8. Јануари 26. Декември
СОБОР НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
На вториот ден од Божиќ, христијанската Црква ѝ оддава слава и пофалба на Пресвета Богородица, која го роди нашиот Господ Бог и Спасителот наш, Исус Христос. Ова празнување се нарекува Нејзин Собор затоа што на тој ден сите верни се собираат за да ја прослават Неа, Мајка Богородица, и затоа што соборно и свечено се служи во Нејзина чест.
Пресвета Богородица Марија, со раѓањето на Господ Исус Христос од Неа, најмногу послужи на нашето спасение и на спасението на целиот свет и на целото создание. Затоа и приличи и доликува и достојно е да ја славиме секогаш, а особено утредента по Христовото Рождество, како Мајка Божја, Богородителка на Христос, нашиот Бог и Спасител.
ПРИКАЗНАТА ЗА БЕГСТВОТО НА ПРЕЧИСТАТА ДЕВА БОГОРОДИЦА СО БОГОМЛАДЕНЕЦОТ ВО ЕГИПЕТ
Откако мудреците - ѕвездочитачи - си заминаа од Витлеем, Ангелот Господов на сон му се јави на Јосиф и му нареди да го земе Божествениот Младенец и Мајката Негова, Пречистата Дева, па да бега во Египет, и да остане таму додека не добие наредба да се врати, бидејќи Ирод ќе го бара Детето за да го погуби. Јосиф така и постапи: ги зеде Младенецот и Мајката Негова ноќе, и појде во Египет. Но пред да замине, тој најпрво, во Ерусалим, во храмот Соломонов, направи сè според законот Господов, зашто деновите на очистување на Пречистата и Пренепорочна Мајка Божја беа веќе завршени, и во тој храм го сретнаа нашиот Господ старецот Симеон и пророчицата Ана. Откако направи сѐ што беше пропишано со законот, Јосиф отиде во Назарет, во својата куќа (Лк. 2:39). Од ова јасно се гледа дека тие не тргнаа веднаш од Витлеем за Египет, туку најпрво отидоа во храмот Господов, па во Назарет и најпосле во Египет.
Тоа го потврдува и Свети Теофилакт во своето толкување на Евангелието според Матеј, вака пишувајќи: „Прашање: Како е можно евангелистот Лука да вели дека Господ отишол во Назарет по истекот на четириесетте дена по Неговото раѓање и по средбата со старецот Симеон, додека овде Свети Матеј вели дека Он во Назарет дошол дури по враќањето од Египет?
Одговор: Знајте, дека евангелистот Лука го споменува она што евангелистот Матеј го премолчил; имено, Лука вели дека Господ по Своето раѓање дошол во Назарет. Матеј пак, зборува за она што се случило подоцна, имено: за бегството на Господ во Египет, а по враќањето оттаму, за Неговото одење во Назарет. Воопшто, евангелистите не си противречат еден на друг, туку, Лука зборува за заминувањето на Христос од Витлеем во Назарет, а Матеј зборува за Неговото враќање од Египет во Назарет“.
Значи, откако го напуштија храмот Господов, светите патници прво се упатија во Назарет и ги уредија своите домашни работи; потоа, земајќи го потребното за пат, тие ноќе, за да не ги забележат соседите, брзо тргнаа на пат кон Египет. При тоа, со себе го поведоа, за да им служи, најстариот Јосифов син, Јаков, кој подоцна ќе биде наречен брат Господов, што се гледа од црковните песнопеенија под 23 октомври, каде што се пее вака: Ти, мудри, се покажа брат на воплотениот Господ, и ученик, и очевидец на Божествените тајни, бегајќи со Него во Египет, и останувајќи во Египет со Јосиф и со Мајката Исусова; моли се со нив да бидеме спасени. Од ова е јасно дека Јаков им бил сопатник на бегалците во Египет, служејќи им за време на патувањето. Господ избега во Египет, од една страна, за да покаже дека Он е вистинит човек и тело, а не дух и привидение; а од друга страна: да нè научи да бегаме од човечки гнев и бес, а не да им се спротивставуваме со гордост. Вака објаснува Светиот Златоуст: „Бегајќи, Господ нè учи да му оставиме место на гневот, односно да бегаме од човечкиот гнев. Затоа, кога Семоќниот бега, тоа е за нас гордите поука, да не се туркаме во опасност.“ – Но, постои и уште една причина зошто Господ избегал во Египет; и тоа оваа: да се исчисти Египет од идоли; и како што вели светиот папа Лав, без таа земја, каде што преку колењето на јагнето, за прв пат се наговестени спасителниот знак на крстот и Господовата Пасха, не би била подготвена тајната на Пресветата Жртва. При тоа, бегството во Египет беше и со цел да се исполни следното пророштво на Исаија: Ете, Господ, ќе седне на лесен облак и ќе дојде во Египет. И пред лицето Негово ќе затреперат идолите египетски (Исаија 19:1). Тука, под облак, Свети Амвросиј ја подразбира Пречистата Дева, која на своите раце го донесе Господ во Египет, и паднаа идолите на египетските богови. Тој облак, Пречистата Дева, лесен е, бидејќи Она не е оптоварена со никакво бреме на грев, или телесна желба, или брачно познавање.
Се раскажува ова. Кога праведниот Јосиф, Пречистата Дева и Богомладенецот Исус одеа во Египет, на едно пусто место ги нападнаа разбојници и сакаа да им го земат магарето на кое го носеа она малку нешто што им беше потребно за пат, а на кое понекогаш и Мајката со Детето патуваа. Меѓутоа, еден од разбојниците, видувајќи го необично убавото Детенце, се восхити од таквата необична убавина и рече: „Кога Бог би зел човечко тело, не би бил поубав од ова Дете!“ – И тој разбојник им нареди на своите другари, од овие патници ништо да не земат. Исполнета со благодарност кон вака широкоградиот разбојник, Пресветата Дева му рече: „Знај, дека ова Дете ќе те награди со прекрасна награда затоа што денес Го сочува.“
Овој разбојник беше оној истиот, кој подоцна, при распнувањето на Господ Христос, беше обесен на крстот од десната страна, и на кого Господ му рече: „Денес ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лука 23:43). И се исполни претскажувањето на Божјата Мајка дека ова Дете ќе го награди. Името на тој благоразумен крадец беше Дисмас, додека на другиот, распнат од левата страна на Господа, името му беше Гестас.
Кога светите патници влегоа во Египетската земја и се најдоа во пределите на Тиваида, се приближија до градот Ермопол. Недалеку од влезот во овој град растеше многу убаво дрво, наречено „Персеја“, кое тамошните жители, според нивните идолопоклонички обичаи, го почитуваа како бог поради неговата горостасност и величествена убавина, поклонувајќи му се и принесувајќи му жртви; бидејќи во тоа дрво живееше демон кого тие го почитуваа. Кога Пресвета Богородица со Божественото Детенце се приближи до дрвото, тоа, во истиот час силно се затресе, зашто демонот, исплашен од Исусовото доаѓање, избега. А дрвото, во тој час го свиткаа својот врв до земјата, оддавајќи му должна почит на својот Создател и на Неговата Родителка, Пречистата Дева. Освен тоа, со сенката на своите многулисни гранки ги штитеше од сончевата жега и им даде можност на сесветите патници пријатно да се одморат под него. И тоа дрво остана секогаш така свиткано, како очигледен знак за Господовото доаѓање во Египет. И од тогаш, откако под него се одмори Господ со Неговата Мајка и Јосиф, тоа дрво доби лековита моќ, бидејќи со своите лисја лекуваше секакви болести.
Потоа светите патници прво влегоа во тој град и во тамошниот идолскиот храм, и во тој час сите идоли паднаа. Овој храм го споменува Свети Паладиј во Лавсаикот, и вели: „видовме во Ермопол идолски храм, во кој при доаѓањето на Спасителот сите идоли паднаа на земја“. – Исто така, и во едно село наречено Сирен, паднаа триста шеесет и пет идоли во еден храм, кога во него влезе Христос со Пречистата Мајка. Но, и воопшто, во целиот Египет, при доаѓањето Господово, идолите се урнаа и демоните побегнаа од нив. И така се исполни она што светиот пророк Еремија за време на неговиот престој во Египет го претскажа, како што за тоа во неговото житие пишува Свети Епифаниј. А светиот пророк рече: „Сите идоли ќе мора да попаѓаат и сите статуи на богови ќе се срушат, кога тука ќе дојде Дева Мајка со Младенец, роден во јасли“. Од времето на ова пророштво на Еремија, кај Египќаните стана обичај да ја изобразуваат Дева како лежи на постела, а близу до Неа Младенец како лежи во јасли повиен во пелени, и да се поклонуваат на тоа изобразение. А кога еднаш царот Птоломеј ги праша египетските жреци заради што го прават ова, тие одговорија: „Тоа е тајна претскажана на нашите дамнешни предци, од некој свет пророк; и ние го чекаме исполнувањето на тоа пророштво и откривањето на оваа тајна.“
Потоа, светите патници скршнаа малку од градот Ермопол и, барајќи место за престој, стигнаа до едно село наречено Натареа, недалеку од Илиопол. Така, во близина на тоа село, Јосиф ја остави Пречистата Дева Марија со Христос Господ под една смоква, а самиот отиде во селото да набави потребни работи. А таа смоква, давајќи им на светите туѓинци засолниште, се раздвои од горе до долу и го спушти својот врв, правејќи некакво засолниште или шатор над нивните глави; а долу, при дното на стеблото, тоа направи пукнатина во него како одаја за живење, и таму, Пречистата Дева со Младенецот, легна и се одмори од патувањето. Тоа место и до денешен ден е со голема почит, не само од христијаните, туку и од сарацените, кои сѐ до сега прислужуваат кандило со масло во пукнатината до тоа дрво, и тоа гори во чест на Дева која со Младенецот престојуваше таму. На Јосиф и на Пресвета Богородица им се допадна да останат да живеат во тоа село. И откако најдоа мала куќичка недалеку од тоа дрво, почнаа да живеат во неа.
И друго чудо се случи со силата на Божествениот Младенец: таму, во близина на нивната куќичка и до чудотворното дрво, одеднаш се појави извор жива вода, од кој Пречистата Дева црпеше вода за разни потреби, како и за капење на своето Детенце. Тој извор постои и денес; неговата вода е многу студена и здрава. Но, најчудно е тоа што во целата земја Египетска, тоа е единствениот извор на жива вода; и тој се слави во тоа село.
Со ова завршува приказната за престојот на Пречистата Богородица со Христос во Египет, каде што поминаа неколку години. Не се знае точно колку години Господ помина во Египет. Свети Епифаниј вели две години, Никифор – три, а Георгиј Кедрин – пет години; други пак, како Аминис од Александрија, веруваат дека поминал седум години. Во секој случај, несомнено е дека Господ таму останал до смртта на Ирод, како што вели Евангелието: „и беше таму до смртта на Ирод“ (Матеј 2, 15).
По колежот на Витлеемските деца и по стравотната смрт на бедниот Ирод, Ангелот Господов повторно во сон му се јави на Јосиф во Египет, наредувајќи му да се врати од земјата Египетска во земјата Израилева, зашто, рече Ангелот, изумреа оние кои ја бараа душата на детето (Матеј 2, 20). Јосиф стана, го зеде Детето и Неговата Мајка и тргна кон Јудеја, која беше најдобриот и најголемиот дел од земјата Израилева. Но, кога слушна дека Архелај царува во Јудеја наместо татко му Ирод, се исплаши да оди таму. Зашто Ирод зад себе остави три сина: првиот Архелај, вториот, Ирод Антипа и третиот, најмладиот, Филип. По смртта на нивниот татко, сите се упатија во Рим за да го молат кесарот да одлучи за нивниот спор, бидејќи секој од нив сакаше да го наследи татковиот престол. Кесарот не сакаше ниту еден од нив да го направи цар, туку го раздели царството на четири дела, нив нарекувајќи ги четворовласници. На најстариот брат Архелај му ја даде Јудеја; на Ирод Антипа му ја даде Галилеја, а на најмладиот брат Филип, Трахонитската област; а пак Авилинија му ја даде на Лисанија, најмладиот син на Лисанија Стариот, некогашен пријател на Ирод, кого Ирод го уби од завист. Отпуштајќи ги од Рим, кесарот му вети на Архелај дека ќе му го даде царското достоинство, само ако се покаже како добар и ревносен владетел во своето подрачје. Но Архелај не се покажа ништо подобар од својот свиреп татко, мачејќи и убивајќи мнозина: зашто штом пристигна во Ерусалим, веднаш, без причина, уби три илјади луѓе и нареди многу граѓани, на празникот, да бидат мачени среде храмот пред целиот еврејски собор. Поради неговата свирепост, по неколку години беше обвинет кај кесарот, лишен од власта и испратен на заточение.
Така, по враќањето, кога Јосиф слушна дека овој суров Архелај царува во Јудеја, се исплаши да оди таму, туку, добивајќи известување во сон од Ангелот кој и порано му се јавуваше, тој отиде во областа Галилеја, во државата на Ирод Антипа, братот на Архелај, зашто овој Ирод со кротост управуваше со народот. И, Јосиф се насели во градот Назарет, каде што и порано живееја, за да се исполни од пророците кажаното за Господ Христос, дека ќе се нарече Назареќанец. Нему нека е славата во веки. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИ ЈОСИФ, Свршеникот на Пресвета Дева Богородица
Светиот Јосиф беше од род царски, од домот Давидов и Соломонов, внук на Мататија, правнук на Елиезер, син на Јаков по природа, а син на Илија по закон. Зашто, неговиот дедо, по раѓањето на неговиот татко Јаков, умре. Жената пак на Мататиј, мајката на Јаков, ја зеде Мелхиј, од племето Натаново, синот Давидов, и таа го роди Илиј. А Илиј се ожени и умре без деца; а по него Јаков, кој му беше брат по мајка, но не и по татко, ја зеде неговата жена; зашто законот пропишуваше дека ако некој умре без деца, тогаш неговиот брат нека ја земе неговата жена и нека му подигне потомство на својот брат (1. Мој. 38, 8). Така, според законот, Јаков ја зеде жената на својот брат и го роди овој свет свршеник Јосиф; и беше Јосиф, како што е кажано, син на двајцата: по природа син на Јаков, а по закон син на Илија. Затоа, светиот евангелист Лука, изложувајќи го родословот на Христос, Илија го нарече татко на Јосиф, за Христос зборувајќи вака: Исус бил, како што се сметало, син Јосифов, Илиин и Мататов (Лука 3, 23-24), спомнувајќи го Илија наместо Јаков.
За овој Свет Јосиф различно се мисли кај западните и кај источните христијани. Западните велат дека тој бил девствен сѐ до својата смрт и воопшто не стапил во брак; а источните тврдат дека тој имал жена и дека имал деца. Така, древниот грчки историчар Никифор, цитирајќи го светиот Иполит, вели дека тој се оженил со Саломија; но не со таа Саломија од Витлеем, наречена бабица Господова, туку со друга: зашто таа од Витлеем им беше роднина на Елисавета и Пресвета Богородица, а оваа беше ќерка на Агеј, братот на таткото на Претечата, Захарија; а Агеј и Захарија беа синови на свештеникот Варахија. Со оваа- Саломија, ќерката на Агеј, Свети Јосиф, живеејќи во чесен брак, роди четири сина: Јаков, Симон, Јуда, Јосија и две ќерки: Естира и Тамара, или како што други велат – Марта; а синаксарот во неделата на Светите Мироносици споменува и трета ќерка, по име Саломија, која беше омажена за Зеведеј. А пак, Георгиј Кедрин, споменувајќи две ќерки на Јосиф, вели дека едната од нив, Марија, била омажена за братот на Јосиф, Клеопа, и тоа по враќањето на Јосиф од Египет; но, се чини дека таа Марија е истата личност со Марта или Тамара. Но, без разлика на тоа која ќерка и да била, и без разлика колку ќерки имал Јосиф, едно е сигурно: дека свети Јосиф бил оженет и имал синови и ќерки.
По претставувањето на својата жена Саломија, Свети Јосиф живееше како вдовец многу години, поминувајќи ги своите денови во чистота. Неговиот свет и беспрекорен живот е посведочен во Светото Евангелие со кратки, но многу пофални зборови: „А Јосиф, нејзиниот маж, бидејќи беше праведен“ (Мт. 1, 19),– и што може да биде поголемо од ваквото сведоштво? Тој беше толку праведен што со својата светост ги превазијде останатите праведни праотци и патријарси. Зашто, кој се удостои да стане свршеник и привиден маж на Пречистата Дева, Мајката Божја? И кому му се даде таква чест, да се нарече татко Христов? Навистина, Господ по Свое срце го најде овој маж, на кого му ги откри „непознатата и тајна премудрост“ Своја (Пс. 50:8), правејќи го служител на тајната на нашето спасение. А кога веќе беше старец од осумдесет години, за него беше свршена Пречистата Дева Марија и му беше дадена да го чува Нејзиното девство. И тој, со секоја богобојазливост и со страв, Нејзе ѝ служеше како на Мајка Божја, и како на своја и на целиот свет, Госпоѓа и Владичица, а исто така Му служеше и родениот од Неа Богомладенец, и за време на бегството во Египет, и по враќањето оттаму, и за време на престојот во Назарет, издржувајќи ги со трудот на рацете свои, зашто беше дрводелец и човек сиромашен, иако од царски род. Зашто Господ посака да се роди во сиромаштија, земајќи од царскиот род само тело, а не и царска слава, богатство и господство. Затоа, Тој благоволи да има и сиромашна Пречиста Мајка, сиромашен привиден татко, давајќи пример на смирение.
Откако проживеа сто и десет години, Свети Јосиф мирно се упокои и отиде кај отците свои кои се наоѓаа во Шеол (Шеол – царство на смртта, престојувалиште на сите пред Христа починати луѓе), носејќи им радосна и точна вест: дека дошол посакуваниот Месија, кој ќе го ослободи и спаси родот човечки, Христос Господ, на кого слава во вечни векови. Амин.
НЕДЕЛА НА СВЕТИТЕ БОГООТЦИ по Рождеството Христово:
СПОМЕН НА ЈОСИФ Свршеникот, ЦАРОТ ДАВИД И ЈАКОВ, братот Господов
Во првата недела по Рождеството Христово - Божиќ, која паѓа во деновите од 26 декември до одание на Празникот, односно до 31 декември (стар стил), се слави споменот на светите и праведни Богоотци, најблиски роднини на Господ Христос по тело. И тоа: споменот на светиот и праведен Јосиф вереникот, на светиот цар и пророк Давид и на светиот Јаков, братот Господов.
Светиот Цар и Пророк Давид, синот Јесеев од племето Јудино, е Христов богоотец по тело, бидејќи Спасителот Исус Христос е роден „од семето Давидово“, „од коренот и родот Давидов “ (Јован 7:42; Рим. 1:3; Отк. 5:5; 22:16), поради што во Новиот завет неколку пати се нарекува „Син Давидов“ (Мат. 1:1; 9:27; Лука 18:38, итн.), а царството на Месијата се нарекува „царство Давидово“ (Лука 1:32; Марко 11:10). Светиот Цар и Пророк Давид беше „Помазаник Господов“ и како таков е праобраз на Христос - Помазаникот Божји. Во своите Псалми, боговдахновениот Давид многу пати многу детално и точно го пророкува раѓањето, страдањето и воскресението на Спасителот Христос, а и за Неговата Црква, така што Псалмите всушност се старозаветно Евангелие, а потоа тие важат и во Новозаветната Црква и доаѓаат веднаш по Евангелието и Апостолите. Поопширно за царот Давид можете да се види во Книгите за Царевите.
А пак за Свети Јаков, братот Господов по тело и првиот епископ Ерусалимски, поопширно може да се види под 23. октомври, кога се слави на посебно.
Светиот и праведен Јосиф Свршеникот, Евангелието го нарекува „маж праведен“ (Матеј 1, 19). Тој беше од родот на цар Давид и по занимање беше дрводелец. Поради неговата праведност и богобојазливост, Бог му даде да ја штити Пресвета Дева Марија, и му даде голема чест и удел во домостројот на човечкото спасение. На осумдесетгодишна возраст, тој ја зеде Пресветата Дева од Ерусалимскиот храм во својот дом, а потоа се упокои на 110-годишна возраст. Неговата улога при раѓањето на Господ Христос од Пресвета Богородица во Витлеемската пештера е опишана кај светите евангелисти Матеј и Лука, и за тоа поопширно се зборува под 25. и 26. декември.
По молитвите на светите богоотци Христови по тело, праведниот Јосиф, царот Давид и Јаков, братот Господов, нека Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос нè помилува и спаси сите нас. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ЕВАРЕСТ
Свети Еварест од Галатиската епархија во Мала Азија беше син на многу угледни родители. Во тоа време, во Византиското царство, царот Лав, суров гонител на светите икони, беше убиен, а на престолот седна Михаил Пелтечавиот, кој со презир се однесуваше кон православното почитување на светите икони.
Како момче, а потоа и како млад човек, Еварест напредуваше во учењето и постигна многу, и стана, според зборовите на апостолот, на сите сè: смерно послушен на своите родители, кон другарите и соседите многу мил и кон сите љубезен, секогаш и во сè праведен и со љубов услужлив.
Така, горејќи од желба уште од детството со сето свое битие да живее според Божествените заповеди, Еварест го засака монаштвото. Меѓутоа, неговиот татко појде во Цариград по некоја работа па го зеде и Еварест со себе. Таму престојуваа кај еден нивен роднина, патрицијот Вриениј. Но, по неколку дена, се укажа потреба царицата Теодора, кај Бугарите да испрати дипломати. За свој пратеник Таа го назначи патрицијот Вриениј. Тој со себе го зеде својот роднина Еварест. Кога стигнаа до местото наречено Скопел, таму останаа некое време. А таму, по Божја промисла, блажениот Еварест сретна еден старец во монашки чин. Тогаш му се исполни дамнешната желба: старецот го замонаши, и така Еварест го зеде на себе многу посакуваниот јарем Господов. Во рацете на монахот Еварест дојде една книга од Свети Ефрем Сирин; ја прочита и се воодушеви од неа; и веднаш, со голема ревност почна да ги воведува во дело поуките на Светиот Ефрем. И старецот, гледајќи кај младиот монах толку пламена ревност за живот во добродетели, му даде препорачано писмо и, вооружувајќи го со молитви, го упати во Студитскиот манастир.
Кога пристигна во Студитски манастир, преподобниот Еварест беше примен од тамошните отци и браќа. Тука, новиот монах целосно се предаде на монашки подвизи избирајќи за свој старец, за духовник, еден брат кој по добродетели ги надминуваше останатите. И преподобниот Еварест со сето срце се огледуваше на својот старец во растењето кон совршенство, практикувајќи ги добродетелите. Подвизиите на Блажениот Еварест беа огромни и многубројни. Кој ќе ги искаже? Јадеше еднаш неделно, и тоа сув леб: носеше тешки синџири на телото. Во такви богоугодни дела, Блажениот доживеа 75 години и се пресели кај Господа околу 825. година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕВТИМИЈ ИСПОВЕДНИКОТ, епископот Сардиски
Свети Ефтимиј живееше во времето на царувањето на Константин и Ирина, и со својот монашки живот сјаеше како блескава ѕвезда во Црквата Христова. Поради тоа, тој беше удостоен со епископски чин. Учествуваше на Седмиот Вселенски собор, каде што бестрашно, со сето свое битие се бореше против еретиците иконоборци. Царевите го праќаа во разни мисии заради извршување на државни народни работи.
Но, кога се зацари Никифор, Свети Ефтимиј, заедно со други православни епископи, беше испратен во прогонство во западна Паталареја, наводно поради присилно монашење на некоја девојка. И од тоа време сѐ до маченичката смрт, тој повеќе не се врати во својата епархија. По дваесет и девет години, кога на престолот на Ромејската империја се качи Лав - ѕвероподобниот, Свети Ефтимиј беше доведен од прогонство и изведен пред царот на сослушување заради иконопочитувањето. По свој обичај, светиот Исповедник бестрашно го изобличи еретичкото безбожје и во лице на царот мачител му изрече анатема и го одлачи од Црквата. Царот ужасно се разгневи на Исповедникот и повторно го испрати во заточение, и тоа во градот Ас.
Набргу потоа, царот Лав беше соборен од престолот и загина од меч. На престолот се искачи Михаил Пелтечавиот. За време на овој цар, Свети Ефтимиј беше доведен од Ас и принудуван да се откаже од иконопочитувањето. Но, светиот Исповедник како со гром го порази царот тиранин, викнувајќи му со сиот глас во лице: „Нека е анатема на секој кој молитвено не му се поклонува на нашиот Господ Исус Христос на икона насликан!“
Поради тоа, блажениот Ефтимиј беше тепан, а потоа испратен во прогонство на Акрит (Акрит - ʼрт на Црното море). Таму беше фрлен во најмрачната темница. Потоа го ставија на тешки маки: го растегнаа меѓу четири столба и долго го тепаа со воловски жили, така што телото му се покри со мноштво ужасни рани и целото му отече како мев. После тоа, светиот Исповедник поживеа уште седум дена, па ја предаде својата света душа во рацете Божји, сјаејќи при издивнувањето посветло од сонцето.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ КОНСТАНТИН СИНАДСКИ
Преподобниот Константин се роди во градот Синад, и по потекло беше Евреин. Уште како многу мал, тој еднаш, одејќи со мајка си, виде христијанин како се прозевна и веднаш со крсниот знак ја прекрсти устата. Оттогаш, тој почна да го прави истото, угледувајќи се на христијанинот. И не само тоа, туку со топла вера почна да извршува и други христијански дела. Поради тоа, неговото лице почна да свети со некаков божествен сјај, а самиот Бог го поучи на христијанските вистини. При тоа, тој строго постеше, со денови и денови не земајќи храна, како да не чувствуваше глад. За некои од неговата околина ова беше соблазна: еднаш бесрамно го нападна една еврејска девојка, но тој се прекрсти и таа падна мртва, но потоа ја воскресна. И овој христољубив младич, воден од Божествен облак, отиде во еден манастир наречен Фувутион, каде што тогаш живееја големи мажи, кои блескаа со монашки подвизи и добродетели. Изведен пред игуменот на манастирот, Константин му ги раскажа сите детали за себе. Игуменот нареди да му донесат крст и му нареди на Константин да се поклони на крстот и да го целива. Блажениот Константин со радост се поклони на чесниот крст и го бакна долниот крај од крстот, и – о, чудо! Крстот се крена и се положи на неговата чесна глава, се втисна на неа, и му остана на главата чудотворниот отпечаток од крстот сè до неговата смрт.
После тоа, тој прими свето крштение и го доби името Константин. Потоа со сета своја душа се посвети на духовни подвизи, и уште пред монашкиот потстриг, ги надмина сите монаси од тој манастир со своето испосништво и подвижништво, притоа угледувајќи се на светиот апостол Павле, односно занимавајќи се со кожарски занает. А кога Константин ги изговараше своите монашки завети пред Бога, местото каде што тоа се случуваше се исполни со чудесно ухание; кога влегуваше во црквата, вратата на црквата сама се отвори пред него. Поради голема чистота на душата, се удостои на особениот дар на прозорливост: пред неговите очи беа откриени сите мисли на секој брат.
Од оваа обител, преподобниот Константин отиде на Олимп, а оттаму во Аталија, преминувајќи преку голема река, одејќи по неа како по суво; потоа го посети градот Мир во Ликија и многу други места, а потоа повторно се врати на Олимп. Таму, блажениот Константин помина четириесет дена во пост без храна, и тоа до половината закопан во земјата. Потоа, и против своја волја прими презвитерски чин. Потоа прејде во Атроја, близу гората Олимп, никогаш не напуштајќи ги своите подвизи. На осум години однапред тој го прорече денот на својата смрт. И според тоа претскажување, мирно се претстави и отиде кај Господа.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ НИКОДИМ ПРИЛЕПСКИ, ТИСМАНСКИ
Прекрасно и чудесно е Евангелието Христово и верата наша христијанска. Зашто евангелската вера Православна подеднакво ги спасува сите луѓе и народи и ги обединува во една заедница на Телото Христово, кое е Црквата Православна, столб и тврдина на Вистината. И во таа заедница на Духот Свет во Христа, нема ни Евреин ни Грк, нема ниту Грк ни Македонец, ниту Србин ни Романец, туку сите се едно во Христа Исуса. Најдобар пример за ова е овој свет човек Божји, за кого зборуваме овде. Зашто овој свет Никодим, со Евангелието беше подеднакво и грк, и македонец и србин и романец, бидејќи не гледаше на телесното потекло свое, туку на благодатната светост и богоугодност, со кои вечно, себеси и другите ги украси во Грција, Македонија, Србија и Романија.
Преподобниот отец наш Никодим беше родум од централните подрачја на Македонија, од Прилеп, роден од татко Грк. Од рана младост беше воспитан во побожност и честитост, и вредно ги учеше книгите, бидејќи беше многу надарен. Особено проучувајќи ја божествената наука на Светото Писмо и светите учења на Православното богословие, тој со сета своја душа го засака монашкиот живот и Му се молеше на Бога да го удостои со монашко звање и чин. Бог ги услиши неговите молитви и му испрати некои монаси од Српскиот манастир на Света Гора, та светиот младич отиде со нив на Света Гора и таму се замонаши. Во монашкиот живот, преподобниот Никодим ги помина сите предложени подвизи и се удостои со ѓаконски и презвитерски чин. По смртта на игуменот на тамошниот манастир, за игумен беше избран преподобниот Никодим, бидејќи беше украсен со секоја богоугодна добродетел и со секое човечко и божествено знаење.
Знаењето на овој светител се одразуваше и во фактот дека тој многу добро ги знаеше словенските и грчкиот јазик, и можеше прекрасно да зборува и да преведува. Тој беше пријател со многу истакнати луѓе од тоа време (а тоа беше во четиринаесеттиот век), како што се: прекрасниот старец Исаија Светогорец, светиот Српски кнез Лазар, патријархот Евтимиј Трновски и многу други.
Но не приличеше овој светилник да остане сокриен под сад, туку да излезе на виделина и да свети за спасение на мнозина. Затоа, според несознајните за нас судови и патишта Божји, тој тргна од Света Гора Атонска кон Србија и пристигна во државата на славниот кнез Лазар. Лазар сакаше да го воздигне на висока духовна положба во својата земја, но Свети Никодим тоа го одби и се насели како обичен јеромонах во источните краишта на Лазаровата земја, околу Кладово, на Дунав. Тука светиот се посвети на богоугодни подвизи, по кои набрзо стана прочуен надалеку, така што кај него почнаа да доаѓаат многу луѓе желни за монашки живот и подвиг. Пристигнаа некои монаси и од Света Гора и од некои манастири од Србија, и околу преподобниот Никодим се создаде поголемо братство. На тоа место тој изгради и црква во името на Светата Троица и живееше тука некое време.
Потоа, по Божјо откровение, тој ја премина реката Дунав и се насели во Угровлашките краишта (во северинскиот Банат, во близина на денешниот град Тур-Северин во Романија). Со него појде и одреден број монаси и јеромонаси, и кога стигнаа таму, преподобниот Никодим го основа прекрасниот манастир Водица (на реката Водица), посветен на свети Антониј. Ова беше во времето на влашкиот господар Владислав-Влајко Вода (т.е. војвода, кој владееше од 1364 до 1377 година). Војводата Влајко ја потврди самовласноста на манастирот Водица со повелба, во 1374. година. Подигањето на овој манастир го потпомогна и српскиот владетел, светиот кнез Лазар, кој многу го љубеше светиот Никодим.
Набргу потоа, кога светиот кнез Лазар и српскиот патријарх, заради помирување на српската и цариградската патријаршија, испратија група монаси од Света Гора во Цариград, предводени од сечесниот старец Исаија (1375. година), во таа група го вклучија и преподобниот Никодим-Грчето, како добар познавач на српскиот и грчкиот јазик и како мудар толкувач и дипломат. За тоа вака пишува во Житието на старецот Исаија (кое се чува во Хиландар): „Го зеде тој со себе и Никодим, маж чесен и осветен, силен во книгите, и уште посилен во мудроста и зборовите и одговорите; по потекло Грк, кој во земјата Угровлашка подигна два големи и чесни манастири. Со силата и со помошта на Светиот Дух, тој собра таму големи мноштва на монашки општежитија, кои на таа земја сјаеја како светла ѕвезда со секоја духовна добродетел“. За успешното завршување на ова свето дело на помирување меѓу двете Патријаршии поопширно е дискутирано во Житието на светиот кнез Лазар (под 15. јуни).
Преподобниот Никодим во Влашка го подигна и големиот манастир Тисман (на истоимената река) и го посвети на Пресвета Богородица. Во тоа му помогнаа влашкиот војвода Раду I (1377-1384.год) и српскиот кнез Свети Лазар, кои на Тисманскиот манастир му подарија многу села. Преподобниот подигна уште неколку цркви и манастири во романската земја (црквите Вратна и Монастирица и манастирот Прислоп), и овие манастири станаа духовни расадници на монаштвото и на духовниот живот не само во Влашка, туку и во Молдавија и други Романски региони. Затоа православниот романски народ го почитува Свети Никодим како свој просветител уште од почетокот, и го нарекува со благодатното име - Осветен.
Преподобен Никодим мирно се упокои во Господа на 26. декември 1406 година и беше чесно погребан во својот манастир Тисман.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КОНСТАНЦИЈ РУС
Блажениот Констанциј, по раѓање Русин, служеше како јеромонах во црквата при руската дипломатска мисија во Цариград. Тој многу ја сакаше убавината на храмот, за што ги даваше своите средства; многу побожен, беше особено ревносен за извршување на богослужби и речиси секој ден служеше Света Литургија; и двапати неделно водеше разговори за прашања од верата, на руски и грчки јазик. Неговата побожност и ревност ги привлекуваа луѓето кон него, и сите го сакаа и го почитуваа.
За време на војната која во тоа време избувна меѓу Русите и Турците, Констанциј остана во Турција, но отиде на Света Гора; помина некое време во Лаврата на Свети Атанасиј, па отпатува во Ерусалим, во Светата Земја, за да се поклони на тамошните светињи. Оттаму се врати на Света Гора и повторно живееше во Лаврата, чекајќи да заврши војната и да се склучи мир. И кога мирот меѓу Русите и Турците беше склучен, тој се врати на својата должност во руската дипломатска мисија во Цариград, под водство на нов амбасадор.
Но, по некое време, тој влезе во сериозен конфликт со амбасадорот; не се знае поради што. И потоа, тој, или од страв, или од гнев, отиде пред султанот, се одрече од светата вера христијанска и прими ислам. Но, не поминаа ни неколку дена, си дојде на себе си, и како трезнејќи се од некое пијанство, почна со сета душа да се кае, плачејќи и ридајќи за својот огромен пад. Во тоа покајничко расположение и будење, тој го презре овој живот и со сето битие жеднееше да пострада за Христа. Затоа, тој ги искина на себе агарјански алишта, облече искината мантија, ја врза главата со црна шамија и повторно отиде во султанскиот дворец каде што неодамна се откажа од Христос, и пред сите таму бестрашно изјави и исповеда дека Христос е Единиот Вистински Бог, а Мухамед го одрече и го нагрди. Разбеснетите дворјани го фатија и на плоштадот пред султановиот дворец, со меч го обезглавија, во 1743. година. И така покајаниот отпадник го прими венецот на мачеништвото. По неговите молитви, и ние да се удостоиме на вечните блага во неминливото блаженство. Амин.