Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици  

За страстите

1. И јас имам желба да кажам заедно со пророкот Исаија: “Долго молчев Јас, трпев и се воздржував; сега ќе викам како родилка, ќе разурнувам и ќе голтам сѐ” (Иса. 42, 14). Ако сознаеш дека во тебе извира изворот на Светиот Дух, тоа ќе ти биде знак дека во тебе се исушиле и изгинале страстите, како што говори Спасителот: “Царството Божјо нема да дојде забележливо, ниту ќе кажат: “Еве, овде е” или: “Ете, онде е”. Зашто царството Божјо е во вас внатре” (Лука 17, 20-21). Има некои, кои говорат за делата на царството, но не ги прават; а има и такви, кои ги прават делата на царството, но не го прават тоа со внимание и со разум, во нив не се исполнил зборот на Спасителот дека е тоа “внатре” во нив. Ваквите се малкумина; тие ретко и тешко можат да се најдат. На нив слегнал Светиот Дух Божји и на нив се исполниле зборовите од Светото Евангелие според Јована: “На сите што веруваа во Неговото име - им даде можност да станат синови Божји: кои не се од крв, ни од похот машка, а од Бога се родија” (Јован 1, 12-13). Тие се избавиле од жалоста, што ја постигнала Ева: “А на жената ѝ рече: “Ќе ти ги умножам и преумножам маките кога си бремена; со болка ќе раѓаш деца (1. Мој. 3, 16). Тие се избавиле од тешката пресуда, што била изречена на Адама: “Бидејќи ја послуша жената и вкуси од дрвото, од кое ти забранив и реков: - не јади од него - затоа земјата нека биде проклета поради тебе; со мака ќе се храниш од неа сѐ до крајот на својот живот” (1. Мој. 3, 17). Тие се оние што ја примиле радоста, која ја примила и Света Дева Марија: “Светиот Дух ќе слегне на тебе” (Лука 1, 35). Како маката што ја постигнала Ева и што ги постигнува тие од нејзиното семе дури до денес, така и радоста ја опфатила Ева и ги опфаќа оние од нејзиното семе досега. И како што сме биле некогаш синови на Ева и сме го чувствувале нејзиното проклетство врз себе преку нашето раѓање од Бога, преку помислите од Светиот Дух и преку Христовите страдања, ако се тие всушност и во нашето тело, зашто светиот апостол Павле пишува: “Испитувајте се сами себе дали сте во верата. Сами испитувајте се! Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас?” (2. Кор. 13, 5).

2. И така, кога сме ја имале сликата на земниот човек, ние сме сознавале дека сме синови на неговите помисли од материјата без чест, кои живеат во нас - а тоа се страстите. А оние што се облекле во ликот на Небесниот, тие се сознаваат како Негови синови, преку Светиот Дух, Кој живее. Така и светиот пророк Исаија, говори: “Бевме непразни, се мачевме, - како да раѓавме ветар; спасение не ѝ поставивме на земјата, и други жители во вселената не се појавија”. (Иса. 26, 18). А во книгата Проповедник е напишано: “Како што не ги знаеш патиштата на ветрот, ниту како настануваат коските во утробата на бремена жена, така не можеш да ги знаеш ни делата на Бога, Кој создава сѐ” (Проп. 11, 5). Зашто како “што Света Дева Го носела телесно во својата утроба, така и оние, кои ја примиле благодатта на Светиот Дух - Го носат во своето срце, според зборовите на светиот апостол, кој говори: “Да ви даде по богатството на Својата слава, сила да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, и преку верата Христос да се всели во срцата ваши, та вкоренети и утврдени во љубовта, да можете да разбирате со сите светии, што е ширина и должина, што е длабочина и височина” (Ефес. 3, 16-18); да можеме да застанеме заедно со сите светии, како што и: “таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да Му се оддава на Бога, а не нам” (2. Кор. 4, 7).

3. И така, ако си дошол дотаму, та можеш да ги изговараш овие зборови: “Сите со откриено лице, гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме во ист образ, од слава во слава, како што доаѓа од Духот Господов” (2. Кор. 3, 18), на тебе се исполниле зборовите на светиот апостол, кој говори: “Мир Божји да владее во срцата ваши” (Кол. 3, 15) и уште: “Ако, е пак, Христос во вас, телото е мртво за грев” (Рим. 8, 10). А, ако си дошол дотаму, а за што говорат и следните зборови: “Koj некогаш заповеда од темнината да изгрее светлина, Он ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исуса Христа светло” (2. Кор. 4, 6), на тебе се исполниле и овие зборови на Спасителот наш Господ Исус Христос: “Нека ви биде крстот стегнат и светилата - запалени! Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаат својот господар да се врати од свадба, за да му отворат веднаш, штом дојде и почука” (Лука 12, 3536), за да не биде затворена твојата уста, немајќи што да каже за свое оправдание среде светиите; ако знаеш дека во твојот сад има елеј, како кај мудрите девојки, за да влезеш во свадбениот дом и да не бидеш оставен надвор; ако си почувствувал дека се соединиле беспрекорно твојот дух, душата и телото и дека ќе воскреснат во денот на нашито Господ Исус Христос незапетнети - ако твојата совест биде неизобличена и чиста, ако си станал како дете според зборовите на Спасителот, Кој говори: “Оставете ги децата и не им пречете да доаѓаат при Мене, зашто на такви е царството небесно” (Матеј 19, 14). Тогаш навистина си станал Негова невеста и Светиот Дух те вовел во тоа наследство и додека си уште на земјава - во твоето тело. А, ако не е така, тогаш очекувај офкања горчливи и големи страдања; а пред тебе ќе врват поругата и срамот кога ќе се јавиш пред светиите.

4. А знај дека и ти треба, како секоја свршеница, кога станува од спиење секое утро, не се фаќа за ништо друго, пред да се украси за својот свршеник, гледајќи се често во огледало и се прашува дали ќе му се допадне на својот свршеник. Така се грижат и светиите дење и ноќе, се прашуваат дали нивните дела и помисли се добри и сакаат да знаат дали се под товарот на Бога и на Светиот Дух или не.

5. Па така, подвизувај се усрдно, брате, во страдањата на срцето и на телото, со разум, за да ја добиеш онаа вечна радост, зашто ретки се оние што се удостоиле со неа, кои го добиле духовниот меч и ја ослободиле својата душа од чувството на секоја страсна нечистотија, како што рекол апостолот (сп. 2. Kop. 7, 1; Ефес. 6, 17). Но Бог е силен да ѝ помогне на нашата немоќ, за да се удостоиме да бидеме со Неговите светии. Амин.

Преподобен Авва Исаиј