06. Јануари (24 Декември)
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЧКА ЕВГЕНИЈА
Во седмата година од владеењето на римскиот цар Комод, кој го наследи престолот по својот татко Марко Аврелиј, за епарх на цел Египет беше поставен еден славен благородник по име Филип. И Филип, со својата жена Клаудија и децата, се пресели од Рим во Александрија. Имаше два сина, Авит и Сергиј, и единица ќерка, Евгенија, многу убава по тело и целомудрена по дух. Еве ја приказната за нејзиниот живот.
Филип управуваше со Египет според римските закони и по обичаите на предците. Тој воопшто не ги сакаше волшебниците и магионичарите, и силно ги гонеше и уништуваше. Тој исто така не ги сакаше ни Евреите; дури ни името не можеше да им го слуша. Но, кон христијаните тој се однесуваше многу благо; и иако, по царска наредба, ги протера од градот Александрија, сепак им допушти мирно да живеат во предградието на градот и слободно да му служат на својот Бог, бидејќи ги ценеше поради нивниот совршен живот и мудрост. Тој самиот страсно се занимаваше со грчката филозофија, во која ја воспитуваше и својата ќерка Евгенија. Притоа, Филип ја учеше Евгенија да ги владее и латинскиот и грчкиот јазик, и слободно и красноречиво да зборува на двата јазика, грижејќи се Евгенија да постигне што поголем успех во филозофијата и другите науки. А таа, бистра и многу вредна, лесно напредуваше во сите науки. Што и ќе чуеше или прочиташе еднаш, цврсто го памтеше, чувајќи го тоа во срцето како да е напишано на челични плочи. А Евгенија имаше убаво лице и прекрасно тело, но беше уште поубава со целомудрието на своите мисли и попрекрасна во својата девствена чистота. Затоа, еден од најпознатите римски достоинственици, по име Аквилин, посака да ја вери за својот син Аквилиј. И кога родителите ја прашаа дали се согласува да се омажи за овој млад благородник, Евгенија одговори: „За сопруг треба да се избере подобар по живот, а не по потекло, бидејќи треба да се живее со него, а не со неговиот род“.
И други благородни и богати младичи сакаа да се верат со неа, но таа сите ги одбиваше, божем дека не ѝ се допаѓа начинот на нивниот на живот, додека всушност го правеше тоа единствено од желба и грижа да остане и да живее во девственост.
Така, се подготвуваше прекрасен и чист сад за примање на божественото, благоухано миро. И набргу по нејзините добри дела, следуваше добра вера и таа чиста пријде до чистиот извор на побожноста. Како почеток на обраќањето на Евгенија кон Бога послужи следниот настан: Случајно, или, подобро кажано, по Божја промисла, во рацете на Евгенија се најде книгата „Посланијата на Светиот апостол Павле“. Внимателно читајќи и продлабочувајќи се во нејзиниот смисол, Евгенија позна дека постои Еден Вистински Бог, Кој ја создаде вселената: и веднаш ѝ се просветли умот кој одамна беше предочистен и подготвен за примање на Светиот Дух. И таа со срцето цврсто поверува во Христа, но не се осмелуваше јавно да Го исповеда со уста, плашејќи се од гневот на своите родители.
Кога, по царска наредба, христијаните, чии учења Евгенија многу сакаше да ги чуе, беа протерани од Александрија, таа ги замоли своите родители да ѝ дозволат да оди во предградието на еден од нивните имоти, за таму, во осаменост да се одмори и освежи. А родителите, не предосетувајќи ја нејзината тајна намера, ѝ дозволија да оди во предградието и да се освежи. Таа, пак, минувајќи со кочија со своите евнуси и робинки покрај еден манастир во една од христијанските населби, ги слушна монасите како пеат од зад оградата: „Сите богови на незнабошците се демони; а Господ ги создаде небесата“ (Пс. 95:5). Слушајќи ги овие зборови и засрамена од заблудата на своите предци, таа воздивна од длабочините срцето и им рече на двајцата свои евнуси, Прот и Јакинт: „Вие со мене доволно ги изучивте науките; заедно ги разбравме учењата на Сократ, Аристотел и Платон, познатите заблуди на стоиците и мислењата на Епикур; а прочитавме и проучивме и други софисти и поети. Вие, се разбира, сигурно знаете дека сето тоа се басни кои содржат само некој налик на вистината, што може да заведе многумина. Не ни е непознато и тоа како Елините се фалат со својата мудрост, од кои некои, на секој можен начин докажуваат дека не постои бог, додека други веруваат дека има многу богови, и ги делат на поголеми и помали. Христијаните, пак, сите нив ги победуваат со збор, велејќи: „Сите богови на незнабошците се демони.“ Зашто верата во тие незнабожечки богови е совршено безумие и целосна гибел. Но, христијанското учење: „Господ ги создаде небесата“, отворено го признава Единиот Бог и ни дава знаење за нашиот сеопшт Господ. Согласно со ова учење, учи и нивниот апостол Павле, чии списи кои го докажуваат постоењето на Едниот Бог, ги читав вчера и завчера. И јас верувам во зборовите на тој апостол, бидејќи се многу јасни и достојни за верување, бидејќи ја темелат верата на самите дела. Апостолот во своите посланија јасно го покажува патот кон спасението, и вие, ако сакате, можете да го изберете тој пат. А јас повеќе нема да се нарекувам ваша госпоѓа, туку сестра и сослужителка, зашто имаме заеднички Господ и Бог - Отец. Затоа, да бидеме еднодушни и едномислени, како браќа, и заедно да решиме да се обратиме кон Христа. Слушнав дека христијанскиот епископ Елиј подигнал тука манастир, во кој монасите постојано, дење и ноќе го слават Бога со песни. Овој манастир епископот му го доверил на еден презвитер Теодор, за кого велат дека врши чудесни дела; со својата молитва им дарува вид на слепите, изгонува демони и секоја болест ја лекува со збор. Уште кажуваат и дека на жените никако не им е допуштено да влегуваат во овој манастир. Затоа, истрижете ми ја косата, облечете ме во машка облека и ноќе однесете ме таму. Ќе го одредиме нашето враќање во градот за доцна навечер; сите робови нека одат пред колата, а вие двајца одете зад колата; јас тивко ќе се симнам и ќе се скриеме од сите; колата нека се врати дома празна, а ние ќе одиме кај слугите Божји.
Овие зборови и намери на Евгенија им беа угодни на двајцата евнуси. И кога се стемни, направија како што се договорија. Бидејќи доцна навечер, враќајќи се во градот, тие тајно ја симнаа Евгенија од колата, така што никој од робовите да не забележи. Криејќи се, ја облекоа во машка облека, ѝ ја исекоа девојкината коса и се упатија кон манастирот. Но, тие сè уште не беа на дофат до манастирот, кога го видоа блажениот Илија, епископот Илиополски, како им се приближува, одејќи со многу народ од Илиопол во манастирот. Зашто во Египет ималше обичај, кога некој епископ ги посетува своите манастири и цркви, народот да го следи, пеејќи песни. Така и сега, епископот Илија беше придружуван од околу десет илјади луѓе, кои пееја и извикуваа: „Патот на побожните е прав, Ти ја исправаш патеката на побожните “ (Исаија 26,7).
Слушајќи ги овие зборови, Евгенија им рече на своите пријатели: „Задлабочете се во значењето на овие стихови, бидејќи сите нивни зборови имаат значење за нас и се однесуваат на нас. Зашто кога зборувавме за Вистинскиот Бог, го слушнавме пеењето: „Сите богови на незнабошците се демони; но Господ ги создаде небесата“. И сега кога ние, откако се одвративме од идолослужењето, тргнавме по патот по кој сакаме да се приближиме кон Христа, ете, неколку илјади луѓе нè среќаваат, пеејќи едногласно: „Патот на побожните е прав, Ти ја исправаш патеката на побожните “ (Исаија 26,7). И ми се чини дека ова се случи не случајно, туку по Божја промисла. Затоа, ајде да видиме каде оди овој народ; и ако оди кон истата обител каде и ние стремиме, тогаш да им се придружиме и да патуваме со нив, како нивни пријатели.
И така, придружувајќи му се на народот кој одеше и пеешее, прашаа еден: „Кој е оној старец, единствениот што јава на магаре среде народот кој оди пред него и зад него?“ – И тие слушнаа како одговор дека тоа е епископот Илија, христијанин од младоста, кој пораснал во манастир. Кога како дете, го праќаа да донесе оган од соседите, тој донесуваше жар во наборите на својата облека, а облеката не му гореше. Таква беше неговата светост уште во неговото детството. „Пред неколку дена“, (продолжи да кажува човекот кого го прашаа), „во овие места се појави еден гатач по име Зариј, кој со разни волшебства и лукавства ги мамеше луѓето: тој епископот Илија го нарекуваше измамник, а за себе говореше дека е добар учител, испратен кај луѓето од Христос. Потоа се собра мноштво христијани и дојдоа кај отецот наш кого го гледате и рекоа: „Слушаме како Зариј тврди за себе дека е испратен од Христос. Затоа: или прими го во заедница со тебе, или пак, ако зборува лага, ти со зборови порази го, а ние ќе појдеме по оној од вас кој ќе победи во препирката. Светиот епископ Илија се согласи на препирка со Зариј: зашто се надеваше во Христа, исто како што и Зариј се надеваше на своите демони. И беше одреден ден за препирката и беше подготвено место насред градот Илиопол. И дојде бајачот Зариј со своите волшепства и магии, а дојде и епископот со боговдахновени зборови. И откако го благослови народот, епископот рече: „Сега ќе ги познаете духовите кои се од Бога“. И обраќајќи се потоа кон Зариј, тој почна да води со него голема расправија. Но волхот беше многу вешт во своите измами, горд и безобѕирен во говорот; тој се стремеше да победи не преку вистината, туку преку фалбаџиска и бесрамна многуговорливост. Затоа, кроткиот и незлоблив епископ не можеше да го совлада волхот со зборови. И му беше жал на народот што Зариј го надминува епископот во препирката. Забележувајќи го ова, епископот ги замоли да се стишат и му рече на народот: „Сега е добро да го послушаме советот на светиот апостол Павле, кој му го дава на својот ученик Тимотеј: ‚Ова напомни го и посведочи пред Господа, за да не се караат, што ништо не помага, туку им пречи на оние што слушаатʻ (2. Тим. 2, 14). Но, за да не помисли некој дека сведоштвото на овој апостол го донесуваме не заради откривање на вистината, туку од страв, го предлагам ова: да се запали оган среде градот и двајцата заедно да влеземе во огнот, и кој од нас нема да изгори, тој е вистински апостол Христов“. – Овој предлог му се допадна на целиот народ; и веднаш запалија голем оган. Епископот почна да го повикува бајачот во пламенот, но тој одговори: „Влези прво ти во огнот, бидејќи ти ја предложи оваа проверка“. – Владиката се прекрсти и, кревајќи ги рацете кон небото, влезе во средината на огнот; и остана во големиот пламен околу половина час и воопшто не беше ни најмалку нагорен: зашто огнот не му ја допре ниту косата ниту облеката. А епископот го повикуваше Зариј да влезе во огнот кај него, но овој ужасно се исплаши и се обиде да бега. Но луѓето го зграпчија и со сила го фрлија во огнот. И веднаш бедникот почна да гори, и сосема ќе изгореше ако светиот епископ Илија брзо не го беше избавил од огнот, навистина, полуизгорен, но жив. После тоа, волхот со потсмев беше протеран од Илиополските предели. „А епископот кого го гледате, каде и да оди, народот го следи со божествени песни.“
Слушајќи го кажувањето, блажената Евгенија се радуваше во духот, се чудеше и воздивнуваше. Конечно, таа почна од срце да му се моли на човекот што ѝ зборуваше, кој се викаше Евтропиј, велејќи: „Те молам, господине, да го известиш светиот епископ за нас, кои сакаме од идолите да се обратиме кон Христа. Ние сме браќа и се договоривме заедно да станеме христијани и да живееме во овој манастир, никогаш не одвојувајќи се еден од друг“. – Соговорникот одговори: „Ќутете засега за тоа, додека епископот не влезе во манастирот и не здивне малку од патот, а кога ќе се укаже погоден момент, јас, по вашта желба, ќе го известам за вас.
Кога се приближија до манастирот, во пресрет на епископот излегоа монасите, пеејќи: „Ја примивме, Боже, милоста Твоја меѓу луѓето Твои“ (Пс. 47, 10). – Кога епископот и народот влегоа во манастирот, влезе со евнусите свои и Евгенија, личејќи на момче по облека и по истрижената коса. Откако во црквата ја отслужи Божествената служба и се поткрепи со малку храна во три часот попладне, како што е обичај кај постниците, епископот отпочина од своите трудови и виде во сон вакво видение: некои луѓе носеа на раце некаков женски кип, сличен на еден од грчките божици, и ѝ оддаваа почит како на бог со жртви и поклонение. тешко му беше на епископот да гледа како луѓето се залажуваат себеси со идолопоклонство, и тој ѝ рече на таа нивна божица: „Зар ти доликува тебе, Божјо создание, луѓето да те сметаат за Бог и да примаш од нив поклонение кое само на Бога му доликува?“ – Слушајќи ги овие зборови, божицата веднаш ги остави луѓето што ѝ се поклонуваа и го појде по епископот, велејќи: „Нема да те оставам, ниту ќе се отстапам од тебе, додека не ме приведеш и не ме предадеш на Творецот мој и Создател“.
Тргнувајќи се од сонот, епископот размислуваше за своето видение. Тогаш Евтропиј влезе кај него и рече: „Владико, тројца младичи, родени браќа, еднодушно го напуштаат идолопоклонството и, сакајќи да бидат вброени меѓу оние кои му служат на Христа во овој манастир, влегоа по тебе денес во манастирот и со солзи ме молеа да ја известам за нив твојата светост “. – Ова го израдува епископот и тој воскликна: „Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што ме удостои сега да слушнам ваква радосна вест!“
И нареди епископот тие тројца младичи да бидат повикани кај него. Кога влегоа сами и застанаа пред неговото чесно лице, светителот прво се помоли, а потоа почна татковски и со љубов да разговара со Евгенија, распрашувајќи се за нивните имиња, потеклото и татковината. Евгенија, црвенејќи од девојчински срам, мирно одговори: „Ние, божествена главо, сме родени во славниот град Рим, и нашата татковина е Рим; браќа сме по тело; првиот се вика Прот, вториот Јакинт, а јас се викам Евгениј“. – Блажениот епископ Илија, со љубов гледајќи во неа, рече: „Со право се нарекуваш себе си Евгениј, Евгенија! Името твое се совпаѓа со духот твој, бидејќи имаш благородна, храбра душа и во сè се покажуваш како вистински маж. Но, протоа, цврсто во умот свој држи ги одлуките, победувај ја својата женска природа и ќе стигнеш до машкост и ќе се утврдиш во Христа, заради кого ти, жена, се правиш маж, менувајќи го својот женски лик и име од љубов кон Бога. Ова ти го кажувам не изобличувајќи ја и не грдејќи ја твојата природа, ниту за да те одвратам од твојата намера, туку за да дознаеш колку Бог се грижи за тебе и како Он ми откри сè што се однесува на тебе, не утајувајќи ништо: која си ти и како ќе дојдеш кај мене и кои се оние што со тебе ќе дојдат кај мене. Затоа, Евгенија, потруди се да се покажеш не помалку мажествена по дух, отколку со својот изглед: зашто мојот Господ ми го откри и тоа дека си се подготвила за чисто живеалиште за Него, чувајќи ја својата девственост неосквернета и отфрлајќи ги соблазните на земниот живот.
Обраќајќи се потоа кон Прот и Јакинт, светителот рече: Вие сте робови по телесно потекло, но сте слободни по дух, зашто духот ваш не е поробен од ништо земно. Затоа, не јас, туку самиот Господ Христос ви вели: „Повеќе не ве нарекувам робови, туку пријатели“ (Јован 15:15). Блажени сте вие за таквата ваша слобода, но уште поблажени сте поради вашето пријателство и соединување со Христа: зашто еднодушно избравте да го земете врз себе јаремот Христов и со ништо не ја спречивте блажената Евгенија во нејзината намера, туку заедно со неа горите со духот да Му служите на Господа. И кога таа ќе си излезе од овој живот, заедно со неа и вие ќе се удостоите за оние венци и награди од Господа, како и таа.
На овој разговор меѓу владиката Илија и Евгенија и нејзините евнуси никој не беше присутен. Епископот ѝ нареди на Евгенија да остане во машка облека, бидејќи никој не ја знаеше нејзината тајна. И таа, заедно со евнусите, не се отстапи од епископот сè додека епископот не ги крсти и не ги причисли во монашкиот чин.
Сега да опишеме што се случи во времето кога светителката, заедно со Прот и Јакинт, тајно од робовите слезе од колата, и како нејзините родители тагуваа по неа.
Колата го продолжи својот пат и веќе се приближ кон куќата, а робовите одеа пред колата, несвесни што се случило. Домашните слуги излегоа со факели да ја пречекаат Евгенија. Приоѓајќи до колата, тие видоа дека е празна и дека во неа ја нема Евгенија, и тоа им предизвика голема забуна. Нејзиниот татко, мајка, браќа и сите слуги беа многу се вознемирија, и настана редење, ридање, лелекање и силен плач. Почнаа да бараат низ целиот град, а сите жители на Александрија со чудење се прашуваа што се случило со ќерката на епархот. Многубројни робови беа испратени на сите страни да ја бараат Евгенија. Тие го пребараа не само целиот град, туку и целата земја Египетска, и при распрашувањата не пропуштија никого на патот или по куќите: трговци, земјоделци и патници; но никаде не можеа ништо да чујат за тој скапоцен бисер, кој десницата на Севишниот го криеше во Својата ризница сè до потребното време.
Родителите на Евгенија ден и ноќ плачеа по неа и неутешно ридаа, честопати повикувајќи ја по име, гребејќи си ги лицата, посипувајќи си ги со пепел главите и паѓајќи на земја од изнемоштеност и голема тага во срцето; И притоа запомагаа: „Евгенија, Евгенија, ќерко наша слатка! Каде, светлино наша, се сокри од очите наши? Во кое место, наша утеха, се притаи? На кој начин, надеж наша, исчезна?“
И ридаа родителите за својата ќерка, и плачеа браќата за својата сестра, и солзи пролеваа робовите и робинките за својата господарка, а сите граѓани жалеа за Евгенија и сочувствуваа со болката на епархот како свој добар господар и управител. Потоа почнаа да ги прашуваат бајачите и гатачите, и на идолите бројни жртви да им принесуваат, не би ли некој од боговите да им каже нешто за исчезнатата девојка.
Но, ниту од нив тие ништо не дознаа. Зашто молчеа: бајачите и гатачите како лажливци и незнајковци, а идолите како мртовци. Конечно, некои од жителите на Александрија измислија басна за утеха на епархот: наиме, тие тврдеа дека, божем, им било откриено оти боговите ја засакале убавината на Евгенија, па затоа ја воздигнале Евгенија на небото и ја свртстиле во редот на боговите. Сиротиот родител поверува во басната, малку престана со тагата и со сила го претвори плачот во радост. И веднаш нареди да се излие идол од злато, сличен по изглед на неговата сакана ќерка, и да се постави на видно место во Александрија. И почна да укажува сенародно почитување кон Евгенија како кон нова божица, славејќи ја и принесувајќи ѝ бројни жртви. На овој начин, си ја олеснуваше својата болка за ќерката. Но, мајка ѝ на Евгенија, Клавдија, и браќата Авит и Сергиј, не поверуваа во оваа басна, та и понатаму непрестајно и неутешно плачеа за Евгенија.
Меѓутоа, блажената девица Евгенија, прикриена со машка облека и име, и поради нејзините машки и јуначки подвизи сметана за маж, живееше во гореспоменатиот манастир, ревносно монахувајќи и служејќи Му на Бога. И таа покажа таков успех во божественото учење што во рок од две години веќе го знаеше напамет целото Свето Писмо: и душа ѝ беше преполнета со таков мир, што сите ја сметаа за еден од ангелите. И кој можеше да знае дека е женско, кога ја покриваше силата Христова и беспрекорната девственост, и кога со својот живот дури и кај совршените монаси предизвикуваше восхит? Нејзиниот говор беше смерен, мил, кроток и немногуречив, полн со страв Божји и душекорисен. На црковните служби никој не доаѓаше пред неа и никој не си одеше по неа. На сите им беше за углед и корист: тажните ги тешеше, со радосните се радуваше гневните и бесните со еден збор ги смируваше. На гордите пак така влијаеше со смирениот начин на својот живот, што тие одеднаш, од волци се претвораа во овци.
По не многу време, таа од Бога го доби дарот на исцелување. И кога таа ќе посетеше некој болен, самото нејзино доаѓање веднаш ја одгонуваше болеста и му даваше на болниот целосно здравје. А нејзините двајца евнуси, Прот и Јакинт, неотстапно беа со неа и беа подражаватели на нејзиниот живот, и нејзини верни слуги и пријатели.
Три години по нејзиното обраќање кон Бога, се претстави игуменот на тој манастир. И браќата, собирајќи се, еднодушно ја молеа блажената да им биде игумен, бидејќи не знаеја за нејзината тајна, чувана од Бога: дека нивниот Евгениј по природа не е маж, туку е жена. Тие го гледаа нејзиното мудро, беспрекорно и богоугодно живеење, кое неспоредливо го надминуваше животот на сите монаси во манастирот, и затоа со многу молби навалуваа на неа да го прифати старешинството. Тогаш светителката, од една страна плашејќи се дека е противзаконски жена да владее над мажи, а од друга страна срамејќи се да ги омаловажи и да ги одбие срдечните молби на толку многу чесни лица, им се обрати со оваа молба: „Ве молам, браќа, донесете ми го Светото Евангелие“. – А кога беше донесено Евангелието, таа продолжи: „Потребно е христијаните, при секој избор, за тоа прво да го прашаат самиот Господ Христос“.
Затоа, да разгледаме што ни заповеда Христос во врска со овој избор, а потоа да се покориме на Неговата волја.
Потоа таа го отвори Евангелието на случаен избор пред сите, и тоа се отвори на местото каде што беше напишано: „Кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга; и кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде роб“ (Матеј 20:26-27). Кога беа прочитани овие зборови, светителката изјави: „Ете, се покорувам и на Христовата заповед и на вашето барање. Нека бидам слуга и роб на вашата љубов“.
И сите се израдуваа на нејзиното прифаќање. И божемниот Евгениј, а всушност Евгенија, го прими игуменството на тој манастир и на сите им стана како заробеник и роб, непрестајно трудејќи се за сите браќа, носејќи вода, сечејќи дрва, чистејќи ги сите ќелии и служејќи им на сите со голема ревност. За себе, за боравок, ја одбра ќелијата на вратарот, за ниту со подобра ќелија да не се покаже повисоко од другите. Трудејќи се во манастирските работи, таа никогаш не го пропушташе пропишаното црковно правило, имено: утрена, часови (во посебни денови и Литургијата) и вечерна. И ѝ се чинеше дека залудно е изгубен часот во кој би се случило да не му оддаде слава на Бога. И таа будно мотреше да не помине ниту еден момент без славословие на Бога. Затоа, во нејзините раце беше работата, а на усните непрестајна молитва. И доби власт над нечистите духови, да ги изгонува од луѓето. А ѝ се даде благодат да прави и други чуда, за кои нема доволно време да се зборува подетално. Но сега да раскажеме како започна гонењето на светителката, други настани од нејзиниот живот, нејзините страдања и нејзиниот крај.
Беше во Александрија една жена по име Мелантија, богата со имот, но сиромашна со добри дела. Таа се разболе од треска и страдаше од неа повеќе од една година. Таа имаше голем имот во близина на манастирот. Кога слушна дека во манастирот има монах по име Евгениј кој лесно исцелува секаква болест, таа брзо дојде кај него и го молеше да ја исцели од нејзината болест. Сожалувајќи се на неа, Евгенија ја помаза со свето масло, а Мелентија веднаш исповрати сè што ѝ штетеше одвнатре и ѝ ја предизвикуваше болеста, па оздраве и се врати пеш на својот имот. По кратко време, како знак на благодарност за исцелувањето, таа направи три садови од чисто сребро, ги наполни со пари и му ги испрати на својот бесплатен лекар. Но, Евгенија не го прими дарот, туку ѝ го врати на Мелантија, велејќи: „Ние изобилуваме и преизобилуваме во секое богатство во нашиот Бог“. А тебе, драга Мелантија, те советувам да го поделиш ова на сиромашните и потребитите.
Кога ги виде вратените дарови, Мелантија многу се нажали и побрза во манастирот. И со какви молби и прозби не ја молеше Евгенија да не ги одбива донесените подароци! Конечно, игуменот Евгениј едвај се согласи да нареди садовите да се однесат во црковната садочуварница, каде што се чуваа предмети за црковните богослужби.
Оттогаш, Мелантија почна често да го посетува Евгениј, и ја обзеде непристојна љубов кон него, не знаејќи дека под машката облека и име се крие жена. Гледајќи го онака млад и убав, Мелантија веруваше дека таков младич не можел секогаш да живее во чистота и почна да го припишува своето исцелување, не на неговата светост, туку на неговата лекарска вештина. И од ден на ден таа почна да се распалува со сè поголема и поголема похота кон него, сонувајќи дека стапува во телесен грев со него. И таа бараше згодно време и место за да ја исполни својата желба. И еден ден, додека беше на својот имот недалеку од манастирот, Мелантија, разгорена од похота кон младиот монах, се преправи дека е болна и му испрати молба самиот да ја посети и да ѝ помогне како и првиот пат.
Доаѓајќи кај неа, блажената Евгенија седна пред постелата на Мелантија, болна не од болест, туку од телесна похота. Гледајќи го лицето на Евгенија, Мелантија повеќе не можеше да го скрие тајниот оган што во себе го разгоруваше долго време. Таа ја отвори својата бесрамна уста и почна да зборува блудни зборови, заведувајќи го и наведувајќи го на грев, како што некогаш направи Египќанката, жената на Понтифриј, со Јосиф. „Јас сум обземена од неодолива желба и безмерна љубов кон тебе“, говореше таа, „и мојот дух не може да се смири сè додека не се согласиш да станеш господар на целиот мој имот и мој маж“. Зашто залудно се умртвуваш себеси со непотребно воздржување и залудно ги упропастуваш деновите на младоста твоја, исцрпувајќи го толку своето тело и сотирајќи ја таквата убавина на твоето лице? Еве огромни имоти! Еве ризници од злато и сребро, скапоцени камења и скапоцени облеки! Еве и голем број робови и робинки! Еве, конечно, ме гледаш млада, и не грда, вдовица од оваа година, притоа и бездетна, та така нема наследник на моите богатства. Затоа, наследи ги ти и стани на мене самата господин и господар.
Сето тоа и уште многу повеќе кажа Мелантија, мамејќи ја Евгенија. Но, преподобната Евгенија, засрамена од бесрамноста на оваа блудница, ѝ одговори страшно луто: „Замолчи, жено, замолчи! И не обидувај се да ми наштетиш со отровот на древната змија. Гледам, си направила големо живеалиште на ѓаволот. Отстапи од слугите Божји, соблазнителко! Твоето богатство нека го наследат на тебе слични сладострасници! А нашето богатство е да бидеме сиромашни со Христа. Што се однесува до бракот, тоа нека нашиот ум никогаш не помисли на телесни задоволства! О, благословена чистота, никогаш нема да те продадеме за расипливо богатство! О, блажена чистото, никогаш нема да те продадеме за трулежни богатства! О, Мајко Божја и Дево, на Тебе се надевам, нема да ги изневерам моите завети! Еден е бракот кај нас – нашата љубов кон Христос; едни се богатствата кај нас – богатства за нас спремени на небото; едно е наследството - познавањето на вистината.
Откако го кажа ова, блажената Евгенија стана и си отиде во својот манастир. А Мелантија, исполнувајќи се воедно со неопишлив срам и гнев, отиде во градот, се јави кај епархот и му рече: „Еден христијански младич, кој вели дека е лекар, и живее во манастирот недалеку од мојот имот, дојде во мојата куќа и јас му допуштив да влезе во мојата соба заради лечење. Меѓутоа, тој, сметајќи ме за нечесна и бесрамна жена, почна да ме мами, прво со ласкави зборови, а потоа и со раце да ме принудува на зло дело; и да не почнав да врескам, та дотрчаа моите робинки на моето запомогање, тој бесрамен младич сигурно ќе ме осквернше насилно, како варварин заробеничка.
Овие зборови на Мелантија многу го разгневија епархот и тој веднаш испрати слуги да го фатат не само младиот Евгениј, нарекуван лекар, туку и сите што живеат со него, да ги врзат во железни окови и да ги држат во темница. Но, бидејќи една темница не можеше да ги смести сите монаси кои беа со Евгенија, ги распоредија по разни темници. Гласот за овој настан се прошири не само низ цела Александрија, туку и низ сите блиски градови. И многу навреди и ружења претрпеа христијаните од незнабожците, зашто сите што ја слушнаа приказната на Мелантија веруваа во вистинитоста на нејзините зборови, бидејќи незнабожците многу ја почитуваа како добродетелна, угледна и од благородно потекло.
И беше одреден ден во кој на монасите требаше да им се суди и да им се изрече казна. Некои од нив епархот сакаше да ги фрли на ѕверови за да ги изедат, други во оган да ги изгори, а останатите да ги погуби со разни маки. И кога дојде тој одреден ден, се собра мноштво народ, не само од градот, туку и од целата околина. Се собраа таму и многу христијани, меѓу кои имаше многу презвитери и неколку епископи: дојдоа да го видат крајот на невините слуги Божји, да ги земат остатоците од нивните мошти и чесно да ги погребаат.
Штом на судот пристигна епископот Филип со своите синови Авит и Сергиј и седна на судискиот стол, веднаш во средината на театарот ја доведоа блажената Евгенија, тајната која уште никој не ја знаеше, со нејзините евнуси и други монаси, оковани во тешки железни синџири. И почна народот гласно да вреви и да вика: „Нека бидат погубени тие погани, беззаконици!“ – Епархот нареди начелникот на злото, невиното јагне Христово, да му го доведат поблизу на испрашување, и да ги наредат пред неа сите инструменти за мачење, и да ѝ ги претстават подготвените и ужасни џелати.
И стоеше света Евгенија на судот пред својот татко и браќа, без никаква вина на себе, сокриена под машка монашка облека, со смерно наведната глава, за веднаш да не ја препознаат. Обраќајќи ѝ се, епископот почна луто да ѝ зборува: „Кажи ни, најрасипан христијанину, така ли Христос ви заповеда, да правите погани дела и со својата лукавост да ги намамувате добродетелните жени во своите зли похоти? Кажи ни, ти серазвратен, како се дрзна да влезеш во куќата на пресветлата госпоѓа Мелантија и нејзината благородна чистота да ја присилуваш на осквернување? Со тоа што подло се претстави како лекар, се покажа како непријател и насилник. Затоа, за твојот бесрамен и дрзок потфат ќе добиеш достојна казна и ќе загинеш со зла смрт.
На епархот кој зборуваше со таков гнев, блажената Евгенија му одговори кротко: „Господ мој, Исус Христос, на кого Му служам, учи на чистота и им ветува вечен живот на оние кои девственоста своја ја чуваат беспрекорно. Ние можеме веднаш да докажеме дека нас Мелантија лажно нè обвинува. Но, подобро е ние да трпиме зло, та да не пропадне плодот на нашето трпение, отколку таа, поразена и изобличена, да доживее било какво зло. Меѓу другото, ако ми се заколнеш со здравјето на царевите свои дека на овој лажен сведок нема да му направиш никакво зло, тогаш веднаш ќе ја испитаме по однос на гревот за кој таа без никаква причина нè обвинува, и ќе видиме дека таа е виновна.
Епархот се заколна и вети дека ќе го исполни она што таа го побара. Потоа Евгенија ѝ се обрати на Мелантија и ѝ рече: „Мелантија, самото твое име означува црнило и помрачување. Со твојата безочна клевета, на христијаните им приготви разни маки. Ајде тогаш, настојувај да нè растргнат, да нè палат и да нè сечат! Но, биди сигурна дека слугите Христови не се онакви како што ти лажно ги претставуваш. Како и да е, доведи ја таа робинка за која кажа дека е очевидец на нашиот грев, за преку нејзината уста да се разоткрие лагата и да се открие вистината.
Робинката беше приведена. Таа додаде лага за да ѝ угоди на својата господарка. Зашто, како можеше таа да каже нешто против неа? „Јас знам“- рече робинката - „Дека овој бесрамен младич често греши со прости жени. И мене тој бедник многу пати ми досадуваше, па на крај се дрзна да се нафрли на мојата госпоѓа. Влегувајќи во нејзината спална соба во седум часот наутро, тој најпрво разговараше со неа како лекар за нејзината болест; потоа почна да ѝ зборува бесрамни зборови, и на крај, се обиде да ја силува, што сигурно и ќе го стореше, ако не ги повикав брзо другите слугинки и така ја избавив нашата госпоѓа од рацете на овој блудник“.
Судијата нареди да бидат повикани и другите слугинки на Мелантија; но и тие исто така лажно сведочеа против монахот Евгениј, помагајќи ѝ на својата госпоѓа. Тогаш епархот, бесен од гнев, ѝ викна на Евгенија: „Што можеш, несреќнику, сега да кажеш во своја одбрана, кога толку многу сведоци те товарат и сигурно го потврдуваат твојето беззаконие?“ – Света Евгенија одговори: „Сега, еве дојде времето да се зборува, зашто престана времето на молчење. Дојде време слободно да ја објавиме вистината, за лагата која се шири против нас безмерно да не се преувеличува, и за да не кружат меѓу незнабошците злобни гласини за христијаните. Вистински сакав својата тајна да ја чувам до крајот на мојот живот и лагата што се изнесува против нас да ја изобличам на идниот суд Христов и да ја докажам чистотата своја пред Оној за Кого од љубов и ја чував. Она што досега многу грижливо го сокривав, принудена сум сега да го обелоденам, за беззаконието да не триумфира над невиноста, и незнабожечкото безбожје да не се руга на благочестивиот и целомудрен христијански живот, ниту да го исмејува. Ќе ја објавам вистината, не од фалење, туку заради прославување на името на Исус Христос: зашто силата на ова име е толкава, што дури и жените кои живеат во страв Божји се удостојуваат на машко достоинство, та мажите во верата не можат да бидат поголеми од оние од женски род, како што и учителот христијански, апостолот Павле вели: „Кај Бога нема разлика меѓу машко и женско, зашто сите се едно во Исуса Христа (Гал. 3:28). Затоа, и јас посакав, Христа′ ради, во кого поверував, и кого со сета душа го засакав, и на кого сета своја надеж ја положив, по живот и по надворешен изглед да бидам повеќе маж отколку жена, чувајќи ја својата девственост за единствениот пречист и бесмртен Небесен Младоженец.
Говорејќи го ова, таа го раздра горниот дел од облеката и откри некои делови од своето свето и пречисто девојкино тело, покажувајќи дека е женско. И му рече на епархот: „Господине мој, ти си мој татко по тело, Клавдија ми е мајка, а Авит и Сергиј, кои седат со тебе, тоа се моите браќа. А јас, – јас сум твојата ќерка Евгенија, која, од љубов кон Христа, се одреков од светот и од сите негови уживања; Еве ги Прот и Јакинт, моите евнуси, со кои заедно го примив учењето Христово. И Господ Христос ме обсипа со толку многу благодат што, по Својата милост, ме направи победник над сите похоти и страсти.
И непоколебливо верувам дека Он ќе ме зачува до крај таква, каква што сум сега.
Додека таа го кажуваше ова, и сè уште не го беше завршила своето кажување, нејзиниот татко и браќата познаа, делумно по говорот, а делумно по некои црти на нејзиното лице, додека внимателно ја гледаа, дека е тоа навистина Евгенија. И веднаш, во неискажлива радост и солзи, тие скокнаа од своите места и, притрчувајќи кон неа, ја гушкаааа и ја целиваа, плачејќи од радост и веселба што одненадеж ја пронајдоа Евгенија, без која дури ни светлината на овој свет не им беше мила. Истиот час и нејзината мајка Клавдија беше известена дека ќерката нејзина, Евгенија, е пронајдена. Таа веднаш дотрча и, видувајќи ја нејзината мила Евгенија, што сè не правеше, какви сè прекрасни зборови не ѝ кажуваше гледајќи ја својата ќерка како од мртвите да станала. А народот, гледајќи го сето ова, се воодушевуваше и громко говореше: „Еден е Христос, еден е вистинскиот Бог, Богот христијански!“– Мноштвото пак христијани кои дојдоа со своите епископи и презвитери за погреб на телата на мачениците, исполнети со неискажлива радост, пееја: „Десницата Твоја, Господи, ги сотре непријателите. Кој Бог е толку голем како нашиот Бог? Тој открива што е скриено и обелоденува што е тајно; ги фаќа мудрите во лукавството нивно“.
Потоа беа донесени со злато ткаени облеки и со скапоцени украси; во нив нејзините родители и браќа ја облекоа Евгенија и против нејзина волја, па ја поставија на високо место за да можат сите да ја видат и да се радуваат со нив што ја пронајдоа изгубената. А веднаш и монасите, кои беа во синџири заедно со Евгенија, беа ослободени; и сите нив ги опсипаа со многу пофалби, почитувајќи ги како вистински слуги Христови.
Мелантија пак, се исполни со голем срам и страв; и додека сè уште беше на гледалиштето, оган падна од небото врз нејзината куќа и ја изгоре до темел со сите нејзини богатства и ризници, така што не остана ниту трага од сето тоа. И настана голема радост за сите христијани во Александрија и во целиот Египет, особено кога и самиот епископ Филип, со својата жена и синови и со целиот свој дом, се крсти и поверува во нашиот Господ Исус Христос; тогаш и големо мноштво незнабожци примија свето крштевање. И на Христовата Црква ѝ беше вратен мирот. Зашто епископот Филип, набргу по сите овие настани, до царевите Север и Антонин испрати писмо, во кое напиша дека за Римското Царство не е корисно да ги протерува христијаните од градовите, бидејќи се од голема помош за општото народно добро. Царевите го усвоија советот на Филип и во сите египетски градови христијаните се вратија на своите места, ги добија своите имоти, храмови и чинови; и христијанската побожност цветаше во мир.
Но, зависта на ѓаволот секогаш ја следи светоста, и против добродетелта војува гревот. Па така и сега, на некои од најугледните идолопоклоници во Александрија им беше многу тешко да гледаат како од ден на ден се зголемува бројот на христијаните, а бројот на идолопоклоници сè повеќе и повеќе опаѓа. Нахушкани од таткото свој, Сатаната, тие отпатуваа кај царевите, со клевети против Филип. И им говореа на царевите: „Цели девет години Филип добро управуваше со земјата Египетска и царските закони строго ги спроведуваше. Но сега не знаеме што му стана, та така се промени. Тој ја остави службата на боговите на нашите отци и целиот народ го влече по себе на поклонение, на оној, Кого (како што сите тврдат) го убија Евреите распнувајќи Го во Палестина. Нема веќе почитување ниту должна покорност кон вашите царски закони. На сите нас тој ни ги претпостави безбожните христијани, од кои мнозина, влегувајќи често во храмовите на боговите, ги опсипуваат со безбројни хули, нарекувајќи ги дрва, бесчувствителни камења и бездушни идоли“.
Со вакви и слични зборови тие разгореа гнев кај двајцата цареви против Филип, и тие му го испратија ова писмо: „Најбожествениот цар, кој владееше пред нас и ја знаеше твојата побожност и почит кон отечките богови на Рим, те постави во Александрија не како епарх, туку како крал на Египет, и озакони, додека си жив, насменливо да управуваш со таа земја и никој друг да не се праќа на твоето место таму. Оваа твоја чест и ние, ја чувавме неприкосновено за тебе, но само додека беше пријател и служител на нашите богови. Но, сега слушаме за тебе дека и боговите ги остави и дека кон нас си станал незадоволен. Затоа наредуваме: или врати се на поранешно почитување на римските богови, и продолжи да уживаш во поранешните почести и слава; или пак, ако продолжиш со отфрлање на боговите, веднаш напушти ја позицијата и одречи се од своите имоти“.
Откако го прочита ова царско писмо, епархот се направи дека е болен, за да има време да го продаде целиот свој имот, па дел да го раздаде на црквите, а дел на сиромашните. А беше блажениот Филип и извонреден говорник, и тој, со своите говори многу видни незнабожци убеди и ги обрати во христијанството, а малодушните и колебливите ги зацврсти и утврди во верата.
Откако го продаде и го раздаде својот имот, Филип се одрече од чинот епарх и веднаш сите александриски христијани го избраа за свој епископ. А по некое време, на негово место пристигна друг епарх од Рим, по име Теренциј. Тој сакаше да го убие Филип, но се плашеше од народот, бидејќи сите беа готови душите свои да ги дадат за својот епископ. Затоа, тој најми тајни убијци, кои, влегувајќи во куќата на светиот и наоѓајќи го како сам му се моли на Бога, го удрија со мечеви, па излегле и се сокрија. Тоа веднаш се дозна низ целиот град, и настана голем плач, кукање и збунетост. Сепак, Теренциј, плашејќи се народот да не ја открие неговата лукавост, наредил веднаш да бидат пронајдени убијците и ги фрли во темница, откако прво ги врза во тешки окови, како да има намера да ги подложи на жестоки маки и да ги погуби. А блажениот епископ поживеа три дена по раните што му беа нанесени, па потоа заврши за Господа со маченичка смрт и се удостои за маченички венец. Епископуваше година и три месеци. Го погребаа во градот на местото наречено Изиум, во црквата која самиот ја подигна.
Убијците на епископот епархот Теренциј ги задржа во темницата некое време, па ги пушти на слобода, наводно по царска наредба.
И тогаш сите дознаа дека светиот епископ е убиен по негова наредба.
По смртта на својот татко, светиот Филип, света Евгенија собра околу себе христијански девојки и продолжи заедно со нив да му служи на Бога, водејќи девствен живот. Нејзината мајка, Клавдија, изгради огромна гостоприемница и им служеше на патниците и на болните. Потоа, по долго време, ги зеде со себе двата сина и својата блажена ќерка Евгенија, отпатува во својата татковина, Рим, и се насели таму на својот имот. Римскиот Сенат благонаклоно ги прими Авит и Сергиј, а едниот од нив беше поставен за областен гувернер во Картагина, а другиот за царски намесник во Африка.
Меѓутоа, света Евгенија, живеејќи во Рим, тајно приведуваше кон Христа многу девојки, ќерки на угледни благородници, и ги советуваше да ја чуваат својата девственост. Во тоа време во Рим живееше една млада девојка со царско потекло, по име Васила, која остана сираче по смртта на нејзините родители. Неа ја зеде да ја чува нејзиниот чичко незнабожец, и царевите ја верија за едно младо благородно момче, познато по своето јунаштво и племенитост, по име Помпеј. Но, свадбата беше одложена за неколку години, бидејќи девојчето сè уште не беше полнолетно. Васила, често слушајќи за името Христово и за Евгенија, за нејзиниот девствен и целомудрен живот и за чудата што се случуваат преку силата Христова, се разгоре во духот, зашто Господ, преку тајни вдахновенија, ја повикуваше во небесните дворови Свои. И Васила имаше две желби: да ја дознае веродостојната вистина за Христос и да ја види Евгенија. Но, да оди кај Евгенија и да разговара со неа, таа не можеше, прво од страв дека за тоа ќе дознае нејзиниот свршеник, а второ поради гонењата на христијаните во тоа време во Рим. Затоа, Васила ја испрати својата верна слугинка кај Евгенија со молба Евгенија да ја извести за Христос, макар преку писмо, и да ја научи како да верува во Него.
Света Евгенија многу се израдува на ваков гласник. И откако се посоветува со мајка си и со евнусите, таа, свесна дека писмото не може да поучи како жив усен збор, им нареди на евнусите да се подготват да бидат испратени кај Васила како дар. И ги испрати кај Васила со оваа порака: „Еве, драга сестро Васила, ти испраќам како подарок двајца од моите верни робовии, евнусите Прот и Јакинта, кои пораснаа со мене од младоста, и нека ти бидат живо писмо од мене.“
Васила со радост ги прими евнусите, на изглед робови, а всушност Христови апостоли. И тие, ден и ноќ разговарајќи со неа, ја научија на светата вера, зашто таа со големо внимание, радост и наклонетост непрестајно ги слушаше божествените зборови што излегуваа од нивните усти и со сето срце поверува во единиот христијански Бог, Творецот на целото создание. Известен за ова, римскиот папа, блажениот Корнилиј, тајно дојде кај неа и ја крсти во името на Светата Троица. Потоа и нејзиниот чичко незнабожец се обрати во Христа, и така Васила лесно можеше да се гледа Евгенија и да ужива во свет и пријатен разговор со неа. И Евгенија секоја вечер непоречено доаѓаше кај неа дома, под покровителство на нејзиниот чичко.
Така, света Евгенија и нејзината блажена мајка Клавдија обратија кон Христа многу души. И сите христијански вдовици во Рим имаа свое засолниште кај Клавдија, а девиците кај Евгенија, и кај нив наоѓааа одмор за телото и душата. Секоја пак сабота навечер, светиот папа Корнилиј испраќаше во домот на Клавдија молитви и псалми, за да можат да се молат и да го славословат Бога цела ноќ; а наутро, при пеењето на петлите, тој самиот доаѓаше кај нив, ги крштеваше оние кои пристапуваа кај Христа, служеше Божествена Литургија и сите ги причестуваше со Светите Божествени Тајни. И се множеше Црквата Божја и цветаше среде прогонство како лилјани меѓу трње: зашто светите девици Евгенија и Василиј обратија кон Бога многу девојки, света Клаудија многу жени, а блажените евнуси Прот и Јакинт многу младичи.
Меѓутоа, кога се зацарија незнабожните цареви Валеријан и Галиен, прогонството на христијаните се засили. Царевите издадоа наредба да се убијат сите христијански учители, и прво вдадоа во потера по светиот папа Корнилиј за да го убијат. Во тоа време, света Евгенија, среќавајќи се со света Васила, ѝ рече: „Господ ми откри дека наскоро ќе примиш маченички венец за твојата девственост“. – Васила ѝ одговори на Евгенија: „И мене Господ благоволи да ме извести за тебе, дека ќе примиш двоен маченички венец: едниот за маките и искушенијата што ги претрпе во Александрија, а другиот – за твојата крв што ќе ја пролееш страдајќи заради Христа“. – Тогаш блажената Евгенија ги крена рацете кон небото и рече: „Господи Исусе, Сине на Севишниот, Кој заради нашето спасение се роди од девственоста на Твојата Пречиста Мајка, преведи ги сите, од Тебе доверени ми девојки, во беспрекорна девственост во вечното Царство на славата Твоја!“
Потоа, обраќајќи се кон мноштвото Христови девојки кои седеа со неа и Васила, блажената Евгенија рече: „Ете, дојде времето за берба на лозјето, кога грозјето се бере и гмечи, а потоа во вид на вино се изнесува на царската трпеза“. И нема ниедно силно царство, ниеден висок чин, што не се украсуваат со крвта на тоа грозје. И вие, фиданки мои и гроздови на моето срце, бидете готови за Господа. Девственоста е најпрвиот знак на блискост до Бога; девственоста нè прави како ангели; таа е мајка на вечниот живот, другарка на светоста, безопасен пат кон небото, госпоѓа на радувањето, водач на силата на чудотворството, загревање и венец на верата, сила и утврдување на љубовта. За ништо не треба толку да се трудиме, за ништо толку да се грижиме, како за пребивањето во беспрекорна девственост; а уште пославно е да се умре за девственоста. Што се суетните и заводливите задоволства на овој свет кои даваат привремена радост, но водат кон вечна мака? Предизвикуваат краткотрајна смеа, за да поразат со вечен плач; носат брзовенливи цветови на задоволство, за да наметнат вечна горчина; ветуваат среќен живот во сегашниот век, за да предадат на вечни маки во идниот век. Заради сето тоа, о, премили девојки, кои досега се подвизувавте со мене во подвигот на девственоста, продолжете да пребивате во љубовта Господова, како што почнавте. Дојдоа за вас денови на привремен плач, за да можете да се радувате и да се веселите во вечноста. Ве предавам на Духот Свет и верувам дека Он ќе ве сочува чисти и беспрекорни. Не барајте повеќе да го гледате моето телесно лице, туку со духовни очи гледајте ги моите дела и постапки.
Откако го кажа ова, блажената Евгенија ги целива сите нив и ги утеши оние што плачеа. Потоа се помоли со Васила, и откако се целиваа, се разделија. Истиот тој ден, една од робинките на света Васила отиде кај свршеникот на нејзината госпоѓа, Помпеј, и му рече: „Господине мој, знам дека царевите за жена ти ја ветија мојата господарка, и ти ете, повеќе од шест години не правиш свадба, чекајќи твојата свршеница да стане полнолетна. Јас сега дојдов да те известам дека ти повеќе не можеш да се ожениш со неа, бидејќи нејзиниот чичко и воспитувач е христијанин, а таа исто, со сета своја душа ја прифати христијанската вера, и сега се гади не само од тебе, туку и од целиот свет. Таа има двајца евнуси, кои ѝ ги испрати Евгенија, и таа ги почитува како свои господари и секој ден им ги целива нозете како на бесмртни богови. Овие евнуси се учители на христијанското магепсништво.
Зборовите на робинката страотно го разјарија Помпеј, па тој веднаш скокна и дотрча кај воспитувачот на Васила, елин, и му рече: „Решив овие денови да се оженам, па дозволи ми да се видам со девојката која непобедливите цареви ми ја подарија за сопруга“. – Воспитувачот веднаш се сети дека Помпеј дознал за нивното обраќање кон Христа и одговори: „Додека Васила беше мала и неразумна, јас ја закрилував и ја чував како зеницата на окото, воспитувајќи ја како што треба. Но, сега таа е веќе на прагот на полнолетноста и зрелиот разум, и поради високото свое потекло, таа сака да биде потполно слободна и на никого потчинета. Затоа не е во моја власт да дозволам да видиш со неа; тоа зависи од нејзината волја.
Ова уште повеќе го разбесни Помпеј, па отиде во палатата на Васила и почна да чука на капијата, наредувајќи им на вратарките да го најават кај Васила. Известена за неговото доаѓање, Васила не го пушти кај себе, туку му испрати порака: „Не е доликува на младич насамо да разговара со девојка, а на девојка не ѝ приличи дури ни да погледне на машко лице. Освен тоа, јас не знам со каква намера Помпеј доаѓа кај мене.“
Засрамен, Помпеј си замина. Потоа измоли неколку сенатори и заедно со нив отиде кај царевите и падна пред нивните нозе, жалејќи им се за својата свршеница и за Евгенија, и рече: „О, пресветли цареви! Помогнете им на своите Римјани и истерајте го од овој град новиот бог кого што Евгенија го донесе од Египет, зашто одамна се штетни за народот тие луѓе кои себе се нарекуваат христијани. Тие се ругаат на нашите закони, ги презираат нашите богови како ништовни идоли, и ги изопачуваат законите на самата природа, не дозволувјќи верена жена да се омажи за својот вереник. Ако нема брак, тогаш како ќе се раѓаат луѓе? А ако не се раѓаат луѓе, тогаш над кого ќе владеете? Од каде ќе бидат војските и силите римски? Кој ќе ги победува непријателите? И како ќе постои нашата татковина и животот човечки?“
Тоа и слично на тоа го кажа Помпеј со солзи. Царот Галиен и целиот сенат се сожали на него и веднаш издаде наредба: Девојката Васила или да се согласи да се омажи, или да биде погубена со меч; а Евгенија или да им принесе жртва на боговите или да биде убиена со мачења. Покрај тоа, царот нареди да бидат убивани сите христијани, како и оние кои ќе се осмелат да ги сокриваат христијаните кај себе.
Кога царската наредба стигна до светата девица Васила, таа громко и бестрашно одговори: „Мој вереник е Царот над царевите, Христос, Синот Божји, и освен Него не сакам да знам за друг, гнилежен маж.
По овие зборови, Васила веднаш ја заклаа со меч. Потоа ги зедоа двајцата свети евнуси, Прот и Јакинт, и ги одведоа во идолски храм за да му се поклонат на поганиот бог Зевс. Но штом светителите влегоа во храмот, идолот на Зевс падна пред нивните нозе и се расеа во прав и пепел. Кога му кажаа за ова за ова, епархот на градот Никитија нареди да им ги отсечат главите, верувајќи дека тие со својата магија им го срушиле нивниот бог Зевс.
Откако пак света Евгенија ја изведе пред себе, тој почна да ја испрашува за магиските вештини. Одговарајќи му, светата почна детално и мудро да зборува за Единиот Вистински Бог, од чие име демоните се плашат и треперат, и паѓаат заедно со идолите. Но, епископот, не обрнувајќи внимание на нејзините зборови, нареди да ја однесат во храмот на Дијана и таму да принесе жртва. Меѓутоа, таа сè уште беше влегла во храмот, а храмот се урна заедно со идолот. Кога за тоа дозна царот, нареди со камен врзан околу вратот да ја фрлат во реката Тибар. Но штом тоа беше направено, каменот во тој час се одврза, и свететелката појде по водата како по суво. Потоа пак ја зграпчија и ја фрлија во вжарена печка; но печката одеднаш остина, и светителката излезе сосема недопрена. Потоа ја фрлија во длабока и мрачна јама и десет дена ја мореа со глад; но, лач на Божествената благодат постојано ја озаруваше светителката, а храна од небото ѝ се праќаше. Во таа јама, на Евгенија нашиот Господ Исус Христос ѝ се јави и ѝ рече: „Јас сум твојот Спасител, кого го возљуби со сета своја душа и срце, и го сакаш, и заради кого ги трпиш овие маки. Затоа, ќе те облечам во голема слава и ќе те исполнам со неискажлива радост. Нека знак за честа ти биде и тоа, што во Моите небесни живеалишта ќе те примам на самиот Божиќ, денот на кој се родив на земјата од чистата, девствена утроба“.
Ова Господово јавување, со неискажлива радост го исполни целото битие на светата девојка, и таа со радост почна да го очекува часот на своето разделување од телото. И на самиот ден на Рождеството Христово, кај неа, во јамата, беше испратен џелат и ја уби со меч.
Така светата и преподобна девојка Евгенија го заврши својот времен живот и страдања и започна живот вечен и блажен. Блажената пак, нејзина мајка, Клавдија, со домашните, го зеде нејзиното чесно и свето тело и го погреба на татковиот имот недалеку од Рим, каде што света Евгенија, за време на својот живот, погребуваше тела на многу верни.
Кога после тоа, мајка ѝ една ноќ плачеше на најзиниот гроб, ѝ се јави света Евгенија со мноштво девојки во голема слава и ѝ рече: „Радувај се и весели се, мајко моја, зашто Господ Христос ме воведе во радоста на светиите, а татко ми го вброи во редот на патријарсите; во недела, Он и тебе ќе те прими во вечната радост. Заповедај им на синовите твои и мои браќа, до крај да го сочуваат знамението Христово кое го примија на крштевањето, та да ми бидат браќа не само по тело, туку и по дух, и така, целиот наш род да го принесеме на дар, угоден на Бога“.
Кога Света Евгенија ѝ го говореше тоа на мајка си, се слушнаа гласови на мноштво свети ангели кои пееја и го славеа Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бог, на Кого и од нас грешните нека Му е слава и пофалба во веки. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОБНИОТ ОТЕЦ НАШ НИКОЛАЈ МОНАХ
Преподобниот отец Николај прво беше војвода во времето на ромејскиот цар Никифор, и командуваше со многу полкови. Кога царот Никифор завојува со Бугарите, во војна тргна и Николај со своите полкови. По пат, Николај сврати во една гостилница за да преноќи. Откако вечера со гостилничарот, му се помоли на Бога и легна да спие. Но, во втората и третата стража, ќерката на гостилничарот, разгорена од сатанска похота, тивко се прикраде до креветот на војводата, го разбуди и почна со блудни зборови да го наведува на грев. А војводата ѝ рече: „Девојко, ослободи се од таа луда сатанска похота и не посакувај да ми ја оскверниш девственоста и да ме турнеш мене, бедниот, во длабочините на пеколот!“ – Засрамувајќи се малку си отиде. Но, набргу потоа, таа повторно дојде и го туркаше во грев целомудрениот човек. И по втор пат војводата ја набрка. Но таа, разгорена од ѓаволот со блудна похота, дојде кај него и по трет пат. Тогаш блажениот војвода ѝ рече: „О, беднице, исполнета со секоја бесрамност и безумност и на похотата сладостраснице! Не гледаш ли дека демоните те дразнат, сакајќи да ти ја одземат девственоста, па да те направат потсмев и поруга за целиот род твој и за сите луѓе, а душата да ти ја сринат во вечни маки? Не гледаш ли и дека јас недостојниот одам да војувам со туѓ народ? И како да го осквернам моето тело одејќи во војна? Не, Бог ќе ми помогне, и јас нема да се осквернам!“
Тоа и многу повеќе ѝ кажа на бесрамницата, и ја испрати засрамена. А кога осимна, војводата стана, му се помоли на Бога и тргна по својот пат. Следната ноќ во сон се виде себеси како стои на некое место во воздухот; близу него седи некој Силен, со десната нога прекрстена преку левата; и Он го праша Николаја: „Ги гледаш ли војниците од двете страни?“ – „Да господине, одговори Николај, гледам како Ромејците ги сечат Бугарите“. – Потоа тој Маж му рече на праведниот војвода: „Погледај на нас“. – Погледнувајќи на Силниот, војводата виде како ја прекрсти левата нога преку десната. После тоа, праведниот војвода се сврте кон војниците и виде како Бугарите, засилени, немилосрдно ги косат Ромејските полкови. А кога битката престана, Силниот му рече на праведниот војвода: „Разгледај ги добро убиените тела и кажи ми што гледаш.“ – А тој, загледувајќи се, виде дека целото поле е покриено со мртви тела, а во средината има празно место обраснато со трева, толкаво што да може само еден човек да лежи на него. И тој рече: „Господине, целото поле е покриено со трупови на немилосрдно убиените Ромејци, освен едно место каде што може да легне само еден човек“. – Тогаш Силниот го праша војводата: „А што мислиш ти за тоа?“ – Војводата Му одговори: „Невешт сум јас и препрост, Господине, и не го разбирам тоа“. – Тогаш тој страшен Маж му рече: „Она празно и со трева обраснато место, големо колку легло за еден човек, беше подготвено за тебе. Требаше ти да легнеш таму, исечен, заедно со твоите непријатели и да ја пополниш таа празнина. Но, откако синоќа јуначки ја отфрли онаа лукава змија, која три пати те нападна, буткајќи те во грев, за да те убие, тоа ти самиот се спаси од смртта. На тој начин, она тревно место го остави празно, а душата своја ја спаси заедно со телото. Бидејќи се спаси од смртта, останатото време од твојот живот ќе го поминеш во непрекината служба за мене.
Гледајќи го и слушајќи го ова, праведниот Николај целиот затрепери, се тргна од сон, обземен од страв и ужас, па станувајќи, се помоли на Бога за своите војници. А кога избувна битката и страшното колење од двете страни, Ромејците првично ги совладуваа Бугарите; Но, потоа Бугарите одеднаш се осоколија и почнаа да ги надвладуваат Ромејците. Како разјарени ѕверови, тие храбро се јурнаа на Ромејските полкови, немилосрдно гонејќи ги и колејќи ги. И наскоро целата Ромејска сила падна на сечилата на бугарските мечеви, така што и самиот цар Никифор едвај успеа да побегне со мала дружина.
Тогаш војводата на ромејските полкови, блажениот Николај, гледајќи го исполнувањето на сонот, вознесе благодарност на Бога са своето спасување, го остави војводскиот чин и се повлече во манастир, неутешно плачејќи и ридајќи за изгинатите војници. Откако прими и света схима и служејќи Му на Бога во текот на многу години, тој стана еден од проѕорливите и големи отци. Со нив се удостои и на удделот на небото во Исуса Христа, нашиот Господ, на Кого слава во веки. Амин
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КАСТУЛ
Овој свет маченик настрада за време на Ликиниј (307-323), кај кого бил оптужен дека е христијанин. Откако го фатија, го врзаа на дрво и немилосрдно го стругаа, а потоа го предадоа на хегемонот Зиликинт за испитување. Бидејќи Зиликинт не можеше да го разубеди да се одрече од својата вера, Кастул беше луто мачен, по на крај му ја отскоа главата со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ СОСИЈ и ТЕОКЛИЈА
Пострадаа за време на Максимијан (286-305) и Магненциј. Како христијани, ги фати хегемонот Вавд (веројатно во Македеонија, бидејќи, познато е дека Вавд бил хегемон на Адријанопол – Едрене, во Македонија), и бидејќи не допуштија да ги убедат да се одречат од Христа, обесени се со главите надолу и стругани со железни нокти. Подложени се и на други стротни мачења, додека на крајот не им ги отсекоа главите.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ВАСИЛА
Сомаченичка на преподобномаченичката Евгенија.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ФИЛИП
Татко на преподобномаченичката Евгенија.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПРОТ И ЈАКИНТ
Евнуси и соподвижници на светата преподобномаченичка Евгенија.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АХАИК
Овој свет маченик серадосно настрада за Господа Христа, исечен со меч.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ АНТИОХ АФРОДИСИЈ
Роден е во близина на Анкира Галатиска, во Мала Азија, и се подвизуваше како монах во манастирот на свети Сава Осветениот, во Палестина. Современик е и очевидец на рушењето и пустошењето на Ерусалим и на Палестинските манастири од страна на Персијанците и Сарацените во 614. година. Славен е поради добродетелта и светоста. Како втор Еремија, го оплака пустошењето на Ерусалим и однесувањето на Чесниот Крст Господов, од незнабошците, во Персија. Остави книга со возвишена содржина, наречена Пандект, со сто и триесет глави. Се упокои во 635. година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ВИТИМИОН
Со помош на подвигот, сè смртно во себе совлада со бесмртното, и мирно се упокои.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ
Ревносен ученик на светиот Сава Осветениот; се претстави во мир.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АХМЕД