22. Јануари  (20 Декември)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИГНАТИЈ БОГОНОСЕЦ

Во времето кога на римскиот престол седна Трајан (царувал од 98 до 117-та година), епископ на Антиохиската црква беше свети Игнатиј, и по име и по вистина - Богоносец, кој го прими епископскиот престол по свети Евод, наследникот на светиот апостол Петар.

За божествениот Игнатиј Богоносец, се раскажува дека уште додека беше дете, а Господ Исус Христос живееше на земјата и ги поучуваше луѓето за Царството Божјо, родителите на Игнатиј стоеја во народот и ги слушаа Божествените зборови кои што излегуваа од устата на Спасителот, носејќи го со себе и своето дете Игнатиј. Погледнувајќи ги, Господ го повика детето Игнатиј кај Себе, го постави среде народот, го прегрна и земајќи го во раце, рече: „Вистина ви велам, ако не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во Царството небесно; и кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима (Мт. 18, 3.5).

Така, Свети Игнатиј беше наречен Богоносец затоа што беше носен од рацете на воплотениот Бог. Но, не помалку беше наречен Богоносец уште и затоа што го носеше Бога во срцето свое и на усните свои, бидејќи беше сад избран, сличен на светиот апостол Павле, за да го пронесе името Божјо пред народите и царевите. Најпрво беше ученик на Свети Јован Богослов, заедно со Свети Поликарп, епископот Смирнски. Потоа, со одлука на сите свети апостоли, беше поставен за епископ во Антиохија, каде што за прв пат се појави името христијанин (Дела 11, 26).

Откако го прими управувањето со Црквата, Свети Игнатиј вложи многу труд во проповедањето на побожноста, во сè покажувајќи апостолска ревност. Овој свет ерарх прв го воведе антифонскиот начин на пеење во црква, односно пеење на две певници, така што кога ќе престане пеењето на едната страна, започнува на другата. Таквиот начин на пеење му се откри на Свети Игнатиј меѓу ангелите на небото. Зашто тој, удостоен на божествено откровение, виде ангелски хорови како пеат наизменично: кога едниот хор пееше, другиот молчеше, а кога другиот пееше, првиот слушаше; кога едниот ќе ја завршеше песната, другиот ја почнуваше; на тој начин, ангелските хорови ја прославуваа Светата Троица, како да си ги предаваа песнопеенијата еден на друг.

Кога го прими такво откровение, Свети Игнатиј воведе таков ред на пеење на свештените песни прво во својата црква во Антиохија, и оттаму овој прекрасен ред беше усвоен во сите цркви. И беше овој богоносен архиереј прекрасен управувач на црковните чинови и совршен служител на Христовите тајни; а подоцна стана и маченик, даден да го изедат диви ѕверови, за што ќе се кажува понатаму.

Во тешка војна со Скитите, царот Трајан извојува победа. Верувајќи дека ги победил своите непријатели со помош на своите пагански богови, Трајан наумил да ја изрази својата благодарност со тоа што ќе им принесе жртви низ целата своја империја, за боговите во иднина успешно да ги водат неговите војни и неговото владеење. Тогаш започна силно прогонство на христијаните. Затоа што царот дознал дека христијаните не само што одбивале да им принесуваат жртви на незнабожечките богови, туку и ги хулеле, разоткривајќи ја нивната лажливост. Затоа, тој издаде наредба: насекаде да се убиваат христијаните кои не ја почитуваат неговата наредба.

Кога пак овој цар тргна во друга војна, против Ерменците и Персијците, се задржа во Антиохија. Тогаш Свети Игнатиј Богоносец беше обвинет пред царот за почитување на Христа, осудениот на смрт од Пилат и распнатиот на крст, Кого Го почитува како Бог и пропишува закони за зачувување на девственоста, за презир кон богатствата и секое угодување. Слушајќи го ова, Трајан го повика светителот и пред целиот негов сенат му рече: „Ти, наречениот Богоносец, ти ли ѝ се противиш на нашита наредба и ја расипуваш цела Антиохија, водејќи ја по стапките на твојот Христос?“ - „Да, јас“! одговори божествениот Игнатиј. - Царот праша: „Што значи тој назив „Богоносец“? - Светителот одговори: „Оној кој Го носи Христа Бога во својата душа е Богоносец“. - Царот праша: „Значи, го носиш својот Христос во себе си“? - Светителот одговори: „Навистина Го носам, зашто е напишано: - Ќе престојувам во нив и ќе живеам во нив-“ (2. Кор. 6:16). - Царот на тоа рече:„А ти, што мислиш, не ги носиме ли нашите богови секогаш во нашата свест и не ги имаме ли како помагачи против непријателот“? - Богоносецот одговори: „Тешко мене, ти идолите ги нарекуваш богови! Всушност, Еден е Вистинскиот Бог,  Создателот на небото и земјата, на морето и на сè што е во нив, Еден Господ Исус Христос, Син Божји Единороден, и Неговото царство не ќе има крај. Кога ти царе би Го познал Него, тогаш твојата пурпура, и круната и престолот твој ќе беа уште посилни“.

„Игнатие“! - рече царот, „Остави го тоа што го зборуваш и послушај ме: ако сакаш да ми угодиш и да те вбројам меѓу моите пријатели, тогаш принеси со нас жртва на боговите, и веднаш кај нас ќе станеш првосвештеник на големиот Зевс и ќе се наречеш татко на сенатот“. - Светителот одговори: „Каква ми е користа да бидам првосвештеник на Зевс кога сум првосвештеник на Христос, на кого секој ден му принесувам пофалба, и се трудам сецелиот да Му се принесам како жртва и да станам налик на Неговата доброволна смрт“. - Царот праша: „Кому сакаш да се принесеш како жртва: на оној кого Понтиј Пилат го прикова на крст“? - Светителот одговори: „Нека бидам жртва на Оној, кој на крстот го прикова гревот и го собори пронаоѓачот на гревот, ѓаволот, и со крстот ја сотре целата негова моќ“. - Царот на тоа рече: „Ми се чини, Игнатие, дека немаш здрав ум и правилно расудување; зашто не би се опрелестил толку со христијанските списи кога добро би разбрал колку е голема користа да се почитуваат царските наредби и со сите да се принесуваат жртви на боговите. А Богоносецот, исполнувајќи се со уште поголема неустрашливост, рече: „Дај ме на ѕверовите да ме изедат! Распни ме на крст! Предај ме на меч, предај ме на оган, никогаш нема да им принесам жртва на демоните. Не се плашам од смртта, ниту барам земни, привремени богатства, туку единствено посакувам вечни добра и на секој можен начин се трудам да преминам кај Христос, мојот Бог, Кој благоволи да умре за мене“.

Потоа членовите на сенатот, сакајќи да го изобличат Игнатиј за неговата заблуда, рекоа: „Ете ти велиш дека твојот Бог умрел. Како тогаш може умрен некому да помогне, и тоа умрен со срамна смрт? Нашите пак богови се бесмртни и се сметаат за бесмртни“. - Богоносецот одговори: „Господ мој и Бог, Исус Христос заради нас  стана човек и заради нашето спасение доброволно прими распнување на крст, смрт и погребение, потоа на третиот ден воскресна, соборувајќи ја и уништувајќи ја ѓаволската сила, и се вознесе на небесата, од каде што и слезе, подигајќи нè од падот и повторно воведувајќи нè во рајот, од каде бевме исфрлени, и ни дарува блага поголеми од оние што ги имавме. А од боговите кои вие ги почитувате, ниту еден не направил ништо слично; бидејќи и самите беа зли и беззакони, и откако извршија многу убиствени дела, тие им оставија на безумните луѓе само некаква ништожна идеја за својата божественост. И кога од нив падна превезот на лагите, се покажа што биле тие и колку срамно тие го завршија своето постоење“.

Кога Свети Игнатиј го изговори тоа, царот со сенатот, плашејќи се тој со своите зборови уште повеќе да не ги  посрами нивните богови, нареди да го однесат во затвор. Самиот пак цар не спиеше цела ноќ, размислувајќи со каква смрт би го лишил Игнатиј од животот. И смисли да го осуди да биде изеден од диви ѕверови, сметајќи ја таа смрт за најстрашна. И утредента го извести сенатот за тоа; сите се согласија со тоа, само му предложија на царот да не го предава Игнатиј на ѕверови во Антиохија, за да не би станал тој, откако ќе пострада маченички за својата вера, уште пославен меѓу сограѓаните, а други пак, угледувајќи се на него, да не се утврдат во христијанството. Затоа, рекоа тие, Игнатиј треба да биде одведен во Рим окован во ланци, и таму предаден на диви ѕверови; зашто за него таму, исцрпен од долгото патување, казната ќе биде уште потешка; и никој од Римјаните нема да узнае кој е тој, туку ќе сметаат дека загинал еден од злосторниците; и нема да остане никаков спомен за него. Овој совет му беше по волја на царот, и изрече пресуда за Игнатиј: Игнатиј да биде предаден на ѕверови во Рим за време на празник, во амфитеатарот, пред очите на целиот народ. - Така светителот беше осуден од незнабожните безбожници, да биде глетка и за ангелите и за луѓето (ср. 1 Кор. 4, 9). 

Кога слушна за оваа смртна пресуда за него, богоносниот Игнатиј гласно извика: „Ти благодарам Господи, што ме удостои да ја посведочам совршената љубов кон Тебе и што благоизволи да бидам окован во железни синџири, онака како и Твојот апостол Павле“. - И со голема радост ги прифати синџирите како прекрасен бисерен гердан: како скапоцен камен, со кој посака да воскресне во идниот живот.

Царот со својата војска тргна во војна, а божествениот страдалник, врзан во тешки синџири, беше предаден на десет сурови и немилосрдни војници, и испратен во Рим. Излегувајќи ја Антиохија, тој сесрдно се помоли за Црквата и го довери своето стадо на Бога. Сите верни плачеа по него и горко ридаа, а некои, сврзани за него со преголема љубов, тргнаа на пат со него. Кога пристигнаа во Селевкија, недалеку од Антиохија, војниците со Свети Игнатиј се качија на брод кој требало да плови поред брегот на Мала Азија, и по долго и опасно патување, стигнаа во Смирна. Таму Свети Игнатиј се сретна и се поздрави со Свети Поликарп, божествениот апостол, епископот Смирнски, неговиот соученик, и се утеши со боговдахновен разговор со него, радувајќи им се на оковите и дичејќи се со своите синџири. Зашто, што можеше да биде подобар украс за него од синџирите во кои беше врзан за својот Господ? Се виде и со други епископи, презвитери и ѓакони, кои доаѓаа кај него од црквите и градовите во Азија, посакувајќи да го видат и да чујат божествени зборови од неговата уста. Со збор и со пример, утврдувајќи ги христијаните во верата, тој најмногу ги советуваше да се чуваат од разни ереси и строго да се држат во апостолската традиција. При тоа, Свети Игнатиј го молеше Свети Поликарп и целата Црква воопшто да се моли за него, за забите на ѕверовите што побрзо да го  разрешат телото, та да се појави пред лицето на толку посакуваниот Господ. Но, гледајќи ги сматени и противни на неговата смрт и разделбата од нив, тој се уплаши дека и христијаните во Рим ќе бидат слично вознемирени и сматени и противни на неговото предавање на ѕверовите и ќе создадат некаков немир, и можеби ќе кренат раце на оние на кои им беше наредено да го предадат на ѕверовите за да биде изеден, и со тоа да ја затворат отворената врата на мачеништвото и долго посакуваната смрт. Затоа, реши да им испрати молба, барајќи од нив да се помолат за него да не се пресече неговиот страдалнички пат, туку ѕверовите што поскоро да го растргнат и да прејде кон љубениот свој Владика. И им напиша вака:

„Игнатиј - Богоносецот, епископ на светата Божја Црква која е во Антиохија, помилувана од величието на Севишниот Бог Отец и Неговиот Единороден Син Исус Христос, до Црквата осветена и просветлена со волјата на Бога, Кој создал сè што е потребно за верата и љубовта на Исус Христос, нашиот Бог и Спасител, до Црквата во римската област, која ја поздравува во името на Отецот Седржител и на Исус Христос Синот Негов, сака многу да се радува во Исус Христос, нашиот Бог. Молејќи Го Бога, го добив она што многу го посакував: да ги видам вашите чесни лица. Затвореник за Христа Исуса, се надевам дека ќе ве целивам, ако е Божја волја да се удостојам целосно да се оствари мојата намера. Добар почеток е поставен: само да добијам благодат без препреки да го исполнам својот удел. Зашто се плашам, вашата љубов да не ми наштети. Вам ви лесно да наравите што сакате, но мене не ми е лесно да стигнам до Бога, ако се сожалите на мене. Јас сакам да им угодувате не на луѓето, туку на Бога, како што и Му угодувате. Зашто ниту јас некогаш ќе имам толку погодна прилика да стигнам до Бога, ниту вие ќе направите подобро дело отколку да премолчите. Зашто ако премолчите за мене, јас ќе станам Божји; ако пак покажете љубов кон моето тело, тогаш ќе морам повторно да стапнам на сцената на овој живот. Дајте ми го она што е најдобро за мене: да бидам принесен како жртва на Бога сега, кога жртвеникот е веќе готов; и тогаш со љубов составете хор и пеете пофалба на Отецот заради Исус Христос, Кој благоволи да го доведе епископот на Сирија од исток на запад, за да биде сведок на Христовото страдање. Прекрасно е за мене: од светот - западот да појдам кон Бога и засветлам во Бога - Истокот. Вие никогаш никому не му завидувавте, и другите ги учевте на тоа. Сакам со  дело да го потврдите она што го порачувате во вашите учења. Само молете се Господ да ми подари и внатрешна и надворешна сила, за не само да зборувам, туку и да посакувам, и не само да се нарекувам христијанин, туку во суштина тоа и да бидам. Зашто ако навистина бидам христијанин, тогаш и ќе можам да се нарекувам христијанин, и само тогаш ќе бидам вистински верен кога веќе светот нема да ме гледа. Ништо од видливото не е вечно: зашто она што се гледа привремено е; а она што не се гледа вечно е (2 Кор. 4, 18). Христијанинот, кога е омразен од светот, од Бога е сакан. Зашто Господ рече: Да бевте од светот, светот ќе го љубеше своето; и бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази (Јован 15, 19). Им пишувам на сите цркви и на сите им велам дека доброволно умирам за Христа, само ако вие не ме спречите. Ве молам: не  задржувајте ме со ненавремена љубов; оставете ме да им бидам храна на ѕверовите, та со нивна помош да стигнам до Бога. Јас сум пченица Божја: нека ме смелат забите на ѕверовите, за да станам чист леб Христов. Подобро е: помилувајте ги тие ѕверови, за да станат мој гроб и ништо да не остават од моето тело, за по смртта да не бидам товар за никого. Тогаш ќе бидам вистински Христов ученик, кога светот повеќе ниту моето тело нема да го гледа. Молете Го Господа за мене, за преку забите на ѕверовите да станам чиста жртва на Бога. Ова ви го заповедам, не како Петар и Павле: тие се апостоли, а јас осуденик; тие се слободни, а јас сум сега роб; но, ако пострадам, ќе станам слободен човек Христов и ќе воскреснам во Него слободен. Сега, окован заради Христа, учам ништо световно и суетно да не посакувам. Од Сирија па сè до Рим, по копно и на море, дење и ноќе, се борам со ѕверови, окован од десет леопарди, од одред војници, кои стануваат полоши ако им правиш добро. Сепак, од нивните навреди извлекувам многу големи поуки; но не се правдам со тоа. О, да не се лишам од уживањето на ѕверовите, подготвени за мене во Рим! Се молам лакомо да се фрлат врз мене, да ме растргнат веднаш, а не како што направија со некои: се плашеа од нив и не ги ни допреа. Ако пак ѕверовите не сакаат доброволно да ме растргнат, јас со сила ќе ги приморам на тоа. Простете ми, но јас знам што ми е на корист. Дури сега почнувам да бидам ученик Христов, кога не посакувам ништо од видливото и невидливото, за да достигнам до Христа. Оган, крст, глутници на ѕверови, посекувања, кинења, кршење коски, дробење раце и нозе, смачкување на целото тело и сите ѓаволски мачења нека дојдат на мене, само да го добијам Христа! Ништо не ми користат задоволствата на овој свет, ниту царствата на овој век; подобро ми е да умрам за Христа Исуса отколку да царувам над сета земја. Зашто каква е ползата на човекот ако го добие целиот свет, а ѝ напакости на својата душа? (Матеј 16,26). Господа Исуса Христа Го сакам, Синот на Вистинскиот Бог и Отец; Него Го барам, Оној Кој за нас умре и воскресна. Простете ми, браќа! Не пречете ми да отидам кон животот: зашто Исус им е живот на верните. И не посакувајте ми да умрам: зашто животот без Христа е смрт. Сакам да бидам Божји: не предавајте ме на светот. Пуштете ме кон Чистата Светлина: одејќи таму, ќе бидам Божји човек. Дозволете ми да ги подражувам страдањата на Христос, мојот Бог. Кој Него го има во себе, нека разбере што сакам, и нека се сожали на мене, знаејќи од што сум обземен. Кнезот на овој свет сака да ме растргне и да ми ја уништи душата уништувајќи го мојот копнеж по Бога и мојот стремеж кон Бога. Затоа, никој од вас таму нека не му помага. Напротив, бидете Божји со мене. Не призивајте го Христа, а ставајќи светот го пред Христа. Зависта нека нема место во вас. Дури и лично да сум ве молел да ме спасите од смртта, вие да не ме послушате. Напротив, верувајте и држете се до ова за што сега ви пишувам. Ете јас жив ви пишувам, горејќи од љубов и желба да умрам за Христа. Мојата љубов се распна на крстот, и во мене нема оган кој ги љуби работите од овој свет, туку живата вода која во мене тече ми вели: „Оди кај Отецот“. Не уживам јас во минливата храна, ниту во сластите на овој живот. Лебот Божји го сакам, лебот небесен, лебот на животот, кој е телото на Исус Христос, Синот Божји, роден во последните денови од семето Давидово и  Авраамово. И пијалокот Божји го посакувам, - Неговата крв, која е љубов неминлива и живот вечен. Повеќе нема да ги живеам животите на луѓето. И тоа ќе биде, ако вие посакате. Се распнав со Христа; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене (Гал. 2, 19-20). Со кратко писмо ве молам: не пречете ми, верувајте ми дека го љубам Исуса, кој заради мене беше предаден. Со што ќе му возвратам на Господа за сè што ми даде? (Пс. 115, 3). Самиот Бог Отец и Господ Исус Христос ќе ви откријат дека вистината ја зборувам. Молете се заедно со мене: со Светиот Дух да ја исполнам мојата намера. Ова ви го напишав не по телото, туку според волјата Божја. Ако пострадам, значи: вие ме засакавте; ако не се удостојам, значи: ме намразивте. Спомнувајте ја во вашите молитви Црквата Сириска, на која сега пастир ѝ е Христос, Кој рече: Јас сум добриот пастир (Јован 10, 11. 14). Тој ќе се грижи за неа и вашата љубов кон Него. А јас и се срамам да се наречам еден од нејзините пастири, затоа што сум недостоен, бидејќи сум последен меѓу нив и сум како некаков изрод. Но, ако достигнам до Бога, тогаш по Неговата милост ќе бидам нешто. Ве поздравува духот мој и љубовта на црквите, кои ме примаа во името на Исус Христос не како минувач. Зашто дури и оние цркви што не се наоѓаа на патот на моето туѓинување ми излегуваа во пресрет во градот. Ви го пишувам ова од Смирна преку блажените Ефесјани. Поред мене е и мојот мил Крок, со многумина други. Тие од Смирна патуваат до Рим за слава Божја. Сите тие се достојни за Бога и за вас: треба во сѐ да ги утешите. - Ова ви го напишав во деветтиот ден од септемвриските календари, односно на 23 август. Бидете здрави секогаш, во трпението на Исуса Христа. Амин.“

 Ова послание Блажениот Игнатиј го испрати пред себе преку некои ефески христијани кои го придружуваа и кои отпатуваа по пократок пат до Рим. По некое време, и Свети Игнатиј, предводен од војниците, ја помина Смирна и стигна во Троада. Од Троада, свететителот отплови до Неапол македонски, а потоа пеш го премина Филипопол во Македонија, посетувајќи ги попатните цркви, поучувајќи во нив, советувајќи ги и храбрејќи ги браќата и наложувајќи им на сите да бидат бодри и трезвени. А кога го премина Епир, Свети Игнатиј во Епидамна се качи на лаѓа, отплови преку Јадранското и Тиренското Море во Италија и се симна во пристаништето Порт, недалеку од Рим. Војниците брзаа кон Рим. Но, христијаните, на гласот за доаѓањето на антиохискиот епископ, се собраа и го пресретнуваа полни со радост, но и со длабока тага. Некои се надеваа дека ќе го убедат народот да се откаже од крвавиот призор во театарот: смрт на праведен маж. Но, Свети Игнатиј ги преколнуваше, од љубов кон него да не го прават тоа и, преклонувајќи ги колената заедно со присутните браќа, му се молеше на Господа Христа за црквите, за престанок на гонењата и за зголемување на љубовта помеѓу верните браќа. Потоа Свети Игнатиј беше однесен во Рим и со царската наредба му беше предаден на градскиот епарх. И овој, гледајќи го Богоносецот и читајќи ја царската наредба, веднаш нареди да се подготват ѕверовите.

Дојде и празникот, и Свети Игнатиј беше доведен во гледалиштето, а целиот град се собра за приредбата, бидејќи насекаде се прошири веста дека епископот Смирнски ќе биде фрлен пред ѕверови. Поставен на сцената, светителот со светло лице му се обрати на народот, пркосно, со својата херојска душа и радувајќи се што за Христа прима смрт, громко рече: „Римјани! Вие го гледате овој мој подвиг! Знајте дека ја примам оваа казна не за злочин, и на смрт сум осуден не за некое беззаконие, туку заради Единиот Бог мој, за кого сум обземен од љубов и по кого ненаситно копнеам. Зашто јас сум пченица Негова и ќе бидам сомелен од забите на ѕверовите, за да бидам чист леб за Него.“

Штом светецот го кажа ова, лавови беа пуштени на него. Веднаш јурнаа, го растргнаа светецот на парчиња и го изедоа, оставајќи ги само коските негови. И желбата на светецот се исполни: ѕверовите да му бидат гроб. Бог го допушти тоа според волјата на Својот угодник. Зашто Бог можеше да ги затвори устите на лавовите пред него, како пред Даниел во јамата и пред Света Текла на сцената, за слава на Своето Свето Име. Но Тој не го стори тоа, сакајќи повеќе да ја исполни желбата и молбата на Својот слуга отколку да ја прослави Својата семоќна сила. - Таков беше крајот на Свети Игнатиј Богоносецот, таков беше неговиот подвиг, таква беше љубовта негова кон Бога.

Кога приредбата заврши, верните што беа во Рим и на кои светецот им беше пишал од Смирна, како и некои од оние што патуваа со него, ги собраа преостанатите коски на светиот маченик и, неутешно плачејќи по него, ги положија чесно на посебно место надвор од градот во дваесеттиот ден од месец декември, 107-та година.

„Ние, кои со свои очи го видовме ова, - изјавуваат хроничарите на маченичката смрт на Свети Игнатиј, целата ноќ ја поминавме дома во солзи и со метании и молитви го молевме Господа да нè утеши во оваа тага. И кога потоа малку заспавме, некои од нас го видоа Свети Игнатиј како се појавува меѓу нас и нè прегрнува, други го видоа како се моли за нас, а некои го видоа целиот испотен, како, по тешка борба и работа предстои пред Господа. Со радост гледајќи го ова и сфаќајќи го сновидението, му отпеавме пофалба на Бога, дарителот на добрините, го возвеличавме светиот маж и го забележавме денот и годината на неговата смрт, за да можеме, собирајќи се на денот на мачеништвото негово, да општиме со подвижникот и сјајниот маченик Христов.“

Дознавајќи за кончението на Свети Игнатиј, и за неговата јуначна храброст и како без никаков страв и со радост за својот Бог - Христос отишол во смрт, царот Трајан го обзеде тага за маченикот. Откако слушна за христијаните, дека тоа се луѓе добри и кротки, дека живеат во воздржание, ја сакаат чистотата, се оддалечуваат од секакво злодело, имаат беспрекорно живеење и во ништо не се противат на неговото царство, само дека не се согласуваат да имаат многу богови, туку Го почитуваат Единиот Христос, Трајан нареди повеќе да не ги убиваат, туку да ги остават да живеат во мир.

Потоа, чесните коски на Свети Игнатиј Богоносец беа свечено пренесени во Антиохија за заштита на градот, за исцеление на болните и за радост на целото стадо на овој пастир, а во слава на Бога, во Троица Единиот, од сите славениот во веки. Амин.

За свети Игнатиј Богоносецот некои го кажуваат и ова: Кога го водеа кон ѕверовите, непрестано на уста го имаше името на Христа. Незнабошците го прашаа зошто непрестајно го повторува тоа име. Светителот одговори дека во своето срце го има напишано името на Исуса Христа, па затоа и со устата го исповеда Оној кого постојано го носи во своето срце. А кога потоа ѕверовите го изедоа, поред неговите коски остана сочувано неговото срце цело, недопрено од ѕверовите. Кога го најдоа, незнабошците се сетија на зборовите на свети Игнатиј, го расекоа срцето на две половини, сакајќи да се уверат во тоа што тој го зборуваше. И најдоа: на двете внатрешни страни на расеченото срце, со златни букви, напишано името: „ Исус Христос “. Така, свети Игнатиј беше Богоносец и по име и во стварноста, секогаш носејќи го во срцето свое Христа Бога, со богомислениот ум како со перо напишано.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ФИЛАГОНИЈ, епископот Антиохиски

Од раното детство, блажениот Филагониј се посвети на изучувањето на светото писмо, и затоа уште од почетокот беше посветен на Бога. Покрај тоа, многу темелно ги изучи и сите останати науки. Но воден и раководен од светото учење, тој со чистотата и светоста на својот живот засветли посилно од сонцето.

Филагониј имаше жена и деца. Како адвокат по занимање, тој постојано го посетуваше судот: таму секогаш ги заштитуваше луѓето на кои им беше направена неправда, и сѐ исправаше пред угнетувачите и силниците, бранејќи ги вдовиците и сираците, ништите и бедните. И сјаеше неговиот живот во доблести. А пак по смртта на својата сопруга беше поставен за епископ. Во тоа време иако гонењата на христијаните од незнабожните беше престанало, во црквата имаше голем немир, предизвикан од еретиците. Блажениот Филагониј, како пастир добар, будно го чуваше своето стадо, и со својата мудрост отстрануваше од него разни неспокојствија, одбивајќи ги и разбивајќи ги невистините и заблудите на еретиците. Затоа светиот Златоуст, со особени пофалби го удостои светиот Филагониј.

Така блажениот Филагониј, водејќи ангелски живот на земјата и богоугодно пасејќи го стадото кое му беше доверено, во мир се претстави и отиде кај Господа.

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ДАНИЛО II, архиепископ српски

Светиот српски архиепископ Данило живееше и дејствуваше во времето на српските кралеви Милутин и Стефан Дечански, и царот Душан. Син на властелини им остана единец на своите знаменити и богати родители, бидејќи браќата и сестрите му изумреа уште во времето на неговото детство. Како дете, Данило ги молеше родителите да го дадат на учител да учи книга, но тие ожалостени од смртта на своите деца, не сакаа единецот да им се измачува со учење. Меѓутоа малиот остана упорен во својата желба и измоли еден роднина да го однесе кај учител, тајно од родителите. Надарен и совесен, набрзо Данило стана најдобар ученик и ги надмина врсниците и другарите во школото, за што сите му се восхитуваа. А пак родителите во почетокот многу тагуваа, но кога дознаа каде е нивниот син и колку е напреден во учењето, се помирија и во сѐ се препуштија на Божјата волја.

Меѓутоа кај детето Данило, напоредно со копнежот по знаење, почна бујно да се буди и копнеж кон целомудрието, чистотата, постот, бдеењето, молитвата, кон доблести кои се одлика на зрелите луѓе. Подвизувајќи се во тие доблести, тој започна да се интересира за подвижничкиот живот. Му беше мило да се среќава со монаси, им го укажуваше должното внимание, разговараше со нив за монашкиот живот. И наскоро, во него се пројави желбата да стане монах. И често се молеше на Бога да го удостои со монашки чин. Многу слушајќи за чудата во светиот град Ерусалим и на Светата Гора Атонска, веќе на таа возраст гореше од желба да ги посети тие свети места. Но сѐ уште не беше настапило тоа време.

Кога Данило стана полнолетен, кралот Милутин го зеде кај себе на својот двор, бидејќи беше дознал за неговите вонредни особини. Кралот го засака и го држеше поред себе, укажувајќи му особено внимание. Но Данило не се возгордеа, ами и на дворот се однесуваше скромно и смирено, непрестајно чезнеејќи за монашки живот и од Бога чекајќи згодна прилика за да го оствари својот копнеж.

Побожниот цар Милутин често патуваше низ својата земја, посетувајќи цркви и манастири, поклонувајќи се на светите мошти и делејќи богата милостиња. На едно од тие патувања, и Данило беше во свитата на благочестивиот крал. Кога престојуваа во манастирот Света Троица во Сопочани, Данило се зближи со еден богоугоден старец, монах, и во разговор со него му ја откри желбата на својата душа за монашки живот и го молеше да му помогне да ја оствари. И кога кралот и неговата свита по богослужбата се повлекоа на починка и одмор, христокопнежливиот млад властелин, тајно, ноќта, се искрадна од манастирот со старецот монах и воден од него побегна во манастирот на свети Никола во Кончул, на реката Ибар. Таму, игуменот на манастирот, Николај, го замонаши бегалецот од кралскиот двор и му го даде името Данило.

Со дамнешна желба по монаштвото, Данило со сета душа се оддаде на исполнување на монашките завети; заедно со другите, ревносно посетувајќи ги црквените богослуженија и во текот на денот работејќи на сите манастирски послушанија, Данило ноќта, насамо, му се предаваше на бдеењето, богомислието и на непрестајната молитва. Молитвата, солзите на умилението и покајанието, постот и другите подвизи набрзо го направија Данило образец за другите монаси. Гласот за неговите подвизи се пронесе на сите страни. Така, тој глас стигна и до тогашниот српски архиепископ Евстатиј. Тој го повика кај себе, бидејќи му беа потребни посветени и побожни, духовни луѓе. И многу пати го повикуваше кај себе Данило, но тој никако не сакаше да си го напушти омиленото место на подвижништво. Архиепископот беше принуден да му се обрати на кралот Милутин, тој да му нареди на монахот Данило да не се оглуши на повикот на архиепископот. Советувајќи го преподобниот Данило, кралот му напиша: „Ти секогаш се одликуваше со верност и послушност на мојата волја; и сега постапи според мојот предлог и желба. Всушност и самиот знаеш, пофално ли е да не се послуша архиепископ. Тој повеќе пати оправдано ме молеше за тоа“.

Тогаш преподобниот Данило, со надеж дека Бог нема да го лиши од Својата благодатна помош, реши да отиде кај архиепископот. Земајќи благослов од игуманот и простувајќи се со братијата од манастирот, отпатува кај архиепископот Евстатиј, чиј двор се наоѓаше во манастирот Жича. Архиепископот го прими со голема                 љубов, го ракоположи за јеромонах и го задржа на својот двор.

Наоѓајќи се покрај архиепископот, преподобниот Данило продолжи со својот подвижнички монашки живот, напредувајќи во добродетелите. Истовремено извршуваше разни наредби од архиепископот и должности во управата на црквата. Убав и речит, имаше „дар од Господа, мудро и паметно да зборува пред царевите“, по зборовите на пророк Исаија. Така помина една ипол година поред архиепископот.

Преподобниот Данило имаше и дамнешна и пламена желба која не го напушташе: да ја види Свете Гора, и во неа манастирот Хилендар, завештание на светиот Стефан Немања и неговиот син свети Сава, во кое тие се подвизувале и го оставиле како небесна драгоценост. Многу љубејќи го и ценејќи го ова свето завештание, кралот Милутин царски го обнови и го прошири. Притоа на молба на тогашниот Хилендарски игуман Киријак, недалеку од манастирот, на брегот на морето подигна пирг, кула со црква свети спас, заради заштита на манастирот од морски разбојници. Но игуманот Киријак набрзо умре. Желни да изберат достоен преемник, архиепископот и кралот Милутин свикаа духовен собор, и соборот еднодушно го избра Данило за хилендарски игумен.

Изборот на преподобниот Данило дојде во тешко време не само за Света Гора, туку и за целото Ромејско царство, Византија. Во тоа време турците веќе напредуваа кон Цариград; настојуваа од Азија преку морето да се префрлат и во Европа. Ромејските цареви ги превземаа сите мерки да ги заштитат христијаните од неверниците. При тоа побараа и помош од надвор. Така кралот Милутин му помагал на ромејскиот цар Андроник Постариот протиив турците во Азија. Потоа царот на Византија беше принуден да формира наемничка војска; за таа цел зеде шпански Каталонци. Но, наемничката војска не се држеше до договорот, и наскоро се поврза со турците и стана жесток противник на православното христијанско царство. Тие ограбувале, рушеле и палеле куќи по целиот Балкански полуостров. По брегот пак на морето опустошувале морски разбојници, особено венецијанските. Овие сувоземни непријатели -  Каталонците, и морските – првенствено венецијанските, не ја оставија на мир и Света Гора Атонска. Преувеличените гласови за богатството на Светогорските манастири ги привлекуваа разбојниците, кои во дивјачки налети не го штедеа населението, и не гледајќи ниту на чин, ниту на возраст, убиваа, пљачкаа, одведуваа во ропство. Од тие разбојници, иако христијани - латини, не остана поштедена ниту српската Светогорска лавра - Хилендар.

Ете, во такво тешко време преподобниот Данило беше назначен за игумен во Хилендар. Кралот Милутин и архиепископот Евстатиј со богати дарови го испратија игуменот Данило за светата Хилендарска лавра. Кога стигна во Хилендар, игуменот Данило се предаде на уште построги духовни подвизи, минувајќи го животот во најдлабоко и испосничко молитвено подвизување. При тоа тој доживуваше многу искушенија и напади од злите духови, кои на сите начини се трудеа да го одвратат од неговите молитвени подвизи, особено ноќните, наведувајќи на него разни страшила и стравотни привиди. Но сето тоа тој го совладуваше и победуваше со срдечна молитва, со богомудро постење, со трпение, со потпирање на Бога, и со себе принудување на сѐ поголеми и поголеми подвизи. Личниот пример на игуменот и неговите топли и красноречиви поуки, подражаваа и ширеа меѓу манастрските братија еднодушност, слога, меѓусебна љубов и ревносна радост во подвизите.

Така мина многу време. Но приликите се сменија и од Данила бараа нови подвизи: заштита на Хилендарската обител од спомнатите разбојници, кои ја пустошеа и ја разоруваа цела Света Гора. Во уредениот и утврден Хилендарски манастир имаше збег од многу мирјани, барајќи покрив, заштита и храна. Сите залихи на манастирот беа ставени на располагање на гладните луѓе. Но кога залихите исчезнаа, сите започнаа да трпат глад.  Најпосле, во опседнатиот манастир од глад почнаа да умираат луѓе и стока. Некои поради тоа решија да го напуштат манастирот, но при обидот да избегаат, непријателите ги фаќаа, па некои од нив ги убиваа, а некои во ропство ги водеа. Меѓутоа игуменот Данило, силен во верата и храбар во надежта во Бога, не паѓаше во духот. Силни напори правеше непријателот за да продре во Хилендар: многу пати се обиде да ја разбие манастирката капија, или да ги пробие бедемите; често пати  го засипувал манастирот со стрели, но никако не успеваше да се вовлече во манастирот. Преподобниот Данило храбро го бранеше манастирот и јуначки го поднесуваша бојот и гладот, целиот потпрен на Бога со непрестајна молитва. Така тој издржа три ипол години во утврдениот манастир, опседнат од непријателот. А кога едно време непријателот отстапи од манастирот, грижливиот и далекувидниот игумен Данило реши да ги спаси манастирските драгоцености. Затоа најпрво ја осигура натамошната заштита и одбрана на манастирот со оние кои остануваат, а самиот со неколкумина браќа ги зеде свештените црковни садови и драгоценостите, и крена кон Србија за таму да ги засолни, за да не го дофати непријателот во случај Хилендар да му падне во раце. На тој пат Данило се пробиваше низ краишта завземени и опустошени од непријателот. Но, со Божја помош, провлекувајќи се низ најразлични опасности, тој успешно стигна во тогашната српска престолнина, градот Скопје, му ги предаде на кралот сите црквени драгоцености, и му ги раскажа сите маки и неприлики кои непријателите ѝ ги задаваат на Света Гора. Кралот Милутин со радост го прими игуманот Данило, и се восхитуваше како тој со толкаво богатство се пробил низ непријателит и стигна жив и здрав. Притоа кралот сесрдно и грижливо го молеше преподобниот отец Данило да остане кој него додека опасностите не ги одминат Света гора и патот кој води до неа. Но преподобниот никако не прифати да остане вон Света Гора, спремен веднаш да тргне назад, надевајќи се на милоста и помошта Божја, и потсеќајќи се на зборовите Господови дека не треба да се плашиме од оние кои го убиваат телото, а на душата не ѝ можат ништо. Како добар подвижник, беше решен да ги претрпи сите лишувања и беди, дури и смрт, но никако да не ја остави обителта која му беше поверена.

Затоа, со многу љубов се прости со кралот и крена назад кон Света Гора. И на тој обратен пат доживеа многубројни опасности, но од сите нив го спасуваше особената Божја промисла и од Бога дадената му мудрост.

Кога стигна во Хилендар, преподобниот го затекна пред пад: бидејќи бранителите опседнати долго време, страдаа од глад и жед, и веќе беа готови да им се предадат на непријателите. Преподобниот Данило веднаш испрати искусни и вешти луѓе кои некако се пробија до морето, купија лаѓа со пшеница и ја доставија во манастирот. Потоа преподобниот во околината на Света Гора најми наоружани војници за заштита на Хилендар од непријателите. А непријателите кога чуја дека Данило се вратил во манастирот и таму собрал војници, не се осудија таа година на го нападнат манастирот, туку се расеаја по Света Гора, насекаде пустошејќи и пљачкајќи. А кога по опустошувањето на Света Гора вараварите се враќаа назад, и еден нивен одред минуваше во близина на Хилендар, војниците кои се наоѓаа во Хилендар почнаа да го молат преподобниот да им допушти да ги нападнат непријателите. Преподбниот не беше за тоа, зашто не сакаше да ги изложува на опсности и рани. Но тие, надевајќи се на Господа и на Пречистата Богородица и на молитвите на преподобниот, на едно многу згодно место направија заседа и таму одненадеж ги нападнаа варварите кои минуваа. Мноштво непријатели беа убиени и ранети, многумина врзани беа доведени во манастирот и беше запленето многу оружје и драгоцености. Во тоа, преподобниот Данило ја виде очигледната Божја помош, вознесе пламена благодарност на Бога, а запленетите драгоцености по неколкумина верни слуги му ги испрати како подарок на кралот Милутин.

После тоа, преподобниот повторно на себе ги зеде строгите монашки подвизи, целото време минувајќи го во молитва, пост и богомислие. За своите доблести, за големите трудови и мудрост кај сите стекна голема љубов и почит.

Не долго потоа, по Света Гора се пронесе вест дека варварите пак се подготвуваат да го нападна Хилендар, со намера овојпат наполно да го уништат. Од незаситна желба по богатството на Хилендар, тие копнееја да го зграбат на било кој начин. Кога го дозна ова, преподобниот Данило, очекувајќи смрт од варварите, отиде во рускиот манастир на светиот Пантелејмон кај својот духовен отец, да се види и да поразговара со него. Така тие се издвоија во високиот манастирски пирг, кулата, и во разговор поминаа цел ден и ноќ.. За тоа време непријателите си најдоа помошници: со злато поткупија двајца хилендарски служители кои, заведени од ѓаволот, ветија дека ќе им го предадат преподобниот Данило во раце. И додека преподобниот престојуваше во рускиот манастир, непријателите, заедно со поткупените слуги смислија начин како да се вовлечат во рускиот манастир и да го фатат преподобниот Данило. Затоа тие ноќе дојдоа до рускиот манастир. Поткупените слуги почнаа да тропаат на манастирската капија, молејќи да ги пуштат внатре за да се видат со пореподобниот Данило заради некои манастирски работи. Но отците се уплашија, и не ги пуштија сѐ до утрената богослужба.

Известен за нив, преподобниот Данило замоли да ги доведат кај него. Како причина за своето доаѓање, слугите кажаа некоја измислена причина. Незлобив и простосрдечен, преподобниот им поверува. Но во рана зора, кога преподобниот одејќи поред манастирската кула и ги читаше Часовите, во далечината здогледа нешто како јато огомни птици. А кога се развиде, се покажа дека тоа се чети на варварите. Викајќи, тие го опколија манастирот и со сите сили настојуваа да ги пробијат манастирските бедеми. Најпосле, провалија внатре и почнаа дивјачки да пљачкаат и да уништуваат. Притоа бараа да им го предадат игуманот Данило, инаку манастирот до темел ќе го срушат и запалат. И навистина го запалија храмот и ќелиите. Потоа наложија многу дрва, штици и слама околу пиргот во кој се криеше преподобниот, па ги запалија. Пламенот високо се дигаше; слугите кои беа во кулата со преподобниот, со стрели ги засипуваа варварите и многумина убија и ранија. Тогаш заговорниците кои беа со тие слуги, почнаа да ги наговараат останатите слуги да го предадат преподобниот Данило во рацете на непријателот, за на тој начин да ги спасат своите животи. Но остроумниот и прзорлив игуман подвижник го почувствува и го сфати предавничкиот заговор. И мудро се снајде: на врвот на кулата имаше црква, клучевите од неа тој ги зеде тајно, ги повика сите во црквата да се помолат на Бога и да се простат меѓу себе бидејќи се на прагот на смртта; а пак самиот, во душата своја непрестајно Го повикуваше Бога на помош. Кога влегоа во црквата, слугите верни на преподобниот, на договорен знак ги изненадија и ги разоружаа заговорниците, па со преподобниот Данило излегоа од црквата заклучувајќи ги во неа предавниците. Меѓутоа, пламенот веќе достигнуваше до вратата; преподобниот најде вода и малку вино, ги изли на огнот и така ја намали силата на огнот. Притоа Господ ја покажа кон нив милоста Своја: одеднаш од врвот на Атон дувна силен студен ветер кој почна да го растерува чадот и да го гаси огнот и со својата свежина ги спаси оние кои се наоѓаа во кулата. Тоа траеше до пладне, кога непријателите излегоа од манастирот и се распоредија да ручаат. Одненадеж, меѓу нив настана некоја збунетост и тревога: го зграпчија своето оружје, скокнаа на коњите и брзо одјурија од манастирот. Преподобниот Данило во почетокот сметаше дека се работи за некоја замка и лукавство, и не напуштајќи ја кулата од срце запомагаше кон Господа. Меѓутоа пројде доста време, а непријателите не се враќаа. Најпосле светителот дозна дека главните старешини на варварите ја напуштиле Света Гора со своите војници, па затоа и овие кои пустошеа и зулумеа по Рускиот манастир и во опсада ја држеа кулата, напуштија сѐ и побегнаа. Преживувајќи го сето тоа, преподобниот му вознесе благодарност на Бога за таквото чудесно свое спасение.

Оставајќи го Рускиот манастир, преподобниот Данило со своите духовни чеда и сопатници, се упати во светогорскиот Ксиропотамски манастир на Светите Четириесет Маченици, кој е на морскиот брег. Тој манастир, во свое време добил голема помош од Свети Сава, првиот Српски архиепископ. Тука преподобниот Данило се запиша себе си и своите родители во манастирскиот поменик. И откако помина таму неколку дена во молитва, се врати во својот манастир Хилендар.

По пустошењата и пљачките по Света Гора во тек на три и пол години од страна на латинските крстоносци-пљачкосувачи, на Света Гора постепено почна да се враќа спокојството и редовниот монашки живот. Во чистењето на Балканот од овие варвари заедно се труделе ромејскиот цар Андроник и српскиот крал Милутин.

Кога на Света Гора повторно се зацарија тишината и спокојството, преподобниот Данило, отсекогаш желен за осаменичко молитвено тихување, реши да се повлече од старешинството. Така, за игумен на Хилендарската обител беше поставен неговиот ученик Никодим, а самиот се повлече во ќелијата на свети Сава на Кареа, каде што самиот Свети Сава некогаш се подвизувал во молитвено тихување и го оставил својот Типик за живеење во својата молчалница. Преподобниот Данило со сета своја душа се предаде на подвижничко живеење по Типикот на свети Сава: со големо усрдие и љубов, целото време го минуваше во молитва, пост, сеноќно стоење, метании, псалмопеење и во останатите свети подвизи, за кои копнееше уште од раната младост. Големи и недостижни беа неговите монашки трудови: со строг пост го истјазаваше своето тело; минувајќи ја секоја ноќ во молитвено бдеење, пеење псалми и метании, тој до раното изгрејсонце не си даваше себеси ниту најмал одмор. Со таков живот стекна дар на обилни солзи. Многу напади и лукавства му приредуваше ѓаволот во времето на тие подвизи; но тогаш, светителот го симнуваше крстот кој секогаш го носеше на градите и со него се оградуваше со вера и молитва, и така ги уништуваше и ги развејуваше сите лукавства на врагот. Тоа беше неговото вообичаено орудие и оружје во искушенијата и нападите од демоните. Преподобниот сјаеше со своите добродетели, така што многу монаси од Света Гора почнаа да доаѓаат кај него заради духовна утеха и совети.

Во времето кога преподобниот Данило се подвизуваше во Карејската испосница, во неговата татковина, Србија избувна војна: против кралот Милутин се подигна неговиот брат Драгутин, со намера, со помош на Угарскиот крал да му го превземе престолот и на негово место да го седне својот син Урошица. Милутин се најде во голема опасност. Плашејќи се од упад на непријателот, тој ги смести драгоценостите во манастирот Бањска. Но тој немаше доверлив човек на кого ќе ги довери на чување. При тоа умре и епископот на Бањска. Тогаш мислата на кралот Милутин се задржа на вредниот Данило, бившиот Хилендарски игумен. И почна да испраќа пратеници, еден по друг повикувајќи го кај себе. Целиот предаден на осаменичките подвизи, преподобниот Данило долго откажуваше, но нетстапните молитви на кралот најпосле го примораа и тој реши да го остави омиленото место на своето молитвено подвижничко тихување и самување. А од која причина го повикува, преподобниот не знаеше. Кралот неискажливо се израдува на пристигањето на светиот Данило, го опсипа со голема љубов, и наскоро, во четири очи детално му ја раскажа својата мака и неопходната потреба, тој, Данило да стане епископ на Бањска и под своја управа да го прими манастирот на свети Стефан во Бањска, каде што е сместено богатството. Овој предлог и оваа молба на кралот многу го огорчија преподобниот Данило, и тој упорно го одбиваше тоа, не сакајќи да се раздели од омилената му Света Гора и од тамошното подвижничко молитвено тихување. Но, причините на кралот и неговите молби, и навистина тешката положба на кралот, најпосле го принудија преподобниот да прифати, особено кога кралот му вети дека, ако се врати среќно од војната, ќе го отпушти на Света Гора.

Така свети Данило беше посветен за епископ на Бањска и поставен за настојател на манастирот на свети Стефан. Таму, тајно од сите му ги предаде сите драгоцености, и тргна со војската против братот, иако ниту најмалку го посакуваше тоа. По Божја волја, војната заврши среќно за кралот Милутин. Свети Данило беше посредник - миротворец помеѓу браќата: ги помири кралот Драгутин со Милутин; го убеди Драгутин за секогаш да се откаже од такви потфати, навредливи за христијанските чувства.

По тоа епископот Данило почна упорно да го моли кралот Милутин да го отпушти на Света Гора. Иако кралот се обидуваше на секој начин да го убеди преподобниот да остане во татковината, тој никако не прифати, и отпатува во љубениот Хилендар. Таму се насели во спомнатиот пирг, и повторно се предаде на своите мили поранешни подвизи со недостижна ревност. Како и секогаш, а особено сега, се посвети на изучување на книгите и на Светото Писмо. А тоа читање и изучување на Светото Писмо, целосно беше оградено и проникнато со молитва, пост, бдеење, смиреноумие, радосно самомачење, и со останатите свети подвизи. Низ сето тоа, кај светиот епископ – подвижник се засили неговата дамнешна желба, да отпатува во Светата Земја и да се поклони на тамошните христијански светињи. Сметајќи дека тоа е најзгодното време за тоа, тој започна да се подготвува за пат.

За таа негова намера дозна и кралот Милутин во Србија и многу се ожалости, бидејќи епископот Данило и тогаш, во 1316. година, како и до тогаш му беше многу потеребен како човек во кого има полно поверение и чии совети многу ги ценел. И почна кралот упорно да го повикува кај себе и да го моли да го одложи патувањето во Светата Земја и да дојде во Србија, со што и во оваа прилика ќе ја докаже љубовта и верноста кон него.

Не знаејќи ја кралевата намера, свети Данило ја исполни срдечната молба на кралот и, по трет пат допатува во Србија. Кралот мнгу се израдува на неговото доаѓање и одлучно му изјави дека овој пат повеќе нема да го отпушти од себе, бидејќи му е потребен како учител и советник. Преосветениот Данило, гледајќи дека ништо не помага, ниту отказите, ниту молбите, со тага по омилената Света Гора, смерно рече: „Нека е за сѐ благословено името Господово“. Бидејќи во меѓувреме Бањската епископија беше укината, кралот го упати епископот во архиепископијата кај Српскиот архиепископ Сава III-ти, кој во својот дом му додели ќелија, како иден свој преемник, бидејќи кралот Милутин, наговарајќи го епископот Данило да се врати во Србија, му го вети престолот на свети Сава.

Архиепискпот Сава III-ти наскоро умре. На архиепискпоскиот престол беше востоличен, веројатно по наговор на свети Данило, неговиот ученик, хилендарскиот игуман Никодим, кој сјаеше со побожност и доблести, а свети Данило беше поставен за епископ Хумски, 1317. година.

Најпосле, стариот крал Милутин се разболе, и по кусо боледување во својот дворец во Неродимље, издивна на рацете на свети Данило, 20. октомври 1320. година. Свети Данило како негов поранешен духовен отец, учествуваше во погребението на кралот во неговата оставштина, во манастирот на свети Стефан во Бањска, според дамнешната желба на покојниот крал.

На престолот, по кралот Милутин, стапи неговиот син, свети Стефан Дечански. Веднаш по крунисувањето тој го повика и го приближи кон себе епископот Данило, кого од својата младост го засака и го ценеше како мудар советник на неговиот татко, а особено како заштитник во тешките неволји. Благодарение на заземањето и посредувањето на епископот Данило, Стефан Дечански е ослободен од заточение во Цариград и конечно помирен со татка си, кралот Милутин.

Сега, на новиот крал, преосветениот Данило му стана првиот учител, советник и помошник. Во почетокот на своето владеење, Дечански се најде во многу тешкотии, како внатрешни, така и надворешни. Новиот крал мораше да се брани од внатрешните непријатели и соперници: братучед му од чичко, Владислав, син на кралот Драгутин, и од својот роден брат Константин. Исто така морал да се брани себе си и Србија и од надворешните непријатели. Бугарскиот цар Михаил ја протера својата жена Неда, сестрата на Стефан Дечански и работеше на зближување и сојуз со Ромеите против Србите. Стефан Дечански морал и со оружје да се брани и да прибегнува кон мировни преговори. За таквите пак преговори немаше човек поспособен од епископот Данило. Кралот Дечански му го повери на епископот Данило водењето на тие преговори и со бугарскиот цар Михаил и со Ромејскиот цар Андроник Помладиот. И тој тие преговори ги изведе со целосен успех.

Но, вршејќи ги разните претставништва на кралот и опсипан со љубов, внимание и почести од страна на кралот, епископот Данило не можеше да го заборави своето омилено осамено подвизување и молитвено тихување во Света Гора. Затоа тој, по сите овие успешно извршени работи, пак отпатува на Света Гора. Но во времето на неговото отсуство, во Србија, умре архиепископот Никодим, на 13. мај 1324. година. Кралот Стефан Дечански веднаш почна да го повикува светиот Данило од Света Гора, не известувајќи го за ништо од својата намера, само повикувајќи го да дојде заради совет. Преподобниот се одзва на повикот и дојде во Србија. Тогаш, Соборот на сите српски земји, свикан од кралот, едногласно го избра на 14. септември, на Крстовден, 1324. година за „архиепископ на сите Српски и приморски земји“. Во тоа време архиепископот Данило имаше пеесет години.

Кога стапи на престолот на свети Сава, архиепископот Данило со целата своја душа се оддаде на работа на доброто на Црквата на толку љубената татковина. Самиот, како столб и пример на побожноста, мудроста и ревноста, тој владикуваше богомудро: подигаше и украсуваше цркви, ја просветуваше паствата со евангелска просвета, насекаде и со сѐ работеше на тоа, да ги сочува душите на својата паства од разни заблуди и да ги утврди во вечната Вистина Христова. Затоа многу работеше и на просветувањето на свештенството и на ширењето на светите книги. Целиот се заложи богослужението да се врши правилно и торжествено.

Во својата разновидна евангелска дејност, свети Данило одеше по стапките на свети Сава и на неговите најдобри наследници. Го продолжуваше она што го беа започнале добрите и ревносните архиепископи, а го исправал она што слабите го упропастиле. Помагач на Милутин, тој како да се натпреварувал со својот крал во убавината, богатството и множината на завештанијата. Ќе биде доволно да ги споменеме само најважните. Подигна храм на Богородица Одигитрија – Патеводителка, со два мали храмови во неа, на свети Јован и на Свети Арсениј, каде што набавил грчки книги и осигурал служба од грчки монаси. Изгради црквичка на свети Никола поред своето големо завештание. Смислил и извел пред храмовите во Печ, прекрасна, иконописана припрата со патос. Соѕидал пирг со црквичка на врвот посветена на свети Даниил и со ѕвона, мачно довезени од приморјето. Ја завршил прекинатата обнова на Жича, опустошена од Куманите, ја покрил, дигнал столб, ја иконописал трпезаријата и подигнал и една дрвена зграда. Мудар и речит, имаше дарба и вештина за секое земно дело. Градител и садител, светиот архиепископ од пустош и дивина правеше питома и очовечена земја. Секоја работа неотстапно ја довршувал. Освен големите завештанија, тој уште во Маглич ја дарувал црквата на св. Ѓорге, подигнал палати и изградил ќелии. Во Јелшица подигнал црква на свети Михаил и двор. Во Лизица ја обновил црквата на свети Сава. Сите свои завештанија ги опколил со лозја, овоштарници и градини. Каде што не стигнал да направи црква од камен, ја градел од дрво.

Светиот архиепископ Данило е знаменит као побожен подвижник, црковен и државен работник, но и како многу просветен човек и писател. Неговиот близок ученик, кој и го напиша неговото житие, сведочи дека Данило беше многу начитан, многу ја сакаше книгата и се трудеше во ширењето на книгите во Србија. Како писател го остави познатото дело: „Животите на кралевите и архиепископите српски“.

Неуморен во службата на Бога до крајот на животот, смирен монах и храбар воин, длабок мислител и вешт државник, искрен испосник и „искусен во делата на световниот живот“, одушевен уметник и совесен писател, полн со мисли за небесниот живот и наполно предаден на обработувањето на земјата, а целиот на небото со душата, и целиот на земјата со небесната Вистина, светиот архиепископ Данило мирно се упокои во Господа во времето на царот Душан, ноќта помеѓу 19. и 20. декември 1337. година.

Големиот монах, големиот подвижник, големиот ерарх, големиот трудбеник и голем родољуб, со света душа и ум и срце, уште за време на животот се удостои од Господа со дарот на чудотворството. На престолот на свети Сава како архиепископ помина четрнаесет години и три месеци. По неговите молитви, Господи Исусе Христе, помилу нѐ и нас грешните, и удостој нѐ со сета душа да ти служиме Тебе, низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ЈОВАН, КРОНШТАТСКИОТ ЧУДОТВОРЕЦ

Ете друг свети Никола Чудотворец: по силата на верата, по силата на молитвата, по силата на љубовта, по силата на милостивоста, по силата на сите евангелски добродетели, па затоа, и по силата на чудотворството. Да, истиот семоќен Господ Христос е и во свети Никола Чудотворецот и во свети Јован Кронштадскиот Чудотворец. Вечно севистинитата благовест е и во едниот и во другиот: „Исус Христос е ист вчера и денес и вовеки“ (Евр. 13, 8). Ист е Он - Сечудесен Спасител, и исти се и Неговите Светители: Апостолите, Мачениците, Исповедниците, Бесребрениците, Преподобните, Праведниците, зашто Он - Сечовекољубивиот, живее и дејствува во сите нив и низ сите нив во сите времиња, па и во нашето време. А светиот Јован Кронштатски е, туку речи наш современик, се упокои на 20. декември 1908. Целиот Христоносец, светоотечки праведен, тој апостолски свето живееше и дејствуваше и чудотвореше. Неговата вера, апостолски света, силна и семоќна, чини апостолски чуда. Ја прооди огромната руска земја, правејќи безбројни и неискажливи чудеса. Од сите страни на Русија му се обраќаа за помош , за исцеленија, за совет. Честопати немаше време ни да ги прочита безбројните телеграми, писма и молби, со кои му се обраќаа за помош. Тој на светата проскомидија ги благословуваше, молејќи Го Господа да ги исполни молбите на молителите; и на неговите молитви се случуваат исцеленија по огромната земја Руска. Ете за таков светител Божји станува збор. Без сомнение, неговата помош од небесата потребна ни е на сите нас, луѓето кои живееме во овој изгубен рај, кој се нарекува земја.

Светиот отец Јован Иљич Сергиев, подоцна наречен Кронштадски според местото на свештеничката служба, се родил на 19. Октомври 1829. Година (по стариот календар) во сиромашното село Сури во Архангелската губернија, на крајниот север на Русија. Неговите родители, Иља и Теодора, биле сиромашни, но многу побожни и честити луѓе. Татко му бил чтец и служител во месната црква на светиот отец Никола, дрвена, изградена во XVII век, во кои светите садови, поради сиромаштија, биле од олово. Од раѓање бил многу слаб и изгледало дека нема долго да живее, поради што родителите побрзале и веднаш го крстиле. На крштението му го дале името Јован, по името на свети Јован Рилски, чиј спомен црквата го слави тој ден. По крштевањето малиот брзо се опоравил и зацврснал.

Кога имаше шест години, еден ден, во собата виде ангел Божји кој блескаше со небесна светлост, и многу се уплаши. Но ангелот му рече да не се плаши, бидејќи е негов ангел чувар, кој насекаде ќе го следи, ќе го чува и ќе го спасува од секоја опасност, и со него ќе биде во текот на целиот негов живот.

Малиот Вања (така го ословуваа родителите од милост) секогаш со татко му одеше во црква и ги засака црвените книги и служби. Подоцна често зборуваше дека својата побожност ја нацрпел читајќи богослужбени книги.

Живеејќи во сурови услови на крајна материјална сиромаштија, уште од детството се запозна со немаштијата и со неволјите кои таа ги носи. На него тоа влијаеше да биде замислен, присебен, повлечен во себе и сочувствителен кон сиромашните и страдалниците. Детските игри и занимации, својствени за возраста, него не го привлекуваа. Неговото срце гореше од љубов кон Бога, црквата и богослуженијата. Помагајќи му на татко му во црквата, поред него учеше да чита и пишува, но многу тешко му одеше.

Кога порасна за училиште, а во селото немаше, родителите ги собраа последните пари и го запишаа во парохиското училиште во Архангелск. Иако ги сакаше и школото и книгата, учењето му одеше тешко: не сфаќаше и не памтеше. Тоа го мачеше и го поттикнуваше да се моли на Бога за помош, особено ноќе кога другарчињата спиеја. По една таква топла молитва, Господ изли на него обилни дарови на својот Свет Дух и тој потоа стана најдобриот ученик во неговото одделение. За тоа самиот сведочи во својот дневник „Мојот живот во Христа“: „Јас сакав да станувам ноќе на молитва, кога сите спијат, кога е тишина. Најмногу и најчесто се молев Господ да ми подари светлост на разумот за утеха на моите родители. Така, една ноќ, кога сите заспаа, јас пак паднав на колена и започнав пламено да се молам. Не знам колку се молев, но нешто целиот ме потресе. Во тој момент како да падна перде од мојот ум и од моите очи, и во моментот ми стана јасно сето тоа што учителот тој ден го предаваше. Ми олесна на душата и на местото на дотогашната тага, ме обзеде радост. По завршувањето на молитвата легнав и заспав толку мирно и спокојно, како никогаш до тогаш. Штом се покажа утрото, станав, ги зедов книгите и почнав да читам. На моја голема радост, читав лесно, сфатив сѐ што прочитав и можев тоа да го прераскажам. Во училницата не ми се седеше како порано: сѐ сфаќав и памтев. Учителот ми даде задача од аритметика. Ја решив и учителот ме пофали. Брзо напредував во учењето и од последен по успех, станав прв. Потоа ми стануваше сѐ полесно. Училиштето го завршив како еден од најдобрите и ме преместија во семинаријата (богословијата).

Семинаријата во Архангелск ја заврши како прв во класот и примен е како државен питомец во Петроградската духовна академија.

За време на школувањето во Академијата, умре татко му, и мајка му остана без средства за живот. Тоа многу го ожалости и падна во грижи како да ѝ помогне на мајка си. Така размислувајќи, му падна на ум да почне да им препишува лекции на своите поимотни другари и така да заработува за да ѝ помогне на мајка му. Ноќе, додека неговите другари спиеја, тој препишуваше и така заработуваше по десет рубљи месечно и сите ѝ ги праќаше на мајка си.

За време на студиите во Академијата, помислуваше, по завршувањето да се замонаши и како мисионер да отиде кај незнабошците во Сибир, но Промислата Божја имаше друг план со него. Размислувајќи за натамошното свое служење во црквата Христова, една вечер заспа и во сон се виде себе си како служи како свештеник во храмот на свети Андреј Првоповиканиот во Кронштат, каде што никогаш не бил. Со тоа Бог му го покажа полето на неговата пастирска дејност. Волјата Божја сакаше тој да ѝ послужи на црквата како парохиски свештеник. По тој Свој план, Господ уреди, та Јован по завршувањето на Академијата ја зеде за сопруга Елисавета, ќерката на кронштатскиот протоереј, и нему му ја понудија парохијата при храмот на светиот апостол Андреј Првоповиканиот. Во бракот, со сопругата живееше како со сестра, девствено.

На 12. декември 1855. година е ракоположен за свештеник и е упатен во парохијата која му е доделена. Кога влезе во храмот на светиот апостол Андреј застана вчудоневиден, зашто тоа беше храмот кој порано го виде на сон.

Градот Кронштат со тврдината се наоѓа на островот Котлино, на 26 километри од устието на реката Нева, го затвара пристапот кон Петроград и со тоа се смета за негово предградие. Ова предградие беше место на административен прогон за скитници, пијаници и други порочни луѓе од престолнината. Овие луѓе се сместуваа вон градот во бараки и колиби, се влечеа по улиците, просеа и се пијанчеа. Освен овие, во Кронштат имаше и многу физички работници во пристаништето, кои вршеа претовар од големите морски лаѓи (кои поради плитките води не можеа да стигнат до Петроград) во помали, руски, или од овие во поголеми странски лаѓи. И овие работници со семејствата се населуваа околу градот. Мажите се пијанчеа, а жените со децата живееја во крајна оскудица, глад и студ.

И одеднаш, по Божја промисла, насред тој духовен мрак засветли зракот на Божјата милост и љубов во лицето на отец Јован. Новиот млад свештеник, отец Јован, почна да ги посетува тие колиби, бараки и бедни зградички. Ги тешеше напуштените мајки, си играше и ги милуваше нивните деца, додека тие переа, им помагаше со пари, ги учеше и ги советуваше пијаниците. Целата своја плата им ја раздаваше на бедните; а кога му снемуваше пари, ја соблекуваше од себе облеката и обувките, и без нив се враќаше дома.

Во почетокот овие сурови и груби луѓе, кои друштвото ги презре и ги отфрли, не можеа да ги сфатат племенитите побуди на нивниот пастир, па на него гледаа попреку, дури и непријателски. Но неговата необична добрина, саможртва и материјална помош им ги отвори очите – во него да видат Божји пратеник и свој пријател, добротвор и спасител. За тој духовен препород на паствата нуди потресно сведоштво еден занаетчија: „Кога отец Јован дојде во Крионштат јас имав 22-23 години. Сега сум старец, но многу добро се сеќавам на својата прва средба со батјушка (отец) Јован. Ние бевме четворица во нашето семејство: јас, жената и две деца. Јас работев и се пијанчев, а семејството гладуваше. Жена ми беше принудена скришум да проси. Живеевме во бедна колиба. Еден ден од градот се враќам полупијан, и гледам во мојата колиба млад свештеник, седи и на колена го држи моето синче, нешто умилно му раскажува, а детето сериозно слуша. Во тој момент батјушка личеше на Христос од иконите, кој ги благословува децата. Сакав да му се нафрлам, да го изругам, но неговите благи и сериозни очи ме задржаа, и место бес ме обзеде срам. Го спуштив погледот, а тој, чувствувам, гледа во мене право во душата, и почна да зборува. Не смеам да повторам сѐ што притоа рече. Рече дека мојата колипка е рај, бидејќи каде има деца таму е топло и убаво, и овој рај не би требало да се менува со чадот на крчмата. Не ме окривуваше, туку ме оправдуваше и пријателски ме советуваше. Јас молчев и слушав. Тие зборови длабоко се врежаа во мојата душа и беа пресвртница во мојот живот. По неговото заминување долго молчев, готов да заплачам. Жена ми ќути и гледа во мене. Од тој час, јас станав друг човек“ ...

Неговите колеги од парохијата, свештениците на Андреевскиот храм, не само што немаа разбирање за ваквата пастирска дејност на отец Јован, ами долго време го исмеваа и со злобна намера ѝ забележуваа на неговата сопруга: „Твојот доброчинец и денес си дојде дома бос“. Им пречеше и тоа што целата своја плата им ја раздаваше на сиротите, па успеаја кај властите на епархијата да уредат, платата да не му ја даваат нему, туку на жена му. Но Бог не сакаше да го лиши својот слуга од можноста и натаму да чини добри дела. По Божја Промисла, поставен е за вероучител во Реалната гимназија со месечна плата со која можел слободно да располага. И тој продолжи да прави добри дела.

И покрај тоа што беше презафатен со работа во парохијата, тој полни 25 години беше вероучител. Уште од првиот ден на својата работа во гимназијата, тој ги освои срцата на децата, кои со најголема радост ги дочекуваа неговите часови. Неговите поуки дишеа со таква сила на верата, што секој збор длабоко продираше во душата. Неговите предавања, полни со родителска љубов се впиваа во душата доживотно. Неговата пламена вера, која извираше од секој негов збор, се пренесуваше на децата, ги загреваше нивните срца и ги придвижуваше во натпревар во доброто: учење, послушност кон родителите, наставниците и постарите, дружељубивоста и взаемното братско помагање, уредното посетување на црквата и богослуженијата, доброчинствата, уредното обавување на сите должности, совладување на своите зли нагони и така натаму.

Сите негови ученици, од кои многумина подоцна достигнаа до највисоките позиции во граѓанската и војната служба (лекари, инженери, судии, адвокати, државни советници, генерали, адмирали и т.н.), во своето сеќавање на своето школско време говореа дека од сите школски часови, најпријатни и за формирање на нивните карактери најкорисни биле часовите по веронаука на отец Јован. Тоа го потврдува и благодарницата на родителите, која му ја предале на отец Јован кога ја напуштал службата на вероучител во гимназијата. Во неа се вели:

„Ти на нашите деца не им предаваше сува схоластика, не им излагаше мртва формула - текстови и изрази, не бараше од нив само на памет да ги научат лекциите. Ти во приемчивите души ги сееше животворните Божји зборови. Многу деца поминаа низ светата Твоја школа. Многу од нив се наоѓаат на разни степени и звања во служба на Царот и Татковината, и сите тие, вдахновени од Тебе и од Твоето свето општење со нив, ја паметат Твојата љубов, поуките, Твоите часови, и сите тие благословувајќи Те, со побожност се сеќаваат на сите тие незаборавни часови кои го поминаа со Тебе.

Ти самиот, без да забележиш, со својата пламена љубов кон Бога и со бескрајното милосрдие кон луѓето, со своето живо слово ја запали во своите ученици светлината на вистинското Богопознание, а со својот свет пример и милосрдие ги исполни нивните млади срца со страв Божји, вера, надеж во Бога и со љубов кон Него и кон своите браќа.

Нека благодарноста наша, на татковците и мајките, биде како мирна молитва кон Бога за Тебе, Он да излие врз Тебе од Својот Сесветол Престол толку духовна радост, колку што Ти ни даде утеха низ нашите деца, во нивното добро однесување и успесите“.

Во неговата пастирска грижа и ревност, првото место го завземаше градската невработена сиромаштија, која со сите можни средства ја помагаше. Но бидејќи неговата помош не можеше значително да го промени овој горечки проблем, тој во 1872. година преку градскиот лист „Кронштатски весник“ објави два апели до сите луѓе со добра волја, со своите прилози да го овозможат подигањето на „Домот на трудољубието“, во кој невработените би се вработиле, уште и би добиле ефтина храна и преноќиште. Во овие апели тој верно и сликовито ја прикажа тешката состојба на градската сиромаштија како и користа која би ја донело остварувањето на овој план.

Бог ја благослови неговата племенита намера, и неговиот апел наиде на поволен одзив. Со собраните средства е подигнато четирикатно здание, прво такво во Русија „Дом на трудољубието“, кој е осветен на 12. октомври 1882. година.

Секој кој сакал, можел во „Домот на трудољубието“ да добие работа, на пример да лепи кеси, да обработува канап и т.н., а како награда да добие здрава храна до ситост, извесна парична награда и скромно, но чисто преноќувалиште.

Во состав на „Домот на трудољубието“ биле следниве установи: 1. Работилница за обработка на канап, во која во текот на годините работеле 25 000 работници. 2. Женска работилница која имала три одделенија: модно, за изработка на веш и везови. 3. Кондураџиска работилница во која децата се обучувале во кондураџискиот занает под раководство  на искусен мајстор. 4. Народна кујна во кој за незначителна цена се издавале обеди, а во празнични денови се давало на неколку стотини души. 5. Ноќно засолниште кое издавало преноќиште за три копејки (пари). 6. Бесплатно прифатилиште на сиромашни жени. 7 Бесплатно амбулантно лечилиште. 8. Неделни и празнични предавања - тумачења на Евангелието и на руската историја. 9. Бесплатно народно основно училиште. 10. Вечерни курсеви за рачна работа. 11. Курс за женска работа. 12. Бесплатна детска библиотека при основното училиште. 13. Бесплатна читална. 14. Неделна школа 15. Курсеви по цртање. 16. Прибежиште за сиромашни и детска градинка. 17. Друго прибежиште за малолетни од обата пола. 18. Вонградски Дом на милосрдието кој го носел името на отец Јован и кој служел како сокровиште за деца во текот на летото. 19. Дом на Андреевското парохиско старателство во кој секоја година на име помош на сиромашните се издавале неколку илјади рубљи.

Во домот била устроена и домашна црква посветена на свети Александар Невски.

Шест години подоцна, во 1888 година, отец Јован успеал да изгради камена куќа за ноќевање на три ката.

 „Домот на трудољубието“ со овие згради станал цел град , полн со жива и смислена активност. Управници на Домот беа луѓе од сите општествени класи. Меѓу нив немаше поделби, како едно сложно семејство, сите заедно работеа на сузбивање на сиромаштијата и бедата во општеството. Во таа насока, управниците не се раководеа ниту од партиски, ниту од себични интереси: се правеше добро на сите потребити, без обѕир на народност и вера.

Иако изгради толку многу згради, отец Јован и понатаму живееше во мала, скромна куќа, каде што во неговиот стан се влегуваше низ кујната.

Тој беше неуморен работник и градител. На негова иницијатива, или со негови средства и со негова помош, изградени се многу цркви и манастири. Најчесто, се започнуваше без подготвени средства. Но, доволно беше само да се најде името на отец Јован меѓу основачите или иницијаторите, или тој да се завземе за нешто, да благослови некое дело - потребните средства пристигнуваа од сите страни, и преземената акција беше успешно завршувана дури и да беа потребни милиони рубли за нејзино завршување. Така, во Петроград беше изграден манастир посветен на Дванаесетте Свети Апостоли, наречен „Јовановски“, чија градба чинеше еден и пол милион рубли.

Со средства на отец Јован, во неговото родно место, селото Сури, е изграден женски манастир и училиште. Потоа црква во Архангелск и манастир во Јарославската област. Покрај ова, со средствата што му ги дале на располагање неговите почитувачи, тој помогна во изградбата на многу цркви и манастири низ цела Русија.

Отец Јован беше ретка појава меѓу луѓето, духовен горостас, сад полн со изобилна Божја благодат, која преку него се излеваше врз сите луѓе. Во неговиот карактер се забележуваат многу и исклучителни особини кои го издвојуваат од другите луѓе. Тоа се: молитвеноста, аскетизмот, сиромаштијата, смирението, кротоста и љубовта.

Молитвеност. Отец Јован беше голем молитвеник. Во своите молитви кон Бога, тој Му се обраќаше како што син му се обраќа на својот татко: со голема слобода и цврста вера дека ќе го добие она што го бара. Речиси секогаш се молеше клечејќи и најчесто со свои зборови, нагласувајќи некои од нив, според пригодата и потребата. Се молеше собрано, верно, со сето свое битие и сила, така што често, капки пот му го обливаа лицето и солзи му капеа од очите. За време на молитвата, тој длабоко навлегуваше во духот и во значењето на секој збор. На тој начин, неговата молитва не беше шаблонско и механичко редење на зборови, ами изливање на срцето и душата, на целото негово битие. Молитвата му беше духовна храна, без која не можеше ни дење ни ноќе. Честопати добар дел од ноќите го поминуваше шетајќи низ градината, полугласно пеејќи псалми и молитви. Покрај секојдневните Вечерни и Утрени богослужби, тој секој ден служеше и Света Литургија. За време на бослужењето, особено на Светата Литургија, со духот напросто гореше како оган. Лицето му сјаеше со небесна светлина и зрачеше светлост и топлина. Тогаш со својот дух се вознесуваше на небо, пред престолот на Севишниот, во друштво на ангелските сили. Оваа благодатна промена обично се случуваше на Литургијата, по читањето на Символот на верата и по зборовите: „Да стоиме смерно, да стоиме со страв“... Со својата молитва и со ваквата благодатна измена, тој многу силно, честопати потресно дејствуваше на присутните: косата им се креваше на глава и им минеа морници низ телата, гледајќи го и слушајќи ги неговите огнени молитви.

Нему молитвата му беше насушна потреба. „Се гасам, духовно умирам, кога не служам во храмот неколку дена“, зборуваше, „а пламтам, и оживувам со душа и срце, кога служам, принудувајќи се себеси на молитва, не формална, туку активна, духовна, искрена, огнена. Сакам да се молам во Божјиот храм, во светиот олтар, пред престолот и жртвеникот, бидејќи во храмот чудно се менувам со благодатта Божја. Во покајните молитви и во умилението, од мојата душа паѓаат синџирите на страста и чувствувам таква леснотија, како да умирам за светот и светот за мене со сите негови добра. Оживувам во Бога и за Бога, и целосно проникнат од Него, станувам еден дух со Него. Се чувствувам како дете, утешено во скутот на мајка си. Срцето мое е тогаш полно со наднебесен, сладок мир. Душата се просветлува со небесна светлост; сè гледаш светло, на сè гледаш правилно, кон сè чувствуваш пријателство и љубов, дури и кон твоите непријатели, и со задоволство ги извинуваш и им простуваш! О, колку е блажена душата со Бога! Црквата - таа е вистински земен рај! Каква слобода имаш кон Господ и Богородица! Каква кроткост, смирение и незлобивост чувствуваш! Каква рамнодушност кон земното! Каква пламена желба кон небесните наслади! Јазикот не може да го изрази блаженството што го чувствуваш кога Бога го имаш во срцето свое! Со Него, сè земно е - прав и гнилеж.

Треба, и против своја волја да се самопринудуваме на срдечни, чувствителни, промислени молитви и метании -  неизбежно, и метании! Ова е потребно против нашата гордост која се гнезди во длабочините на срцата. Гордоста не ги сака метаниите“...

Од многуте кратки молитви на отец Јован, ќе ги споменеме само овие: „Господи, името Ти е - Љубов: не отфрлај ме мене, изгубениот. Името Ти е - Сила: закрепни ме мене, изнемоштениот и паднат. Името Ти е - Светлина: просветли ја душата моја, помрачена од животни страсти. Името Ти е - Мир: смири ја мојата разбранувана душа. Твоето име е - Милост: не престанувај да ме милуваш“...

Аскетизам. Друга црта на неговиот карактер е аскетизмот, кој се манифестира во умереноста во јадењето и во пиењето и строгото држење на сите пости. Јадеше многу малку. Освен супа од пилешко дропче - никакво месо не вкусил. Наместо месо, во неговата куќа, за време на мрсот, се јадело риба: харинга, платика, бакалар и супа од икра. Неколку лажици супа или чорба или две - три парчиња риба - му беа доволни. И кога имаше повеќе јадења на масата, тој не ги допираше. Во среда и петок не јадел ниту риба и строго ги држел сите пости. Во велигденскиот пост, наместо риба, јадел печурки. На пост, бил навикнат како дете од родителите.

Сиромаштво. Тоа е третата црта на неговиот карактер. Се роди сиромав, таков и умре, иако во текот на животот низ неговите раце поминаа милиони рубљи. Сѐ што добиваше од почитувачите и од благодарните за ицеленијата, веднаш раздаваше на сиромашни и потребити околу себе, или ги помагаше добротворните установи и ѕидањето на цркви и манастири. Има многубројни примери за раздавање на тукушто примени пари на луѓе околу себе. Ќе наведеме неколку.

Во Вологда, му пријде на отец Јован една бедно облечена жена и му побара милостина. Тој од џебот на ментијата го извади тукушто добиениот коверт со книжни пари и ѝ го подаде. Набрзо потоа таа се врати и возбудено му кажа: „Батјушка! Веројатно се прелажавте, тука има илјада рубљи“. - „Но, па што? Тоа е твоја сеќа, оди и заблагодари Му на Бога“, ѝ одговори тој.

При посетата на Киев во 1893. година, по светата Литургија во дворската црква на сопругата на великиот кнез Николај Николајевиќ Постариот, врачен му е пакет со банкноти, а тој веднаш ѝ го даде на една млада девојка пред себе. Таа се збуни и рече: „Ви пријдев заради благослов, а не заради пари“. На тоа тој ѝ одговори: „Земи ги, наскоро ќе ти требаат“. И навистина, таа набрзо се вери и парите и беа од голема помош.

Во истата пригода, опкружен со многу народ, од една дама доби плик со банкноти, а тој веднаш ѝ го даде на жената пред себе. Дадителката се тргна и извика: „Оче Јоване, таму има многу пари!“ Тој ѝ одговори: „Ти ми даде мене, а јас давам на кого сакам. Ако ти жал, земи си го пликот и оди си!“ Таа се препадна и почна да се извинува.

За време на една општа исповед во Андреевскиот храм во Кронштат една жена му предаде плик со пари, а тој веднаш ѝ го даде на жената пред себе. Дарителката беше многу изненадена со оваа негова постапка, па се обиде да му ја фати раката и да го задржи, извикнувајќи: „Батјушка, па тука има три илјади рубљи!“ А тој ѝ одговори: „Нејзе токму толку и ѝ требаат“. Еден богаташ му предаде на отец Јован пакет со 15 000 рубљи. Во тој момент му пријде девојка која го замоли за помош за мираз. Тој ѝ го подаде пакетет кој штотуку го доби, не знаејќи колку пари има во него. Кога богаташот го виде тоа му напомна дека таму има 15 000 рубљи. На тоа отец Јован мирно одговори: „Нејзе ѝ е потребно“.

При една посета на богат трговец во Петроград, овој на разделбата му тутна на отец Јован во рака плик со пари. Во тој момент, пред да се качи на колата, падна на колена пред неговите нозе еден сирот и побара милостина. Без размилување, отец Јован му го даде пред малку примениот плик. Запрепастен, трговецот викна: „Што сторивте батјушка? Таму има две илјади рубљи!“ - „Тоа е негова среќа“, Мирно одговори отец Јован.

Смирение, кротост и љубов – се следните црти на неговиот карактер. Иако надарен со вонредни и изобилни Божји дарови: проѕорливост (видовитост) и чудотворство, тој беше многу смирен, кроток и полн со љубов према Бога и луѓето. Секогаш достапен и љубезен во однесувањето со сите, и полн со сочувство кон неволните и страдалните, секогаш беше готов да му притекне на помош на секого со сѐ што може, дење или ноќе, не штедејќи се. Неговата љубов не можеше да прави разлика меѓу луѓето, ами ги опфаќаше и добрите и злите, и пријателите и непријателите.

Кога му приговорија дека околу себе трпи лоши луѓе, тој одговори: „Кога Спасителот не ги бркаше од Себе прељубниците и грешниците, и покрај Себе го трпеше Јуда издајникот, зарем јас недостојниот да не го следам Неговиот пример. Јас сум исто така грешен човек како и вие. Самиот грешам и се каам... Чувајте се од гордоста“...

Грижа за болните и грешниците – покајници. Уште од првиот ден на службата во парохијата, отец Јован, по богослужбите најголема грижа посветувал на болните и неволните. Секогаш кога ќе чуеше за некој болен, сакаше да го посети не чекајќи повик. Ги посетуваше сите, па и болните од заразни болести. Покрај утехата и моралната поткрепа, им пружаше благодатна помош, а често и материјална. Знаејќи од светото Евангелие дека гревовите се најчеста причина за телесните болести, настојуваше болниот прво да се измири со Бога преку покајание, потоа се молеше за негово оздравување и сето тоа го запечатуваше со света Причест. За својот труд тој не само што не бараше награда, туку и одбиваше да го прими понуденото. Се придржуваше до зборовите на Спасителот: „Бесплатно добивте (благодат), бесплатно и давајте“ (Мат. 10, 8). А Бог, кој е бавен на гнев, а брз на милост, ги излеваше преку отец Јован Својот благослов и милоста на болните и тие оздравуваа. Гласот за чудесните исцеленија по неговите молитви брзо се разнесе низ Кронштат, потоа во Петроград, и најпосле, по цела Русија, па и надвор од нејзините граници. Невидени чуда се случуваа по неговите молитви: слепи прогледуваа по миење со света водичка; сакати стануваа и одеа; умно пореметени и опседнати си доаѓаа на себе и се исцелуваа; страдалниците од неизлечиви болести од кои се откажале најдобрите лекари, оздравуваа.

Прво во Кронштат почнаа да го викаат кај болните, потоа во Петроград, Москва, Харков и во други градови. Кој не можел да дојде во Кронштат, му се обраќал со писмо и молел за негова молитвена помош. Полесно болните кои не биле врзани за постела, итаа во Андреевскиот храм во кој тој служеше. Славата на големиот молитвеник и чудотворец привлече и маса на здрави луѓе, кои бараа негов благослов, па поради тоа не само што го исполнуваа храмот за време на богослуженијата, туку го следеа секаде каде и да се појавеше: на улица, во приватни домови, на железница, на лаѓа. Поради навалицата на луѓето да му пријдат на улица, неколку пати животот му беше во опасност да го задушат, да го полегнат на земја и да го изгазат. Па кога поради ова беше принуден по улиците да се движи во фијакер (кола), маса свет би ја опколувала колата, „како пчели кошница“, би се качувале на прагот на фијакерот, се беселе на него, само да би го виделе, да добијат негов благослов, или да би му ги довериле своите несреќи, да му ги предадат своите напишани молби или пари. Истото се случуваше и на железничките и парабродските станици. Затоа често и полицијата морала да посредува, да го обезбедува неговиот живот и да му прокрчува пат низ масата. Но и тогаш масата често го пробивала кордонот на полицијата и тогаш станувала неопишлива гужва. Вистинско чудо е како во такви моменти извлекуваше жива глава. Благодатта Божја го штитеше – тоа е единственото објаснение.

За поудобно да патува до Москва, по одлука на министерот за сообраќај, во брзиот воз за него секогаш имаше на располагање одно купе од прва класа, а за подалечни патувања и цел вагон, кој се додаваше на редовните композиции во правецот на неговото патување.

Славата која ја имаше како голем молитвеник и чудотворец, за него беше голем и тежок крст: откако се прочу во народот, тој веќе немаше свој личен живот; народот не му даваше мир ни ден ни ноќ, не само во црквата, на улица и на патувањата, ами и во неговиот дом; од народот немаше ниту сон ниту одмор. Големо чудо е тоа како тој, овој претежок крст го носеше – полни пет децении! Овој крст го сфати како волја Божја и без роптање се повинуваше. А благодатта Божја го крепеше и му даваше сила да истрае во подвигот.

Покрај болните, за него голем товар беа и грешниците – покајници. Во своите беседи го повикуваше народот на покајание, бидејќи сите сме грешни пред Бога, а народот се одзиваше и одеше кај него на исповед. Од ден на ден имаше сѐ повеќе покајници и тој не беше во можност да ги исповеда сите поединечно, дури и ако тоа го правеше и ден и ноќ. Андреевскиот храм во Кронштат за врема на службите, што не остануваше ниту една стапка слободен простор, а во храмот собираше 7000 луѓе. Поради тоа отец Јован беше принуден да воведе општа, задничка исповед, као што било пракса во првите векови на христијанството (до крајот на IV век).

За време на исповедта тој застануваше на амвонот и ги почнуваше молитвите. Во преполниот храм завладуваше целосна тишина. Неговиот глас одекнуваше и продираше во душите на присутните, потоа набрзо започнуваше да дрхти и да рида, а од очите му течеа солзи: тој ги оплакуваше гревовите на сите присутни.

Неговата топла љубов и солзи ги омекнуваше и најтврдите срца и предизвикуваше воздишки и плач: ридање и јауци ја исполнуваа црквата. При крајот на чинот на исповедта ги повикуваше присутните да се стишат и ги прашуваше дали се покааја и дали сакаат да се поправат. На нивниот позитивен одговор, им заповедаше да ги приклонат главите. Во гробна тишина го подигаше епитрахилот, го ширеше над присутниот народ, како со него да им ги покрива главите и ќе ја прочиташе разрешната молитва. Радосниот народ, ослободен од тешкото бреме на гревот, со благодарност го гледаше својот добар пастир, чие лице сјаеше со надземен сјај. Такви исповеди се паметат цел живот.

Својот верен слуга Господ го надари со многу дарови, од кои особено се истакнуваат даровите на прозорливоста (видовитоста) и исцелувањето на болните.

Прозорливоста е таков благодатен дар на духовниот вид во кој не постои граница помеѓу минатото и идното, ниту пак има тајни во душата и срцето на човекот: тој подеднакво го гледа она што се случило во минатото и што ќе стане во иднината, јасно ги чита тајните на срцето, како од отворена книга; за него не постои граница која го дели видливиот свет од невидливиот, духовниот.

Овој дар отец Јован го пројавил безброј пати, што го потврдуваат сведоштвата на директно погодени луѓе или на очевидци. Не е можно да се наведат сите познати случаи, бидејќи би требала цела книга. Ќе наведеме неколку.

1 - При едно доаѓање во подворјето на Левшинскиот манастир во Петроград, вечерта отслужи сеноќно бдение, а утредента стана да прошета по брегот на реката Нева и да се надише свеж утрински воздух. Со него беше игуманијата на манастирот. Во прошетката ги стигна погребната поворка на некој пијаница. Отец Јован почна да се крсти и ѝ рече на игуманијата: „Оф, колку е страшна смртта на пијаница!“ - „Вие го знаевте покојникот?“ запраша игуманијата. - „Не, но го гледам демонот како се радува на гибелта на неговата душа“, одговори тој.

2 - Го повикаа отец Јован во една куќа да отслужи молебен. По завршувањето, домаќинката му даваше плик со пари, но тој не сакаше да го прими, туку ѝ нареди утредента да му го предаде  на првиот кој ќе го сретне на улица.

Утредента жената порани и излезе на улица. Очекуваше да наиде некој работник или сиромав. Но на улицата немаше никој. Продолжи да оди и сретна еден официр. Не си дозволуваше да го запре, ами продолжи понатаму. Но на улицата нигде никој. По извесно колебање, се сврте назад и побрза да го стигне официрот. Го замоли да застане и му го раскажа својот случај. Тогаш официрот ѝ откри дека се наоѓа во многу тешка состојба: жена му е сериозно болна, а тој нема пари за лекови. Одеше кон заложниот завод да го заложи последното и така да дојде до пари за лекови. Жената тогаш му го предаде пликото со пари кои тој ги прими како дар Божји и Му се заблагодари на Бога и на дарителката.

3 - Еднаш во Петроград роднините на некој болен неколку пати го молеле отец Јован да дојде и да се помоли за исцеление на болниот. Тоа беше за време на белата недела пред велигденскиот пост. Но отец Јован зафатен со други, поитни работи, не доаѓаше. Тогаш болниот се пошегува и рече дека отец Јован сега некаде јаде палачинки, и затоа не доаѓа. И наиде отец Јован, кога овие веќе беа изгубиле дадеж дека ќе дојде. Влегувајќи во станот, тој се упати право во собата на болниот, како да му е добро познат распоредот на собите во станот, иако до тогаш никогаш таму не бил. Приоѓајќи до постелата на болниот, како во извинување, рече: „Палачинки јас ниту не вкусив“. Тоа како гром ги порази присутните.

4 - За време на молебенот во едно семејство беше присутна и една тажно расположена жена. Отец Јован од паричникот извади 2 000 рубљи, ѝ ги даде и ѝ рече:„Земи, ќе ти требаат!“. Нејзе ѝ претстоела операција и парите навистина ѝ биле многу потребни.

Истовремено, на некој човек поред него му даде помала сума. Нему му биле потребни кондури, а немал пари да купи. Од отец Јован доби точно колку чинат нови чевли.

5 - За време на службата во црквата на кадетскиот корпус, во Москва, во олтарот влезе еден млад офицер за да го види отец Јован. Во тој момент тој ги пренесуваше светите Дарови од престолот на жртвеникот. Кога ги пренесе, му пријде на офицерот и му ги бакна рацете. Сите во олтарот беа многу изненадени и збунети. Никој не знаеше зошто отец Јован го направи тоа. Не знаеше ниту офицерот. И тој многу се изненади и се збуни. Меѓу присутните почна да се шепоти дека тоа претскажува некое идно случување во животот на младиот офицер, можеби ќе биде свештеник. Па сепак - се случи. Тој подоцна се замонаши во Оптинската пустина и под името Варсонуфиј беше познат како голем подвижник.

6 - Отец Јован му даде благослов на вдовецот, капетанот Алексеев, да стапи во духовната академија и му прорече дека по завршувањето на академијата ќе биде епископ во неговиот роден крај, во Архангелск. Се исполни пророштвото. Ја заврши Академијата во 1892 година, се замонаши и како монах Михеј беше избран за архангелски епископ.

7 - Познатиот професор Александар Иванович Александров од Казанскиот универзитет прими писмо од една пријателка со покана да дојде и да присуствува на молебен во нивната куќа, кој ќе го служи отец Јован Кронштатски. На професорот не му се допадна поканата. Му се причини дека за него е навреда да појде на молебен кој ќе го служи нему непознат свештеник. Но кога назначениот час се приближи, се предомисли и појде. Стигнувајќи до куќата на своите познати, се најде пред заклучената врата на главниот влез. Но тој знаеше дека има и спореден влез и се упати таму. Таа врата беше ширум отворена. Влезе, но во првите простории не најде никого. Тоа значеше дека службата почнала и тој се упати кон средината на станот.

Кога дојде до одајата во која се вршеше службата, не влезе внатре, ами застана зад подотворената врата. Отец Јован го служеше молебенот и сите присутни беа внесени во молитвата. По завршувањето на молебенот сите по ред пристапуваа кон крстот и кон раката на отец Јован. Кога сите се изредија, отец Јован се сврте кон вратата и запраша: „А што е со професорот, зошто тој не приоѓа?“

Домаќинката брзо дојде до вратата и зад неа го најде збунетиот професор, на кого образите му беа црвени како рак.

Кога професорот влезе, отец Јован му забележа: „Вие професоре, како да се плашите од крстот? А видете, вие наскоро ќе доживеете на сите да им го поднесувате крстот да го целиваат“.

Збунетиот професор, во кого беа вперени сите погледи, пријде и го целива крстот.

По извесно време го напушти жена му и дојде до развод на бракот. Тој се замонаши и стана ректор на Казанската Духовна Академија, а потоа и епископ. Како епископ, тешко се разболе и со писмо го замоли отец Јован да се помоли за негово оздравување. По неколку дена доби од отецот одговор дека молбата му е услишана. И навистина, се опорави и оздраве.

8 - Еден трговец од централна Русија дојде кај отец Јован во Кронштат и по литургијата во Андреевскиот храм пријде да го целива крстот во раката на отец Јован. Поред отец Јован стоеше тацна во која верните спуштаа прилози за сиромашните. Кога наиде трговецот, отец Јован зграби од тацната поголема сума на пари и му ја пружи на трговецот. Овој одби да прими, говорејќи дека е имотен човек и дека може самиот да приложи. Но отецот упорно настојуваше да ги земе, говорејќи: „Земи ги, ќе ти требаат“. Трговецот повеќе не смееше да се спротивставува и ги зеде. Кога се врати дома, дозна страшна вест: неговите магазини со стоката изгореле и тој останал без ништо. Помошта која ја доби од отец Јован му беше добродојдена и му овозможи да продолжи со трговија.

9 - Во 1899. година, заставникот Владимир Степанович Евлампиев беше сведок на следната случка на станицата Брест - Литовск.

Шестгодишното синче на негови познаници беше болно од дифтерија и тамошните лекари кажале дека состојбата на детето е безнадежна.

Во тоа време родителите на ова дете дознаа дека отец Јован ќе помине со воз низ оваа станица, со кој воз и во кое време.

Мајката на детето му кажа на мажот ѝ дека ќе појде на станицата и ќе го замоли отец Јован да се помоли за здравје на нивниот син. Мажот ѝ одговори дека таа тешко ќе успее да се пробие низ масата луѓе до отецот, и дека масата може да ја згмечи и да ја удави. Затоа е подобро да појде тој. Жената го молеше да ја поведе со себе, но тој не прифати и тргна сам, додавајќи дека и инаку сѐ е залудно и бескорисно.

Кога возот стигна, заставникот виде како отец Јован излезе од вагонот и се упати право кон таткото на болното дете и му рече: „Зошто не ја поведе со себе и жена ти, кога толку те молеше?“

Толку се збуни таткото, што не знаеше што да одговори.

Отецот го претекна, кажувајќи му: „Нека, не секирај се, оди, син ти е здрав“.

И навистина синот оздраве.

10 - Мажот ѝ на една дама во Петроград боледуваше долго, остана без служба и умре, оставајќи ја жена си во крајна беда со четири малолетни деца. Газдарицата на станот, и самата сиромашна, бараше од вдовицата редовно да ја плаќа киријата, заканувајќи ѝ се со суд и со исфрлање на улица. Гладни и занеможени, децата бараа храна; немаше ниту дрва ниту работа.

„Најдобро ќе биде да завршам со себе“, мислеше несреќната жена. „Тогаш ќе ги прифатат сирачињата“. Така размислувајќи како и каде да најде излез од очајната состојба, реши уште еднаш да побара работа во една куќа, па ако и тој обид не успее, повеќе да не се враќа во својот стан. Лутајќи бесцелно по улиците и едвај држејќи се на нозе, забележа голема група бедници околу еден фијакер кој стоеше на улицата пред една куќа.

„Да не е тука отец Јован?“, ѝ пројде мисла на несреќната жена. Во тој час вратата на куќата се отвори и на неа се појави отец Јован. Брзо пролета со поглед по собраните луѓе, потоа пријде кај жената и ѝ предаде кеса полна со пари.

Изненадена и пресреќна, таа, како на крилја, полета кон станот. Пари во кесата имаше доволно и за кирија и за набавка на дрва и намирници. А по два дена ѝ стигна потврден одговор на нејзината дамнешна молба за прием на две од нејзините деца во прифатилиште. Набрзо и таа најде работа.

11 - Едно побожно семејство во Москва го повика отец Јована во посета. Во тоа семејство имаше студент, кој не веруваше во Бога и се потсмеваше на сметка на „поповите“. Кога стигна отец Јован, најпрво се обрати на студентот, кажувајќи му: „Вам ви е неопходно денеска да се исповедате и да се причестите“.

Продорниот поглед на отец Јован и неговите убедливи зборови дејствуваа на студентот и тој го послуша советот.

По неколку дена, ненадејно умре.

Отец Јован ја провиде скорешната смрт на младичот кого го виде прв пат во животот, се сожали на погибелта која ѝ се заканувала на неговата душа, и го спаси со исповедтта и со причестувањето со Светите Тајни, иако овој се исмејувал со него.

12 - Кога двајца питомци на Војната академија во Петроград слушнале за проѕорливоста на отец Јован, се решија да отидат во Кронштат и да проверат. „Ако е навистина проѕорлив, ќе знае со каква намера и желба дојдовме во Кронштат“.

Како решија, така и направија. Стигнаа во Кронштат и влегоа во Андреевскиот храм за време на светата Литургија. По завршувањето на Литургијата, тие, заедно со другите пријдоа да го целиваат крстот во раката на отец Јован. Кога дојдоа на ред, тој не дозволи, велејќи: „Вие дојдовте да ме искушате, за вас нема благослов“.

Питомците беа ужаснати и длабоко се каеја за својата дрскост.

Ова го раскажа еден од тие двајца, подоцнежен капетан во Севастопол. Тоа се случи во 1900. година.

13 - Едно друштво на коцкарска маса реши да го искуша отец Јован, па испратија по него, да дојде за исповед и причест на еден „болен“.

Тој го одби повикот, велејќи дека не се работи за никаков болен, туку за неработни луѓе на коцкарска маса.

14 - Еден учител по математика од Првата петроградска класична гимназија се разболе од тубркулоза и лекарите го советуваа да отиде во Каиро (Египет) и таму да помине некое време. Тој прорачуна дека ќе му требаат 5 000 рубљи кои ги немаше. Во неволјата, реши да оди во Кронштат до отец Јован и да побара помош од него. Кога дојде во Кронштат, веднаш појде до куќата на отец Јован. Таму наиде на многу свет. Во собата најде едно место, седна и реши да си го почека редот. Не помина многу време и еклисијархот на отец Јован влезе во собата и повика: „Батјушка го вика учителот кој дојде од Петроград“. Болниот помисли дека тоа не се однесува на него и молчеше. Но еклисијархот се појави пак, и праша: „Кој е тука учител од Петроград?“

Овој се јави и појде по него. Отецот го пресретна и го замоли подробно да му раскаже што му е потребно.

Кога болниот кажа, отец Јован почна да се моли на Бога, обраќајќи Му се како на присутен собеседник: „Господи, Ти гледаш дека тој е болен и дека му требаат 5000 рубљи, дај му ги“. Потоа го отпушти.

Кога се врати дома, уморен од патот и од преживеаното возбудување, веднаш легна да спие.

Утредента го разбуди служителот од гимназијата и му рече дека го бара директорот заради некоја итна и важна работа. Тој брзо се спреми и појде.

Директорот му рече дека бил кај баронот Будберг, управникот на царинската канцеларија. На баронот му е потребен педагог, кој би го придружувал неговиот болен син во Каиро, и дека директорот го препорачал него. При тоа му ја даде на учителот својата визит карта и му препорача веднаш да отиде кај баронот. Учителот послуша и отиде. Во канцеларијата со помош на визит картата беше примен кај баронот преку ред.

Баронот му го повтори својот предлог да го придружува неговиот син во Каиро и додаде дека поради многуте издатоци кои сега ги има, може на учителот за патот да му понуди само 5 000 рубљи.

Поразен од чудесното збиднување и вон себе од радост, учителот го прифати предлогот, отпатува во Каиро со синот на баронот и од таму се врати здрав.

15 - Еден богат офицер го минуваше животот безгрижно и раскалашно, пиејќи и безмилосно трошејќи ги парите со слични на него. Имотот му се топеше и се намалуваше брзо. Еден ден, не кажувајќи му на никој ништо, тој тргна пешки кон отец Јован во Кронштат. Кога стигна таму, влезе во Андреевскиот храм, во кој служеше отец Јован. По завршувањето на Литургијата, офицерот излезе од храмот и се најде во маса народ на улица, во моментот кога отец Јован излезе од храмот низ страничната врата, седна во фијакерот кој го чекаше, и веднаш појде. Кога се наближи до групата во која стоеше официрот, отец Јован ја застана колата и по име го повика. Кога овој пријде, отец Јован му рече: „Ти од толкава далечина допатува, седни во колата, ќе одиме кај мене, неопходно ми е да поразговарам со тебе“. По тие зборови го седна покрај себе и тргнаа. По пат му рече дека направил добро што дошол и долго го советуваше да го остави пијанството, пушењето и раскалашниот живот. Офицерот го послуша (ова го раскажа синот на тој офицер).

16 - По улиците на Кронштат врвеа двајца другари, колеги од работа, едниот верник, другиот неверник. Првиот беше голем почитувач на отец Јован, па му предложи на својот другар да одат во црквата на Литургија и да ја ислушаат проповедта на отец Јован. Но другарот, кон отец Јован се однесуваше критички и со сомневање. Но на настојувањето на својот другар сепак прифати, велејќи: „Ништо ново и интересно нема да видам ниту да најдам, но кога настојуваш, сепак ќе дојдам да видам како тој ја изведува својата комедија“.

Кога стигнаа во храмот, Литургијате беше на својот крај. Тие застанаа на страна. Веднаш потоа низ масата народ им приоѓа црквениот тутор, испратен од отец Јован од олтарот, и му соопштува на неверникот дека отец Јован го вика во олтарот. Овој, многу изненаден, но присебен, почна та го уверува туторот дека сигурно се работи за грешка, бидејќи батјушка него воопшто не го познава, ниту може да го знае, и дека сигурно вика некој друг. Туторот се врати во олтарот, но набрзо повторно се појави и му пријде на неверникот, велејќи: „Па вашето име е така и така, а презимето така и така (му го кажа точното име и презиме), според тоа, батјушка вас ве вика“.

До крајност изненаден, неверникот почувствува ледено струење низ телото. Во крајна сметеност, му се обрати на својот другар за совет: „Што да правам, да одам или не?“ - „Па јасно е дека батјушка тебе те вика. Оди, па ако е недоразбирање, ќе се објасни“.

Збунет и блед во лицето, неверникот и покрај својата волја, како по некоја неопходност, тргна по туторот во олтарот.

Само што влегоа, нему му приоѓа отец Јован и му се обраќа со прашање: „Значи, мил мој, кажи ми, те молам, како ти се допаѓа мојата комедија, дали добро ја изведувам?“

Кога го чу ова прашање, неверникот го обзеде трепет и ужас, нозете почна да му потклекнуваат, падна на колена и почна да моли за прошка. Отец Јован го подигна, и со зборови на верата, низ кои провејуваше топла љубов, го поучи и го врати на патот на вистината.

17 - Едно семејство го повика отец Јован на посета. Во очекување на неговото доаѓање, покрај членовите на семејството се присобраа и многу други. Во тоа време на гости на тоа семејство беше една дама, разочарана во животот, која не веруваше ни во Бога ни во чудата на отец Јован. Таа и не сакаше да го види отецот, ниту да го чуе. Затоа се повлече во една зафрлена собичка од станот, седна на креветот и почна да се занимава со рачна работа.

При тоа стигна отец Јован со кола. Пред влезот, него го дочекаа сите членови на семејството кои беа заедно, во намера да му пријдат за благослов. Но, се случи нешто неочекувано и несфатливо за присутните. Наместо да се поздрави со нив, и поединечно да ги благослови, тој со брз чекор пројде поред нив, се упати во станот и низ сплетот на многу простории на големиот стан, влезе во собата во која се беше повлекла онаа дама. Кога го виде отец Јован, таа толку се препна, што ѝ се причини дека собата со сѐ предметите во неа почна да се врти. Но отец Јован мирно седна покрај неа и почна да го побива нејзиното неверие и очајување, да зборува за Божјото милосрдие и промисла, за покајанието и за верата. Зборуваше трогателно, топло и уверливо и ја советуваше да ѝ се врати на верата и надежта. Погодена од неговите зборови, таа се расплака, а нејзиното срце се исполни со благодатна топлина, која секогаш го следи човековото обраќање кон Бога.

Откако така во душата на оваа разочарана жена го запали светилникот на верата и духовниот живот, тој потоа ја изврши молитвата за која беше повикан во семејството.

18 - Некое време во Андреевскиот храм, со отец Јован служеше ѓаконот Михаил. Неговиот тест беше свештеник подолго време во истиот храм со отец Јован. Отец Јован многу ги сакаше и обајцата. На завземање на отец Јован, ѓаконот Михаил беше ракоположен за свештеник и поставен за старешина на храмот и на вероучителите на вториот кадетски корпус во Петроград. Со него во Петроград прејде и неговиот тест, кој беше во години, но сеуште бодар и крепок. При доаѓањето во Петроград отец Јован често го посетуваше ова семејство.

Еднаш, на Велики четврток, околу 9 часот наутро, кога свештеникот Михаил се спремаше да оди во црквата, некој заѕвони на главната врата. Отец Михаил отвори и пред него се покажа отец Јован. Свештеникот Михаил се израдува и се изненади на посетата на отец Јован во тоа време. Отец Јован рече дека дојде за да се опрости со неговиот тест. Стариот свештеник не беше болен, туку само малку малаксан, како и сите стари луѓе на негови години. По кратко задржување отец Јован си замина. Зетот на старецот, свештеникот Михаил, попладнето отиде во својата црква да служи големо бдение. Кога се врати дома, го затекна тестот мртов.

19 - Еден свештеник од внатрешноста на Русија се беше наслушал за отец Јован, па дојде во Кронштат и заедно со отец Јован отслужи рана литургија. Отец Јован, по својот обичај, ги читаше молитвите брзо, одвреме на време повишувајќи го и снижувајќи го тонот. Кога овој свештеник тоа го чу и виде, си помисли во себе: „Па и ти служиш како и сите ние, и не се разликуваш многу од нас“.

На тоа отец Јован гласно му одговори: „А што си мислеше ти? Јас сум ист како и сите вие“.

20 - Владимир Васиљевич Степанов беше поштенски чиновник, но од некакви причини сакаше да ја промени струката. Преку некои лица блиски на отец Јован, тој успеа да се состане со него, му ја изложи својата желба да биде свештеник и побара од него благослов.

Отец Јован му ја објасни тежината и одговорноста на духовниот пастир во времето кое доаѓа, и давајќи му благослов, му рече: „Добро, ќе бидеш свештеник. Ќе те ракопложи епископот Серафим“. Тоа беше во 1907. Година.

Сепак, Владимир ја продолжи поштенската служба. Во годината 1914-та, учествуваше во војната против Германија. Долго време од него немаше никакви вести. Неочекувано, тој на своите им се јави со писмо од Сибир и ги извести дека на него се збидна пророштвото на отец Јован: од март 1919. година тој е свештеник во селото Спасково, близу до Томск, а го ракопложи епископт Серафим. Од Сибир подоцна премина во областа на Урал, а потоа на северен Кавказ. (Сведоштво на неговите браќа).

21 - Еден човек во години, поклоник на свети места, побара од отец Јован благослов пред поклоничкото патување на Света Гора.

Отец Јован го благослови и му кажа: „Појди на Атон, во Андреевскиот скит, таму ќе правиш пат“.

Кога стигна во Андеревскиот скит, тој изрази желба да го примат во братството. Игуманот Јосиф го одби забележувајќи дека во братството имаат премногу монаси и дека нови не им се потребни. Меѓу поклониците одби и многу помлади од него, поспособни за сите видови работа.

– „Но мене кај вас ме испрати отец Јован Кронштатски“, рече поклоникот.

– „А дали знаеш некој занат?“ запраша игуменот.

– „Јас сум ѕидар и можам да тесам камен и пат да правам“

– „Ако си ѕидар, ти си ни потребен. Треба да изградиме пат од Скитот до воденицата“.

– „Батјушка Јован така ми рече: „Појди на Атон, во Андреевскиот скит, таму пат ќе правиш“.

Новиот послушник се зафати со работа и за една година изгради пат во серпентините до воденицата, по кој може да минат и автомобили ако ги има, да сообраќаат, како и сточни запрежни коли.

По завршувањето на патот, ѕидарот се разболе, отиде во болница и во неа умре како монах, поминувајќи во манастирот две години.

22 - Во 1893. година мојот десетгодишен син се разболе од шарлах. Мене ми појде од рака да го сместам во болницата на олденбуршкиот принц во засебна зграда. Болничката опрема и негата беа прекрасни. Лекувањето го надзираше директорот на болницата, познатиот професор Раухфус, специјалист за детски болести.

Но и покрај најдобрите услови за лечење, суровата болест земаше сѐ поголем замав и се закануваше со блиска катастрофа.

Еден тежок ден негувателката ме наговори да излезам на чист воздух и да прошетам по улиците.

Ја послушав и излегов. Одев право како автомат, не ме интересираше ништо. Недалеку од мене пројде кола и јас повеќе со душата отколку со чите видов дека во неа беше отец Јован Кронштатски, и одеднаш ми дојде мисла: ете на кого треба да му се обратам за помош. Но како? Барајќи начин, дојдов до крајот на улицата и свртев во друга. Малку понатаму, на тротоарот видов голема толпа луѓе. Кога стигнав до неа, запрашав зошто се собрал толку народ, што се случило?

-„Овде дојде отец Јован Кронштатски и служи молебен во куќата на месарот“ ми одговорија.

Толку неочекуваната и прекрасна прилика да го сретнам оној на  кого до сега мислев, ме порази. Брзо мислејќи, дојдов до заклучок дека да дојдам до него и да измолам од него молитва за мојот син, но бев далеку од влезот на куќата, а да се пробијам низ така густа толпа - беше невозможно. А и било што да превземам, веќе беше доцна.

Во тој час масата се разбранува. Од куќата во која беше отец Јован излезе група, ја потисна масата која тука стоеше и чекаше и направи патека до колата на отец Јован, кој се појави веднаш. Него го водеа под рака. На неговото свето лице играше радосна насмевка и тој љубезно минуваше со поглед низ масата.

Кога дојде до половината на тротоарот, тој се сврте на нашата страна и ми довикна: „А, и вие сте овде!“ Излегувајќи од затворениот круг, тој се упати во мојот правец. Масата се раздвои и ми овозможи да му пријдам и возбудено да му речам: „Батјушка, благословете, мојот син е сериозно болен, на умирање е!“

Тој ме благослови и ми рече неколку утешни и охрабрувачки зборови, кои во онаа возбуда не ги запамтив. Му ја целивав раката и тој отиде.

Што сѐ преживеа мојата душа при оваа чудесна средба со отец Јован, со зборови не можам да искажам. Единствено што ги сфатив и запамтив неговите зборови упатени кон мене: „А, и вие сте овде!“ Она што беше невозможно за мене - да му пријдам, нему проѕорливецот му беше лесно - да излезе во пресрет на желбата на намачена мајка поради страдањето на синот, која што проси негова молитвена помош.

Кога се вратив во болницата, дознав дека температурата на син ми опаднала, што лекарите и негувателката ги фрли во нови грижи. Меѓутоа, јас бев спокојна. И навистина, тоа беше последна ноќ со грижи. Состојбата се комплицираше поради неговата голема слабост, но кризата мина среќно и тој почна да се оправува. Штом му се поврати нормалниот сон, опоравувањето брзо напредуваше. Како што подоцна се покажа, болеста не остави никакви последици (сведоштво на мајката).

23 - Во гратчето Алексин, во Туљската губернија, живееше доброто и побожно семејство Горшкови: Петар Антонович Горшков и неговата сопруга Александра. Таа се разболе и московски професор сметаше дека е неопходна операција.

Како верничка, отиде во Кронштат и му се обрати на отец Јован за совет. Откако ја ислуша, тој ѝ рече: „Не прифаќајте операција. Ако ме послушате, ќе поживеете и двете ќерки ќе ги омажите. Но на операција не одете; во спротивно, во дваесеттиот ден по операцијата ќе умрете“.

Кога се врати дома таа му прераскажа сѐ на мажот си. Но професорот Сњегирев и неговите колеги почнаа да го наговараат мажот да ја убеди жена си за потребата од операција. Тие му кажаа на сопругот дека наскоро ќе ја изгуби, ако не се оперира. За зборовите на отец Јован се изразија со потсмев.

Најпосле, и жената се согласи и појде на операција. Операцијата беше успешна и таа почна да се опоравува.

Дојде и дваесеттиот ден и доктор Сњегирв дојде да ја посети и да ја прегледа. По прегледот изјави: „Вие добро се опоравивте и за една недела можете да преминете во некој приватен стан. Повикајте кај себе една од ќерките, за да ви биде повесело во туѓ град“.

Таа му се заблагодари на докторот и ја замоли болничката сестра да напише телеграма до нејзиниот маж. Кога ја испратија телеграмата, таа ѝ рече на сестрата: „Отец Јован ми рече дека ќе умрам во дваесеттиот ден, а јас се чувствувам толку добро и наскоро ќе ја напуштам клиниката“.

Кога ги изговори овие зборови, ја опушти главата на перницата.

Сестрата забележа дека се измени во лицето и дека ѝ се слошило. Брзо го повика доктор Сњегирев. Кога тој дојде со другите лекари, таа веќе беше мртва.

Со разлика од еден час, на нејзиниот маж му беше испратена втора телеграма, во која го известуваат дека неговата сопруга веќе не е меѓу живите.

Умре во дваесеттиот ден по операцијата, како што ѝ претскажа отец Јован.

За овој случај дозна целиот град Алексин.

***

Од наведените примери јасно се гледа дека Господ му ја откри идната судбина на лицата кои му се обраќаа, како и она што се случуваше далеку од него, кој што мислеше, што рече или што направи.

На каков начин Господ сето тоа го чинеше и му откриваше на отец Јован, нам грешните луѓе не ни е дадено да знаеме, но доказите се очигледни и неспорни. Духот Свет му откриваше на отец Јован дека неговата молитва е услишена, што му овозможуваше на писмата и на телеграмите, во кои го молеа да се помоли за болните, пророчки да одговара: „Ќе оздрави“.

Единствено што можеме и треба да чиниме е тоа, смирено да го праславуваме Бога, кој му дал таква власт на човек, и да го почитуваме овој Божји угодник и пророк.

***

Покрај дарот на проѕорливост, отец Јован имаше и дар за исцелување на болните, дури и на најтешките, на кои лекарите не можеа да им помогнат. Неговите разновидни чудесни исцеленија се толку многубројни, на илјадници, што овде е неможно да се цитира ниту една десетина, па ќе наведеме дваесетина. А пред тоа еве неколку зборови за тоа како дошло до тие исцеленија.

За тој дар Божји, на состанокот со свештениците во Нижегород во 1901. година и во Сарапул во 1904. година ја отвори душата и раскажа како започнаа исцеленијата. Тогаш рече:

„Во вашите души, браќа сослужители, несомнено се појавува прашање, како си дозволувам да патувам низ цела Русија и да се молам за толкаво мноштво народ, кој ја бара мојата молитва. Можеби некој тоа ќе го нарече дрскост... Но јас браќа, не би се решил на толку големо дело да не бев повикан одозгора... Еве како започна. Некој во Кронштат се разболе. Просеа од мене молитвена помош. А имав правило: ничија молба да не ја одбијам. Почнав да се молам, предавајќи го болниот во Божји раце, просејќи од Бога, на него да се изврши неговата света волја. Но, неочекувано ми дојде една старица која одамна ја познавав. Таа беше длабоко во верата, богобојажлива, живееше по христијанските начела и животот го минеше во страв Божји. Доаѓа таа и упорно ме моли да се молам за болниот, и тоа за негово оздравување. Се сеќавам, од такво барање, речиси се уплашив: „Како можам да имам таква слобода?“ Меѓутоа старицата цврсто веруваше во моќта на мојата молитва и беше многу упорна во настојувањето. Тогаш јас пред Господа ја исповедав својата ништожност и својата гршност, видов во тоа волја Божја и почнав од Бога да просам исцеление на болниот. И Господ му ја испрати својата милост - тој оздраве, а јас му благодарев на Бога за милоста.

И друг пат се случи исцеление по моите молитви. Тогаш, во тоа ја видов волјата Божја, ново послушание од Бога дадено ми - да се молам за оние, кои тоа од мене ќе го бараат. Сега и јас знам, а и други раскажуваат, дека по моите молитви се случуваат исцеленија.

Особено поразувачки се исцеленијата на бесомачните, на опседнатите од демони, тешки страдалници. Тие болни се многу немирни: изговараат страшни хули и зборови без врска и смисол, плукаат, клоцаат и се отргнуваат од придружниците. Кога ги приведуваат, тие секогаш ги затвораат очите. Но јас им заповедам да ги отворат очите. Понекогаш морам повеќепати да повторам: „Отвори ги очите!“ При тоа го вперувам погледот на него, и кога тој ќе ги отвори очите, јас, гледајќи му во очи, кажувам: „Со името на нашиот Господ Исус Христос ти заповедам, духу нечист, излези од него!“ и со крстот го благословувам болниот. Болниот си доаѓа на себе, се смирува и почнува да се моли. Тогаш го причестувам со Светите Тајни, од кои пред тоа со сите сили бегал. Откако ќе се исцелат, таквите болни не се сеќаваат што зборувале во своето беснило. Од тоа е јасно дека во бесната состојба тие не ја пројавувале својата, туку демонската волја, спротивна на Божјата волја.

Често злите духови долго ја задржуваат својата власт над болните, долго се противат и низ болните зборуваат: „Ние се населивме во него, одамна ја задобивме власта над него“ (болниот). Но, силата Божја, од која злите духови треперат, ги победува.

О, браќа мои, дадена ни е голема благодат од Бога, и ако го сочуваме овој Божји дар, ние сме непобедливи“...

1 - Една монахиња од Јовановскиот манастир во Петроград, Евсевија, чија должност беше да работи во кујната, на некој голем празник, кога во манастирот го очекуваа доаѓањето на отец Јован, толку лошо се чувствуваше, што не можеше да стане од постела. Кога дојде отец Јован му соопштија за нејзината болест. Тој се упати кај неа и ѝ рече: „Мајко Евсевие, денеска е голем празник, зошто ти лежиш?“ Таа одговори дека толку ја боли главата, што не може ниту да се подигне од постелата. Отец Јован ја положи својата рака на нејзината глава, и болката веднаш ѝ престана. Во тој момдент таа се почувствува здрава, стана од постелата и појде во кујната да подготвува ручек.

2 - Друга монахиња од истиот манастир, чие име онаа која ни раскажуваше го беше заборавила, но лично ја познаваше, беше казнета од игуманијата со одземање на дотогашното послушание. Така, без должност (послушание) помина речиси цела година, а потоа се разболе и легна во постела. Еден ден се појави отец Јован и ја запраша игуманијата дали сите сестри се на своите послушанија. Зачудена од прашањето, игуманијата одговори дека се.

– „А монахињата Н. (го кажува нејзиното име) на какво послушание е?“ Ја запраша. Игуманијата одговори дека нејзе ја болат нозете. Тогаш отец Јован се упати кај болната монахиња и ѝ рече:

-„Време е да си одиш на послушанието“. Таа веднаш се почувствува здрава, болките во нозете изчезнаа така брзо и сосема, како никогаш да не биле. По исцелението ја вршеше должноста на вратарница.

3 - Таткото на свештеникот Василиј Шустин во Петроград умираше од туберкулоза на грлото. Го лечеше професорот Симановски и рече дека ќе живее уште десетина дена.

Бидејќи семејството на Шустинови беше блиско со отец Јован, му испратија телеграма во Кронштат и го замолија да дојде. Кога го виде болниот извика: - „Зошто не ми рековте дека е толку сериозно болен? Ќе му донесев свети дарови и ќе го причестев“.

Болниот молчеше и тажно го гледаше отецот. А тој малку замислувајќи се, го запраша:  - „Веруваш ли дека со силата Божја можам да ти помогнам?“ Болниот, кој не можеше да зборува, потврдно климна со главата.

Отец Јован му заповеда да ја отвори устата, и трипати дувна крстообразно. Тогаш удри со рака по масичката со лекови. Сите стакленца летнаа од масата и се сокршија. Потоа нареди да го доведат болниот кај него во Кронштат заради причест. Без обѕир на студот и опасностите заповедта беше извршена.

Кога болниот се врати дома, дојде професорот Симановски да го посети и многу се зачуди кога му го прегледа грлото: сите рани во грлото беа зараснати. - „Ова е нечуено, ова е вистинско чудо“, изјави тој.

4 - Сестричката на спомнатиот свештеник Василиј Шустин, на своја седумгодишна возраст се разболела од сипаници на лицето. Отец Јован го помилува унакажаното лице на девојчето, и болеста исчезна без трага.

5 - Отец Јован стигна во Московската духовна семинарија во Троично - Сергеевата Лавра, оддалечена од Москва шеесетина километри, во пресрет на храмовата слава. Утредента, по литургијата, која со ректорот и со колегите ја служеше и отец Јован, од Москва стигна телеграма дека починал тамошниот митрополит. Ректорот одлучи, по ручекот, со отец Јован да отидат на погребението на митрополитот.

Но по ручекот, ректорот одненадеж се разболе. Во тоа време владееше епидемија на колера. Ректорот почувствува силни болки во стомакот од кои не можеше да стане од постелата. Отец Јован не знаеше за тоа. Според договорот од порано тој, по ручекот се подготви за пат. А кога виде дека ректорот го нема, запраша што е со него. Му одговорија дека тешко се разболе и дека лежи во својата соба. Отец Јован се упати кај болниот, влезе и го запраша: - „Што е со вас? Тешко ли ви е?“  - „Умирам“, одговори ректорот, архимандритот Антониј. - „Сешто!“ Одговори отец Јован, и полагајќи ја раката на архимандритот, додаде: - „Станете и да одиме!“

Ректорот осети како болеста го напушти во тој момент. Стана, и наполно здрав тргна со својот исцелител во Москва, каде што учествуваше во погребението на митрополитот, минувајќи со поворката повеќе од десет километри.

6 - Оперскиот пеач во Москва, Хохлов се разболе од воспаление на белите дробови. Го лечеа познати московски професори, но на крај ѝ рекоа на неговата сопруга: - „Ние направивме сѐ што е во наша моќ, но не сме богови и наша должност е да ве предупредиме: мажот ви ќе умре и сѐ што можеме да направиме е да му го продолжиме животот за 3-4 дена“.

Кога се разијдоа професорите, болниот едвај прошепоти: - „Отец Јован“. Од ова домашните сфатија дека има желба да му се обрат на отец Јован за негова молитвена помош. Низ разговор потоа се дозна дека отец Јован се наоѓа во Москва. Го најдоа на станицата и го замолија да дојде. Тој прифати и дојде. Кога наиде, ги затекна другарите на болниот од операта како се смеат на глас.

Кога отец Јован почна да се моли, присутните ги обзеде сосема поинакво расположение; кај многумина се појавија солзи. А отец Јован се молеше отприлика вака: - „Господи, Ти рече дека ќе направиш сè што ќе побараме во Твое име, и дека небото и земјата ќе поминат, но Твоите зборови нема да поминат додека не се исполнат. Затоа, Те молам, во името на Твојот Син, Господ Исус Христос, прости му ги на овој Твој слуга сите гревови негови, намерни и ненамерни, и исцели го“.

Во гласот на отец Јован се чувствуваше моќта на верата и надежта во Бога. Откако се помоли, го осени болниот со крсниот знак и му рече: „Сега спиј!“и замина.

Поптоа болниот заспа и помина во непрекинат сон 36 часа. За тоа време, професорите кои го лекуваа, го посетуваа и мислеа дека западнал во летаргичен сон. Кога пациентот се разбуди и професорите го прегледаа, открија дека е сосема здрав.

7 - Синчето на Михаил Алексиев Суворин во Петроград почувствува силна болка во грлото. Таткото го повика познатиот детски лекар Русов. Тој дојде, го прегледа пациентот и му рече на таткото: „Вашиот син има дифтерија и нема лек за него, бидејќи грлото му е зацрвенето“.

Таткото му испрати телеграма на отец Јован и го замоли да дојде. Отец Јован одзва, дојде и се помоли. По молитвата, тој го погали болниот и му рече на таткото: „Ништо, ништо, не грижи се, ќе оздрави“.

И навистина, момчето се опорави. „Тоа чудо е еднакво на воскресение на мртвите“, рече таткото на момчето.

8 - Петгодишно девојче, внука на поручникот Проњин во Петроград, го згмечила палецот на врата од кочија и целосно го здробила. Докторот препорачал палецот да се ампутира. Следниот ден настана труење на крвта и докторот рече дека ќе мора раката да ја ампутира до лактот. Од силна болка девојчето плачеше постојано. Кога докторот го одврза завојот, се почувствува тежок здив.

Неочекувано, кај соседот дојде отец Јован. Таткото на девојчето дотрча и го замоли да дојде. Иако беше многу зафатен, поради итна ситуација, тој се одзва и дојде. Отслужи молебен и рече дека операција не е потребна и дека повредата ќе заздрави. Откако отец Јован си замина, таткото на детето инсистираше на операција, но мајката, која цврсто веруваше во зборовите на отец Јован, не се согласи. Девојчето заспа и долго спиеше. Следниот ден дојде докторот и го извади завојот. Немаше оток и немаше лош здив. Само исушена жиличка висеше како конец. Жиличката ја пресекоа и девојчето оздраве. Труењето на крвта исчезна, и лекарот изјави дека тоа е чудо.  

9. - За време на гимнастичи вежби, еден ученик од пажевскиот корпус доби силен удар во главата и од тоа опасно се разболе. Го лекуваа сите можни лекари и професори, но без успех. Тие ѝ рекоа на мајката дека надеж за закрепнување нема и дека во најдобар случај, ако не умре, ќе остане идиот. Мајката отиде во Кронштат, го пронајде отец Јован, и тој со неа дојде кај болниот, се помоли и рече дека нејзиниот син ќе оздрави. И навистина, веднаш му стана подобро и наскоро целосно се опорави, на општо чудење на сите лекари.

10. - Капетанот на бродот, Алексеев беше со бродот на пристаништето, подготвувајќи се за летна пловидба. Еден ден, откако ги заврши вежбите со бродот на море, се спушташе по мовче во работнички чамец, со кој сакаше да се префрли до пристаништето. При тоа, се лизна и падна во чамецот, но толку несреќно, што железната шипка од страната на чамецот, која го држи веслото, му ја проби вилицата и му ги измести забите. Додека чамецот стигна до пристаништето, целата глава толку му отече што целосно му се затвоја обете очи, и тој не можеше ниту да гледа ниту да зборува. Ѝ јавија на неговата сопруга. Кога пристигна, ја советуваа да побара лекарска помош. Жената не послуша, туку веднаш го однесе во црквата, каде што отец Јован ја завршуваше вечерната служба.

Со  тешки маки го доведоа повредениот капетан до олтарот, каде што отец Јован го пречека со крстот во рака. На пациентот му помогнаа да клекне на колена. Отец Јован му ја покри главата со епитрахилот и почна долго да се моли пред светиот престол за исцеление и спасение на повредениот војник. За време на таа долга молитва, отокот исчезна, очите се отворија и страдалникот можеше јасно да му се заблагодари на батјушка за неговите молитви.

При излегувањето од олтарот, повредениот капетан почувствува како му се лула повреден заб во вилицата. Се сврте кон отец Јован и се пожали: „А забот?“

Отец Јован со рака го погали по образот и рече: „Не е ништо, ќе помине“.

По пензионирањето, капетанот Алексеев стана вдовец и, со благослов на отец Јован, се замонаши, го доби името Михеј и влезе во Богословската академија. По дипломирањето на Академијата, беше назначен за епископ на Архангелската епархија. Тој самиот сведочеше за ова.

11. - Единица ќерка на голем московски производител на шеќер, на осумнаесетгодишна возраст се разболе од туберкулоза, и лекарите рекоа дека ќе умре за три дена. Галопирачката туберкулоза брзо го рушеше младиот живот. Тогаш болната ги замоли родителите да го повикаат отец Јован Кронштатски. Го повикаа, и тој дојде. Штом го виде како влегува во нејзината соба, таа брзо се симна од креветот пред неговите нозе и очајнички спишти низ солзи: „Батјушка, сакам да живеам, а лекарите рекоа дека ќе умрам!“

– „И ќе живееш, зошто плачеш? Само, исцеление не треба да се проси од лекарите кои те осудија на смрт, туку од тој лекар“, и ја покажа иконата на Христос Спасителот, која висеше на ѕидот.

После тоа, тој почна да се моли, толку срдечно и ревносно што на лицето и челото му се појавија капки пот. По завршувањето на молитвата, се сврте кон роднините и рече: „Јас повеќе немам работа тука“.

Мајката, обземена од очај, му пријде и крикна: „Што, батјушка, таа ќе умре!“

– „Нема, наполно е здрава“, одговори тој мирно.

Девојката се опорави брзо и наполно оздраве. Умре во својата 76-та година.

12. - Мојата помлада сестра Марија се роди саката. Едната рака и нога ѝ беа згрчени и не можеа да се исправат. Ниту лекови ниту лекари не можеа да помогнат. На сите ни се наметнуваше заклучокот: или смрт или инвалид за цел живот.

Потоа нашето семејство реши да побара помош од отец Јован. Тој дојде, влезе во гостинската соба и почна да служи молебен. Откако ја заврши молитвата, влезе во собата на  двегодишната сестричка, се приближи до детското креветче, ја погали по глава со рака, се насмевна и си замина без да каже ништо.

Утредента, кога мајката пријде до креветчето, го најде детето сосема здраво: раката и ногата се исправиле и се движеа, како никогаш да не биле вкочанети. На мајчината радост ѝ немаше крај (Сведоштво на генерал-мајор Василиј Иванович Игнатиев).

13. - Евдокија Николаевна Пастухова, по род од градот Орел, многу години страдаше од силни главоболки. Се  лечеше кај лекари, но тие не можеа да ѝ помогнат. Таа постојано носеше фенацетин со себе и го земаше секогаш кога ќе ја заболеше главата. Еден ден, отец Јован ја посети нивната куќа, токму кога таа имаше главоболка. Но, зафатена со домашни работи, немаше кога да мисли на себе.

Дури тогаш кога тој ја напушташе нивната куќа, таа му спомна за својата болест.

– „А дали често те боли  глава?“ праша тој.

Таа му објасни.

Тогаш тој ја стави својата рака на нејзината глава и болката веднаш престана и никогаш повеќе не се повтори (таа самата му го раскажа тоа на писателот на биографијата на отец Јован).

14. - Во градот Архангелск, по молебенот во капелата на Светиот Отец Николај, сопругата на еден имотен човек остана на клечи на колена и почна  со заби  да ја гризе иконата на Свети Никола на масичката. Почнаа да ја опоменуваат и да ја одвраќаат, но таа не се смируваше. Конечно, насилно ја одвоија и ја однесоа дома.

Нејзиниот сопруг не штедел пари за лекари и лекови, но од нив немало никаква помош.

Случајно, во Архангелск пристигнал отец Јован. Сопругот на болната жена го замоли да дојде, а тој се одзва. Кога стигна, го запраша сопругот: „Знаеш ли да се молиш?“ и потоа го покани заедно да се помолат. По завршувањето на молитвата, влезе во собата на болната, ја положи раката на нејзината глава и си замина.

Пациентката заспа, а кога се разбуди, беше сосема здрава.

15. - Некоја жена го донесе своето синче во „Домот на трудољубието“ во Кронштат. На детето му беа одземени нозете и тој не можеше да оди. Таа му се обрати на отец Јован за помош.

„Нека ти биде според твојата вера“, рече тој, и момчето оздраве и прооде. Мајката плачеше од радост, водејќи го своето синче за рака.

16. - Во 1934 година, кнегињата Јусупова, која тогаш живееше во Париз, му раскажа на отец Виктор Илиенко за својата тешка болест и за чудесното исцелување по молитвите на отец Јован, а отец Илиенко со писмо го извести за ова авторот на биографијата на отец Јован, И. К. Сурски.

Во 1884 година, имав 23 години, рече кнегињата. Бев во брак две години и станав мајка на сакано дете. Ме чекаше најсреќниот живот. Во тоа време бев чула за отец Јован, дека е чуден молитвеник и дека неговата молитва исцелува.

Ваквите приказни за него, врз мене имаа големо влијание и барав можност да го запознам. Размислувавме да го поканиме да служи Литургија во нашата домашна црква, но на тоа остана, бидејќи тешко се разболев и три недели лебдев помеѓу животот и смртта.

Мојата болест беше многу комплицирана, со температури до 42 степени и сини дамки по телото. Лекарите не можеа да утврдат за која болест се работи и ја нарекоа - тифус со посебен облик. Подоцна се утврди дека се работи за тешко труење на крвта, предизвикано од предвременото породување.

Ме лекуваше професорот Боткин, како родена ќерка, но беше убеден дека ми нема спас. Во почетокот не верував дека мојата состојба е безнадежна, но како што болеста напредуваше, станував сè посвесна за мојата тешка ситуација. Со денови и ноќи не ги затварав очите и многу размислував за смртта. Но во мене желбата за живот беше толку силна што, иако не знаев од каде би ми дошло спасение, не очајував и се надевав дека нема да умрам. Кон крајот на третата недела, една бессона ноќ, ликот на отец Јован, кого никогаш не го бев видела, одеднаш се појави во мојата свест и не ме напушташе цела ноќ.

Рано наутро, на сопругот му ја соопштив желбата да го видам отец Јован. Тој веднаш слезе еден кат подолу кај моите родители за да им ја каже мојата желба. Но, татко ми го прекина со зборовите: „Цела ноќ го сонував отец Јован и сакам да го повикам да дојде и да се помоли со нас“.

Тоа утро, дојде анонимно писмо, во кое се препорачува да се повика отец Јован до мојата постела.

Испратија еден стар слуга во Кронштат по отец Јован. Тој прифати и дојде. На влегување, го сретна професорот Боткин и возбудено му рече: „Помогнете ни!“ Ова ги изненади сите во куќата, бидејќи беше познат како неверник.

Кога отец Јован ја положи својата рака на мојата глава, веднаш почувствував необично смирение. Потоа тој со мојот сопруг клекна пред иконите и почна да се моли.

Неговата молитва беше поразувачка, и не може да се пренесе впачатокот која го создаваше. Од Господа го просеше моето исцеление, и не само што просеше туку и го бараше. Беше току топол во молитвата, што и мојот дух се вознесуваше кон Бога заедно со зборовите од неговата молитва. Во тие моменти, за мене не постоеше ништо земно.

По молитвата, пријде, изговори неколку зборови и, заминувајќи си, рече: „Таа нема да умре!“ Ова длабоко го потресе мојот сопруг, бидејќи сите лекари веруваа дека за мене нема надеж.

По оваа посета, немаше некоја особена промена во мојата болест, но во душата бев наполно спокојна. По  неколку дена, моите решија повторно да го повикаат отец Јован. Тој дојде, седна на мојот кревет и долго и убедливо ми зборуваше, без оглед на исходот од мојата болест, да се подготвам за нов живот со причестување со Светите Тајни. Му кажав дека имав намера да постам пред Велигден и да се причестам. Потоа почна уште поогнено да ме убедува дека иако Велигден е близу, не треба да одложувам, туку веднаш да се причестам. Тој ќе отиде да донесе Света Причест. Се согласив, и тој си замина. Пред да се врати поминаа околу два часа, кои ми се видоа како цела вечност.

По неговото враќање, се исповедав и се причестив со свето чувство во душата. Тогаш ми се чинеше како сè земно да умрело за мене, дека одам во рајот; целата бев исполнета со чувство на длабок спокој, мир, радост и воопшто со сè што душата може да доживее како врв на среќата, но тешко е и невозможно тоа да се изрази со човечки зборови.

Потоа заспав, за прв пат по тринеделно боледување, и спиев мирно шест часа. Кога се разбудив, се чувствував сосема здрава. Температурата падна на 37 степени. Професорот Боткин, гледајќи ја таквата чудесна промена, долго молчеше гледајќи ме. И потоа по образите му се стркалаа две солзи. „Тоа не е наше дело“, рече тој.

За една недела станав од постела.

Од тогаш помина точно половина век, но сè што доживеав тогаш е толку свежо во моето сеќавање како и првиот ден, и низ целиот мој живот остави длабок белег во мојата душа.

17. - Во Варшава (која тогаш беше во руската држава) живееше ќерка на свештеник, Марија Матвеевна Дубровскаја. Видот почна да ѝ слабее. Беше направена операција, која ѝ го спаси левото око. Но десното око сè повеќе ѝ се помрачуваше, и најпосле, со него повеќе не можеше да гледа. Отиде кај лекари во Киев и Витебск, но тие не можеа да ѝ помогнат; напротив, ѝ рекоа дека наполно ќе ослепи.

Во таква безнадежна состојба, една ноќ во сон ја виде иконата „Пресвета Богородица натажена“ како виси на ѕидот во нејзината соба, а во собата влегува свештеник, кого веднаш го препозна дека е отец Јован Кронштатски. Тој ја симнува иконата на Богородица од ѕидот, ја благословува болната со неа и ѝ вели да оди во Петроград и таму да набави таква икона. „Искрена молитва кон Господа ќе те спаси и Господ ќе те излекува“, ѝ рече отец Јован.

Овој сон силно делуваше на неа и таа веднаш отиде во Петроград и Кронштат, каде што му се јави на отец Јован.

Тој се помоли, ѝ даде да го целива чесниот крст, ја благослови со иконата „Богородица натажена“, ѝ ги изми очите со света вода и во тој час се случи големо чудо Божјо: жената веднаш прогледа, маглата се крена од нејзините очи и таа јасно ги гледаше лицата и предметите околу себе. После тоа, таа гледаше јасно и можеше да чита и да работи.

18. - Во 1900 година, артилерискиот полковник А. Д. Головачев, со служба во Петроград, се разболе од најтежок ревматизам на целото тело и лежеше како летва. Сите напори на лекарите да го спасат беа залудни.

Тогаш се обратија кон отец Јован и го замолија да дојде и да се помоли за болниот. Штом се прочу веста за доаѓањето на отец Јован, толпа луѓе се собра пред влезот од куќата, и кога пристигна, со него влегоа во станот на болниот полковник.

Отец Јован, иако во години, но многу бодар и жив, ја соблече бундата, се сврте кон иконата и почна да се моли. Неговата молитва остави трогателен впечаток. „Ќе дадеш, Господи“, повторуваше тој со толку сигурна вера што сите чувствуваа дека неговата молитва ќе биде услишена.

По молебенот, отец Јован ја освети водата, му даде на болниот да пие од неа и го благослови.

Од тој ден, болниот почна да се опоравува и целосно оздраве, никогаш повеќе не страдаше од ревматизам. Ја продолжи воената служба и стигна до чин генерал-полковник. Почина од пневмонија во 1932 година на 73-годишна возраст.

19. - Седумгодишното синче на Александар Петрович Мишнин во градот Царицин уште од раѓање куцаше на левата нога. Неговите родители го водеа на лековитите морски песоци во Сака, но тоа не помогна. Во август 1901 година, отец Јован Кронштатски сврати во градот и отслужи Божествена Литургија во месната црква.

На излегување од црквата, го пречека мајката со инвалидниот син, држејќи го за рака. Отец Јован застана,  го помилува момчето со рака по глава и ја праша мајка му што му е. Кога мајката му кажа, тој пак го помилува детето по глава, ги крена очите кон небото и гласно изговори: „Семилостив Господи, благослови го болниот Александар!“ Го прекрсти, му даде да го целива крстот од своите гради, го стави крстот на главата на детето и ѝ рече на мајка му: „Молете се, и Господ ќе помогне според вашите молитви“.

На третиот ден, на општо чудење на сите, момчето престана да куца и ногата никогаш повеќе не го заболе (Ова го сведочеше очевидец, капетан во коњаница, кој пред 1941-вата година живеше во Белград).

20. - Во 1903 година, во манастирот Софоневска пустиња, во Курската губернија, живеше еден сиромав паралитичар кој не можеше да оди, туку лазеше. Отец Јован дојде во манастирот за да ја освети камбаната, излеана во негова чест и со негов лик. Во таа прилика, тој го исцели овој парализиран, кој подоцна одеше како никогаш да не бил болен (Сведоштво на јеромонахот Никандер, кој живеше во манастирот Ковиљ во Бачка, пред 1941-тата година).

***

Како што се ширеше гласот за отец Јован како голем угодник на Бога и чудотворец, така луѓето од сите страни на огромната Русија, а и од странство, сè повеќе му се обраќаа со молби за благослов и за исцеление од болести, во повеќето случаи кога лекарите и медицината не можеа да помогнат. Оние кои не можеа да дојдат кај него или да го повикаат, му се обраќаа со писма или - во итни случаи - со телеграми. А неговата молитва исцелуваше дури и на далечина, како да е присутен. Од многуте такви исцелувања ќе наведеме неколку.

1. - Во 1885 година, во катедралниот храм во Иркутск служеше свештеникот Николај Попов – Кокоулин. Неговиот четиримесечен син, неговото првороденче, смртно се разболе и лекарите престанаа да го лекуваат сметајќи дека состојбата е безнадежна, а лекувањето бесцелно. Таткото на детето му напиша писмо на отец Јован и го замоли да се помоли за исцеление на детето. По неколку дена, детето целосно се оздраве.

2. - Во 1887 година, во Петроград се разболе сопругата на актерот М.Н.Правдина.  Болеста беше тешка и се закануваше смрт. На отец Јован му испратија телеграма за помош. Одговорот од него: „Вчера се помолив за вас“.

И навистина, од моментот кога се помолил, на болната ѝ  стана подобро и набрзо оздраве. По тој повод, таткото на глумецот, по националност германец, рече: „Најдобар лекар во Русија е отец Јован Кронштатски: помага, а пари не зема “.

3. - Во годините 1887-1888, во Ставропол, се разболе Дарија Ивановна Ткачева од пневмонија и стомачен тифус. Таа роди осумнаесет деца, од кои живи беа десет. Таа имаше 40 години кога се разболе. Лекарите констатираат дека нејзината состојба е безнадежна и одбиваат да ја лечат.

Нејзиниот сопруг му праќа телеграма на отец Јован за молитвена помош. Тој одговори: „Ќе се молам во тој и тој час, молете се и вие!“

По приемот на телеграмата, мажот ѝ запали кандило и свеќи, и со децата клекна и почна да чита молитви од молитвеникот.

Таа оздраве и живееше 86 години.

4. - Сопругата на капетанот Перекрестов, кој во ништо не веруваше, по породувањето се разболе од треска. Докторот рече дека само чудо може да ѝ помогне. Мајката го посоветува капетанот да му испрати телеграма на отец Јован во Кронштат. Тој жестоко се налути на мајка си и просикте: „Зошто се замајувате со секакви глупости? Може ли да се спаси човек на умирање?“

Тој многу ја сакаше жена си и го повика професорот Случевски. Тој ја прегледа болната и рече: „Ние сме немоќни да помогнеме. Тука земните лекари не можат да направат ништо, овде само небесниот лекар може да спаси“.

Кога докторот си замина, Перекрестов извика: „Боже мој, што да правам!“

Мајка му одговори: „Ете самиот кажа „Боже мој! - Испрати телеграма до отец Јован“.

Тој малку постоја ќутејќи, а потоа набрзина замина. Отиде во поштата и испрати телеграма.

Следниот ден дојде докторот и праша: „Дали е жива?“

Мајката одговорила: „Жива е, и дише нормално.“

Лекарот ја прегледа пациентката и рече: „Воодушевен сум - таа е спасена!“ Потрчаа по професорот Случевски. Тој дојде, ја прегледа болната и го рече истото.

Потоа, од отец Јован стигна телеграфски одговор: „Се молам, молете се и вие“.

Болната се опорави целосно, а нејзиниот маж стана верник и многу побожен човек. Тој не пропушти ниедно бдение, ниту Литургија. После тоа, заедно со сопругата, отидоа во Кронштат за да му се заблагодари на отец Јован.

5. - Во 1889 година, во едно познато семејство во Москва две деца заболеа од дифтерија. Веднаш беа преземени лекарски мерки за болеста да се спречи, но таа сепак се прошири и се засили. Лекарите предложија операција на грлото. Родителите на децата, ја изгубија надежта во помошта од лекарите, испратија телеграма до отец Јован во Кронштат и замолија за негова молитвена помош. Откако ја прими телеграмата наутро, пред Литургијата, тој на Литургијата се помоли за болните деца. Тоа беше околу 9 часот наутро. И од тој час, здравјето и кај двете деца почна да се подобрува.

Кога во два часот попладне лекарите се собраа за да ја извршат операцијата, заклучија дека состојбата е толку подобрена, што операцијата стана непотребна.

Во рок од три - четири дена, децата целосно оздравеа.

6. - Во 1889 година, во градот Тула живееше Николај Иванович Краснов. Тој држеше стовариште за пиво. Го набавуваше во буриња, па го преливаше во шишиња. Пивото се чуваше во подрум. Пресипувајќи го пивото во шишиња, еден летен ден тој настина. Бидејќи беше многу силен и со добро здравје, не обрна внимание на тоа, мислејќи дека не е ништо и дека ќе помине. Но, се излажа. На почетокот доби пневмонија, која премина во галопирачка туберкулоза.

Како богат човек, тој не штедеше пари за набавка на лекови, но ништо не помогаше, иако го лекуваа најдобрите лекари. Им се топеше пред очите. Така поминаа неколку месеци. Жена му не знаеше што да прави, и веќе почна да го подготвува за смртта.

Но, во тоа време некој ја посоветува жената да му се обрати на отец Јован со молба. Таа го направи тоа. И се случи чудо.

Од моментот кога отец Јован го примил писмото и се помолил, на болниот му стана подобро и за кратко време наполно оздраве.

7. - Протопрезвитерот на руската црква во Женева, Сергиј Орлов, во своето писмо до И. К. Сурски, авторот на биографијата на отец Јован, од 12 октомври 1932 година, го опиша чудесното исцелување на својата постара сестра, умно пореметена, по молитвите на отец Јован.

Сестрата беше омажена со свештеник кој служеше во парохија во Зарајскиот округ во Рјазанската губернија. Таа одеднаш се разболе од тивко лудило. Лекарите установија дека болеста е неизлечива.

По нивен совет, ја сместија во дом за такви пациенти. Нашиот татко, исто свештеник, му напиша писмо на отец Јован и го замоли за негова молитвена помош. Отец Јован одговори со љубезно писмо, во кое рече: „Сега ќе Му принесам на Бога топла молитва за исцеление на болната, и верувам во милоста Божја“.

Непосредно пред приемот на ова писмо, кај нашите родители беше зетот, сопругот на болната, кој беше таму по враќањето од кај неа и им раскажа дека лекарите нејзината состојба ја сметаат за безнадежна.

Следниот ден, тој самиот, како свештеник, дојде кај своите родители и го најде татка си сосема спокоен, уверен во исполнувањето на зборовите на отец Јован и „јавувањето на милоста Божја“.

Следниот ден, отецот прими писмо од главниот лекар на душевната болница, во кое го повикуваа да дојде веднаш, без да каже зошто. Татко ми веднаш тргна со радосно претчувство за чудо. И навистина, следниот ден се врати дома со болната, сосема здрава.

Лекарот кој го повикал му рекол: „Вашата ќерка тврди дека од тој и тој ден свесно дознала за исцелението на својата болест и дека е сосема здрава, и моли да се врати во своето семејство. Се однесува сосема мирно и разумно. Но, се плашам да ја пуштам во семејството - да не е ова некое нејзино лукаво претварање - но пак, тешко ми е да ја оставам во овие околности. Можете ли да ја земете кај себе и десетина дена да бдеете над неа пред да ја пуштите во семејството?“

Уверен во извршеното чудо, таткото ја донесе болната и раскажа што му рече докторот. Ние децата неколку дена и ноќи бдеевме над неа. Таа забележуваше, и поради тоа беше тажна. По три - четири дена, тато со семејството отслужи благодарствен молебен на Бога и ја отпушти поранешната болна дома. Таа веќе никогаш не се разболе. Жива е и денес во Зарајск, Русија, и го прославува Господа и чудотворецот отец Јован - го завршува протоерејот Орлов своето писмо.

8. - Во 1894 година, генерал-потполковникот И. К. фон Бурци, командант на Бобрујската тврдина, доживеа трет мозочен удар и легна тешко болен. Лекарите го предупредија семејството дека третиот удар, ако се случи, ќе биде фатален. Откако го прегледаа пациентот, изјавија дека неговата состојба е безнадежна.

Неговата мала ќерка, која во семејството слушала приказни за исцелување на болни преку молитвите на отец Јован, без знаење на постарите, шетајќи по градот со гувернантата, ја замоли да ја почека пред поштата. Таа влезе внатре и од својот џепарлак плати телеграма до отец Јован.

Во телеграмата напиша: „Помолете се за татичко. Ана Командантова.“ Така ја викаа сите во градот.

Дотогаш генералот 11 дена и ноќи беше без свест. По испраќањето на телеграмата, тој се освести и набрзо целосно се опорави (ова на авторот на биографијата на отец Јован, му го соопшти самата Ана, која живееше во Панчево, кај Белград, пред 1941-та година).

9. - Екатерина Антонова уште од детството имаше срцева мана и често беше болна. Во 1894-1895 година, кога имаше 30 години, таа тешко се разболе и со месеци лежеше во постела, одржувајќи се во живот вештачки со помош на кислород.

Нејзиниот сопруг, Николај, беше побожен човек. Тој повеќе пати повика свештеник за исповед и причест на болната, и тоа ја поткрепуваше.

Лекарите признаа дека нејзината состојба е безнадежна и го откажаа понатамошното лекување. После тоа, го повикаа професорот Доброклонски. Кога виде во каква состојба е  жената, се налути што го повикаа, велејќи дека нејзе ѝ треба свештеник, а не лекар, бидејќи нејзините часови се одброени.

Тогаш сопругот реши да му испрати телеграма на отец Јован.

Кратко по телеграмата, пациентката се поврати, се почувствува подобро и целосно оздраве. После тоа, таа живееше повеќе од 20 години и роди уште три здрави деца.

10. - Мојот дедо по мајка, служеше во Петроградскиот духовен конзерваториум, и отец Јован навраќаше во нашата куќа и канцеларија по службени работи. Нашето семејство со побожно внимание го следеше неговиот необичен живот уште од првите години на неговата свештеничка служба.

Родена сум во истиот ден и месец како и отец Јован, на 19 октомври 1876 година. Во младите години, многу се интересирав и читав книги од филозофска и рационалистичка природа, и многу размислував за прашањата за животот и смртта. Во главата ми се матеше и ми се вртеа мрачни и будалести мисли. Еднаш, под влијание на тие лоши книги, во мене се појави мисла за самоубиство. Во моите раце се најде пиштол од мал калибар. Ја ставив цевката на челото и пукав. Ја изгубив свеста и како да паднав во бездна, каде што останав цели три недели. Додека со тело лежев неподвижно на смртна постела, мојот дух талкаше низ хаосот на некои разнобојни мали светови. Докторите се обидоа со сѐ што е во нивна моќ да ме вратат во живот, но без успех. Моите родители, во својот очај, му испратија телеграма на отец Јован во Кронштат, да се помоли за мене. Од него доаѓа одговорот: „Се молам, ќе остане жива!“

Тој ден си дојдов на себе и прогледав. Долго се опоравував, сè додека наполно не оздравев. Тогаш кај мајка ми забележав голема промена. Таа сосема го промени начинот на својот на живот, почна да пости во среда и петок и никогаш не пропушти ниту една црковна служба. Таа постеше и често се причестуваше од рацете на отец Јован. Таквиот живот на мајка ми силно влијаеше на мене, и јас целосно се променив и решив да му го посветам животот на Бога. Во својата 24-та години решив да се замонашам. Мојата одлука ја благослови отец Јован (исповед на монахињата Марија Родевич, која пред 1941-та година живееше во манастирот „Света Богородица“, Црквенице, Печењевце кај Лесковац, Србија).  

11. - Во 1899 година, мојата деветгодишна ќерка Пелагија се разболе од дифтерија. Докторот долго време се трудеше да го спаси детето од смртта, но сите негови напори беа залудни. Еден ден, додека си заминуваше, ми рече: „Вашата ќерка тешко ќе ја преболи оваа болест, бидете подготвени на сè.“

Откако ја изгубив надежта во лекарската помош, побрзав кон поштата и му испратив телеграма на отец Јован, просејќи од него молитви за исцеление на девојчето.

Кога утредента дојде докторот и го прегледа грлото на болната, радосно рече: „Драги татко и мајка, вашата ќерка е целосно излекувана, но свесен сум дека тоа не се случи со мојата медицинска помош, туку таа е чудесно спасена од смрт. Кажете ми искрено што направивте?“

Му одговорив дека преку телеграма барав молитви од отец Јован Кронштатски.

- „Да, тој е голем угодник пред Бога“, рече лекарот (Писмо од протоерејот Филип Лузгин до авторот на биографијата на отец Јован, од 22 април 1939 година).

***

Покрај православните, на отец Јован му се обраќаа за помош и иноверни. Тој и ним им излегуваше во пресрет.

Ќе наведеме неколку случаи на исцелување на иноверни. 

Во 1890 година живеевме во паркот Шуваловски, на неколку километри од Петроград на железничката линија за Финска. Во тоа време имав 6 години. Во мај се враќав од градот со воз, и во таа прилика, низ прозорецот на вагонот ми падна во десното око искра од локомотивата, по што настана страшно воспаление. Лекарите и професорите пожртвувано се обидуваа да ми го спасат видот, но залудно. Настана целосно слепило. Сè уште се сеќавам како ме мачеа со моќни ламби - проектори, со кои ја испитуваа внатрешноста на окото. Поради меѓусебната поврзаност, го губам и левото око. Лекарите одлучија да извршат операција и да го одвојат неповреденото лево око од десното, и така да го спасат видот на ова око. Со завој на очите ме возеа на кола.

Наутро, пред појадок, татко ми обично ме носеше на малото езеро под ридот наречен „Парнас“. Таму, во густата сенка, тој ми го тргаше завојот од очите, и тогаш гледав матна зелена светлина.

Една недела, во денот пред операцијата, татко ми, како и обично, ме однесе таму околу 10 часот. По околу половина час, тргнавме назад кон нашата вила. Во пресрет ни доаѓаше толпа од околу 15 - 20 луѓе со свештеник во средината. Гледајќи ме со завој преку очите, свештеникот се одвои од толпата и ни се приближи. Мојот татко, лутеран, не знаеше дека тоа беше отец Јован Кронштатски.

– „Каков пациент е тоа?“ праша тој.

– Пациент батјушка. „Се случи голема несреќа, детето ослепе, искра од јаглен му падна во окото“, одговори татко ми.

– „Ништо не е тоа, ќе оздрави!“ рече свештеникот и со брзо движење ми го тргна завојот од очите.

Забележав ситен, слаб свештеник како си оди со толпа луѓе. Мојот вид беше совршено јасен и таков остана во текот на целиот мој живот.

Кога се вративме дома, татко ми возбудено ѝ раскажа на мајка ми што се случи. Одеднаш, погледнав низ прозорецот и во градината на соседната вила на Попови, видов толпа луѓе, а пред неа свештеник.

– „Мамо, тоа е батјушката!“ Извикав.

– „Па, тоа е отец Јован Кронштатски“, одговори таа, која беше православна и многу побожна.

Моето сведоштво е важно затоа што сите роднини на мојот татко беа од лутеранската вера.

По моето исцелување, мојата вера во отец Јован Кронштатски беше безгранична. Татко ми остави тестамент да биде погребан според православниот обред (Сведоштво на А. Шнеур, полковник на Генералштабот, писмо од 21 февруари 1937 година од Тунис).

2. - Школската младина во Кронштат беше добро информирана за подвижничката служба на отец Јован. Неговите вечерни служби во црквата „Свети Андреј“ ги привлекуваа воспитаниците од Поморското инженерско училиште. Откако го завршив ова, бев примен во друг флотски екипаж.

Собата во која живеев гледаше на улицата, каде што се наоѓаше „Куќата на трудољубието“ (изградена на иницијатива на отец Јован) со пространа домашна црква.

Едно утро ме разбуди бучава од луѓе, кои ја беа исполниле целата улица пред „Куќата на трудољубието“. Со голем напор, едвај успеав да влезам во црквата кога отец Јован од амвонот ги повика луѓето, заедно со него да се помолат за несреќниот слепец, кој смирено стоеше пред царските двери.

– „Ова е слеп лутеранец, наш брат во Христа, помолете се сите заедно за него!“ повика батјушка.

Почнаа молитви, толку гласни, што ништо не можеше да се разбере.

На сред врева, се слушна извик: „Прогледа!... Прогледа!“ Во тој момент, река од толпата ме обзеде и ме однесе кон излезот на улицата, каде што едвај можев да си дојдам на себе си од радоста што сите нѐ беше обзела и зашеметила. (Спомен на генералот А. Елшин, поранешен командант на XX армиски корпус во Првата светска војна, град Сиетл, држава Вашингтон, Соединети Американски Држави).

3. - Во Петроград живееше еврејско семејство, чија четиринаесетгодишна ќерка тешко се разболе. Лекарите ја лекуваа и кренаа раце од неа. Нејзините другарки од средното училиште им препорачаа на нејзините родители да го повикаат отец Јован. Евреите не се осмелија да го сторат тоа, но на инсистирање на русите, испратија телеграма. Отец Јован одговори: „Ќе дојдам.“

Пред доаѓањето на отец Јован, бабите и тетките се сокрија, а пред него излегоа само неговите родители и братот.

Отец Јован праша дали е тоа целото семејство?

Тие одговорија дека ги има повеќе, но дека не смеат да излезат, бидејќи се евреи.

– „Еден е Бог за сите, и колку повеќе од нив се молат за болната, толку ќе биде подобро “, рече тој.

По овие негови зборови, дојдоа сите.

Отец Јован се помоли, положувајќи ги рацете врз болната.

По оваа посета, отец Јован ја посети болната уште двапати, и таа се опорави и целосно се излекува.

Целото семејство ја прими православната вера и го почитуваше отец Јован како светец (Сведоштво на нејзината другарка од средно училиште, која се омажи за нејзиниот брат и живееше во Белград до 1941-ва година).

4. - Пред својата смрт во Ливадија, царот Александар III го повика отец Јован кај себе, и тој остана покрај царот сѐ до неговата смрт (По смртта на царот, отец Јован рече: „Воскреснував мртви, но царот не можев да го испросам од Господа. Нека на сите биде Неговата света волја!“).

Поред царот, како аѓутант, беше генералот Абациев. Една дама го замоли генералот да ѝ дозволи да се види со отец Јован. Поради ова, генералот порани во 5 часот наутро и појде кај отец Јован, кој беше под стан во една мала куќа во градината. На малата капија што водеше во градината се беше собрала толпа народ, меѓу кои имаше и татари, кои полицијата не ги пушташе внатре.

На скалите пред портата плачеше една татарка. Полицијата не разбираше што зборува, но генералот разбираше, бидејќи по потекло беше од Кавказ. Тој од татарката слушна дека го донела својот болен сопруг, кој лежи во колата на патот. Го молеше генералот да ја пушти кај мулата (на татарски: свештеник) Јован.

Генералот го затекна отец Јован на утринската молитва и му ја пренесе молбата на татарката. Отец Јован нареди да ја доведат татарката.

Преку генералот, отец Јован ја запраша татарката дали верува во Бога. Кога од неа доби потврден одговор, рече: „Ќе се молиме заедно, ти моли се по свое, а јас ќе се молам по свое“.

Откако ја заврши молитвата, ја благослови татарката, ја прекрсти и ја отпушти. Со татарка излезе и генералот Абациев. На огромно запрепастување на сопругата и на генералот, болниот сопруг на татарката одеше кон нив сосема здрав.

5. - Во Харков живееше адвокат, Евреин по националност, Михаил Владимирович Михаиловски, чија осумгодишна ќерка се разболе од шарлах. Ја лекуваа најдобрите лекари, но сè беше залудно. Еден ден, лекарите изјавуваат дека состојбата на девојчето е безнадежна и дека треба да се подготват за најлошото.

На очајот на родителите му немаше крај. Во таква душевна состојба, таткото слуша дека свештеникот Јован Кронштатски, за чии чуда претходно слушнал, пристигнал во Харков. Тој брзо излезе од куќата, зеде кола и се упати кон улицата која од железничката станица водеше до катедралата. На аголот од Универзитетската улица, забележа толпа луѓе кои се туркаа околу отец Јован. Слезе од колата, се проби низ толпата и падна пред нозете на отец Јован, велејќи низ солзи: „Свети отче, јас сум Евреин, но те молам - помогни ми!“

Отец Јован застана и го праша што моли.

– „Мојата единица ќерка умира. Помоли се на Бога и спаси ја!“

Отец Јован ја положи својата рака на неговата глава, ги крена очите кон небо и почна да се моли. По една минута му рече: „Стани и со мир оди си дома!“

Кога Михајловски со колата приоѓал кон куќата, на балконот го чекала жена му радосна, и му довикнала дека нивната ќерка е жива и здрава. Влегувајќи во куќата, го затекнал девојчето како разговара со лекарите, кои еден час пред тоа предвидувале смрт, а сега не разбираат што се случи.

Потоа девојчето се преобрати во православие. Сакале и родителите, но дедото на девојчето, евреин, адвокат од Петроград, се спротивставил на тоа (Сведоштво на д-р Петар Захаревич Дулин, Белград, Таковска, 13).

6. - Жител на францускиот град Авр, Кире, се симна од умот. Неговата сопруга го смести во дом за умоболни во Париз. Но никаков третман не помогна и лекарите ја советуваа на жената да го земе од болницата. Неговата сопруга, во француски весник прочитала за отец Јован Кронштатски и во очај му напиша писмо, на кое наскоро доби одговор. Во него, отец Јован ја известува молителката дека ја исполнил нејзината молба, се помолил за оздравување на нејзиниот маж и му испраќа свое писмо со фотографија, а нејзе ѝ го испраќа својот благослов, ја призива милоста Божја  на неа и ѝ препорачува да се моли и да се надева на милоста на Пресвета Богородица.

Кратко по одговорот, здравствената состојба на пациентот се подобри и лекарите го отпуштија од болница како наполно здрав. Откако ја напушти болницата, се врати на својата претходна работа.

7. - Неколку студенти на световни науки решија да одат во Кронштат и сами со свои очи да се уверат во она што се зборува за отец Јован и во чудата што ги врши. Тие кај отец Јован поминаа два дена, и она што го доживеаја го опишаа во книгата: „Два дена во Кронштат кај отец Јован Кронштатски“.

Тие присуствуваа на бослужбите на отец Јован во црквата „Свети Андреј“ и беа сведоци на бројни исцеленија. Едно од нив е исцелувањето на жената на еден татар.

Еден татар му пристапи на отец Јован и рече: „Жена ми е тешко болна и никој не може да ѝ помогне. Слушнав дека твојот Бог е поголем од Алах - помоли се да оздрави.“

– „Клекнете со мене и заедно ќе се помолиме! Повторувајте ги зборовите од молитвата по мене!“ Му рече отец Јован.

Клекнувајќи, тој и татаринот заедно ги рецитираа зборовите на молитвата. Тие се молеа долго време. Конечно, отецот стана и го отпушти татарот.

Не помина ниту еден час, а татарот се врати и, возбуден, падна на колена пред старецот и радосно извика: „Мојата сопруга оздраве! Јас и целиот мој дом го прифаќаме Православието!“

Она што оваа група студенти го виде во Кронштат имаше толку длабок ефект врз нивните души што сите освен еден го избраа свештенството како свој животен пат.

Имаше многу вакви исцелувања. Би зафатило премногу простор да ги наведеме сите.

* * *

Особено потресни беа исцелувањата на бесомачните. Ќе наведеме неколку од многуте примери.

1. Роднина на мојата сопруга во Петроград се разболе од тешко ментално растројство кое особено се пројавуваше во нетрпеливоста кон сè свето; болната ја мразеше црквата, светата причест и молитвата. Болеста толку се искомплицира што таа легна во кревет, а нејзиното семејство мораше да бдее над неа, за да не крене рака врз себе во настап на лудилото. Крстот кој го носеше на вратот повеќе пати го отфрлаше од себе, па мораа да ѝ го симнат бидејќи постоеше опасност со него да се задави.

Тетката на мојата жена, знаејќи за нејзиното одбивање на покана и доаѓање на отец Јован, без нејзино знаење, му се обрати на отец Јован со молба да ја посети болната и да се помоли за нејзино оздравување.

На чудење на сите во куќата, болната, во денот и во часот на пристигнувањето на отец Јован, влезе во состојба на особена возбуда, сосема јасно и одредено од далечина чувствувајќи го неговото пристигање и говореше: „Ене го, се спрема, се облекува, иде“. И по некое време на сиот глас почна да вика: „Не треба, не треба!“

Во тој момент, навистина дојде отец Јован, брзо ја соблече бундата, отиде кај болната, ја стави раката на нејзината глава и со силен глас рече: „Со името Божјо, ти заповедам, слугинко Божја Марија, замолчи!“

Болната веднаш замолкна, се смири и, на заповед на отец Јован, се облече и седна во фотелјата.

Отец Јован отслужи молебен. Болната, за прв пат откако се разболе почна да се моли. По молитвите, отец Јован ја причести со Светите Христови Тајни. Болната беше излекувана, што отец Јован го потврди со зборовите: „Ете, слугинко Божја Марие, сега си по милоста Божја спасена“.

Овој потресен случај толку силно влијаеше на присутните, што многумина плачеа (Сведоштво на гардискиот полковник Евгениј Михајлович Жилкин, Панчево, во близина на Белград).

2. - Во 1882 година, кога имав 10 години, една недела бев на Литургија во црквата „Свети Андреј“ во Кронштат. По Литургијата, додека присутните сè уште не се беа разотишле, доведоа еден полуден, силен селанец, кого го држеа десетина такви силни луѓе. Го доведоа до левата певница и го држеа за раце. Лицето на лудакот беше облиено со пот, а околу устата имаше густа бела пена. Се приближувам за да го видам исцелението. Набрзо отец Јован излезе од олтарот и нареди болниот да го приближат до него. Од грлото на пациентот се слушаа јасни звуци, како кукурикање на петел, и тој силно се напрегаше да се ослободи од своите чувари. Отец Јован го зеде епитрахилот и, држејќи го над главата на болниот, почна да чита молитви. Болниот падна на колена и почна да се смирува и наполно се смири. Кога отец Јован го осени со знакот на крстот, тој стана, целиот облеан во пот и почна полека да се оддалечува. Селаните што го доведоа го следеа.

Ова исцелување остави силен впечаток кај сите присутни (Сведоштво на Евстафи Андреевич Ковески, полковник на Саспискиот полк).

3. - За време на патувањето на отец Јован од Архангелск до Москва во 1890 година, на една станица му доведоа жена, на возраст од 35-40 години, која со мака ја држеа двајца силни мажи. Жената беше згрчена и  со ококорени очи. Цртите на лицето ја одразуваа нејзината ужасна душевна состојба. Со помош на уште двајца силни мажи, ја приведоа кај отец Јован. Тогаш таа почна да лае, како куче, толку брзо и продорно што ги параше ушите. Отец Јован ја стави левата рака на нејзината глава, а со десната почна да ја прекрстува и полека и јасно почна да ја чита молитвата: „Да воскресне Бог, и да се распрснат непријателите Негови, и да избегаат од Неговото лице оние кои Го мразат“.

Но лаењето на несреќната жена не престануваше, ами и се засилуваше, а со тоа се засилуваше и ѕвонливиот глас на отец Јован.

Стоевме, што би рекле, ниту живи ниту мртви. Настапи ужасен момент, косата на главата почна да се крева.

Лицето на отец Јован откриваше огромен духовен напор, челото негово беше облиено со пот. Се чувствуваше дека во тој момент се води многу тешка невидлива борба помеѓу две спротивставени сили - борба помеѓу доброто и злото. Но, слава на Бога, лаењето на болната постепено стивнуваше и конечно престана. Воздивна длабоко, како нешто да ѝ се откинало од устата, и во еден миг се исправи. Лицето во моментот ѝ се промени, се просветли и со радосни солзи се фрли пред нозете на својот исцелител, крстејќи се и заблагодарувајќи му се на Бога.

Ова се случи пред очите на сите сопатници (Мемоарите на В. И. Попов).

4. - Еден ден за време на светата Литургија во Андреевскиот храм во Кронштат, осуммина доведоа бесен човек, кој беше толку силен што ги кинеше оковите и синџирите со кои што го врзуваа. Отец Јован, во одеждите, се упати право кај болниот. Овој се ослободи од оние што го држеа и летна кон отец Јован. Изгледаше дека ќе го убие. Но, отец Јован мирно ги положи рацете на неговата глава и почна да се моли. Болниот се смири. Нечистата сила го напушти и отец Јован го причести. Тој беше целосно излекуван (Сведоштво на епископот Серафим од Богучар).

5. - Еден ден, кај отец Јован донесоа насилна жена, која ужасно го навредуваше, не можејќи да го поднесе неговото присуство. Ја држеа неколку луѓе. Отец Јован клекна пред светите икони и се потопи во молитва.

Болната излеваше ужасни хули, проколнувајќи го и исмејувајќи го и него и Бога, но малку по малку се смири и се онесвести. Кога отец Јован стана од молитва, целото лице и глава му беа облиени со пот, како да беше натопен со вода. Ѝ пријде на болната и ја благослови. Тогаш таа ги отвори очите, се расплака и падна пред нозете на батјушката. Таа беше многу исцрпена, но сосема здрава.

Ова исцелување беше трогателно (Писмо од Степан Павлович Бурачко, капетан прва класа, Панчево, кај Белград).

6. - Бев очевитка кога тројца силни мажи, облеани во пот, кај отец Јован во храмот донесоа бесомачна жена. Отец Јован излезе од олтарот во средниот дел на храмот и тие му ја доведоа. Таа почна да плука на него и на крстот. Тогаш старецот рече: „Помолете се, браќа, за неа!“ и самиот падна на колена и почна да се моли. Потоа од нејзината уста се слушна крик: „Нема да излезам!“ А батјушка му одговори: „Ќе излезеш!“ После тоа, таа се стиши, почна да плаче и го бакна крстот и раката на батјушка. Утредента таа се причести и си отиде сосема здрава.

Имаше многу такви исцелувања по молитвите на отец Јован (Сведоштво на г-ѓа Никитин, Копривница, Југославија).

7. - Во црквата влета една бесомачна жена и почна да вика и да лудува. Отец Јован ѝ се приближи, но таа се фрли на него, го свитка до земја и го повлече неколку чекори. Отец Јован беше многу блед во лицето, но не ја испушташе од раце. Со ужасен бас глас, таа довикуваше: „Стар сум... таа смртен грев направи, нема да излезам!“ Но, конечно, таа почна да се смирува и повторно со бас праша: „Каде да одам?“ А старецот, со победничка насмевка, му одговори тивко: „Во бездната!“ Така заврши исцелувањето (Сведоштво на претходно споменатата монахиња Марија Родевич од манастирот „Света Богородица“, во близина на Лесковац).

8. - Еднаш, кај отец Јован донесоа опседната жена, која одеше со нозе и раце, како животно. Отец Јован ја попрскуваше со света вода и му заповеда на демонот да излезе, но болната жена одговараше: „Нема да излезам!“

– „Ќе излезеш, ќе излезеш!“ упорно заповедаше отец Јован и ѝ го принесе крстот да го бакне.

Болната одеднаш се смири, како да заспа, потоа се тргна, си дојде на себе и почна да му благодари на Бога за исцелението.

***

Покрај безбројните исцелувања на присутни или отсутни болни, отец Јован се јавувал и од далечина, во соништа и во будност, и ги лекувал оние што ја барале неговата помош. Од многуте такви случаи, ќе споменеме само четири.

1. - Во 1902 година, во воз сретнав една интелигентна Еврејка која што патуваше од Харков до Кронштат. На прашањето за причината за така далечно патување, таа ми го рече следново:

„Одам му се заблагодарам на отец Јован Кронштатски за исцелувањето на мојата ќерка, која беше на  умирање. Професорите ѝ предвидоа смрт и одбија да ја лекуваат. Тогаш една милосрдна сестра, гледајќи го мојот неопишлив ужас, ми предложи да му испратам телеграма на отец Јован Кронштатски, тој ќе помогне. Телеграмата беше веднаш испратена. Неколку часа подоцна, истиот ден, влегов во собата на ќерката во нашата куќа и, на мое големо чудење, гледам православен свештеник како стои покрај креветот на мојата ќерка и се моли. Застанав збунета, како вкопана. Откако ја заврши молитвата, свештеникот се сврте и без да ме погледне, се упати кон вратата. Личеше на отец Јован, чија слика ја видов кај милосрдната сестра.

Со почит тргнав по него за да го испратам. Но кога излегов во претсобјето, таму немаше никој, дури ни во дворот. Ја запрашав послугата кого пуштија да влезе или да излезе од куќата, но ми одговорија дека никој ниту влегол, ниту излегол од куќата.

А ќерка ми почна брзо да се опоравува, и наскоро, на чудење на лекарите и на сите во куќата, сосема оздраве.

„Јас сум Еврејка, но одам во Кронштат да отслужам благодарствен молебен, да му се заблагодарам на отец Јован и да принесам жртва за неговите добротворни потреби“ (Ова го соопшти лутеранка, вдовица на православен инженер од Полтава).

2. - Селскиот црковен учител Павел Семјонович Воронов боледуваше од рак на желудникот. Откако ја изгуби надежта во помошта од лекарите, во почетокот на февруари 1895 година му се обрати на отец Јован да се помоли за негово оздравување.

Следната вечер, кога остана сам во собата, пред него се појави за него непознат свештеник, со свенато и нежно лице, гологлав, во горна свештеничка одежда со широки ракави и сјаен крст на градите. Застана на вратата и со очигледно сочувство го впери погледот во тешко болниот. Појавата беше толку реална, што болниот, исцрпен од тешки страдања, му се обрати на, за него непознатиот  свештеник, со молба, со својата молитва да им стави крај на неговите страдања.

Штом болниот ја изрече својата молба, визијата исчезна, и тој веднаш се почувствува подобро и брзо се опорави.

По Велигден, кон средината на април, тој отпатува во Кронштат за лично да му се заблагодари на отец Јован за неговото исцелување од тешката болест.

По пристигнувањето во Кронштат, тој се смести во „Домот на трудољубието“ и го повика отец Јован кај себе. Кога отец Јован влезе во собата, поранешниот пациент веднаш го препозна во него милостивиот свештеник кој му се јави и го исцели.

По ова, Воронов живееше уште 14 години и мирно почина на 27 јануари 1909 година.

3. - Во градот Вознесенск, во Херсонската губернија , во германското семејството Мајш, од лутеранска вероисповед, девојче  на 8 години се разболе од дифтерија. Нејзината состојба беше многу тешка. Лекарите не можеа да помогнат. Родителите беа очајни. Некој од православните ги посоветува да испратат телеграма до отец Јован Кронштатски. Вечерта му праќаат телеграма, а следниот ден добиваат одговор од него дека ќе направи што може.

Девојчето се разбуди, и им кажа на родителите дека кај  неа дошол свештеник, кого никогаш порано не го видела, и им го опиша неговиот изглед.

А уште пред тоа, познаниците на нејзините родители им донеле фотографија од отец Јован. Кога на девојчето му ја покажаа фотографијата, таа воскликна: „Баш тој свештеник беше кај мене, дојде до мојот кревет и рече: „Ќе оздравиш!“

И девојчето навистина брзо се опорави.

Сите во градот дознаа за овој случај (Сведоштво на Иванова Дубељштајн, сопруга на полковник, Белград, улица „Св. Сава“, 30).

4. - Сваќата на мојот брат, Елизавета Георгиевна, учеше во Харков. Во повисоките одделенија, таа се разболе и го загуби говорот - стана нема. Најдобриот професор во Харков и познати специјалисти од странство не можеа да помогнат, и конечно ја признаа својата немоќ. Лиза беше принудена да се откаже од школувањето и да живее кај родителите.

Родителите беа очајни. Убедувајќи се во немоќта на науката, мајката на Лиза му пиша на отец Јован Кронштатски и го замоли да се помоли за Лиза и да ја исцели со небесната сила. Отецот одговори дека ќе се помоли, и дека не треба да се паѓа во очај, бидејќи милоста Божјата е неизмерна.

Тоа беше некаде пред Велигден. Еден ден, по ручекот, сите се разијдоа по своите соби. И Лиза отиде во својата соба, како и дотогаш, нема и тажна. И пред да заспијат, се слушна силен и воедно радосниот глас на Лиза: „Мамо, мамо!“.

Тоа беше толку неочекувано. Сите летнаа во нејзината соба. Таа, како во некаков екстаза и вон од себе, проговори: „Сега во мојата соба влезе еден свештеник, ме благослови и ми рече да ја повикам мајка ми со силен глас, и јас го направив тоа.“

Според нејзиниот опис, свештеникот личеше на отец Јован Кронштатски.

И Лиза и нејзините роднини беа потресени од чудото и топло му се заблагодарија на Бога и на отец Јован.

Лиза после тоа беше сосема здрава, заврши средно училиште и се омажи (Сведоштво на генералот Пономарев).

***

Имаше и обиди да се измами отец Јован, но измамниците доживеаја Божја казна.

Еден студент го раскажа следново:

1. Ние тројцата живеевме во една соба. Нашето неверие нè наведе да смислиме измама и да го исмееме отец Јован. Еден од нас се преправи дека е болен и легна во кревет, а ние здравите, го молиме отец Јован да дојде и да се помоли за оздравување на божем „болниот“. Како што се договоривме, така и направивме.

Отец Јован дојде и, гледајќи го „болниот“ во кревет, му рече: „Не ти требам сега, но наскоро ќе ти бидам“. Потоа се помоли и си замина (не зеде пари од нас, бидејќи го предупредивме дека немаме).

Откако си замина, наводно „болниот“ сакаше да стане, но не можеше. Некоја невидлива сила го прикова за креветот. Во почетокот ние не верувавме. Мислевме дека се преправа и се шегува, но се уверивме дека не се шегува. Решивме да почекаме ден-два дена. Поминаа три дена, а нему сè полошо и полошо.

Гледајќи што направивме, двајцата отидовме кај отец Јован, го признавме нашето дело и со солзи побаравме прошка.

Отец Јован нè прими топло, ни прости и нè испрати во мир. Кога се вративме станот, го најдовме нашиот другар здрав и на нозе.

Оваа лекција добро ни послужи за цел живот и нè направи религиозни и со вера (Писмо од полковникот Михаил Димитриевич Тимофеев).

2. - Во една прилика, кога отец Јован дојде во своето село, еден селанец му пристапи и му побара 25 рубли за да ја лекува својата болна кобила (која била здрава). Отец Јован му ги подаде без збор.

Но, кога земјоделецот се вратил дома, на негов ужас ја нашол кобилата мртва.

Тој горчливо се покаја, се врати кај отецот и призна дека го измами, неговата кобила беше здрава, но сега е мртва. Отец Јован го поучи и му прости.

***

Освен дарот на лекување на болните, отец Јован имаше и моќ од Бога над епидемии од заразни болести и над стихиите на природата.

Така, со својата молитва, тој ја запре епидемијата на колера во еврејската населба во градот Новомосковск, а потоа и чумата на добитокот во Новгородската област.

За време на суша во својот крај, тој измолил за дожд, а во друга прилика, кога избувнал голем шумски пожар поради долга летна суша, тој се измолил за дожд, што им помогнало на луѓето да го изгаснат пожарот.

Кон крајот на 1908 година, големиот светилник на Христовата Црква, отец Јован, кој силно блескаше 53 години, почна да се гасне во Кронштат.

На 10 декември ја отслужи последната Литургија. После тоа, силата го напушти. Денот на неговата смрт, Бог му го откри петнаесет години однапред. Тој легна на кревет и остана така до својата смрт. Свештениците секој ден му носеа Света Причест. На 18 декември, повремено почна да ја губи свеста, што беше знак дека крајот е близу. Сепак, се причести и тој ден и следниот. Гледајќи дека во секој момент може да настапи смртта, свештениците поранија и в зори, на 20 декември, додека сè уште беше ноќ, отслужија Света Литургија и го причестија. По причеста, во 7:40 часот наутро тој мирно отиде кај Господа, на осумдесетгодишна возраст.

Неговото тело беше пренесено во Петроград и погребано во однапред подготвена капела, во сутеренот на храмот на Јовановскиот женски манастир.

Во преносот и погребувањето на неговото тело учествуваше огромна маса луѓе и голем број свештеници.

По неговото погребение, луѓе од цела пространа Русија се собираа на неговиот гроб, барајќи помош и лек за своите маки и болести.

А Господ Бог го прослави својот угодник дури и по неговиот премин во вечниот живот со многу чуда што се случуваа на неговиот гроб. Повеќе од илјада вакви чуда се запишани во манастирските книги, проверени и потврдени од надлежните. А колку останале неприбележани – тоа само Бог го знае.

Од тие чудесни исцеленија и јавувања ќе споменеме само две - три.

 1. Покојниот адмирал Владимир Федорович Пономарев, како командант на крстосувачот „Адмирал Макаров“, беше првиот што им притекна на помош на жителите на градот Месина, Сицилија, по страшниот земјотрес од 28 декември 1908 година.

Спасувајќи ги унесреќените, се заразил со тифус и, по наредба на царот, бил префрлен во Пиреја, во Грција, во тамошната болница.

Два месеци мојот сопруг лебдеше помеѓу животот и смртта, со температура над 40 степени. Во очај, ѝ испратив телеграма на мајка ми во Петроград да отслужи молебен на гробот на отец Јован за оздравување на мојот сопруг. Таа го направи тоа на 3 март.

Ноќта помеѓу 3-ти и 4-ти март, кај болниот настапи критичен момент. И по неколку дена добив писмо од мајка ми, а во него имаше ливче од венецот на отец Јован, на кое беше наведен датумот на молитвената служба: 3 март 1909 година.

Маж ми се опорави, ја напушти болницата и по еден и пол месец се вративме во Петроград (Сведоштво на неговата сопруга Александра).

2. - Вратарот на домот каде што живееше отец Јован со задоволство примаше парични награди, честопати големи, од оние што доаѓаа кај отец Јован, за да ги пушти во домот и да им овозможи да го видат отец Јован.

Собрал значителна сума и по смртта на отец Јован, отишол во Петроград со намера таму да отвори продавница. Но, се случи нешто што не го очекуваше: по пат, парите, неправедно стекнати, му ги украдоа.

Кога го забележа тоа по пристигнувањето во Петроград, несреќниот и малуверен среброљубец реши да се удави во морскиот канал. Кога стигна до каналот со таа намера, се огледа наоколу и, не гледајќи никого околу себе, се фрли во водата. Но, некоја сила одеднаш го исфрли од водата и тој поред себе го забележа отец Јован, кој строго му рече: „Не прави го тоа, грев е!“ и веднаш исчезна.

Поразен од така чудното појавување на батјушка Јован од задгробниот живот, спасениот давеник извика низ солзи благодарници: „Сега и јас верувам дека отец Јован е светител!“

Страста на среброљубието го напушти, и тој се посвети на подвигот на доживотен патник и собирач на доброволни прилози за црквите.

3. - Во градот Казабланка, Мароко, живее рускиот архимандрит Варсонофиј, кој раскажа како еднаш во животот го посетил отец Јован и побарал од него нешто за спомен, но отец Јован го одбил. По својата телесна смрт, отец Јован ѝ се јави на својата секретарка, девојка која се посвети да му служи, и ѝ нареди еден ракопис, и ѝ кажа кој, да му го предаде на архимандритот Варсонофиј.

Отец Јован беше ретка појава меѓу пастирите на Црквата Христова: сад преполн со Божја благодат. Тој беше не само голем молитвеник, подвижник, неуморен трудбеник и чудотворец, туку и голем мислител и плоден духовен писател. Неговите литературни дела изнесуваат 4.500. печатени страници, поделени во 6 тома.

Првите три тома ги содржат неговите беседи и поуки, четвртиот и петтиот том го содржат неговиот познат дневник „Мојот живот во Христа“, а шестиот том - „Мисли за Божествената литургија на Православната Црква“.

Неговиот дневник, „Мојот живот во Христос“, преведен е на англиски јазик во 1897 година и стана прирачник за многу верници на Англиканската црква - и англичани и американци.

Прекрасно чудо е, како отец Јован успеа и покрај својата голема зафатеност, уште и да пишува. Бидејќи откако се прочу како голем чудотворец, тој, голем, ако не и најголемиот дел од своето време го поминуваше на пат, во воз или на брод. Се враќаше дома доцна, ретко пред полноќта, а веќе во 6 часот наутро ја служеше раната Литургија. Своите мисли и духовните искуства тој ги запишуваше при патувањето или по враќањето дома, пред да си легне. Спиеше многу малку, два - три часа, ретко повеќе. Обичен човек не би можел да издржи таков подвиг толку долго - цели пет децении. Но Божјата благодат го крепеше, му даваше сила, и тешкото бреме му го чинеше лесно.

Тешките денови кои набрзо по неговата физичка смрт се случија во светот и во Русија (Првата светска војна од 1914-1918 година и револуцијата во Русија од 1917 година, а потоа и Втората светска војна од 1941-1945 година) ја попречија Руската црква да го канонизира отец Јован и да го вклучи во списокот на богоугодниците кои ги слави Црквата. Но, Руската Задгранична Црква во Соединетите Американски Држави го стори тоа на 1 мај 1964 година и одреди, како светител да се слави на 19 октомври и 20 декември. За таа цел, напишана му е и отпечатена Служба со Акатист.

Господи Семилостив, по молитвите на нашиот семилостив отец, светиот и праведен Јован Кронштатски, помилуј нè нас грешните. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЈОВАН, кројачки чирак  

Блажениот Јован беше од островот Тасос, од селото Мариеса. Во својата четиринаесетгодишна возраст, како момче, беше одведен во Цариград и предаден на еден христијанин кај него да го научи кројачкиот занает. Еден ден мајсторот го испрати Јован да купи конец кај еден Евреин. Јован се скара со евреинот. Потоа, бидејќи беше пладне, оџата, по својот обичај, почна да вика од минарето. Штом оџата застана, злобниот Евреин почна да им вика на оџата и на другите агарјани: „Не слушате ли како ова момче ја навредува вашата вера и вашите свети места?“ – Турците веднаш им поверуваа на зборовите на Евреинот, го зграпчија момчето и безмилосно го претепаа, па го одведоа пред везирот; и сведочеа како момчето ја навредуваше нивната вера. Момчето се колнеше дека тоа не е вистина и дека Евреинот го наклевети. Гледајќи го малото момче, везирот се сожали на него и му рече: „Ајде, потурчи се, и ќе ти дадам многу богатства и ќе те збогатам, и секогаш ќе бидеш близу мене, и ќе уживаш во сите почести и задоволства на овој живот.“

Со такви примамливи ветувања, везирот сакаше да го одврати момчето од верата Христова. Но, ова благочестиво момче Господово му одговори на везирот: „Никогаш нема да се одречам од преслаткиот мој Господ Исус Христос, дури и да ме подложите на илјадници и илјадници маки! Дури и целото ваше царство да ми го дадете!“

Кога везирот виде дека момчето е непоколебливо во својата христијанска вера, нареди да му ја отсечат главата. Градоначалникот го зеде малиот Јован, го однесе на губилиште и му го предаде на џелатот. Џелатот страшно замавна со мечот, но едвај го допре вратот на Јован, само за да види дали Јован ќе се исплаши. Но Јован не само што не се уплаши, туку со радост очекуваше мечот да му ја отсече главата. Кога џелатот го виде ова, замавна со мечот со лутина и силно го удри вратот на момчето, и му ја отсече главата.

Така блаженото момче маченик го прими од Господа венецот на мачеништвото. Ноќе пак, дојдоа некои побожни христијани, го зедоа светото тело на светиот маченик и го погребаа. По неговите молитви, нека и ние се удостоиме за Царството Небесно! Амин.