори ова, за измешан со христијаните, еврејскиот народ ја заборави својата старозаветна вера и обичаи за неколку години. И, насекаде завладеа спокојство и длабоко смирение, а побожноста блескаше од сите страни; царот и архиепископот срдечно му служеа на Бога, вршејќи целоноќни славословија на Владетелот Христос, грижејќи се за спасението на човечките души и управувајќи со царството милостиво и праведно. Побожниот цар Аврамиј проживеа во Омиритската земјата триесет години и заспа во Господа, претходно известен од свети Григориј за денот на неговата смрт; и беше свечено погребан во градот Афари.

Малку време по претставувањето на царот, светиот отец наш Григориј добро раководејќи го своето стадо, утврдувајќи ја верата на темелите на апостолите и пророците, и творејќи многу знаменија и чуда во слава Божја, прејде од овој живот, на деветнаесетти декември (стар стил), и беше чесно положен во почивалницата на големата црква во истиот град. Целата Омиритска земја го исплака својот архиереј, особено крстените Евреи: Зашто тој на сите им беше отец, добар и милостив, мил на луѓето и благопријатен на Бога, пред Кого застана во зборот на светите ерарси, славејќи Го со нив Отецот и Синот и Светиот дух во веки. Амин.

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ БОНИФАЦИЈ МИЛОСТИВИОТ, епископот ферентиски

Свети Бонифациј е по род од Тускиската област, во Италија. Уште од детството се одликуваше со љубов кон сиромашните. Зашто кога ќе се случело да види необлечен сиромав, тој ги соблекувал алиштата од себе  и го облекувал голиот. Затоа дома се враќал без наметка, понекогаш и без долната облека; и мајка му, и самата сиромашна вдовица, често му се лутела и говорела: „Чедо, неправедно постапуваш, зашто ги облекуваш сиромашните, а самиот си сиромав“.

Еднаш мајка му влезе во нивната житница, во која чуваше храна за цела година и, ја најде празна: зашто, кришум, син ѝ Бонифациј сѐ беше раздал на сиромашните. И почна мајката да плаче удирајќи се по лицето и кукајќи: Тешко мене, како ќе најдам храна за цела година и со што ќе го  нахранам семејството и себе си? – А Бонифациј дојде до неа и започна да ја теши. Но, бидејќи со зборови не можеше да ја одврати од силното плачење, тој ја замоли, на извесно време да излезе од житницата. И кога таа излезе, Бонифациј ја затвори вратата, падна на земјата и почна да Му се моли на Бога. И житницата веднаш се исполни со жито.

Му се заблагодари Бонифациј на Бога, па ја повика мајка си. Кога таа ја виде житницата полна со пченица, се утеши и Го прослави Бога. Од тоа време таа не му забрануваше на сина ѝ да им дава на сиромашните колку што сака, откако ја виде неговата преголема верба поради која тој не осиромашува раздавајќи, и од Бога добива толку колку што бара. Во својата куќа имаше кокошки кои ги крадеше лисица, нанесуваќи ѝ штета на сиромашната вдовица. Еднаш малит Бонифациј стоејќи поред капијата ја здогледа лисицата како дојде, по својот обичај зграби една кокошка и побегна во гората. А тој, желејќи што тоа ќе ја ожалости мајка му, падна на земја и во молитвите Му се жалеше на Бога за лисицата, говорејќи: „Господи мој, зарем по волја ти е што не можам да јадам од трудот на мојата мајка, а ете, лисицата доаѓа и ја сакати храната наша?“ – По молитвата, Бонифациј се врати дома, и ја здогледа истата лисица како влегува во нивниот двор со украдената кокошка меѓу забите, дојде пред Бонифациј, кокошката ја спушти жива пред него, а самата во тој момент угина. Така Бог, оние кои се надеваат на Него ги слуша и во мали нешта, имајќи голема промисла за нас, за ние, добивајќи од Него мали нешта, да се надеваме, по можност, да добиеме и големи.

Свети Бонифациј подоцна беше поставен за епископ во градот Ферентина, и за многуте негови чудеса кажува презвитерот Гаудиенциј, кој му беше слуга на светителот и со свои очи гледаше сѐ што чинеше. Ферентиската епископија беше многу сиромашна, а сиромаштијата ги држи побожните луѓе во смирение: за своја прехрана, епископот немаше никаков црквен имот освен едно црковно лозје. Но еднаш удри страшен град и го изби лозјето со гроздовите, така што преостана сосема малку лозје со гроздачиња. Блажениот Бонифациј, влезе во лозјето и виде дека градот избил сѐ и Му вознесе благодарност на Бога што во својата сиромаштија доживува уште поголемо сиромаштво. А кога грозјето почна да зрее, по обичај Бонифациј постави чувар наредувајќи му будно да го чува тоа малку грозје кое преостанало. Еден ден, пак, му нареди на презвитерот Констанциј, негов внук, сите буриња во епископијата да ги измие и како што треба да ги обработи со смола. Кога го слушна тоа, презвитерот се зачуди многу на таа наредба да се спремат садови за вино, кога вино нема. Но не се осмели да праша зошто да се спремаат бурињата, и ги спреми.

Тогаш човекот Божји, Бонифациј, влезе во лозјето, го собра тоа малку грозје, го однесе за гмечење, и им нареди на сите да излезат, а самиот остана со едно дете на кого му нареди да го изгмечи грозјето. Кога сокот почна по малку да тече од машината, светителот го наточи во еден мал сад и тури по малку во сите буриња за благослов, тако што едвај ги натопи бурињата. Благословувајќи ги на тој начин сите буриња, блажениот Бонифациј го повика презвитерот и му нареди да ги повика сите просјаци, та како што е обичај, тие добијат од новото вино што е во бурињата. Тогаш почна да се умножува сокот од мелницата, така што се наполнија сите садови што ги донесоа просјаците. И кога светителот виде дека сите тие добија доволно, му нареди на детето да излезе, а самиот ја заклучи винаријата, ја запечати со својот печат, по отиде во црквата. По три дена, светителот го повика презвитерот Констанциј, и помолувајќи се, ја отвори винаријата, и тие го видоа овој призор: Сите буриња и садовите во кои заради благослов беше излиено по малку сок, беа преполни со пенливо вино кое се преливаше, та и земјата ја квасеше. И ако епископот малку задоцнеше, целата земја во винаријата ќе пливаше во вино. А кога презвитерот почна да се чуди и восхитува, светителот му се закани на никого да не кажува за тоа, плашејќи се и избегнувајќи ја суетната слава човечка.

Во друга прилика, на празникот на светиот маченик Прокл, еден благороден човек од истиот град, по име Фортунат, го замоли светителот Божји Бонифациј, по службата на светиот маченик да дојде кај него дома за благослов. Тоа светителот не го одби, бидејќи Фортунат го молеше со вера и вистинска љубов. И кога светителот ја отслужи Божествената служба во спомен на светиот маченик, тој дојде кај Фортунат на трпеза. И пред, по обичајот, да се помоли пред обедот, еден комедијант со мајмун застана пред капијата и почна удира чинели. Кога ги слушна звуците на чинелите, светителот се расрди и рече: „Ох, мртов е тој несреќник; дојдов да обедувам, и уште не успеав да отворам уста за вообичаената пофалба на Бога, а тој претекнувајќи го тоа, дојде со мајмун  и ги удри чинелите!“ –При тоа го додаде и ова: „Одете, дајте му да јаде и да пие, но знајте дека тој е мртов“. – И тој несреќен човек, зеде леб и вино, сакаше да излезе од капијата, но во тој момент, голем камен ненадејно одпозади падна и го удри по главата; комедијантот падна на земја, и полумртов беше однесен дома, а утредента умре како што претскажа Божјиот човек. Бидејќи, страшни се светителите Божји, и треба побожно да се почитуваат: тие се храмови Божји, и Бог живее во нив. Кога ќе се разгневи светител, заедно со него се разгневува и Бог кој во него живее, и тогаш, со еден збор, светителот може да го накаже оној кој го навредил.

Во една прилика, презвитерот Константин, внук на светиот, го продаде својот коњ за дваесет златници, ги стави златниците во ковчеже, и отиде некаде по работа. Но, се случи тогаш, неочекувано многу просјаци да дојдат кај владиката, упорно молејќи го да им помогне на било кој начин. А светителот, немајќи што да им даде, тагуваше во срцето не сакајќи да ги испрати со празни раце. Но, се сети на златниците на Констанциј, земени за коњот, тој влезе во собата каде беше ковчежето и побуден од побожна нужда, го скрши катанецот, ги зеде златниците и им ги раздаде на просјаците. А кога презвитерот се врати од работа и го виде ковчежето отворено и во него  ги немаше златниците, многу се нажали, крена голема врева и луто викаше: „За мене е невозможно да живеам тука!“ – Од неговото викање, се собраа сите кои беа во епископијата; дојде и епископот и почна да го теши со кротки зборови и благи совети. А тој со прекор му одговораше на светителот: „Сите кај тебе живеат добро, единствено јас немам место и не можам да живеам спокојно; врати ми ги златниците и јас ќе те напуштам“.

Потоа светиот епископ отиде во црквата на Пресвета Богородица, облече фелон и, кревајќи ги високо рацете и вперувајќи ги кон небото очите, се молеше Господ, од каде знае да му испрати златници колку што зеде од презвитерот Константин, за да би му ги вратил, и така де се смири неговиот гнев. Молејќи се, светиот го сврте погледот на себе, и на фелонот  виде злтници како одненадеж се појавија помеѓу неговите, во вис подигнати раце, дваесет златници, кои толку блескаа како да беа во тој момент исковани и од оган извадени. Светителот веднаш Му се заблагодари на Бога, излезе од црквата, отиде и ги фрли златниците врз облеката на лутиот презвитер, велејќи му: „Ете ти ги златниците за кои лелекаше, и да знаеш дека по мојата смрт, поради твојата скржавост,нема да бидеш епископ на оваа Црква!“

И навистина, така и стана: презвитерот заради тоа и златници собираше, за да прими епископство, но зборот, кажан од Божјиот човек не остана празен, бидејќи Констанциј го заврши својот живот на земјата во презвитерски чин.

Еднаш, двајца Готи, патувајќи за Равена, беа гостољубиво примени и угостени од свети Бонифациј во епископијата. Додека си заминуваа, Свети Бонифациј, испраќајќи ги, како благослов, со своја рака им нали вино во мала дрвена матарка, да им се најде попат. Матарката беше толку мала што во неа имаше вино само за еден оброк. Патниците отпатуваа, и во текот на целото патување, пиеја вино по потреба, но виното во матарката воопшто не се намалуваше, и матарката беше постојано полна со вино. Откако поминаа во Равена неколку дена, патниците тргнаа назад и пак свратија кај свети Бонифациј, му се заблагодарија што со неговиот благослов изобилно ги напои со вино и му ја вратија истата матарка полна со истото вино. Притоа, му кажаа на светиот дека во текот на целото патување не вкусиле друго вино, туку пиеле од матарката секој ден колку сакале, а сепак виното не се потроши.

Не треба да се премолчи ниту тоа што го раскажа еден од клириците од таа земја, еден честит човек. А тој го раскажа ова: Еднаш Свети Бонифациј влезе во своето лозје и виде огромно мноштво гасеници, така што целото лозје беше покриено од нив, и го уништуваа зеленилото. И им рече светителот на гасениците: „Ве заколнувам во името на нашиот Господ Исус Христос, одете оттука и не осмелувајте се повеќе да го јадете ова зеленило“. – И во тој час, на зборот на човекот Божји, од лозјето излезе целото мноштво гасеници, така што ниту една не остана внатре.

Така Господ Бог ги прославува светиите Свои исполнувајќи ја волјата на оние кои се бојат од Него. Нека и самиот биде прославуван во нив во веки. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПОЛИЕВКТ И ТИМОТЕЈ

Светиот маченик Полиевкт беше родум од Кесарија Кападокиска, каде што со голем успех го проповедаше Христа, преобраќајќи ги незнабожците од идолопоклонство во светата вера христијанска. Поради таквото негово проповедање, беше фатен и фрлен во затвор. И по многубројните убедувања да се откаже од Христос, тој не сакаше ниту да слушне за тоа. Затоа му го стругаа целото тело со железни канџи; потоа му ги скршија вилиците и го фрлија во вжарена печка.

Во тоа време, во Мавританија, Христовата вера успешно ја проповедаше ѓаконот Тимотеј. Затоа, беше подложен на многу и тешки маки. Беше фрлен во затвор, мачен со глад и жед. Потоа, изведен од затворот, и по залудни убедувања да принесе жртва на идолите, со молитва влезе во огнот подготвен за него и го предаде својот дух на Бога. Неговите мошти верните чесно ги погребаа во Мавританиската област.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ИЛИЈА, ПРОВ И АРИСА

Овие свети маченици беа родум од Египет. Како ревносни христијани, тие по затворите ги посетуваа страдалниците за Христа, тешејќи ги и лекувајќи им ги раните. Еднаш појдоа во Киликија, и на влезот во градот Аскалон, стражари незнабошци ги задржаа на градската капија, сметајќи ги за доушници, и ги изведоа пред принцот Фирмилијан. За време на испрашувањето, тие му изјавија на принцот дека се христијани. Поради тоа, принцот ги подложи на жестоки мачења. По разновидни мачења, Свети Арис беше изгорен во оган, а Пров и Илија беа обезглавени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕВТИХИЈ И ТЕСАЛОНИКА и со нив 200 мажи и 70 жени

Пострадаа за Христа, заклани со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТРИФОН

Обесен на врба, настрада за Господ Христос.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА АГЛАИДА РИМЈАНКАТА

Поради нејзините строги, самопрегорни дела, се удостои на дарот на чудотворство.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ИЛИЈА МУРОМЕЦОТ

Киевопечерски монах. Починал во 1188 година. Неговите нетлени мошти чудотворат. На неговата десна рака, и досега стојат првите три прсти составени за молитва. Од тоа се гледа дека починал на молитва. И тоа е изобличување на оние кои не се крстат со три прсти.