10. Јануари (28 Декември)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ ДВАЕСЕТ ИЛЈАДИ НИКОМИДИСКИ МАЧЕНИЦИ
Во втората година од владеењето на царот Максимијан, кога веќе се подготвуваше гонење на христијаните, светата вера Христова цветаше како разноцветна пролет, и пастирите и учителите на Црквата, како духовни ластовици и славеи, отворено ги објавуваа догмите на православната вера. Меѓу нив беше и свети Кирил, славниот епископ Никомидиски, украсен со праведен живот и со дарот на речитоста. Благодарение на неговата проповед, христијанската вера почна да допира дури и до царските палати на Максимијан. Многумина од најдобрите цареви слуги почнаа да се одвраќаат од идолите и да Му пристапуваат на Христа. Кога за ова дозна Максимијан, намисли веднаш да започне со гонење на Христовата Црква, но во тоа време на прагот беше војна со варварите. Затоа реши прво да удри на надворешните непријатели и да ги победи, а потоа да објави внатрешна војна, не против непријателите, туку против своите поданици - христијаните, кои беа корисни за империјата, бидејќи со своите молитви и правоверие ја зацврстуваа татковината. И кога тој тргна од Никомидија и отиде во војна против Етиопјаните, светлината на светата вера заблеска уште посилно, просветлувајќи ги неверните; и растеше војската Христова во тоа време и се подготвуваше за претстојниот подвиг.
Во тоа време, во Никомидија живееше една прекрасна девојка, израсната во царските палати, по име Домна. Царот ја предаде на своите погани богови за да ја чуваат нејзината девственост и ја направи главна идолска свештеничка на својот дворец. По Божја промисла, во рацете на Домна се најде книга од Новозаветните списи: Светите Дела Апостолски и Посланијата на Светиот апостол Павле. Читајќи ја таа книга, таа почна да се просветува во душата. И се радуваше што пронајде таква духовна ризница и ѝ се восхитуваше на големата вера на христијаните во Единиот Бог. И тагуваше во душата што дотогаш беше во темнината на незнаењето и во ноќта на заблудата. Сакајќи пак од сѐ срце што поцелосно да се запознае со христијанската вера и да ѝ се придружи, таа без двоумење повика кај себе една девојка – христијанка, ќерка на знаменит сенатор; и, поучена од неа, таа ноќе, тајно од сите, отиде кај светиот епископ Кирил. Тој доволно ја поучи од Божественото Писмо и откако ја осени со крсниот знак, ја огласи, па ја довери на еден свет ѓакон по име Агапиј, за под негово водство да може преку пост и молитва да се подготви за свето крштевање. Домна сè што ѝ се наредуваше извршуваше во тајност, и никој за тоа не знаеше освен еден нејзин евнух, сличен на неа по доброта природа, чие име беше Индис, кој заедно со неа пристапи во светата вера и исто така се подготвуваше за крштевање. И кога се исполни времето одредено од епископот, Домна и Индис беа крстени. И така, девојката, која немаше повеќе од четиринаесет години, по првиот свој роденден - физички, се роди со второ раѓање - духовно.
Враќајќи се во дворецот, Домна со ништо друго не се занимаваше, туку целото време го минуваше во молитва, пост и читање на Светото Писмо. Еднаш, читајќи ги Делата Апостолски, дојде до местото каде што беше напишано: „бидејќи оние, што имаа ниви или куќи, ги продаваа и парите земени за нив ги донесуваа и ги клаваа пред нозете на апостолите“ (Дела 4, 34-35). Тогаш света Домна реши да го стори истото. И откако го собра сиот свој имот: злато и сребро, скапоцени камења и бисери, скапоцени облеки и сиот нејзин мираз, таа тајно го однесе кај својот духовен отец, светиот Кирил, и сѐ положи пред неговите нозе како пред нозе апостолски. При тоа го молеше, сите пари што ќе ги добие за тоа, со свои раце да ги раздаде на сиромашните. Така навистина и стана.
Набрзо потоа, свети Кирил се претстави пред Бога. А Домна, чувајќи ги сите негови поуки длабоко во своето срце, се трудеше и дење и ноќе да му угоди на Бога, срдечно служејќи Му со својот едномисленик и духовен брат, Индис - евнухот, со кого заедно и се роди од вода и Дух ( Јов. 3, 5). Поучувајќи се во законот Господов, тие секој ден постеа до вечерта, а доцна навечер нивната трпеза беше сув леб и вода. Храната пак, одредена од царот, што ја добиваа секој ден, тие тајно им ја раздаваа на ништите и така ги хранеа гладните.
Минувајќи таков богоугоден живот, Домна и Индис, како град кој на гора стои, не можеа да се сокријат, иако на секој можен начин се трудеа тоа да го сокријат. Нивната побожност се обелодени, како светилник од под поклопец и богатство пронајдено во поле, бидејќи Бог сакаше овие двајца свети да станат пример за верните и срам за неверните. Така, старешината на дворските евнуси, кој воедно беше и управник на дворот и начелник на царската трпеза, дозна за секојдневниот пост на Домна и Индис. Па, наместо да се воодушеви од таквата строгост во нивниот живот, тој прибегна кон насилство, и долго ги тепаше, принудувајќи ги да кажат за што ја користеа храната што ја добиваа. Но тие ја криеја својата доблест и не сакаа ништо да кажат. Тогаш еден евнух, по потекло Персијанец, а по вера незнабожец, пристапи кај началникот на евнусите и почна да му кажува за нивната добродетел како за некаков злочин, клеветејќи ги и грдејќи ги. Раскажувајќи му на старешината за кроткиот и чист живот на Домна и Индис, за нивното воздржување од храна, и за тоа како добиената храна ја делат на царевите противници - сиромашните христијани, тој на крајот рече: „Ако сакаш да ја дознаеш вистината, отвори ги нивните сандуци и ќе се увериш дека моите зборови не се лажни“.
Тогаш главниот евнух, воедно и управник на дворот, ги зеде клучевите од Домна и Индис и отиде да ги провери нивните одаи и ковчези. Отворајќи ги, не најде ништо освен чесен крст, Нов завет, две рогозини распослани на земја, земјени кадилници, свеќи и мала дрвена кутија со Пречистите Тајни. „А каде е златото?“ ги праша тогаш старешината: „Каде се скапоцените облеки и останатите драгоцености и накити?“
Бидејќи не доби одговор, повторно, Домна и Индис ги стави на маки; но и со тоа не постигна ништо. Тогаш нареди да ги однесат на друго место и да ги држат во затвор, додека за нив не го извести на царот. А кога светата девица ја изведуваа од нејзиното живеалиште за да ја однесат во затвор, таа скришно ја зеде книгата на Новиот завет и ја скри во облеката, бидејќи книгата беше мала и лесно можеше да се сокрие; исто така и Индис, тој ја зеде малата кутија со Божествените тајни. И двајцата ги затворија и долго време ги мачеа со глад и жед; затоа што неправедниот мачител одреди, од глад да умрат оние кои гладните ги хранеа. Од долгото нејадење, младата девојка се разболе по тело. Но Оној, Кој се грижи за птиците и ѕверовите и наситува сѐ што живее, Бог - Промислетелот, не ги презре Своите слуги со глад мачени долго време: една ноќ им ги испрати Своите ангели, кои во темнината ги осветлија со небесна светлина, поставија чудесна трпеза - небесна храна и необичен пијалок, па си отидоа. Домна и Индис се поткрепија јадејќи и пиејќи од понудената трпеза и ги заборавија претходните страдања. Утешени од јавувањето на ангелите и наситени со ангелска храна, лицата силно им светнаа, и тие, седејќи како во палата на радоста, го запеаја псалмот на Давид: Нека со сало и со масло се насити душата моја, и со радосен глас ќе Те фали устата моја (Пс. 62, 6).
Набргу потоа, дошјде главниот евнух за да види дали Домна и Индис се совладани од гладта, бидејќи сметаше дека на тој начин ќе ги принуди да му се покорат. Но, кога ги виде радосни, со светли лица и со весели души, тој го отфрли бесот и суровото однесување, бидејќи со тоа ништо не постигна, и наместо тоа си наметна лажна кроткост и им нареди да се вратат во нивното поранешно живеалиште. И повторно почна да им дава сè во изобилие, како и порано: храна и облека, злато и сребро, како и накит и украси за девојки. Но, Света Домна повторно, тајно на бедните им раздаваше сè, не само храната туку и скапоцената облека. Гледајќи ги пак многуте сиромашни како доаѓаат кај неа како кај своја дадилка, таа го зеде својот појас, украсен со бисери и скапоцени камења, и сите други накити и спрема, и му ги испрати на ѓаконот Алимпиј за да ги продаде и добиените пари да ги употреби за исхрана на гладните. Потоа, размислувајќи како да се избави од живеењето со грешници и во палата полна со идолопоклонички гадотии, света Домна се сети на Богородителот Давид, кој бегајќи од Саул, се направи луд пред царот Анхис Гатски (1 Цареви 21:10-15). Па и таа се преправи полудена, и почна да паѓа, да се лигави, да трепери и да вреска. Кога за тоа дозна управникот на дворот и главен евнух, тој се сожали на неа и се зауми како да ја излечи. Но, кога слушна дека христијаните исцелуваат такви болести, тој го повика христијанскиот епископ, светиот Антим, наследникот на Свети Кирил, и му ја довери девојката да ја излекува до враќањето на царот од војната, а го одреди и евнухот Индис да ѝ служи. Епископот, разбирајќи ја намерата на Домна преку Духот, ја прими со радост и ја однесе во еден женски манастир. А Домна неискажливо се радуваше и се веселеше што се избави од живеењето меѓу незнабожци и што се удостои да живее меѓу христијани.
По некое време, Максимијан триумфално се врати од војната. Припишувајќи ја својата победа над непријателите, не на Севишниот Бог, моќен во битките, туку на своите бездушни идоли, тој намисли да им вознесе благодарност, принесувајќи им гадни жртви и започнувајќи со гонење на христијаните. Затоа, среде градот тој подготви гледалиште, од своите палати изнесе таму идоли од злато и сребро, ги постави на царски престоли, ги овенча со венци и почна на жртва да им принесува угоени телиња. На жреците пак, царот им нареди да ги попрскаат присутните со телешка крв. А христијаните кои се наоѓаа меѓу гледачите веднаш почнаа да излегуваат од толпата, за да не бидат осквернети од тоа незнабожечко попрскување. Кога го забележа ова, царот почна гласно да вика, обраќајќи му се на народот:
„Каде одите, о луѓе! Избирајќи ја темнината пред светлината, и не верувајќи во постоењето на овие богови со чија помош се држи вселената? Зарем не ги видовте победите и триумфите? Не видовте ли колку многу богатства се додаваат на претходното богатство, и како е сè во мир, како секој ден ни доаѓаат нови богатства и сега поседуваме такви богатства какви што порано немавме? Не гледате ли како расте нашата слава, како се шири царството, како едни градови ни се покоруваат, а други ќе ни се покорат? Зар не гледате како освојуваме царствата на други народи и како сè се случува според желбата на нашето срце? Со чија промисла се случува сето ова, ако не со промислата на боговите на кои им служиме? Нека во тоа ве убедат поволните промени во воздухот, умерените дождови и од боговите дадено изобилство на овошје“.
Така говореше беззаконикот, припишувајќи му постоење на она што не постои и сакајќи да каже уште многу други работи, но Господ, чии судови се вистинити и праведни (Пс. 18, 10), не допушти лагата повеќе да се фали и да се превознесува над вистината, туку среде ведар и сончев ден, одеднаш загрме страшен гром, небото го покрија темни облаци и се појави страшна бура со силен дожд, молњи и град. Очигледно е дека со ова се откри Божјиот гнев врз незнабошците: та некои, преплашени од грмотевиците, испопаѓаа на земјата како мртви; други нурнаа да бегаат, соборувајќи и газејќи се едни со други, поради што многумина ги изгубија животите; а самиот цар, запрепастен и исплашен, со срам побегна во дворецот. Така, гледалиштето се растури, и богомрскиот фестивал со неговите погани жртви се разори. А од обилните дождови реките надојдоа и ги поплавија полињата и го уништија целиот труд на земјоделците, бидејќи беше време за жетва.
И сето ова стана, за да можат незнабошците да ја познаат моќната рака на Единиот Бог Кој е на небото. Но, тврдоглавиот цар, заслепен од злоба, ова не го разбра: наместо да ја препознае силата на Бога Вистинскиот, тој се фрли во уште поголемо безумие, објавувајќи војна на Оној, Кој е страшен за земните цареви и им ги одзема животите (Пс. 75, 13).
Набргу потоа, не наоѓајќи ги Домна и Индис меѓу жреците кои им служеа на дванаесетте најглавни, лажни богови, кои беа во дворецот, царот праша каде се. Слушнувајќи дека Домна полудела и е кај луѓе кои умеат да ја лекуваат таа болест, и дека Индис бил назначен да ја чува и да ѝ служи, Максимијан многу се налути на главниот евнух кој ги ослободил од служење на боговите, го лиши од чинот и, за што повеќе да го понижи и обесчести, го одреди да им служи на камилите во Клавдиополис. Потоа, повикувајќи го Индис, царот го врати на неговата претходна должност: да им служи на боговите што беа во царскиот дворец. Но Индис и понатаму Му служеше на Едниот Вистински Бог во кого веруваше, а царот тоа не го знаеше.
Во тоа време, Максимијан почна отворено да ја прогонува Црквата Христова, рушејќи свети храмови и ѕидајќи незнабожечки идолишта. И во сите краишта на империјата за игемони постави зли луѓе: без милост да ги мачат христијаните. Самиот цар беше најпрвиот и најсуровиот мачител: убиваше и уништуваше христијани и пролеваше невина крв како вода. Понекогаш се обидуваше да ги измами со лукави зборови, за потоа со лути маки да ги убие оние кои не се покоруваа на лукавата измама. Барајќи го свјатјејшиот епископ Антим, кој некаде се криеше, и не наоѓајќи го, Максимијан еднаш самиот влезе во христијанска црква со мноштво вооружени војници, како волк во стадо. Обраќајќи им се на луѓето, тој се обидуваше, кога со ласкање, кога со закани, сите да ги вовлече во својата заблуда. Конечно, рече: „Отстапете од вашата ништовна вера! Ако не отстапете, казната нема задоцни. Погледнете го овој храм во кој сте се собрале: наскоро ќе го изгорам заедно со вас!“
Тогаш христијанскиот презвитер, светиот Гликериј, јуначки истапи против царот и со бестрашни зборови го посрами беззаконикот. Зашто му рече на царот: „О царе, ние ниту даровите што ни ги ветуваш ги посакуваме, ниту од твоите закани се плашиме. Сè на светот - го сметаме за сон; а да не трпиме најтешки маки за Христос - го сметаме за казна и штета за себе. Се фалиш со победата над варварите, а доживуваш порази од христијанските жени и деца, бидејќи е очигледно дека силата на нашиот Христос е непобедлива. Кој не се сеќава на неодамнешните громови и молњи, и на необичниот град и дожд? Многумина од вас ненадејно умреа, и земните плодови од неочекуваната поплава пропаднаа. Тоа беше јасен доказ за гневот Божји, предизвикан од тоа што ти сè им припиша на лажните богови, а не на вистинскиот Бог. Ние не се плашиме од твоите прогони, бидејќи имаме небесно оружје од Царот на сите, со кое се вооружуваме и се заштитуваме, како што си сега ти опкружен и заштитен од твоите вооружени војници. И ние, спротивставувајќи ти се цврсто се надеваме дека ќе однесеме чудесна победа: зашто ние, тепани - надвладуваме и паѓајќи - победуваме“.
Иако царот, слушајќи ги овие зборови, силно се гневеше во срцето, сепак излезе од црквата без да му наштети на никого. А благочестивиот народ што беше во црквата, славејќи го Бога, го фалеше блажениот Гликериј за неговата бестрашност. Меѓутоа, царот, не можејќи долго да го задржи во себе својот бес, брзо нареди Гликериј да биде уапсен и изведен пред него на неправедниот суд. И без никаква истрага, царот веднаш нареди Гликериј душмански да биде тепан. И мачителите го тепаа маченикот сѐ додека не се малаксаа. А за тоа време телалот викаше: „ Помалку зборувај, Гликериј! Не биди горд, ниту бунтовен, ниту непристоен! Почитувај го царот и римските закони!“ – А маченикот, како посилен од своите мачители, извика кон својот Небесен Цар: „Господи Исусе Христе! Како што ме закрепна да зборувам за Тебе, така закрепни ме и да страдам за Тебе, та да се удостојам за поголема награда заради овие страдања“.
Овие зборови уште посилно ја разгореа јароста на Максимијан, паѓајќи како масло на оган. Самиот цар мачител, настојуваше џелатите да го тепаат маченикот што посилно и да му нанесат што пострашни рани, така што земјата се напои со неговата крв, и се покажаа голи коски бидејќи месото отпадна од нив, и сите екстремитети на телото на маченикот беа умртвени. Само јазикот на светиот страдалник сè уште слободно зборуваше: „Јас сум христијанин! Јас сум слуга на Христос, единиот вистински Бог! Он е единиот - Господ мој, Он е единиот – Царот мој!“
Повеќе не можеше да ги слуша таквите зборови на Гликериј и царот мачител издаде наредба Гликериј да биде изгорен надвор од градот. И бестрашниот страдалник Гликериј беше благоухана жртва на Бога и благопријатна жртва паленица.
Наскоро повторно настапи, мрзок на Бога, пагански празник. Ги доведоа царевите жртвени животни до дворското идолиште на дванаесетте главни богови. Набљудувајќи ги жреците како одат во бели облеки и не гледајќи го меѓу нив Индис, кралот праша каде е. А Индис во тоа време, облечен во вреќа и затварајќи се во својата одаја, тагуваше и плачеше заради гибелта на незнабошците. За ова го известија царот. Царот веднаш го повика Индис кај себе и, гледајќи го во облека за тага и плачење, разбра во што се работи, па без да го праша за неговата вера и живот, нареди да му стават окови на рацете, нозете и околу вратот и така окован да го фрлат во затвор. Потоа повторно почна да прашува за Домна, заборавајќи ги претходните свои зборови, и во лутина, како пијан, често повторуваше: „Каде е Домна? Каде е свештеничката на Дијана и Минерва?“ –Повторно му одговорија дека таа полудела и дека поради тоа старешината на евнусите ја испратил надвор од дворецот.
Сетувајќи се тогаш на старешината на евнусите, царот нареди да го обезглават и насекаде да ја бараат Домна. За оваа царска наредба се дозна и во манастирот каде што беше Домна. Игуманијата на манастирот, Агатија, гледајќи дека е невозможно да ја скрие, ѝ ја истрижа косата како на маж и ја облече во машка облека. Потоа, оградувајќи ја со солзни молитви, ја отпушти од својата света обител, за да се крие како маж меѓу мажи, та да не би се дознало дека е девојка.
Кога оние што ја бараа Домна не можеа никаде да ја најдат, царот уште повеќе се разбесни и нареди сите манастири да се срушат, и сите монахињи насилно да се обесчестат и посрамотат. И веднаш, низ градот почна да се случуваат такви напасти и уништувања, како да навлегле варвари кои ограбуваат. Монахињите што беа посилни по тело избегаа во горите и пустињите и се криеја по пештери и провалии, поваќе сакајќи да живеат со ѕверови отколку со беззаконици, и да бидат проголтани од ѕверови отколку да паднат во рацете на погани луѓе. Оние пак монахињи кои не побрзаа да побегнат беа фатени, одвлечени на суд и мачење, а други во народни блудилишта - за да бидат осквернавени. Но, силата Христова ги закрепнуваше сите тие монахињи и ги чуваше непосрамени и неосквернети. Меѓу нив беше и една по име Теофила.
Таа беше нешто исклучително меѓу нив, и како месечината меѓу ѕвездите, таа меѓу монахињите блескаше со својата прекрасност и убавина, благородство и живот. Кога бесрамните војници со сила ја влечеа во блудилиштето, таа ги крена очите и рацете кон небото и со солзи запомагаше:
„О, Исусе мој, љубов моја, светлино моја, здиву мој, чувару на мојата девственост и на мојот живот, погледни на невестата Твоја! Погледни на мене, невидлив младоженецу мој, и дојди ми брзо на помош, за да не се прекрши заветот на мојата девственост на Тебе даден, зашто еве, сега веќе нема време ни за молитва! Не предавај им ја на ѕверовите душата која Тебе Те исповеда, за волците да не ја растргнат овцата Твоја! Зачувај ја невестата Твоја, Младоженецу мој! Заштити ја девственоста моја, Извору на чистотата, за да се прослави името Твое, од ангелите славено!“
Додека таа така се молеше, Бог го подготвуваше исполнувањето на нејзината молитва. Кога ја водеа во нечистото живеалиште на јавните грешнички, кај неа влезе еден војник, полн со нечиста похота, за да ја оскверни беспрекорната невеста Христова. Но штом ѝ се приближи, падна на земја мртов и лежеше пред нејзините нозе. А другите војници кои стоеја надвор и го чекаа да излезе, почнаа да се лутат на него што толку долго се задржува, бидејќи и самите сакаа таму да влезат. Конечно, еден од нив, разгорен од похота, го изгуби трпението и влезе внатре. Но веднаш го спопадна ужас, бидејќи го виде својот пријател како лежи мртов на земја. Но, кога уште виде и непристапна светлина која ја обливаше светата девица, во истиот час го изгуби видот, и ослепен, почна да го допира ѕидот со рацете за да излезе, но не можеше. И многу други кои без срам и со гнасна похота влегуваа кај девојката, настрадаа на ист начин.
Oва го дознаа сите што беа таму, и се собраа, не од похота, туку за да видат што се случува, и видоа девојка како пристојно седи и чита мала книга - Светото Евангелие, кое го имаше кај себе, а до неа стои прекрасен младич, кој болска со неискажлива светлина и гледа со очи како со молња. Кога го видоа младичот, незнабожците во голем страв избегаа, а други викаа: „Кој е како христијанскиот Бог?“ – А кога се стемни, светлоносниот младич ја изведе Теофила оттаму, ја однесе во Големата црква и, воведувајќи ја во тремот, ѝ рече: „Мир на тебе!“ па замина.
Светата девица Теофила ја обзеде и страв и радост: страв - дека нејзиниот заштитник ја остави, а радост - дека целосно се избави од рацете на беззакониците. И приближувајќи се кон вратата на црквата, таа почна да чука за да ѝ отворат, бидејќи христијаните, собрани на бдение, одвнатре ја беа затвориле вратата од страв од незнабожците. Еден од ѓаконите праша одвнатре кој чука. И кога го чу и го препозна гласот на Теофила, му кажа на присутниот народ во црквата. Кога ја отворија вратата, целиот народ поита кон светата девица, зашто сите знаеја за нејзиното благородно потекло и за нејзиниот свет живот. О, со каква радост и со какви солзи сите Му оддаваа слава на Бога кога дознаа како се спаси од насилието на незнабожците и со каква милост ја опсипа Господ, зачувувајќи го со крепката рака Своја нејзиното девство! Зашто не ги сокри преславните чудеса Божји, кои не треба да се кријат, туку треба да се објавуваат. И светата девица, паѓајќи ничкум, го натопи црквениот под со солзи радосници; и сите Му вознесоа на Христа Господа општа благодарност.
Во тоа време, некои од најистакнатите велможи и главни царски дворски достоинственици, беа обвинети пред царот дека се христијани. Меѓу нив беше и некој Доротеј, прославен војсковедец и многу заслужен граѓанин, кој ја носеше титулата намесник на Италија; а со него беа Мардониј и Мигдониј, и други угледни достоинственици познати по своите заслуги, но многу попочитувани по својата вера и побожност. Кога ги доведоа пред царот на сослушување, царот најпрво ги нагрди, потоа нареди и долго ги тепаа безмилосно, па ги врзаа во синџири и ги фрлија во затвор. И секој ден заробуваа и мачеа христијани, и на разни начини ги убиваа.
Приотоа дојде и празникот на Христовото раѓање и на Новородениот требаше да му се принесе богата жртва. Затоа сите верници се собраа во црквата. Тогаш незнабожните слуги му се приближија на незнабожниот цар и му рекоа: „Царе! Денес е голем празник за христијаните; тие си замислуваат дека е ден на раѓањето нивниот Бог, и сите се собраа во црквата за да го отпразнуваат овој настан. Затоа, постапи вака, за пленот да не избега од мрежата: нареди им на војниците да го завземат влезот во нивната црква и пред вратата на црквата нека се постави жртвеник за нашите богови, а гласниците нека им наредат на христијаните веднаш да излезат од црквата и веднаш да им принесат жртви на нашите богови. А ако не послушаат, тогаш прави со нив како што ѝ е угодно на твојата царска волја. Но, ако сакаш да го прифатиш нашиот предлог, тогаш направи вака: нареди им на војниците да ја опколат црквата, да ја запалат и да ги погубат сите христијани што не ти се покорни. Истребувајќи ги на тој начин одеднаш луѓето што се опасни и штетни за твоето царство, во иднина ќе бидеш без грижи.
Уште не ја беа довршиле својата реч, кога Максимијан радосно ги прекина со восклик: „Ви се колнам во големите богови, одамна помислував на ова и не знам зошто досега оваа замисла не ја спроведов на дело! А вам, о богови, нека е голема благодарност што дадовте на моите слуги благовремено на ум да им дојде идеја корисна за нашето царство. И царот веднаш им нареди на своите главни телохранители да одат околу христијанската црква со голема војска и да наложат коноп, струготини и други лесно запаливи предмети, и строго, со извлечени мечеви да ги чуваат сите излези од црквата, за да не избега ниту еден од христијаните. Кога сето ова беше готово, еден гласник испратен од царот влезе во црквата и, стоејќи на средина од црквата, громко извика, велејќи: „О луѓе! Господарот на вселената, Максимијан, кој ме испрати кај вас, ви предлага да изберете едно од двете: или, по излегувањето од црквата, веднаш да им принесете жртва на боговите на жртвеникот што веќе е подготвен пред црковната врата, и ќе останете живи; или пак, ако не послушате, сите заедно ќе изгинете тука, бидејќи огнот е веќе готов, целата црквата наоколу е наложена со сувотини. Затоа, брзо одберете што сакате“.
Кога го кажа тоа, замолкна. Потоа архиѓаконот, кој стоеше пред олтарот, а срцето му пламтеше од огнот на Божествената благодат, им се обрати на луѓето со овие зборови: „О, мили мои браќа и истомисленици! Знаете што направија во Вавилон Тројцата Младенци, на чие непоколебливо јунаштво и сила во верата неискажливо се воодушевавме, кога пред неколку дена го празнувавме нивниот спомен? Тие, не како среде оган стоејќи, туку како среде нежни цвеќиња шетајќи, и самите песна пееја и целата создадена природа ја повикуваа да го слави Господа на сите! И ние не само што ги величавме, туку и сакавме да станеме заедничари во нивните венци. Затоа, да се угледаме на тие Тројца Младенци, бидејќи нас и самото денешно време нè повикува на тоа: зашто и царот Максимијан е сличен на царот Навуходоносор; но, иако се разликуваат по име, тие се слични и сложни во насилството и безбожноста. И не ли би ни било срам кога тие, младенци, и тоа само тројца на број, па уште и немајќи пред себе ниту еден пример на великодушен подвиг за вистинската вера, се подвизуваа онака славно; а ние сме далеку побројни од нив; толку многубројни, како да сме безброј; освен тоа, многумина меѓу нас се веќе стари, и ние пред нас имаме толку многу примери на јуначко страдање за Христа; и за нас, толку многубројни и такви, не би ли било срамота да се покажеме приврзани кон овој краткотраен живот, плашливи и малодушни, и да не го искористиме ова сегашно време кое нè повикува на подвиг, како голема предност, и да не го презреме привремениот живот заради Бога Кој нè создаде и на смрт ја предаде Својата душа за нас, а со својата смрт да не дадеме сведоштво за нашата силна и непоколеблива вера?! Всушност, тоа би била неизмерлива срамота. Го велам ова кога никаква награда не би следела по нашето страдање. Но страдањата на овој век се мали во споредба со наградите што ни се одредени во идниот век: вечен и безболен живот за овој краток и беден, непропадлива слава за презирот кон минливата слава, неотуѓиво богатство и радост кои никогаш не се претвораат во тага. Зарем сè уште ќе сакаме да живееме на Земјата? Не ли е подобро за нас, користејќи ја оваа благопријатна прилика, да се стремиме што поскоро да отидеме кон таа слава умирајќи за Христа? Погледнете, браќа, на жртвеникот во олтарот Господов и разберете, дека вистинскиот Господ наш и Бог, принесен е сега на него како жртва за нас. Па зар ние сега да не ги положиме душите наши за Него на ова свето место? Па зар да не Му ги принесеме како жртва, како некаков принос?“
Така зборуваше светиот архиѓакон, и сите се разгореа од желба да умрат за Христа, и едногласно извикаа: „Христијани сме, христијани, Царе, и твоите лажни богови не ги почитуваме!
Ова му беше доставено на Максимијан. Тој веднаш нареди црквата да биде запалена, заедно со сите христијани внатре. Во меѓувреме, верните во црквата ги одвоија огласените меѓу себе и ги распоредија во четири групи, за да може што поскоро над нив да се изврши свето крштевање. А по крштевањето и миропомазанието, сите беа причестени со Светите Тајни. Додека се случуваше ова, војниците, по наредба на поганиот цар, секаде ги запалија конопот, сламата и другите материјали натрупани околу црквата; ѕидовите на црквата брзо се запалија, и огромен пламен од сите страни се издигна во вис, продре внатре во црквата и брзо почна да проголтува сè. А христијаните, горејќи, громко воскликнуваа кон Бога и ја пееја песната на Тројцата младенци, повикувајќи ја сета твар на песнопеенија. И не успеаја ниту да ги испеат своите песнопеенија, а веќе ги предадоа своите свети души во рацете на својот Господ и станаа благопријатна жртва на Безгрешното Јагне, заклано за светот. Бројот на изгорените беше дваесет илјади.
Така, оваа прекрасна војска на свети маченици премина од земната Црква во Небесната, за таму вечно да го празнува празникот на непрестајната радост.
Црквата гореше во текот на пет дена, а од неа се креваше некаков чад со опоен и прекрасен мирис, и некоја чудна златозрачна светлина се појавуваше тоа место. Максимијан пак, сметајќи дека ги убил и истребил сите христијани кои беа во градот, се забавуваше со игри, коњски трки и разни театарски претстави.
Во Никомидија, во близина на театарот, имаше огромно идолиште на незнабожната божица Церера. Еднаш, царот Максимијан, со својата војска и со народот, дојде на ова идолиште и ѝ принесуваше жртви на божицата. Тогаш еден од војниците, по име Зинон, а по чин војвода, поттикнат од ревноста за вистинската вера и неможејќи да гледа такво безбожие, застана на едно возвишение и, обраќајќи се кон царот, извика: „Во заблуда си царе, принесувајќи жртви на мртви камења и на неми дрвја. Тоа несомнено е демонска измама, која своите поклоници ги води во пропаст. Расуди, Максимијане, и свртувајќи ги кон небото своите телесните очи заедно со духовните очи, познај го Творецот од Неговото видливо создание. Преку тварта познај каков е Творецот и научи побожно да го почитуваш Бога, на Кого не му се пријатни крвта и жртвениот чад од бесловесните животни, туку непорочните души и чистите срца на луѓето!“
Кога го слушна ова, Максимијан нареди со камења да му ја здробат устата на Зинон, да му го обезличат лицето и да му ги извадат забите, а потоа, едвај жив, да го извлечат од градот, и таму да го обезглават со меч. Така светиот маченик Зинон беше овенчан со маченички венец.
Во тоа време, Свети Доротеј, заедно со Индис и останатата дружина, седеа во синџири. Блажениот епископ Антим од своето скривалиште често ги посетуваше со свои посланија, закрепнувајќи ги, советувајќи ги да бидат цврсти во верата и побудувајќи ги на подвиг. Еднаш, незнабожците го фатија и го доведоа кај царот ѓаконот на Антим, Теофил, кој одеше кај мачениците со послание од епископот. Откако го прочита тоа послание, царот се исполни со бес, бидејќи она што беше напишано таму не беше она што му е угодно нему, туку она што им беше на корист на светите. Затоа, царот нареди веднаш да му го доведат Доротеј со неговата дружина. Кога ги доведоа, царот бесно ги погледна, ги прекори, па им даде да го прочитаат посланието на Антим. А тие, кога го здогледаа ѓаконот, се зарадуваа во духот и оддалеку го поздравуваа со свет поглед и со радосни лица; а пак зборовите на светиот, додека се читаа, тие ги полагаа во своите срца. А царот, крвнички гледајќи го ѓаконот, со гнев му рече: „Кажи ми, беднику, кој е тој што ти го даде ова писмо и каде се крие?“
Ѓаконот најпрво се помоли на Бога во срцето, па бестрашно одговори: „Ова послание ми го даде еден пастир, кој наоѓајќи се далеку од своето стадо, му дава совети и го поттикнува на побожност. Особено сега, кога дозна за наезда на волци и други ѕверови, гласно им наредува на своите овци и им кажува што да прават. А зборовите што ги кажува не се негови, туку се земени од нашиот Врховен Пастир кој рекол: Не бојте се од оние што го убиваат телото, а душите не можат да ги убијат (Мт. 10, 28). Ете, ти кажав кој ми го даде ова писмо, но каде е, нема да ти кажам. Би било очигледно безумие ако јас, кој добив толку многу добра од мојот пастир, станам негов предавник. Тој и без нас наскоро ќе се појави: зашто не може да се скрие град кога на гора стои (Мт. 5, 14), како што рече Божествениот глас“.
Не можејќи повеќе да ги слуша смелите зборови на ѓаконот, царот нареди веднаш да му се отсече светиот јазик, а потоа да го убијат ѓаконот надвор од градот со камења и стрели. После тоа, царот на разни начини ги погуби и останатите свети маченици: На Доротеј му ја отсече главата, Мардониј го изгоре во оган, Мигдониј жив го закопа со земја во јама, а Горгониј, Индис и Петар ги фрли во морето, врзувајќи им на вратовите веденички камења. И така овие славни маченици Христови го завршија својот подвиг и отидоа кај Господ по ист пат, иако преку разни смртти.
Во тоа време, света Домна се криеше на една гора во пештера, хранејќи се со пустинските билки што растеа околу пештерата. Слушнувајќи за смртта на светите маченици, таа се радуваше во духот што тие преминаа од долината на плачот на земниот живот, во посакуваниот крај на вечното веселие. Но, таа особено се радуваше за својот духовен брат и истомисленик, Индис, собрат во нејзиното духовно раѓање во крштението. А плачеше таа и за себе, затоа што само таа од сите нив не отиде кај Господа по истиот пат на мачеништво, и се подготуваше за подвиг, барајќи помош од небото.
Потоа таа се симна од гората и влезе во градот, облечена во истата машка облека во која ја облече нејзината духовна мајка Агатија. Кога не ја најде Агата, на света Домна ѝ стана јасно дека таа, заедно со многу други монахињи, изгоре во црквата, и плачеше горко, не поради нејзината смрт, туку затоа што не се удостои заедно со неа да умре за Христа. И стоејќи на местото на изгорената црква, света Домна плачеше и оплакуваше, навлажнувајќи ја пепелта со своите солзи. И кога се стемни, отиде на морскиот брег, каде што беа удавени Индис и другите маченици. Рибарите пак кои што стоеја таму подготвувајќи ги своите мрежи за ловење риба, ја видоа светата девојка и мислејќи дека е маж поради нејзината машка облека, ѝ рекоа: „Дојди, млад човеку, и помогни ни; па ако фатиме нешто, и тебе ќе ти дадеме еден дел.
Таа веднаш пријде да им помага. Кога ја фрлија мрежата во морето и потоа почнаа да ја извлекуваат на брегот, почувствуваа дека мрежата е многу тешка и едвај ја извлекоа на брегот. Ноќта беше со полна месечина и видоа мноштво риби, а меѓу нив и телата на тројцата маченици: Горгониј, Индис и Петар. Рибарите ги обзеде страшен ужас, па брзо ги собраа мрежите и рибите, ги положија телата на светите маченици на земја и брзо се качија во чамецот за да отпловат кон другиот брег. Во исто време, тие го поканија и наводно младиот човек да оди со нив, но тој не сакаше. Тогаш за неговиот труд му дадоа неколку риби и малку леб, па отпловија. И светата девојка Домна пријде до телата на мачениците, ги препозна сите, особено драгиот Индис, и почна да ги прегрнува и бакнува со неискажлива радост, обилно пролевајќи топли солзи. И кога се подигна, здогледа лаѓа на морето, со спуштени едра, како се закотвува покрај брегот. Оддалечувајќи се од телата на светите маченици, Домна се приближи до лаѓата и, обраќајќи им се на морнарите, им ја покажа рибата. Сметајќи дека рибата се продава, капетанот на лаѓата праша за цената, бидејќи сакаше да ја купи. Но Домна му одговори да ја земе бесплатно. Капетанот се најде во недоумица и ѝ рече: „Заради Христа, кажи ми навистина, за колку ја продаваш рибата?“
Кога го слушна името Христово, света Домна разбра дека луѓето на лаѓата се христијани и им раскажа за телата на светите маченици, за сите нивни мачења, за нивните имиња. Тогаш капетанот на лаѓата со своите пријатели веднаш изнесе чисти платна и мириси, ги завитка телата на светите и ги однесе до градските ѕидини, недалеку од потокот близу градската порта, каде што беше погубен Свети Доротеј со своите. Таму чесно ги погребаа телата на светите маченици. А капетанот, сфаќајќи дека Домна е од истата вера со нив, и сметајќи ја притоа за млад човек, почна да ја моли да дојде со нив на лаѓата. „Да останеме неразделни заедно до крајот на нашите животи“, рече тој. Но, таа, не согласувајќи се со ова, му наложуваше да го продолжи својот пат. „Ќе останам тука“, рече таа, „зашто крајот на мојот живот е близу; и не сакам моето тело да биде одвоено од телата на светиите, со кои за време на мојот живот бев соединета во духот и верата.“
Тогаш капетанот ѝ даде доволно злато, не за некаква телесна потреба, бидејќи нејзе тоа не ѝ требаше, туку за мириси и темјан, со нив да ги кади гробовите на светите маченици, па си отиде по својот пат. А света Домна деновите и ноќите ги минуваше крај гробовите на светите маченици, кадејќи ги, со миро миросувајќи ги, и молејќи се со солзи.
Сепак, не беше можно делото на светлината да биде скриено од оние во темнина, а желбата на Света Домна за мачеништво да не се исполни, бидејќи таа отворено го правеше она што доликува на побожност и почит кон светиите. И царот беше известен дека еден млад човек ги посетува христијанските гробови и става темјан на нив. Царот се насмеа и рече: „И тој треба да умре со истата смрт како и тие, за да научи преку лично искуство дека е залудно да се покажува таква почит кон луѓе кои не знаат ништо по смртта.“
Откако го кажа ова, царот веднаш нареди да ѝ ја отсечат главата. И света Домна беше убиена со меч додека се молеше близу до гробовите на светите маченици. Нејзиното чесно тело незнабожците го изгореа во оган. Во тоа време, по долги мачења, и светиот маченик Ефтимиј беше обезглавен. Така Никомидија се украси со своите маченици како со ѕвезди, дополнувајќи го бројот на дваесетте илјади со прекрасниот Гликериј и преблажените Зинон и Теофил, на кои им се присоединија Доротеј, Мардониј, Мигдониј, Индис, Горгониј и Петар, и трите свети девици - монахињи: Агатија, Теофила и прекрасната Домна, а последниот во целиот собор беше Ефтимиј - за слава на Христос вистинскиот Бог, на кого со Отецот и Светиот Дух му е чест и слава вовек. Амин.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ СИМОН МИРОТОЧИВИОТ, основач на манастирот Симонопетра на Света Гора
Преку прекрасните подвизи и чуда што ги изврши за време на својот живот и по смртта,светиот Симон ја покажа светоста и особената вредност на својот подвижнички живот; а особено преку излевањето на миро, слично на светиот великомаченик Димитриј Солунски. Од каде потекнува, кои се неговите родители, како е воспитан и каде започна со своите подвизи, не се знае. Што се однесува пак до неговиот прекрасен живот на Светата Гора Атонска, ќе биде изложено овде.
Паметејќи ја изреката на духовните старци дека спасението е невозможно без послушност, преподобниот Симон, по доаѓањето на Света Гора, најпрво се потруди да си најде духовен старец на кого целосно би му се потчинил, та овој да му биде не само водител кон спасението и светол образец за совршено подвижништво, туку и строг судија на неговите мани и слабости. Во потрага по таков раководител, преподобниот Симон со жед ги посетуваше манастирите и скитовите по Света Гора. При средбите со монаси искусни во духовниот живот, тој водеше разговори за монашките добродетели. Конечно, тој си најде старец, во секој поглед совршен подвижник. До ситници му го раскажа својот претходен живот и решително ја изрази својата подготвеност: на старецот безусловно да му биде послушен во сè, без размислување да го извршува секој негов родителски збор, како да му доаѓа од устата Божја.
Таквата покорност на ученикот го израдува учителот. И старецот, за да го усоврши својот ученик на патот на крстоносниот живот и безусловната послушност, но во исто време и да не му даде причина за суетни помисли, почна не само да го грди, туку понекогаш и да го тепа. А блажениот Симон го примаше ова со голема радост и благодарност. Затоа, потпомогнат од благодатта, Симон тагуваше и се плашеше за своето спасение секогаш кога старецот во одредени прилики му покажуваше внимание и љубезност. На тој начин, меѓу нив завладеа срдечна евангелска љубов, која им носи радост и на духовните родители и на духовните чеда. Сладок плод на таа љубов кај блажениот Симон беше неговата непоколеблива молитвена стравопочит кон старецот и приврзаноста кон него. Оваа приврзаност одеше дотаму што тој ги бакнуваше нозете на старецот кога спиеше, па дури и местото каде што старецот обично се одмараше по своите трудови или молитвено стоење пред Бога.
Сето ова преподобниот Симон го правеше од чисти побуди на срцето. Објаснувајќи им го тоа на другите, тој говореше: „Колку што ние, од една страна, сме должни да го љубиме Бога, Кој од небитие нè воведе во битие, толку, од друга страна, сме должни да го љубиме и старецот, бидејќи тој, со Божја помош, го преобразува во нас внатрешниот човек, го воспоставува и го обновува образот Божји во нас кој падна поради нашата небрежност и тешки гревови“. – Овие зборови покажуваат колку преподобниот беше длабоко проткаен со чувството за важноста и неопходноста од безусловна послушност кон старецот, а не кон сопствената волја.
Поради таквиот свој добродетелен живот, и поради таквото сфаќање на тој живот, блажениот Симон брзо стана славен низ цела Света Гора. И неговите врсници чувствуваа длабока страхопочит кон него, а постарите го сакаа, бидејќи за сите нив, кај него беа очигледни, иако млад: неговата старечка мудрост, неговото непоместливо трпение во подвизите, неговата строга разумност, неговата спасоносна поучност и над сè, неговата - кон сите - искрена љубов, што е круна на сите добродетели. Со еден збор, преподобниот Симон стана на Света Гора украс на своето време и светол пример за закоравено послушание, што е непоколеблив темел на смирението и на другите монашки подвизи.
Конечно, и старецот, откако преку долго искуство се увери во Симоновата вистинска и безусловна послушност, го промени својот однос кон него. Така, со родителска внимателност кон него, тој располагаше со него како со послушник, а се однесуваше со него како со брат. Покрај тоа, во одредени случаи го прашуваше за негово мислење и од него бараше совет.
Какви последици за смирениот Симон имаше таквата промена во однесувањето на старецот? Наместо да се радува на тоа, блажениот Симон необично се ожалости и реши да го напушти старецот, под изговор дека за себе бара целосно осаменичко тихување. Кога тоа му го кажа на старецот, и капејќи се во солзи, почна да го моли старецот да му даде благослов, старецот, иако со тешко срце, даде своја старечка, духовна согласност.
Така преподобниот Симон се раздели со својот старец, за кого тој во последно време беше не толку ученик, колку пријател и прекрасен соподвижник. И долго бараше преподобниот по Света Гора таква зафрлена пустиња, каде што никој не би можел да го знае, ниту да го пронајде. Конечно, со Божја помош, најде што бараше: зафрлена карпа со пештера во неа, на јужната страна на Света Гора, каде што сега се наоѓа манастирот Симонопетра, основан од преподобниот Симон.
Влегувајќи во пештерата, преподобниот знаеше дека ќе мора да војува против невидливите непријатели. Помогнуван од Светиот Дух, тој се облече во духовното сеоружје: го бакна крстот и ги прегрна молитвата, верата, трпението, постот и сè што ги уништува демонските стапици и го воздигнува човекот до ангелска чистота и детско бестрастие.
Тешко е да се замислат сите тајни мрежи на сатаната и лукавите битки против блажениот Симон кој јуначки го победуваше и сите негови мрачни потфати. Ќе споменеме неколку од многуте такви случаи.
Една ноќ светиот беше на молитва, и одеднаш пред него се појави демон во вид на страшен змеј. Расчеречувајќи ги челустите, сакаше да го проголта преподобниот; но немајќи согласност од небото, не можеше да го умртви, иако со еден удар со опашката го тресна светиот на земјата толку силно што тој едвај собра сила да запее со пророкот: „Се приближија до мене злобни противници и непријатели за да го изедат телото мое“ (Пс. 26:2); „станав како човек што не слуша, и што во устата своја нема прекор “ (Пс. 37:14). Но, страшниот змеј не престануваше да го удира со опашката со намера толку да го исплаши, што барем светиот да побегне од пустината од страв, кога веќе нема дозвола од Бога да го убие. Но тоа не го уплаши преподобниот. Напротив, иако чувствуваше болки, преподобниот молитвено викаше кон Бога и на сатаната му го спротивстави името на Господ Саваот, и змејот како чад исчезна пред неговите очи. И штотуку демонот исчезна, низ целата пештера се разли тивка божествена светлина, замириса рајски мирис, срцето на светиот Симон се исполни со радост и мир и слушна глас од небото: „Не плаши се и биди храбар, послушен и верен слуга на Синот мој!“
Така, блажениот Симон остана во пештерата и во неа помина многу години, не обѕирајќи се на постојаната борба со невидливиот непријател на своето спасение и на тешките лишувања однадвор. Меѓутоа, кога дознаа за неговиот строг живот, многу монаси од Света Гора почнаа да доаѓаат кај него, и од него добиваа многу полезни совети за своите души. Истовремено, од Господа се удостои со дар на проѕорливост и предвидување. Но, посетите од браќата почнаа да го нарушуваат осаменичкото тихување на преподобниот и тој реши да прејде во уште пооддалечено и понедостапно место. Но Бог, кој промислува и се грижи за спасението на сите и на секого, го спречи преподобниот во тоа, и тоа на следниов начин.
Една ноќ, стоејќи на молитва, преподобниот ја виде својата пештера осветлена од божествена светлина; неискажливо ухание се разлеваше околу него, и се чу глас од небото кон него: „Симоне, Симоне, верен пријателе и служителу на мојот Син! Не заминувај оттука, решив да го прославам ова место; ти за него ќе бидеш светлина, и твоето име ќе биде славно.“
На почетокот, преподобниот Симон не му придаде значење на ова видение, плашејќи се да не е тоа некоја стапица на лукавиот кој може да се претстави и како ангел на светлината. Затоа, тој не престануваше да размислува каде би можел да се оддалечи за да живее уште поосамен, молитвен, испоснички живот.
Една ноќ пред Божиќ, преподобниот излезе од пештерата и виде: од небото се спушти една ѕвезда и застана над карпата, каде што тој подоцна го подигна чесниот манастир. – Ова видение се повтори неколку ноќи по ред. Преподобниот Симон, сепак се плашеше дека ова е некоја ѓаволска стапица и не му придаваше важност на тоа. И на божиќната ноќ, тој повторно ја виде светлата ѕвезда и слушна божествен глас: „Симоне! Должен си тука да основаш монашко општожитие. Остави го својот сомнеж, јас лично ќе ти бидам помошничка. Инаку, за своето неверие ќе бидеш казнет!“ – Овој глас тој го слушна три пати. И во тој час, како што подоцна им кажуваше на своите ученици, како да се најде во Витлеем Јудејски на местото на пастирите и како да ги слуша слатките звуци на ангелското пеење: Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја! – Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; (Лука 2: 14, 10).
После тоа, говореше светиот, стравот и двоумењето ме напуштија, а радоста и веселоста ја обзедоа мојата душа, и јас со молитвен трепет таинствено ги соѕерцував Витлеемските настани - „големата тајна на побожноста“ - јавувањето на Бога во тело.
Три дена по Божиќ, кај преподбниот дојдоа тројца мирјани, браќа по тело, и многу богати луѓе. Паѓајќи пред неговите нозе, тие му ги исповедаа сите свои гревови и почнаа срдечно да го молат да ги прими кај себе, бидејќи неговата слава веќе се беше пронела низ Македонија и Тесалија. Но, преподбниот упорно одбиваше да ги прими. Најпосле, почнаа да го преколнуваат да ги прими барем на неколку дена.
Таквото преколнување од срце, го допре преподбниот и тој ги прими. И по неопходното искушеништво, ги облече во ангелскиот лик, па на Светата Литургија ги причести со Пречистите Тајни. И тогаш, како на свои духовни чеда, им откри за божественото видение што неколку пати се повторуваше над карпата до неговата пештера, молејќи ги никому да не кажуваат за тоа додека тој е жив.
Откако го ислушаа кажувањето на преподобниот, браќата со љубов му го понудија целото свое богатство за ѕидање и устројување на општежитие. И со благослов на преподобниот, тие веднаш се зафатија со работа. Се приготви материјал, се доведоа мајстори, само требаше да се одреди местото каде што ќе се ѕида црква и останатите згради. Кога преподобниот Симон покажа на вертикалната карпа како темел на манастирот, мајсторите се запрепастија и му рекоа: „Ава, се шегуваш или сериозно зборуваш? Поледај, оваа карпа е опасна за нас ѕидарите, а уште поопасна за оние што ќе живеат таму. Како што сакаш, но ние сме против тоа“. - И околу тоа долго се водеше расправија.
Преподобниот Симон, гледајќи дека не може да ги убеди мајсторите да ѕидаат на местото што го предложи, нареди да се постави трпеза. А пак за време на обедот, еден од учениците на преподобниот, принесувајќи вино, од ѓаволска завист, се сопна и од карпата се срина во страшната бездна, држејќи во едната рака сад со вино, а во другата, чаша полна со вино. Поразени од овој несреќен настан, мајсторите строго му забележаа на преподобниот: „Го гледаш ли аво, почетокот на смртоносните последици од твојот неоправдан потфат! А колку слични смртни случаи би можеле да има ако решиме тука да ѕидаме манастир!“
Светиот не одговори ништо, само во срцето свое ѝ се молеше на Пресветата Владичица Богородица, да не се посрами во очекувањето на нејзината помош. И ете! О, неискажливи чудеса Твои, Пресвета Владичице! И кој може достојно да ја пофали величината Твоја, о, Брза Помошничке! – Не помина ниту половина час, а братот кој падна во бездната се појави од спротивната страна, по застапништвото на Пресвета Богородица; и тоа, се појави не само здрав и цел, туку и со нескршена чаша и со нескршен сад за вино во рацете, од кои не се истури ниту една капка вино. Од ова чудо мајсторите ги обзеде страв и ужас, и тие паднаа пред нозете на светитиот, и молејќи го за прошка, говореа: „Сега ни е јасно, оче, дека ти си навистина Божји човек“. – И по нивната срдечна желба и молба, преподобниот ги прими меѓу своите ученици и наскоро и тие беа удостоени со ангелскиот лик. И тогаш, под непосреден надзор и упатства на преподобниот Симон, неговите ученици, поранешните мајстори, почнаа да го градат манастирот. Но бидејќи во темелите требаше да се постави огромен камен, светиот им покажа еден таков камен во близина и им нареди да го пренесат. Но тие, гледајќи дека сите заедно не само што не можат да го пренесат каменот, туку и од местото негово да го помрднат, стоеја во недоумица, не знаејќи што да прават. Гледајќи го тоа, светиот дојде до каменот, го осени со животворниот знак на крстот, го крена на грб без ничија помош, го пренесе и го спушти на местото каде што требаше. На тој начин, на дело ја покажа вистинитоста на зборовите што Господ им ги кажа на апостолите: „Вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: - Премести се одовде таму – и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно“ (Матеј 17:20; 21:21; Марко 11:23; Лука 17:6).
Еднаш, кога манастирот веќе беше устроен и на кој светиот му го даде името Витлеем поради ѕвездата што се појави, и братството се намножи, на манастирското пристаниште се појавија сарацени разбојници со намера да го ограбат манастирот. Знаејќи го тоа, светиот, придружуван од неколку свои ученици, се спушти на пристаништето и им понуди на сарацените леб и овошје. Сарацените го прифатија ова, но, сакајќи да се дочепат до манастирската ризница, побараа од преподобниот да им го покаже игуменот на манастирот. Светителот кротко им одговори дека тој е старешината и дека кај нив нема ништо освен даровите што им ги понудија. Незадоволни од одговорот, разбојниците како диви ѕверови се нафрлија врз светиот, а еден од нив извлече меч за да го убие. Но, раката одеднаш му се исуши, а останатите сарацени ослепеа.
Вразумени од таквиот небесен гнев, злосторниците во еден глас извикаа: „Алах, Алах!“ и, гушејќи се во солзи, смирено го молеа светиот да ги исцели. „Смилувај ни се, аво“, извикаа тие, „и исцели нè; а ние ти даваме збор дека ќе станеме христијани.“ – Незлобивиот старец, ученик на незлобивиот Учител Христос, трогнат од неволјата на своите непријатели, испрати еден ученик да донесе масло од кандилото што е пред Спасителот, се помоли за нив, потоа крстовидно ги помаза очите на Сарацените и исушената рака на нивниот пријател, и сите веднаш се исцелија. Поразени од чудесното исцеление, тие не само што примија свето крштение, туку и останаа во манастирот и се замонашија.
Конечно, прекрасниот Симон достигна длабока старост; и му беа откриени времето и часот на неговото заминување кај Господа. Повикувајќи ги своите ученици, тој се прости со нив и им остави ваков завет. „Браќа мои и возљубени чеда во Господа, еве ве напуштам; но не тагувајте за тоа, зашто сите наскоро повторно ќе се видиме. Ако добијам слобода пред Господа, тогаш секогаш ќе ве посетувам и ќе ве штитам од секое искушение, видливо и невидливо. Секако, под услов да го чувате и уставот на општожитието, редовните црковни богослуженија и сè што ве научив со збор и дело. Не љубете го привременото богатство; бегајте од суетата; не се подавајте на соблазни! Бидете мирољубиви, гостољубиви; славете ги празниците духовно, а не по светски, односно, во такви денови не се занимавајте со празнословие, шеги и смеа; празникот е осветување и просветување на душата, а тоа се постигнува со молчание, молитва и со читање на свештени книги. Пејте на службата со побожна стравопочит, а не со небрежност и дерење. Игуменот љубете го од душа. Ако се држите до ова и по мојата смрт, како што се држевте за време на мојот живот, тогаш со духот секогаш ќе бидам со вас. Инаку, ќе одговарате на Страшниот и Сеопшт Суд.“
Додека светиот ја говореше оваа поука, браќата и учениците неутешно плачеа поради разделбата со него. Конечно, откако се помоли за нив на Бога, во Пресветата Троица славен, и по неговата смрт да ги сочува под заштитата на Богомајката и на сите Свети, блажениот потона во молчење и следната ноќ му ја предаде својата света душа на Бога. Тоа беше на 28 декември 1257 година. Утредента наутро, лицето на починатиот праведник, во присуство на целото братство заблесна со прекрасна светлина. Откако извршија опело над преподобниот, со молитвена стравопочит и солзи го спуштија во гробот.
Да споменеме и некои посмртни чуда на блажениот отец наш Симон, за да знаеме каква слобода има пред Господа.
Еден од браќата од светата обител на нашиот преподобен отец Симон, под влијание на сатанско искушение, го грдеше Христовиот подвижник и не го признаваше за светец, и не сакаше со останатите да го слави неговиот годишен спомен. И еднаш, кога отците вршеа бдение на преподобниот, овој несреќен брат, виорејќи се од сомнеж и неверие во светоста на блажениот отец Симон, ја напушти црквата, отиде во својата ќелија и легна да спие. Тогаш во сон му се јави преподобниот Симон, целиот опсипан од молскавична светлина, во придружба на двајца свои ученици, и му рече: „Зарем не ти се допаѓа славата со која ме прослави Бог, несреќнику?“ – Откако го кажа ова, преподобниот им даде знак на учениците кои беа со него, и тие го положија хулителот со лицето кон земјата, и преподбниот го удри неколку пати со стап по петите, така што овој несреќник се разбуди од болка и безмерен страв. Се разбуди и виде дека нозете му се отечени. Обземен од извонреден ужас, тој веднаш отиде во црквата, падна пред нозете на игуменот и ги исповеда сите свои гревови кон преподобниот. Потоа, обраќајќи им се на браќата, рече: „Простете ми, отци! Сега се уверив дека преподобниот отец наш Симон е прекрасно прославен од Бога. Отсега и јас верувам и му се поклонувам како на еден од древните светители, како што се: Антониј, Ефтимиј, Сава Осветениот и останатите“. Потоа, подигнувајќи го гласот, воскликна пред иконата на преподобниот Симон: „Ти благодарам, о, угоднику Божји, што ме избави од демонското искушение, насилие и погибел!“ – И потоа, леејќи солзи, среде црквата му раскажа на целото братство за јавувањето на преподобниот во небесна слава, и сите го прославија Бога, Кој не ја сака смртта на грешникот, туку да се обрати и да биде жив.
Друг брат од обителта на преподобниот долго се бореше со демонот на блудот. Но, немајќи сили да истрае во подвигот, тој со молитвена почит падна пред светата икона на преподобниот отец Симон и со солзи го молеше да го избави од ова искушение. После тоа, помазувајќи се со масло од кандило кое тивко гореше пред иконата на преподобниот, тој целосно се ослободи од гнасните демонски и нечисти возбудувања на телото.
Еднаш, за време на прославата на годишниот спомен на светителот, за време на Големата Вечерна, влезе во црквата некој монах Сава, од манастирот на Свети Дионисиј на Олимп, и пријде до светата икона на преподобниот отец Симон да ја целива. Но, гледајќи дека иконата е многу мала, тој се навреди и рече: „Нема да се клањам на таква икона“. Се разбира, тој го направи ова од незнаење, а не од непочитување кон светителот. И преподобниот отец наш Симон го исправи овој брат на следниов начин. Кога овој монах ја напушти црквата и отиде во ќелијата што му беше дадена за одмор, тој заспа. И виде во сон: покривот на ќелијата се отвори, и еден страшен змеј, дишејќи со пламен и испуштајќи чад и смрдеа, ги расчеречи челустите за да го проголта. При тоа, змејот проговори со човечки глас и рече: „Не ти се допаѓа малата икона на светителот; и со негодување ја напушти црквата без да го дочекаш крајот на службата. Знај тогаш, ти си мој, јас ќе те проголтам.“ Откако го кажа ова, змејот со страшен рик се фрли врз него. Несреќниот Сава, вон од себе од страв и ужас, извика: „Преподобен Симоне, помогни ми!“ – и во тој момент се разбуди и преплашен брзо поита во црквата, падна на колена пред иконата на преподобниот и со љубов ја целиваше неколку пати. Присутните се зачудија од промената кај овој брат, бидејќи лицето му беше бледо како на мртовец. Потоа им раскажа на сите како поради своето незнаење настрада од Сатаната. Притоа, еден од старците забележа: „Малата икона, брате мој, за топлата вера и побожност, по чистиот ум и непорочно тело, со ништо не се разликува од големата. Затоа, внимавај: покажувај достојна почит кон светителите и на нивните свештени икони, било мали, било големи.“ - Исправен на овој начин, братот му вознесе слава на Бога и благодарност на преподобниот.
Такви се подвизите и чудесата на преподобниот отец наш Симон. По неговите молитви, нека Господ и нас нѐ удостои за вечното Свое царство. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ДОМНА
Пострада за Господ Христос, исечена со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ИНДИС
Пострада за Господ Христос, фрлен во морето.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ГОРГОНИЈ и ПЕТАР
Ове свети маченици пострадаа за Господа, фрлени во морето.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЗИНОН
Страдаше за Господа, исечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МАРДОНИЈ, ДОРОТЕЈ, ТЕОФИЛ И МИГДОНИЈ
Овие свети маченици пострадаа за Господ Христос, убиени на разни начини.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ГЛИКЕРИЈ
Свети Гликериј презвитер, страдаше за Господа, изгорен во оган.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СЕКУНД
Овој свет маченик пострада за Господа, погубен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПЛУТОДОР
Храбро пострада за својот Господ.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ИГНАТИЈ ЛОМСКИ
Преподобниот Игнатиј го започна својот подвижнички живот како монах во Кирило Белозерскиот манастир. Потоа, на педесет версти од градот Ломск, ја основа Спаската пустина. Но, сакајќи ја осаменоста, преподобниот Игнатиј се оддалечи оттаму на брегот на реката Сара во Вјадожската област. За ревнителите за монашки живот кои се собраа таму околу преподобниот Игнатиј, преподобниот подигна црква во чест на Покровот на Пресвета Богородица и го основа манастирот на Богородица. Се претстави во 1592 година. Неговите свети мошти почиваат во црквата во Вјадошката пустина.
СПОМЕН НА СВЕТА ПЕТРОСИЛА (или ПЕТРОНИЛА)
Првото име се споменува под денешниот датум (28 декември), а второто под 31 мај, според синаксарот на Софрониј Евстратијадис. Оваа светителка се спомнува како ќерка на светиот апостол Петар.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ВАВИЛА
По род од Тарс Киликиски; современик на преподобниот Јован Мосх; почина мирно.