5 Јануари  (23 Декември)

 

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ ДЕСЕТ МАЧЕНИЦИ ОД КРИТ

Римскиот цар Декиј, за поглавар на островот Крит го постави својот истоименик Декиј, кој на својот цар му беше сличен и по суровоста, насилството и прогонството на христијаните. Штом пристигна на островот Крит, поглаварот  Декиј веднаш издаде наредба, сите што веруваат во Христа да му бидат доведени на мачење. И доведуваа христијани кои беа цврсти во верата, и по многу искушенија и мачења, тој ги погубуваше на разни начини. Во тоа време, кај мачителот беа доведени и овие десет извонредни луѓе. По род тие беа од разни градови: од градот Гортинија беа Теодул, Сатурнин, Евпор, Геласиј и Евникијан; од Хиос Зотик; од Епинеј Помпеј и Агатопус; од Кидонија Василид; од Ираклија Еварест. Сите тие подеднакво се стремеа кон вечното небесно блаженство. Тие застанаа пред мачителот, и какви сѐ смели зборови не изговорија! Какво јунаштво не покажаа! Какви сѐ маки не претрпеа! Какви сѐ злоставувања не победија со трпение! Тие беа тепани, мачени, по земја влечени, каменувани, исмејувани, плукани; и трпеа секаков вид ругање триесет дена. А за 23. декември беше закажано последното судење.

Tој ден, судијата заседна во судницата, а страдалниците беа донесени на завршното  иследување, сите полни со јунаштво и бестрашност. Поглаварот пак, беснееше од гнев и безумие, желен, со лути маки да ги намачи и убие; а тие беа подготвени да трпат до последен здив. Крвожедниот хегемон луто ги погледна и рече: „Какво е тоа ваше безумие, што ниту разумот ниту времето не ве научи на она што е корисно за вас?“ – Потоа, како веќе да ги исплашил со самиот гнев, додаде: „Принесете жртва; а ако не сакате, јас повеќе нема ништо да ви зборувам, и вие ќе познаете кој е Декиј, на кого не сакате да му се покорите“. – На тоа мачениците одговорија: „Хегемоне, ние со збор и со дело, и тоа подолго време, јасно ти покажавме дека ниту на боговите жртви ќе им принесеме, ниту на твоите наредби ќе им се покориме“. – А хегемонот, упаѓајќи им во зборот, праша: „Зарем ни најмалку не помислувате на маките, несреќници?“ – Светителите одговорија: „Ние воопшто не се плашиме од маките, ами сме ти многу благодарни што ни подготви таква духовна гозба - страдање за Христа, и што нè покани на неа“. – Хегемонот рече: „Уште малку, и нема веќе така да говорите, зашто ќе ја познаете моќта на големите богови кои вие бесрамно ги хулите не срамејќи се од многуте мудри луѓе овде, кои го почитуваат Зевс, првиот меѓу боговите, потоа Хера, Реа и другите. Сега ќе бидете ставени на такви маки што не само што ќе исчезне вашто јунаштво, туку страв ќе ги обземе и другите кои се непокорни како и вие, само ако се најдат такви.  

На ова, мажите со цврсти души одговорија: „Не зборувај ни хегемоне за Зевс и за неговата мајка Реа! Тоа за нас не е новост: слушавме од нашите татковци за неговото потекло и живот и карактер. Тој бил толку невоздржлив и толку расипан, што блудствуваше не само со жени, туку и со мажи; со волшебништво и магија го менуваше својот надворешен изглед само за да ја задоволи својата похотливост, и постојано се осквернуваше со срамни дела. Некои пак, опседнати од истата страст, ги следеа неговите гадотии; и - го прогласија за бог, му изградија храмови и почнаа да му принесуваат жртви, за да се мисли дека и на бога му е угодно она што ним им е по волја, и дека блудниот и похотен живот не само што не му е одвратен на бога, туку, лелеʼ- Таквиот живот му е својствен на Бога“.

Додека угодниците Божји зборуваа така, хегемонот се кинеше од гнев, чувствувајќи дека тие се во право. Притоа, уште повеќе беснееше народот и се нафрлаше на мачениците, и со раце ќе ги искинеше на парчиња, ако Декиј, со викање и мавтање со рацете не ја запреше народната побуна и врева. Откако завладеа тишина, хегемонот почна да размислува каква сурова смрт да измисли за мачениците. И, по негова наредба, мачителите ги зграбија светителите за да ги мачат; и почнаа да ги подложуваат на разни маки, но сите тие беа еднакви по суровоста и болката. Еден од нив беше обесен и струган со железни канџи: жилите му ги корнеа, и парчиња месо од телото негово паѓаа на земја. Други, со камења и остри стапови ги тепаа удирајќи ги по ребрата сè до коските. На трети, тепани со тешко олово, зглобовите им се исчашуваа, а коските им се кршеа и дробеа. Секого го мачеа на посебен начин. Дури болно е и да се слуша за такви бездушни мачења: бидејќи, како што за жалостивите е неподносливо да ги гледаат тие мачења, така е тешко и да се слуша нивното детално опишување. Меѓутоа, мачениците ги примаа таквите маки сосема спокојно, или поточно кажано: ги трпеа со радост, и на оние што стоеја наоколу им изгледаше дека мачениците страдаат, не толку од болка, колку од жалење што се тоа малку маки и што не ги ставаат на уште потеши маки. Затоа, сите, и верни и неверни, се буткаа да ги гледаат како нешто ново и необично: верните кои тајно ја држеа верата брзаа да се изнавосхитат на јунаштвото на страдалниците и преку тоа да се зацврстат во верата; а неверните брзаа да му се ругаат на трпението на светите и, гледајќи го нивното страшно мачење, да уживаат во нивните маки. Притоа, тие не само што не покажуваа никакво сочувство, туку и ги потстрекнуваа и хегемонот и мачителите на уште поголема бездушност. Така храбрен од овие, хегемонот издаваше наредби, а мачителите ги извршуваа. Во тоа време, телалот викаше: „Поштедете се самите себе! Покорете се на владетелите! Принесете жртва на боговите!“

Меѓутоа, мачениците, среде толку и така бездушни маки, со своето јуначно трпење беа над сите: над народот и телалите, мачителите и над самиот хегемон; а пред сè – над нивниот кнез, Сатаната, и сета сила негова. Зашто сите маченици, како да се беа договориле, извикуваа со еден глас: „Ние сме христијани! Ние сме жртва Христова, за Христа заклани! Дури и илјадници пати да треба да умреме, со радост ќе умреме!

Кога светите маченици покажаа дека за нив сите маки се ништо, тогаш ревносниот сатанин слуга Декиј, губејќи ја надежта дека ќе може да ги убеди или присили да им принесат жртва на боговите, изрече смртна пресуда: да бидат обезглавени со меч. Тогаш светите маченици ги поведоа на губилиштето, недалеку од  градот. Тоа губилиште се викало Алониум. На патот кон него, мачениците пројавија нешто ново и необично: за  целото време на мачењето еднодушни и едномислени, пред крајот, тие почнаа да се расправаат меѓу себе кој од нив ќе биде првиот кој ќе застане под мечот и прв  ќе прими венец. Но Теодул, еден од овој свет собор, ја прекина расправијата, велејќи дека меѓу нив прв ќе биде оној, кој, последен ќе ја стави главата под мечот: зашто ако тој, гледајќи го пред себе колењето и смртта на сите свои пријатели, воопшто не се исплаши, ниту покаже било каква тага, ниту пак неговото лице се промени, тогаш тој навистина ќе се јави како најодлучен подвижник и победник. Овие зборови на Теодул на сите им се допаднаа. Тогаш тие прво му испеаја заедничка песна на Бога: „Благословен да е Господ, Кој не нè даде на забите нивни за да нè растргнат! Душата наша се избави како птица од стапицата на ловецот“ ... и останатото. Потоа, доаѓајќи на местото на погубување, секој од нив ја кажа оваа молитва: „Прости им, Господи, на слугите Твои и прими го пролевањето на нашата крв за нас и за нашите роднини и пријатели и за целата татковина, да се ослободат од темнината на незнаењето и со светли очи да ја видат христијанската вера и да Те познаат Тебе, Вистинската Светлина, Цару Вечен!“

Откако така Му се помолија на Бога, почнаа да им ги отсекуваат светите и добропобедни глави, а душите нивни со радост се вознесуваа кон Христа Бога. По нивното обезглавување, кога џелатите си отидоа, некои од христијаните кои останаа на губилиштето ги собраа светите тела на блажените маченици и чесно ги погребаа.

Кога престана гонењето и христијанската вера повторно заблеска, блажениот Павле, епископ на градот Гортина, од островот Крит отпатува во Цариград и измоли дозвола да ги пренесе телата на светите десет маченици од местото Алониум, каде што беа погребани откако беа обезглавени со меч, во Гортина. Враќајќи се на Крит и пристигнувајќи во градот Алониум со мноштво христијани, од кои некои присуствуваа на страдањето на светите, епископот ги откри моштите на светите десет маченици, цели – нераспаднати, и свечено ги пренесе за заштита на градот и за помош на сите на кои помош им е потребна. По нивните молитви, нека се удостоиме и ние да станеме заедничари во небесните богатства подготвени за нив, со благодатта и  човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, на Кого, со Отецот и Светиот Дух, му припаѓа чест и слава во вечни векови. Амин.

ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ НИФОНТ, епископ Кипарски

Преподобниот Нифонт е роден во Пафлагонија, во градот Плагион, син на еден угледен човек по име Агапит. Во детските години, Нифонт му беше доверен на војводата Саватиј, кого Константин Велики, од Цариград го беше испратил во Пафлагонија. Војводата го испрати момчето со својот протовестиариј (протовестиариј- главен надзорник на царската гардероба на Цариградскиот двор) во Цариград кај неговата сопруга за школување. И почна момчето да учи кај презвитерот Петар, кој живееше на војводовиот двор. Учеше вредно и успешно, бидејќи беше бистар и способен. Во детството Нифонт беше добар, тивок, кроток, смирен и постојано одеше во црква. А кога навлезе во младешките години, малку по малку, почна да се расипува покрај лоши другари: бидејќи младите  момчиња, ако не живеат под строг надзор, лесно подлегнуваат на лошо влијание. И кога меѓу возрасните добриот лесно се расипува од лошиот, како што е речено - со злите ќе се расипеш, колку повеќе тоа се случува кај младите, кои природно повеќе се склони кон злото отколку кон доброто, како што е напишано: „Помислите на срцето човечко се зли уште од младини“ (1 Мој. 8, 21). Така, и младиот Нифонт почна да живее во безделништво и мрзеливост, јадејќи без мерка и опивајќи се. Потоа, од непослушни млади момчиња научи да празнослови и да пцуе, да оди на театарски претстави, а потоа и срамни дела да чини; и ги минуваше сите ноќи лекомислено со момчиња, осквернувајќи се со нечисти гревови. Притоа, почна и да краде, да се расправа со сите и да се тепа. И беше себлазна за другите млади луѓе, бидејќи не само што самиот вршеше секакви беззаконија, туку и многу други наведуваше на тоа.

Еден познаник на Нифонт, по име Василиј, постојано му велеше: „Тешко тебе, Нифонте! Жив си по тело, но веќе умре по душа, и само твојата сенка оди меѓу луѓето!“ – А Нифонт понекогаш не обрнуваше внимание на овие зборови, понекогаш пак, почнуваше да рида и да плаче поради своите гревови; сепак, влечен од своите лоши навики како со узди, тој тонеше во грозни дела како во море, и откако, целосно губејќи ја надежта на спасение, говореше: „Јас веќе пропаднав и не можам да се вратам на покајанието, тогаш барем овде да се науживам во земните сласти“. – И ѓаволот го направи толку сурово срцето на Нифонт, што тој повеќе воопшто не можеше да се моли: зашто, на неговото срце секогаш лежеше како камен. Госпоѓата пак, кај која Нифонт живееше, гледајќи го таквото негово развратно живеење, со болка во срцето говореше: „Тешко мене! Од каде ме снајде оваа несреќа?“ – И многу пати го советуваше, се расправаше со него, и го грдеше и го тепаше, но тој не се поправаше.

Ова се наведува за да се покаже колку е големо Божјото милосрдие, со кое Тој изведува вредно од невредно и од грешник прави праведник, и дека нема грев кој ќе го победи Неговото човекољубие. Ова се изнесува и за да имаме пример и ние грешните дека не треба да очајуваме кога ќе потонеме во мноштво беззаконија, туку да се исправиме себе со покајание како Нифонт. О, колку чудесно се исправи себе си Нифонт! Оној кој беше сад на гревот, подоцна со вистинско покајание се направи себеси сад на Светиот Дух, како што ќе се види од кажувањето кое следи.

Нифонт имаше еден пријател по име Никодим. Еднаш Нифонт отиде кај него; Никодим го погледна и се запрепасти, со чудење набљудувајќи го неговото лице. Нифонт го праша: „Зошто така ме гледаш како да не се познаваме?“ – Никодим одговори: „Верувај ми, брате, никогаш не сум те видел ваков: лицето ти е страшно како кај црнец.“

Кога го слушна ова, младиот се исплаши, а воедно и се засрами, па покривајќи си го лицето со рака, си замина тажен. И патем сам на себе си говореше: „Тешко мене, грешниот! Кога на овој свет сум црн по душа и тело, што ли ќе бидам на Божјиот суд? Како ќе се појавам пред лицето Божјо? Тешко мене, острастениот! Каде си сега, душо моја? Тешко мене! Што да правам? Можам ли да се покајам? Има ли некој кој би ме упатил на покајание и би ми кажал дали можам да се спасам? Како ќе му кажам на Бога: ‚Помилуј ме!ʻ кога пред Него направив толку гнасни дела?“

Тоа, и уште многу друго говорејќи си себе си, Нифонт стигна дома тажен и целосно скршен; се бореа во него спротивни мисли. Добрата помисла му говореше: „Помоли се на Бога ноќе, да постапи со тебе како што Он сака.“ А злата помисла се противеше на ова, говорејќи: „Ако застанеш на молитва, ќе скренеш од паметта и ќе полудиш, и ќе те исмеваат“. – Притоа, ѓаволот му всадуваше страв во умот и силно му ја сматуваше душата. – И тој, едвај малку закрепнувајќи, си рече: „Кога живеев блудно, зло не ме снајде; а сега, кога сакам да му се помолам на Бога, зар ќе ми се случи зло? Проклет да си, нечист и лукав ѓаволу, кој ми шепотиш такви работи!“

Кога падна ноќ, Нифонт стана од постелата и почна да плаче и да се удира по градите, велејќи: „Како живеев побожно и добродетелно во поранешните години, а сега умрев, луто ранет од гревови. Но Господи, Боже мој, на Тебе се надевам, зачувај ме, за некогаш ѓаволот да не ми ја зграби душата како лав, а нема кој да избави“ (Пс. 7. 2).

Додека Нифонт стоеше на молитва и гледаше кон исток, одненадеж, наиде целосен мрак, му се приближи, го раслаби и го фрли во слабост и немерлив страв. Нифонт се ужасна и легна на својата постела воздивнувајќи и плачејќи поради гревовите свои. Утредента наутро тој отиде во црквата; и подигнувајќи ги очите, тој погледна на иконата на Пречистата Дева Марија Богородица и залелека кон Неа: „Помилуј ме, Застапничке на христијаните, Радосна, Чиста! Помогни ми според големата Твоја милост, зашто Ти си сигурност и надеж на оние кои што се каат“.– На овие негови зборови, иконата на Богомајката се насмевна и нејзиното лице заблеска. Видувајќи го ова чудо, Нифонт се восхити и почна да се радува и да се весели во срцето. Потоа рече: „О, длабочино на човекољубието Божјо! Колку е голема милоста Твоја Господи која ја покажуваш кон оние што згрешија пред Тебе! Оти заради нив Ти ја даде Пречистата Мајка Своја да биде молитвеничка кон Твоето величество!“

Откако долго мина во молитва, Нифонт со љубов ја целиваше иконата на Пресвета Богородица, излезе од црквата и си велеше: „Види бедна душо колку Бог нè љуби, а ние самите бегаме од Него. Ете, Он Пречистата Мајка Своја ни ја даде за застапничка, а ние и оваа Помошничка ја отфрламе“.

После тоа, на Нифонт, во сновидение, му се јави ѓаволот во форма на едно момче кое му беше другар во беззаконијата: стои тој така кон него, тажен, како да е во длабока тага; Нифонт го погледна и го праша: „Зошто си толку тажен?“ – ѓаволот одговори: „Еве трет ден е веќе откако отиде кај Никодим и се расипа. Затоа сум тажен и не можам да поднесам што ме презре“. – Нифонт го праша: „А зошто тоа тебе толку те растажува?“ –Но, ѓаволот се сврте и не му одговори. Нифонт во тој час се разбуди и му стана јасно дека ѓаволот е тажен поради неговото покајание. Затоа, брзо стана и веднаш отиде во црквата, и, вперувајќи го умот и очите во онаа икона на Пресвета Богородица, се молеше сè додека пак не ја виде како се насмевнува и не почувствува божествена сладост во своето срце.

Еден ден, одејќи во црква на молитва, Нифонт виде некој човек како непристојно се однесува на улица, и го осуди во своите мисли. А кога влезе во храмот Божји, тој, по својот обичај, ги крена очите кон иконата и веднаш ја виде Пречистата Богородица со лице налутено и тажно, како се одвратува од него. Нифонт многу се преплаши и, спуштајќи го погледот, си рече: „Тешко мене, грешниот! Една радост имав, Владичице! - твојата пресвета икона; сега пак и таа го свртува своето лице од мене, а поради што, не знам“. Потоа, собирајќи си ги мислите, одеднаш се сети дека го осуди грешникот, и разбра дека поради тоа Мајката Господова го сврте лицето свое од него. Воздивнувајќи од длабочината на срцето, низ солзи рече: „Боже, прости ми мене грешниот, зашто го приграбив Твоето достоинство и Твојата власт и го осудив ближниот пред Твојот суд. Но Ти Владико, смилувај се на мене, зашто на Тебе се надева душата моја. И еве, отсега никогаш нема да го осудувам братот свој.

Тоа, и уште многу друго, низ солзи говореше Нифонт, и пак ги подигна очите кон иконата и виде дека таа повторно се насмевнува. И од тогаш почна многу строго да се чува од осудување. И така беше секогаш, кога Нифонт ќе згрешеше во нешто: иконата на Пречистата Богомајка го одвраќаше своето лице, и со тоа Нифонт се поучуваше и се поправаше.

Еднаш, кога Нифонт со кофа вадеше вода од бунарот, ѓаволот го спрепна и тој со двете нозе се лизна и падна во бунарот; и летајќи надолу, се фати за кофата и запомагаше: „Владичице, помогни ми!“ – И во тој момент се најде неповреден на гредата над бунарот. Оттогаш, сфаќајќи дека Богородица го чува, тој почна постојано да го има Нејзиното име во својата уста.

После тоа, Нифонт се разболе и боледуваше од Воскресение сè до преполовение, и во таа болест ништо друго не говорешер освен: „Фалби на мојот Бог! Фалби на мојата помошничка, на Пречистата Дева Мајка!“ – Во понеделникот пред средата на Преполовение, тој се помоли вака: „Господи Боже мој, удостој ме да се причестам со Светите Твои Тајни на денот на Преполовение, зашто душата моја силно посакува да се насити со Пречистото Тело Твое “.

Потоа заспа, и имаше видение - две пресветли жени, слични на мироносиците, минуваа покрај неговата постела: едната во царска порфира со маслиново гранче во раката, а другата, слична на неа, одеше по неа и носеше мало садче со некаква светиња, а држеше и стракче натопено во свето масло; приближувајќи се кон постелата, тие застанаа. И жената во царска порфира ѝ рече на другата: „Види Анастасија од што боледува овој младич?“ – Анастасија ѝ одговори: „Тој, Госпоѓо, страда од невоздржание на својот јазик, бидејќи кога беше здрав устата не ја затвораше, и сега Господ го казнува, за таму да не биде осуден со светот: зашто Бог него многу го љуби и го казнува, а ти, Госпоѓо, ако сакаш, помилуј го и помогни му“. – Жената во царска порфира одговори: „Ќе го помилувам, само поведи го таму каде што одиме ние“. –  Анастасија го зеде Нифонт за рака и го одведе во црквата на Светите Апостоли. Тогаш Жената во Царска порфира ѝ рече на Анастасија: „Земи масло од кандилото што гори во олтарот и помажи го од глава до пети“. – Анастасија го помаза и рече: „Погледни Владичице, еве ја извршив Твојата заповед“. – Се насмевна Жената во Царската порфира и рече: „Ова е знамение на милосрдието, заради кое дојдовме“. – И му го даде на Нифонт маслиновото граче што го држеше во рака, велејќи: „Види и знај дека ова гранче е од благодатта Господова; ти го давам, бидејќи сега се излеа благодатта на семилостивиот Бог врз тебе; а отсега па натаму, бори се со ѓаволите, ќе ги победиш лесно како да се трска или сено“.

Нифонт се поклони до нозе и будејќи се, разбра дека ова видение беше благослов од Пречистата Богородица, и веднаш оздраве и стана од постелата; во вторник се закрепна со храна, а на денот на Преполовението отиде во црква и – со голема радост – се причести со Божествените Тајни.

Така, блажениот Нифонт, со Божја помош, го исправи својот живот, се одрече од светот и стана монах. И се предаде Нифонт  на подвизи и големи трудови, умртвувајќи го своето тело и потчинувајќи го на духот, минувајќи ги деновите свои во солзи и строго покајание. Тој внимателно ја чуваше устата, многу чувајќи се од празнословие, а уште повеќе од пцуење, навреди и клевети. И си го пропиша ова правило: силно, со рака да се удира по лицето, четириесет пати, секогаш кога ќе му се случи од невнимание да изговори непотребен или грд збор. Понекогаш ставаше камен во уста и го носеше долго време, велејќи си во себе: „Подобро е за тебе, беззаконику, да јадеш камења отколку да изговориш злобен збор“. – Честопати, заклучувајќи се во ќелијата и соблекувајќи се, со било што се удираше по целото тело толку силно, што понекогаш парчиња месо му паѓаа од раните. Така тој упорно се бореше со невидливиот непријател, но и непријателот исто така водеше жестока битка против него, нанесувајќи му секакви зла и сакајќи да го победи неговото непобедливо јунаштво. За време на молитвата, ѓаволот понекогаш му се јавуваше во вид на птица што скока пред него, понекогаш во вид на црно куче кое се нафрла на него за да го исплаши и да му ја прекине молитвата; но тој го бркаше со крсниот знакот. Кога беше гладен, ѓаволот му несеше разни деликатеси од риба и месо и вкусни јадења: но блажениот тогаш ќе речеше: „Храната нема да нè одведе пред Бога; ѓаволче, јади си ја сам својата храна или однеси ја таму каде што луѓето од своите стомаци прават бог. Кога светиот бдееше, ѓаволот наведуваше поспаност и длабок сон врз него; но, блажениот, штом ќе го почувствуваше тоа, земаше стап и силно се тепаше себеси, велејќи: Ти дадов да јадеш и да пиеш, а ти уште сакаш и да спиеш. Еве, со стап ќе те одморам“. – А кога понекогаш ќе почувствуваше телесна желба во себе, по цела недела не земаше леб во уста и се мачеше со глад и жед сè додека не би ја умртвил во себе погубната страст. Кога пак би почувствувал голема жед, ќе нацрпеше вода, ќе ја ставеше пред себе и, гледајќи ја, ќе говореше: „Колку е слатка оваа вода!“ – И потоа ќе сркнеше малку вода, ќе ја задржеше во устата некое време, и ќе ја плукнеше. А ѓаволот, не поднесувајќи го таквото трпение на блажениот, гласно извикуваше: „Ме победи, Нифонте!“ – Меѓутоа, свети Нифонт, припишувајќи ја победата над демоните на Божјата сила и помош, а не на сопствените подвизи и воздржанија, му одговораше: „Не те победувам јас, туку силата на нашиот Бог, кој ги штити своите слуги“.

Бог дозволи на Нифонт да дојде искушение, за тој, прекален како злато во топилница, да се најде достоен за благодатта Господова. А тоа искушение се состоеше во ова: под дејство на ѓаволот, Нифонт умно се поремети во тек на четири години. Стоеше еднаш Нифонт на молитва од вечер до утро, и одеднаш слушна страшно укање (како од буф), што се носеше од десната кон левата страна. Светителот се ужасна и размислуваше какво е тоа укање; притоа веднаш наиде ѓаволот, страшно рикајќи од гнев, и толку го исплаши светиот, што му се помрачи умот. А кога светиот едвај си дојде на себе и сакаше да Му се помоли на Бога и да се прекрсти, ѓаволот го нападна, велејќи: „Остави ја молитвата и јас нема да се борам со тебе“. – Блажениот одговори: „За ништо нема да те послушам, нечист духу! Ако Бог ти наредил да ме погубиш, ќе го примам тоа со благодарност; ако пак не, тогаш со Божја помош брзо ќе те победам“. – Ѓаволот на тоа му рече: „Се лажеш, Нифонте: нема Бог; бидејќи каде е Он?“

Тоа, ѓаволот непрестајно му го зборуваше на Нифонт, развратувајќи му го и помрачувајќи му го умот. А светителот му одговораше: „Ти, ѓаволе, зборуваш како безумник, зашто: „Рече безумникот во срцето свое: ‚Нема Богʻ “ (Пс. 13:1; 52:1). – И сакаше светиот да му се помоли на Бога, но не можеше: со устата изговараше зборови, но умот не му се покоруваше. И беше светиот во голема тага имајќи помрачен ум. Оттогаш се симна од умот и страдаше. И кога понекогаш малку ќе си дојдеше на себе, ѓаволот пак не престануваше да говори: ‚Нема Богʻ “. – Но светиот му одговараше: „Дури и во блуд да паднам, да убијам, или некое друго зло да направам, од мојот Христос нема да се одречам“.

– А ѓаволот пак говореше: „Што велиш ти: постои ли Христос? Не, не постои Христос: Јас сам ги држам сите и сè, и царувам над сите и над сè. Кој ти рече тебе дека постои Бог, или дека има Христос?“

– Светиот одговораше: „Нема да ме прелажеш, мрачна сило! Оди си од мене, непријателу на секоја правда!“

Меѓутоа, ѓаволот не отстапуваше од Светиот Нифонт и непрестајно се бореше со него, затемнувајќи му го умот и принудувајќи го да каже: „Нема Бог“. Така, светиот помина четири години борејќи се со ѓаволот и принудувајќи се себеси на молитва. Еднаш, за време на молитвата, - сомневајќи се има ли Бог, погледна во иконата на Спасителот и, воздивнувајќи од длабочината на срцето, ги испружи рацете кон иконата, велејќи: „Боже, Боже мој, зошто ме остави? Покажи ми дали си ти Бог и нема ли друг освен тебе за да не се приклонам на ѓаволскиот совет“. – Кога го кажа ова, виде како Христовото лице на иконата свети како сонце, и почувствува неискажливо прекрасен мирис. Преплашен, се фрли на земја, велејќи: „Прости ми, Владико, зашто се соблазнив за Тебе сомневајќи се во Тебе, мојот Бог; ете, отсега верувам дека си Ти Единствениот Бог и Творец на сето создание“. – Лежејќи на земја, тој ја крена главата, ја погледна иконата на Спасителот, и виде чудесна работа: иконата Господова ги мрдаше очите и веѓите како жив човек. Нифонт извикна: „Благословен да е мојот Бог, и благословено да е Славното Име Негово, сега и во вечни векови. Амин!“

Од тоа време, на Нифонт се симна благодатта Божја, откако веќе беа завршени четирите години на неговите искушенија. После тоа, лицето негово беше секогаш весело и светло. И поради тоа, некои, во недоумица се прашуваа: „Што значи ова, толку години одеше тажен, а сега е радосен и весел?“

И Свети Нифонт доби бестрашност кон ѓаволите; и исмевајќи ги, говореше: „Каде се оние што тврдат дека нема Бог?“ – И ги победуваше тој со непрестајна молитва.

Размислувајќи пак за минатите свои гревови, тој си рече: „Ајде грешен Нифонте да одиме во црква; да ги исповедаме на Господа гревовите; зашто таму нè очекува жалостивиот Отец“. – И појде во црква. А кога се приближи до црковната врата, Нифонт ги крена рацете во воздух и, горчливо ридајќи, запомагаше: „Господи Исусе Христе, Боже мој, прими ме мене умрениот по душа и ум! Прими го хулникот и грешникот, нечистиот по душа и тело! Прими го бесрамниот негодник и не свртувај го лицето Твое! Не вели, Владико, не знам кој си, туку послушај го гласот на молењето мое и спаси ме, зашто Ти не ја сакаш смртта на грешникот; и јас нема да те оставам, ниту ќе отстапам од тебе додека не ме услишиш и не ми даруваш прошка за гревовите“.

Додека така се молеше, одеднаш се слушна силен шум од небото, и светителот, како во восхит, го виде лицето на еден пресветол маж во облак, и се видоа испружени раце, со кои го прегрна блажениот, како некогаш Отецот блудниот син, и го целиваше велејќи: „Добродојде, измачено чедо мое! Многу страдав, многу тагував поради тебе. Како ми гореше срцето, чекајќи те да се обратиш кон Мене, навечер или наутро; сега се радувам, сега се радувам што гледам како со сето свое срце се обраќаш кон Мене“.

Ова подоцна Нифонт му го раскажа на својот ученик, горко плачејќи. После ова, додека повторно се молеше, се јави ангел Божји со чаша полна со миро кое го изли врз главата негова; и се исполни местото со благоухание. Исто така, кога Нифонт се удираше по телото, нанесувајќи си рани, ангел се спушти, покади темјан околу него, и го наполни местото со  ухание.

На блажениот Нифонт духовните очи му беа толку просветлени што тој ги знаеше тајните на срцето човечко. Со ангелите јасно разговараше како со свои пријатели, и јасно ги гледаше ѓаволите. Еднаш, кога се враќаше од црквата на Света Анастасија во својата колиба, здогледа на портата од куќата на една блудница ангел во облик на млад човек како горко плаче и го праша зошто плаче. Ангелот одговори: „Од Бога сум даден како чувар на еден овдешен човек кој сега во овој дом спие со блудницата и со тоа многу ме разжалостува; не можам да го гледам беззаконието кое го прави. Како да не плачам гледајќи ја темнината во која падна Божјиот лик?“ – Благословениот го праша: „Зошто не го казнуваш за да престане да греши?“ – Ангелот одговори: „Немам начин да му се приближам, бидејќи откако почна да греши, тој е слуга на ѓаволите, и јас повеќе немам власт над него: зашто Бог го создаде човекот со слободна волја, покажувајќи му го тесниот пат и широкиот пат, за да оди по кој сака“. – Тогаш свети Нифонт му рече на својот ученик: „Ништо не е посмрдливо од гревот на блудот; но, ако блудникот се покае, Бог го прима побрзо отколку другите беззаконици; бидејќи овој грев се јавува од природата, преку поттикнување на ѓаволот, а оваа страст се истерува со усрдна молитва, строг пост и разни умртвувања на телото“.

За светителот беше видливо како ѓаволите одат меѓу луѓето и ги искушуваат, нашепнувајќи им осудување, клевети, кавги и разновидни јадови. Еднаш светиот виде еден човек на работа; и ете, ѓавол му пристапи и почна да му шепоти на уво; недалеку од него, друг човек си ја вршеше својата работа: ѓаволот дојде и кај овој и му пошепоти на уво. Тогаш тие ја напуштија работата и почнаа да се караат. А блажениот, станувајќи, рече: „О, ѓаволско лукавство, како ти сееш омраза меѓу луѓето!“

Еднаш, нападна на свети Нифонт демонот на суетата, и му говореше: „Ти отсега ќе правиш чуда, и ќе се прослави твоето име по целата земја, зашто му угоди на Бога“. – А благословениот му рече на тој демон: „Почекај, и јас ќе ти направам чудо.“ – И наоѓајќи камен пред себе, рече: „Тебе ти велам, камену, тргни се од тука и премести се на друго место.“ – Но, каменот остана неподвижен. Тогаш светиот му рече на демонот: „Еве го твојот дар, ѓаволу!“ – и му плукна во лице. Потоа му се помоли на Бога, и ѓаволот веднаш исчезна.

Во една прилика, свети Нифонт виде некоја духовна личност, зад која одеше ѓаволот, шепотејќи му нечисти и хулни помисли. А тој човек, чувствувајќи го овој ѓаволски напад, често се свртуваше назад и плукаше по ѓаволот. Тогаш блажениот му рече на злиот дух: „Престани, ѓаволе, да ги вознемируваш слугите Божји! Каква ти е користа ако таа душа појде во пропаст?“ – Ѓаволот одговори: „Не ни е од корист, но имаме наредба од нашиот цар и од кнезовите што владеат над нас да се бориме против луѓето. Ако нашите кнезови дознаат дека не се бориме со луѓето, тогаш сурово нè тепаат“.

Во друга прилика, блажениот Нифонт виде еден монах: оди и шепоти молитва, а од неговата уста излегува огнен пламен кој досега до небото; со него оди ангелот негов со огнено копје во рацете, со кое ги растерува ѓаволите од тој монах.

Во пресрет на Велигден, вечерта на Велика Сабота, блажениот Нифонт стоеше во црквата со народот и ја виде Пречистата Богородица со апостолите и мноштво светци како дојде во црквата и со мајчинска љубов ги набљудува присутните луѓе. И многу се радуваше на секого од нив кого го виде дека се грижи за своето спасение, а гледајќи ги невнимателните, мафташе со глава и плачеше. Сепак, пружејќи ги рацете, Му се молеше на Бога за сите, сите да добијат спасение. Гледајќи го ова, преподобниот се исполни со неискажлива радост, оти Пречистата Богородица не ги оставаа христијаните, туку непрестајно им помага.

Еднаш, кога преподобниот Нифонт спиеше, одеднаш наиде ѓавол со оружје во рака и јурна на него со намера да го убие, но, задржан од силата Божја, не можеше да му направи никакво зло на светиот и побегна, чкртајќи со забите и велејќи: „О, Маријо! Ти секогаш ме одгонуваш од овој свиреп човек!“

Преподобниот Нифонт имаше благодатен дар: со своите душекорисни зборови да ги поучува и утешува искушуваните. Еден брат дојде тажен кај светителот и го праша: „Што да правам, оче? Многу ме вознемируваат злите духови: јадам ли, пијам ли, или стојам на молитва, тие во срцето ми шепотат, час ереси, час тешки хули против мојот Господ Исус Христос и Неговата Пречиста Мајка, и против светите икони; се плашам некогаш да не слезе оган од небото и жив да не ме изгори“. – Светителот одговори: „Прими го брате мојот совет. Кога се бранува морето, колкави бранови крева и ги удира на карпа, и брановите пак се враќаат во морето: така и злите мисли кои што ги испраќа ѓаволот влијаат на душата на човекот; и ако човек го послуша неговиот совет и го следи, тогаш пропаѓа, како што пропаднаа многумина покорувајќи му се. Но, ако човекот кој е нападнат од богохулни помисли не се согласи со нив, туку, напротив, јуначно се бори против нив спротивејќи им се, плукајќи го ѓаволот, тогаш ѓаволската злоба му се враќа на него самиот, а тој човек добива награда од Бога. И ти, чедо, трпи, противејќи му се на ѓаволот со молитва и пост, и тој брзо ќе побегне од тебе. Притоа, внимавај на клеветите и гневот, бидејќи тие најмногу предизвикуваат хулење“. – Така поучувајќи го братот, блажениот Нифонт го отпушти со мир.

Преподобен Нифонт не беше лишен ни од благодатниот дар на лекување на болести. Еднаш дојде кај него една жена која страдаше од забоболка и го молеш светиот да ја исцели. А тој ѝ рече: „Ние сме луѓе, грешни и нечисти, и не можеме да те исцелиме ако самиот Бог не ти се смилува“. – И откако го кажа ова, блажениот Нифонт отиде во црквата, се помоли и, земајќи масло од кандилото пред иконата на Пресвета Богородица, го помаза целиот оток на лицето на болната и болката веднаш престана. И исцелената жена си отиде, фалејќи го Бога. – И друга жена, која претходно му носеше храна, се разболе и беше на умирање, тој ја исцели со молитва и ја оздраве.

Покрај тоа, блажениот Нифонт, со своите проѕорливи очи, ги гледаше и човечките души по напуштањето на телото. Еднаш, стоејќи во црквата на Света Анастасија на молитва, ги подигна очите кон небото и ги виде небесата отворени и мноштво ангели, од кои едни се спуштаа на земјата, други нагоре се искачуваа, носејќи на небо души човечки. И додека тоа го гледаше, ете, два ангела се вознесуваа, носејќи душа. И кога се приближија до митарството на блудот, излегоа митарите – демоните – и со гнев рекоа: „Таа душа е наша; како смеете да нè одминете?“ – Ангелите одговорија: „А каков знак имате на неа, та ја нарекувате ваша?“ – Демоните рекоа: „Таа до смртта грешеше, осквернувајќи се себеси не само на природен начин, туку и на неприроден; освен тоа, таа го осудуваше ближниот; и уште полошо, таа умре без покајание. А вие, што велите на тоа?“ – Ангелите одговорија: „Ние никако не можеме да ви веруваме ниту вам, ниту на вашиот татко ѓаволот додека не го прашаме ангелот чувар на оваа душа“. – И кога него го прашаа, тој рече: „Навистина, таа душа многу грешеше; но откако се разболе, таа почна да плаче и да ги исповеда своите гревови на Бога; и ако Бог ѝ прости, Тој знае зошто, Тој има власт; и слава на праведниот Суд Негов!“ – Тогаш ангелите, откако ги посрамија демоните, минаа со душата низ небесните порти.

Потоа блажениот виде како ангелите носат друга душа, а демоните истрчаа кон нив и викаа: „Зошто носите души не запознавајќи ги, како таа што ја носите, алчна, блудна, злопамтива; направи пустош!“ – Ангелите одговорија: „Ние тоа добро го знаеме; и иако сето тоа го направи, таа плачеше и тагуваше, ги исповедаше своите гревови и даваше милостина; затоа Бог ѝ прости“. – На ова демоните почнаа да негодуваат: „Ако таа душа е достојна за Божјата милост, тогаш земете ги грешниците од целиот свет! И тогаш зошто би се труделе?“ – Ангелите им одговорија: „Сите грешници кои смирено со солзи ги исповедаат своите гревови, ќе добијат прошка по милоста Божја; а кои умираат без покајание, ним Бог ќе им суди“. – Откако така ги посрамија злите духови, ангелите поминаа.

Светителот уште виде и како ангелите ја возносуваат душата на еден богољубив човек, целомудрен и милостив и кој ги љубеше сите. Гледајќи ја оваа душа, демоните чкртаа со забите. А пак ангелите Божји излегуваа од небесните порти во пресрет на таа душа и ја поздравуваа, велејќи: „Слава Ти, Христе Боже, зашто не ја остави во ѓаволските раце, туку ја избави од пеколот на подземјето“.

По некое време, блажениот Нифонт, виде како демоните влечат една душа во пеколот. Тоа беше душата на еден роб, кого господарот го мачеше со глад и тепање; а тој, не поднесувајќи го мачењето, поттикнат од демонот, зеде јаже и се обеси. Затоа, неговиот ангел чувар одеше оддалеку и горко плачеше, а демоните се радуваа. На ангелот кој плачеше му беше наредено од Бога да оди во градот Рим и да чува едно новороденче кое во тоа време таму го крштеваа.

Виде преподобниот и уште една душа како ангелите ја носат низ воздухот, а нив ги среќаваа војски и војски демони; и уште не беа дошле до четвртото митарство, а демоните ја грабнаа таа душа од рацете на светите ангели и, исмевајќи ја, ја фрлија во бездната. Тоа беше душата на еден клирик од црквата на свети Елевтериј. Тој клирик постојано го гневеше Бога со блуд, вражење и кражби; а умре ненадејно без покајание и стана радост за демоните.

Во Цариград, преподобниот подигна црква во името на Пречистата Богородица, живееше при неа и многу неверници обрати во Христовата вера. ѓаволот, не можејќи да го поднесе тоа што Нифонт оттргна мнозина од демонската заблуда, дојде на него со мноштво демони, околу илјада; и ноќе, напаѓајќи го, сакаа да го мачат. И живеалиштето негово се наполни со демони. Но тој им се закани со крсната сила, и со Божја помош и со соработката на светиот ангел, ги фаќаше, секој посебно, и им удираше по илјада стапови, сè додека не му се заколнаа дека нема ни да се приближат до место каде што се споменува името Нифонт.

Разговарајќи еднаш со браќата, за духовна полза, Нифонт се сети на нешто и им го раскажа тоа на браќата, велејќи: „Во овој град, кај еден великодостојник имаше еден роб по име Василиј, по занает кројач, со лош карактер, осквернувач, непокорен и скржав; целото свое време го губеше во игри и во нечисти телесни гревови со блудници и не ги слушаше советите на својот господар. Но, преку прекрасната промисла на семилостивиот Господ, нему му се устрои спасение на следниов начин: поради гревовите човечки, по Божјо допуштение, настапи голем глад, и господарите почнаа, поради недостиг на храна да ги отпуштаат своите робови; така, и Василиј го отпушти неговиот господар. Василиј отиде, и првиот ден си ја продаде облеката за да си купи храна:  Потоа почна да оди гол и да проси милостина; а беше зима, и тој се смрзнуваше и се тресеше од студот. Конечно, исцрпен, легна на една на улица; и набрзо му скапаа прстите на нозете, а потоа и нозете му отпаднаа. Трпејќи го сето тоа, Василиј сметаше дека тоа му е казна за неговите гревови и ништо друго не говореше, освен: „Сполај Му на Бога за сè!“ Така помина тој два месеци лежејќи на улица без покрив над главата, плачејќи и ридајќи за своите гревови. Се случи по тој пат да наиде еден христољубец по име Никифор. Здогледувајќи го намачениот Василиј, тој им нареди на своите слуги да го однесат во неговата куќа. Таму со љубов го згрижија, со свои раце местејќи му го креветот и го хранејќи го. По две недели, во сабота, болниот Василиј почна да говори: „Добродојдовте, свети ангели! Одморете се малку, па ќе одиме“. И тие му рекоа: „Не! Туку ајде брзо, зашто Господ те вика“. – Василиј одговори: „Причекајте ме малку, додека да го вратам долгот; позајмив од еден мој пријател десет лепти и уште му ги немам вратено; за да не ме задржи ѓаволот во воздухот поради тоа“. – Ангелите почекаа додека Василиј не собра десет лепти и не му ги испрати на оној на кого му беше должен, а потоа му го предаде духот на Бога. Ете гледате, чеда“- ја заврши својата приказна свети Нифонт - „какви се судовите Божји и на кои сè начини Тој го спасува грешникот“.

Еднаш, блажениот Нифонт со својот ученик дојде на молитва во црквата која се наоѓаше крај таканаречените Апониеви палати. Во црквата, архиерејот  служеше божествена служба. И ете, се отворија духовните очи на светителот и виде оган кој слезе од небото и го покри олтарот и архиерејот; а за време на пеењето на „Свјатиј Боже“, се појавија четири ангели и пееја заедно со пеачите. А кога се читаше Апостолот, го виде блажениот светиот апостол Павле како од позади го надзира оној што чита. Кога пак се читаше Евангелието, тогаш зборовите како светилници се вознесуваа на небото. А кога се пренесуваа Даровите, се свлече црковната завеса и се отвори небото, и се почувствува прекрасно ухание; потоа почнаа да се симнуваат ангели, пеејќи: „Слава на Христа Бога!“ Тие Го донесоа прекрасното Детенце, Го поставија на дискосот, а самите го опкружија престолот и им служеа на Чесните Дарови; два пак серафими и два херувими лебдејќи над неговата глава, го закрилуваа со своите крилја. Кога настана времето на осветување на Даровите и извршување на Страшната Тајна, еден од најсветлите ангели пристапи, и земајќи нож, го закла Детенцето и ја источи Неговата крв во светата чаша, а положувајќи го Детенцето на дискосот, самиот со побожност, повторно застана на своето место.  

Потоа почна причестувањето со Божествените Тајни, и виде блажениот дека лицата на некои причесници беа светли како сонце, а на други беа темни и мрачни како оние на црнците. Присутните ангели гледаа како кој пристапува кон Светата Причест: оние кои достојно се причестуваа ги величеа, а се одвраќаа и се гнасеа од оние кои тоа го чинеа недостојно. А кога заврши светата служба, Свети Нифонт виде како Детенцето одеднаш се најде повторно цело во рацете на ангелите и се вознесе на небото. – Ова подоцна преподобниот му го раскажа на својот ученик, кој и го запиша за корист на мнозина.

Еднаш, Свети Нифонт, одејќи кон црквата на Пречистата Богородица, која самиот ја подигна, виде како еден црнец оди по патот, многу тажен: а тоа беше кнезот демонски; по него одеа и други демони. Кога се приближија и го слушнаа црковното пеење, помалите демони почнале да го прекоруваат својот кнез, говорејќи: „Види како се прославува името на Исус од оние што некогаш ги држевме во наша власт. И каде е нашата сила? Целата е победена, и царството наше, разорено е“. – Така демоните го прекоруваа својот кнез, а тој им одговори: „Не жалете за тоа, не тагувајте, зашто наскоро ќе направам христијаните да го напуштат Исус, и ќе нè слават нас“.

Кога малку се оддалечија, сретнаа триесетина луѓе. Кнезот демонскиот пристапи при еден од нив и му прошепоти на уво: и на овој веднаш му падна некоја темнина врз умот, и тој почна да зборува срамни зборови, да се смее и да пее непристојни песни. Потоа сретнаа еден свирач кој одеше и свиреше. Блажениот Нифонт виде како еден демон ги врзува сите останати со еден канап и ги влече по свирачот, и сите го следеа, играа и скокаа; и многу народ им се придружи, и одеа наоколу пеејќи срамни песни и играјќи: зашто демоните ги влечеа, со јадици закачувајќи им ги срцата. А пак еден богат човек, кој го гледаше тоа од својата куќа, му даде на музичарот една лепта да поиграат пред него. Кога свирачот ја спушти лептата во џебот, демоните ја зедоа и му ја испратија на својот татко Сатана, во пеколот, со ваква порака: „Радувај се, оче наш! Еве Алазион, нашиот кнез, ти ја праќа оваа жртва, која нашите непријатели, христијаните, ја принесоа давајќи пари за игри“. – Примајќи го дарот, сатаната се зарадува и рече: „Грижете се деца да расте нашата жртва и победувајте ги христијаните!“ – И пак ја вратија лептата во џебот на свирачот.

Блажениот Нифонт, гледајќи го тоа со духовни очи, со болка рече: „О, тешко на оние кои преку игри им принесуваат жртва на демоните“. – И ги поучуваше своите слушатели да се чуваат од недолични и непристојни игри, бидејќи се од ѓаволот.

Еднаш, по молитвата, светителот беше во истапување (екстаза), и виде поле, огромно, со еднаква должина и ширина, а на него стоеше мноштво демони, поделени во полкови; бројот на полковите беше само триста шеесет и пет – според бројот на тешките гревови. Еден од најмрачните демони ги пребројуваше војниците, ги распоредуваше полковите како за битка и велеше: „На мене гледајте и не бојте се од ништо, зашто силата моја ќе биде со вас!“ – Некои демони донесоа мноштво од разновидно оружје и го раздадоа на полковите. Потоа, ѓаволот кнез, на секој полк даде сила на волшебништво и магии и ги пушти низ целата земја против Христовата Црква.

Кога блажениот Нифонт го набљудуваше тоа, одеднаш настана глас кон него: „Сврти се, Нифонте, на исток и погледни“. – Тој се сврте и виде поле, чисто и убаво, а на него, многу повеќе од демоните од спротивната страна, стоеше безбројно мноштво, стотици и стотици илјади и илјадници војници во бели облеки, сите вооружени како за битка. Потоа се појави некој маж, посветол од сонцето, и рече: „Вака заповеда Господ Саваот: Одете по целата земја, помогајте им на христијаните и чувајте ги нивните животи“. – Гледајќи го ова, преподобниот Го прослави Бога, Кој Ѝ помага на Црквата Своја.

Кога преподобниот Нифонт веќе се приближи кон староста, дојде време за неговото архиерејство, што му беше претскажано од Бога преку следното видение: се покажа пред него некое поле, преполно со овци, кои ги имаше на илјада илјади, но меѓу нив немаше пастир. Блажениот си помисли: „Како тоа, зарем овие овци без овчар не се плашат од волкот?“ – И во тој момент, пред него стапи маж, светлосен, сличен на светиот апостол Павле, и рече: „Зошто стоиш без работа и ги гледаш царските овци? Зошто ти не ги пасеш?“ – Блажениот Нифонт одговори: „Јас ли да ги пасам царските овци, јас кој не сум навикнат на таква работа и сум многу слаб?“ – А јавениот рече: „Тебе Царот ти наредува малку да ги попасиш, па потоа ќе се упокоиш и голема награда ќе добиеш“. – И кога го рече ова, му даде жезол, му ги довери овците и стадото, па си отиде.

Збунет, блажениот размислуваше што значи ова. И му стана јасно дека мажот кој се појави е светиот апостол Павле, овците - луѓето, а стадото - Црквата. И многу се уплаши некако да не биде поставен за епископ во царскиот град. И си рече Нифонт во себе: „Вака ли го измолив Бога над никого да не бидам владетел? И ете, Тој сака да ми даде власт. Но, ќе постапам како пророкот Јона, и ќе избегам оттука.“ – Потоа го зеде својот ученик, излезе од својата ќелија и седна на лаѓа. Со тивок ветер, лаѓата брзо стигна во Александрија, каде што во тоа време, епископ беше Александар, кој со Црквата управуваше по Петар, настраданиот за Христа под Диоклецијан. Истиот тој ден, во Александрија пристигнаа жители на градот Констанција од островот Кипар и го молеа архиепископот Александар да им постави за епископ човек, кој, по негово мислење, е достоен за тоа, бидејќи се беше претставил нивниот пастир Христофор, човек свет и чесен. Архиепископот им рече: „Почекајте малку додека Бог не ми покаже таков човек“.

И таа ноќ, архиепископот го виде светиот апостол Павле, кој го прашуваше: „Кого ќе го поставиш за епископ во градот Констанција?“

– Архиепископот одговори: „Не знам; кого Бог сака“. – Јавениот рече: „Бог ќе ти укаже на достоен, само биди утре во црквата со целиоит клир и гледај ги оние што влегуваат; и кого ќе видиш во сè да личи на мене, нему врачи му ја паствата“.

Утредента наутро, патријархот седеше во црквата и ги набљудуваше оние што влегуваа, кој ќе биде сличен на јавениот. А Нифонт, ништо не знаејќи за ова, појде во црква и по патот му говореше на својот ученик: „Чувствувам во срцето некоја тага, а и радост. Да не ни се случи нешто?“ – И со тие зборови влезе во црквата. А патријархот, кога го здогледа, му рече на својот архиѓакон: „Види, Атанасие, по лице, не личи ли тој човек на иконата на светиот апостол Павле?“

– Архиѓаконот одговори: „Да, оче, навистина е така, и достоен е да ја пасе Црквата Христова: зашто гледам ангел Божји како оди со него и разговараат; освен тоа, на неговата глава се гледа круна од скапоцени камења“.

Тогаш патријархот го повика светителот, го целива и седнаа. Архиѓаконот со насмевка му рече на Нифонт: „Она од што бегаше оче, на тоа сега и против своја волја си дошол“. – А кога блажениот дозна што ќе биде со  него, воздивна и рече: „О, тешко мене! Грешен сум јас и недостоен да ми се даде таква  власт!“ – Патријархот одговори: „О, кога јас би бил толку недостоен!“

И кажувајќи го тоа, патријархот стана, ја почна божествената литургија и го посвети преподобниот Нифонт во степен на клирик; потоа, во рок од неколку дена, го ракоположи за ѓакон и презвитер; а потоа го воздигна во епископски чин, на општа радост на сите за таков пастир, покажан од Бога.

По поставувањето за епископ, блажениот Нифонт помина во Александрија три дена, разговарајќи со тамошните свети мажи. После тоа, патријархот го отпушти Нифонт на неговиот престол, испраќајќи го со него, заради оддавање почит, својот архиѓакон и други свети мажи. Тие пристигнаа во кипарскиот град Констанција на четврти септември; и пратениците, откако го востоличија, се вратија во Александрија, славејќи го Бога.

Светителот Божји Нифонт почна ревносно да го пасе стадото Христово, грижејќи се за нивното спасение. Беше тој вистински татко на сираците и вдовиците, бесплатен лекар на болните и добротвор; исто така, чинеше разни чуда кои е невозможно да се набројат. Затоа беше многу сакан и почитуван од сите.

Будно и неуморно грижејќи се за своето стадо, блажениот Нифонт, еден ден напладне, виде огромен црнец како, влегувајќи во градот, божем е целосно скршен, се потпира на стап и често се одмара по патот. Светителот препозна дека е тоа ѓаволот па му викна: „Тебе ти зборувам, сегнасен, зошто и како се осмели да дојдеш овде?“ – Црнецот го погледна со лутина, како да сакаше да го проголта, и рече: „Слушнав дека си тука, па дојдов да те срушам со твоите овци“. – Светителот на тоа му рече: „Слабаку, самиот си срушен, а мене ли сакаш да ме срушиш? Видов еден подвижник кој се бореше со вас, а триесет од вас војуваа со него, но вие сите изнемоштивте во битката. Кој тогаш да не се смее на вашата слабост?“ - Ѓаволот тогаш рече: „Не чуди се на тоа! О, да ја имав поранешната сила, лесно ќе те соборев. Но, откако Исус беше распнат, јас сум навистина немоќен“. – Светителот одговори: „И сега, ако му се помолам на мојот Христос, што ќе ти се случи тебе, бесрамнику?“ – „Јас знам“ - одговори ѓаволот - „дека многу можеш; но не прави ми зло, зашто еве ќе излезам од твојот град и повеќе нема да му се приближам“. – Гледајќи го ова, светителот Му се заблагодари на Бога што го чува него и неговото стадо од злиот демон. 

Откако некое време управуваше со Црквата Христова, Свети Нифонт се приближи кон својот крај, кој го дозна три дена однапред. Потоа дојде кај него и големиот Атанасиј, тогашен архиѓакон, но кој подоцна, по претставувањето на патријархот Александар, го прими престолот на Александриската црква. Бог благоремено го извести Атанасиј за блиската смрт на светиот Нифонт; затоа, тој дојде со целото свое свештенство да се збогува со Божјиот човек и да му даде последен целив. Свети Нифонт, кога го виде Атанасиј, го праша: „Зошто се намачи, блажен оче, да дојдеш кај мене, грешен човек?“ – Атанасиј одговори: „Дознав дека ти утре заминуваш во Горниот Ерусалим, па дојдов да поразговарам со тебе. Те молам, кога ќе претстанеш пред престолот Божји, помени ме и мене таму, за да најдам и јас милост во Господа“. – Светителот на тоа рече: „И ти, оче, кога ја принесуваш Страшната Жртва, спомни ме и мене бедниот“.

Таа ноќ, Свети Нифонт долго се молеше за себе и за своето стадо. И му се јави ангел Господов со утеха и вест дека му е подготвен вечен покој. За време на утрената служба, почнаа да го мачат силни болки во телото, па му рече на својот ученик: „Чедо, спростри ми ја рогозината на земјата“. – Кога ученикот го направи тоа, свети Нифонт легна на простирката, многу болен. А кога се раздени, кај него дојде Атанасиј Велики, и седнувајќи до него, го праша: „Оче, има ли некаква корист за човекот од болеста или не?“ – Светителот одговори: „Како што златото, кога се прочистува во оган, ја отстранува 'рѓата, така и човекот, боледувајќи, се очистува од своите гревови“. – Потоа, малку молчеше, и заплака. После тоа, се насмевна, лицето му блесна и рече: „Добредојдовте, ангели свети!“ – Малку подоцна, тој рече: „Радувајте се, маченици свети!“ – и лицето му засветли уште посилно. Кратко време потоа, тој пак рече: „Благодат вам, пророци блажени!“

Тогаш и на Свети Атанасиј му се отворија духовните очи и тој виде дека блажениот го поздравуваат сите редови на светителите, секој ред одделно. Тогаш Нифонт радосно рече: „Ве поздравувам, свештеници, преподобни и сите светии!“ – Тогаш замолче. И малку подоцна воскликна: „Радувај се, Израдувана, прекрасна светлино моја, помошничке моја и сило моја, Те благословувам, Блага, зашто си спомнувам за Твојата милост и благодат!“

После тоа замолкна, и лицето му светна како сонце, така што сите присутни се запрепастија. Во исто време, се чувствуваше силен мирис на миро. Набргу потоа, се слушна глас од небото кој го повикуваше во вечен покој. И така, ја предаде својата чесна и света душа во рацете Божји на дваесет и трети декември.

Голем беше плачот и ридањето низ целиот град. И го погребаа свети Нифонт свечено во големата црква на светите Апостоли, славејќи го милостивиот кон грешниците и прекрасниот во светиите, Отецот и Синот и Светиот Дух во веки. Амин. 

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ПАВЛЕ, Епископ Неокесариски

Светиот отец наш Павле, како епископ Неокесарски, стана толку прочуен по своите добродетели што неговото славно име стигна до ушите на Ликиниј, кој тогаш владееше над нив во Никомидија. Ликиниј, кога почна жестоко да ги гони христијаните, испрати луѓе да му го доведат и свети Павле на суд. Царот тиранин прво се погрижи да го заплаши свететителот со разни застрашувања; потоа го подложи на тешки маки. Светителот толку јуначки ги поднесуваше сите маки, што и царот и сите присутни се запрепастија од неспоредливото јунаштво и трпение. После тоа, светителот беше подложен на вакво мачење: на дланката на светиот, ковачот со клешти стави вжештена железна плоча, потоа дланката од другата рака ја стави врз плочата, потоа стави обрач околу дланките, го стегна и така го држеше додека плочата не се излади. Од тоа, жилите и мускулите на рацете на свететителот целосно се умртвија, и тој повеќе не владееше со прстите. Потоа светиот маченик го испратија во прогонство, во темница на бреговите на реката Еуфрат.

Кога царот Константин Велики конечно се зацари на Истокот, тогаш сите христијани кои беа по темници и во прогонство беа пуштени на слобода и секој се врати во својата татковина. Тогаш и нашиот свет отец Павле се врати во Неокесарија на својот епископски престол и блескаше со добродетели како порано кога беше пустиник.

Кога во Никеја се одржа Првиот Вселенски Собор, во 325. година, на него учествуваше и светиот отец наш Павле, заедно со другите свети отци. Свети Павле таму беше еден од богоносните отци кои на своите тела ги носеа раните на Господ Исус. Од присутните на Соборот на Отците: некои немаа раце, некои уши, некои носеви, некои очи, а некои имаа други повреди на телото; други, за Христос беа претрпеле тепања, кршење коски, исчашување зглобови, горење со оган и стружење на разни делови од телото. Сето тоа беа сјајни сведоштва за нивната љубов кон Господа Христа. Меѓу присутните свети отци и блажениот Павле на своето тело имаше сведоштва за своето страдање за Христа: лузни од тепања и раце изгорени и онеспособени за работа. Откако триста и осумнаесет богоносни отци на Соборот го осудија Ариј и го анатемисаа, сите заедно го посетија царот Константин. Притоа, блажениот цар ги зеде рацете на блажениот Павле, ги целива и ставајќи ги своите очи и на други делови на телото, ги изговори овие незаборавни зборови: „Никогаш не е доволно да се целиваат овие раце, кои за Христос, нашиот Бог беа изгорени и умртвени “. 

По Соборот, блажениот Павле се врати во својот град на архиерејскиот престол, и откако управуваше со Црквата многу години, со мир отиде кај Господа и од Него го прими венец на исповедништво.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СХИНОН

Овој свет маченик пострада за Христа, исечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДАВИД ДВИНСКИ

Персијанец по татко и Ерменин по мајка, свети Давид пострада затоа што се преобрати во Христа, во 693. година. Погребан е во градот Ечмиадзин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ХРИСОГОН

Најпрво беше епарх солунски, а потоа маченик Христов.

СПОМЕН НА ОСВЕТУВАЊЕТО НА ГОЛЕМАТА ХРИСТОВА ЦРКВА - СВЕТА СОФИЈА во Цариград

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ТЕОКТИСТ, архиепископ Новгородски

Како игумен на Новгородскиот Благовештенски манастир, беше поставен за архиепископ Новгородски. Како архиепископ, подигна две цркви во Новгород. По осум годишно управување со стадото, тој, од љубов кон осаменичкото молитвено тихување, се повлече во Благовештенскиот манастир. Светиот молитвеник се упокои во 1310. година. Неговите свети мошти почиваат во Јурјевиот манастир; тие се прославија со чудесни исцеленија.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ НАУМ, ОХРИДСКИОТ ЧУДОТВОРЕЦ

Свети Наум – ученик на рамноапостолните учители на Словенскиот свет, светите Кирил и Методиј, и еден од Петточислениците, кои најревносно соработуваа со овие словенски апостоли. Свети Наум отпатува во Рим, каде што се прослави по својата чудотворна моќ, како и со својата голема ученост. Тој беше познавач на многу јазици. Од неговите очи се излеваше исцелителна сила која ги исцелуваше болните кои со вера погледнуваа во очите на светиот угодник Божји. По враќањето од Рим, светите Наум и Климент се населија, со помош на царот Борис Михаил, на брегот на Охридското Езеро. Додека Свети Климент во Охрид дејствуваше како епископ, дотогаш, свети Наум, на јужниот брег на езерото основа манастир, кој и ден денес го краси тој брег - исто како што името на Свети Наум ја краси историјата на словенското христијанство - и кој низ вековите бил извор на чудотворна моќ и засолниште за болните и оние во неволја. Околу свети Наум се собра множество монаси од целиот Балкан. Свети Наум беше мудар учител, редок раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовен отец. Како неуморен работник, свети Наум особено се трудеше во преведувањето на Светото Писмо и останатите црковни книги од грчки на словенски јазик. Чинеше  чуда за време на животот и по смртта. Неговите чудотворни мошти и денес воодушевуваат со многубројни чуда, како исцелувања од тешки болести, особено лудило. Се упокои во првата половина на десеттиот век и се пресели во радоста на Христа љубениот.