3 Јануари (21. Декември)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ЈУЛИЈАНА и 630 маченици со неа
Во времето на незнабожните римски цареви: на Исток Диоклецијан и на Запад Максимијан, во византискиот град Никомидија владееше идолопоклонството. Во тоа време, во тој град живееше еден богат и угледен човек по име Африкан, многу ревносен идолопоклоник. Тој имаше ќерка, Јулијана. Кога Јулијана порасна и почна да цвета во убавината, да пројавува памет и добар карактер, еден царски сенатор по име Елевсиј, надмудрувајќи ги другите младоженци, ја вери пред време, одложувајќи ја свадбата додека не стане полнолетна.
Но во меѓувреме, девицата Јулијана, слушнувајќи ја евангелската проповед за Христа, тајно поверува во Него и стана таен христијанин. Зашто, гледајќи го небото, земјата, морето, огнот, таа го бараше Оној Кој го создаде сето тоа, и преку создаденото научи да го познава Творецот, како што вели светиот апостол Павле:
„И навистина, она што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божественост, согледиви се уште од создавањето на светот, гледано според Неговите дела“ (Рим. 1, 20). И благоразумната девица размислуваше и си говореше во себе: Еден е вистинскиот Бог и Нему треба да му се поклонуваме, а бездушните идолите не се богови, туку живеалишта на демоните.
Оттогаш Јулијана срдечно се молеше и читаше божествени книги, проучувајќи го законот Господов дење и ноќе, тајно од татко ѝ, кој беше голем пријател на идолите и демоните, а непријател на христијаните. Мајка ѝ, Јулијана, иако незнабожна, не ја отфрлуваше христијанската вера. Всушност, таа не се грижеше ниту за едната, ниту за другата вера: ниту им служеше на идолите ревносно, ниту побожно го почитуваше Христос, па затоа не обрнуваше внимание на тоа, на која религија е приклонета нејзината ќерка.
Со оглед на занемарувањето на нејзината мајка, блажената Јулијана лесно можеше да ја сокрие од својот татко својата вера во Христа и да се моли и да го чита Божественото Писмо. Со срце исполнето со љубов кон Бога и утврдено во побожноста, таа размислуваше како да ја раскине свршувачката, да избегне брак со незнабожец, да ја запази својата девственост од идолопоклониците и да го сочува своето тело чисто од слугата на демонот. Затоа, кога се приближи времето за свадбата, Јулијана му ја испрати оваа порака на својот вереник: „Не се подготвувај за свадбата залудно; нека знаеш дека нема да се оженам со тебе додека не станеш епарх на оваа земја.“
Јулијана постапи така, уверена дека за Елевсиј е невозможно да го добие чинот на епарх, и на тој начин да го избегне бракот со него. Но Елевсиј, заробен од својата љубов кон неа, почна да ги користи сите можни средства за да се добере до чинот епарх: било преку упорни молби, или преку богати подароци, или преку влијателни посредници, молејќи го царот Максимијан да го удостои на тој чин. И по долго време и откако потроши многу имот, едвај го доби она што го сакаше, и тоа со помош на ѓаволот. Зашто ѓаволот, сакајќи да ја осуети добрата намера на светата девица, му помогна на Елевсиј. Зашто Елевсиј, штом стана епарх, веднаш ѝ ја испрати оваа порака на својата свршеница: „Радувај се, Јулијана, зашто јас, твојот свршеник, се удостоив со слава - станав епарх. Значи, подготви се за свадба!“
Гледајќи дека оваа причина не ја избави од стапиците на Елевсиј, таа отворено го изјави она што долго го криеше во своето срце, и преку испратени луѓе, му одговори вака: Добро е што си удостоен со титулата епарх; но, ако не Му се поклониш на мојот Бог и не Му служиш на Господ Исус Христос, Кому јас Му служам, тогаш барај си друга за сопруга, зашто јас не сакам да имам маж кој не е од истата вера со мене.
Кога го слушна ова, Елевсиј се зачуди од промената кај својата свршеница и многу се разгневи. Па го повика татко ѝ Африкан и почна да го распрашува: „Зошто твојата ќерка ги отфрла нашите богови и се гнаси од мене?“ – И Елевсиј му ги пренесе на Африкан сите нејзини зборови, што таа му ги испрати преку гласникот.
Кога Африкан го слушна тоа, се најде во недоумица, чудејќи се на оваа неочекувана промена и се распали со гнев кон Јулијана, не помалку од епархот, бидејќи и самиот беше многу ревносен почитувач на своите погани богови. И веднаш се врати дома. И на почетокот почна кротко и татковски да ја прашува ќерка си: „Кажи ми, ќерко мила и слатка светлино на моите очи, од која причина го избегнуваш бракот и го одбиваш епархот?“ – А Јулијана, не сакајќи дури ниту да слуша за тоа, одговори: „Остави го тоа, татко! Зашто се колнам во надежта моја - во мојот Господ Исус Христос - дека Елевсиј нема да стапи во брак со мене додека прво не ја прими мојата вера, зашто каков брак е тоа: да се биде обединети по тело, но разделени по дух, и да се непријателствува еден против друг?
Страшно разгневен, Африкан во бес извика: „Си полудела несреќничке, сакаш ли маки ?“ „Маки за Христа сакам“, одговори девицата. – „Во име на големите богови, Аполон и Артемида“, извика Африкан, „Телото твое ќе го дадам на ѕверови и кучиња да го изедат!“ – Светителката одговори: „Тогаш зошто се двоумиш? Нека дојдат ѕверовите, и за мене нека бидат, ако е можно, не една, туку многу смрти, зашто ќе се радувам, често умирајќи за Христа и секој пат добивајќи од Него големи награди“.
Тогаш татко ѝ, сакајќи вешто да ја привлече на своја страна, го остави гневот и милно ѝ говореше, молејќи ја и советувајќи ја да го послуша. А таа, со добра надеж исполнета, му се спротивстави и без страв му рече: „Зарем и ти си како твоите глуви богови, зашто имаш уши, а не слушаш? Не ли во почетокот со заклетва ти реков дека нема да има заедница меѓу мене и Елевсиј сè додека тој прво не се согласи да му се поклони на мојот Христос?“
Кога го слушна ова, татко ѝ ја затвори во одајата. Потоа повторно ја изведе и со благи и милни зборови и со родителски солзи почна да ја убедува да им се поклонува на боговите и да го сака Елевсиј. Но јуначната девојка повторно извика: „Нема да им принесам жртва на боговите! Нема да им се поклонам на киповите! Нема да го засакам незнабожниот Елевсиј! На Христос Едниот се поклонувам! Христа Го почитувам! Христос Го сакам!“
Тогаш таткото, разбеснет, ја зграпчи Јулијана и почна бездушно да ја бие: фрлајќи ја на земја, ја влечеше за коса, ја газеше со нозете, не како родител, туку како мачител, без никакво родителско сожалување; и во тој див бес и незадржлив гнев, тој заборави и на природната љубов кон својата ќерка. И ја тепаше додека самиот не изнемоште, така што блажената девојка едвај остана жива. После тоа, тој ја испрати кај нејзиниот вереник, епархот Елевсиј, за да прави со неа што сака. А тој, презиран од неа, ох! Колку беснееше, дишејќи со гнев и чкртајќи со забите на неа, чувствувајќи се многу понижен што таа се згади од него и ја отфрли неговата љубов. Затоа сега се израдува многу што му падна во раце и што доби власт над неа. И веднаш реши јавно да ѝ суди, како епарх, наводно за непочитување на боговите, но всушност одмаздувајќи се за нејзиниот презир кон него.
И епархот Елевсиј, седнувајќи на судискиот престол, нареди јагнето Христово да се донесе на испитување. А кога светата девица Јулијана се појави на суд пред својот свршеник Елевсиј, и како зора светна со убавината на своето лице, сите ги вперија очите во неа, восхитувајќи се на нејзината убавина. Елевсиј пак, само што погледна на неа, бесот веднаш му се скроти, а гневот во љубов му се претвори. И на почетокот не можеше да ѝ каже ниту еден груб збор, туку почна да ѝ зборува мирно и милно, целосно обземен од копнеж по нејзината убавина. И ѝ рече: „Верувај ми, прекрасна девице, ако ме избереш за свој сопруг, ќе бидеш ослободена од сите ужасни маки што те чекаат, дури и ако не се согласиш да им принесеш жртва на боговите“. Нема да те присилувам на тоа, само прифати брак со мене. На тоа невестата Христова одговори: „Ниту збор, ниту мака, ниту смрт нема да ме присилат да стапам во брак со тебе, сè додека прво не станеш христијанин и не примиш свето крштевање“. – Елевсиј рече: „И јас би го направил тоа, мила, ако не се плашев од царевиот гнев: зашто кога царот ќе го дознае тоа, ќе ме лиши не само од овој висок чин, туку со него и од самиот живот“. – Светителката на тоа рече:„ Ако толку се плашиш од царот смртен, времен, кој има власт само над телото, а не и над душата, тогаш како можам јас да не се плашам од Царот Бесмртен, кој има власт над сите цареви и кој владее над секој здив и душа, и како можам да се обединам во брачна врска со Негов непријател? Ако некој од твоите слуги се спријатели со твојот непријател, дали тоа ќе ти се допадне и дали нема да се разгневиш на тој твој слуга? Затоа, не залажувај се себеси, ниту празнослови, надевајќи се дека ќе ме убедиш. Ако сакаш, обрати се и ти кон мојот Бог: но ако не сакаш, тогаш: убиј ме, фрли ме во оган, покриј ме со рани, предај ме на ѕверови и стави ме на какви сакаш маки, но јас нема да те послушам, зашто си ми одвратен, а сопружништво со тебе ми е исто што и пријателство со ѓаволи, а бракот со тебе ми е како смрдлив гроб, поставен пред моите очи“.
Кога Елевсиј го слушна ова, одеднаш на огнот на неговата љубов се додаде огнот на гневот, лицето му се запали со пламен, и пожар на бес го обзеде: зашто таква е нечистата љубов кога ја презираат и од неа се гнасат. И нареди Јулијанија да ја соблечат гола и крстовидно да ја растегнат, врзувајќи ја со јажиња за рацете и нозете, и жестоко да ја бијат со суви жили и прачки. И шест војници ја тепаа светителката долго, сè додека не се омалаксаа тепајќи ја. А таа, иако по природа слаб сад, јуначки трпеше.
Наредувајќи им на војниците да престанат со тепањето, епархот ѝ рече на Јулијана: „Јулијана, ова е само почетокот на твоите маки; а те очекуваат неспоредливо поголеми ако не ѝ принесеш жртва на големата Артемида“. – Маченичката, пак, посакувајќи повеќе да поднесе маки отколку да го слуша Елевсиј, кој сè уште се надеваше дека ќе ја убеди на својот предлог, одговори: „Навистина си безумен и неразумен! Зошто и понатаму не ме мачиш? Што уште чекаш? Јас сум поспремна да трпам маки отколку ти да ме мачиш“.
Потоа светата беше обесена за косата, и висеше поголемиот дел од денот, така што кожата на главата ѝ се одвои од телото, и лицето ѝ отече, а веѓите ѝ се поместија нагоре. А Елевсиј, имајќи од љубов кон неа уште малку надеж, ја советуваше со благи зборови да се поштеди себеси. Но, кога ниту со нежните зборови ниту со многуте молби ништо не успеа, тогаш уште повеќе се разбесни и нареди со усвитени железни штици да ѝ ги подгоруваат слабините, да ја потпалуваат над градите, да ѝ ги жежат колковите и другите делови на телото. Потоа, симнувајќи ја од мачилиштето, ѝ ги врза рацете наопаку, со остро железо ѝ ги прободе бедрата и ја фрли во затвор, едвај жива.
Фрлена на земја, светата маченичка лежеше во темницата и Му се молеше на Бога, велејќи: „Господи, Боже мој, семоќен, непобедлив во силата и силен во делата, одземи ги од мене овие јадови и избави ме од страдањата што се нагнаа на мене, како што го избави Даниел од лавовите, а Текла од огнот и ѕверовите. Татко ми и мајка ми ме оставија, но Ти Господи не остапувај од мене, туку како што некогаш ги зачува Израелците кои минаа низ морето и ги издави нивните непријатели, така сега и мене зачувај ме. А пак, Елевсиј, кој се крена на мене, а со него и сатаната кој се труди да ми пречи во моето спасение, сотри го, о Цару Непобедлив!“
Додека Јулијана така Му се молеше на Бога и молитвата сè уште ѝ беше во устата, невидливиот непријател – ѓаволот, претварајќи се во ангел на светлината, на видлив начин ѝ се јави и ѝ рече: „Јулијана, ти трпиш тешки маки, а Елевсиј ти подготви уште потешки, и навистина, неподносливи маки. Но ти, кога ќе те изведат од темницата, веднаш принеси жртва на боговите, бидејќи повеќе не можеш да го издржиш страшниот ужас на маките“. – Светителката праша: „А кој си ти?“ – Ѓаволот одговори: „Јас сум ангел Божји, и бидејќи Бог многу се грижи за тебе, ме испрати кај тебе, бидејќи Он сака да го послушаш епархот, та телото твое да не загине згмечено во маки, Господ е милостив и ќе ти прости поради немоќта ма измаченото твое тело“.
Кога го слушна ова, маченичката се смати, зашто виде дека овој што ѝ се јави по изглед е ангел, но по советот очигледно е ѓавол. Затоа, воздивнувајќи од длабочината на срцето и со очи полни со солзи, таа рече: „Господи мој, Создателу на вселената, Кого Единствениот Го фалат Небесните Сили и од Кого трепери мноштвото на демони, не презирај ме мене која заради Тебе страдам, за врагот мој некако да не ми подметне, наместо сладост - горчина. Те молам, кажи ми кој е овој што ми кажува вакви зборови? Кој е овој што се нарекува слуга Твој?“
Така се помоли светителката, и беше веднаш услишена, зашто од небото се разли глас кој говореше: „Биди храбра, Јулијана, Јас сум со тебе! А со оној кој дојде кај тебе, прави што сакаш, зашто ти давам власт и моќ над него, и од него самиот дознај кој е и зошто дојде кај тебе.“
По овој глас веднаш се случи чудо: јажињата на Света Јулијана се разврзаа, оковите спаднаа од нејзините бедра и таа се крена од земјата здрава и силна со телото, додека ѓаволот, држен од силата Божја, стоеше и не можеше да побегне, бидејќи беше врзан со невидливи синџири. Светата маченичка сфати дека е слуга на ништиот и почна, како да врши иследување на суд, да го испрашува, кој е, од каде е, и кој го испратил. А ѓаволот, иако преполн со лаги, сепак, принуден од силата на Создателот кој го мачеше, почна, и против својата волја, да ја зборува вистината:
„Јас сум“, рече тој, „ѓавол, еден од првите кнезови на темнината, испратен од отецот Сатана да те искушувам и те опрелестам, зашто големо страдање доживеавме од твоите молитви и од твојата девствена целомудреност и од твоето јуначно трпение. Јас сум оној што еднаш погубно ја советував Ева во Рајот да ја прекрши Божјата заповед. Јас го поттикнав Каин да го убие својот брат Авел. Јас го научив Навуходоносор да постави златен идол на полето Деира. Јас ги измамив Евреите да се клањаат на идоли. Јас го обезумив мудриот Соломон предизвикувајќи во него страст кон жените. Јас го советував Ирод да ги исколе децата, а Јуда - да го издаде Учителот и да се обеси. Јас ги потстрекнав Евреите да го каменуваат Стефан, а Нерон - Петар да го распнат наопаку и Павле да го исечат со меч.“
Кога го слушна ова, Света Јулијана направи ново чудо: му зададе на ѓаволот нови рани и му стави нови синџири (освен невидливите со кои Бог го беше врзал), и врзувајќи го така, почна да го тепа. Прекрасно е тоа чудо како светителката можеше да врзе дух со материјални вериги и да го тепа! Зашто силата Божја, која го беше врзала ѓаволот и не му даваше да избега, и невидливо го казнуваше и му нанесуваше вистински болки, го предаде под власт на возљубената невеста Своја. И трпеше ѓаволот болка од рацете на девојката, како и од рацете Божји, бидејќи заедно со видливото камшикување, ѓаволот добиваше и невидлива рана, онаа од која родот ѓаволски навистина доживува мака. Тогаш ѓаволот почна да запомага и да рида: „Тешко мене!“ запомагаше тој: „Што ќе правам сега и како ќе побегнам? Многумина измамив и во маки ги фрлив, а сега самиот се измамив и во маки се фрлив. Мнозина во синџири фрлив и со рани ги облив, а сега од раце на девојка сум врзан и изнаранет. Мнозина себеси ги поробив, а сега мене ме држат како роб и заробеник. О, оче мој Сатано! зошто ме испрати овде? Не знаеше ли дека ништо не е помоќно од девственоста и ништо не е посилно од молитвите на маченик?“
Така, Света Јулијана го мачеше ѓаволот цела ноќ. Утредента пак, наутро, епархот нареди, Јулијана, ако е жива, да ја изведат од темницата. А светителката, одејќи, го влечеше по себе и ѓаволот и го фрли на едно ѓубриште на кое наиде по патот. Потоа се појави пред епархот Елевсиј, прекрасна, блескајќи со својата поранешна убавина на лицето и здрава со целото тело, како никогаш да не била ставана на никакви маки. Зачуден, мачителот ја праша: „Кажи ми, Јулијана, кога и како се научи на такви магии? И со која вештина толку брзо се исцели од раните, та на тебе нема ниту трага од нив?“ – Светителката одговори: „Не знам јас никакви магиски вештини, но мене ме исцели неискажливата и семоќна сила Божја, која не само тебе туку и твојот татко Сатана ве посрами, а мене ме направи далеку помоќна од вас двајцата. И ти и господарот твој, ѓаволот, кај мене сте под мои нозе, зашто го врзав господарот на кого му служиш, и маките кои се од тебе не ги сметам за ништо. Така мојот Христос тука ја уништи твојата моќ, а таму - за тебе и за твојот татко и за вашите слуги, подготви оган вечен и страшен тартар и темнина најкрајна и црви кои не спијат, кои наскоро ќе ги наследиш.
Меѓутоа, мачителот, слушајќи од устата на светителката за вечниот оган, веднаш нареди да се подготви голем времен оган. И беше печката многу усвитена, и света Јулијана во неа беше фрлена. А таа, стоејќи неповредена во огнениот пламен, Му се молеше на Господа; и солзи ѝ течеа од очите, и одеднаш ситните капки солзни станаа како две големи реки и го угаснаа целиот оган.
Ова чудо го воодушеви целиот народ на Никомидија, и поверуваа во Христа околу петстотини мажи и сто триесет жени. Сите тие, како со еден глас, извикаа: „Еден е Бог, Еден – Оној Кого Го прославува маченичката Јулијана; и ние веруваме во Него и се откажуваме од незнабожното идолопоклонство. Ние сме христијани! Нека дојде на нас меч, нека дојде оган, нека дојде која било најстрашна смрт, готови сме заедно со Јулијана да умреме за Единиот Вистинит Бог!
Кога тие громогласно го говореа ова, епархот веднаш нареди да се доведат вооружени војници. Војниците, од толпата собрана во театарот ги одвоија сите кои поверуваа во Христа и сите до еден ги заклаа со меч, како што им беше наредено. И сите тие со радост ги полагаа главите под мечот и умираа за Христа, крштевајќи се во сопствената крв.
После тоа, мачителот, дишејќи со нескротлив бес, нареди Света Јулијана да ја фрлат гола во казан кој силно клокотеше и да ја варат долго, како некое јадење. Но тој котел беше како топла бања за светителката по многуте трудови, бидејќи воопшто не му наштети на нејзиното тело, туку само го капеше, како во одлична бања, бидејќи кај неа се симна Ангел Господов и ја сочува неповредена. Меѓутоа, огнот од печката прсна на оние што стоеја наоколу и го направи она што некогаш го направи печката вавилонска: сите кои ги досегна - до пепел ги согори. Потоа и казанот препукна, и маченичката излезе од него неповредена. Народот со восхит ја опкружи како висока кула, бидејќи светителката, по раст беше повисока од сите нив.
Кога го виде го сето ова, мачителот беше во недоумица што уште да прави, бидејќи сите мачења не ја постигнаа посакуваната цел. И тој, чувствувајќи се исмеан и посрамен од девојка, почна да си ја кубе косата, да си го гребе лицето, да ја кине облеката на себе и од силен бес да фрла хули и навреди на своите богови, затоа што им служи, а тие не можеа една девојка да победат. Потоа ја осуди светата маченичка Јулијанија на обезглавување со меч.
Но ѓаволот, оној кој во темницата беше врзан од светителката, повторно дојде и, стоејќи подалеку (бидејќи сè уште се плашеше од светата маченичка и се сеќаваше на тепањето што го доби од неа) во видлив човечки облик, се радуваше на нејзината смртна пресуда и ги наговараше војниците што поскоро да ја земат и да ја погубат. А кога светата девојка го погледна со страшен поглед, тој веднаш се стресе и извика: „О, тешко мене! Оваа немилосрдничка сака повторно да ме зграпчи!“ – И извикувајќи го ова за да чујат сите, ѓаволот исчезна.
Војниците ја зедоа маченичката и ја одведоа да ја обезглават. И одеше светителката радосна и весела како на свадба, итајќи кон дворците. И откако се помоли колку што сакаше, ја приклони под мечот својата света глава и беше заклана; и се соедини со возљубениот Младоженец свој - Христос Господ, за кого од душа пострада. А некоја Римјанка по име Софија, која во тоа време по некоја своја работа се наоѓаше во Никомидија и се враќаше во Рим, го зеде со себе телото на маченичката Христова, Јулијана, и го однесе во својот дом. Подоцна, во името на Света Јулијана таа изгради прекрасна црква, достојна за таква маченичка, и во неа свечено ги положи нејзините свети мошти.
А Елевсиј наскоро го достигна казна Божја: додека пловеше по морето, се подигна бура, ја разби лаѓата и сите кои беа на лаѓата потонаа. Но Елевсиј, за голема негова несреќа и мака, не се удави, туку доплива до некој остров, каде кучиња го растргнаа и го изедоа. Така срамно и бедно загина овој безбожник, доживувајќи заслужена казна според делата свои: за убиството на невината и света девица Јулијана.
Таков беше подвигот на невестата Христова, Јулијана, таква и љубовтта нејзина кон Христа, таков беше нејзиниот маченички крај.
Таа беше верена за Елевсиј во деветтата година од раѓањето, а во осумнаесеттата своја година со својата крв се вневести на Бесмртниот свој Младоженец, положувајќи ја за Него својата душа, и сега се весели во небесните дворци со Христа Господа, славен од секое создание во бескрајните векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕМИСТОКЛЕ
Како овчар, Темистокле чуваше јагниња во некое поле близу градот Мир Ликиски. Во тоа време, мачителите на христијаните, по наредба на царот Декиј и намесникот Асклепиј, го гонеа свети Диоскорид, па наидоа на Темистокле во полето и го прашаа дали го видел гонетиот и дали знае каде се крие. Темистокле, иако знаеше, не сакаше да го предаде, туку уште изјави дека и самиот е христијанин. Затоа беше изведен пред намесникот Асклепиј. Но младиот чобан неустрашиво ја исповеда својата вера во Господ Христос. Намесникот нареди да го претепаат. И го тепаа толку многу по стомакот, што му се истурија цревата. Потоа го обесија на маченичко дрво. После тоа, го соблекоа и го влечеа по остри железни гребени, така што целото тело му беше изнарането и искинато, и тој ја предаде светата своја душа во рацете на Господ, од кого доби венец на мачеништвото.
ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ПЕТАР, митрополит Киевски и на цела Русија
Овој блажен Петар се роди во Волинската земја од побожни христијански родители. Додека сè уште беше во утробата на мајка си, на изгрејсонце, една недела, мајка му виде вакво видение: во рацете држи јагне, на кое меѓу роговите му расте дрво со изобилие на листови и полно со цветови и плодови, а меѓу неговите гранки има многу свеќи кои светат и испуштаат прекрасен мирис. – Кога се разбуди, беше збунета од необичното видение; но подоцна Господ го оправда тоа видение, збогатувајќи го со Своите дарови нејзиниот син.
Кога наполни седум години, на Петар му се даде можност да ги проучува светите книги. На почетокот, тој тешко учеше, поради што неговите родители многу тагуваа. А ова беше за да добие книжевна мудрост повеќе од Бога отколку од луѓето. И навистина, блаженото момче Петар ја доби на овој начин. Еднаш, на сон виде како кај него доаѓа човек во архиерејска облека и му вели: „Чедо, отвори ја устата!“ – А кога Петар ја отвори устата, појавениот со десната рака го допре неговиот јазик и, благословувајќи го, му го наполни грлото со сладост. – Кога се разбуди, момчето не виде никого, само почувствува дека срцето му е исполнето со сладост и веселие.
Оттогаш, блаженото момче Петар почна брзо да го разбира она што го поучува неговиот учител; и за кусо време го изучи целото Свето Писмо, и во учењето ги надмина своите врсници. А кога наполни дваесет години, Петар отиде во манастир близу до неговото родно место и беше примен во братството. Таму се замонаши и беше многу послушен во манастирските работи, носејќи вода и дрва во кујната и перејќи им ги власениците на браќата (власеница - долга, груба кошула од козина). Притоа, и зима и лето, тој не отстапуваше од своето правило: пред сите доаѓаше на црковните богослужби и си заминуваше последен; во црквата стоеше со страв, многу внимателно го слушаше Божественото Писмо, никогаш не се потпираше на ѕид, секогаш му беше послушен на својот учител и без мрзеливост им служеше на браќата, смирено и молчејќи. По желба на игуменот, тој беше ракоположен за ѓакон, а потоа и за презвитер. Тој научи да слика свети икони; и кога сликаше, со сиот свој ум и мисла се одвојуваше од земното и, целосно потопен во Богомислие, желно се стремеше кон добродетелен, доблесен живот. По долг престој во овој манастир, блажениот Петар, со благослов на игуменот, се оддалечи на пусто и осамено место и си изгради живеалиште на реката Рата, и подигна црква во името на нашиот Спасител Исус Христос. И за кратко време, кај него се собраа многу браќа. А светителот беше благ по наравта и незлоблив, и се сметаше себеси за најпоследен од сите; со тихост и кротост ги поучуваше сите; милостина даваше од срце; никогаш просјак или странец не отпушти со празни раце, така што и до кнезот стигна веста за неговиот добродетелен живот. Поради тоа, сите го почитуваа и сите примаа поука од него.
Во тоа време, во Русија од Цариград, пристигна митрополитот Максим, поучувајќи го народот на од Бога предадените учења. Кога дојде кај него со своите браќа за да прими благослов, блажениот Петар му подари икона на Пресветата Владичица наша Богородица, која самиот ја беше изработил. Светителот Божји го благослови него и браќата, и откако ја прими светата икона, ја чуваше кај себе со голема чест.
Набрзо потоа, митрополитот Максим се претстави, и некој игумен Геронтиј се дрзна да ги земе архиерејските одежди, свештениот прибор и пастирскиот жезол, а и иконата која блажениот Петар ја изработи и на митрополитот Максим му ја подари, па отпатува за Цариград, сакајќи да стане руски митрополит. Тогаш кнезот од Волинската област почна да му предлага на блажениот Петар, понекогаш молејќи го самиот, понекогаш преку бојарите убедувајќи го, да оди во Цариград заради посветување на престолот на Киевската митрополија. Зашто никој не беше наклонет кон Геронтиј поради неговата дрскост, без советување или избор, да брза да го присвои архиерејскиот чин: не влегувајќи низ врата, а прескокнувајќи од друга страна (Јован 10:1). Блажениот пак Петар, долго не сакаше и одбиваше, но најпосле, измолен од кнезот, благородниците и свештениот собор, тргна кон Цариград. А кнезот, за него веќе беше испратил молба до свјатејејшиот патријарх Цариградски и целиот негов собор, во која ја изрази својата желба да го види Петар на архиерејскиот престол.
Меѓутоа, на Геронтиј, кога пристигна на морскиот брег и по море тргна за Цариград, пловидбата му излезе неповолна: зашто се крена силна бура и задуваа спротивни ветрови и бранови, така што на ова патување тој задоцни доста време. А на истото тоа море блажениот Петар имаше тивок и поволен ветер, и го преплови морето како во сон. На Геронтиј пак, во сон му се јави гореспоменатата икона на Пресветата Владичица и му рече: „Залудно се трудиш старче, бидејќи архиерејскиот чин што го бараш нема да дојде на тебе. Но, оној кој ме иконописа, игуменот Ратски, Петар, служител на Синот мој и Бог, и мој служител, ќе биде воздигнат на архиерејскиот престол, и тој мудро ќе ги раководи луѓето за кои Синот мој, Христос Господ ја пролеа Својата крв, од мене примена; и богоугодно ќе поживее, и во добра старост со радост ќе премине кај Владетелот на сите“. – Рипајќи од сон, Геронтија го обзеде страв и видението го им раскажа на сите.
Кога преподобниот отец нашПетар допатува во Цариград, Цариградски патријарх во тоа време беше Атанасиј, прекрасен човек, кој со своите добродетели го красеше вселенскиот престол. Кога блажениот Петар влезе во црквата Света Софија кон патријархот, храмот се исполни со прекрасен мирис; патријархот преку Светиот Дух разбра дека таквото ухание се должи на доаѓањето на Петар и со радост го благослови. Потоа, кога ја дозна причината за неговото доаѓање, патријархот го свика Светиот Собор и, како што е вообичаено, го разгледаа прашањето. Петар се покажа достоен за архиерејство, бидејќи беше предодреден за тоа уште пред своето раѓање.
Така патријархот, служејќи Божествена служба, го посвети овој прекрасен Петар за архиереј; при тоа лицето на угодникот Божји така заблеска што сите се восхитуваа и говореа: „Навистина овој човек по Божја заповед дојде кај нас “. И сите се исполнија со духовна радост.
По неколку дена, во Цариград пристигна и Геронтиј, и со тешко срце раскажа сè што го снајде. А патријархот, примајќи ги од него архиерејските одежди, чесната икона, пастирскиот жезол и црковниот прибор, сето тоа го предаде во рацете на вистинскиот пастир - Петар. Потоа пресветиот патријарх, откако во текот на многу денови доволно го поучи светиот и блажен Петар, го благослови и чесно го отпушти од Цариград.
Свети Петар, откако пристигна во својата митрополија, на сите им даде мир и благослов и ревносно го учеше стадото доверено му од Бога, преминувајќи од место во место. Но, лукавиот ѓавол не го дотрпе ова добро дело, туку му ја предизвика на светиот оваа неволја: наговори некои да не го признаваат за архиереј. Но, многумина од нив подоцна се покајаа, го примија светиот и откако му се покорија, добија прошка од него.
По извесно време, кај епископот Тверски Андреј, ѓаволот предизвика завист кон Свети Петар, кој, не воздржувајќи си го јазикот, почна за праведникот да шири разни клевети и, пишувајќи многу лажни и богохулни зборови за него, ги испрати до свјатејејшиот Патријарх Атанасиј. Патријархот многу се зачуди и сето тоа го сметаше за неверојатно, но бидејќи тоа беа тешки клевети, испрати еден од црковниот клир во руската земја, а потоа беше свикан собор во градот Перејаслав. На соборот присуствуваа Ростовскиот епископ Симеон, Печерскиот игумен, преподобниот Прохор, кнезови, благородници, свештеници, монаси и големо мноштво други. Кога епископот Тверски, Андреј беше повикан на соборот, работата почна да се иследува, и кога лажните сведоци истапијапротив Свети Петар, се крена голема врева. Тогаш сторителот на злото не се сокри, туку пред сите беше обелоденет. Зашто злобата и клеветата на Андреј беа разобличени, а лажливиот клеветник пред сите беше посрамен и понижен. А Свети Петар не му направи ни најмало зло, туку му прости; и откако доволно ги поучи сите, со мир го распушти советот. Тој пак самиот, на трудот додаваше труд стократно умножувајќи го талантот што му беше даден, бивајќи отец на сиротите.
Во тоа време се појави некој еретик по име Сеит кој проповедаше учење спротивно на Црквата Христова и на православната вера; светителот Божји го одлачи и го предаде на анатема, а злобниот еретик наскоро загина со зла смрт.
После тоа, угодникот Божји, Петар, дојде во славниот град Москва; во него тогаш владееше благоверниот велик кнез Јован Данилович, украсен со сите добродетели, милостив кон сиромашните и свештенството, љубител на храмовите и послушен следбеник на светите книги. Светителот многу го засака и почна да живее во тој град повеќе отколку на други места. Тој го советуваше побожниот кнез, во Москва да изгради камена црква во името на Успението на Пресветата Владичица наша Богородица и Секогаш Дева Марија, велејќи му: Ако ме послушаш, сине мој, и ѝ изградиш храм на Пресвета Богородица, тогаш самиот ќе бидеш прославен повеќе од другите кнезови, и твојот град ќе биде славен: светители ќе живеат во него, и ќе се спуштат рацете негови на непријателите негови, и Бог во него ќе се прослави, а и моите коски тука ќе бидат положени.
Послушувајќи го советот на светиот, кнезот ревносно се зафати со изградба на црквата. Откако беа положени темелите на црквата, ѕидањето напредуваше од ден на ден, а самиот светител се грижеше изградбата секој ден брзо да напредува.
Кратко пред блажената смрт на Свети Петар, кнезот Јован Данилович сони ваков сон: стои висока гора, со врв покриен со снег; и одеднаш снегот се стопи и исчезнува. – Кога принцот му го раскажа на светиот овој сон кој го вознемири, светиот му рече: „Високата гора, тоа си ти, кнегу; а снегот, тоа сум јас ништожниот, кој наскоро треба да заминам од овој живот во животот вечен.
Предвидувајќи го, по Божјо откровение, своето скоро заминување од овој свет, светителот Божји со свои раце направи гроб за себе во близина на олтарот на новоизградената црква на Пресвета Богородица. И кога гробот беше готов, светиот повторно имаше откровение од Бога за неговото претставување. Целиот исполнувајќи се со радост, светителот отиде во црквата и отслужи Божествена служба, молејќи се за сите православни цареви и кнезови, за својот духовен син - благочестивиот кнез Јован и за сите благочестиви христијани од руската земја; ги спомна и починатите; и се причести со Светите Тајни.
Враќајќи се од црква, тој го повика целиот клир и откако по обичај ги поучи, ги отпушти. Во тоа време, Божјиот угодник правеше многу милостина на сиромашните и во неволните, на црквите и манастирите и на свештениците. Но, по тело слабееше. И кога дојде денот на неговото заминување, го повика кај себе градоначалникот Велјаминов, бидејќи кнезот во тоа време не беше во градот, и му рече: „Чедо, еве ме, заминувам од овој живот, а на мојот возљубен син, кнезот Јован, и на неговото потомство, им ја оставам засекогаш милоста и мирот и благословот Божји“. – Потоа, откако даде и други завештанија, Свети Петар му предаде ќесе со пари за довршување на црквата. Потоа, давајќи им мир на сите, почна да служи вечерна богослужба, и додека молитвата сè уште му беше во уста, и самиот ги беше кренал рацете кон Бога, неговата душа отиде кај Господа.
Кнезот пак, кога слушна за смртта на светиот, нажален, брзо дојде во градот со сите благородници; и сиот народ плачеше и тагуваше за претставувањето на светителот. Откако неговото тело беше положено на одар, го пренесоа во црквата, како што е обичај. Во тоа време, некој човек, засенет од неверие, се проби низ толпата до телото на светиот и почна да го навредува во душата, мислејќи: „Кој е овој мртовец на чиј погреб учествува и самиот кнез и толку народ, и зошто му се оддава толкава чест?“
Кога тој го помисли тоа, во тој час го виде светиот како седи на одарот и ги благословува луѓето од двете страни цело време, сè додека не го доведоа до гробот. Тогаш човекот се увери во светоста на Божјиот човек и им раскажа на луѓето што видел. Светите мошти на блажениот Петар беа положени во гробот што самиот тој го подготви за себе, каде што и денес почиваат, правејќи чуда за оние кои со вера им се обраќаат. Така, еден млад човек, на кого рацете од раѓање му беа одземени и беа сосема неподвижни, дојде до гробот на овој светител, молејќи се со солзи, и веднаш рацете му се исцелија и оздравеа. Потоа светителот исцели еден згрчен човек, и му дарува слух на глув. На еден пак, кој бил слеп многу години, кога дојде и припадна на молитва, одеднаш му ги отвори очите. И многу други благодети чудесно се случуваат до ден-денес за оние кои со вера доаѓаат кај чесната рака на светителот Петар, во чест и слава на Бога, прославен во Троица засекогаш. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ПРОКОПИЈ ВЈАТСКИ, јуродив заради Христа
Блажениот Прокопиј, син на селанец од селото Корјажинск, недалеку од градот Хлиново, во Вјатската област, во Русија. На дваесетгодишна возраст, го зеде на себе подвигот на јуродивоста, а Господ го прослави со дарот на проѕорливоста и чудотворењето. Го претскажа своето окончение; беше заклан од неговите роднини во 1627. година. Неговите свети мошти, прославени со исцеленија, се наоѓаат во Трифоновскиот Успенски манастир, во Вјатската област.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТА ЈУЛИЈАНИЈА, вјаземската књегиња
Света Јулијанија беше сопруга на кнезот Симеон Мстиславович Вјаземски, кој служеше на дворот на Јуриј Свјатославич, смоленскиот кнез. Со својата честитост, света Јулијана служеше како пример на возвишено сопружничко целомудрие. За време на неговото прогонство во градот Торжки, Јуриј повеќе пати безуспешно се обидуваше да ја оскверни принцезата Јулијанија, жена со необична убавина. Конечно, Јуриј го уби Симеон, надевајќи се дека после тоа полесно ќе ја добие неговата жена. Целомудрената Јулијанија ѝ се спротивстави на скотската страст на Јуриј, и тој во бес ја искасапи со меч, во 1406. година. Светите мошти на Света Јулијанија, прославени со чудеса, почиваат во соборната црква на градот Торжк.