7 Јануари  (25 Декември)

РАЃАЊЕТО НА НАШИОТ ГОСПОД И БОГ, И СПАС НАШ, ИСУС ХРИСТОС

А кога времето се наврши, Го испрати Бог Својот Единороден Син (Гал. 4, 4), да го спаси родот човечки. И кога одминаа девет месеци од благовештението, кое на Пресветата Дева, во Назарет, ѝ го јави архангелот Гаврил говорејќи: „Радувај се благодатна! ... еве ќе зачнеш и ќе родиш Син“ (Лк. 1, 8. 31), - излезе заповед од ќесарот Август, да се попише целиот народ во римското царство. По таа заповед, секој требаше да оди во својот град и таму да се попише. Затоа Праведниот Јосиф дојде со Пресветата Дева во Витлеем, градот Давидов, зашто и обајцата беа од Давидовото царско колено. Па бидејќи во тој град надојде многу народ заради пописот, не можеа Јосиф и Марија да најдат конак ниту во една куќа, и затоа се закрилија во една овчарска пештера, каде што овчарите ги затвараа своите овци. Во таа пештера, ноќта помеѓу сабота и недела, на 25. Декември (7-ми јануар, нов стил) Го роди Пресветата Дева Спасителот на светот, Господ Исус Христос. И раѓајќи го без болка, како што и го зачна, без грев, од Духот Свет, а не од човек, таа самата Го пови во ленени пелени, Му се поклони како на Бог, и го положи во јаслите. Потоа дојде и праведниот Јосиф, и тој Му се поклони како на Божествен плод на Девствена утроба. Тогаш дојдоа и пастирите од полето, упатени од ангел Божји, и Му се поклонија како на Месија и Спасител. И слушнаа пастирите мноштво ангели како пеат: „Слава на Бога во височините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лк. 2, 14). Во тоа време стигнаа и мудреците од Исток водени од чудесната ѕвезда, со даровите свои: злато, ливан и смирна, и Му се поклонија као на Цар над царевите, и Го даруваа со даровите свои (Мт. 2 11).

Така дојде на светот Оној, чие доаѓање беше проречено од пророците, се роди онака како што беше проречено: од Пречиста Дева, во градот Витлеем, по тело од Давидовото колено, во време кога во Ерусалим веќе немаше цар од Јудиниот род, туку царуваше Ирод, туѓинец. По мноштвото Свои праобрази и наговестувања, пратеници и гласници, пророци и праведници, мудреци и цареви, најпосле се јави Он, Господарот на сè и Цар над царевите, да го изврши делото на човечкото спасение, кое не можеа да го извршат Неговите слуги: ни ангелите, ни луѓето, ниту кое било друго створение. Бидејќи, требаше да се спасат луѓето од гревот, смртта и ѓаволот. А само Бог е посилен од ѓаволот и од неговите главни злотворни сили: гревот и смртта. Тоа спасение го изврши воплотениот Бог – Богочовекот Исус Христос, Кој во Своето Богочовечко тело – Црквата ги спасува луѓето од гревот, смртта и ѓаволот, ги спасува со светите божествени Тајни и со светите евангелски доблести. Затоа Нему нека е вечна слава и пофалба и поклонение од сите човечки битија во сите светови. Амин.

ПОВЕСТ ЗА РАЃАЊЕТО НА ГОСПОД НАШ И СПАСОТ НАШ ИСУС ХРИСТОС

Раѓањето на Исус Христос стана по веридбата на Преблагословената Мајка Негова, Пречистата Дева Марија, за Јосиф, човек праведен и веќе стар, кој имаше осумдесет години. Пречистата Дева нему му беше дадена, по сведоштвото на свети Григориј Ниски и светиот Епифаниј Кипарски, под вид на сопружништво, тој да го чува Нејзиното девство и да се грижи за Неа.  А уште пред да почнат да живеат заедно, се најде дека е Она трудна од Духот Свет. Зашто, Јосиф ѝ беше привиден маж на Марија, всушност беше чувар на девствената Нејзина чистота посветена на Бога, и очевидец и сведок на беспрекорниот Нејзин живот. На Господа Му беше угодно да ја притаи тајната на Своето овоплотување од Пречистата Дева, покривајќи го со сопружништво девството на Својата Пресвета Мајка, за врагот да не би дознал дека тоа е Девицата за која пророкот Исаија рече: „Ете, девојка ќе затрудни“ (Мт. 1, 23; Ис. 7, 14).

За тоа сведочи свети Атанасиј, архиепископот Александриски, говорејќи: „Јосиф беше должен да ѝ послужи на тајната, за Дева, да слави како да има маж, и за суштината да остане скриена од ѓаволот, та тој да не дознае на кој начин Бог ќе благоволи да биде меѓу луѓето“. И свети Василиј Велики вели: „Веридбата со Јосиф беше извршена, за од кнезот на овој свет, ѓаволот, да се сокрие воплотувањето на Синот Божји“. Истото тоа го говори и свети Јован Дамаскин: „Јосиф се вери со Марија како маж, за ѓаволот, не знаејќи за безмажното раѓање Христово од Дева, да отстапи, да би престанал да го наговара Ирод и да ги потстрекнува Евреите на завист. Зашто ѓаволот, уште од времето кога Исаија прорече: ‚Ете, девојка ќе затрудни и ќе родиʻ, будно пазеше на сите девојки, за некоја од нив да не затрудни без маж и не роди останувајќи девојка. Божјата промисла устрои веридба на Дева Мерија за Јосиф, за од кнезот на темнината да се сокрие и девството на Пречистата Богородица и воплотувањето на Бога Словото“

Уште пред да се изврши сопружничката тајна, се најде дека Пречистата Дева Марија е трудна од Светиот Дух, и Нејзината света утроба растеше, сместувајќи Го во Себе несместливиот Бог. Но нејзината бременост стана јасно приметлива кога Она, по тримесечен престој кај Елисавета, се врати во својот дом. Божествениот плод од ден на ден растеше во Неа и се приближуваше денот за породување. Гледајќи го тоа, Јосиф потона во голема недоумица и тага, зашто мислеше дека таа го погазила заветот на девственоста. Многу поматен, старецот си зборуваше во себеси: „Јас не ја познав, дури ниту со помисла не згрешив кон Неа, а ете Она е трудна. Леле, како ли се случило тоа? Кој ли ја прелажа? Просто не знам што да правам. Дали да ја изобличам како законопрестапничка, или да премолчам поради срамот, нејзин и мој? Ако ја изобличам, Она, несомнено, по законот на Мојсеј, ќе бите затрупана со камења и јас ќе излезам како мачител, кој ја предал на лута смрт. Ако пак премолчам не изобличувајќи ја, тогаш ќе треба да живеам со прељубодејка. Оф, што да правам? Не знам. Ќе ја отпуштам тајно, нека оди каде што сака. Или јас самиот ќе одам во далечна земја, за моите очи да не видат таков срам.

Размислувајќи така во себе, праведниот Јосиф пристапи кон Дева Марија, како што за тоа сведочи свети Софрониј, патријархот Ерусалимски, и ѝ рече: „Марија, што е тоа што во тебе го гледам? За почитување е, или за срам, за радост или за тага, наместо пофалба ми донесе презир; од свештениците во храмот те примив беспрекорна. А што гледам сега?“ – И свети Атанасиј Александриски вака зборува за тоа: „Јосиф, гледајќи дека Марија Дева е трудна, но не знаејќи какво скапоцено богатство е во Неа, целиот сматен, ја прашуваше: „Што се случи со Тебе Марија? Не си ли Ти онаа чесна Девојка, воспитана во свештените тремови на храмот? Не си ли Ти онаа Марија која не сакаше ниту да погледне во лице на маж? Не си ли Ти онаа Марија која свештениците не можеа да ја натераат да стапи во брак? Не си ли Ти Таа која даде завет дека цветот на девството ќе го сочува несвенат? Каде е беспрекорниот дом на твојата девствена чистота? Каде е твоето срамежливо лице? Јас се срамам, а Ти си смела зашто го сокривам гревот Твој“.  

Кога Јосиф ѝ го говореше ова на Светата Дева, - О! Колку Она се срамеше: пречистото Јагне, Беспрекорната гулабица, Целомудрената Дева, црвенеејќи во лицето од таквите Јосифови зборови! Не смееше Она да му ја открие благовеста која ѝ ја донесе Архангел и пророштвото, за Неа изречено од Елисавета, за да не излезе славољубива и суетна. Тоа го истакнува и погоре спомнатиот свети Атанасиј, ставајќи ѝ во уста вакви зборови кон Јосиф: „Ако јас самата ти кажувам за себе, тогаш ќе излезам суетна. Стрпи се малку Јосифе, па пастирите ќе те известат за мене“. – И ништо друго не му говореше Дева Марија на Јосиф освен ова: „Жив е Господ, Кој досега ме сочува во беспрекорна девственост, та не познав грев, и никој не се допре до мене, а Она што е во мене е од Божјата волја и дејство“. 

Меѓутоа, Јосиф како човек, размислуваше по човечки, сметајќи дека нејзината бременост е од грев. Но, како праведен, не сакаше да ја срамоти, ами намисли тајно да ја пушти; или, како што во сирискиот превод се вели: тој намисли тајно да ја остави, односно да отиде некаде далеку од Неа. А кога тој така помисли, ете, ангел Господов му се јави во сон, говорејќи: „Јосифе, сине Давидов, не бој се да ја земеш Марија, жената своја“. Ангелот затоа ја нарече Дева – жена Јосифова, за во Јосиф да ја уништи мислата за прељубочинство, зашто Јосиф мислеше дека Марија зачнала од прељубочинство. Ангелот како да му вели на Јосиф: „Вереницата е твоја жена, а не жена на друг маж“. За тоа, блажениот Теофилакт кажува: „Ангелот ја нарекува Марија Јосифова жена, со што покажува дека неговата вереница не се осквернила со друг. А ја нарекува негова жена уште и затоа, за заедно со девственоста, да го почитува и законитиот брак“. Така расудува и свети Василиј Велики: „Ангелот ја нарекува Марија и Дева и вереница, за и на девството да му се оддаде почитување, а и бракот да не биде укорен. Значи, девството беше избрано за светото раѓање, а веридбата, што е почеток на бракот, беше по закон, за некој да не помисли дека е од беззаконие она Кое треба да се Роди; а уште и затоа, за Јосиф да биде постојан сведок на чистотата на Марија, та да не почнат да клеветат како Она, божем го осквернила своето девство. Оти, во лицето на својот вереник Јосиф, Она имаше сведок и чувар на својот живот“. Зборовите на Ангелот до Јосиф: „Не бој се да ја земеш Марија, жената своја“, по тумачењето на светиот Григориј Ниски и блажениот Јероним, значат: „Прими ја жената по веридба, а Дева по завет даден на Бога“; зашто е Она прва девојка во Израилскиот народ, која на Бога Му се заветува дека до крајот на животот ќе го чува своето девство неосквернето. „Не бој се, зашто она што се зачна во неа од Духот Свет е. А ќе роди Она Син, и ти стави Му име како татко, иако немаш удел во Неговото Раѓање. Бидејќи, како што е обичај, татковците да им даваат имиња на своите деца, како што Авраам му даде име на својот син Исаак (1. Мојс. 21, 2), така и ти , иако не си природен туку само привиден татко на Детенцето, ќе му послужиш како татко, давајќи му име“. – Свети Теофилакт вака му зборува на Јосиф, од лицето на Ангелот: „Иако немаше никаков удел во Раѓањето на Детенцето, сепак сакам да ти дадам име – татко, за и ти име да Му дадеш на Детенцето; ти ќе му дадеш име , иако Она не е твој пород; но со тоа ќе го направиш она што е својствено на таткото. А кое име? Исус, што зачи спасител, зашто Он ќе ги спаси луѓето Свои од гревовите нивни“.

Јосиф, будејќи се од сон, направи како што му заповеда ангелот Господов, и ја зеде жената своја со него верена, а Дева беспрекорна, со завет за девство посветено на Господа, и Мајка на Владиката, Која Го зачна Спасителот на светот од Духот Свет. Тој ја зеде како вереница своја, со љубов давајќи ѝ голем почит како на Дева Господова, служејќи ѝ богобојажливо и со страв, како на Мајка на Спасителот.

„И не знаеше за Неа додека не роди“ (Мт. 1, 25), по објаснувањето на блажениот Теофилакт, тој никогаш не ја позна како жена. Зашто, како тој, бидејќи праведен, можеше да ја познае Неа, кога Она му беше дадена од храмот Господов, не заради брак, туку заради чување на нејзиното девство под вид на брак? Како можеше да се допре до девицата Господова која на Бога Му вети вечно девство? Како можеше да ја допре Себеспрекорната Мајка На својот Господ и Создател? А што се однесува до евангелските зборови: „Додека не роди“, треба да се има на ум дека во Светото Писмо изразот „додека“ обично  претставува време кое не престанува. Оти и Давид вели: „Рече Господ на мојот Господ – седи од мојата десна страна , додека не ги положам непријателите твои за подножје на нозете твои“ (Псал. 109, 1). Овие зборови не значат дека Господ – Син ќе седи од десната страна на Господа – Отецот, додека Он не ги положи непријателите негови за подножје на нозете негови; туку тие значат дека Господ Син, и по полагањето на непријателите негови под нозете негови, уште пославно ќе седи како Победник во бесконечните векови. Слично на тоа се пишува и за светиот Јосиф: „Не знаеше за неа додека не роди“. Овие зборови значат не дека тој потоа можел да ја познае, како што сметале некои еретици, што е туѓо на Православната Црква, ами, по раѓањето на таков Син кој беше овоплотен Бог, и по толку чудеса кои се случија во времето на Неговото Раѓање, на кои Јосиф беше им очевидец, овој благочестив старец не само што не смееше да ја допре, туку и длабоко ја почитуваше како слуга својата госпоѓа, служејќи Ѝ како на Божја Мајка, со страв и трепет. За тој збор „додека“, свети Теофилакт пишува вака: „Светото Писмо обично говори вака; како на пример за потопот ова: не се врати гавранот во ковчегот додека не пресуши водата на земјата (1. Мојс. 8, 7), а тој и потоа не се врати. И Христос вели: Јас сум со вас до завршетокот на векот (Мт. 28, 20). А зарем по завршетокот на векот Он нема да биде со нас? Напротив, тогаш Он со нас уште повеќе ќе биде, во бесконечните векови. Така и овде се вели: „додека не роди“, односно, Јосиф не ја позна Пресветата Дева ни до Раѓањето, ни по Раѓањето, како што и Господ во текот на вековите и по завршетокот на вековите, со нас неотстапно ќе биде. Бидејќи, како можел Јосиф да се допре до Пречистата Дева, откако го созна нескажаното Раѓање на Спасителот од Неа?“

Од досега реченото, јасно се покажува дека Пречистата Богородица и по зачнувањето и по бременоста го сочува беспрекорното девство. А кога истиот Ангел му се јави на Јосиф по Христовото раѓање, во Витлеем и во Египет, откако веќе се беше уверил во чистотата на Марија и во Раѓањето на Богомладенецот од Светиот Дух, тогаш веќе Ангелот не ја нарекува негова жена, туку Мајка на Родениот, бидејќи во Евангелието пишува вака: А кога мудреците си отидоа, ете, ангел Господов му се јави на Јосиф во сон и му рече: „Стани земи го Детето и Мајката Негова, (а не твојата жена), па бегај во Египет“ (Мт. 2, 13). И пак, во Египет, ангелот му зборува на Јосиф: „Стани, и земи го Детето и Мајката Мегова и оди во земјата Израилева“ (Мт. 13, 21), јасно укажувајќи дека тој, Јосифа го упатува не на брак, ами на служење на Младенецот и на Мајката Негова. Така, Јосиф не ја позна Марија како жена, не само додека Она да роди Син првенец, туку и по Раѓањето на Богомладенецот, Она остана чедна Дева, како што за тоа сложно сведочат сите големи Учители на Црквата.

И ова се раскажува: во времето кога Пресвета Дева беше бремена, некој книжник по име Анин дојде – а веќе ангелот му се беше јавил на Јосиф – во нивната куќа, и здогледувајќи ја Девицата бремена, веднаш отиде кај првосвештеникот и пред целиот синедрион и рече: „Оној Јосиф, дрводелецот, за кого вие сведочевте дека е праведен, изврши беззаконие: тајно ја упропастил и ја осквернил Девицата која од храмот Господов му беше дадена на чување, а ете, таа сега е бремена“. Првосвештеникот испрати слуги во куќата на Јосиф и ја најдоа Марија бремена, како што кажа книжникот. Тогаш тие ја зедоа Неа со Јосиф и ги одведоа кај првосвештеникот и синедрионот. Првосвештеникот ѝ рече на Дева Марија: „Го заборави Бога, ти, воспитана во Светињата над светињите; ти која од ангелски раце добиваше храна и слушаше ангелско пеење. Што стори?“ – А Она плачејќи говореше: „Жив е Господ мој, јас сум чиста и за маж не знам“. Тогаш првосвештеникот му рече на Јосиф: „Што направи?“ – Јосиф одговори: „Жив е Господ мој, јас сум чист од Неа“. – На тоа, првосвештеникот му рече на Јосиф: „Бидејќи главата своја не ја приклони под крепката рака Божја, та потомството да ти биде благословено, и тајно од израилевите синови си се состанал со Девицата на дар на Бога посветена, затоа и двајцата сте должни да пиете од водата на изобличувањето, за Господ да го обелодени вашиот грев пред сите“.

-Таков суд Бог востанови преку Мојсеја; тоа е опишано во четвртата Мојсеева книга, во петтата глава: ако во некого, било маж или жена, се посомнева дека врши прељуба, а тоа лице не ја каже вистината за тоа, тогаш му се дава заклетвена вода, низ посебно наменети свештенодејства и преку посебен чин. И по судот Божји, по пиење на таа вода, се појавува некаков изобличителен знак на лицето кое извршило прељуба, по кој се обелоденува стореното беззаконие. И со таа вода, по пропишан чин, првосвештеникот го напои прво Јосиф, а потоа Марија, и, не се случи никаков изибличителен знак, така што народот се чудеше што гревот нивен не се обелодени. Тогаш првосвештеникот рече: „Кога Бог не го објави вашиот грев, тогаш одете си со мир“. И ги отпушти. А Јосиф, земајќи ја Дева Марија, си отиде дома радувајќи се и славејќи Го Бога Израилев.

После тоа излезе заповедта од ќесарот Август да се попише сиот свет; и сите одеа да се попишат, секој во својот град. Појде и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет во Јудеа, во градот Давидов кој се викаше Витлеем, зашто тој беше од домот и племето Давидово, да се попише со Марија, за него верена жена, која беше трудна (Лк. 2,1-5). Витлеем е мал град, недалеку од Ерусалим, на југ, поред патот кој води во планинскиот крај, кон свештеничкиот град Хеврон, каде што беше домот на Захарија и каде Пречистата Дева, по благовеста од архангелот, ја посетри и ја поздрави Елисавета, мајката на Претечата. Така, Витлеем се наоѓа на средината на патот меѓу Ерусалим и Хеврон, а од галилејскиот град Назарет до Витлеем има три дена одење, и малку повеќе. Витлеем се нарекува град Давидов, бидејќи во него се роди цар Давид, и во него беше помазан за цар; таму умре и Рахила (1 Мојс. 35, 19); таму се наоѓа и гробот на Давидовиот татко, Јесеј. Витлеем најпрво се викал Ефрат, но Јаков, кога таму ги пасеше своите стада, го нарече дом на лебот (Витлеем), провидувајќи со духот и претскажувајќи дека во тоа место ќе се роди „лебот кој слезе од небото“ – Христос Господ (Јн. 6, 51). А пак близу до Витлеем, на исток, кон Давидовиот кладенец, од кој недалеку, Давид еднаш силно ожедне и рече: „Кој би ми донел да пијам вода од кладенецот Витлеемски кој е крај вратата!“ (2. Цар. 23, 15), се наоѓа пештера во каменитата гора, на која лежи градот Витлеем. Недалеку од таа пештера се наоѓаше и нивата на Саломија, која живееше во Витлеем и беше роднина и на Дева Марија и на Јосиф. И кога Јосиф се приближи до градот, дојде времето чистата Невеста да роди, и тој тргна да бара куќа за преноќиште, каде Родилката би имала удобно место да Го роди на свет Благословениот плод на Својата утроба. Но не најде стан поради мноштвото народ кој беше дошол да се попише, и зафатен беше, не само општата гостилница, туку и целиот град. Затоа Јосиф сврати во спомнатата пештера, бидејќи за нив немаше место во гостилницата, а денот приклонуваше кон вечерта. А пак таа пештера служеше како засолниште за стоката. Во неа, Пречистата и Преблагословена Дева, на полноќ, топло се молеше на Бога, и сета наоѓајќи се во богомислие во Бога, и горејќи од копнеж и љубов кон Него, Она, без болка, Го роди Господ наш Исус Христос, во дваесет и петтиот ден на месецот декември. 

Така и доликуваше – да роди без болка – Она – која зачна без сопружничка наслада: „Не познав наслада, рече Она, бидејќи не сум во брак“. А бидејќи зачна чисто, Она така и се породи, без губење на девството, како што за тоа говори свети Григориј Ниски: „Дева зачна, Дева носеше, Дева роди, Дева остана; ниту едно од чудата кои се случија на земјата не е слично на ова“. И свети Дамаскин кажува: „О, чудо поново од сите древни чуда! Зашто, кој знае за мјака која родила без маж?“ Пресвета Дева Го роди Христа без маж, као што Адам ја произведе Ева без жена. За тоа светиот Јован Златоуст вели вака: „Како што Адам произведе жена, така и овде, Дева без маж роди Маж, оддолжувајќи го на мажите долгот за Ева. Адам остана цел, целосен и по вадењето на ребро од телото, и Дева, не губејќи го девството, остана чедна и по Раѓањето на Младенецот“. И се збидна она што е праслика и на несогорливата капина, и на Црвеното море: „Зашто како што капината горејќи не изгоре – пее Црквата – така, Дева роди и Дева остана“. И пак: „морето по преминувањето на Израилот остана непроодно, Беспрекорната, по Раѓањето на Емануил, остана чедна“.

Така, Приснодева (секогаш Дева), го роди воплотениот Бог не повредувајќи го Своето девство. Покрај тоа, Она се породи без вообичаената помош и прислужување на бабица, како што за тоа сведочи светиот Александар Александриски, објаснувајќи ги евангелските зборови: „Го роди синот, Својот Првенец, и го пови, и го легна во јасли“ (Лк. 2, 7). Тој кажува: „Погледни на таинственото Породување на Девата: Она роди сама, и сама  Го пови Младенецот. Кај мирските жени, една раѓа, а друга повива; кај Пресветата Дева не е така. Она роди сама, и пови сама; самата, безболна мајка и неучена бабица, Она не допушти на никого со нечистите раце да се допре до Пречистиот Пород: Она самата Му послужи на Родениот од Неа, и Го пови, и Го легна во јасли“. Така и свети Кипријан: „Во раѓањето и по раѓањето Девата со Божествена сила остана Дева; Она се породи без болка, и не ѝ беше потребна никаква помош од бабица, ами самата е и Родилка и служителка на Породот, и на Своето мило Чедо Му укажува побожна грижа: Го милува, гушка, љуби, Го дои; и сето тоа го чини радосно, без немоќта на природата, која при пораѓање е природна“. Така, Она на Својот Божествен Пород  Му послужи со раце на девојка, не чекајќи ја својата роднина, старицата Саломија, по која отиде Јосиф за да ѝ послужи на Пресветата Дева. Но, Саломија дојде кога сè веќе беше завршено, зашто Она која роди, Она и послужи, носејќи Го Младенецот, повивајќи Го и сместувајќи Го во јасли.

Светиот свештеномаченик Зинон, епископ, го соопштува и ова: „Кога дојде бабицата, таа не поверува дека породувањето беше девствено и дека не го повредило девството на Родилката, и сакаше вистинитоста за ова да го провери на начин кој е вообичаен на вештината на бабиците. Но таа веднаш ја искуси казната за својата дрска постапка: бидејќи, раката која се дрзна тоа да го провери, одеднаш ја зафати некаква страотна огнена болест и се исуши. Кога пак исушената рака ја положи на Божествениот Младенец, во истиот момент раката се исцели и стана здрава каква што беше. Тогаш Саломија поверува дека Мајката е Дева, а Младенецот – Бог.

После тоа, Девствената Родилка и необичната служителка на Својот Пород, повивајќи Го Сладчајшето Свое Чедо во ленени, бели, чисти, нежни пелени, благовремено спремени и од Назарет донесени, и сместувајќи Го во јаслите кои беа во таа пештера, Му се поклони како на Бог и Створител. Тоа го спомнува блажениот Јосиф, писател на канони, кога на Пречистата Дева ѝ се обраќа со овие зборови: „Девице, држејќи Го во рацете Воплотениот и во човечко обличје Обвиениот, и поклонувајќи Му се и целивајќи Го мајчински, Ти Му говореше: Чедо преслатко, како јас вака Те држам Тебе Кој го држиш сето створено?“ Нема сомневање дека Богодевицата до земјата Му се поклони на Родениот од Неа кој лежеше во јасли; и нив со восхит невидливо ги опкружуваа ангелските чинови, како што за тоа сведочи Црквата говорејќи: „Ангели ги опкружуваа јаслите како да се престол херувимски, оти пештерата во која лежи Господ ја гледаа како небо“. А до јаслите беа врзани еден вол и едно магаре, за да се исполни Писмото: Волот Го познава господарот свој и магарето јаслите на господарот свој (Ис.1, 3). А тој вол и тоа магаре ги доведе Јосиф од Назарет. Магарето заради бремената Дева, да би ја носел на себе за време на патувањето, а волот, Јосиф го доведе за да го продаде, и така да го плати данокот на царот и да купи сè што им е потребно. Стоејќи поред јаслите, обете бесловесни животни, со својата пареа Го загреваа Младенецот во тоа зимно време, и на тој начин Му служеа на својот Господар и Творец. А и Јосиф Му се поклони на Родениот и на Породената, оти тогаш тој позна дека Роденото од Неа е од Светиот Дух. За тоа свети Атанасиј го вели ова: „Навистина Јосиф не ја познаваше, додека Она не Го роди Синот Свој Првенец; сè додека Дева Го носеше во утробата Своја Зачнатото, Јосиф не ја знаеше, не знаеше што е во Неа, што се случува во Неа. А кога роди, тогаш тој позна: тогаш позна Јосиф кава беше силата во Неа, и што се удостои да стане; тогаш позна тој гледајќи ја дева како дои, а во исто време неприкосновено го чува своето девство; тогаш позна тој, кога Дева роди но не го искуси она што е својствено за родилките; тогаш позна дека Непресечливиот Камен даде сила на Духовниот Камен; тогаш Јосиф позна дека на Неа се однесуваат зборовите на пророкот Исаија: „Ете, девојка ќе затрудни“ (Ис. 7, 14). – Овие зборови на свети Атанасиј потврдуваат дека во тоа време Јосиф ја позна силата на тајната, и познавајќи, се поклони со страв и радост, благодарејќи Му на воплотениот Бог што го удостои да биде очевидец и служител на оваа тајна.

Што се однесува до денот кога Христос се Роди, мнозина доверливи писатели тврдат дека тоа било полноќта меѓу сабота и недела. Тоа се совпаѓа и со Шестиот Вселенски Собор, кој објаснува дека недела се празнува и од таа причина што Господ се роди во тој ден: „Бидејќи, во тој ден Господ ја створи светлоста, во тој ден благоизволи да се роди; во тој ден Он прими крштение од Јован во Јордан; во тој ден премилостивиот Искупител на човечкиот род воскресна од мртвите заради наше спасение; во тој ден Он го изли Светиот Дух на учениците Свои“. Зашто, како што точно се знае: Господ Христос се зачна во девствена утроба на Благовештение во петок, и во петок пострада; така, Он во недела се роди, и во недела воскресна. И Му доликуваше на Христа да се роди во недела – денот во кој Бог рече: „Нека биде светлост“, и во кој „Би светлост“(Мојс. 1, 3), во истиот тој ден требаше и Самиот Тој, Вечната Светлина, да му засветли на светот. А дека требаше да се роди ноќе, и во кој час од ноќта, пророчки е претскажано во Книгата на Премудроста Соломонова, каде се вели: „Зашто кога кротката тишина зали сè, и ноќта ја достигна својата средина, слезе од небото, од царските престоли, Семоќното Слово Твое Господи, као страшен воин на среде пропаднатата земја“ (Прем. Солом. 18, 14-15).

Се случија и големи чудеса по вселената во времето на Христовото Раѓање. Зашто точно во тој час, во кој Господ наш излезе низ, со чистота запечатената девствена врата, одненадеж во таа пештера од каменот потече извор вода, а во Рим, од земјата изби извор на елеј и потече во реката Тибар. И идолскиот храм наречен вечен се сруши; идолите се испокршија, и таму на небото се покажаа три сонца. А во Шпанија, таа ноќ се појави облак посветол од сонцето; во Јудеската земја пак, лозјата енгадски процветаа во зима. Но најубаво од сè е, што ангелите со пеење песни се симнаа од небото и јасно им се покажаа на луѓето. А тоа се случи вака. Во правецот на пештерата во која се роди Христос, по сведоштвото на блажениот Јероним, имаше висока кула, наречена Адер, во која живееја пастирите на стадото. Таму, таа ноќ, беа будни тројца од нив и го чуваа стадото. И ете, врховниот меѓу небесните сили, ангелот, за кого свети Кипријан мисли дека е светиот благовестител Гаврил, им се јави во голем сјај, блексајќи со небесна слава, со која и нив ги заблесна. Видувајќи го, тие многу се уплашија. Но, ангелот, наредувајќи им да го отфрлат стравот и да не се плашат, им ја објави радоста, која со Раѓањето на Спасителот дојде на целиот свет. Притоа им го кажа знакот за вистинитоста на својата благовест, кажувајќи им: „Ќе најдете Дете, повиено, како лежи во јаслите“ (Лк. 2, 12). Додека ангелот тоа им го говореше, одеднаш, во воздухот се чу пеење на мноштво небесни војници кои Го славеа Бога и пееја: „Слава на Бога во висините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лк. 2, 13-14). По јавувањето на ангелот и пеењето на небесните војници, пастирите се посоветуваа и веднаш отидоа во Витлеем да видат дали е вистина тоа што ангелот им го кажа. Кога дојдоа, ја најдоа Пречистата Дева Марија Богородица, и светиот Јосиф, нејзиниот вереник, и Дете, повиено, како лежи во јаслите. И цврсто поверуваа дека е тоа Христос, очекуваниот Месија, кој дојде да го спаси родот чевечки, и  Му се поклонија, и раскажаа сè што видоа и чуја, и што им беше речено од ангелот за ова Детенце. И сите кои слушаа: Јосиф, Саломија и оние кои во тоа време дојдоа таму, се восхитуваа  на она што им го кажаа пастирите; а особено Пречистата Мајка Дева, сите овие зборови ги чуваше и ги слагаше во своето срце. И се вратија пастирите славејќи и фалејќи Го Бога (Лк. 2, 15-20).

Така стана Раѓањето на Исус Христос, нашиот Господ, на Кого и од нас грешните нека биде чест, слава, поклонение и благодарење, со беспочетниот Негов Отец и со Вечниот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.

ПОВЕСТ ЗА ПОКЛОНЕНИЕТО НА МУДРЕЦИТЕ

Кога Исус се роди во Витлеем Јудејски, во деновите на Царот Ирод, ете, дојдоа мудреци од исток (Мт. 2, 1) - не од една одредена источна земја, туку од разни земји, како што се гледа од делата на светите Отци, кои на различни начини зборуваат за тоа. Некои од светите отци мислат дека мудреците биле од Персија. Така мислат: свети Јован Златоуст, свети Кирил Александриски, блажениот Теофилакт и други. А така мислат, затоа што во тоа време таму, била многу развиена науката за читање ѕвезди и кај нив никој не можел да стане цар доколку претходно не ја изучи таа наука. Други од отците сметаат дека мудреците биле од Арабија. Така сметаат светиот маченик Јустин Философ, свети Кипријан, Свети Епифаниј. А така сметаат поради тоа што таа земја била многу богата со злато, темјан и смирна. А некои свети отци мислат дека мудреците дошле од Етиопија, бидејќи од таму некогаш дошла Савската, односно етиопската царица, во Ерусалим, за да ја чуе премудроста Соломонова (3. Цар. 10, 1-13), што, по тумачењето на блажениот Јероним, е предобраз на доаѓањето на мудреците кај духовниот Соломон – Христос, Кој е Божјата Премудрост. А и Давид кажува: Етиопија ќе ги испружи своите раце кон Бога (Псал. 67, 32).

Секако, сите спомнати земји се на исток и граничат една со друга; сите изобилуваат со злато, темјан и мириси; во сите нив многу се негувало волшебништвото и ѕвездочитањето; притоа на мудреците во тие земји не им било непознато пророштвото на Валаам за ѕвездата која требало да засветли, пророштво кое се предавало од род во род, и усно и писмено. За најверојатно може да се смета ова: еден од мудреците е од Персија, другиот од Арабија, а третиот од Етиопија. Показатели за тоа има во Давидовото пророштво, каде е речено: Царевите Тарсиски и островјаните ќе донесат дарови, царевите Арабиски и Савски, ќе дадат данок (Псал. 71, 10). А Давид го претскажа ова, као што тумачите на Светото Писмо претпоставуваат за мудреците кои требало да дојдат кај Христос со дарови. Давидовите зборови: „царевите Тарсиски“ означуваат „прекуморски“, бидејќи Тарсис означува „море“, та по тоа треба да ја подразбереме Персија, земја „зад морето“. Зборовите „царевите Арабиски“ јасно укажуваат на Арабија. А зборот „Савски“ укажува на Етиопија, чија престолнина е градот Сава. Така, овие тројца мудреци, волхови, беа од Персија, Арабија и од Етиопија.

Овие мудреци се нарекуваат волхови, не во смисол дека тие се бавеле со демонски вражења, магии и злотворни чини, колнења и баења, туку затоа што, кај Арапите, Сиријците, Персијците, Етиопјаните и другите источни народи, бил обичај своите мудреци и ѕвездочитачи да ги нарекуваат волхови, маги. И овие тројца мудреци, волхови, не беа од средината на бајачите и магесниците, ами од средината на најмудрите ѕвездочитачи и философи. А се нарекуваат и цареви, не во смисол дека под своја власт поседуваат многу земји, туку како оние кои од нив добиле власт во својот град или кнежество. Бидејќи, Светото Писмо, некои поглавари на некои градови ги нарекува цареви, како што се гледа од четиринаесеттата глава на Првата книга на Мојсеј. Нема доверливи податоци од кои градови беа овие три цара; само се знае дека се од источните земји, дека беа тројца, според трите донесени дарови: злато, темјан и смирна. Иако секој од нив дојде од својата земја, водени од една ѕвезда, тие, по Божја промисла, се состанаа по пат, па дознавајќи ја заедничката намера, продолжија водени од ѕвездата заедно, за која некогаш претскажа Валаам, читачот на ѕвезди, велејќи: „Ќе излезе ѕвезда од Јаков и ќе стане човек од Израилот“ (4. Мој. 24, 17). А кава ѕвезда беше тоа? Свети Јован Златоуст и свети Теофилакт тврдат дека тоа не била едан од бројните видливи ѕвезди, туку некоја Божествена и ангелска сила која се јавила наместо ѕвезда. Бидејќи сите ѕвезди постојат од почетокот на создавањето на светот, а оваа се појавила на крајот на вековите, при воплотувањето на Бога Словото. Сите ѕвезди имаат свое место на небото, а оваа се гледала во воздухот; обично, сите звезди се движат од исток кон запад, а оваа ѕвезда се движела од исток кон југ, во правец на Ерусалим; сите ѕвезди блескаат само ноќе, а оваа ѕвезда и дење блескала слично на сонцето, неспоредливо надминувајќи ги небесните ѕвезди и со светлината и со големината; сите ѕвезди со останатите светила постојано се во движење и јурат, а оваа ѕвезда, некогаш одеше, а некогаш стоеше, како што блажениот Тефилакт вели: „Кога одеа мудреците, одеше и ѕвездата, а кога тие се одмараа, и таа стоеше“.

А за времето пак на појавата на таа ѕвезда, различни толкувачи, различно мислат. Едни велат дека се појавила во истата ноќ и во истиот час на Раѓањето на Спасителот од Дева. Но секако не е така. Бидејќи, ако ѕвездата се појавила во тоа време, како тогаш можеа мудреците од таква голема оддалеченост да стигнат во Ерусалим за толку кусо време? Јосиф, по истекот на четириесетте дена по Раѓањето на Богомладенецот и по законското очистување во храмот, веднаш, не задржувајќи се во својата куќа во Назарет, земајќи го само она што е најпотребно за пат, итно тргнал кон Египет. Иако некои говорат дека мудреците зеле брзи коњи и брзо го поминале тој пат, и во Витлеем стигнале во тринаесттиот ден по Раѓањето Христово. Но тоа не е веројатно. Пред сè, тие биле цареви, а не брзоодци и патувале со дарови и со многу слуги, као што тоа му доликува на царското звање и царската чест, а исто така и со влечна стока и потрепштини за патувањето. Како тогаш би било возможно од Персија, Арабија и од Етиопија да стигнат во Витлеем за тринаесет дена? Покрај тоа и Ирод ги задржал неколку дена во Ерусалим, додека да ги собере сите главешини на свештениците и книжниците и тие му разјасниле дека во Витлеем Јудејски треба да се роди Христос. Други толкувачи, меѓу нив и свети Епифаниј, велат дека ѕвездата се појавила во часот на Раѓањето Христово, но дека мудреците, на поклонение дошле по две години и Го затекнале Христа како двегодишно дете. Ова мислење зе заснова на тоа дека Ирод наредил да се убијат сите деца до две години, во времето кое добро го дознал од мудреците. Но, за ова мислење, свети Теофилакт вели дека е очигледно дека не е точно, бидејќи сецелата Црква со сигурност знае дека мудреците Му се поклониле на Христа во Витлеем, додека Христос сеуште бил во пештерата. А по две години, Христос не беше ни во Витлеем, ами ниту во Палестина, туку во Египет. Зашто, по сведочењето на свети Лука, по очистувањето во четириесеттиот ден во храмот, каде свети Симеон Го сретна Господа и беше извршено сето по законот, свети Јосиф и Пречистата Дева, со Детенцето, веднаш се вратија во Галилеја, а не во Јудеа, во својот град Назарет, а не во Витлеем; и од Назарет, по заповед на Ангелот, отпатуваа во Египет. Тогаш, како мудереците можеа, по две години да Го најдат Христа во Витлеем?  

А пак древниот грчки историчар Никифор, вели дека ѕвездата се појавила на Истокот на две години пред Христовото Раѓање, и дека до Ерусалим мудреците патуваа две години, и така стигнаа во истиот час, во часот на Раѓањето. Наизглед, и овој историчар се сложува со она што го пишува во Евангелието за колежот на децата од две години надолу. Но, и ова мислење не е веродостојно. Зашто, каква потреба би ги натерала тие мудреци, две години да патуваат од источните земји, кога до Ерусалим им се доволни два до три месеци? Дури и, како цареви да патувале бавно и долго, за пат би им биле потребни шест до седум месеци, бидејќи источните, земји како Персија, Арабија и Етиопија, не се толку далеку од Ерусалим за патувањето да трае две години. 

А кое мислење за времето на појавата на ѕвездата би било најверодостојно? Сметам дека се тоа мислењата на светиот Јован Златоуст и свети Теофилакт. Овие учители вака зборуваат: „Ѕвездата им се јави на мудреците пред Христовото Раѓање. Бидејќи ги чекаше долг пат, ѕвездата им се јави долго време пред Раѓањето на Спасителот, за да можат благовремено да стигнат во Витлеем и да Му се поклонат на Христа уште додека беше во пелени“.

Да обрнеме внимание на тоа што овие учители не ѝ одредуваат на ѕвездата двегодишно време, ами само велат: „Долго време пред“, како да велат „Неколку месеци пред“.  Врз основа на ваквото тлкување на овие свети Учители, можеме да дојдеме до ваков побожен заклучок: Ѕвездата се појави на исток точно во оној ден и час, кога со благовеста на Архангелот и со симнувањето на Светиот Дух, Бог Словото стана тело, зачнувајќи се во пречистата утроба на девицата. Значи, на девет месеци пред Христовото Раѓање, на самиот ден на Благовештението. Така значи, на девет месеци пред Христовото Раѓање, на денот на Благовештението, мудреците ја видоа ѕвездата на исток, и во почетокот беа во недоумица, се чудеа и размислуваа каква ли ѕвезда е тоа. Не е ли некој метеор кој блеснува во воздухот и претскажува нереќа, како што е случај со кометите? – Да, во најдлабоката суштина, ѕвездата претставуваше несреќа за душегубникот – врагот: рушење на идолите, протерување на демонот, и изгревање на светлината на светата вера. Потоа сфатија дека тое не е некоја случајна ѕвезда, ами има некаква Божествена сила, и мудреците си спомнаа за древното пророштво на Валаам и претскажувањето на Еритрејската сибила, дека во Израил ќе се роди Господ и Царот на вселената. И тие заклучија дека ове и е Неговата ѕвезда, одамна претскажана. 

Откако цврсто поверуваа дека тоа без сомневање е така, мудреците добро се спремија за пат, и кренаа од своите земји. Патем, како што е речено, се сретнаа и заедно, еднодушно го продолжија патот. Меѓутоа почна да истекува деветомесечниот рок од појавата на ѕвездата, и се приближуваше часот на Христовото Раѓање. А тие беа близу до Палестинските предели, и најпосле стигнаа во престолнината на Јудеите – Ерусалим, и тоа, точно на денот на Христовото Раѓање. А кога се приближија до Ерусалим, ѕвездата која ги водеше, одеднаш им се сокри од пред очите. Бидејќи, ако ѕвездата блескаше и во Ерусалим, без сомневање, би ја видел и народот во него и би пошол по неа заедно со мудреците кон Христос. Тогаш и Ирод и завидливите еврејски старешини би дознале каде се наоѓа родениот Христос, и предвремено би Го убиле од завист. Но, Божјата промисла, која на најдобар начин го устројува нашето спасение, ѝ нареди на ѕвездата да се сокрие, од една страна, за тие кои ја бараат душата на Детето да не дознаат каде се наоѓа пештерата, а од друга, затоа што очите на злобниот Еврејски народ не беа достојни да ја видат чудесната ѕвезда; и трето, да ја испита нивната вера, дали ќе им поверуваат на зборовите на мудреците кои го благовестуваат доаѓањето на Месијата, и дали ќе имаат желба до Го познаат Христа, Спасителот на светот; ако пак не посакаат, тоа нека им биде на вечна осуда. За тоа блажениот Теофилакт, вака расудува: „Зошто дојдоа мудреците? За осуда на Евреите, бидејќи, кога волховите, иако незнабошци, поверуваа, тогаш каков изговор межеа да имаат Евреите? Волховите дојдоа од така далечни земји за да Му се поклонат на Христа, а Евреите имајќи Го меѓу себе, Го гонеа“.

Кога мудреците влегоа во престолнината Ерусалим, прашаа за новородениот Цар: „Каде е царот Јудејски Кој се роди? Зашто ја видовме ѕвездата Негова на исток и дојдовме да Му се поклониме“. И оваа вест веднаш го восхити народот, а го смати царот Ирод и ерусалимските старешини. Царот ги собра сите управници на свештениците и книжниците, и ги праша: „Каде ќе се роди Христос?“ Оти се уплаши да не му биде одземено царството и размислуваше како да го убие новородениот Цар. Дознавајќи дека Христос треба да се роди во Витлеем, ги повика мудреците и од нив разбра за времето кога ѕвездата се појавила. Потоа, прикривајќи ја измамата, а имајќи мисли неправедни и намери зли, лукаво им рече на мудреците: „Отидете и испитајте точно за Детето, па кога ќе го најдете, јавете ми, и јас да дојдам да му се поклонам“.

Кога мудреците излегоа од Ерусалим, ѕвездата која ги водеше веднаш се појави и појде пред нив, а тие многу се израдуваа на нејзиното повторно јавување. И одеше пред нив сè додека не ги доведе во Витлеем, до пештерата, и застана одозгора, каде што беше Детенцето. Над местото каде што се наоѓаше застана ѕвездата, се симна од височините, и се приближи до земјата. Бидејќи инаку би било невозможно да се распознае точното место, ако не се спуштеше ниско. Така расудува и блажениот Теофилакт, следувајќи на светиот Златоуст: „Тоа знамение беше необично, бидејќи ѕвездата се симна од висините и спуштајќи се кон земјата им го покажа на мудреците местото. Оти, да останеше во восочините, како би можеле да дознаат кое е тоа посебно место каде што се наоѓа Христос? Бидејќи, секоја ѕвезда под својата светлина има многу места. И како што често ја гледаш месечината над својата куќа, така и мене ми изгледа дека таа се наоѓа и свети над мојата куќа; и на сите им се чини како само над нив да стои месечината, или било која ѕвезда. Така и оваа ѕвезда не би го покажала точното место каде е Христос, ако не се спуштеше и не застанеше над главата на Детенцето“.

Од ова чудо се гледа дека таа ѕвезда не беше од оние кои се на сводот небесен, ами претставуваше засебна сила Божја. Така, кога мудреците влегоа во куќата, Го најдоа Оној Кого Го бараа, како што се вели во Евангелието (Мт. 2, 11). Врз основа на ова, некои мислат дека мудреците Го најдоа Христа, не во пештерата, туку во некоја куќа во градот, бидејќи во Евангелието се спомнува не пештера туку куќа. Според ваквите мислења, Евангелието како да вели: „Кога мноштвото народ по пописот се разотиде, тогаш и општата гостилница и други куќи на витлеемските жители се испразнија, та Мајката со Детето беше пренесена од пештерата во некоја куќа. Но, светиот маченик Јустин, Златоустиот, Григориј Ниски и Јероним велат дека Господ останал во пештерата каде што се роди, сè до времето на очистување кое се случува во четириесеттиот ден, и дека мудреците Го нашле таму “. И тоа така се случило, за земните цареви да дознаат дека царството на новородениот Цар е во сиромаштија, во смирение, и во презирање на славата на овој свет, а не во богатствата, горделивоста и во палатите. Сето тоа така се случи и за да се засили нивната вера, та тие не се покајаа и не роптеа кога Оној, заради кого поминаа толку долг и тежок пат и надевајќи се дека ќе Го најдат во царски палати, Го најдоа во толкаво сиромаштво. 

Кога во пештерата Го најдоа Господа, мудреците паднаа и Му се поклонија, и тоа не со просто поклонување, ами со поклонение кое Му доликува на Бога; Му се поклонија не само како на човек, туку и како на Бог. Бидејќи, како што велат свети Иринеј и папата Лав: „Тие мудреци, со Господовата благодат, таинствено просветени, кога Го видоа Младенецот, познаа и поверуваа дека Он е – Бог, и затоа Му се поклонија, не само како на Цар, ами и како на Бог, со поклонение кое му доликува на Бог. Затоа и е напишано: паднаа, па ги отворија своите ризници и Му принесоа дарови (Мт. 2, 11), исполнувајќи ја заповедта: Не излегувај пред Господа празен (2. Мојс. 23, 15). А какви се тие дарови? Злато, темјан и смирна: злато како на Цар, темјан, како на Бога и смирна како на смртен човек. Бидејќи, Евреите со смирна го помажуваа телото на покојникот, сакајќи да го сочуваат цело. На тој начин, тројцата цареви Го чествуваа со дарови Едниот од Тројцата, и со тие дарови исповедаа дека во Него има две природи“. За тоа свети Лав, вака говори: „Тие Му принесуваат темјан на Бога, смирна на Човек, а злато на Цар, правилно почитувајќи ја Божествената и човечката природа во единство; во тоа, со срцето веруваат, а со даровите исповедаат“.

Примајќи ја во сон веста јавена од Ангел, да не се враќаат кај злодејниот Ирод, кој имаше намера да го убие новородениот Цар, мудреците по други патишта си отидоа секој во својата земја, и таму станаа учители и проповедници Христови, според веродостојното сведоштво на Никифор. Бидејќи, проповедајќи го доаѓањето на Христос, синот Божји во светот, тие ги учеа луѓето да веруваат во Него, како што и самите веруваа. И нема сомневање дека по нивната смрт, тие се удостоија да бидат вброени во ликот на светиите. А нивните имиња се овие: првиот – Малхиор, стар и сед, со долга коса и брада, на Господарот и Царот Му донесе злато. Вториот – Госпар, млад и без брада, со румено лице, на вочовечениот Бог Му донесе темјан. Третиот – Валтасар, во лицето црномурест и со многу брада, на смртниот Син Божји му донесе смирна.

Нивните тела, по многу години, беа пренесени, најпрво во Цариград, подоа во Медиолан, па потоа во Келн, во чест на воплотениот Христос Бог, на Кого, заедно со Онаа Која Го роди, и од нас нека е слава во веки. Амин.

СПОМЕН НА ВИТЛЕЕМСКИТЕ ПАСТИРИ кои први Го видоа новородениот Господ