9. Јануари (27. Декември)
СТРАДАЊЕTO НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ, ПРВОМАЧЕНИК И АРХИЃАКОН СТЕФАН
Откако нашиот Господ Исус Христос ја изврши тајната на нашето спасение и се вознесе на небо, и од Отецот врз апостолите Го испрати Светиот Дух во вид на огнени јазици, и првата Црква во Ерусалим почна да се намножува, набрзо во неа се појави незадоволство од христијаните елини кон христијаните евреи (Дела 6:1). Под овие елини не се подразбираат оние елини кои се клањаа на идолите, а кои Светото Писмо обично ги нарекува незнабошци. Во тоа време, на незнабошците сè уште не им беше отворена вратата на верата во Христа, ниту пак им се проповедаше словото на спасението. Уште повеќе, незнабошците не беа примани во Црквата ниту набргу по каменувањето на Свети Стефан. Првиот незнабожец кој стана христијанин беше Корнилиј капетанот; него го крсти светиот апостол Петар. А христијаните од обрежаните евреи почнаа да негодуваат зашто Петар одеше меѓу необрежаните, и роптеа против него, сè додека не им го објасни видението што го имаше: за платното од небото. Тогаш тие се смирија и го славеа Бога, велејќи: „Значи Бог и на незнабошците им даде покајание за живот.“
Јасно е дека во време на животот на Свети Стефан, роптеа оние Евреи кои беа расеани низ разни земји и кои се држеа до законот на Мојсеј, како што и светиот апостол Јаков пишува во своето послание: „Поздрав до дванаесетте племиња, кои живеат раселени“ (Јаков 1, 1). – Овие Евреи го примиле елинскиот јазик, но не и елинската вера. Затоа, од оние кои што живееле во Ерусалим биле наречени Грци. Тоа го вели и Свети Златоуст: „Сметам дека и во овој случај елини се нарекуваат оние Евреи кои зборувале елински (= грчки). Иако Евреи, тие зборувале грчки.“ – Значи, такви елини - христијани викаа против ерусалимските Евреи – христијани, затоа што нивните вдовици беа занемарувани во секојдневната распределба на служењата: или им беа доделувани понезначајни работи, или им даваа помалку и полоша храна и облека.
Во такво опкружување, дванаесетте свети апостоли ги повикаа сите верни од тоа време и им рекоа: Не ни прилега да го оставиме словото Божјо и да служиме на трпези. Затоа, браќа, изберете меѓу вас седум угледни луѓе, полни со Светиот Дух и премудрост, кои ќе ги поставиме за оваа работа; а ние ќе останеме на молитва и на служба на словото (Дела 6:2-4). – Ова им се допадна на сите верни, и тие веднаш ги избраа: Стефан, човек полн со вера и со Духот Свет, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Никола, дојденец од Антиохија.
Самите имиња на овие избраници покажуваат дека тие по род не беа од Евреите кои живееја во Ерусалим, туку од оние што живееја во елинските земји, бидејќи имињата не им се еврејски, туку елински. Од нив, Стефан беше роднина на Савле, подоцнежниот апостол Павле; а Павле беше родум од градот Тарс во Киликија. Овие седуммина беа избрани меѓу елините за да им служат на сиромашните вдовици, за елините кои дотогаш тагуваа за своите запоставени вдовици да се смират, и да престанат да се жалат и да роптаат. Сите избрани ги доведоа пред апостолите, и тие се помолија за нив, ги положија рацете врз нив и ги ракоположија за ѓакони.
А Стефан, полн со вера и сила, беше прв меѓу нив, и затоа беше наречен архиѓакон. Тој правеше големи знаци и чуда меѓу народот. Тие чуда не се спомнуваат во Светото писмо. Но, тоа не е ни чудо, бидејќи и за делата на самиот Господ Христос ова се вели: „А има и многу други работи што ги изврши Исус и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги“ (Јован 21:25). Впрочем, со сигурност можеме да кажеме дека свети Стефан, слично на најстарите апостоли, положувал раце на болни и ги оздравувал. Покрај тоа, тој беше силен и во дела и во зборот, верните утврдувајќи ги во верата, а неверните Евреи прекорувајќи ги, докажувајќи им од законот и пророците дека тие неправедно, од завист, го убија Синот Божји, Месијата, очекуван толку векови.
Еднаш, кога меѓу Евреите, фарисеите, садукеите и елините Евреи се потпали расправија за нашиот Господ Исус Христос, и едни велеа дека е пророк, други дека е измамник, трети пак, дека е Син Божји, Свети Стефан се поткачи на една висинка и почна да им благовести на сите за Христос Господ, велејќи: „Луѓе, браќа! Зошто толку се лутите и се препирате, и целиот Ерусалим се подели? Блажен е човекот кој поверува во нашиот Господ Исус Христос, зашто заради тоа Он ги свитка небесата, се симна и се роди од Пресветата и Пречиста Дева, избрана уште пред создавањето на светот, за нас да нè ослободи од нашите гревови; Он ги зеде нашите немоќи и ги понесе нашите болести; на слепите им даде вид, на лепрозните очистување и ѓаволи изгонуваше.
А тие, кога го слушнаа ова, почнаа да се препираат, зборувајќи спротивно и хулејќи го проповеданиот Господ, како што за тоа пишува во Делата Апостолски: „Некои од синагогата наречена Либертинска и Кариниска и Александринечка, и некои од Киликија и Асија, се препираа со Стефан“ (Дела 6:9). Зашто Евреите кои живееја меѓу елините во разни земји, имаа свои засебни синагоги во Ерусалим. Така, покрај првата, архисинагога еврејска, во Ерусалим имаше многу синагоги на разни дојденци Евреи кои живееја во разни земји елински; и Евреите од секоја од тие земји исклучиво во својата синагога ги праќаа своите деца да го учат законот Божји. А и самите тие, секоја година доаѓајќи на поклонение во храмот Соломонов, се задржуваа по своите синагоги, се собираа и се поучуваа во нив, како што е гледа од втората глава од Делата Апостолски, каде што се вели: „Во Ерусалим имаше Евреи, луѓе побожни, од секој народ кој е под небото, Партијани, Мидијци“ и други (Дела 2:5, 9-11), односно Евреи што живееја во Партија, Мидија и останатите споменати земји, кои беа дошле на празник во Ерусалим. Според тоа, во Ерусалим имаше синагоги: Киликиска, Александриска и Киренејска. За Либертинската пак, велат дека во неа имало посебно племе Евреи, кои имаат потекло од оние Евреи кои некогаш беа заробени од Помпеј римски, а потоа ослободени, поради што биле наречени „либерти“, односно слободни. Затоа и светиот Златоуст вели: „Либертинци се нарекуваа оние на кои Римјаните им дале слобода. И бидејќи во Ерусалим живееја многу поклоници од разни земји, тие имале и свои синагоги во Ерусалим, каде што го слушаа читањето на Законот и се молеа.“
Затоа, луѓето од спомнатите синагоги: Либертинската, Киринејската и другите, препирајќи се со Стефан, не можеа да се спротивстават на премудроста и на Духот со кои тој зборуваше (Дела 6:10). И Свети Стефан во тоа време, со словото на вистината, надвладеа три дела од светот: Европа, Азија и Африка. Ја надвладеа и Европа во лицето на Либертинците кои беа дојдени од Рим, европски град; ја надвладеа Азија во лицето на Киликијците кои беа од Азија; ја надвладеа Африка во лицето на Киринејците и Александријците, кои беа пород на Африка.
Но, овие - поразени, немајќи што да кажат против вистината која што ја проповедаше Стефан, посветла од сонцето, се распалија со гнев и се разгореа со завист, и наговорија некои меѓу своите истомисленици, љубители на лагата, да ја известат големата архисинагога дека наводно го слушнале Стефан како зборува хулни зборови против Мојсеја и Бога. Откако ги побунија народот, старешините и книжниците, го нападнаа свети Стефан, го фатија и го доведоа во синагогата пред поглаварите на свештениците и пред големо мноштво законоучители. Доведоа потоа и лажни сведоци кои говореа: „Овој човек не престанува да хули на ова свето место и на Законот. Зашто го чувме како вели: Исус од Назарет ќе го разурне ова место и ќе ги измени обичаите кои ни ги предаде Мојсеј“ (Дела 6:10-14).
Меѓутоа, Свети Стефан стоеше среде тој убиствен собир како ангел Божји, сјаејќи со светлината на божествената благодат, како некогаш Мојсеј: зашто се преобрази надворешниот изглед на неговото лице, и сите кои седеа на соборот го видоа неговото лице како лице на ангел (Дела 6,15). А првосвештеникот го праша: „Вистина ли е она што за тебе го кажуваат сведоците?“ – Свети Стефан ја отвори устата своја и изговори долга реч. Започна со Авраам, кој прв го прими ветувањето за доаѓањето на Месијата. Потоа ја раскажа целата историја до Мојсеј, споменувајќи го со сиот стравопочит и уважение, и на тој начин јасно покажуваше и ги побиваше лажните сведоци дека тој не хули на Мојсеј и на законот Божји даден преку Мојсеј, и уште појасно докажуваше дека нивните татковци биле хулители на Мојсеја. Нашите татковци не сакаа, велеше тој, да го послушаат Мојсеја, туку го отфрлија, и со срцето свое се свртија кон Египет (Дела 7:39).
Потоа, побивајќи ја втората клевета, дека наводно хули на светото место, тој рече: „А Соломон Му изгради дом“ (Дела 7, 47). Со овие зборови, Свети Стефан како да велеше: Го знам ова свето место, по Божјо благоволение од царот Соломон мудро устроено и со славата Господова во облак покажана, осветено; го почитувам храмот, од човечки раце направен во слава Божја, но при тоа и ова го изјавувам: дека Бог повеќе сака да живее во духовни храмови, односно во чисти човечки души. Севишниот не живее во храмови направени од раце, рекол Свети Стефан, како што Бог зборува преку пророкот: „Вака вели Господ: небото е Мој престол, а земјата - подножје на нозете Мои; каде тогаш ќе изградите дом за Мене, каде е местото на Мојот спокој? Зашто, сето тоа го создаде Мојата рака, и сето тоа е Мое, вели Господ. А еве на кого ќе погледнам: на понизниот и скршениот по дух и на оној што трепери пред Моето слово“ (Исаија 66:1-2).
Конечно, исполнувајќи се со божествена ревност како некогаш Илија, свети Стефан почна да го изобличува целиот собор: „О, тврдоглави и необрезани по срце и уши, вие исто се противите на Духот Свет; како татковците ваши, така и вие. Кого од пророците не го протераа вашите татковци? Ги убија оние што однапред јавија за доаѓањето на Праведникот (ветениот Месија), чии сега станавте предавници и убијци (Дела 7:51-52).
Конечно, исполнет со божествена ревност како што некогаш бил Илија, Свети Стефан почнал да го прекорува целиот собор: „О, тврдоглави и необрезани по срце и уши, сите вие се противите на Светиот Дух; како вашите татковци, така и вие. Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? Ги убиваа оние што однапред го најавуваа доаѓањето на Праведникот (ветениот Месија), чии предавници и убијци вие сега станавте (Дела 7:51-52).
Овие зборови на свети Стефан предизвикаа кај првосвештеникот и книжниците неопишлив бес, и сите, слушајќи го ова, беснееја во срцата и чкртаа со забите кон него. Но Стефан не обраќаше внимание на нивниот гнев, бидејќи беше полн со Духот Свет, кој го правеше храбар и боговдахновен. Погледнувајќи кон небото, тој ја виде славата Божја. Дотогаш тој беше само обземен со желбата да ја види, и со цврста вера се надеваше дека ќе ја добие; а тогаш, непосредно пред напуштањето на телото, почна да ја гледа, и почетоците на блаженство од неа да ги доживува; го виде самиот Христос Исус, Владиката и Господ свој, како стои на небото и го очекува неговото доаѓање кај Него, за штом телото ќе биде ослободено, тој брзо да оди кај Него, и каде што е Тој, Самиот Господ, и таму каде Он, самиот Господ, ќе биде и слугата Негов (Јован 12, 26). А она што Стефан самиот го виде, им го објави на сите, извикувајќи со силен глас: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога“ (Дела 7:56).
Свети Стефан не го сокри ова свое видение, како што е тоа обичај меѓу светителите: заради своето смирение - да не ги кажуваат на другите откровенијата што им доаѓаат од Бога. Напротив, тој им го објави ова славно откровение на сите, за верните да се зацврстат во верата, а неверните да се посрамат. А тој го стори тоа и за да ги увери мачениците кои ќе бидат по него: дека за оние кои маченички умираат за Христа нема никакви препреки при нивното вознесение на небото, ниту каква било пречка, ни испитувања, туку им е отворен прав и слободен пат, отворено небо, подготвена награда, самиот Наградувач на подвизите стои и чека; Господовата слава го пречекува маченикот на небесната порта. И поради тоа, светиот Првомаченик, не премолчувајќи, на сите им го објавува она што го гледа, како со тоа да ги повикува и другите по себе кон истиот маченички венец.
Завидливите Евреи пак, навикнати да ги убиваат пророците, покрај тоа се беа кренале и против самиот Господ, Исполнителот на Законот и Пророците, сега не ги истрпија зборовите на вистината и не сакаа да слушаат за видението на Свети Стефан, туку, викајќи на сиот глас, ги притиснаа своите уши и еднодушно го нападнаа, го извлекоа од градот, како претходно и Господ Исус, кој благоизволи да страда надвор од градските ѕидини, и го засипуваа со камења добриот и верен слуга Господов. И за да им биде полесно да фрлаат камења на светителот, лажните сведоци и убијците ги соблекоа своите горни облеки и ги положија пред нозете на еден млад човек по име Савле, кој, иако беше роднина и истоплеменик на каменуваниот, силно беснуваше против него од ревност за Стариот закон. Савле, се вели во Делата на апостолите, беше согласен со неговото убиство (Дела 8:1). Свети Златоуст за тоа вака вели: „ Жалеше Савле што немаше безброј раце, со сите нив да го тепа Стефан; но и така откри дека маченикот го убиваа многу раце на лажни сведоци, чии облеки ги чуваше тој“.
Во времето кога Свети Стефан го убиваа во долината Јосафат, која лежи помеѓу Ерусалим и Елеонската Гора, покрај потокот Кидар, чии брегови имаат многу камења, подалеку на едно возвишение стоеше Пречистата Дева со Свети Јован Богослов, гледајќи од гората, и срдечно се молеше за Стефан на Господа и Синот свој, да го закрепне во трпението и да ја прими неговата душа во рацете Свои.
О, колку слатка, иако преку сурово каменување, беше смртта на светиот Првомаченик, кога неговиот подвиг го гледаа: од небесната висина, Преслаткиот Исус, а од земната гора, Преслатката Мајка со љубениот ученик! И кога Свети Стефан, под силниот дожд од камења што паѓаа на него, целиот облеан во крв, изнемоштуваше со телото и се разрешуваше од врските на телото, срцето го болеше не за себе, туку за оние што го убиваа, и поусрдно се молеше за нив отколку за себе. Зашто тој, стоејќи право, говореше: „Господи Исусе, прими го духот мој!“ – А за своите убијци тој клекна и со силен глас извика, велејќи: „Господи, не земај им го ова за грев!“ – И откако го рече ова, ја предаде на Господа Христос својата чиста душа (Дела 7, 58-60).
Така заврши прекрасниот подвижник; раскрварен со камења како со црвени рози беше овенчан првиот маченик и влезе во отвореното небо, кое го виде, кон Господа и Царот на славата, за да царува со Него во бесконечното царство.
Свети Стефан бил ракоположен за архиѓакон од светите апостоли наскоро по Педесетница, а пострада истата година по Вознесението Господово, на 27. декември, на возраст од нешто повеќе од триесет години. На лице беше многу убав, но по душа уште поубав.
Неговото свето тело беше фрлено да биде изедено од ѕверови и птици, и лежеше ден и ноќ непогребано. И дури следната ноќ, еден познат во Ерусалим еврејски законоучител, кој подоцна и самиот поверува во Христа со синот Авив, испрати чесни и верни луѓе, и тајно земајќи го телото на светиот, го однесе на својот имот, оддалечен од Ерусалим околу четири километри, наречен Кафаргамала, и таму чесно го погреба, силно оплакувајќи го. „И кој не би плачел“, вели Свети Златоуст, гледајќи го тоа кротко јагне, каменувано и мртво!“
Многу години подоцна, благочестивата ромејска царица Евдокија, сопруга на Теодосиј Помладиот, кога дојде во Ерусалим, на местото каде што светиот првомаченик Стефан беше убиен и земјата се обои со неговата чесна крв, подигна прекрасна црква во негово име, а во чест на Христос Бог, Кому му е слава вовек. Амин.
ЖИТИЕ И СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК И ИСПОВЕДНИК ТЕОДОР И БРАТ МУ, ПРЕПОДОБНИОТ ТЕОФАН, начертани
Меѓу мачениците настрадани за Христа, едни се подвизуваа за христијанската вера спротивставувајќи се на незнабошците кои ја штитеа својата идолопоклоничка заблуда; а други, подвизувајќи се за вистинската вера против христијани, но христијани кои неправославно веруваа, поднесоа не помалку тешкотии од првите, поради што добија венци еднакви со нив. Меѓу овие вторите е и прекрасниот и велики Теодор.
Теодор го одгледа Палестина, од Бога дадена во наследство на Авраам и со право наречена ветена земја, бидејќи од неа произлезе не само цел собор на Пророци и Патријарси, туку и самиот Христос оттаму е по тело, како и целиот собор на богоугодните Апостоли. Таа земја му го даде на светот и овој светилник на верата и столб на побожноста – светиот Теодор. Зашто неговите благородни родители, чиешто цело богатство и имот се состоеше во тоа што беа и се нарекуваа христијани, живееја во светиот град Ерусалим. Нивната фиданка, свети Теодор, уште во раното детство стекна голема мудрост од нив; и во детството поседуваше ум, не детски. Наместо да се занимава со детски игри и да им посветува внимание на театрите, тој постојано беше во Божјите храмови. За него, најпријатна претстава беше: грижливо да ги проучува добрите дела и добродетелните нарави, да ги учи и самиот да ги спроведува. Воедно со тоа, за него пофалба беше и ова: беспрекорно да ги слуша своите родители. Со еден збор: Теодор од почетокот покажа, како некоја плодносна овошка, каков ќе биде подоцна.
Кога Теодор порасна, родителите го дадоа во манастирот на свети Сава Осветениот, кај еден учен и добродетелен презвитер, за кај него да ги изучи Божествените книги на Светото Писмо, а воедно да се научи и на стравот Божји. Теодор имаше брат по име Теофан, помлад од него по возраст, но еднаков со него по добродетелта. Тие заедно учеа кај истиот презвитер. Бистар, Теодор за кратко време ја изучи сета книжевна наука што му беше предавана. Но, копнеејќи по повисока философија, по виши знаења, Теодор го напушти манастирот и најде еден постар, многу мудар човек и го замоли да го земе меѓу своите ученици. Кај овој учител, Теодор совршено ја изучи не само светската философија, туку стекна и духовната мудрост. Од него научи да го презира светот и сè што е во светот. И откако стана совршен во обете философии, во обете науки: во световната и духовната, тој повторно се врати во обителта на Свети Сава. И се замонаши.
Како монах, творејќи дела угодни на Бога, со својот живот ги надминуваше другите. Зашто, таму кој беше покроток од него? Кој понезлоблив? Кој повоздржлив? Кој подобро од него знаеше кога да молчи или да зборува, или што да направи, и тоа така што ниту молчанието да не се наруши, ниту корисен збор да пропушти да изговори во вистинско време, ниту некоја манастирска работа да остане несработена? Кој толку го умртви своето тело, ги заузди очите и јазикот и ги одби нападите на помислите, како Теодор? Поради таквите негови добродетели, по Божја промисла, а и по желба на тамошните браќа, Ерусалимскиот патријарх го ракоположи за презвитер.
И така, обителта на Свети Сава го имаше него како вредна пчела која грижливо го собира медот на добродетелите. Но, за преподобниот Теодор вреди да се каже и дека во него имаше нешто што некогаш го имаше и во пророкот Еремија, на кого од Бога му беше речено: Пред да те создадам во утробата, те познавав; и пред да излезеш од утробата, те посветив (Ер. 1:5). Зашто кога уште како момче живееше во Лаврата на Свети Сава и се учеше на книга кај претходно споменатиот презвитер, овој боговдахновен презвитер прорече за него: „Овој прекрасен младич својот подвижнички живот на земјата ќе го заврши со маченичка смрт заради Христа“. – Тоа подоцна и се случи, како што ќе се види од понатамошното излагање.
Во тоа време, повторно се разгоре иконоборната ерес, откако беше искоренета од Црквата по Лав Исавријанинот, Константин Копроним и неговиот син Лав Хазар, и од Седмиот Вселенски собор, свикан од побожната царица Ирина и нејзиниот син Константин, предадена на анатема. Оваа ерес ја обнови злочестивиот цар Лав Ерменин.
Кога свјатјејшиот патријарх Никифор го крунисуваше за цар Лав Ерменинот во соборната црква и му ја ставаше круната на главата, тој во рацете свои почувствува болка, како од трње, и му се чинеше на светиот круната во рацете остра и бодликава како трн; и тогаш на свјатјејшиот патријарх му стана јасно дека ова е јасно знамение за злата и маките што овој цар подоцна ќе ѝ ги нанесе на Христовата Црква.
Во почетокот, лукавиот цар ја криеше тајната ерес во себе и се покажуваше побожен, сè додека не се зацврсти на престолот. Но, по големата војна со Бугарите, од која излезе како славен победник, тој го изблува отровот на злобата што ја криеше во себе и отворено покажа дека е иконоборец. А тоа стана на следниот начин. По враќањето од војната, царот се сети на еден монах затвореник кој еднаш му прорекол дека ќе стане цар, што и се случи. Сакајќи да му се заблагодари за пророштвото, кралот по еден од своите верни слуги му испрати разни подароци: златни и сребрени садови, намирници и индиски мириси. Но, царевиот пратеник не го најде монахот жив, бидејќи беше умрел, а наместо него во истиот тој затвор живееше неговиот ученик, Саватиј. Пратеникот на царот почна да го моли Саватиј да ги прими царските дарови испратени за неговиот учител, и да се моли за царот. Меѓутоа, Саватиј ги одби и даровите и нивниот доносител и изјави дека царот е недостоен за царскиот престол, бидејќи ги почитува иконите и им се покорува на догмите пропишани од претходната царица Ирина и поранешниот патријарх Тарасиј. Притоа, бедникот ги грдеше Ирина и Тарасиј, нарекувајќи ја Ирина рис, а Тарасиј народен мативода; а пак на царот Лав му се закануваше со брзо губење на царството и животот ако што поскоро не ги отфрли иконите како идоли.
Кога се врати кај царот, пратеникот му раскажа сè што слушна од црноризецот, а му го предаде и писмото за ова од него. Збунет од ова, царот го повика својот најверен советник по име Теодот, син на мелискиот патрициј Михаил, наречен Каситер, и насамо се советува со него што да прави. А Теодот, одамна заразен со иконоборната ерес, само чекаше згодна прилика за отворено да го изрази своето зловерие. На царот тој му го даде овој совет: Во Дагистинскиот манастир живее еден свет монах, чудотворец и прозорливец: потребно е да се поразговара со него и да се постапи според неговата наредба.
Кога го кажа ова, и царот се согласи со тоа, Теодот кришум итно отиде во Дагистинскиот манастир кај тој црноризец, кој беше еретик, и му рече: „Следната ноќ царот ќе дојде кај тебе во бедна облека, да поразговара со тебе за верата и за други работи и да добие од тебе мудар совет. А ти советувај го да ги прифати отфрлените догми на претходниот цар, Лав Исавријанинот, и од Божјите храмови да ги истера идолите (така овој бедник ги нарекуваше светите икони). Потоа погрижи се да го уплашиш, дека ако не го стори тоа, за кратко време ќе го изгуби и животот и царството; ако пак тој вети дека ќе го стори тоа, тогаш пророчки претскажи му долг живот и среќно владеење.
Така, еретикот Теодот се договори со тој монах еретик, кон свето зловерие да го привлечат царот, кој веќе беше наклонет кон намерите на нивните срца. Царот, не знаејќи ништо за лукавството на Теодот, штом падна ноќ, се упати кон тој лажен чудотворец и лажен пророк, преоблечен во бедна облека за да не го препознаат. А го водеше истиот Теодот. Кога дојдоа кај спомнатиот црноризец и го започнаа разговорот, црноризецот, стоејќи близу до царот, и како да го препозна царот во него преку божествено откровение, со чудење рече: „Не си постапил добро, царе, со тоа што со твојата бедна облека го криеш од нас твоето царско достоинство. Но, иако го направи тоа, сепак, Божјата благодат не допушти долго да останеме во незнаење, туку ни откри дека си цар, а не обичен човек“.
Кога го слушна ова, царот се запрепасти и поверува дека овој црноризец е свет човек, чудотворец и прозорлив пророк. И царот лесно се приклони на сè што му нареди, не сомневајќи се ни најмалку во она што го пророкуваше неговата устата, и прифаќаше сѐ како душекорисен и здрав совет од овој, кој всушност беше душегубен и полн со змиски отров. И вети царот дека веднаш ќе исполни сè што му советуваше црноризецот еретик, поттикнат од сличен на себе еретик, Теодот. И си отиде царот, полн со зла намера, да го започне гонење на светите икони.
И така, како силна бура, царот веднаш почна да ја вознемирува Христовата Црква: го испрати свјатјејшиот патријарх Никифор, кој не го прифати неговиот безбожен предлог, на заточение во Проконис; истото го стори и со Теофан, настојателот на обителта позната како Големо Село, и со Теодор Студит, и со многу други големи и боговдахновени отци кои силно му се противеа. Царот сите ги протера и ги испрати на заточение во блиските и далечните земји. А на патријаршискиот престол, на самиот Велигден, го воздигна гореспомнатиот еретик Теодот Мелисиски, наречен Каситер, својот советник. И беше тој како „мерзоста на опустошението што стои на светото место (Мт. 24,15; Дан. 9,27).
Тогаш Бог, во праведниот свој гнев кон неразумниот цар, дозволи ненадејна наезда на иноплеменици, Арапи. Зашто тие, жителите на источните пустини, ја собраа сета своја сила и навлегоа во ромејските подрачја пустошејќи ја земјата, напаѓајќи ги палестинските манастири, меѓу кои и манастирот на Свети Сава Осветен, во кој беа монаси блажениот Теодор со својот брат Теофан. Светиот Патријархот на светиот Град Ерусалим разбра дека е ова казна за гревовите и последица на гневот Божји за исмејувањето и отфрлањето на светите икони. Воден од ревност за Православието, тој почна да бара начин како да го угасне огнот и да го изобличи злото правено од рушителите на отечките преданија и новаторите. Барајќи начин, тој разбра дека најсоодветен за оваа работата е преподобниот Теодор, надалеку познат по својата праведност и мудрост, човек кој дише со божествена ревност и, како бестрашен јунак, стои на стража на Православието. Откако го огради со молитва и го утврди со надеж во Христа, патријархот го испрати во царскиот град за да го разобличи беззаконието.
Како послушен син, блажениот Теодор не одби да ја изврши наредбата, туку со радост се покори, подготвен за вистинската вера да прими не само многубројни трудови, туку и најголеми страдања и душата своја да ја положи за почитувањето на светите икони. Земајќи го со себе својот брат Теофан, свети Теодор тргна на пат и брзо стигна во царската престолнина. Таму тој најпрво неустрашливо го изобличи за ерес наемникот кој не беше пастир, односно лажниот патријарх Цариградски, Теодот Мелисиски. Го разобличи што ги расипува оние со кои управува, ги уништува оние кои ги храни со смртоносна храна на еретичкото учење, ги убива оние што ги пасе и ја разорува црквата на правоверието градејќи идолиште на зловерие. Тогаш преподобниот застана пред самиот цар и, имајќи го во устата словото Божјо како остар меч, почна да го застрашува царот, докажувајќи му дека не само што ја погубува сопствената душа, туку и луѓето Божји ги развратува со измама и ги влече во својата погибел. И преподобниот го молеше царот да го остави злочестивото умување и да ѝ се врати на побожноста.
И потоа му рече на царот: „Можеби на тој начин ќе го умилостивиш Господа и нема да ја испиеш целата чаша на гневот Божји кој веќе те притиска“.
Восхитувајќи се од слободата на говорењето на преподобниот, од убедливоста на неговите зборови, од кротоста на неговата природа и од неговата бестрашна смелост, царот во исто време се засрами од неговата света честитост, и кротко го прими неговиот укор. Потоа, повикувајќи го по втор пат, царот пријателски разговараше со него, и го праша кој е, од каде доаѓа и што сака да постигне со своето бестрашно изобличување. Преподобниот го извести царот дека татковина му е Палестина и дека оттаму дошол со цел отворено да се залага за почитувањето на Бога, бидејќи гледа како Го срамотат Небесниот Цар на Неговите икони и Го навредуваат, неправедно гонејќи ги Неговите побожни служители. Притоа, му рече на царот: „Нема потреба да се срамиме или да се плашиме од земниот цар, кога тој го гневи Бога“.
Тогаш преподобниот почна да ги толкува догмите на светата вера и да поучува за должното молитвено почитување на божествените икони. Цитирајќи притоа многу места од Светото Писмо, тој го додаде и ова: „Почитувањето на светите икони е знак на нашата љубов и стремеж кон Христа, како и сведоштво за нашата вера и нашето исповедање на вистинитоста за Неговото воплотување“. – Царот долго се препираше со светиот, спротивставувајќи му ги причините за неговото зловерие, но без никаков успех, бидејќи зборовите на божествениот човек беа тврди како дијамант, и верата негова непоколеблива како тврда карпа. И по долга расправија, Теодор го победи царот и му ја докажа неодржливоста на неговите сфаќања. Што направи тогаш лукавиот цар? Тој смисли, со ласкања да го поколеба непоколебливиот столб, обидувајќи се со молби и дарови и со ветувања за чест да го убеди преподобниот Теодор на едномислие со него, но и тоа остана без успех. Најпосле, светиот му рече на царот: „Царе, си ги заборавил заветите што ги даде на Бога кога архиерејот ја ставаше круната на твојата глава. Поштеди ја душата своја и врати ѝ го на Црквата нејзиниот украс. Не војувај со Бога, кој е Судија, праведен и силен“.
Тогаш царот, променувајќи ја лукавата кротост во својствената природна, ѕверска разјареност, нареди, та исповедникот на Христос Теодор и неговиот брат Теофан ги тепаа долго и силно. Потоа двајцата ги испрати на заточение во морска клисура, заповедувајќи никој да не им дава ни храна, ни пијалок, ни облека, за, - рече безбожниот цар - злите да загинат со зла смрт.
Додека светителите така страдаа за иконите Христови, „Бог - Господ на осветата“, не задоцни со праведниот суд Свој да му возврати на беззаконикот. Зашто царот, кој имаше и име ѕверско и ѕверска природа, загина како ѕвер: беше заклан. А ова гинење беше претскажано со особено откровение кое мајката на царот го доби кратко време пред погибијата на нејзиниот несреќен син. А таа, веќе многу години беше вдовица, и го живееше животот во воздржание. Во сон имаше видение: ѝ се чинеше како да оди во Влахернската црква на Пречистата Дева Богородица, и влегувајќи низ вратата сретна некоја пресветла Дева, опкружена со мноштво луѓе во бели облеки, а целата црква беше исполнета со крв што течеше како река; Девата му нареди на еден од белорисците да нацрпи бокал со крв и да ѝ го даде на мајката на безбожниот цар да го пие. Гледајќи го ова, мајката на царот со ужас рече: „ Веќе многу години не јадам месо поради моето вдовство. Како тогаш да ја пијам оваа крв?“ – Тогаш Пресветата Дева со гнев ја праша: „А зошто твојот син не престанува да пролева крв и така да ме лути мене и мојот Божествен Син?“
Од ова, на царевата мајка се разбуди, полна со страв и трепет. И од тогаш, таа непрестајно и со многу солзи го советуваше својот син, царот, да престане да ги гони светите икони и заради нив да пролева христијанска крв. Но вториот Јуда, роб на ересот и лукав измамник, остана непоправлив.
А се случи и уште едно страшно видение, кое самиот цар го имаше на шест дена пред својата ужасна смрт. На царот во сон му се јави свјатјејшиот Тарасиј, патријархот во времето на царувањето на Ирина и Константин, кој веќе одамна беше починал. Со голем гнев, патријархот Тарасиј му наредуваше на еден маж, Михаил, да го удри царот со меч. Извршувајќи ја наредбата, Михаил силно го удри царот и сосема го прободе.
Самиот гледајќи го ова во сон, царот се разбуди не без голем трепет, прашувајќи се што може да значи тоа. Но, сметајќи дека во манастирот на Свети Тарасиј има некој Михаил кој има намера да го убие, тој веднаш нареди да му ги доведат монасите оттаму; и, распрашувајќи се за Михаил, нареди да ги држат во окови додека самите не му го покажат Михаил.
Во тоа време, во Цариград живееше еден војвода по име Михаил, со прекар Травлос или Вавлос, по род од Амореја. Претходно, самиот многу му помагаше на Лав да го освои царскиот престол и му беше верен и мил, та царот Лав како кум му го крсти синот. Меѓутоа, тој Михаил подоцна поради нешто му се налути на царот и своето пријателство го претвори во непријателство; и многу пати, веселејќи се со своите пријатели, во пијана состојба, безгрижно, за царот зборуваше лоши работи. И некои што тајно беа непријателски настроени кон царот, гледајќи го непријателскиот став на Михаил кон царот, му се придружија; и нивниот број не беше мал. И тие се договорија да го убијат царот и на престолот да го доведат Михаила. Но Михаил, со својот нескротлив јазик, не умееше да молчи, туку некаде се пофали дека ќе биде цар. Ова стигна до ушите на царот, и тој веднаш го фати Михаил и го осуди да биде жив изгорен. Окованиот Михаил веќе го водеа кон печката на бањата за да го изгорат, на што беше присутен и самиот цар, сакајќи со свои очи да го види неговиот крај. Беше 24 декември, Бадник, во пресрет на Божиќ. Меѓутоа, царевата сопруга Теодосија, откако дознала за ова, итно излезе од дворецот и почна луто да го прекорува царот и да го нарекува богопротивник затоа што дури ниту светиот празник не го почитувал кога требало да се причести со Божествените Тајни. Царот ја послуша и нареди Михаил да го вратат, одложувајќи го неговото горење за друг пат. И потоа, свртувајќи се кон царицата, рече: „Жено, направив како што ми заповеда, послушувајќи го твојот гневен совет; но, ти и нашите деца наскоро ќе видите што ќе се случи после ова“.
Со овие зборови, беззаконикот цар неволно изговори пророштво за себе, бидејќи крајот му беше многу близу. Окованиот пак Михаил, царот го довери на чување на дворскиот стражар Папија, а самиот кај себе ги зеде клучевите од оковите на затворените. И целата таа ноќ царот ја помина без сон и тажен, зашто духот во него беше вознемирен, не знаејќи што да прави. Но, откако стана, сам отиде да види што прави затворениот: дали плаче и тагува, како што е обичај кај осудените на смрт. И кога тивко ја подотвори тајната врата од собата на Папија, виде нешто сосема неочекувано, имено: Михаил, кого се надеваше дека ќе го најде тажен и во сета, го виде како цврсто спие на високиот и убаво уреден кревет на Папиас, а Папиас спие на гола земја. Царот се зачуди кога го виде осудениот затвореник во таква чест и спокојство, па си замина гневен, заканувајќи се дека веднаш ќе го погуби не само Михаила, туку и Папија. Тоа го слушна едно момче кое спиеше во истата соба; и препознавајќи го царот, ги разбуди Михаила и Папија, им кажа дека дојде царот и се закани дека ќе ги погуби и двајцата. И сите ги обзеде страв. Тогаш Михаил, без противење од Папија, веднаш кај своите следбеници го испрати некој Теоктист со оваа порака: „Ако веднаш и без одложување не го спроведете во дело она за што се договоривме, тогаш јас утре на царот ќе му кажам сè и секого од вас ќе ве обвинам одделно, така што не само јас да ја изгубам главата, туку и сите вие со мене.“
Заговорниците се исплашија од оваа закана, па се состанаа и почнале да договараат како да се спасат себеси и Михаил од оваа опасност и смрт. Ова се случуваше на полноќ, а во црквите започнуваше вообичаеното бдение за Христовото Рождество. Откако заговорниците се договорија, го скрија оружјето под наметките и се упатија кон царскиот дворец, кон таканаречената слонова капија. Таму се измешаа со царските пеачи, кои низ таа порта влегуваа во придворната црква, и заедно со нив влегоа во црквата, божем на бдението. И царот дојде во црквата и, според својот обичај, стоејќи зад десната певница, самиот го отпочнуваше црковното пеење, а имаше многу силен глас. И кога веќе се пееше Канонот и се приближуваше седмата песна, заговорниците почнаа тивко да си велат еден на друг: „Зошто стоиме тука денгубејќи? Еве, пеењето наскоро ќе заврши. Што чекаме?
Во тој момент, царот гласно запеа: „Всецарја љубовију уловленији отроци, укориша“. Тогаш еден од заговорниците извади меч од под облеката, се нафрли на царот, но направи грешка: наместо царот, го удри хороводецот на десната певница, или затоа што хороводецот беше сличен по раст на царот, или затоа што имаше покриена глава како царот поради зимата. Кога хормајсторот одеднаш ја откри главата, грешката беше откриена. И царот, сфаќајќи дека се работи за заговор, побегна во олтарот, зграпчувајќи крст и со него се заштитуваше на дверите, одбивајќи ги ударите на заговорниците. Тогаш налета еден страшен војник со огромен раст. Здогледувајќи го, царот почна да го преколнува со олтарот Божји да не му чини зло. „Сега не е време за преколнување, туку за убиство“, одговори тој и со мечот му нанесе на Лав Ерменецот силен удар, тешко ранувајќи го, отсекувајќи му ја раката заедно со крајот на крстот. Потоа и останатите војници почнаа да го касапат царот; и тој, паѓајќи на земја, се тркалаше и се капеше во својата крв, сè уште дишејќи. Друг војник, кога виде дека царот сè уште дише, му ја отсече главата.
Така, заклан како ѕвер, беззакониот цар, во ужасни маки, својата душа ја предаде во зори. Беше убиен на истото место каде што најпрво се дрзна да ја фрли на земја иконата на Спасителот, да ја исплука и со нозе да ја изгази. Царуваше царот Лав Ерменин седум години и пет месеци; по својата суровост тој беше еднаков на големите древни гонители на Црквата. По убиството, неговото тело беше фрлено на плоштадот среде градот и цел ден лежеше таму, осакатено, и не се најде никој да ја оплакува неговата смрт, туку целиот град се радуваше.
Уште се раскажува и дека во моментот кога овој беден иконоборец беше убиен, од небото се слушна некој радосен глас, кој на мнозина им ја објави смртта на злочестивиот цар. Некои морнари, слушнувајќи го тој глас, го запишаа часот, а потоа дознаа дека тоа е часот во кој загина ѕвероподобниот крвопиец. Со неговите деца пак, се случија работи двојно пострашни од она што тој го направи со децата на неговиот претходник, царот Михаил Рангава: зашто како што тој ги кастрираше двата сина на царот Михаил, така беа кастрирани и неговите четири сина: Василиј, наречен Константин и предодреден да биде цар, Саватиј, Григориј и Теодосиј. Но, Теодосиј, не можејќи да ги издржи болките на кастрацијата, умре и беше погребан со својот татко; а Василиј, преименуван во Константин, онеме од маките на кастрацијата. Сите беа затворени со нивната мајка.
Штом Лав беше убиен, војниците поитаа кон Михаил и го седнаа на царскиот престол со сѐ синџирите на нозете, бидејќи клучот од синџирите, како што беше кажано, го чуваше самиот цар. Потоа, кога се раздени, му ги искинаа синџирите и го одведоа во големата црква. И, на Божиќ, Михаил Травлос беше крунисан за цар.
По стапувањето на Михаил на престолот, сите Христови исповедници беа пуштениени од заточение и секој од нив без пречки се врати во својот дом. Иако новиот цар Михаил не беше православен, туку беше наклонет кон иконоборната ерес, сепак не ги гонеше православните, оставајќи слобода на секого да верува како што сака. Тој беше човек неук во Божјата реч и не се бавеше со книга; целосно беше потопен во суетата и грижите на овој свет.
Блажениот Теодор со својот брат Теофан се врати од заточение, но не во татковината, Палестина, туку во Цариград - местото кое им се даде за проповед, и почнаа јавно да проповедаат побожност, мнозина одвраќајќи од иконоборната ерес и учејќи за Православието.
Во тоа време, во Цариград живееше еден човек по име Јован, кој припаѓаше на истата, на иконоборната ерес како и царот и кој имаше големо влијание врз царот. Носејќи монашка облека и лицемерно покажувајќи се како пример на доблеста, тој го плени не само царот, туку и многу членови на Сенатот, та тие го слушаа и се придржуваа до неговите лукави совети како да се мудри. Подоцна седна на патријаршискиот престол по Теодор Еретикот, и самиот како еретик. Не сакајќи да ги гледа на слобода Теодор и Теофан, тие два светилника на православието кои го просветлуваа целиот царски град, тој ги стави во затвор. Потоа ги повика кај себе на разговор и долго се расправаше со нив. Но бидејќи не можеше да ги победи, тој кај царот, како негов учител и прв советник, издејствува, та ги протера од градот и ги испрати на заточение во регионот наречен Состениум. Но, на преподобните исповедници, туѓата земја, заради Христос, им стана како татковина, бидејќи тие и тука беа подготвени да страдаат за Христовите икони.
Набрзо потоа, умре царот Михаил, оставајќи го зад себе на престолот својот син Теофил, кој уште поревносно од другите беше посветен на иконоборната ерес и кој повторно подигна прогон против Црквата. И повторно почнаа да ги отфрлаат светите икони и да ги исмеваат; и повторно почнаа за православните да се подготвуваат маки, судови и темници; и се обновија сите видови неправедни мачења. И мнозина беа мачени за да се покорат на царската волја; и мнозина, плашејќи се од маките, се покорија, иако подоцна се покајаа. Тогаш, и светиот Теодор и неговиот брат ги достасаа нови страдања. Царот беше известен дека е непоколеблив во исповедањето и непобедлив во словото, и како што самиот ги почитува иконите, така и другите ги учи да прават.
Безбожниот цар веднаш нареди, и блажениот Теодор, со Теофан и други православни, беа изведени пред градскиот епарх на суд. И бидејќи на судот, по долга расправија, како и ласкања и закани од епархот, светиот Теодор не се покори, го соблекоа и долго време силно го тепаа со дебели камшици. А кога мачителите престанаа да го тепаат, тој стоеше среде судот гол и крвав, на приказ пред ангелите и луѓето, радувајќи се на раните добиени за Христа. Оваа сцена му се виде непристојна на епархот, но светиот рече: „Јас сум борец и излегов да се борам со непријателите за иконите на мојот Господ; а борците обично во битка излегуваат голи. Затоа, и јас сега стојам гол, за да можам, ако видам некој од верните да изнемоштува од раните што сега им ги нанесувате, веднаш да го подметнам под ударите моето тело наместо неговото. И со тоа недостатокот на неговото трпение да го надоместам на моето тело.“ – О, ете силен јунак! О, бестрашни зборови! О, устрем кон Бога!
После тоа, блажениот Теодор и неговиот брат беа повторно испратени на заточение во Офиуса, остров на Црно море. И кој ќе ги искаже нивните страдања по патот и во споменатото место: синџири, бури, глад, жега, мраз, клевети, напади, секојдневно умирање? – Доволно е да се каже дека тие заради Христа, радосно го трпеа сето ова, заедно со вториот прогон.
Поминаа две години и по царска наредба повторно беа донесени во Цариград и на сослушување ги изведоа пред самиот цар. Зашто на царот му беше многу важно да ги вовлече во своето зловерие. А она што го претрпеа во тоа време се гледа од посланието што подоцна му го напишаа на Јован, епископот Кизички. Во тоа послание тие самите за себе го кажуваат следново:
„Кога нè доведоа до царскиот дворец, и ние, предводени од епархот, влегувавме низ портата, царот ни се причини многу страшен и целиот полн со бес; а мноштво дворјани кои стоеја пред царот нè опколија, и ние од далеку му се поклонивме. Тој многу луто и ужасно грубо ни нареди да му се приближиме и нè праша: „Во која земја сте родени?“ - Кога му одговоривме: „Во Моавитската“, тој повторно нè праша: „Зошто дојдовте овде?“ - И пред да му одговориме, тој нареди да нè удираат по лице. И долго време страшно ни удираа шамари, така што речиси паднавме на земја; и ако јас, вели Теодор, не се фатев за облеката на оној што ме тепаше, ќе паднев крај подножјето на царскиот престол; меѓутоа, држејќи се за облеката на оној што ме тепаше, неподвижен ги примав ударите. А кога престанаа да нè тепаат, царот повторно нè праша: „Зошто дојдовте овде?“ - Ние молчевме и гледавме во земјата, бидејќи сè уште не си бевме дошле на себе од силните болки од тепањето. Тогаш царот, обраќајќи се кон епархот кој стоеше близу, бесно викајќи и грозно пцуејќи, рече: „Одвлечи ги одовде, жигоси им ги лицата, и потоа предај им ги на двајцата Сарацени, да ги однесат во нивната земја.“
„Недалеку пак, стоеше еден поет, кој во рацете држеше хартија на која беа напишани стихови за нас. Кралот му нареди да ги прочита стиховите и додаде: „Ако стиховите се лоши, не грижи се!“ - Поетот одговори: „ И вакви стихови се доволни за да им се потсмеваат“. - Некој од присутните забележа: „Тие, господару, не се достојни за подобри стихови“. - Тогаш беа прочитани следните стихови:
Бидејќи сите сакаат да го посетуваат градот,
Каде Божји нозе стоеја,
Давајќи му на светот радост, -
И овие се појавија таму,
Најрасипани садови на заблудата.
И откако се предадоа на многу гревови,
Тие - неверници и непотребни,
Беа од тука како злочинци протерани.
Но, враќајќи се во овој царски град,
Не престанаа зло да прават.
Затоа лицата им ги жигосаа,
И како зли, беа протерани оттука.
„Откако ги ислушавме стиховите што ги читаа, царот нареди да нѐ одведат под стража. Но, кога излеговме, некој нè стигна и нареди да се вратиме; и ние веднаш пак бевме изведени пред царот. Кога нè виде, царот рече: „Ми се чини дека вие, заминувајќи си од тука, си рековте: Му се наругавме на царот. Но, ете, прво јас ќе ви се наругам, а потоа ќе ве отпуштам.“
„Откако го кажа ова, нареди да нè соблечат. И откако нè соблекоа, прво почнаа да ме тепаат мене, - вели Теодор. - При тоа, самиот цар им помагаше на оние што ме тепаа и постојано викаше: Удирај посилно! - И ме тепаа по рамењата и градите без поштеда и милост. А додека ме тепаа, јас викав: „Ништо не ти згрешивме, царе!“ а и ова: „Господи, помилуј! Пресвета Богородице, дојди ни на помош!“
„Тогаш почнаа да го тепаат мојот брат и тој на сличен начин запомагаше и велеше: Пресвета Богородице, Ти со Твојот Син бегаше во Египет, погледни на мене, мачениот! Господи, Господи, Ти го избавуваш слабиот од рацете на силникот, не ја оттргнувај помошта Твоја од нас!“
„Откако царот нè претепа до сита душа, повторно нареди да нѐ одведат под стража.“
Сето ова, храбрите страдалници му го напишаа самите за себе на епископот Кизички.
По четири дена, тие беа повторно изведени пред епархот. И тој умилно рече: „Причестете се со нас само еднаш, а потоа ќе ве пуштам да одите каде што сакате.“ – Блажениот Теодор се насмеа и рече: „Господине Епарху, вашиот предлог ми изгледа како некој да ми вели: Само едно те молам, дозволи ми да ти ја отсечам главата, а потоа оди каде што сакаш. Затоа, знај: полесно е да се помести земјата нагоре, а небото надолу отколку да се одвратиме од Православието.
Тогаш епархот нареди да им бидат жигосани лицата, така што на нив ќе бидат врежани наведените стихови. А на страдалните, неодамна нанесените рани сè уште не им беа заздравени, и сè уште многу ги болеа. Но, без оглед на тоа, тие ги испружија на штици на грб и почнаа да им ги боцкаат челата и лицата со специјални алатки, врежувајќи им ги гореспоменатите стихови. Цел ден ги мачеа со оваа резба, и дури кога сонцето зајде и се стемни, мачителите престанаа. И жигосаните, „начертани“ страдалници, одејќи си од епархот, говореа: Знајте, сите вие што сте тука, дека херувимот кој го чува рајот, кога ќе го види на нашите лица врежаното, ова начертание, ќе го спушти својот пламенен меч и ќе ни даде слободен влез во рајот. Затоа што ова ново мачење, што ни го подготвивте, не било од почетокот на векот. Нема сомнение, ова начертание ќе се најде и на лицето Христово, а вината за тоа ќе падне на вас, зашто Он кажува: „Кога му го направивте тоа на еден од најмалите Мои браќа, Мене Ми го направивте“ (Матеј 25, 40).
По ова ново и безочно мачење, издржано заради светите икони, и додека крвта сè уште течеше, светите беа затворени. Потоа, по наредба на овој спомнат Јован, кој во тоа време веќе беше патријарх, тие повторно беа испратени на заточение во Апамеја Витиниска. При тоа, беше издадена наредба: кога таму ќе умрат, нивните тела да не бидат удостоени со погребение како на луѓе, туку да бидат фрлени далеку вон градот, како мрши од стока.
Кога пак светите исповедници патуваа на заточение, се случи да поминат покрај островот каде што во тоа време живееше, исто, во заточение за светите икони, Свети Методиј, подоцна патријарх Цариградски. Тој беше затворен таму, заклучен во една гробница со двајца разбојници, а храна добиваше од некој рибар. Сретнувајќи се случајно на патот со овој рибар, светите од него дознаа сè за Свети Методиј. Но бидејќи им беше невозможно да се видат со него, бидејќи војниците што ги придружуваа беа многу сурови, му ја напишаа и по тој рибар му ја испратија оваа мала песна:
До живиот мртовец кој во гроб живее, На земјата живее, а по небото оди, Му пишуваат окованите маченици во синџири, Пишуваат оние чии лица се начертани.
Откако ја прочита оваа песна и откако од кажувањата на рибарот научи многу за преподобните маченици, Свети Методиј се утеши во духот и му вознесе благодарност на Бога, Кој ги засилува во таквиот подвиг. И тој им напиша на преподобните страдалници ваква песна:
Запишани во непропадливата книга небеска,
Двајца, со жигосани лица,
Нив, оној што е пред смртта погребен,
Ги поздравува, затвореникот жив погребен.
Водени од војници, светите пристигнаа во Апамеја, носејќи на челата свои веродостоен знак на нивната благочестива вера во Христа. И таму беа затворени. Преподобниот Теодор, веќе многу стар и исцрпен од многубројните рани и од поднесените трудови, се упокои во Господа во затворот, на денот на светиот првомаченик Стефан, и отиде во вечниот покој, оставајќи го своето многустрадално тело во оковите што за Христа ги прими. А братот негов по тело и по дух, преподобниот Теофан, оплакувајќи го разделувањето со него и пеејќи надгробни песнопеенија, го положи телото на својот брат во дрвен ковчег.
Се вели дека еден старец, велик во добродетелта, случајно се нашол во Апамеја во времето на упокојувањето на преподобниот Теодор и слушнал ангелско пеење одозгора, што беше доказ за неговото свечено влегување со ангелите на небото.
По смртта на царот Теофил, на Црквата ѝ беше даруван мир: зашто благочестивата царица Теодора, со својот син Михаил, ги врати од заробеништво сите свети отци и им оддаде чест и пофалба. Тогаш и Свети Теофан беше пуштен од заточение. Тој, заедно со другите, дојде во Цариград, носејќи на челото знак на победата над зловерието и беше знаменит меѓу светите отци како херувим меѓу ангелите. Во првата недела од Светата Четириесетница, беа многу свечено внесени светите икони во Црквата. За оваа свеченост, блажениот Теофан напиша и испеа прекрасен канон. Потоа беше поставен за митрополит на градот Никеја и ракоположен од светиот патријарх Методиј, оној кој претходно беше заробен и затворен во гроб. И така, светлината на Православието заблеска, и со благодатта Христова, целосно беше протерана темнината на иконоборната ерес, која сто и дваесет години ја вознемируваше и сматуваше Црквата Божја.
Набргу потоа, од Апамеја во Халкидон беа пренесени чесните мошти на исповедникот Христов, преподобниот Теодор, и од нив беа дадени многу исцеленија, во слава на Христос Бог, славен со Отецот и Духот вовек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ТЕОДОР, Архиепископ Цариградски
Свети Теодор беше родум од Цариград, каде што го доби своето образование. Кога достигна зрела возраст, поради неговата голема побожност и големи доблести беше ракоположен за презвитер на Големата Црква. Потоа стана сингел (сокелијник на патријархот, кој управува со многу црковни работи наместо патријархот) и скевофилакс (чиновник кој се грижи за драгоценостите на патријаршиските и епископските дворови). По смртта на тогашниот патријарх Цариградски, Константин, блажениот Теодор беше принуден од царот, и од целиот сенат, а особено од соборот на свештените архиереи, да ја прифати патријаршиската положба и така беше хиротонисан за патријарх Цариградски. Но по некое време, под влијание на злонамерни клевети од неговите непријатели, тој беше симнат од патријаршискиот престол. Но, потоа вистината победи и Свети Теодор беше вратен на патријаршискиот престол. И по богоугодно управување со Црквата две години и три месеци, тој во мир отиде кај Господа.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ЛУКА ТРИГЛИН
Преподобниот отец Лука богоугодно се подвизуваше во еден манастир недалеку од Цариград, во местото Тригла, каде што некое време беше и игумен. Во мир се упокои. На земјата живееше над сѐ земно; на небото се насладува со неопишливото блаженство во созерцувањето за Трисончевиот Господ на Љубовта.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК МАВРИКИЈ и со него седумдесетте маченици
Овие свети маченици се слават и на 22 февруари, каде што е изнесено нивното опширно житие.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАВРИКИЈ
Овој свет маченик се слави и на 1 јули, каде што и се наоѓа неговото кратко житие.