4 Јануари (22. Декември)

 

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЧКА АНАСТАСИЈА ЈАЖЕРАЗВРЗИТЕЛКА, и други со неа

Прекрасна меѓу жените, Анастасија беше родена во знаменитиот град Рим. Од висок род, таа со својата телесна и душевна убавина, со својот добар карактер и кротост, ги надмина сите. Татко ѝ, угледен сенатор, беше незнабожец, а мајка ѝ беше христијанка, и името ѝ беше Фауста. Уште во раното детство, нејзината мајка, заради учење книга, ја довери Анастасија на некој Хрисогон, човек познат по својата мудрост и добродетелен живот, побожен христијанин и многу искусен во божествените работи, а подоцна и маченик. Од овој свет човек, Анастасија научи не само писменост, туку и тоа дека Единиот Вистински Бог е Алфа и Омега, и Почеток и Крај на целокупното видливо и невидливо создание, и дека е Тој крајната цел на сите побожни желби на човечкото срце. На такво познание и божествена љубов беше научена Анастасија, и таа вредно ги изучуваше христијанските книги, дење и ноќе поучувајќи се во законот Господов и утврдувајќи го срцето свое во љубовта Божја.

Откако го заврши учењето кај Хрисогон, Анастасија се прочу, и сите ја фалеа како мудра и прекрасна. А кога нејзината блажена мајка Фауста си отиде од овој живот, татко ѝ ја даде Анастасија со сила и против нејзината волја на еден властелин од висок род, Публиј, по вера незнабвожец. И беше однесена Анастасија во куќата на младоженецот: верна кај неверен, јагне Христово кај волк. Но Анастасија ја чуваше Бог, кон Кого воздивнуваше дење и ноќе плачејќи со срцето, та не ја изгуби девственоста, а нечистиот сопруг не го оскверни чистото нејзино тело. Зашто Анастасија, со изговор дека има женска болест која наводно ја мачи секојдневно и непрестајно, му тврдеше на сопругот дека не е способна за телесен однос со него. Поради ова, мажот ѝ понекогаш ја караше и ја злоставуваше, но нејзиниот ангел чувар невидливо ѝ помагаше и од рацете на мажот ѝ ја спасуваше. И така таа постојано остануваше девојка.

Анастасија често, облекувајќи се скришно во едноставни, сиротински фустани, тајно излегуваше од куќата, и придружувана само од една верна робинка, ги посетуваше сите затвори; со злато ги поткупуваше затворските чувари и ги посетуваше затворените за Христа. И им служеше богобојазливо и со љубов: им ги миеше рацете и нозете, им ја бришеше крвта, им ги преврзуваше раните, им ги чистеше ќелиите, им даваше понуди на секого според неговата потреба, па се враќаше дома. Но, ова често посетување на Анастасија по затворите, не остана тајна за нејзиниот сопруг, и тој уште повеќе се разгневи на неа. Навистина, тој и порано ја напаѓаше затоа што не ги исполнуваше своите брачни должности. Но, кога несреќната робинка, која ја придружуваше Анастасија за време на посетите на темниците, му раскажа сè, тој ужасно ја претепа Анастасија, ја затвори во куќата и ѝ постави стража, прагот на куќата да не го пречекори. И тагуваше света Анастасија за Христовите маченици, оти не ги посетува, оти не им служи и не им носи понуди. Но, особено жалеше за својот учител, светиот Хрисогон, што не го гледа. Зашто тој веќе две години лежеше во темница, трпејќи многу и разни маки. Претходно, додека беше слободна, Анастасија често одеше кај него; но сега затворена и чувана, не можеше тоа да го прави. Мажот особено силно ја злоставуваше Анастасија откако умре татко ѝ, оставајќи ја за единствена наследничка на неговиот огромен имот, бидејќи други деца немаше. Публиј, не ја сакаше Анастасија поради нејзиното избегнување на телесни брачни врски, и имаше намера да ја убие Анастасија и така да стане наследник на целиот нејзин имот, па да си земе друга жена. И сопругот ја сметаше светата девица Анастасија за заробеничка и робинка, и секојдневно ја малтретираше и мачеше. Ова се гледа од писмото што таа преку една старица тајно му го испрати на свети Хрисогон. Во тоа писмо пишува:

„До светиот Исповедник Хрисогон, од Анастасија. Мојот татко беше идолопоклоник, но мајка ми беше христијанка и целиот свој живот го помина побожно и чисто во христијанската вера. Таа уште од пелена ме направи христијанка. По нејзиното заминување од овој свет, бев принудена да го земам врз себе јаремот на сопруг  - богохулник. Но, по големата милост Божја, избегнувајќи го креветот на мојот сопруг со измислена болест, дење и ноќе ги прегрнувам нозете на мојот Господ Исус Христос. Меѓутоа, мојот сопруг се разметнува со моето наследство и го троши со недостојни и погани идолопоклоници, а мене, како магесничка и богохулничка, ме стави под таква свирепа стража, што очекувам смрт. И навистина, не ми преостанува ништо друго освен да ја испуштам душата и да паднам мртва. Иако во смртта ќе се радувам поради исповедањето на мојот Господ Исус Христос, сепак многу тагувам гледајќи го сето мое богатство, кое му го ветив на Бога, како се растура од раце на безбожни луѓе, туѓи на Бога. И затоа те молам, о човеку Божји сесрдно моли се на Владиката Христос: да го поштеди животот на мојот сопруг ако провиди дека некогаш ќе се преобрати во верата; или ако засекогаш остане во незнабоштвото, тогаш нека нареди тој да излезе од средината на живите и да им отстапи место на оние кои го почитуваат Бога. Зашто за него е подобро да умре, отколку да не го исповеда Синот Божји и да им попречува на оние што Го исповедаат. Самиот Христос ми е сведок, дека ако сум слободна, ќе се прилепам за нозете на светиите и ќе се трудам со сето срце за нив, како што и почнав. Спасувај се, човеку Божји, и мене спомнувај ме“.

Свети Хрисогон ѝ го испрати како одговор на Анастасија следново писмо: „Хрисогон до Анастасија. На тебе, која се наоѓаш среде бурите и немирите на овој свет, наскоро, одејќи по водата, ќе дојде Христос, и со еден збор на Својата заповед ќе ги стиши сите ѓаволски бури што нагрнале на тебе. Затоа, како да си среде море, очекувај го Христа Кој ќе дојде кај тебе и во срцето свое запомагај со пророкот, велејќи: „Зошто тагуваш, душо моја, и зошто си вознемирена? Надевај се на Бога, бидејќи јас пак ќе Го славам, мојот Помошник, мојот Бог“. (Пс. 41, 5). Надевај се на двоен дар од Бога: зашто и временото наследство ќе ти се врати и небесно ќе ти се подготви. А Господ затоа Своето доброчинство го продолжува преку тешки случувања, за да не го сметаме за лошо она што Он ни го дава: зашто Господ не ти штети, туку те искушува. И ова знај го, заштитата не е сигурна кога е од човек, зашто Светото Писмо вели: „Проклет да е човекот кој се надева на човек; благословен е човекот кој се надева на Господ“ (Еремија 17: 5, 7). Чувај се цврсто и будно од сите гревови; и само од Бога барај утеха, држејќи ги заповедите Негови. Наскоро ќе ти се поврати мирното време; и среде ноќната темнина ќе те посети светлина на цветен ден; и ќе ти блеснат сончеви, ведри денови по изминатата зима, за да им пружиш времена утеха на сите кои страдаат за името Христово, и самата несомнено ќе се удостоиш за вечна утеха. Спасувај се во Господа и моли се за мене“.

По кратко време, Анастасија, свирепо и смртно измачена од злобниот и незнабожен маж, му напиша на светиот Хрисогон вака: „До исповедникот Христов Хрисогон, Анастасија. Дојде крајот на моето тело; спомни ме, за да ја прими Господ мојата душа која излегува, за чија љубов го трпам она што ќе го чуеш од устата на оваа старица“.

Свети Хрисогон ѝ одговори со вакво писмо: „Хрисогон до Анастасија. На светлината секогаш ѝ претходи темнина, а по болеста се враќа здравје, и по смртта настапува живот. Со ист крај завршуваат непријатностите на светот - со благосостојба: за да не завладее очајот над очајните и празното кочоперење над радосните. Едно е морето по кое пловат чамците на телата наши, и под еден кормилар пловат душите наши. Но, чамците на некои се појаки, и бурите не им штетат; а на други се слаби, и во пристаниште се близу до потопување: зашто близу е времето да загинат оние кои не помислуваат да стигнат во спасоносното пристаниште. Ти пак, о беспрекорна служителко Христова, со сета своја мисла врзи за крстот Христов, и подготви се за делото Господово. А кога во тоа дело ќе послужиш по своја желба, тогаш со слава на мачеништво ќе преминеш кај Христа“. Со ова писмо, Свети Хрисогон изрече пророштво за скорешната смрт на Публиј, злиот сопруг на Анастасија. Во тие дни царот го испрати Публиј со пратеници кај царот персиски. И додека патуваа по море, одеднаш се појави бура, и Публиј потона и се удави, и така бедникот загина со бучава. Света Анастасија пак, се избави како птица од ловечка мрежа, сочувувајќи ја својата девственост и го прими целото наследство што ѝ беше останато по нејзините родители. И почна повторно да ги посетува темниците, служејќи им на светите Христови маченици не само со својот имот, туку и тешејќи ги со мудри и благоразумни зборови и поттикнувајќи ги на херојско трпење и бестрашна смрт за Христа.

Во тоа време, царот Диоклецијан се наоѓаше во Аквилеја и се трудеше на сите можни начини, ниеден христијанин да не му побегне или да се сокрие. Од Рим го известија дека затворите се преполни со христијани и дека ги мачат со разни маки, но тие не се одрекуваат од својот Христос. На сите нив, учител им е Хрисогон; него сите го слушаат и цврсто се држат до неговото учење. Тогаш царот нареди сите да бидат ставени на маки и да бидат убиени на разни начини, а само Хрисогон да го испратат кај него. Зашто мислеше царот дека ако го победи Хрисогон, тогаш лесно ќе ги совлада сите останати христијани.

Кога Свети Хрисогон го водеа на суд кај царот, Анастасија одеше по него од далеку. Кога го виде светителот, царот прво почна да му зборува многу благо: „Хрисогоне, прими добар совет: обрати се во нашата вера и угоди им на боговите, а за себе избери си радост наместо неволји и корисно, наместо бескорисно. Знај уште и дека не само што ќе те ослободам од маките и ќе ти дадам слатка виделина, туку веднаш ќе те назначам и за епарх на големиот град Рим“. – Светителот одговори: „Го познав единствениот Бог, и Тој ми е посладок од секоја светлина, помил од секој живот, поскапоцен од секое богатство. Во Него и со срце верувам; Него и со уста Го исповедам, и со душа Го почитувам, и колената свои јавно пред Него ги преклонувам; а многуте богови твои, и басни и демони никако нема да ги почитувам, бидејќи за нив мислам исто што и Сократ, кој вели: од нив  треба да се бега со сета сила, зашто се луѓе измамници и познати душеубијци. Подароците пак, и почестите кои ми ги ветуваш, за мене се сон и сенка“.

Не поднесувајќи ги таквите смели зборови на Хрисогон, царот им нареди на војниците веднаш да го однесат во некое зафрлено место и да му ја отсечат главата. И лежеше телото на светителот на морскиот брег, недалеку од живеалиштето на некој презвитер Зоил, човек свет, и три девојки, сестри по тело и дух: Агапија, Хионија и Ирина. Тој презвитер, по некое откровение Божјо дозна за телото на свети Хрисогон, го зеде, и со главата, го положи во ковчег и го сокри во својот дом. И на триесеттиот ден, свети Хрисогон му се јави во видение и му рече: „Знај дека во овие девет дена, тие три девици Христови, кои живеат близу до тебе, ќе бидат земени на мачење. Но ти, кажи ѝ на слугинката Господова, Анастасија, внимателно да ги охрабрува на херојски подвиг сѐ додека не се овенчаат со страдање. А и ти, имај добра надеж дека ќе примиш слатки плодови од трудовите твои: зашто наскоро ќе се ослободиш од земниот свет и ќе бидеш одведен кај Христа со настраданите за Него“.

Истото ѝ беше откриено и на Света Анастасија. И таа, поттикнувана од Духот Божји, дојде во куќата на презвитерот Зоил, кого до тогаш не го познаваше, и го праша каде се оние девици чие идно мачеништво му беше откриено во видение. Презвитерот ѝ ја покажа нивната куќа, и света Анастасија помина една ноќ со нив, со љубов кажувајќи им многу спасителни и полни со божествена љубов поуки, на тој начин храбрејќи ги јуначки да застанат за Христос, нивниот Младоженец, до пролевање на својата крв за Него. Тогаш, света Анастасија ги виде и моштите на Христовиот маченик, свети Хрисогон, својот мил учител, и долго плачеше над нив од сѐ срце, препуштајќи се на неговите молитви.

Потоа Света Анастасија се врати во Аквилеја. И бидна како што свети Хрисогон му рече на презвитерот Зоил во видение: за девет дена презвитерот Зоил се претстави пред Господа; а светите девици: Агапија, Хионија и Ирина, беа фатени и изведени пред царот Диоклецијан на судење. Тој долго, и со ласкање и со закани, ги убедуваше и ги принудуваше да принесат жртви на идолите; но бидејќи тие никако не сакаа, ги фрли во темница. А Света Анастасија веднаш, по својот обичај, отиде кај овие свети девојки и ги тешеше со доверба во сигурната помош Христова и со надеж во славната победа и триумф над непријателот.

Во тоа време, царот отпатува во Македонија по некои државни работи, а трите свети девици беа предадени на мачителот Дулкициј. Тој ги подложи на испрашување и мачење, а потоа ги предаде на измачување на некој Сисиниј, комита. Сисиниј ги фрли светите Агапија и Хионија во оган, каде што умреа, предавајќи Му го духот на Бога и оставајќи ги своите тела во огнот цели и неповредени. Светата пак Ирина, еден од војниците на комитот ја застрела со стрела, и таа издивна. Нивните свети тела ги зеде света Анастасија, ги завитка во бели плаштаници со мириси, и богобојажливо ги положи на чесно место, величејќи ги нивните страдања.

Потоа, света Анастасија одеше од град во град и од земја во земја, служејќи им на светите заробеници по темниците, згрижувајќи ги Христовите затвореници со храна и пијалок, лекови и секаква потреба на свој трошок, олеснувајќи им ги маките на големите страдалници и со тело изнемоштените, и со злато купувајќи од темничарските чувари одмор за долгогодишните заробеници. Затоа таа и беше наречена Јажеразврзителка: зашто на многумина им ги разврза јаремите со своето тајно грижење за нив, донесе олеснување на многумина, многумина исцели од неизлечиви рани со своето завземање и лекување, со своето служење оживеа многумина полумртви, а ги охрабри здравите кои одеа на мачење. И лекарската наука ја беше изучила Света Анастасија, та самата ги лекуваше оние со рани и не се гнасеше да ги носи на раце оние кои не владееја со нозете и рацете, искршени и изнаранети заради Христа; таквите  со свои раце ги хранеше и со свои раце ги напојуваше, и гнојот им го чистеше и раните им ги преврзуваше. И на света Анастасија само ова ѝ беше единствената радост и веселие: да им служи, како на самиот Христос, од сето срце, на оние кои страдаат за исповедањето на преслаткото име Христово. За тоа со сета своја мисла се грижеше, со сета своја срдечност работеше, совладувајќи ја слабоста на својата природа со цврстина на душата и со јунаштво, и со љубов кон Бога и ближните, а најповеќе со љубов кон светите страдалници, секогаш блиски до Бога, за кои со Давид зборуваше: „Колку ми се драгоцени Твоите пријатели, Боже!“

Кога светата Јажеразврзителка Анастасија престојуваше во Македонија, таа и таму го обавуваше своето вообичаено служење на светиите. Таму се запозна со една многу млада вдовица по име Теодотија, која беше родум од витинискиот град Никеја. По смртта на нејзиниот сопруг, Теодотија остана со своите три мали дечиња и живееше во Македонија, минувајќи ги своите вдовечки денови во побожен христијански живот. Блажената Анастасија често престојуваше кај оваа вдовица, бидејќи ја сакаше како верна слугинка Христова, и се тешеа една со друга со слатки разговори за преслатката љубов Божја, за која толку многу светители Божји душите свои радосно ги положија. Но, по некое време се дозна дека Теодотија е христијанка. Како таква, беше изведена на суд пред царот. За време на тоа нечестиво судење, некој од царската свита, по име Левкадиј, ранет од убавината на Теодотија го замоли царот да не ја погубува, туку да му ја даде за жена. Кралот веднаш се согласи на тоа, надевајќи се дека нејзиниот сопруг побрзо ќе ја преобрати кон боговите.

Левкадиј ги зеде Теодотија и нејзините деца и ги донесе во својот дом. И што сѐ не направи, и што сѐ не рече молејќи ја Теодотија, и советувајќи ја, и ласкајќи ѝ и заканувајќи ѝ се, да ги направи овие две работи: да се одрече од Христа и да се согласи да му биде жена. А Теодотија му одговори: „Ако се обидуваш да ме добиеш за жена само за да можеш да располагаш со моите богатства и имот, еве доброволно ти давам сѐ, само остави ме да му служам на Христа, за наместо сите богатства, единствено Христа да го наследам. Но, ако ме сакаш мене, сакајќи ја мојата убавина и гледаш да ме одвратиш од Христа, тогаш знај дека се обидуваш да направиш нешто невозможно: зашто попрво мојата убавина во грдотија ќе ја претвориш, и животот во смрт, отколку што ќе го оттргнеш мојот ум од Христа и ќе ме намамиш да се омажам со тебе“.

Во тие денови се појави потреба, па Левкадиј тргна со царот некаде на пат, а Теодотија ја остави дома. И се задржа Левкадиј долго време на пат. Теодотија, откако малку се одмори, со света Анастасија им служеше на заробените, болни исцелувајќи, мртви погребувајќи и поткрепувајќи ги живите за големи подвизи. А царот Диоклецијан беше известен и за тоа, дека затворите во градовите се преполни со христијани и дека нема каде да се сместат нови заробеници. Тогаш незнабожниот мачител нареди, во една ноќ да бидат на разни начини убиени сите христијани по затворите, за да можат да сместат други христијани. И беше за тоа одредена една ноќ, која безброј маченици испрати кон незалезниот ден, успивајќи им ги телата со разни смрти: зашто некои беа убиени со меч, други удавени од вода, некои беа изгорени во вжарени печки, а некои беа примени живи од утробата на земјата, бидејќи откако ги фрлија во длабоки ровови и јами, живи ги затрупаа со песок и камења.  

А кога се раздени, маченикољубивата блажена Анастасија, по својот обичај, отиде во една од темниците и, не наоѓајќи никого, го исполни воздухот со плач и ридање. На прашањето на тамошните војниците зошто така рида, таа одговори: „Ги барам слугите на мојот Бог кои вчера беа во овој затвор, а сега не знам каде се“. – Војниците пак, препознавајќи дека е христијанка, веднаш ја зграпчија и ја одведоа кај царскиот намесник на Илирија, Флор. Кога управникот ја праша света Анастасија: „Дали си христијанка?“ Таа громогласно одговори: „Навистина, христијанка сум. Зашто она што тебе ти е одвратно, тоа мене ми е премило. Името христијанин за вас е богохулно, но за мене е драгоцено и славно“. – Кога пак намесникот дозна дека Анастасија е од Рим и од висок род, ја праша: „Тогаш што те натера да ја напуштиш својата славна татковина Рим и да дојдеш тука?“ – Светителката одговори: „Што друго освен гласот на мојот Господ кој ме повикува кон Себе, зашто единствено Него следејќи го, ги оставив татковината и пријателите, и земајќи го крстот на мојот Христос, со брзи и радосни чекори тргнав по Неговите стапки“. – Управителот ја праша: „Каде е оној кого ти го нарекуваш Христос?“ – Светителката одговори: „Нема место каде што не е Христос. Он е на небото, Он е во морето, Он е на земјата, Он е и во сите кои Го повикуваат и се бојат од Него, просветлувајќи им ги умовите и секогаш пребивајќи со нив“. – Управителот ја праша: „Каде се оние што се бојат од твојот Христос, за кого зборуваш, кажи ни да ги запознаеме?“ – Светителката одговори: „Досега беа со нас на земјата во тело, а сега, оставајќи го ова долу, на небото се и од висините гледаат на нас: зашто тоа им го издејствува смртта која ја примија за Христа. Меѓу нив ќе бидам и јас, бидејќи сакам да кренам по истиот пат како и тие“.

Бидејќи царскиот намесник не можеше да превземе ништо против високородната Римјанка сè додека не го извести царот за неа, тој напиша детален извештај за Анастасија и му го испрати на Диоклецијан. На Диоклецијан пак, му беа познати и родителите на Анастасија, и нејзиниот сопруг и самата таа. И дознавајќи дека Анастасија имотот кој го наследи од родителите го троши на сироти христијани, тој, сакајќи да го придобие тој имот, нареди да му ја доведат Анастасија. Кога Анастасија ја доведоа пред него, тој започна да ја испрашува за нејзиниот имот, сакајќи го богатството повеќе од своите богови. И зборуваше: „Каде се богатствата што останаа од твојот татко?“ – Светителката храбро одговори: „Да ми останеше уште нешто од ризниците и имотите со кои сè уште би можела да им служам на слугите на мојот Христос, тогаш јас не би се предала во рацете на оние што се жедни за крв христијанска. Но бидејќи сите богатства веќе ги потрошив како што треба, ми останува уште само моето тело, и ете итам и него да го принесам како дар на мојот Христос“.

Царот, гледајќи го бестрашното говорење на Анастасија и чувствувајќи ја јуначната храброст на нејзината душа, изгуби надеж дека ќе ја совлада со зборови и ќе добие нешто од нејзиното богатство, бидејќи го потрошила. Притоа, се плашеше да се впушти во долг разговор со неа, за да не би го засрамила со своите мудри зборови. Затоа, тој нареди Анастасија да ја одведат кај епархот, велејќи: „Не му прилега на царското величество да зборува со безумна жена“.

Епархот со смирен глас ѝ рече на Анастасија: „Жено, зошто не им принесуваш жртви на боговите како што им ги принесуваше твојот татко, туку, напуштајќи ги, го почитуваш Христа, кого не го познаваш, кој е роден од Евреите, а и убиен е од нив како злосторник?“ – Анастасија одговори: „И јас во својот дом имав богови и божици, од злато и сребро и бакар, и гледајќи ги како залудно служат како слетувалишта за птици и живеaлишта на пајаци и муви, ги фрлив во оган, за птиците, пајаците и мувите да не ги срамотат. И од огнот ми излегоа златни, сребрени и бакарни пари, та со тие пари многу гладни нахранив, голи облеков, на неволни помогнав и сиромашни згрижив. И така боговите што стоеја залудно и бескорисно, ги употребив во корист на мнозина“. – Разбеснет, епархот извика: „Јас за тоа безбожно дело твое не сакам ни да слушам со ушите свои“. – Светителката се насмеа и рече: „Се чудам, судијо, на твоето расудување, та делото моето го нарекуваш безбожно. Зашто, ако во тие бездушни идоли имаше барем едно чувство или барем една, било каква сила, што би ги спречило тогаш да се ослободат од рацете што ги кршат или да им се одмаздат на разбивачите? Или барем од вас да побараат помош? Но, тие дури и не знаат што им се случува!“ – Судијата ја прекина Анастасија во збор, извикувајќи: “Нашиот себожествен цар ми нареди да ги оставиме сите празни зборови и да направиш едно од двете: или на боговите да принесеш жртва, или во зло да загинеш“. – И светителката говореше дека да се умре за Христа, тоа не значи да загинеш, туку да се најдеш во вечнио живот.

По многу такви меѓусебни зборови, епархот сфати дека света Анастасија е непоколеблива, па отиде и го извести царот. Диоклецијан многу се разлути и додека размислуваше што да прави со Анастасија, некој од советниците му предложи на царот, Анастасија да му ја предаде на првосвештеникот на Капитолот, Улпијан, за тој или да ја придобие со зборови или да ја присили со мачење, но ако не се покори, да ја уништи со смрт. А пак сѐ што ќе остане од имотот на Анастасија, Улпијан нека го предаде на Капитолот. Овој совет му се допадна на царот и тој веднаш ја предаде света Анастасија на првосвештеникот Улпијан.

Улпијан ја зеде Анастасија и чесно ја одведе во својот дом, сакајќи да ја улови со љубезност, а не со гнев. И откако долго и ласкаво ја советуваше, пред Анастасија постави два вида сосема спротивни нешта: на едната страна сите прекрасни нешта на овој свет, а од другата, сите справи за мачење, страшни и за гледање. Значи, на едната страна скапоцени камења, а на другата остри ками! На едната – златни и кристални кревети со скапоцена постелнина, на другата – усвитени железни кревети нафрлани со жар; на едната – ѓердани, обетки и разновиден златен и бисерен накит, на другата – окови, синџири и железни јажиња; на едната – раскошни огледала и сите додатоци за женско разубавување, на другата – железни чешли за дерење тела и клешта за кинење месо и железни бодила; на едната – најскапоцените облеки, на другата – тули и парталливи крпи за триење и подлутување на раните нанесени за време на мачењата

Зошто го направи ова овој лукав и подмолен архижрец? Зошто ги стави убавите нешта наспроти ужасните, непријатното наспроти пријатното, одвратното наспроти привлечното? За: или со помош на првите да ја опрелести, или со помош на вторите да ја исплаши невестата Христова. Но таа, презирајќи ги првите, не се плашеше од вторите; и со својата волја ги прегрнуваше справите за мачење, а не женските накити. И што постигна бедниот архижрец? Она што го говори пророкот: Неправдата се прелажа самата себе. Така, архижрецот, не знаејќи, сето ова го уреди за свој срам. Зашто во сето тоа се обелодени, од една страна големото јунаштво на Анастасија и нејзината љубов кон Христа, а од друга, немоќта и ништожноста на зломислието и лукавството и подмолноста и измамата на Улпијан. Зашто кога архижрецот ѝ рече на света Анастасија: „Избери од овие две страни која сакаш“, таа кога погледна кон страната каде што беа изложени световните работи рече: „Тоа е твое, ѓаволе, и на оние што ти служат; со нив ќе бидеш предаден на вечна погибел“. Погледнувајќи пак на синџирите и другите ужасни справи за мачење, света Анастасија рече: „Накитена со овие, на милиот мој Младоженец, Христос, ќе му се појавам прекрасна и сепријатна. Затоа, го избирам ова, а го презирам она; го барам ова, а го отфрлам она; го сакам ова заради мојот мил Господ, а она го мразам и плукам на тоа“. 

Сепак, архижрецот сеуште ја штедеше Анастасија и не губеше надеж дека таа ќе се промени. Затоа ѝ предложи три дена да размисли. Овој предлог тешко ѝ падна на маченичката, и таа рече: „Зошто одложуваш? Зошто не ме мачиш веднаш? Што друго очекуваш да чуеш од мене освен ова што ти го кажувам сега? На боговите твои нема да им принесам жртви и на волјата твоја и на волјата на царот твој нема да се покорам. Напротив, жртва на пофалба ќе принесам на Царот на вековите, на единствениот бесмртен Бог мој, за кого ја положувам душата своја, а твоите маки ги презирам, само Христос да го добијам, кој е живот вечен“. – Жрецот ја праша: „Дали и ти, безумнице, за себе посакуваш смрт како што е Христовата?“ – А маченичката, слушнувајќи дека се споменува смртта Христова, се исполни со радост и рече: „Амин! Амин! Нека ми биде тоа, Христе Цару!“ – Жрецот ја праша: „Што значи зборот Амин?“ – Светителката одговори: „Ти не си достоен тој збор ниту да го разбереш ниту да го изговориш. Зашто никој мудар не истура скапоцено миро во расипан сад“.

Тогаш Улпијан нареди Анастасија на три дена да биде однесена кај жени кои ги познаваше, нејзини поранешни сосетки и другарки, за да ја посоветуваат и да ѝ го омекнат срцето да се врати на отечките богови. И што сѐ не направија тие лукави и безбожни жени! Какви зборови, какви совети, какви ласкања и какви слатки и учтиви шепотења не влеаја во нејзините уши, претставувајќи ја во нејзиниот ум убавината и сластите на овој свет! Но, света Анастасија за сето тоа беше глува и нема. Поред тоа, во текот на тие три дена, таа не вкуси ниту леб ниту вода, само во срцето непрестајно викаше кон Христос, Младоженецот свој.

По истекот на трите дена, идолопоклоничкиот врховен жрец Улпијан, гледајќи дека света Анастасија во исповедањето на Христос е непоколеблива како столб и неподвижна како планина, реши да ја стави на маки. Но претходно, бедникот посака да ја оскверни чистата гулабица Христова со својата нечистотија. И кога сакаше да ја допре, веднаш ослепе и го спопадна таква главоболка, што врескаше како луд и ги повикуваше своите богови на помош. Потоа нареди да го однесат во идолски храм, надевајќи се на исцеление од боговите на кои им служи. Но наместо помош, го снајде огромна несреќа, и наместо живот доби смрт, зашто таму во маки ја излеа својата душа и отиде кај своите богови во пеколот.

Веста за тоа брзо се пронесе насекаде. А света Анастасија стана слободна. И откако замина оттаму, таа отиде кај својата претходно спомната духовна сестра Теодотија, која живееше во куќата на Левкадиј комитот, и ѝ раскажа сè што претрпе, и за чудото кое Бог го направи преку неа и за милоста која ја изли врз неа. А пак, по неколку дена, комитот Левкадиј се врати од Витинија. И повторно, како и првиот пат, тој почна да ја убедува Теодотија, со благи и застрашувачки зборови, на две беззаконија: на вера во своите нечестиви богови и на поган брак со него. Но, гледајќи дека од тоа нема ништо, а уште и дознавајќи дека Анастасија е таму, тој ужасно се разгневи. И веднаш ја зеде Анастасија, ја врза и ја предаде на суд, а Теодотија со нејзините деца ги испрати врзани кај антипатот од Витинија, Никитиј, со писмен извештај за сè што се однесуваше на неа.

Блажената Теодотија, донесена кај антипатот Никитиј, беше изведена на суд. И кога судијата, сослушувајќи ја, почна да ѝ се заканува со маки, тогаш нејзиниот најстар син Евод, мало момче, рече: „Судијо, ние не се плашиме од мачење од луѓе, бидејќи тие на телото му ја обезбедуваат нераспадливоста, а на душата бесмртноста; но ние се боиме од Бога, Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот“ (Матеј 10:28). – Судијата веднаш нареди момчето да го тепаат со стап додека не се раскрвари, и тоа пред очите на мајката. А мајката, гледајќи го тоа, се радуваше и со зборови го храбреше своето чедо јуначки да трпи.

Потоа, Теодотија беше предадена на некој бесрамник Гиртак за да ја оскверни. Но, кога овој се доближи до целомудрената Христова слугинка и сакаше да ја допре, здогледа крај неа блескаво момче кое луто погледна на него бесрамниот, и силно го удри со рака по лицето, и го раскрвари. За ова чудо дозна и Антипатот, но, наместо во ова да види доказ како Бог ја чува чистотата на целомудрените, тој стана уште побезумен и го припишуваше чудото на магии. И наредувајќи печката силно да се загрее, ја фрли мајката со трите деца во неа. И така Света Теодотија, со благословениот плод на својата утроба, стана благословена и угодна жртва на Бога, бидејќи таму умре.

Во тоа време, Света Анастасија беше во темницата на илирскиот хегемон. Зашто овој, бидејќи златољубив, а откако слушна дека Анастасија е богата и има многу имот, ја повика насамо и ѝ рече: „Знам, жено, дека си богата со имот и дека си христијанка по вера, што ни самата не го криеш. Затоа, исполни ги заповедите на твојот Христос, Кој со закон ви заповеда да ги презирате богатствата и да станете сиромашни: дај ми го твоето богатство и наследството, и целиот твој имот. Правејќи го тоа, ќе добиеш двојна корист: ќе ја исполниш Христовата заповед, а од нас ќе добиеш слобода и да му служиш на вашиот Бог без страв и пречки“. – На ова мудрата Анастасија разумно одговори: „Но, судијо, некаде во Евангелието мојот Христос рече: „Продај го својот имот и подај им го на сиромасите, и ќе имаш богатство на небото (Мат. 19, 21). А ти си богат; и кој би бил толку безумен, тебе да ти го даде она што им припаѓа на сиромашните? И кој би бил толку луд да ја даде храната на гладните, на оние што живеат во задоволства и уживања? Но, ако те видам гладен, жеден, гол, болен или во затвор фрлен, тогаш би го направила за тебе она што ни заповеда Христос: би те нахранила, би те напоила, би те облекла, би те посетила, би ти служела, би ти помогнала, давајќи ти го она што ти е потребно“.

Разбеснет, хегемонот ја затвори Света Анастасија во мрачна темница и ја мачеше со глад триесет дена. Но светата маченичка се хранеше со својата надеж, Господ Христос, зашто тоа ѝ беше слатка храна и утеха во нејзината неволја. И секоја ноќ ѝ се јавуваше светата маченичка Теодотија, исполнувајќи ѝ го срцето со радост и ја закрепнуваше. И разговараше Анастасија со неа за многу работи и ја прашуваше. Еднаш ја праша: како таа доаѓа кај неа по смртта? – Света Теодотија ѝ објасни дека на душите на мачениците им е дадена особена благодат од Бога, откако ќе ја напуштат земјата, да доаѓаат на неа кај кого сакаат, да разговараат со нив, и да ги тешат.

Потоа, откако поминаа триесет дена, хегемонот виде дека Анастасија не е изнамоштена од глад, туку е здрава и весела, се разгневи на стражарите верувајќи дека ѝ давале храна, па ја затвори Анастасија во најсигурната темница, ја запечати со својот печат и, откако ја постави најверната стража, уште триесет дена продолжи да ја измачува Анастасија со глад и жед. А Света Анастасија дење и ноќе се хранеше и се напојуваше себеси со солзи, молејќи се на Бога непрестајно. 

А кога истекоа и овие триесет дена, хегемонот ја изведе Анастасија од темницата па, гледајќи дека во лицето не се променила, ја осуди на смрт, и тоа со други осуденици, осудена на смрт за разни злосторства, да биде удавена во морето. Меѓу нив беше и еден благочестив човек по име Евтихијан, кој заради Христа беше лишен од сиот свој имот и осуден на истата смрт. Сите осуденици ги качија на лаѓа и ги изведоа на море. И кога стигнаа насред морската пучина, војниците го издупчија бродот на многу места за да потоне, а самите седнаа во подготвен чамец и одвеслаа кон брегот. И кога бродот веќе почна да тоне, сите осуденици на лаѓата одеднаш ја видоа светата маченичка Теодотија, како ги мести едрата и ја управува крмата кон брегот, и лаѓата пловеше сосема безбедно. Гледајќи го ова чудо и гледајќи дека се спасени од давење, сите осудени паднаа пред нозете на двајцата христијани, Евтихијан и Анастасија, изјавувајќи дека сакаат да станат христијани. И кога безбедно се симнаа на копното, Евтихијан и Анастасиј ги поучија на верата во нашиот Господ Исус Христос и се крстија. И имаше сто и дваесет души кои беа спасени од давење и поверуваа во Господа. Кога пак хегемонот дозна и за ова, тој сите ги погуби на различни начини. И нареди, светата маченичка Анастасија да ја растегнат меѓу четири столба и врзана и да ја изгорат.

И така, благословената Јажеразврзителка го заврши своето страдање, ослободувајќи се од телесните окови, и заминувајќи кон посакуваната небесна слобода. Нејзиното пак свето тело, неповредено од огнот, од жената на хегемонот го измоли една побожна жена по име Аполинарија, и чесно го погреба во градината покрај својата куќа. И кога подоцна престана гонењето, таа изгради црква над гробот на светата великомаченичка Анастасија. По многу години, чесните мошти свечено беа пренесени во престолнината Цариград, за заштита и спасение на градот, а во слава на Христос, нашиот Бог, со Отецот и Светиот Дух во Едно Божество прославуван во веки. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ХРИСОГОН

Свет и богомудар учител на светата великомаченичка Анастасија Јажеразврзителка. Настрада маченички во Никеја под царот Диоклецијан.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ТЕОДОТИЈА и нејзините три деца

Млада вдовица со три деца. Соподвижничка на светата великомаченичка Анастасија Јажеразврзителка. Изгорена со своите три деца во вжарена печка, во Никеја.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЗОИЛ

Светиот маченик Зоил заради вечниот живот во Христа го жртвуваше својот привремен земен живот.