Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици  

За покајанието

1. Го прашале авва Исаиј: “Што е покајанието или што прибежиштето од гревот?" А тој им одговорил: “Има два пата, патот на животот и патот на смртта. Кога одиш по едниот пат, тогаш не одиш по другиот. А тој што оди ту по едниот, ту по другиот, за него уште не може да се каже каде оди и кон кое царство патува - дали оди во Божјото царство или по оној - што слегнува до пеколот. Впрочем, кога умре ваквиот човек, нему ќе му пресуди Бог, Кој има и милост.

2. Но, оној што го сака Божјото царство - тој ги врши делата Божји. Царството Божјо бара уништување на секој грев. Се разбира, сејат и непријателите, но нивните помисли не даваат плод. Зашто, ако умот дојде до соѕерцанието на сладоста на блажествата, тогаш демонските стрели веќе не влегуваат во него, зашто е веќе под оклоп и ги има сите Божји оружја - добродетелите, кои го запазуваат, грижливо се трудат околу него и не дозволуваат да биде засегнат од страсни помисли, туку го занимават со своите соѕерцанија, за да ги знае овие два пата: од едниот да бега и да се оддалечува, а другиот да го сака.

3. И така, кој ја познал славата Божја, тој ја познал и горчевината на непријателот, кој го познал Божјото царство, тој го познал и пеколот; кој ја познал љубовта, тој знае и што е омразата; кој го познал копнежот спрема Бога, тој ја познал и демонската омраза; оној што познал што е чистота, тој ја знае и нечистотијата и смрдеата на страстите; тој што го познал плодот на добродетелите, тој ги знае и плодовите на злото; оној што ја чувствува радоста на ангелите во неговите дела, тој знае како се радувале и демоните кога извршувал лоши дела. Ако не успееш да избегаш од демоните, никогаш нема да ја познаеш нивната горчина. Како може некој да сфати што е среброљубието, ако не се одрече од него потполно и не почне да живее во голема сиромаштија заради Господа Бога? Како ќе можеш да ја познаеш горчевината на зависта, ако не придобиеш кротост? Како ќе ја дознаеш заматеноста на гневот, ако не ја придобиеш долготрпеливоста? Како ќе ја познаеш бесрамноста на гордоста, ако не ја придобиеш мирнотата на смирението? Како ќе ја познаеш смрдеата на блудот, ако не ја познаеш сладоста и благоуханието на пречистата невиност? Како можеме да го познаеме срамот на осудувањето, ако не, ги познаеме своите недостатоци? Како ќе го познаеме незнаењето на безумната смеа, ако не го познаеме плачот за нашите гревови? Како ќе го познаеме мракот на очајанието, ако не заздравеат твоите чувства и не ја познаеш Божјата светлина?

4. Сите грешни страсти имаат една глава, која се нарекува злоба на демонската сила. И добродетелите имаат една мајка, која се нарекува страв Божји, кој раѓа добродетели во оној што го придобил и му ги сече гранките на злото, како што реков, понапред. Возљубен брате, спечали го него, и целото време од твојот живот ќе го поминеш во спокој. Зашто стравот Божји е мајка на сите добродетели, сѐ додека некој уште го нема стравот Божји, сѐ дотогаш сѐ уште не е син на небесното царство; во него човек може да се подвизува постепено, малку по малку, сѐ додека не биле отсечена секоја од спомнатите страсти. Ако некој сака да дознае дали тој се труди или не, еве што може да му послужи како знак; сѐ додека гревот ги дава своите плодови, сѐ дотогаш гревот и злото живеат во него, а добродетелите уште не се во мир со него. Зашто е напишано: “Не знаете ли дека кому му се предавате како робови за послушност, робови сте му на оној, кому му се покорувате: или робови на гревот, за смрт, или - на послушност за оправдание?” (Рим. 6, 16). И пак: “Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас? Освен, само ако сте недостојни” (2. Kop. 13, 5). А апостол Јаков пишува: “Ако некој од вас мисли дека е благочестив, а не го обуздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата благочестивост е суетна” (Јак. 1, 26).

5. На сето ова нѐ учи Светиот Дух, Кој ни покажува како да отстапиме од неприродноста и како да се запазиме од неа. Зашто покајанието се состои во тоа - да бегаме и да се отстрануваме од гревот. Но, гревот не е еден, туку целиот стар човек се нарекува грев. Затоа светиот апостол говори: “Не знаете ли, дека оние што се натпреваруваат на тркалиште, трчаат сите, но само еден добива награда?” (1. Кор. 9, 24). A кој е тој, ако не оној кој опстојува и храбро се бори? Зашто апостолот го рекол и ова: “Секој што се бори, од сѐ се воздржува” (1. Kop. 9, 25). Браќа, да се погрижиме за себе си. Но, во што е оваа наша грижа, ако не во тоа да се преклонуваме пред благодатта на нашиот Господ Исус Христос, молејќи Му се да нѐ закрили од нашите непријатели. А Он е силен против нив, силен е да ги одбива нивните силни напади против нас; Он знае дека човекот е плот и крв.

6. Го прашале пак авва Исаиј: “Што е тоа да се безмолствува во ќелијата?” А тој им одговорил: “Да се безмолствува во ќелија, тоа е да паѓаме пред Бога и сите наши сили да ги напрегнуваме за да ѝ се противставуваме на секоја лоша помисла што доаѓа од непријателот, зашто тоа е прибежиштето на светот”. - Го прашале пак: “А што е тоа свет?” А тој им одговорил: “Светот е работилница на неприродностите; светот е исполнување на своите телесни желби; светот е мислење дека секогаш ќе живееш во овој свет, светот е грижа повеќе за телото, отколку за душата; светот е пофалба што ќе ја оставиш за најпосле. Јас не го говорам ова од себе, свети апостол Јван Богослов говори: ”Не сакајте го светот и сѐ што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, сѐ што е во светот - похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот. А светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Ј ов. 2, 15-17). Истиот свети апостол вели: ”Чеда, никој да не ве измамува! Кој врши правда, праведен е, како што е праведен Он. Кој прави грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. Па затоа и се јави Синот Божји, за да ги урне делата ѓаволски” (1.. Ј ов. 3, 7-8). И уште говори светиот апостол Јаков: “Кој сака да му е пријател на светот, Му станува непријател на Бога” (Јак. 4, 4). А свети апостол Петар, сакајќи своите чеда да ги направи туѓи на гревот, им говори: “Возљубени, ве молам, како придојдени и гости, да се пазите од телесните желби, што војуваат против душата” (1. Петр. 2, 11). И возљубениот наш Господ Исус Христос, знаејќи дека грешниот свет е измачувачка тежина, додека човекот не го напушти им говорел на Своите ученици, велејќи: “Иде кнезот од овој свет, и во Мене тој нема ништо” (Јован 14, 30). И ова го читаме кај светиот апостол Јован Богослов: “Целиот свет лежи во зло” (1. Ј ов. 5, 19). Господ говорел и за оние - за Своите што ги зел од светот, велејќи: “Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Jac ве избрав од светот - затоа светот и ве мрази” (Јован 15, 19). Од кој и од каков свет ги зел Господ, ако не од овој свет, во кој е раширен гревот?

7. Па така, ако сакаш да бидеш Исусов ученик, треба да бегаш од гревот и од страстите на овој свет. Зашто, ако не се ослободиме од гревовните страсти, не можеме да бидеме негово живеалиште. Зашто и Он самиот рекол: “Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло; ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?” (Матеј 6, 22-23). Па, ако твојот ум не биде здрав од злото, тој не ќе може да ја гледа Божјата светлина; зашто тогаш злото бива за умот како мрачна преграда и ја опустошува душата, како што пишува во Евангелието: “Никој, кога запали свеќа не ја поклопува со сад, ниту ја става под одар, туку ја наместува на свеќник, за да ја гледаат светлината оние што влегуваат” (Лука 8, 16). Велат дека одарот ја претставува неправдата на светот. И така, кога нашиот ум се наоѓа во неприродноста - не може да биде наш внатрешен светилник Божји. А кога нашиот ум ќе стане висок светилник, тогаш во нас сјае Божјата светлина. И тогаш умот гледа што се наоѓа во нашиот внатрешен дом, па кого може да го исфрли - го исфрлува, а оној со кого може да има мир - го остава. Затоа Господ ги поучувал оние, чиј ум бил просветен со заповедите на Неговото Божество, велејќи: “Вам, што слушате ви велам: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат; благословувајте ги оние што ве навредуваат! На оној, што ќе ве удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној, што сака да ти ја земе горната облека, подај му ја и кошулата. Секому, кој ти бара, подај; а од оној, што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати!” (Лука 6, 27-30). И ова: “Ha оној што бара од тебе, дај му, и не го одбивај оној што ти сака нешто на заем” (Матеј 5, 42).

8. А ова им го кажал на оние што избегале од светот, на тие што го оставиле светот и се приготвиле да одат по Него, по својот Спасител. Затоа што ги посакал со совршена љубов, Он им говорел: “Станете да си одиме одовде” (Јован 14, 31). А каде ги води, велејќи им да станат и да појдат со Него. Со ова Он го зема нивниот ум од овој свет и го успокојува во Своето царство. Затоа ги воодушевува и им говори: “Јас сум лозата, а вие прачките; и кој што е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; оти без Мене не можете да направите ништо... Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене” (Јован 15, 5 и 4). Ова им го говори Он на оние што го оставиле светот, затоа што е во нив Светиот Дух и што Он живее во нивните срца, велејќи: “Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам при вас” (Јован 14, 18). Па така, тој што Го возљубил Бога и што сака Он да живее во него, и не сака да остане сирак, нека се погрижи да го запази она што му го запазил Исус, и Он ќе живее во него, затоа што Он е близу до нас; меѓу нас и во Него нема ништо друго, освен нашите страсти.

9. Брате, ако се нарекуваш таков, кој се одрекол од светот, а се покажеш дека ги вршиш делата на светот, тогаш ти не си се одрекол од него, туку се мамиш самиот себе си. На оние што се откажале од светот, Господ им го дал овој белег, велејќи: “Koj ќе ја запази душата своја, ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене, ќе ја зачува” (Матеј 10, 39). Како ја загубува тој својата душа, ако не со отсечување на сите нејзини телесни желби? Господ уште вели: “Koj не го носи својот крст, и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик” (Лука 14, 27). А каков крст ни вели Он да носиме, ако не тој: секогаш да имаме бодар ум и да стоиме во добродетелите, за да не се оддалечиме од крстот? Тоа е воздржувањето од страстите, сѐ додека не бидат отсечени од нас и додека умот наш најпосле не стане победник. Затоа на оние, што Му поверувале, Он им рекол: “Ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре - ќе донесе голем плод“ (Јован 12, 24). За утеха на оние што ќе умрат слично на зрното, Он говори: “Koj ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга” (Јован 12, 26). А како да Му служиме на Христа Исуса, ако не со тоа што ќе го намразиме светот на страстите и ако ја исполнуваме Неговата волја - Неговите заповеди? А оние што ги исполниле Неговите заповеди, тие добиле смелост и Му велат: “Ете, ние оставивме се и по Тебе одиме: што ќе стане, пак, со нас?” (Матеј 19, 27). Он им покажал што ќе биде со нив, велејќи: “Вистина, ви велам, дека вие што врвите по Мене, при повторното раѓање, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе служите на дванаесетте Израилеви колена; и секој што ќе остави куќа, или брат, или сестра, или татко или мајка, или жена, или деца, или ниви заради моето име, ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен” (Матеј 19, 28-29).

10. Нашиот Господ, преслаткиот Исус, знаејќи дека човекот, ако не придобие безгрижност за сѐ, дека неговиот ум не може да се издигне на крстот им заповедал на Своите ученици да остават сѐ, и да не се среќаваат со она што ќе го симнува нивниот ум од сеќавањето на крстот - спасението. Затоа кога Му пришол некој и Му рекол: “Господи, ќе одам по Тебе, но позволи ми најнапред да се простам со своите домашни” (Лука 9, 61), - нашиот возљубен Исус, знаејќи, дека, ако ги види своите домашни, неговото срце пак ќе се приврзе кон нив, дека и други некои работи можат да го задржат таму, му забранил да го направи тоа, велејќи му: “Никој што ја ставил раката своја на ралото и погледнува назад, не е достоен за царството Божјо” (Лука 9, 62). По параболата за свадбата на царскиот син, во која се говори дека царот приредил гозба за својот син, па ги испратил своите слуги да поканат гости, а тие, поради љубовта, со која биле врзани спрема некои работи во светот, не можеле да дојдат, им рекол со тага: “Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си и мајка си, жена си, децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик” (Лука 14, 26). Ова ни го говори затоа, за да нѐ научи, дека кој сака да влезе во царството Негово, ако најнапред не намрази сѐ друго што го влече неговото срце кон светот, не може да влезе во царството што го сака. И напомнувајќи ни дека не треба да се надеваме само на нашата вера, ни кажува во Својата парабола за свадбената гозба на царскиот син, дека кога влегол царот и видел еден од гостите без свадбена облека, им заповедал на своите слуги да го фрлат во крајната темнина (сп. Матеј 22, 11-13). Значи, таму влегуваат по своето христијанско име, а оттаму биваат исфрлани затоа што немаат христијански дела. Така и светиот апостол Павле, знаејќи дека никој не може истовремено да го сака и тоа што е Божјо и тоа што е од овој свет, му пишува на Тимотеја, своето чедо, велејќи: “Ниеден војник не се заплеткува во светски работи, за да му угоди на својот началник. А ако, пак, некој војува, сепак, венец не добива, бидејќи не се борел според правилата” (2. Тим. 2, 4-5). Па, охрабрувајќи го да се надева, дека трудовите негови нема да пропаднат, тој му говори: “Земјоделецот што се труди, прв треба да вкуси од плодот” (2. Тим. 2, 6). А пишувајќи им и на некои други, тој им вели: “Неженетиот се грижи за Господови работи, - како да Му угоди на Господа; а женетиот се грижи за световни работи - како да ѝ угоди на жената” (1. Кор. 7, 32-33). Таквиот, кој се грижи за светските работи, ќе го чуе страшниот глас, кој ќе рече: “Врзете му ги рацете и нозете, земето го и фрлето го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби" (Матеј 22, 13).

11. Браќа, да ја употребиме нашата сила за тоа, за да се облечеме во облека на добродетелите за да не бидеме исфрлени надвор, зашто во тој ден нема да има никакво гледање на лице - кој е кој. Затоа апостолот им рекол на своите чеда: “Оние што го прават тоа, нема да го наследат царството Божјо” (Гал. 5, 21). Знаејќи, дека оние што ќе се удостојат да ги умртват своите страсти и да немаат веќе соперник, им ги покажал плодовите на Духот, кои се: “љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста. Против такви нема закон” (Гал. 5, 22-23). A возљубениот наш Господ Исус Христос, покажувајќи ни дека во тој ден ќе се откријат плодовите на нашите дела, рекол дека многумина ќе посакаат да влезат таму и дека не ќе можат, зашто домаќинот ќе рече да се затвори вратата на куќата и на недостојните што ќе чукаат потоа - ќе им рече: “Не ве знам од каде сте” (Лука 13, 25), па зар можеме да кажеме за Бога, дека има нешто што Он не го знае. Никако. Ho, бидејќи тие што ќе чукаат и што ќе викаат: “Господи, Господи, отвори ни!” (Лука 13, 25) ќе бидат оние што немале добродетели, затоа Господ им вели: “Не ве знам!” Он ја покажал судбата на оние што имаат вера, а немаат дела, велејќи: “Јас сум лозата, а вие прачките; и кој што е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; оти без мене не можете да направите ништо. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачката, И ќе се исуши; и такви ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат, и ќе изгорат” (Јован 15, 5-6). Оние прачки кои даваат добар род, Отецот ги чисти, “за да принесе повеќе плод” (Јован 15, 2). И пак, за да ни покаже дека не ги сака оние што дејствуваат по своите телесни желби, Он вели: “Не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал” (Јован 17, 9); Јас ги зедов од светот (сп. Јован. 15,19): зашто светот го љуби своето. И на крајот вели: Оче, “не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото. Тие не се од светот, како и Јас што не сум од него” (Јован 17, 15-16).

12. Да испитаме, браќа, дали сме ние од светот или не сме. Ако не сме од светот, тогаш Он ќе не пази од злото, зашто рекол: “Ho, не се молам само за нив, туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти се Ме пратил... Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал” (Јован 17, 20-24). Види сега Бог со каква љубов нѐ возљубил нас луѓето, кои сме се подвизувале во овој свет и кои сме ги намразиле телесните желби - да царуваме со Него во бескрајните векови. И светиот апостол Јован соѕерцавајќи ја таа голема слава, рекол: “Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме каков што е” (1. Jов. 3, 2), ако ги запазиме Неговите заповеди и го направиме она што Му е угодно. И пак апостолот ни говори: “Не чудете се, браќа мои, ако светот не мрази. Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги сакаме браќата свои, оној што не го сака братот свој, тој пребива во смртта” (1. Јов. 3, 13-14). И уште: “Секој што не врши правда, не е од Бога; а и оној кој не го сака братот свој” (1. Јов. 3, 10). И уште: Кој што врши правда од Бога е роден (1. Јов. 2, 29); “кој прави грев, од ѓаволот е” (1. Jов. 3, 8); “секој што е роден од Бога, грев не прави, зашто семето Негово пребива во него; и не може да греши, бидејќи е роден од Бога” (1. Јов. 3, 9).

13. Браќа, да направиме сѐ што е според нашите сили, имајќи утеха во ваквите сведоштва. Можеби на нас ќе се смилува добрината на нашиот Господ и ќе ни испрати сили да ја отфрлиме од себе си тежината на овој нечист свет. Зашто нашиот непријател не дреме, туку постојано се труди да не улови - сакајќи да ги зароби нашите души. Но, нашиот Господ Исус Христос е со нас и му брани со силата на Своите свети зборови, ако ги пазиме. Зашто, кој му се противстави на непријателот или кој е силен против него, ако не се тоа зборовите, кои ги кажал Бог против него? Тие ќе му се противстават и ќе ја скршат неговата сила и тогаш кога човекот не знае за тоа.

14. Свети апостол Петар, учејќи нѐ и покажувајќи ни, дека делата ќе го спасат човекот, говорел: “Принесете кон верата ваша добродетел, а кон добродетелта разум, кон разумот воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпеливоста побожност, кон побожноста братољубивост, кон братољубивоста љубов. Оти, ако овие добродетели ги има во вас и се умножуваат, тие нема да ве остават празни, ниту бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос. А при кого ги нема, тој е слеп, кусоглед и заборава дека се очистил од поранешните гревови. Браќа, затоа уште повеќе настојувајте да го зајакнете вашиот позив и избор, оти, ако го вршите тоа, никогаш нема да погрешите” (2. Петр. 1, 5-10). А свети Јован Крстител говори: “Родете плодови достојни за покајание и не почнувајте да зборувате во себе: ʽГо имаме таткото Aвpaaмa!’ Зашто ви велам, дека Бог може и од овие камења да издигне чеда на Авраама. Оти веќе и секирата стои кај коренот на дрвјата; и секое дрво што не раѓа добар плод, се сече и фрла во оган” (Лука 3, 8-9). И Господ наш Исус Христос говори: “По плодот се познава дрвото” ( Матеј 12, 33): “Се бере ли грозје од трње", или вели: “Не секој што Ми вели:, Господи, Госполи, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен” (Матеј 7, 21). Светиот апостол Јаков, пишува: “Верата без дела е мртва” (Јаков 2, 20). И светиот апостол Павле, утврдувајќи ги своите чеда во тоа, дека верата има потреба од дела, строго им заповеда и говори; “А блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост дури да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии, ниту, пак, срамни и празни разговори или смешки, што се неприлични, туку само благодарности. Зашто ова треба да го знаете, дека ниеден блудник, или нечист, или користољубец кој е идолопоклоник, нема дел во царството на Христа и Бога” (Ефес. 5, 3-5). Па, потврдувајќи ги уште повеќе овие зборови, истиот свети апостол говори понатаму: “Никој да не се мами со празни зборови; оти поради овие иде гневот Божји врз синовите на непокорноста; и така не станувајте нивни соучесници. Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господа: живеете како деца на светлината! Зашто плодот на Духот се состои во секое добро, правда и вистина, - и испитувајте сѐ што Му е на Бога угодно! ” (Ефес. 5, 6-10). И пак: “Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба” (Ефес. 4, 31). Истиот апостол уште говори: “Угледајте се на мене, како што и јас на Христа!” (1. Кор. 11, 1) и: “Сите што се крстивте во Христа, во Христа се облековте” (Г ал. 3, 27).

15. Да се испитаме, браќа, дали сме се облекле во Христа или не. А Христос се познава по чистотата, зашто Он е чист и во чисти живее. А како се станува чист? Не поинаку отколу да престанеме да го правиме злото, што сме го правиле. Зашто таква е Божјата добрина; во кој час се обрати човекот од своите гревови, како што е напишано во Евангелието за помалиот син, кој блудно го истрошил богатството од својот татко, па потоа пасел свињи и бил желен да се нахрани со храната што ја јаделе свињите, најпосле се покајал за сѐ што направил, сфатил дека нема наситување со гревот, туку колку повеќе човек греши - толку повеќе се разгорува во него желбата уште повеќе да греши. Па така, кога покајанието се допрело до неговото срце, кога почнало да чука во него, тој веднаш се вратил при својот татко со покајание, ги напуштил сите свои телесни желби, имајќи доверба во својот татко, верувал дека е милосрден и дека нема да му се лути за тоа што го направил. Затоа и татко му го примил со голема радост и веднаш наредил да му дадат нова облека и да му стават прстен на раката - знак за неговото вратено синовство (сп. Лука 15, 11-22). Ова ни го раскажува нашиот Господ Исус Христос, сакајќи да ни каже, дека, ако се обратиме кон Него, треба да ја оставиме свинската храна, и дека Он тогаш ќе не прими нас, кои сме станале чисти. Он ни го кажал ова, за да не очајува нашата душа и да не си велиме: “Кога Бог ќе ме послуша?” Зашто Бог знае да го послуша, оној што Му се моли, кога е тој достоен. Тогаш Он ќе го послуша скоро.

16. Да се обратиме кон Него со сето наше срце, да Му се молиме и да не паѓаме со духот (сп. Лука 18, 1) и Он скоро ќе не услиши зашто Он рекол: “Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори” (Матеј 7, 7). Па така, браќа, ако сакаме, ако бараме, и ако чукаме; ќе ни се даде тоа што го сакаме; ќе го најдеме тоа што го бараме и ќе ни се отвори - ако чукаме; - ќе го добиеме она што Го просиме од Него. Така и оној, кој дошол кај својот пријател во полноќ и молел, велејќи: “Дај ми на заем три леба; оти ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам” (Лука 11, 5-6) и не престанувал да чука, така што пријателот негов му го дал тоа што го барал. Да ја отфрлиме, браќа, мрзливоста од нас и да се подготвиме за вакво постојанство. И Бог гледајќи го нашето трпение, ќе ни даде тоа што го бараме, зашто Он е милостив и сака човекот да се обрати кон Него, како што е напишано: “Ви велам, дека и на небото ќе биде поголема радост за еден грешнк, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници” (Лука 15, 7).

17. Па така, браќа, имајќи ја таквата Негова милост и таквото богатство на Неговата дарежливост, да жалиме пред Него со сето наше срце - додека се наоѓаме уште во телото, зашто брзо минува времето на овој наш живот на земјава. Ако се потрудиме, ќе ја наследиме вечната и неискажлива радост, а ако се повлечеме, ќе бидеме слични на богатиот младич, кој Го прашал Господа како може да се спаси, а Он му одговорил, велејќи: “Предај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; потоа дојди и врви по Мене!” (Лука 18, 22-23). Со овие зборови Господ ни покажал дека спасението зависи од спречувањето на нашата грешна волја. Зашто Господ знаел дека да им се раздаде богатсвото на сиромасите не е така тешко, како што е тешко носењето на крстот. Раздавањето на своето богатство е една добредетел и дека човекот го прави тоа, за да може полесно да го носи својот крст, а крстот е унижување на секој грев, и раѓа љубов, без љубов нема и крст. Апостолот, знаејќи го тоа, знаејќи дека има и лажни добродетели, во кои нема љубов, ниту во нив го има совршенството на добродетелите, рекол: “Да зборувам на cите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што звони, или кимвал што звечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, - ако љубов немам, ништо не сум. И да го разделам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, - штом љубов немам, ништо не ми користи. Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло” (1. Kop.13, 1-5).

18. Пa така, оние што сакаат да појдат по патот на љубовта, нека не мислат за другите луѓе: дали се тие добри или лоши. Тогаш, на крајот, ќе остане во нивното срце само една нивна желба спрема Бога, и од тоа чувство во нив ќе се роди природен гнев и тој гнев ќе се подигне против сѐ што бива посејувано од непријателот. Тогаш Божјиот закон ќе најде во нив пасиште и преку стравот во нив ќе се пројави љубовта. Тогаш таквиот човек говори со смелост, како што говори и светиот апостол: “Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господа Исуса” (Дела 21, 13). Блажена е душата, која достигнала до таква љубов, зашто таа е тогаш безстрасна.

19. Браќа, ние сме излезени од светот и знаеме во каква состојба се наоѓаме, знаеме дека е милосрден Господ Исус Христос и дека може да го успокои секого од нас - секого според неговите дела, а и најмалиот - најништожниот според милоста Негова, како што рекол: “Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење” (Јован 14, 2). Зашто, иако е царството едно, во него секој добива свое место и има свое дело. Браќа, да се подвизуваме против мрзливоста, да ја отфрлиме темнината од себе си и да јa видиме светлината на покајанието. Да ги придобиеме Марта и Марија - кои се големото страдање и плачот, кои плачат пред Спасителот - за да го воскресне Лазара, односно умот, кој е завиткан со многу обвивки на своите пожелби, а Он, иако прави милост и нив ги повикува да прават милост; зашто нивна работа е понатаму да го одмотаат воскреснатиот Лазар и да го пуштат да оди. Кога се ослободил Лазар, тогаш се пројавила грижата на Марта и Марија. А потоа што гледаме? Лазар, безгрижен, седи на трпеза со Исуса и Марта со усрдност и со радост им служи, а Марија откако ги донела скапоцените мириси, ги помазува нозете на Господа.

20. Браќа, да почнеме да се подвизуваме според нашите сили, и Бог ќе ни помогне, соред Својата голема милост. Ако не сме ги запазиле нашите срца, како што го направиле тоа нашите оци, да ги употребиме нашите сили, да ги запазиме барем нашите тела безгрешни, како Бог што го бара тоа од нас. Да веруваме дека Он за време на гладот, кој нѐ постигнал, ќе биде милостив и спрема нас, како што го направил тоа и со сите светии. Зашто, иако е една славата на сонцето, а друга на месечната, па иако и звезда од звезда се разликува во својата слава, сепак, тие се наоѓаат на едниот небески свод. И нивната слава и нивната чест се негови - отсега и во сите векови - Амин.

Преподобен Авва Исаиј