11. Јануари  (29. Декември) 

 

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ЧЕТИРИНАЕСЕТ ИЛЈАДИ ВИТЛЕЕМСКИ МЛАДЕНЦИ

Гледајќи дека мудреците го исмеаја, Ирод многу се разлути (Матеј 2:16). А на кого се разлути? Од една страна, на мудреците кои го измамија, а од друга - на новородениот Цар на Евреите. На мудреците се налути зашто не се вратија кај него и не му кажаа за Детето; а на Христа се лутеше од страв дека Он ќе му го земе царството; бидејќи, не знаејќи дека Христовото царство „не е од овој свет“ (Јован 18:36), Ирод сметаше дека Христос ќе царува над земно царство.

Тогаш, што направи кутриот Ирод не можејќи да им се одмазди на мудреците, бидејќи тие веќе си беа заминале, ниту да го убие Христа, бидејќи не можеше да го пронајде? Тој го излеа својот гнев врз невини деца. Како што лут ѕвер, кога е ранет, не го бара оној што го ранил, туку се нафрла на сè што ќе му се најде пред очи, кубе и кине, како да е оној што го ранил; така и Ирод, мачен од гнев и не можејќи да ги пронајде виновниците за својот гнев, го насочи својот бес кон невините деца кои со ништо не му скривија. Тој испрати вооружени војници како во војна, и тие ги убија сите деца во Витлеем и неговата околина од две години и помлади, според времето кое добро го дозна од мудреците (Матеј 2:16). Зашто Ирод, по кажувањето на мудреците, се сеќаваше на времето кога се појавила ѕвездата. А и според толкувањето на светиот Златоуст и на светиот Теофилакт, ѕвездата се појавила уште пред Христовото раѓање. А колку време пред Раѓањето? Ако се појавила во часот на Благовештението, тогаш од Благовештението на Пресвета Богородица до Рождеството Христово поминале девет месеци. Мудреците пак дојдоа во Ерусалим на денот на Раѓањето Христово и му се поклонија на Христос во Витлеем, а потоа по друг пат тргнаа кон своите земји. Затоа, Ирод не разбра веднаш дека мудреците го изиграа, туку на почетокот сметаше дека не го нашле бараното дете и, засрамени од својата грешка, не се осмелија да му се јават, туку, засрамени, тајно си отидоа во своите земји.

Потоа, по четириесет дена, во Соломоновиот храм се случи славниот настан: старецот Симеон и пророчицата Ана таму го сретнаа Божественото Детенце, донесено од Богомајката во денот на очистувањето, и сведочеа за Христа, и јавно благовестеа за Него на многу народ. Гласот за сè што се случи во храмот на денот на Сретението Господово се пронесе низ целиот Ерусалим, а стигна и до царот. Тогаш на Ирод му стана јасно дека е тоа навистина Детето што го бараше и дека се вистинити зборовите на мудреците за новородениот Цар Кого го најдоа во Витлеем, но не се вратија кај него, презирајќи ја неговата власт.

Тоа страшно го разлути беззакониот Ирод. И веднаш со цела душа се зафати со работа: со помош на разни тајни и лукави средства да го пронајде Детенцето. Но, сѐ му беше залудно, бидејќи Јосиф побегна со Детето во Египет веднаш по видението што го имаше на сон. Цела година Ирод го бараше Христа. После тоа, по некоја работа Ирод мораше да отпатува во Рим кај Цезарот. И Ирод многу се вознемири што уште не го беше нашол бараното Дете, зашто се плашеше, во негово отсуство да не се најде и да се прослави нов цар меѓу народот, и да не му го одземе царството јудејско. Од таа причина, тој во својот ум веднаш донесе одлука: да ги убие сите Витлеемски деца, за на овој начин да го убие со нив и новородениот цар.

И тој беззакон колеж на децата беше извршен една година по Христовото раѓање, на дваесет и деветти декември. На тој ден, Црквата го слави нивниот спомен. А тогаш, од појавата на ѕвездата веќе беа поминати една година и девет месеци. Ирод ги уби сите деца на возраст од две години и помлади, од страв и заради поголема сигурност. За тоа свети Златоуст вели:

- Не чуди се што Ирод нареди да убиваат деца од две години и помлади. Мачителот го стори тоа затоа што во него се сретнаа стравот и бесот. Заради тоа, Ирод стана многу претпазлив и од голем страв ги осуди на погибел и постарите деца. Со тоа се согласува и Ефтимиј Зигабен, кој вели:

- Ирод сметал дека ѕвездата не им се појавила на мудреците веднаш, туку дека Детето се родило многу пред нејзината појава. Затоа, за поголема сигурност, тој нареди да се убијат децата од две години надолу.

Децата Витлеемски ги убиваа на различни начини: едни ги убиваа со меч, други ги разбиваа од камења и карпи, некои ги удираа земјата и ги газеа со нозе, некои со раце ги задавуваа, некои ги искинуваа и растргнуваа, некои ги прободуваа, некои на пола ги пресекуваа. Мајките горко ридаа; нивниот плач досегаше до небото; си ги кубеа косите, си ја дереа облеката на себе и се кинеа себеси; и се исполнија зборовите на пророкот Еремија: Глас се слушна во Рама, плач и големо ридање; Рахил плаче за своите деца и одбива да биде утешена, бидејќи ги нема (Ер. 31:15; Мт. 2:18). Рама бил град на рид, на територијата на племето Венијамин. Некои го нарекоа Витлеем Рахела затоа што таму беше погребана Рахела, жената на патријархот Јаков и мајката на Венијамин. Поради гробницата на Рахела, Витлеем бил наречен и Рахелен. И кога ги убиваа децата во Рахела, односно во Витлеем, тогаш во градот Рама, кој не беше далеку од Витлеем, се слушна плач, ридање и големо оплакување на мајки кои плачеа за своите убиени деца. Овој плач е опишан на неколку начини од двајца свети Јован: Златоуст и Дамаскин. Светиот Златоуст вака вели: Гледајќи го тоа, мајките ги прашуваа убијците:

- Зошто ни ги убивате децата? Каква неправда им направија тие на царот или вам? И немаше никој да им одговори зошто се врши овој ненадеен колеж; немаше кој да ги утеши во нивната голема болка. И очајно им викаа на војниците:

- Смилувајте ни се, луѓе! Смилувајте се на нас! Немате ли и вие мајки? Не ја знаете ли мајчинската љубов? Немате ли сопруги? Не бевте ли љубени од вашите мајки? Зар не се плашите вакво нешто да им се случи и на вашите деца? Сожалете се на нас, о луѓе! Не лишувајте нè од нашите деца, туку прво нас убијте нè, бидејќи не можеме да ја поднесеме смртта на нашите деца! Ајде, прободувајте нѐ нас! Ако нашите деца ви направиле некакво зло, тогаш нека и ние со нив примиме смрт!

Така нарекуваа тие во својата голема болка; и, избезумени од тага и жалост, заборавајќи на срамот, ги кинеа своите облеки, во голем јад ги разголуваа градите и се удираа со камења по градите, си ги гребеа лицата, си ја кубеа косата и го викаа небото за сведок, викајќи кон Бога:

- О, Владетелу наш, Господи! Што значи оваа голема суровост на царот? Тој се крева против Твоето создание: Ти создаде, а тој убива! Ти ни дарува деца, а тој ни ги одзема! Зошто родивме деца на свет, кога нашите дечиња се подложени на толку горчлива смрт?

Свети Јован Дамаскин пак, за овој плач зборува вака: Мајките кои претрпеа силни болки и маки раѓајќи ги своите деца, сега седеа покрај труповите на своите убиени деца; со расплетени коси, кревајќи ги рацете кон небото, кубејќи си ги косите, посипувајќи си ги главите со пепел, повикувајќи го небото за сведок, во солзи капејќи се, тие му зборуваа на отсутниот цар Ирод како да е присутен: Што значи оваа твоја нова наредба, царе, против нас? Не си ли ти татко на твоите деца? Зар не знаеш колкава е родителската љубов кон децата? Ѕвездата ли те озлоби? Зошто тогаш со твоите стрели не го стрелаш небото, туку го сушиш млекото во нашите гради? Мудреците ли ти направија зло? Зошто тогаш не одиш во војна против Персија, туку го лишуваш  Витлеем од неговите деца? Ако се родил нов цар, а си дознал за него од книги, тогаш фати го Гаврил и стави го во темница!  

Набргу по колењето на светите деца, чиј број изнесуваше четиринаесет илјади, Божјата казна го стигна и убиецот, царот Ирод. Горчлив беше крајот на неговиот живот. Светиот Теофилакт го раскажува ова: Ирод почна цел да се тресе, нозете му отекоа, долниот дел од телото му загнои и се наполни со црви, од гнојот потекоа црви, носот му се затвори, сè на него се распаѓаше, од него се ширеше неподнослива смрдеа, а страшниот цар, во најстрашни маки, ја исфрли својата нечовечка душа. И пред дури и да издивне, злиот цар погуби многу од благородните и истакнати граѓани на Ерусалим. Така го уби првосвештеникот Хиркан, и сите првосвештеници и старешини на народот кои претходно ги прашуваше:

- Каде треба да се роди Христос?, а тие му одговараа

- Во Витлеем Јудејски.

Сите нив Ирод ги уби со меч. Тоа беше праведниот суд Божји, та тие заедно со него завршија во жестоки маки, како што Ангелот го извести за тоа Јосиф во Египет:

- Изумреа оние што ја бараа душата на Детето.

Очигледно ја барале не само Ирод туку и сите негови советници, главари свештенички и книжници. Затоа не умре само Ирод туку и сите, кои заедно со него ја бараа душата на Детето. Ирод беше убиен од Бога, а тие беа убиени од Ирод. Тие сочувствуваа со него и загинаа од него. А дека сите тие имале намера да го убијат Христос и во тоа биле согласни со Ирод, се гледа од ова: кога се упокои праведниот старец Симеон Богопримец, кој го изрече сведоштвото за Христа во храмот пред сиот народ, тие поради тоа не го удостоија на достоен погреб што му доликуваше на така светиот човек, премудриот учител, прозорливиот пророк и од сите ценет старец. Исто така, тие го предадоа на смрт и светиот пророк Захарија, затоа што тој Пречиста Дева, Која со Младенецот дојде во храмот заради очистувањето ја постави на местото за девојките, каде на мажените жени не им доликувало да стојат. За тоа спомнуваат свети Григориј Ниски, Кирил Александриски и Андреј Критски. Кога тоа го видоа книжниците и фарисеите, започнаа да негодуваат. Захариј им се спротивстави, докажувајќи дека оваа Мајка и по породувањето останала чиста Дева. А кога тие го изразија своето неверување во тоа, светителот им образложи дека човечката природа со секое створение му е потчинета на Творецот свој и дека во Неговата семоќност е волјата да ја уредува тварта Своја и да направи Дева да роди и по породувањето да остане Дева. Од таа причина и оваа Мајка ја поставив на местото за девојки, зашто е вистинска Дева.

Книжниците поради тоа се разгневија на него, како на отворен законопрестапник, и се гневеа за две работи: прво што Мајката на Младенецот ја постави на местото за девојки, и второ што такви сведоштва се изговараа за Младенецот. Тоа свое нерасположение не го затаија тие ни пред Ирод, туку го открија пред него. Но, во тоа време Јосиф со Марија побегна во Египет. Нивното трагање по Детето беше залудно. Од тогаш книжниците многу беа лути на свети Захарија, а истовремено и на старецот Симеон. А кога потоа Симеон се упокои, тие не го удостоија со доличен погреб. Подоцна Захариј, на нивна молба од страна на Ирод беше осуден на смрт. За време на колежот на Витлеемските деца, свети Захариј беше убиен помеѓу храмот и олтарот, затоа што не го предаде својот син Јован да го убијат.

Така книжниците и фарисеите му се осветија на свети Захарија за неговото сведоштво за Пречиста Дева и затоа што ја постави во храмот на местото за девојки. Но, наскоро потоа и тие самите беа убиени од својот цар Ирод. Со каква мера мереле со таква им беше одмерено. Дури Ирод ги посече и седумдесетте најмудри луѓе, кои го сочинувале Синедрионот. Само еден од нив остави жив, но нареди него да го ослепат.

Во тоа време во Ерусалим имаше двајца многу мудри, познати и сакани учители: Јуда, наречен Аврифеј и Матиј Гаергулоти. Нив Ирод заедно со некои нивни пријатели, живи ги запали. Но, пред тоа ѕверски се сврте кон својот сопствен дом, па го уби својот брат Ферор, сестрата Саломија и нејзиниот маж од коленото Давидово, својата жена Маријамна, исто така од коленото Давидово, родениот од неа син свој Антипатр, потоа уште двајцата свои синови Аристовул и Александар. И многу други без никаква вина предаде на смрт. Најпосле, кога беше на издивнување, тој се сети дека во темницата има многу затворени евреи и им остави завет на своите најверни војници, штом ќе почине веднаш да ги погубат тие затвореници, за евреите да не се израдуваат на неговата смрт, туку расплакани да го гледаат големиот број на свои убиени луѓе. Така злотворот загина со зла смрт, погубувајќи многумина заедно со себе. И се отсели во пеколот со своите истомисленици. А пак светите деца Витлеемски, убиени за Христа, се населени со Ангелите на небото, зашто царството небесно навистина е за такви дечиња, за Христа Исуса нашиот Господ, Кому слава за навек. Амин.

ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ МАРКЕЛ, игумен на обителта „Незаспивливи“

Преподобниот Маркел беше родум од Сирискиот град Апамеја, од познато и богато христијанско семејство. Уште како млад ги изгуби родителите, па отиде во Голема Антиохија на наука.

Таму брзо и одлично ги изучи световните науки, но во него пламна желба да ја изучи и внатрешната философија, духовната мудрост. Затоа одлучи да појде во Ефес, бидејќи слушал дека таму има многу луѓе, совршени во доблестите. Пред да замине го раздаде на сиромашните сиот свој огромен имот, наследен од родителите, и презирајќи го светот замина за Ефес.

Таму се насели кај еден побожен човек и почна да се подвизува во доблестите под раководството на слугата Божји Промот, кој беше достигнал такво духовно совршенство, што на ноќна молитва влегуваше во храмовите Господови низ затворени врати. Од неговиот доблесен живот и останатите свети мажи Ефески, тој собираше голема духовна корист, како да си плете венец од разни цветови, се поучуваше од разните добродетели, и од обрасците што ги имаше пред себе. Живееше во добротворно сиромаштво и со својот труд го заработуваше потребното за одржување на телото. Имаше убав ракопис и цели ноќи поминуваше во молитви, а дење препишуваше книги, тие книги ги продаваше и дел од добиените пари користеше за своите потреби, а останатите ги раздаваше на ништите. Такви беа почетоците на неговото доблесно живеење.   

Потоа слушна дека во Византија живее еден ава Александар, премудар и голем на дело и збор, способен многумина да приведе кон спасението и поита кај него. Во тоа време божествениот Александар живееше со своите браќа при црквата на свети Мина. Подоцна на морскиот брег го подигна знаменитиот манастир, во кој воведе нов устав, кој пропишуваше и ден и ноќ да се слави Бог со псалмопеење. Браќата пееја во црквата, менувајќи се по одреден број на часови. Кога дојде во Византија, Маркел се запозна со еден монах на таа обител, по име Јаков. Тој го доведе кај ава Александар, кој ја провиде во него благодатта Божја, го замонаши и прорече за него и за Јаков, дека и двајцата ќе се удостојат на многу Божествени дарови, говорејќи:

- Андреј прв тргнал по Христа, но Јован го стигнал.

Тој Андреј го нарече Јаков а Јован Маркел, зашто виде дека обајцата горат со духот кон Бога. Иако Јаков слично на апостол Андреј прв го зел на себе јаремот Христов, Маркел слично на апостол Јован, го надминал со многуте дарови. А Маркел навистина беше сличен на свети Јован девственикот и богослов, со своето беспрекорно девство и боговдахновена премудрост. Маркел доста време се подвизуваше во тој манастир и го стекна дарот на проѕорливоста. Провиде дека неговиот учител ава Александар наскоро ќе се претстави, и дека нему ќе му биде предложено настојателството. Маркел тајно замина од манастирот, зашто не сакаше сѐ уште млад да господари над старите и да има потчинети, туку самиот да биде потчинет. Започна да ги посетува околните предели, посетувајќи ги светите отци, кои се подвизуваа на разни начини и од секој од нив добиваше посебна корист.

Во тоа време божествениот Александар отиде кај Господа. Сите браќа еднодушно сакаа неговото место да го заземе Маркел и тагуваа што не можеа да го пронајдат, па за старешина го поставија Јован, човек стар и благоразумен. Кога дозна за изборот, Маркел веднаш се врати во манастирот, на што сите браќа многу се израдуваа. На ава Јован тој му беше толку мил, зашто му беше од голема помош како десна рака.

По извесно време ава Јован го пресели манастирот на осамено место, во Витинија", спрема градот Состен, кое се викаше Иринеум, што значи „мирно“. Оддалечено од народната врева и метеж, тоа место навистина беше мирно прибежиште за монасите. Од манастирот беше пренесен и неговиот поранешен устав, пропишан од преподобниот Александар, кој им наредуваше на браќата во смени да Го славословат Бога во црквата. Поради тоа и ги нарекле „Обител на незаспивливите“. Целата организација на новото место и грижите за манастирот му беа доверени на Маркел, како верен во сѐ и искусен во секоја работа. Наскоро требаше да му се довери и целата управа над манастирот. Тоа лично го провиде со своите проѕорливи очи, а и на други им беше откриено од Бога. Така игуменот на еден тамошен манастир во близина, на име Македониј, проѕорливо прорече дека преподобниот Маркел ќе биде не само пастир на словесното стадо, туки и неговото име ќе стане славно поради неговите големи доблести и светоста. При тоа говореше:

- Многу елини и варвари, поучени од него, ќе ја остават прадедовската заблуда и ќе се обратат кон Бога, и Бог ќе се прослави преку него.

Преподобниот Маркел беше толку смирен, што не му пречеше да ги пасе манастиските магариња, и браќата одвај го измолија да не го прави тоа.

Но, не помина долго време, и ава Јован отиде кај Господа, а блажениот Маркел беше поставен за игумен на обителта Незаспивливи. Беше тој многу милостив спрема ништите, и секојдневно хранеше многу гладни, и Бог му помагаше на добриот слуга. Како што некогаш ги умножи петте леба и двете риби, та нахрани пет илјади души (Мт. 14, 16-21), така и во Маркеловата обител малата количина на храна невидливо и чудесно се умножуваше, и имаше доволно не само за браќата туку и за секојдневна исхрана на многу ништи и странци.

Братството се зголемуваше, па за така големиот број на духовни луѓе беа потребни поголеми живеалишта, поголем храм за молитва, поголеми залихи на храна и други неопходни потреби за живот. Во тоа време блажениот сѐ беше потрошил за прехрана на ништите. Но Бог, на Кого тој ја беше положил сета своја надеж, не ги остави слугите Свои.

Имаше еден човек на име Фаретриј, кој поседуваше големи богатства. Тој го засака побожниот живот, дојде кај преподобниот со своите два сина, мали момчиња, и го молеше да го прими за монах. На манастирот ги подари сите свои богатства. И тој беше замонашен со своите два сина. Од подарениот имот, најпрвин беше изградена нова камена црква, прекрасна и огромна, потоа целата манастирска ограда беше преуредена, и беа изградени многу нови келии, а старите беа обновени. Покрај тоа беше изградена и многу голема болница, исто така и гостоприемница, и останатите потребни згради. Храната, облеката и останатите потреби беа набавени за манастирот исто така од средствата подарени од Фаретриј. Така Промислителот Бог им го додаде сето ова на оние кои најпрвин го бараат царството Божјо и правдата Негова (Мт. 6, 33).

Славата за преподобниот Маркел и неговата голема обител со непрестајното славословење на Бога се пронесе на сите страни. Многумина се угледуваа на тој устав и го воведуваа во своите манастири, земајќи наставници од кај преподобниот. И како што од Едем истекуваа реки, така и од обителта на Маркел излегуваа и се распростираа по сите манастири во разни земји и градови уставот и обичаите на монашкиот живот и непрестајното црковно богослужење. Во секој манастир, игумени беа монаси од обителта на преподобниот Маркел и насекаде се држеше поредокот „Обител на незаспивливи“ зашто блажениот Маркел беше чиноначалник, архимандрит, законодавец и управник на сите тие манастири. И според пророштвото на споменатиот Македониј проѕорливиот, многу од елините и варварите, под негово раководство се обраќаа од заблудата кон вистинскиот Бог. И сѐ повеќе се умножуваа хоровите на земни ангели, кои ден и ноќ Го славословеа Бога.

Сега да спомнеме и некои од чудата на преподобниот Маркел.

Тројца епископи беа фатени од варварите и одведени во ропство. Кога ослободени се враќаа дома, патот ги водеше покрај обителта на преподобниот Маркел. Тие свратија кај него. Тој со љубов ги прими и ги одмори. А кога се подготвија да си го продолжат патот, преподобниот, бидејќи беа многу бедни, сакаше да им даде нешто за по пат. Го повика економот Јулијан и го праша колку пари има во ризницата. Тој одговори дека има десет сребреника. Преподобниот му нареди сите да ги донесе и да им ги даде на бедните епископи. Но, економот отиде и им даде само по еден, а останатите ги задржа за манастирските потреби. Проѕорливиот старец го виде тоа, го повика и му нареди веднаш да ги даде сите сребреници. Економот отиде и им даде уште по два. Така им даде девет, а десетиот го задржа за просјаците, кои секојдневно доаѓаа во манастирот.

Потоа еден богољубив човек, поттикнат од Духот, дојде кај преподобниот и му даде за манастирските потреби деведесет таланти злато. Преподобниот го повика економот Јулијан и гневно го изобличи за скржавоста, велејќи:

- Ете, Бог сакаше преку раката на побожниот човек да ни даде сто таланти. Но, бидејќи ти ги погази моите намери, си задржал еден сребреник, тогаш нашиот Промислител, Кој сака стократно да ни возврати, нѐ лиши од десетте таланти.

Посрамен, економот падна пред неговите нозе и молеше за прошка.

Преподобниот имаше и исцелителна благодат. Така еднаш тој со допирот го исцели монахот Елпидиј, кој во устата имаше лута рана. Исто така со својот допир го исцели и монахот Стефан, кој многу страдаше од тешка стомачна болест и мислеше дека е на умирање. Светителот го исцели откако му ги допре стомакот и рʼбетот. А кога се разболе споменатиот економ Јулијан, и веќе беше на умирање, преподобниот му подари двократно исцеление, и душевно и телесно. Најпрвин го посоветува да не ги прекршува заповедите на игуменот и да не се надева на временското богатство, туку да се потпира на Бога, кој подеднакво се грижи за сите. И така, откако му ја излечи душата, го исцели и од телесната болест.

Еден евреин страдаше од неизлечива болест. На телото имаше смрдлива рана. Кога стана очигледно дека тука сета лекарска наука и искуство ништо не помагаат и болниот ја изгуби надежта за оздравување, прибегна кон преподобниот, тој брз бесплатен лекар.

Преподобниот го праша евреинот за верата и кога дозна за неговото зловерие му рече дека не може да се исцели додека не се откаже од зловерието и ја прими христијанската вера. Евреинот вети дека веднаш ќе стане христијанин, штом ќе се исцели. Старецот го исцели со молитвата и тој веднаш ја прими христијанската вера. Но, не изминаа ни четири дена а евреинот повторно се врати на своето зловерие. Тогаш му се врати и истата болест, та приморан, тој повторно дојде кај светителот, повторно се одрече од зловерието и се присоедини кон побожноста и молеше од незлобивиот отец за милост. Кога и по втор пат доби исцеление, тој повторно како свиња се врати во калта и повторно го снајде уште пострашна болест.

Што стори потоа овој несреќник? Повторно бесрамно прибегна кај светителот. И така се повторуваше тоа многу пати. Најпосле преподобниот му рече:

- Човеку, знај дека ти не ме мамиш мене туку Христа, зашто не те исцелувам јас туку Христос, и ти пред Неговото севидливо око не можеш да го сокриеш зловерието на своето срце. Туку ајде отфрли ја секоја измама и лукавство, со сето срце обрати се кон Христа, па веднаш ќе се исцелиш не само со телото туку и со душата.

Но, бедниот и безумен евреин му одговори на светителот:

- Што и да ме снајде јас ќе трпам, но верата на татковците никогаш нема да ја оставам.

Преподобниот молкум се оддалечи од него, а евреинот додека си одеше, недалеку од обителта ненадејно падна на патот и стана мртов и со телото и со душата. Кога дозна, блажениот отец заплака и рече;

- Не треба да Го искушуваме својот Господ Бог (Мт. 4, 7; 5 Мојс. 6, 16).

Еден човек, на име Кир, кој подоцна стана голем во монашкиот живот и на многумина им беше образец на доблестите, пред да се замонаши беше многу телесно силен и многу искусен и вешт во борбите. Неочекувано, со допуштање Божјо, Ѓаволот го порази со гнојни рани од нозете до главата, како некогаш Јов, и му изгнија врз него не само сета кожа туку и телото и жилите, та се гледаа само голи коски. Страдањата на овој човек беа толку страшни што е невозможно да се опишат. И не можеа да го излечат никакви човечки лекови, единствено Божествените, кои тој и ги доби од божествениот Маркел. Кога болниот прибегна кон него и со солзи го замоли да го исцели, блажениот веднаш ги крена рацете кон небото и по обичај усрдно се помоли за болниот. Потоа започна да ги допира неговите рани и рече:

- О, добар човеку! Не треба овие страдања да те надвладеат, и не му доликува на оној што се бори со невидливиот непријател да се грижи за телото. Имај надеж, зашто ако Севишниот го избереш за прибежиште, овие рани ќе побегнат од твоето тело.

Кога светителот го рече тоа, болеста веднаш го остави човекот. И месото по неговото тело започна да расте пред очите на сите, слично на она што се опишува кај пророкот Језекил“, коските се покриваа, рацете со месо се пополнуваа, жилите се исправуваа, зглобовите се зацврстуваа, кожата се навлекуваше преку целото тело, и Кир над сите очекувања, брзо стана здрав.

И даваше угодникот Божји, со благодатта што му беше дадена од Бога, чудесни исцеленија не само на оние што со рацете се допираа до него, туку и на оние што се на далечни растојанија од него.

Така на сопругата на еден Ѓакон Евгениј и дојде време да се породи. Но, таа не можеше да се породи. Никаква помош не беа во состојба да и укажат ни лекарите ни бабиците. Таа ја изгуби свеста и веќе беше на умирање. Сите ги обзеде очај, мислејќи дека И нема спас. Тогаш Евгениј отрча кај преподобниот Маркел, падна пред неговите нозе, и со солзи молеше за помош од неговите свети молитви. Преподобниот се помоли на Господа, благослови леб и му го даде што побрзо да го стави на нејзините гради. Штом беше сторено тоа, жената веднаш го роди детето и се ослободи од болките. А кога се освести започна да се распрашува каде е монахот што Ја ослободил од маките, оној што ја спасил од смртта. Кога ја прашаа кој е тој монах и како изгледа, таа го опиша, при што сите заклучија дека тоа бил преподобниот Маркел, кој и се јавил и ја спасил од смртта.

Со својот рамноангелски живот блажениот отец Маркел достигна такво совршенство, што поради чистотата и светоста на душата ангели живееја заедно со него. Сергиј, игумен на еден манастир на реката Еуфрат, бидејќи многу слушал за преподобниот, дојде да го види. И виде неспоредливо повеќе од она што му раскажувале. Зашто еднаш двајцата стоеја на молитва и кога преподобниот правеше метанија, Сергиј виде како два светли ангела го придржуваат од двете страни и го подигнуваат од земјата а лицето за време на молитвата му блеска како молња. Сергиј сиот трепереше од страв и душата од ужас за малку не му го напушти телото.

И на други големи отци Бог исто така им даваше откривање за угодникот Божји Маркел. Елисеј, игумен на Дескиот манастир, сакаше да го види светителот и да дознае за неговиот живот. И кога се молеше на Бога за тоа, Господ во видение му го Јави Маркел онаков каков што е по надворешен изглед и му ја откри висината на неговите доблести. Тоа Елисеј подоцна го раскажа на Маркеловиот ученик Петар, кога тој бил кај него.

На Гавдиол, игумен на манастирот во градот Помпеј, крај морето Евксинско", му беше откриено дека на Маркел му е дадена од Бога благодат, рамна на благодатта на законодавецот Мојсеј. Гавдиол му го посведочи тоа на Таласиј, ученик на преподобниот Маркел.

Навистина, преподобниот имаше пророчка благодат, и што ќе му проречеше на некого тоа и се исполнуваше,

Еднаш дојде кај него еден епископ, кој бил голем скржавец. Блажениот побара од него на заем два дукати, да ги раздаде на ништите. Но, епископот го одби и не му даде, велејќи му дека нема. Тогаш преподобниот пророчки му рече:

- Наскоро нема да го имаш ни своето тело, зашто гробот ќе го прими, а твоето злато ќе им припадне на манастирските браќа.

Така и се случи. Не поминаа ни два дена а епископот умре, и неговиот имот беше предаден на обителта на преподобниот, согласно со неговото пророштво.

Преподобниот го провидуваше и она што се случуваше далеку како да се случува во близина. Така еднаш, неговите ученици патуваа со кораб по Евксинското море, по манастирски потреби. Тогаш настана голема бура и се наоѓаа во смртна опасност. При тоа им се јави преподобниот и ги спаси, безбедно носејќи ги до пристаништето. А кога беа во градот Анкира!, еден од нив, на име Павле, тешко се разболе и монасите помислија да го остават таму. А тој од дното на душата повика:

- Оче Маркел, каде се твоите молитви? Ти ме предаде на Бога а јас, еве, загинувам. И што е најболно, гинам надвор од твоето стадо и далеку од моите браќа.

Така низ солзи зборуваше болниот во градот Анкира, и преподобниот во обителта го чу неговиот плач и повик, И му рече на својот ученик Кесариј дека еден од испратените монаси се наоѓа во тага и болест. Тој стана, се помоли на Бога и Павле веднаш оздраве. Кесариј го забележа денот и часот, па кога браќата се вратија се виде дека Павле оздравел во Анкира токму кога светиот отец се помоли на Бога за него.

Еднаш Бог ја казни земјата со голем глад. Старешината на манастирските житници Малх дојде кај преподобниот да го извести дека со житото се веќе при крај и дека леб ќе имаат одвај за десет дена. Светителот му одговори:

- Оди, врши го своето послушание и не грижи се за ништо,

Мислејќи дека авата се надева дека од некаде ќе им донесат жито во изобилие, Малх продолжи по обичај да дава од житниците жито не само за потребите на браќата туку и за бедните. Кога изминаа пет дена, во житницата беше останало уште малку жито, Малх цовторно дојде кај авата и го извести за тоа. Но, тој и овојпат го испрати со истите зборови. По два дена во житницата не остана ништо и Малх сиот збунет дојде кај авата. Преподобниот стана, отиде кај житницата и му нареди на Малх да ја отвори. А тој со заклетва го уверуваше дека не останало ниту едно зрно и дека нема потреба да ја отвора. Но сепак ја отвори, при што ја виде полна со најразлично жито и се исплаши. Преподобниот го укори за неверието. Од тогаш житницата не осиромаши додека не помина гладот. Колку житарот и да трошеше за еден ден, утредента повторно ја наоѓаше житницата полна како вчера да не давал од неа. Така преподобниот ги прехрани за време на гладот не само браќата туку и многу ништи и бедни, странци и дојденци. Прекрасни се сите овие дела Господови, извршени од угодникот Негов Маркел, но еве уште почудесни.

Некој Павле, не оној за кого претходно зборувавме, монах во друга обител, смртно се разболе и испрати молба светителот да дојде кај него. Пратеникот го затекна преподобниот како разговара за црковните догмати со епископот Халкидонски!. Светителот не можеше да појде кај болниот пред да го заврши својот разговор со епископот за црковните работи. Но, за тоа време болниот умре. Кога преподобниот стигна таму, затекна дека над покојникот е извршено се што е пропишано и веќе го изнесуваа на погребение. Свети Маркел, човек со голема вера, ги крена рацете кон небото, и како што имаше обичај усрдно се помоли на Бога во тајната ќелија на срцето свое, и ја стави својата рака на мртовецот. Некои од присутните го исмеваа и се чудеа што не верува дека братот кој лежи е мртов, па проверува со раката.

Додека тие така мислеа, а светителот со раката го допираше покојникот, тој одеднаш оживе, па се подигна, и седејќи на одарот

започна да зборува. Сите присутни се запрепастија од страшното чудо а преподобниот им запрети никому да не зборуваат за тоа. Но, големината Божја и толку огромните дарови Божји во преподобниот не можеа да се затајат.

А што да речеме за силата и власта на големиот отец што ги имаше над ѓаволите? Со своите молитви истеруваше Ѓаволи од луѓето. Еднаш доведоа кај него четири демоноопседнати, кои луто мачени од ѓаволот викаа кон светителот:

- Заповедај ни да излеземе, зашто ти имаш власт над нас!

Но, светителот молчеше, па дури и не погледнуваше во нив, туку само се молеше во себе на Бога, говорејќи:

- Господи, помилувај го створението Свое!

Нему му беше позната вражјата препреденост, зашто со ваквите лукави зборови ѓаволите сакале да го вовлечат во високоумие. И додека светителот така молчеше, Ѓаволите излегоа, победени од неговото смирение.

Но, кој подробно ќе раскаже за неговите чудеса? Кој ќе Ја измери благодатта Божја во него? Кој ќе ја изрази неговата голема и непоколеблива вера, со која можеше да твори толку големи дела? Ќе ни недостига време да се раскаже тоа. Еве неколку од неговите безбројни чудеса, доволни за наша духовна корист и за прославување на прекрасниот во светителите Свои Бог.

Еднаш во Цариград се случи голем пожар, и сиот град беше во пламен, казнет од Бога за гревовите на жителите негови. Никако не можеше да се совлада силниот оган, кој како страшно невреме голташе се и претвораше во пепел. Повеќе немаше надеж дека барем една куќа ќе се сочува од пожарот, зашто целиот град гореше од сите страни. Тогаш преподобниот Маркел застана на молитва, ги крена рацете и лееше топли солзи. И веднаш огнот престана да се шири и се спаси половина од градот. Сета огнена сила ненадејно згасна со солзните капки на преподобниот, како со силен дожд.

Потоа некој велможа Ардавуриј, син Аспаров, суров по природа и аријанец по вера, се разгневи на еден од своите потчинети, на име Јован, и сакаше да го убие. А Јован немаше кај да се скрие и побегна во обителта на преподобниот. Ардавуриј дозна за тоа и испрати свои робови да го вратат, но преподобниот не им го даде. Велможата пов

торно испрати по него со молба, истовремено и со закана, веднаш да му го испрати Јован, но преподобниот пак ги врати назад. Тогаш Ардавуриј испрати војници Јован насилно да го извлечат од манастирот и со меч да ги убијат сите што ќе се спротивстават. И кога војниците го опколија манастирот, браќата отидоа кај светителот и загрижени го молеа да им го предаде Јован, за да не загинат сите. Тој не ги послуша, зашто беше многу милосрден и не сакаше невиниот човек да го предаде на смрт, па се помоли, се прекрсти и излезе пред војниците. И веднаш сите војници ги обзеде голем страв, зашто го видоа крстот, кој блескаше како огромен оган, молњи и громови. Преплашени, војниците го фрлија оружјето и побегнаа.

Кога Ардавуриј го слушна тоа, се преплаши, па го скроти својот гнев и му прости на Јован.

Бидејќи овде се спомнати Ардавуриј и неговиот татко Аспар, нема да биде на одмет да го раскажеме и нивниот крај, за кој му беше откриено на преподобниот. Аспар, по потекло Гот, беше прв по царот по значење и моќ и ја имаше под себе целата војска. Имаше два сина Ардавуриј и Патрикиј. Во многу работи тој му беше противник на царот и со својот дом потајно му беше непријател. А како аријанец Аспар И нанесуваше многу зла на Црквата Христова, зашто многу им помагаше на аријанците а одмагаше на православните. Благочестивиот цар Лав", наречен Велики, беше кроток и богобојазлив, и го трпеше Аспар до извесно време, делумно од незлобивост а делумно од тоа што целата грчка воена сила, во која тогаш имаше многу аријанци, му беше предана на Аспаровиот дом и го слушаше. На тој злочестив дом му беше судено набрзо да биде уништен и истребен. За тоа преподобниот Маркел имал на сон вакво видение: лав се борел со змеј, но змејот со огромна големина го тепал лавот со опашот и победувал, така што лавот тагувал и кружел околу змејот, неспособен да му се спротивстави. Потоа и лавот и змејот изморени од борбата легнале да одморат. По краткиот одмор лавот смогнал сили, ненадејно скокнал врз змејот и го победил, трескајќи го од земјата.

Врз основа на ова видение, ава Маркел прорече дека Аспар ќе загине од царот со сиот свој дом, зашто видението на лав го означуваше царот Лав а големиот змеј Аспар, кој навистина беше змеј, кој ги повредува православните. Ова видение и пророштво наскоро се исполни. Благочестивиот цар Лав сакаше да се помири со Аспари неговите синови и при тоа се трудеше да ги приведе во Православната вера. Затоа својата ќерка Ариадна ја сврши со помладот син на Аспар Патрикиј, со намера него да го постави после себе за цар, бидејќи немаше син. Но, народот негодуваше и сите се исплашија Црквата Христова потполно да не биде понижена од клеветите и злобата на аријанците. Затоа сите православни се собраа со епископите и свештениците, го поведоа со себе свети Маркел, отидоа кај царот на хиподромот и му рекоа да не става на престолот еретик, туку или царскиот зет да се одрече од аријанската ерес или да не му се даде царското достоинство.

Кога го смири народот, царот вети дека зетот ќе го направи православен. Иако зетот лукаво се присоедини кон православието, сепак негодувањето кај народот не престануваше. Во тоа време се откри Аспаровата злоба и завера, дека не сака само да се докопа до царската круна туку заедно со своите синови Ја барал и царевата глава и имал намера да го убие царот. Тогаш народот се крена против Аспаровиот дом, не можејќи да ја дотрпи таквата негова подлост и сакаше да го убие. Аспар побегна со синовите во Халкидон и се затвори во црквата на светата маченица Ефимија, при што многу војници стоеја околу црквата, за нивна безбедност. Но, по помирливите зборови на царот, тој излезе и се врати во Цариград. Наскоро потоа Аспар и неговиот син Ардавуриј по наредба на царот беа убиени од Зинон а царскиот зет Патрикиј беше испратен во заточение. Неговата свршеница, царската ќерка Ариадна беше омажена за Зинон, кој подоцна, по смртта на Лав, стапи на царскиот престол". Така се истреби безбожниот род Аспаров, победен од Лав, согласно со пророштвото на свети Маркел.

Но, да се вратиме на преподобниот Маркел. Кога народот со епископите и презвитерите одеше кај царот Лав на хиподромот, многу верни се удостоија да видат како ангел Божји, во вид на прекрасно момче, облечено во бела облека и опашано со златен појас, оди со свети Маркел и го држи под рака. Тоа го гледаа тие цело време додека тој одеше со народот и кога се враќаше назад, се до манастирската капија. Кога го доведе до капијата, ангелот стана невидлив.

Од ова јасно се гледа колку блажениот отец Маркел му беше мил на Бога, та му испраќаше ангел Свој да му служи, да го води И да го чува по патот. И се исполнуваа врз него зборовите од Светото Писмо: „На ангелите Свои им заповеда за тебе да те чуваат на сите патишта твои. На раце ќе те понесат, за да не ја сопнеш од камен ногата своја“ (Пс. 90, 11).

Преподобниот Маркел помина шеесет години во монашкиот подвиг и веќе многу остарен се приближи до својот крај. Сите денови од својот живот ги помина богоугодно. Се изедначи со пророците во прозорливоста, со патријарсите во верата и непоколебливата доверба во Бога, со мачениците во секојдневното умртвување на телото. Тој се уподоби на Мојсеј со боговиденијата и благодатта. Му беше рамен на Даниил по кротоста, на апостол Петар по ревноста, на Јован Богослов по девственоста и богословието, и на сите Апостоли по благодатта на исцелувањето. На сите им беше извор на исцеленија и река од чудесни добротворства. Кога лежеше болен на одарот, мноштво монаси го опкружуваа и плачеа. Меѓу нив беше и еден, на име Лукијан, од велможски род, кој презре се световно, стапи во монаштвото и успеа во доблестите повеќе од другите. Тој плачеше попотресно од останатите и го молеше светителот да не го остава да страда среде брановите на искушенијата туку да го земе со себе. Преподобниот го погледна и рече:

- Не плаши се, чедо, зашто наскоро и ти ќе тргнеш по мене.

Од околните манастири се собраа игумени и браќа а од царскиот град епископи и велможи да го посетат болниот и да се простат со него. Преподобниот на секого му Ја даваше потребната поука, и многу разговараше со нив за работите корисни за душата и за вечниот живот. Потоа нареди за кратко време да го остават сам, правејќи се како да сака малку да отспие. Кога сите излегоа тој заспа со блажениот и вечно мирниот сон, предавајќи ја својата света душа во рацете Божји, околу 486 година. И беше чесно погребан во црквата која самиот ја изгради. А блажениот Лукијан неотстапно плачеше на неговиот гроб. Во петиот ден нему му се јави преподобниот во видение и му рече:

- Зошто тагуваш? Зар не веруваш дека сум Го умолил за тебе Бога и дека брзо ќе бидеш со мене?

Во третиот ден по ова видение Лукијан се упокои во Господа, надживувајќи го својот отец и учител осум дена. Така светителот И по своето преставување го исполни своето пророштво, и го зеде брзо кај себе, како што вети, својот возјБубен ученик Лукијан. Нашиот блажен отец Маркел, заедно со светиите со кои се изедначи по доблестите, застана пред Најсветиот од сите светии, својот Господ, во вечната радост и веселост, на кои да се удостоиме и ние по неговите молитви а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому слава за навек. Амин.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ: МАРКО ПЕШТЕРНИК И ТЕОФИЛ ПЛАЧЛИВИ

ремето кога се подвизувал блажениот Марко е познато по славниот настан на преносот на чесните мошти на преподобниот Теодосиј, од пештерата во светата голема црква!. Откако се замонаши, блажениот Марко се насели и живееше во таа пештера. Со своите раце во неа копаше дупки не само заради вежбање во молитвата? туку и за погребување на преминатите браќа. Ископаната земја ја изнесуваше на своите плеќи. Така постојано се трудеше во оваа богоугодна работа, очекувајќи голема награда на небото без да прима никаква награда на земјата. Кога некој ќе го примораше да земе нешто за својот труд, тој веднаш го даваше на бедните. Освен тоа, тој си стави околу појасот синџири, кои што ги носеше во текот на целиот свој живот, минувајќи и ден и ноќ во молитва. Со непрестајната молитва го соедини и строгиот пост, бидејќи самиот Господ ги соединил постот со молитвата (Мт. 17, 21). Затоа тој дури и вода пиеше под мерка од бакарниот крст, кој одвнатре бил шуплив.

На тој начин преподобниот Марко конечно го победи исконскиот непријател на човечкиот род, Ѓаволот, и го умртви своето тело не само со доброволното затвореништво, туку и со трудот и оковите, бдеењето и постот. Како монах не се плашеше од смртта и беше како бестелесен. Напротив, смртта се плашеше од неговиот глас, како од архангелски труби. Тој доби од Бога таква сила на чудотворства, што и мртвите ги слушаа неговите наредби, што е посведочено во многубројните чудеса.

Еднаш, додека по обичај копаше гроб, се премори од прекумерната работа и го остави гробот тесен и недоволно длабок. Но, при тоа умре еден монах, кој дотогаш боледувал, и бидејќи немаше друго место за погреб, браќата го донесоа во пештерата и одвај го сместија во гробот ископан од Марко. Тогаш браќата започнаа да му се лутат што поради теснотијата не можат да го положат покојникот како што треба и да го прелијат со елеј. Пештерникот со сето смирение им се поклонуваше и говореше:

- Простете ми, отци, поради изнемоштеноста не успеав да го довршам гробот.

Но, тие продолжија уште повеќе да му префрлаат и да го прекоруваат. Тогаш блажениот му рече на мртовецот:

- Брате, бидејќи местото е тесно, помести се малку, па земи елеј и прелиј се себеси.

Мртовецот ја испружи раката, се подигна малку, зеде елеј и се прели крстолико на лицето и градите, повторно го врати садот, па пред очите на сите легна удобно и умре.

Од ова чудо сите се запрепастија и преплашија.

Во друга прилика се случи еден брат по долгото боледување да умре. Еден од неговите пријатели по обичај го избриша со сунгер, па отиде во пештерата да го види местото каде ќе биде положено телото на неговиот мил пријател и го праша за тоа блажениот пештерник Марко. Тој му одговори:

- Оди, кажи му на братот да причека до утре изутрина, додека да го ископам за него гробот. Тогаш тој ќе замине во покојот на вечниот живот.

Братот му возврати:

- Оче, јас веќе го избришав неговото мртво тело со сунѓер. На кого да го кажам тоа што ми го велиш?

Преподобниот повторно му рече:

- Ти гледаш дека гробот се уште не е готов. И јас тебе ти велам, кажи му вака на умрениот: ти порачува грешникот Марко: брате, задржи се овде уште овој ден, додека го подготвам гробот за тебе, па ќе те известам, и ти утре ќе отидеш кај твојот сакан Христос.

Братот послуша, отиде во манастирот и ги затекна сите браќа како го вршат вообичаеното опело над покојникот. Тогаш тој му рече на покојникот:

- Брате! Марко ти порачува дека гробот се уште не е готов за тебе. Затоа причекај овде до утре.

Само што ги изговори овие зборови, на чудење на сите, мртовецот ги отвори очите, душата му се поврати, и без да зборува само гледаше со очите.

Утредента оној исти брат повторно отиде во пештерата да дознае дали гробот е готов. Свети Марко му рече:

- Оди и кажи му на оживениот: ти порачува Марко: остави го овој временски живот и премини во вечниот. Предај го својот дух на Бога а твоето тело нека биде положено овде во пештерата со светите отци. Еве, гробот за тебе е готов.

Братот се врати и му ја пренесе пораката на оживениот. Тој веднаш ги затвори своите очи, го предаде својот дух во рацете Божји и чесно беше положен во подготвениот гроб во пештерата. И сите беа запрепастени и се восхитуваа на ова преславно чудо, како со збор блажениот го оживе мртовецот и тој повторно умре по негова волја. И сите од се срце Го прославија Бога.

Еве друго чудо. Во истиот Печерски манастир имаше двајца браќа, Јован и Теофил, кои имаа многу голема меѓусебна срдечна хубов. Од младоста беа истомисленици и со подеднаква ревност Му служеа на Бога. Тие го умолија блажениот Марко да им ископа заеднички гроб, и во него да ги погребаат кога Господ ќе им нареди да умрат. По долго време, постариот брат Теофил отиде некаде по манастирска работа. При тоа младиот Јован, кој прекрасно Му угоди на Бога, се разболе и умре, и беше положен во пештерата во подготвениот гроб. По неколку дена се врати Теофил од патот, и кога слушна за смртта на братот започна многу да тагува. Поведе со себе неколку браќа и отиде во пештерата да види каде е положен покојникот. Но, кога виде дека е во заедничкиот гроб на горното место, започна да приговара и да му се лути на Марко, говорејќи:

- Зошто си го положил Јован на моето место, кога Јас сум постар од него?

А смирениот пештерник му се поклонуваше и велеше:

- Прости ми, брате, согрешив.

Потоа му се обрати на покојникот и рече:

- Брате, стани и отстапи го тоа место на твојот постар брат, па легни на долното место.

И во тој момент, на зборот на блажениот, мртовецот стана и легна на долното место. Сите што беа дојдени со Теофил го видоа тоа чудо и останаа вчудоневидени. А Теофил, кој се лутеше, падна пред неговите нозе и молеше за прошка, говорејќи:

- Оче, јас согрешив со тоа што го кренав братот од горното место. Те молам, нареди му повторно да легне таму.

Но, блажениот му одговори:

Самиот Господ направи така. Телото на овој покојник покажа колкава њубов има кон тебе и по смртта, потчинувајќи се на твоето старешинство и преместувајќи се од горното на долното место во заедничкиот гроб. Господ направи така за да го прекине непријателството кое настана меѓу нас, поради твоето негодување и за да не гаиш злоба кон мене. Да се воскреснуваат мртви е дело Божјо, а јас сум грешен човек. И затоа не можам сам од себе, без причина, да му речам на покојникот да стане и да легне на горното место. Нареди му ти, можеби ќе те послуша тебе. А знај и дека ти повеќе не треба да излезеш од оваа пештера, за веднаш да го наследиш своето старешинство и сега да бидеш погребан овде. Но, бидејќи се уште не си подготвен за заминување од овој свет, оди, погрижи се околу спасението на својата душа, и по неколку дена ќе бидеш донесен ваму.

Теофил многу се вознемири и исплаши, мислејќи дека веднаш ќе се струполи и ќе умре, и не се надеваше дека жив ќе стигне до манастирот. Со мака си дојде на себе и се врати во својата ќелија, обземен од неутешен плач. Тогаш ги раздаде сите свои работи а си остави само една кошула и мантија. И секој ден го очекуваше смртниот час, и никој не можеше да го запре неговиот горчлив плач. Тие што се обидуваа да го утешат, само уште повеќе го поттикнуваа на поголемо липање. Тие денови не можеа да го натераат ништо да вкуси. Солзите му беа храна и ден и ноќ. Кога настапуваше денот, тој со солзи го миеше своето лице и говореше:

- Не знам дали ќе ја дочекам ноќта.

А кога настапувала ноќта, повторно со солзи ја помрачуваше светлината на своите очи, и говореше:

- Кој знае дали ќе го дочекам утрешниот ден! Зашто многумина, кои стануваат наутро од сон, не ја дочекуваат ноќта, ниту друг сон освен смртта. И многумина кога ќе заспијат навечер не стануваат од својата постела наутро. А како јас можам да се надевам дека ќе останам жив, кога сум известен дека за кратко време треба да умрам?

Така непрестајно плачеше и постеше и постојано се молеше на Бога според Своето неизмерно милосрдие Господ да му подари време за покајание. Така правеше во текот на многу години и толку го исуши своето тело, што коските можеле да му се избројат. Од постојаното плачење го изгуби видот.

Преподобниот Марко го провиде часот на своето заминување кај Господа, па го повика Теофил и му рече:

- Прости ми, брате, што ти зададов толку тешка и долготрајна грижа и мака, И моли го Бога за мене, зашто еве, веќе заминувам од овој свет. Ако стекнам слобода пред Господа, нема да заборавам да Го молам за тебе и двајцата да не удостои на гледање на лицето Негово, и таму да се видиме и да живееме заедно со нашите преподобни отци Антониј и Теодосиј Печерски.

Теофил низ солзи му одговори:

- Зошто ме оставаш, оче? Или земи ме со себе, или дај ми да прогледам. Знам јас дека поради своите гревови требаше да паднам мртов во пештерата пред тебе, оној ден кога ти го воскресна мртвиот брат. Но, заради твоите свети молитви Господ ме поштеди, очекувајќи го моето покајание. И сега ти можеш да ми го подариш бараното. Те молам, или со тебе да отидам кај Господа или да прогледам.

На тоа преподобниот Марко му одговори:

- Брате, не тагувај што заради Господа си ослепел со телесните очи, зашто си прогледал со духовните на вистинскиот разум, и ми е мило што јас сум виновник за таквото твое ослепување. Јас ти претскажав смрт, за корист на твојата душа и твоето телесно високоумие да го доведам во смирение. Зашто срцето смирено и скрушено (а не она што се фали со старешинство) Бог нема да го отфрли (Пс. 50, 19). Затоа не ти е потребно да ја видиш оваа краткотрајна светлина, туку барај од Господа да ја видиш славата Негова во вечната светлина. И немој да ја посакуваш смртта. Таа ќе дојде дури ти и да не сакаш. Но, еве ти знак за твоето заминување од овој свет. Три дена пред смртта ќе прогледаш и така ќе отидеш кај Господа, и таму ќе ја видиш светлината неминлива и славата неискажлива.

Кога остави такво пророштво за крајот на Теофил, преподобниот Марко, кој им заповедаше на мртвите и пророкуваше, и самиот го заврши во Господа својот временски живот и премина во вечниот на небото, за со Началникот на воскресението Исус и со сите свети пророци вечно да блаженствува. Неговите чудотворни мошти се положени во пештерата, каде самиот си ископа гроб и тие не престануваат да им даваат исцеленија на сите, кои со вера прибегнуваат кај неговиот чесен ковчег. Тука лежат и синџирите што ги носеше врз себе и бакарниот крст од кој пиеше вода и со кој толку ја освети својата уста, та и крстот стана чудотворен. Кој со вера и пост ќе пристапи да пие света вода од тој чесен крст, добива чудесно исцеление, посигурно од сите други лековити води.

А пак блажениот Теофил го удвои своето ридање, горко плачејќи и поради разделбата со својот отец и наставник Марко и поради својот крај, кој го очекуваше секој ден. Се сеќаваше на пророштвото на блажениот пештерник и ронеше потоци од солзи, кои во него само се умножуваа од тоа. Тој имаше обичај кога стоеше на молитва и му надоаѓаа солзи, да става сад и плачеше над него. По многу години садот до врв го наполни со солзи. Потоа му се врати видот, согласно со ветувањето на преподобниот Марко. Така дозна дека крајот му е близу. Затоа усрдно започна да Му се моли на Бога и неговите солзи да Му бидат пријатни, и кревајќи ги рацете, вака зборуваше:

- Владетелу, човеколљупче, Господи Исусе Христе, Боже мој! Ти не ја сакаш смртта на грешниците туку го чекаш нивното обраќање. Ти ја знаеш немоќта наша, Царе пресвет, Утешителу благ, здравје на болните, спасение на грешните, поткрепа на малаксаните, кревање на паднатите, Тебе те молам, сега покажи ја милоста Своја кон мене, недостојниот, прими го проливањето на моите горки солзи, излеј го врз мене неисцрпното море на милосрдието Свое, да не настрадам на воздушните митарства! и да не паднам под власта на кнезот на темнината, по молитвите на големите угодници Твои, преподобните отци наши Антониј и Теодосиј Печерски и сите светии, кои од памтивека Ти угодиле.

Кога ја изговори оваа молитва, ангел Господов застана пред него, во вид на прекрасно момче, и му рече:

- Добро се молиш, Теофиле. Но, зошто се фалиш со количината насобрани солзи во садот?

И Ангелот му го покажа својот сад, далеку поголем од неговиот, полн со прекрасен благомирис, како од скапоцено миро, и рече:

- Еве ги твоите солзи што од срце ги ронеше во своите молитви кон Бога и ги бришеше со раката, или со марамче, или од облеката, или пак паднале од твоите очи на земјата. Јас сите ги собрав во овој сад и ги сочував, со наредба на мојот Владика и Творец. И сега сум испратен да ти јавам радост, за весел да отидеш кај Оној што рекол: „Блажени се оние што плачат, зашто ќе се утешат (Мт. 5, 4).

Откако го изговори тоа и го остави садот, Ангелот стана неВИДЛИВ.

Блажениот Теофил го повика игуменот и му раскажа за јавувањето на Ангелот и за неговите зборови. Потоа му ги покажа и двата сада полни со солзи. Едниот свој а другиот ангелски, кој мирисал поубаво од сите мириси, и го молеше игуменот по неговото преставување да ги излие врз неговото тело.

Во третиот ден по своето прогледување, блажениот Теофил отиде кај Господа, да го созерцава Трисолнечното Божество. А неговото чесно тело го положија во пештерата покрај неговиот мил брат, блажениот Јован, близу преподобниот Марко. И го помазаа од ангелскиот сад, од што целата пештера се исполни со прекрасен мирис. Потоа ги излија врз него и солзите од другиот сад, за оној што на земјата сеел солзи, да ги ожнее на небото со радост. Таа радост тој и ја доби со молитвеното посредство на својот преподобен наставник Марко пештерникот и чудотворец, а со благодатта на Богот на секоја утеха, Кому во Троица славениот, Му доликува секоја слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТАДЕЈ

реподобниот Тадеј најпрвин беше роб. Откако беше ослободен стапи во Студитскиот манастир и стана ученик на свети Теодор Студит Исповедникот. Замонашен, тој водеше многу богоугоден живот. Неговите постови и бденија беа многу строги. Послушноста му беше неизмерна, воздржанието преголемо. Немал ништо освен облеката на себе. Затоа и беше сакан и почитуван од сите.

Еднаш преподобниот Тадеј отиде со преподобниот Теодор Студит, својот игумен и учител, во палатата на царот иконоборец. Тука преподобниот Тадеј ревносно го изобличи иконоборниот цар пред целиот Сенат. Царот нареди да се донесе света икона на Спасителот и ја стави на земјата, па му нареди на блажениот Тадеј да ја згази со нозете. Тој одлучно го одби тоа, та затоа царот нареди четири многу силни мажи насилно да го стават врз светата икона. Тој со сите сили се спротивставуваше. Тогаш мачителот му рече:

- Ете, ти со нозете ја газиш иконата на твојот Христос. Зошто уште се противиш? Сега веќе треба да станеш наш истомисленик.

На тоа исповедникот Христов му одговори:

- Проклет безбожен тиранину! Гаду! Јас не го сторив тоа! Тоа е ваше насилништво и неправеден суд! Јас со целото свое битие и се поклонувам на светата икона на мојот Бог Христос, ја бакнувам и со сето срце сакам да умрам за неа.

Посрамен од овие зборови, бездушниот тиранин нареди бестрашниот исповедник да го тепаат со стапови додека не умре. И долго и нечовечно го тепаа, се додека не помислија дека е мртов, па го изнесоа од палата и како мртов го влечеа преку плоштадот и по калливите улици, па го фрлија под градскиот бедем, во близина на една чешма. Некој од православните христијани го најде таму како се уште дише, па го изми од калта. Потоа блажениот Тадеј поживеа уште три дена и отиде кај Господа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ВЕНИМИЈАН

Нашиот преподобен отец Венимијан се подвизувал во Нитриската гора во Египет. Се упокоил во 392 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АТИНОДОР

Овој Божји човек беше ученик на преподобниот Пахомиј Великиг. Се упокоил во мир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГЕОРГИЈ

Современик на големиот патријарх свети Фотиј. Ги делел со него животните проблеми. Познат е како писател на канони и тропари. Се упокоил во деветиот век.

СПОМЕН НА СИТЕ ХРИСТИЈАНИ

Христијани кои се упокоија од глад, жед, меч и студ. Нивниот собор се врши во храмот на Пресвета Богородица во Халкопатрија, во Цариград, каде лежел кивотот со појасот на Пресвета

Богородица.

СПОМЕН НА ОСВЕТУВАЊЕТО НА ХРАМОТ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ близу бронзените врати во Цариград