Свети Антониј Велики

           1. Луѓето кои се паметни се нарекуваат умни, употребувајќи го неправилно овој збор. Не се паметни оние што научиле извесни мисли од списите на древните мудреци, но оние, чија душа е паметна, кои можат да размислуваат и да знаат што е добро и што е лошо, па се оддалечуваат од она што е лошо и штетно за душата, а се трудат да го прават она што е добро и корисно за неа, правејќи го тоа со голема благодарност на Бога. Само ваквите луѓе со право треба да ги нарекуваме паметни.

2. Вистински умниот човек има само една грижа: со сета своја душа да Му угодува на Бога и да Му се покорува. Само за ова ја приучува својата душа - само на тоа како да Му угодува на Бога, да Му благодари за Неговата добра промисла, какви и да се условите на неговото живеење. Како што им благодариме на лекарите и тогаш кога ни даваат горчливи лекарства со цел да го излекуваат нашето тело, така треба да Му благодариме на Бога за сѐ што ни испраќа, промислувајќи за нашето спасение. И ова треба да го правиме со готовност и со радост. Ако вака мислиме и ако вака веруваме во Бога, во тоа ќе најдеме мир и спасение на нашата душа.

3. Воздржувањето, кротоста. целомудреноста, издржливоста, трпеливоста и другите слични на нив големи добродетели, сме ги добиле од Бога како борбени сили, за да може да им се противставуваме на сите опасности и да ни помагаат за време на мирот. Ако ги имаме овие сили секогаш готови, за да можеме да ги употребиме, тогаш ништо нема да ни биде тешко, неподносливо и опасно, зашто ќе можеме да победуваме сé со силата на овие добродетели што се во нас. Вака не мислат оние, чија душа не е умна, зашто тие не веруваат, дека сé што бива во нашиот живот - бива за наша полза, за да се пројават нашите добродетели и заради нив да бидеме овенчани со слава од Бога.

4. Ако ги сметаш богатството и потполното насладување на него само преодни убавини, кои брзо минуваат и ако знаеш дека богоугодниот и добродетелниот живот се многу подобри и од најголемото богатство, ако веруваш дека е така и ако го имаш ова постојано во својот ум, тогаш нема да воздивнуваш, нема да жалиш или да се вознемируваш, кога ќе видиш дека другите биваат прославувани поради нивното красноречие, нивната ученост и нивното богатство, туку ќе Му благодариш за сé на Бога. Ненаситната желба по богатство, задоволства, уживање и славољубие, како и незнаење на вистината, се најлошите страсти на човечката душа.

5. Умниот човек размислува за себе си, знае што му е и што не му е корисно, што треба и што не треба да прави, како и она што е сродно и корисно со неговата душа и што е штетно за неа. На тој начин ќе одбегнува од сѐ што и е туѓо и штетно на неговата душа.

6. Доколку некој живее умерен живот, дотолку е поспокоен, затоа што не се грижи за многу непотребни работи: за слуги, наемници, за имот и за добиток. Ако се приврземе кон сите овие работи, тогаш биваме ожалостувани поради извесни неуспеси и загуби и почнуваме да мрмориме против Бога. На тој начин, доброволно се исполнуваме со неспокојство и талкаме во темнината на гревовниот живот и не се знаеме себе си.

7. Не треба да говориме дека човекот не може да живее добродетелно, но, исто така, не треба да мислиме дека тоа е лесно. Ваквиот живот не е лесен за секој човек, туку само за оние луѓе, кои живеат побожен живот и имаат богољубив ум. Обичниот ум е светски и непостојанен. Во него има и добри и лоши мисли. Ваквиот ум не е постојан и е наклонет кон телесното, а богољубивиот ум го накажува злото, кое се појавува кај луѓето од нивната доброволна безгрижност.

8. Необразованите и простите луѓе се подбиваат со науката и не сакаат да слушаат за неа затоа што таа го изобличува нивното незнаење. Тие би сакале сите да бидат како нив. Исто така и оние што се лоши по начинот на своето живеење и кои се невоздржливи, сакаат сите други луѓе да бидат полоши од нив, мислејќи дека на тој начин ќе се оправдаат: затоа што е голем бројот на лошите луѓе. Душата пропаѓа и загинува од гревовното зло, кое е разновидно и се состои од: блуд, гордост, алчност, гнев, грубост, неискреност, убиство, мрморење, завист, кражби, нетрпеливост, лага, сластољубивост, мpзливост, жалост, страв, колебливост, омраза, осудување, заблуда, незнаење, соблазнување и заборавање на Бога. Со сето ова и со други гревови бива измачувана грешната душа, која се оддалечува од Бога.

9. Дали некој живее подвижнички, добродетелен и на Бога угоден живот, не треба да судиме по тоа што тој говори за себе си и по тоа каков се прикажува, туку ако, слично на добрите сликари и скулптори, ги покажува своите добродетели и својот богољубив живот на дело, со тоа што се пази од сите гревовни уживања, како од непријателски мрежи.

10. Човек кој е богат и од благородно потекло, а нема знаење за добродетелниот живот, несреќен е во очите на мудрите. А среќен, вистински е среќен оној, кој е сиромав и кој робува, ако е украсен со духовно знаење и добродетели. Како што туѓинците ги загубуваат своите животи по патиштата, така ќе загинат и оние што не се грижат да живеат добродетелен живот, затоа што се влечени на сите страни од своите грешни желби.

11. Човекосоздател треба да се нарече оној, кој успева да ја скроти природата на грубите и необразованите луѓе и да ги натера да ги засакаат науката и образованието. Вака треба да бидат нарекувани и оние што ги приведуваат невоздржливите луѓе кои добродетелен и богоугоден живот, зашто ваквите луѓе како одново да ги создаваат луѓето. Кротоста и воздржливоста се среќа и добра надеж за човечките души.

12. Навистина луѓето се должни да го изградуваат својот живот и својот карактер. Кога тоа се постигне, тогаш е лесно да се познае и Бог. Оној што верува во Бога со сето свое срце и со сета своја душа, тој добива од Бога помош да ги скротува и својот гнев и своите похоти. А похотата и гневот се причина за сите зла.

13. Умен можеме да го наречеме оној човек, кој е навистина умен или оној кој почнал да се поправа. Неисправниот не можеме да го нарекуваме човек, зашто не прилега на вистински човек. Од таквите луѓе треба да бегаме. Оние што се соживуваат со злото, тие никогаш не можат да бидат во бројот на оние што ќе имаат блажена бесмртност.

14. Само вистинската мудрост нѐ прави достојни да се нарекуваме луѓе, ако немаме ваква мудрост, тогаш од неразумните животни се разликуваме само по нашиот надворешниот изглед и по дарот на говорот. Човекот е должен да познае дека е бесмртен и да ја намрази секоја земна похот, која е причина за смртта на луѓето.

15. Како што секој уметник ја покажува својата уметност на тој начин што го дава материјалот, со кој работи во прекрасни форми (дрвото, каменот, златото, среброто), така и ние треба да покажеме дека сме вистински луѓе, не со нашите надворешни човечки форми, туку дека имаме навистина умна и разумна душа со тоа што живееме според Божјата волја -добродетелно и богоугодно. Вистински умната и богољубива душа знае сѐ како да се однесува во животот; Му се моли на Бога за милост, искрено Му благодари и кон Него се насочува со сите свои желби и со сета своја мисла.

16. Како што кормиларите внимателно управуваат со својот брод, пазејќи го од подводни карпи, така и оние што се грижат за својот добродетелен живот треба внимателно да гледаат што треба да прават и од што треба да одбегнуваат, сметајќи го корисно за себе си само она што го препорачуваат вистинските и божествени закони, одгонувајќи ги од душата сите лоши помисли.

17. Како што кормиларите и возачите успеваат со прибраност и внимание да бидат исправни во својата тешка и одговорна работа, така и оние што сакаат да живеат вистински добродетелен живот, треба да се трудат со големо внимание да живеат исправно и богоугодно, зашто само оној што го сака ова и што се убедил дека е можно да го постигне она што го сака - само тој со вера може да дојде до чист духовен живот.

18. За слободни сметај ги, не оние што имаат надворешна слобода, туку оние што имаат морална слобода во својот живот. На пример, не треба да ги сметаме за вистински слободни оние што се богати на славни, ако се лоши и невоздржливи, зашто таквите им робуваат на своите телесни страсти. Слободата и вистинското блаженство на душата се состојат во телесната и духовната чистота и презирањето на сѐ што е привремено и преодно.

19. Напомнувај си дека постојано треба да се покажуваш паметен, но ова да се огледа во твојот добар живот, во твоите дела. И болните ги распознаваат добрите лекари по нивните дела, а не по нивните зборови.

20. Добрата душа се раскрива како разумна и добродетелна во погледот, постапките, гласот, насмевката, разговорите и  однесувањето. Во неа е сѐ изменето и добило добар изглед.

21. Гледај ги оние што се околу тебе, оние што владеат и господарат и знај дека тие имаат власт само над телото, а не и над душата. Ова сознание секогаш нека биде присутно во твоите мисли. Затоа, кога, на пример, тие заповедаат некој да биде убиен или да се направи нешто лошо, неправедно и штетно за душата, ние не сме должни да им се покоруваме, иако тие можат да го измачуваат нашето тело. Бог ја создал нашата душа слободна, односно да може да си заповеда самата на себе си; таа може да постапува како што сака лошо или добро.

22. Умната душа се труди да се ослободи од: развратот, гордоста, надуеноста, соблазнувањето, зависта, кражбата и сѐ што е слично на ова. Ваквите дела се од демоните и од нашата грешна волја. Сепак, ако сме внимателни и ако сакаме, ако се трудиме, можеме да се бориме против нашите ниски желби и да ги совладуваме.

23. Оние што живеат и во мали, обични подвизи, се избавуваат од опасностите, па немаат потреба од особена претпазливост. Победувајќи ги на тој начин сите грешни желби, тие лесно го наоѓаат натот што води кон Бога.

24. Умните луѓе не треба да слушаат секакви разговори, туку само оние, од кои имаат духовна корист и кои водат кон познавањето на Бога и на Неговата волја. Зашто Божјата волја е патот, по кој луѓето се враќаат пак кон вечниот живот и кон светлината.

25. Оние што се трудат да живеат добродетелно од љубов спрема Бога, тие треба да се ослободат од високото мислење за себе си и од славољубието - туку да се трудат само за тоа да го поправат својот живот и да го исчистат своето срце. Богољубивиот и постојаниот ум е раководството и патот кон Бога.

26. Никаква полза немаме од изучувањето на науките, ако нашата душа нема добар и богоугоден живот. Причините на сите зла се: прелеста, заблудата и незнаењето за Бога.

27. Вдлабочувањето во размислувањето за добриот живот и грижата за душата ги создаваат добрите и богољубивите мажи. Бога Го наоѓа само оној што Го бара, оној што постојано ги победува телесните похоти и непрестајно Му се моли на Бога. Таквиот не се плаши од демоните.

28. Оној што бива слоблазнуван од земните богатства, а знае и сѐ што е потребно за да се живее добро и богоугодно сличен е на оние што нашле лекарства и други средства за лекување, но не знаат, па дури и не сакаат да се користат со нив. Затоа за гревовите што сме ги направиле не треба да обвинуваме никого, туку само себе си, зашто нашата душа, ако доброволно ѝ се оддава на мрзливоста, јасно е дека може да остане непобудлива.

29. Оној што не може да разликува што е добро и што е зло, тој не треба ни да говори кој човек е добар и кој е лош. Добар е оној човек кој Го знае Бога; а ако некој не е добар, тоа значи дека тој не Го познава Бога и дека никогаш нема да Го познае. Единствениот начин за познавање на Бога е добрината.

30. Добрите и богољубивите луѓе ги изобличуваат другите за нешто што е лошо само кога се тие присутни, а оние што не се присутни не ги прекоруваат, а не им дозволуваат и на другите тоа да го прават.

31. Во разговорите не треба да има никаква грубост. Умните луѓе обично се украсени со скромност и со телесна и душевна чистота. Богољубивиот ум е светлина; тој ја осветлува душата, како сонцето што го осветлува телото.

32. Секогаш кога те напаѓа некоја од душевните страсти, не заборавај дека оние што сакаат својот живот да го постават на добра и цврста основа, мислат дека за нив слатко и корисно е да ја добијат вистинската слава на небесата, а не да добијат земно богатство. Ете, во ова е нивното единствено блаженство. Земното богатство може да биде украдено или заграбено од оние што се посилни, а душевната добродетел никој не може да ја украде; таа е најсигурното богатство, кое може и по смртта на телото да ја спаси нашата душа. Оние што вака мислат никогаш не ги привлекува сјајот на богатството и на другите удобности, што тоа ги овозможува.

33. Умните луѓе не треба да ги сметаме за непостојани и неискусни. Умен е оној што Му угодува на Бога и кој повеќе молчи, отколку што говори. Тој не говори многу, а кога говори говори само она што е потребно и што Му е угодно на Бога.

34. Оние што се стремат кон добродетелен и богољубив живот, кои се трудат да напредуваат во душевните добродетели, како за големо богатство, тоа за нив претставува сопственост што никој не може да им ја одземе и нивната вечна утеха. А со она што е привремено, тие се користат само толку, колку што им е потребно и толку колку што ќе им даде Божјата волја. Тие го употребуваат тоа со веселба и со благодарност. Зашто богатата трпеза го храни телото, а познавањето на Бога, воздржливоста, благоста, милостињата, побожноста и кротоста ја обожуваат душата.

35. Силниците, кои можат да нѐ приморуваат да вршиме лоши дела, штетни за душата, не се во состојба да господарат над нашата душа, која е создадена слободна од Бога. Тие го врзуваат телото, но не можат да ја врзат нашата слободна волја, со која владее умниот човек, според дарот што му е даден од Бога, неговиот Создател; тој е посилен од секаква власт, од секаква сила и од секакво принудување.

36. Оние што мислат дека е голема загуба кога загубуваат пари, или деца, или имот, треба да знаат дека треба да бидат задоволни со она што им го дава Бог. Кога има потреба да го дадеме она што сме го примиле, тоа да го правиме со готовност и добродушност, без да се измачуваме од тоа што го даваме она што сме го примиле, односно да го вратиме, слично на оние, кои се користеле со она што не било нивно и го вратиле.

37. Должност е на добриот човек да не ја продава својата слобода заради добивање богатство, колку и да е тоа големо. Зашто животното богатство е слично на сон; тоа има лажен блесок, измамливо е и кратковремено.

38. Ваквите, вистинските луѓе, треба да се грижат само за тоа: да живеат добродетелно и богоугодно, така што нивниот добродетелен живот да биде светлина што ќе им светли на другите луѓе, така како што горната облека бива од сите забележувана, а таа го покрива долниот веш. На тој начин тие треба да се грижат за духовните добродетели.

39. Умните луѓе се должни да водат сметка за своите сили и да ги пазат во ред добродетелите што се наоѓаат во нивната душа, та да бидат секогаш готови да им се противставуваат на страстите што ги напаѓаат, со силата што ја имаат, која им е природно дарувана од Бога. Оваа сила нѝ помага да се бориме успешно против убавината и против похотите, кои се штетни за душата. Таа се нарекува воздржливост. А трпеливоста ни помага во борбата против скудноста и сиромаштијата, а незлобивоста и кротоста се најсилните оружја против лутината, гневот и се што е слично на нив.

40. Не може одеднаш да се стане добар и мудар човек; ова се постигнува со внимателно размислување, вежбање, личен опит и продолжителни подвизи и особено со силната желба кон доброто. Добриот и богољубивиот човек, кој вистински Го познал Бога, не си дава спокој , трудејќи се да го прави само она што Му е угодно на Вога. Но, ваквите луѓе ретко ги среќаваме.

41. Оние луѓе што немаат природно расположение кон доброто не треба да очајуваат, да ги опуштат своите раце и да престанат да се грижат да го засилат својот богоугоден и добродетелен живот, да не мислат дека е тој недостапен и недостижен за нив, туку се должни посериозно да поразмислат и да поведат поголема грижа за себе си. Зашто, ако не можат да достигнат до врвот на добродетелите и на совршенството, сепак, ако мислат за себе си и ако се трудат, тие или ќе станат подобри или, пак нема да станат полоши отколку што се, а и тоа не е мала полза за душата.

42. Човекот по својот ум се допира до неискажливата божествена сила, а по своето тело им е сличен на животните. Но малкумина се ваквите умни луѓе, кои се трудат со своите мисли да бидат свртени кон својот Бог и Спасител и да бидат во таква блиска врска со Него, кои тоа го покажуваат со своите дела и со својот живот. Многу е поголем бројот на оние луѓе, кои имаат неумна душа, кои се откажуваат од божественото и бесмртно усиновување. Умните не се согласуваат со мртвото, сиромашно и краткотрајно роднинство со телото, не сакајќи, слично на неразумните животни, да мислат само за она што е телесно и да се распалуваат со телесни грешни желби, па со тоа да се оддалечуваат од Бога и да ја симнуваат својата душа од небото во бездната на телесните желби.

43. Вистински умниот човек, кој мисли за живеењето и општењето со Бога, никогаш не се прилепува кон нешто земно и ниско; Насочувај го твојот ум кон она што е небесно и вечно, знаејќи дека Божјата волја, која е причина за секое добро и извор на вечните добрини за луѓето, се состои во тоа: за да се спаси човекот.

44. Кога ќе сретнеш човек што сака да се препира и кој започнува борба со тебе со цел да се бори против очевидната вистина, прекрати ја оваа препирка со него, чиј ум е потполно скаменет. Знај дека, како што лошата вода ги расипува и најдобрите вина, лошите разговори ги расипуваат и луѓето што имаат добродетелен и морален живот.

45. Ако вложуваме најголема грижа и семожни средства за да ја избегнеме телесната смрт, тогаш колку повеќе треба да се трудиме да ја спасиме од смрт нашата душа. Зашто за оној што сака да се спаси не постојат никакви пречки, освен мрзливоста и нетрудољубивоста на душата.

46. За оние што не сакаат да разберат што им е корисно и во што се состои вистинското добро, може да се каже дека тие не се во добра здравствена состојба. Зашто оние што веќе ја познале вистината и потоа почнуваат да се борат против неа, без да се срамуваат, може да се рече дека нивната разумност е умртвена. Нивниот живот е животински; не Го знаат вистинскиот Бог и нивната душа не е озарена со Неговата светлина.

47. Бог создал разни животни со силата на Својот збор за наша корист: едни да употребуваме за своја храна, а други да ни служат. А Бог го создал човекот за да ги гледа Божјите дела и да биде нивен благодарен толкувач. Луѓето треба да се грижат токму за ова: да го разбираат Бога и да ја знаат смислата на Неговите дела, за да не бидат како животните. Човекот треба да знае дека Бог може сѐ, а на Оној Кој може сѐ - никој не може да Му се противставува. Оној Кој создал со Својот збор од ништо сѐ што посакал, Он, исто така, и сега прави сѐ што е потребно за нашето спасение.

48. Небесните суштества се бесмртни поради добрината што се наоѓа во нив; а ние сме станале смртни поради нашата погрешно насочена слободна волја. Злото во нас се зголемува од нашата оддалеченост од Бога и од тоа што не Го познаваме.

49. Cмpттa на оние луѓе што ја разбираат - е бесмртност; само на оние што не ја познаваат - е смрт. Од оваа смрт не треба да се плашиме; многу повеќе треба да се плашиме од смртта на нашата душа, која се состои во непознавањето на Бога. Ова треба да биде страшно за нашата душа!

50. Гревот ја нашол својата поткрепа во земното и телото станало негово живеалиште. Но, умната душа го сфатила ова и се труди да се ослободи од овој товар. Таа настојува да Го познае Бога, а внимателно се однесува спрема своето тело, го смета за свој непријател, не му се доверува и се бори против него. На тој начин душата, откако ги победи страстите и сѐ што е земно, бива овенчувана од Бога.

51. Душата, откако го сфати гревот веднаш го намразува како некој смрдлив звер; оние, пак, кои не го сфатиле гревот, го сакаат, иако е тој нивни заробувач и ако ги држи во свој плен. Тие не се свесни и не ја сфаќаат својата сопствена несреќа во што е нивното спасение, па дури и не мислат за тоа; претпоставуваат дека тој ги украсува и затоа го сакаат.

52. Чистата душа, бидејќи добра, бива осветлувана и осветувана од Бога и тогаш нејзиниот ум мисли за она што е добро и раѓа богољубиви намери и дела. Но, кога душата биде извалкана од гревот, тогаш Бог се гнаси од неа или, поточно, самата душа се оддалечува од Бога, се оддалечува од Него. Тогаш лошите духови, откако навлезат во нејзините мисли, и внушуваат да прави лоши дела: прељуба, убиство, кражба и други демонски дела слични на овие.

53. Оние што Го знаат Бога биваат исполнети со секакви добри помисли и небесни желби. Тие го презираат сето она што е земно. Но ваквите луѓе на многумина не им се допаѓаат, па многумина се изложени на омраза, потсмев и подбивања. Но, тие се подготвени да претрпат секакви маки и страдања заради она што на многумина им се чини лошо и тие се свесни дека токму тоа е најголемото добро. Оној што мисли за небесните работи, тој има доверба во Бога и знае дека сите созданија се дело на Божјата волја, а оној што не мисли вака, тој никогаш нема да поверува дека светот е дело Божјо и дека е создаден заради спасението на човекот.

54. Оние што се исполнети со грев и кои се очајни поради своето незнаење тие не Го познаваат Бога, затоа што нивната душа не е трезвена; Бога можеме да Го познаеме само со нашиот трезвен ум. Иако Бога не можеме да Го видиме со нашите телесни учи, но сепак Него Го препознаваме и во она што го гледаме, како што можеме да ја препознаеме и душата во нашето тело. Како што телото не може да живее без душата, така и сите видливи работи во светот не можат да постојат без Бoгa.

55. Зошто е создаден човекот? За да ги познава Божјите созданија, да Го гледа Бога и да Го прославува Оној Кој ги создал за човекот; умот со љубов прилепен за Бога (кој е сакан од Бога и кој Го сака Бога) е невидено богатство, кое е дарувано за достоен и добар живот.

56. Слободен e оној, кој не им робува на телеснито страсти и задоволства, туку господари преку расудувањето и целомудрието и со потполна благодарност се задоволува со она што му го дава Бог, макар тоа да е сосем умерено. Кога душата и телото ќе бидат во согласност помеѓу себе, тогаш телото и без да сака е смирено, зашто тогаш душата, преку дејствувањето на умот, го смирува секое телесно движење.

57. Оние што не се задоволуваат со она што го имаат за одржување на животот, а бараат повеќе, им стануваат робови на страстите кои ја возбудуваат душата со сѐ полоши и полоши помисли и мечтаења, а тие непрестајно на човекот му претставуваат дека сето тоа што го има е лошо и тој постојано бара да придобие нешто ново и подобро. Како што предолгата облека пречи при одењето, така и желбата за прекумерно богатство не ѝ дава на душата да cе движи и да се спаси.

58. Ако некој се наоѓа некаде или во нешто пo принуда и без да сака, тогаш тоа е за него затвор и казна. Затоа биди задоволен од она што го имаш. Инаку ја поднесуваш таа твоја состојба без благодарност, со незадоволство и со oтпoри, па на тој начин ти ќе бидеш тиранин за самиот себе си без да го coзнаваш тоа. Но патот кон ова е само еден: презирање на животните богатства.

59. Како Бог што ни го дал видот за да можеме да го распознаваме она што го гледаме -   - што е бело и што е црвено, така Он ни го подарил и разумот за да можеме да гo распознаваме во нашата душа корисното од штетното. – Желбата, која се оддалечува од расудувањето раѓа привразување кон телесните задоволства, а тоа не ѝ дава на душата да се спаси и да општи со Бога.

60. Не е грев она што се прави според законот на природата, туку е грев лошото што се прави според слободната волја. Не е грев да се јаде храната, туку е грев да ја јадеме без благодарност, без побожност и невоздржливост; не е грев да се гледа едноставно, но е грев кога гледаме со завист, горделиво и ненаситно; не е грев кога слушаме мирно, но грев е кога слушаме со гнев; не е грев кога го тераме јазикот да благодари и да се моли, но е грев кога клевети и осудува; не е грев кога нашите раце се зафатени со давање милостиња, но е грев кога им дозволуваме да крадат и да убиваат. И така, секој дел греши според нашата слободна волја правејќи зло место добро - спротивно на Божјата волја.

61. Ако се сомневаш дека Бог гледа сѐ што правиш, размисли за тоа дека и ти, кој си човек и прав, можеш одеднаш духовно да ги гледаш сите места што ти се познати и да помислуваш за сѐ. Како на синаповото зрно, така Бог му дава живот на сѐ што е создадено од Него и го храни.

62. Кога ќе ја затвориш вратата на својот дом и ќе останеш сам, знај дека е присутен со тебе ангелот, кој му е даден од Бога на секој човек. Него Елините го нарекувале домашен дух. Тој никогаш не дреме. И бидејќи е со тебе, гледа сѐ. Него не можеме да го излажеме. И темнината не нѐ скрива од него, замислувај Го и Бог заедно со тебе на секое место. Зашто нема место ни простор каде што не е Бог; Бог е поголем од сѐ и сѐ држи во својата рака.

63. Ако војниците му се верни на својот цар затоа што од него ја добиваат својата храна, тогаш колку повеќе сме должни ние постојано да Му благодариме на Бога и постојано да Му угодуваме, Кој создал сѐ заради нас луѓето?

64. Благодарноста спрема Бога и нашиот добар живот се наш угоден плод за Бога. Но, како што земните плодови не созреваат сите одеднаш, туку се потребни: дожд, време и грижа околу обработувањето, исто така потребни се услови и време и за плодовите на нашиот живот - подвизи, размислување, чекање, воздржливост, трпеливост - додека се појават во целиот свој сјај. Но ние никогаш не треба да имаме потполна доверба во себе си и да не помислиме дека сме достигнале совршенство; сѐ додека се наоѓаме во ова наше смртно тело, не треба да помислуваме дека сме Му потполно угодни на Бога. Зашто тешко е за човекот да се запази безгрешен до крајот на својот живот.

65. Во луѓето ништо не е поскапоцено од нивните зборови. Тие се важни и затоа што со нив Го почитуваме Бога и Му благодариме. Кога изговараме непотребни и срамни зборови, ние со тоа ја раскриваме лошотијата на нашата душа. Неразумниот човек обично за своите гревови ги обвинува своите родители или нешто друго, а всушност тој е виновен за сѐ: и за своите лоши зборови и за своите грешни дела.

66. Ако се трудиме да ги лекуваме нашите телесни болести, за да не се подбиваат со нас другите луѓе, со кои се среќаваме и со кои живееме, тогаш со колку поголема ревност треба да се грижиме да ги лекуваме нашите душевни болести, за да не се покажуваме нечесни и недостојни пред Бога, пред лицето на Оној, Кој што ќе нѐ суди. Зашто, имајќи слободна волја, ние можеме, само ако сакаме, да не ги правиме лошите дела, тогаш кога ќе посакаме да ги направиме: во наша власт е: да живееме според Божјата волја и да Му угодуваме на Него. Никој не може да нѐ принуди да направиме нешто лошо, ако ние не сакаме да го направиме тоа. Ако се подвизуваме и ако го правиме ова, ќе живееме како што живеат ангелите на небото и ќе бидеме достојни за Бога.

67. Ако сакаш, ти можеш да бидеш роб на страстите, а можеш, исто така, да останеш слободен и да не им се потчинуваш на страстите, зашто Бог ти дал слободна волја кога те создал. Оној што ги победува телесните страсти, тој ќе биде овенчан со бесмртност. Кога не би имало страсти, тогаш не бе имало ни добродетели. Не би имало ни венци, со кои Бог ги овенчува достојните луѓе.

68. Оние што не ќе го гледаат она што е корисно за нив и што не знаат што е добро и што е лошо, тие имаат слепа душа и нивното размислување е слепо. Ние не смееме да се угледаме на нив, за да не паднеме под нивно влијание и да не станеме и ние духовно слепи.

69. Не треба да се гневиме на оние што грешат, иако постапките што ги прават заслужуваат најстроги казни. Виновниците, заради самата правда, треба да ги обраќаме и ако е потребно и да ги казнуваме или ние самите или преку други, а никако не треба да се гневиме и да се лутиме, зашто гневот дејствува само според страстите, а не според судот и правдата. Не треба да ги оправдуваме оние кои се прекумерно милостиви; лошите треба да ги казнуваме заради самото добро и заради правдата, а не заради нашата гневлива страст.

70. Само духовното богатство е сигурно и никој не може да го украде. Тоа богатство е добродетелниот и богоугодниот живот, знаењето и извршувањето на добрите дела. Богатството е слеп водач и безумен советник. Оној што лошо го употребува богатството, само за свое задоволство, тој ја погубува својата душа.

71. Луѓето или воопшто не треба да собираат нешто што е непотребно или, имајќи го тоа, да бидат потполно уверени дека сé во овој живот е гниежливо, дека може да ни биде одземено, да биде загубено и разрушено и затоа, кога ќе се случи тоа, ние не треба да бидеме малодушни.

72. Знај оти телесните болести природно му се својствени на телото како на нешто од материјалната природа. Па затоа, кога ќе дојдат такви болести, душата која е утврдена во доброто, треба со благодарност да покажува храброст и трпеливост и да не Го прекорува Бога затоа што го создал телото.

73. Оние што се натпреварувале на Олимписките игри, биле овенчувани со венци и тоа не тогаш кога некој ќе победел еден, друг или трет, но дури тогаш, кога ќе ги победел сите со кои се натпреварувал. Исто така и секој што сака да биде овенчан од Бога, треба да ја вежба својата душа не само да биде целомудрена по однос на телесните страсти, но и тогаш кога бива искушувана со користољубие, со желба да го украде туѓото, со завист, со сластољубие, со славољубие, со прекорувања, со смртна опасност и со сé слично на ова.

74. Да бидеме ревносни по добар и богоугоден живот, но не заради човечка пофалба; да го одбереме добродетелннот живот заради спасението на нашата душа. Зашто секој ден ја гледаме смртта пред нашите очи. Сѐ човечко е безнадежно.

75. Во наша власт е да живееме целомудрено, а не е во наша власт да станеме богати. И така, што да се прави? Не треба ли да ја осудуваме нашата душа што го сака блесокот на богатството, кое е краткотрајно и привидно, а и немаме власт да го придобиеме? О, колку неразумно се однесуваме во животот со тоа што ги посакуваме сите богатства! Зар не знаеме дека над сите добродетели е смирението и дека од сите страсти, најголеми се чревоугодието и ненаситната желба за земното богатство?

76. Да не забораваме дека сме должни и непрестано треба да размислуваме за тоа дека за нашите мали и краткотрајни трудови во овој живот, по смртта ќе добиеме преголема утеха и блажена вечност. Оној што се бори со страстите и што сака да биде овенчан од Бога, тој и ако падне, да не биде малодушен и да не останува паднат, да не очајува, но пак да стане, да се бори и да се грижи да добие венец, да станува се до крајот на својот живот од сите паѓања што ќе му се случат. Телесните трудови се орудија на добродетелите. Тие се спасеносни за нашите души.

77. Лишувањето од животните удобства храбрите борци ги прави достојни да добијат венци од Бога. Ние затоа должни сме во овој живот да ги умртвиме нашите тела за сѐ што е од овој свет, зашто мртвиот веќе не се грижи за ништо во овој живот.

78. Разумната душа, која се подвизува, не треба, откако ќе ѝ се случат некакви тешкотии, веднаш да се плаши и да очајува, да мисли дека другите ќе се подбиваат со неа. Онаа душа, која е опфатена од животниот блесок, бива ослабена и разнебитена. Душевните добродетели нѐ прават достојни за вечните блага, а доброволните наши гревови се причина за вечните маки.

79. Разумната душа бива напаѓана од душевните страсти преку телесните сетила: гледањето, слухот, мирисот, вкусот и допирот. Преку овие пет сетила душата им се потчинува на страстите и бива заробувана од нив. Има четири главни душевни страсти. Тоа се: славољубието, копнежот по задоволства, гневот и стравот. Но кога против нив се бориме мудро и разумно, можеме лесно да ги победиме нашите страсти. Тогаш веќе нема да бидеме напаѓани; нашата душа ќе се успокои и ќе биде овенчана од Бога како победителка.

80. Едни од оние што се задржуваат во гостилниците добиваат одделна соба и постела, а други лежат на подот во заеднички простории. Но и едните и другите легнуваат и заспиваат цврсто. Откако ќе се разбудат изутрина, ги оставаат своите легла и излегуваат од гостилницата, носејќи го со себе си само она што е нивно. Исто така, и оние што оделе по патот на овој живот, и оние што живееле во умерена состојба и оние што живееле во раскош излегуваат од овој живот, како што се излегува од гостилница, без да понесат нешто од животните задоволства и од богатството: туку со себе си ги носат само своите дела, што ги направиле во овој живот, - биле тие добри или лоши.

81. Ако имаш голема власт, не заканувај му се никому со смрт, знаејќи дека и ти самиот си смртен: дека секоја душа, на крајот од земниот живот, го соблекува од себе си своето тело, како што се соблекува облека. Оној што ја сфатил јасно оваа вистина, тој се труди да биде кроток, да прави добро и секогаш да Му благодари на Бога. Немилостивиот нема никакви добродетели.

82. Никој не може да ја избегне смртта. Не постои начин за тоа. Знаејќи го ова, вистинските мудри луѓе, кои свикнале да мислат добродетелно и богоугодно, смртта ја среќаваат без страв, без офкања и без плачење, имајќи на ум, од една страна, дека таа е неизбежна, а од друга, свесни дека таа нѐ избавува од многу зла, на кои сме подложни во овој живот.

83 Не треба да ги мразиме оние, кои не живеат добро и богоугодно, кои се далеку од вистината и од христијанскиот добродетелен живот, туку треба повеќе да ги жалиме како скудоумни и со слепо срце, како такви кои ќе умрат од неразумност и незнаење. Сметајќи го злото како добро, тие навистина ќе умрат од незнаење. Тие се најнесреќни затоа што имаат неразумна душа и што не Го познаваат Бога.

84. Не разговарај со секого за побожноста и за добриот живот. Ова не го говорам од завист, туку затоа што мислам дека пред неразумниот ќе се покажеш смешен. Сличното им се допаѓа на оние што се слични, за ваквите разговори нема многу слушатели или, поточно, тие се многу ретки. Затоа е подобро за ова да не говориме, зашто ова го сака Бог заради нашето спасение.

85. Душата има сочувство спрема телото, а телото нема сочувство спрема душата. На пример, кога телото страда, заедно со него страда и душата, и кога е телото здраво и силно, на тоа се радуваат и чувствата на душата. Но кога душата се размисли и почне да се кае, тогаш телото не учествува во нејзиното покајание: тоа останува настрана, не сака да учестува во покајниот подвиг на душата. Зашто покајанието е страдална состојба на душата, како што се нејзина страдална состојба и: незнаењето, гордоста, неверувањето, алчноста, омразата, зависта, гневот, малодушноста, славољубието, неслогата и други слични чувства.

86. Размислувајќи за Бога, биди побожен, не завидувај, биди целомудрен, кроток, дарежлив, дружељубив, благороден и таков каков што треба да биде оној што вистински верува во Бога. Ако на овој начин Му угодуваш на Бога ќе спечелиш богатство, кое никој не може да ти го украде. Па затоа, никого не осудувај, за никого не говори дека не е добар, дека згрешил; многу е подобро да размислуваш за твоите лоши дела и за својот личен живот, да се прашуваш дали Му е тој угоден на Бога. Наша работа ли е да мислиме и да говориме дали некој е добар или лош?

87. Вистинскиот човек се грижи за тоа да биде побожен. А побожен е оној што не посакува ништо што е туѓо, а за нас е туѓо сé што е создадено. Па затоа, на сите гледај како на Божја слика. Човекот е слика Божја кога живее добро и богоудобно, а не може да биде таков, ако не се откаже од сѐ што е страстно. Оној што има богољубив ум, тој е искусен во сѐ и знае што е корисно и спасоносно за неговата душа и кој настојува да го извршува сето она што се бара од него. Богољубивиот никого не прекорува затоа што знае дека и тој самиот греши. Ова е вистинскиот белег на душата што се спасува.

88. Оние што со сите свои усилби настојуваат да придобијат привремени богатства и, заборавајќи дека се смртни, ги сакаат лошите дела со сета сила на своите чувства. Тие потполно забораваат што е корисно за нив; не помислуваат воопшто за тоа што ги очекува по нивната телесна смрт.

89. Бог не е виновник за злото. Он му подарил на човекот разум и слободна волја, односно да може да прави добро и зло; лошите страсти се раѓаат од безгрижноста и мрзливоста. Бог воопшто не е виновен за нив. Демоните станале лоши по слободниот избор на нивната волја. И голем број луѓе така стануваат лоши.

90. Оној човек што живее побожно, тој не дозволува злото да влезе во него. А кога нема зло во душата, тогаш за неа нема никаква опасност, таа е неповредлива. Над ваквиот човек демоните немаат никаква власт. Никаква случајност не може да им наштети. Таквите луѓе Бог ги избавува од секое зло и тие, како богоподобни, живеат во безопасност. Ако некој пофали ваков човек, тој самиот им се потсмева на оние што го фалат; ако пак некој се обиде да се подбива со него, тој и не се обидува да се заштитува од оние што се подбиваат со него и не им се лути што говорат лошо за него.

91. Злото се прилепува кон нашата природа, како што се прилепува 'рѓата кон железото и нечистотијата кон телото. Но како што железото не ја создава ʽрѓата и како што родителите не ја создале нечистотијата, така ни Бог не е Создател на злото. Он му подарил на човекот совест и разум, за да знае дека тоа е штетно за него и да бега од него; да знае дека тоа му ги подготвува вечните маки. Ако гледаме внимателно, нема да ги сметаме среќни богатите и силните во овој свет, ќе знаеме дека тие се измамени од демонот. Смртта секогаш нека ти биде пред твоите очи, па тогаш нема никогаш да го посакаш, она што е грешно и земно.

92. Бог им дал на небесните жители, на ангелите, бесмртност, а нас што живееме на земјата не создал подложни на промени, а на сите други свои созданија им дал живот и движење и сите тие се создадени за човекот. Па потоа, не дозволувај да те привлекуваат земните измами, кога ѓаволот ќе ти вложува лоши помисли во твојата душа. Тогаш веднаш треба да си спомниш за небесните блага и да си речеш: “Само ако сакам, имам сили да го победам злото, што се насочува против мене; можам да ги победам и телесните страсти. Но од нив не можам да избегам, ако сакам да ги задоволам моите грешни желби”. Ете, со ваков подвиг подвизувај се. Само ваквиот подвиг може да ти ја спаси душата.

93. Животот е соединување на умот, душата, духот и телото, а смртта не е пропаст и загинување на овие делови, туку само прекин на нивното соединување. Сето тоа Бог го запазува и по разединувањето.

94. Умот не е душата, туку е дар Божји, кој ја спасува душата. Богоугодниот ум оди пред душата и ја советува да презира сé што е привремено, светско и пропадливо, а да ги сака вечните, неземните и непреодните блага, така што човекот, живеејќи во телото, со својот ум да го замислува и да го созерцава она што е небесно и божествено. На тој начин, богољубивиот ум е добротвор и спасител на човечката душа.

95. Душата, која му угодува на телото, се помрачува од телесните задоволства и загинува. А богољубивиот ум дејствува спротивно: тој му причинува страдање на телото и ја спасува душата, слично на лекар, кој го сече и изгорува болното место.

96. Оние души, кои не биваат зауздувани од разумот и управувани од умот, кој ги задржува и насочува каде треба да одат, ги запазува од страстите, таквите души се како неразумни животни и загинуваат, затоа што нивниот разум бива управуван од страстите, слично на колар, кој ја загубил послушноста на коњите.

97. Да не Го знаеме Бога, Кој создал сѐ за човекот и му подарил и ум и зборови, со кои издигнувајќи се, може да општи со Бога, да Го созерцава и да Го прославува, тоа е најголемата и најстрашната болест на душата.

98. Душата е во телото, во душата е умот, а во умот се зборовите, со кои Го созерцаваме и прославуваме Бога, Кој ја обесмртува душата, дарувајќи ѝ вечна наслада. Зашто Бог од љубов му дал битие на сѐ што постои.

99. Бог го создал човекот со слободна волја: му дал можност, ако сака, да Му угодува на својот Создател Бог. Зашто, ако ние луѓето ги фалиме добрите дела и добродетелите на светата и богољубива душа, а ги осудуваме и лошите дела, зар нема Бог, Кој го сака спасението на човекот, да го прави тоа?

100. Човекот добива од Бога добро, зашто Бог е добар, а му се потчинува на злото по својата слободна волја, од злото што е во него, од похотите и нечувствителноста.

101. Неразумната душа, по природа е бесмртна и господарка на телото; таа му станува робинка на телото поради телесните задоволства, не сфаќајќи оти телесните наслади се пропаст за душата. Ho, откако се избезуми, таа грижливо се труди само за телесните наслади.

102. Бог е добар, а човекот е лош. На небото нема ништо лошо, а на земјата нема никакво вистинско добро. Но умниот човек го избира она што е подобро: тој Го познава Бога, Му благодари и Го прославува. Тој се гнаси од телото уште пред неговата смрт и не им дозволува на неговите грешни желби да бидат исполнети, зашто ги знае нивните лоши последици и нивната смртна опасност.

103. Гревољубивиот човек го сака земното богатство, без да помислува за тоа дека земниот живот е лажен и краткотраен, како и дека смртта е неизбежна. Особено c срамно кога човекот е стар и е како гнило дрво, а не може потполно да ја сфати оваа вистина.

104. Задоволство и радост чувствуваме по претрпените страдања; слатко се пие само по измачувањето од жед; на јадењето му се радува само оној што гладувал; слатко спие оној што легнал поспан, а најслатко се радува оној што страдал. Исто така и ние нема да се насладиме на вечните блага, ако не ги презреме скоро минливите земни задоволства.

105. Зборовите се слуги на умот. Она што го сака умот, тоа го искажуваат зборовите.

106. Умот гледа сѐ, па дури и она што е на небото; него го помрачува само гревот. За чистиот сѐ е лесно разбирливо, дури и она што не може да се искаже со зборови.

107. Човек е смртен по своето тело, а по умот свој тој е бесмртен. И кога молчиш, умот твој говори: говориш во себе си. Зашто во молчењето умот го раѓа зборот. Благодарствените зборови, кои Му ги принесуваме на Бога, се спасителни за нас луѓето.

108. Нема ум оној што говори бесмислено, зашто тој говори без да размислува. Должни сме да размислуваме што е корисно да работиме за спасението на нашата душа.

109. Умните и корисните зборови за душата се дар од Бога. Напротив, сите напори на човекот да ги проучи работите, кои се недостапни за неговиот ум, биваат без полза за неговата душа. Со тоа тој всушност се обидува да зафати вода со решето.

110. Духовниот свет и она што е во него никој не може да го види и да го познае, освен оној што покажува ревност за успех во добродетелниот живот. Тој Го знае Создателот на небото и знае дека без Него нема спасение за нашата душа, дека е Он секаде и во сѐ и дека е во Него животот за човекот. Ваквиот богољубив човек знае дека него ништо не го ограничува.

111. Како што телото се раѓа од утробата на мајката, така и душата излегува гола од телото; една е чиста и светла, а друга извалкана од многуте паѓања, а трета сосем црна од многубројни гревови, Затоа умната душа, знаејќи и размислувајќи за маките и страдањата во задгробниот живот, се труди да живее богоугодно и побожно, за да не биде осудена и подложена на вечните маки. А оние што не веруваат, продолжуваат да грешат, без да размислуваат, како безумни, за она што ги очекува во Идниот живот.

112. Како што оној што излегол од утробата веќе не си спомнува за она што било додека бил во утробата, така и оној што излегол од телото не си спомнува за она како му било во телото.

113. Како што, откако си излегол од утробата, си станал телесно и поголем и посовршен, така и ако излезеш од телото чист и неосквернат, ќе станеш и подобар и вечен во небесниот живот.

114. Како што е неопходно за телото да се роди откако го достигне крајниот развој во утробата на мајката, така и душата, кога дојде до границите на својот живот во телото, треба да излезе од телото.

115. Како се однесуваш спрема твојата душа додека е таа во твоето тело, така ќе се однесува и таа спрема тебе откако излезе од телото. Оној што му служел добро на своето тело, не дозволувајќи му да има разни задоволства, тој си направил многу услуга на својата душа во загробниот живот. Ова e познато многу добро од евангелската парабола за богатиот и за Лазара. Неразумните се виновни за осудата и страдањата на својата душа во вечниот живот.

116. Како што телото, кое се роди со недостатоци и болно, не може да живее, така и душата, која излезе од телото без да дошла до знаење за Бога преку добар и чист живот не може да се спаси и да живее со Бога.

117. Телото, откако се соединило со душата, излегува на светлина од мракот на утробата; а душата, ако потполно се соедини со телото, останува заклучена во темнината на телото. Затоа, не треба да го жалиме телото, кое е непријател и борец против душата. Изобилното јадење и пиење, како и телесните задоволства, ги распалуваат човечките страсти, а воздржливоста на стомакот ги смирува страстите и ја спасува душата.

118. Сетилото за телесниот вид се очите, а сетилото за духовниот вид е умот. Како што телото без очи е слепо, не го гледа сонцето, кое ја осветлува сета земја и сѐ што е на неа, па не може да се насладува од убавините на светот, исто така, слепа е и онаа душа, која нема добар ум и добар живот. Таа не може да Го види и да Го прославува Бога, Кој е Создател и Добротвор на сé што постои. Таквата душа не може да им се радува на вечните убавини во другиот живот.

119. Незнаењето за Бога доаѓа од безумноста на душата. Од ова незнаење се раѓа злото, а од знаењето за Бога луѓето добиваат добар и богоугоден живот, кој им ја спасува душата. Па така, ако си прибран и ако Го знаеш Бога, ако се трудиш да се бориш против грешните желби, твојот ум ќе биде свртен кон добродетелите. А ако си го помрачил сознанието за Бога, и се трудиш да го правиш она што му причинува задоволство на твоето тело, тебе те очекува страшна казна, зашто не мислиш за она што ќе те снајде по смртта.

120. Божјата промисла се гледа во сѐ што нѐ окружува. Во светот владее совршен ред и закономерност. Сонцето изгрева и заоѓа секој ден и земјата ги дава своите плодови. А сето ова е вака создадено заради човекот.

121. Сѐ што прави добриот Бог, го прави за наше добро. А она што го прави човекот, било добро или зло, го прави за себе си. За да не бидеш во недоумение по прашањето зошто лошите луѓе живеат добро на земјата, знај дека и тоа е Божја волја: како што градовите имаат џелати, не затоа што сакаат да ги пофалат, туку затоа што сакаат со нивна помош да ги казнат оние што заслужиле казна. Така и Бог допушта да има и лоши луѓе, за да ги казни преку нив оние што отстапиле од Него. А потоа ќе им суди за нивните лоши дела.

122. Koгa идолопоклониците би знаеле и можеле да видат што почитуваат, никогаш не би го правеле тоа, туку, согледувајќи ја убавината на сето она што е создадено за нив и сѐ што прави Бог за нив и за нивното спасение, тогаш би го познале и Бога како свој Создател и најголем Добротвор.

123. Човекот, бидејќи лош и неправеден, може да убие, а Бог непрестајно им дава живот и на недостојните. Бидејќи добар по Својата природа, Бог посакал да има свет и го создал и светот продолжува да постои заради човекот и неговото спасение.

124. Вистински човек е оној, кој сфатил дека човечкото тело е гниежливо и краткотрајно. Таквиот човек, исто така, знае дека душата е божествена и бесмртна, која, дадена од Бога, е соединета со телото, за да го издигне кон богоподобие. А оној што ја сфатил душата правилно, како што треба, живее праведно и богоугодно, без да му угодува на телото. Созерцавајќи Го Бога со својот ум тие ги созерцаваат и вечните блага, што им ги дарува Бог на нивната душа.

125. Бог, бидејќи добар и милостив, му дал на човекот слобода по однос на доброто и на злото; му подарил разум, за да може, гледајќи го светот и сѐ што е во него, да Го познае и својот Создател, Кој создал сѐ што постои заради него. Но, неправедниот човек може да не го сфати ова, може, за своја несреќа, да не поверува и да мисли сосем спротивно на вистината. Ете, ваква слобода има човекот по однос на доброто и на злото.

126. Таква е Божјата волја, нашата душа да се исполнува со разум спрема нашата возраст, така што човекот да го избира доброто, кое Му е угодно на Бога. Душата која не го одбира доброто, покажува дека доброволно се лишила од својот ум. Затоа, иако секое човечко тело има душа, не може да се рече дека секоја душа има ум. Богољубив ум имаат целомудрените, праведннте, чистите, добрите, милостивите и побожните. Присуството на умот му помага на човекот во неговиот правилен однос спрема Бога.

127. Само едно не е можно за човекот, а тоа е: да не биде смртен - да не умре. Тој може да има општење со Бога, ако сфати како е тоа можно. Зашто, ако тоа го сака, тој може, поради својата вера и љубов, осведочени во добар и богоугоден живот да стане собеседник со Бога.

128. Очите го гледаат она што е видливо, а умот стигнува до она што не е видливо. Богољубивиот ум е светлина за душата. Оној што има богољубив ум, неговото срце е просветено; тој Го гледа Бога со својот ум.

129. Ни еден од добрите луѓе нема да биде посрамен. А оној што не е добар, се разбира, тој е и лош и има силна љубов спрема телото. Првата добродетел на човекот е презирање на телото. Откажувањето од привремените богатства, кои се гниежливи и телесни, се разбира, доброволно, а не поради сиромаштија, нѐ прават наследници на негниежливите и вечни богатства.

130. Оној што има добар ум, тој добро знае кој е и што е; знае дека е смртен човек. Оној што cе познал себе си, тој знае и сѐ друго: знае дека е Божјо создание, создадено од Бога за вечен живот. Човекот има слобода и можност правично да сфаќа и да верува. Таквиот човек знае дека не е потребен голем труд, за да ги презира земните богатства и дека за тоа, по смртта, ќе добие вечно блаженство.

131. Како што е телото без душа мртво, така е и душата без ум бесплодна и не може да Го има Бога како свое богатство.

132. Бог го слуша човекот и Му се јавува, зашто Бог е човекољубив. И каде и да е човекот, таму е и Бог. Само човекот е достоен да Му се поклонува на Бога: Бог се преобразува заради него.

133. Заради човекот Бог го создал небото и го украсил со звезди; за човекот ја создал и земјата, а луѓето ја обработуваат за себе си. Оние што не се свесни за ваквата Божја промисла покажуваат дека имат неразумна душа.

134. Доброто е невидливо, како што е невидливо и она што е на небото; а злото е видливо, како што е видливо сѐ и она што е на земјата. Доброто е нешто што нема споредување: оној што има добар ум, го избира она што е најдобро. Само човекот е способен да Го познава и Бога и Неговите созданија.

135. Во душата дејствува умот, а во телото природата, а природата го уништува телото. Природата дејствува во секое тело, но во секоја душа нема ум. И токму затоа не секоја душа се спасува.

136. Душата е во светот како родена, а умот е над светот како нероден. Онаа душа, која го сфаќа светот и која сака да се спаси, има едно постојано правило: секој час да помислува сама на себе си и да си ја замислува смртта како веќе дојдена и дека бива измачувана за своите грешни дела, дека го чувствува на себе си страшниот поглед на Судијата и ја доживува пропаста на својата душа. Помислувајќи го ова, душата се запазува од ништожните и срамни задоволства.

137. Бог уредил на земјата да има раѓање и смрт, а на небото полнота на сѐ и неизменливост. Сѐ што е создадено создадено е за човекот и за неговото спасение. Без да има Он Самиот потреба од што и да било, Бог ги создал за човекот небото, земјата и сѐ друго, за да му создаде услови за вистински блажен живот.

138. Според Божјото човекољубие и според добрината Негова сѐ што е смртно-потчинето му е на бесмртното и сé треба да му служи на човекот.

139. Сиромавиот, кој нема сила на никого да му наштети, нема да биде ставен во бројот на добродетелите. Оној, пак, кој може да им направи на луѓето лошо, а не ја злоупотребува својата сила и никому не му прави зло, сакајќи да ја исполнува Божјата волја, нему како награда ќе му бидат дарувани големи богатства пo неговата телесна смрт.

140. Според Божјата преголема љубов кон нас луѓето, има многу патишта, по кои можеме да се спасиме - да стигнеме на небото. За своите добродетели - човечките души добиваат награди, а за своите гревови -добиваат казни.

141. Синот е во Отецот, Духот е во Синот, а Отецот е и во Синот и во Духот. Со вера човекот познава и си замислува сѐ. Верата е слободна увереност на душата во она, што бива објавувано од Бога.

142. Како што оние, поради некоја потреба или обврска, кои биваат принудени да препловат некоја голема река, ако се прибрани и трезвени, го запазуваат својот живот, дури и тогаш кога водата има силен и брз тек и кога коработ се наполни со вода, успевајќи да се фатат за нешто, тие стигнуваат до брегот и се спасуваат, но ако се пијани, колку и да се трудат, тие, зашемутени од виното, пропаѓаат во водата и ги нема веќе меѓу живите. Исто така, и душата, ако, откако биде зафатена од брановите и виорите на животот, не се издигнува над угодувањето на телото и не се самопознае, имено дека е таа, иако е божествена и бесмртна, соединета со своето земно тело, кое е смртно, пa си дозволи да се занесе пo угодувањето на своите телесни страсти, таа оди кон сигурна смрт. Таа тогаш се презира себе си и опиена со незнаење и безгрижност, загинува и не е веќе меѓу живите, меѓу оние што се спасуваат. Зашто нашето тело, слично на река, често нѐ вовлекува во непотребни задоволства.

143. Умната душа, стоејќи непоколебливо зад својата добра намера, ги зауздува гневот и похотите, како коњ што се зауздува, се бори против тие свои страсти, ги скратува и ги победува, и на тој начин бива овенчавана и се удостојува да живее на небото, добивајќи го како награда од Бога својот Спасител, за своите трудови и подвизи на земјава.

144. Вистински умната душа, кога ја гледа среќата на лошите луѓе и напредувањето на недостојните, кога помислува за насладите во овој живот, не се обеспокојува, како неразумните, бидејќи ваквата душа има јасно сознание за непостојаноста на земната среќа, за неизвесноста и краткотрајноста на телесниот живот, како и за нелицемерниот Страшен Суд и тврдо верува, дека Бог се грижи за сѐ што ѝ е неопходно за нејзиниот земен живот.

145. Телесниот живот и насладувањето со богатството и со власта стануваат причина за смртта на душата. Напротив, трудот, трпеливоста, поднесувањето на сиромаштијата со благодарност и борбата против телесните желби е живот за душата и отворен пат кон вечното блаженство.

146. Умната душа, презирајќи го земното богатство и краткотрајниот земен живот, се одлучува да го избере небесниот вечен живот, кој и го добива од Бога за своето добро и богоугодно живеење.

147. Оние, чија облека е извалкана, ја валкаат облеката и на оние до кои се допираат. На ист начин луѓето што имаат лоши навики и неисправен живот, имајќи допири со невините и чисти луѓе и упатувајќи им непристојни зборови, преку слухот како со кал ја валкаат нивната душа.

148. Почеток на гревот е похотта, преку која загинува умната душа, а почеток на спасението и на небесното царство е љубовта.

149. Како што железото, зафрлено и занемарено, бива расипувано од ʽрѓата; тоа ʽрѓосува и ако железниот алат биде оставен долго време без да се употребува, тој станува неупотреблив. Исто така, и секоја душа, која е мрзлива, која не се грижи да го подобрува својот живот и не се обраќа кон Бога, па со своите лоши дела се лишува од Божјата закрила, станува лоша, ʽрѓосува во мрзливоста на своето тело, па преку тоа станува сосем лоша и неподобна за спасение.

150. Бог е добар, бестрастен и неизменлив. Ако некој ја прифаќа вистината за Божјата неизменливост, а сепак се прашува како Бог, бидејќи таков, на добрите им се радува, од лошите се гнаси, на грешниците се гневи, а кога тие се кајат Он станува мнлостив, треба да им се каже дека Бог всушност не се радува и не се гневи, зашто и радоста и гневот се страсти. Не е убаво да мислиме дека на Бога Му е добро или лошо поради човечките дела. Бог е добар и го прави само тоа што е добро, на никого не му прави ништо лошо, останувајќи секогаш ист и неизменлив, а ние кога сме добри, тогаш општиме со Него, како слични со Него, а кога сме лоши, поради нашата разлика со Него, се одделуваме и оддалечуваме од Него. Кога живееме добродетелно, ние Му припаѓаме на Бога, а кога сме лоши стануваме отфрлени од Него. Но ова не значи дека Бог се гневи на нас, туку значи дека нашите гревови не Му дозволуваат на Бога да нѐ осветлува и да нѐ грее и дека тие нѐ соединуваат со нашите мачители, демоните. Ho, ако почнеме да се молиме и ако со милосрдни дела добиеме разрешување на нашите гревови, тоа не значи дека сме го ублажиле Божјиот гнев и дека сме Г o измениле Бога, туку дека преку добрите дела и преку нашето обраќање кон Бога, откако било отстрането од нас злото ние сме пак способни да се удостојуваме со Божјата добрина. Па затоа, ако речеме дека Бог се гнаси од лошите, тоа би значело исто како кога би рекле: сонцето се скрива од слепите.

151. Благочестивата душа добро Го познава Бога, зашто да се биде благочестив, не значи нешто друго, туку да ја извршуваме Божјата волја, а тоа и значи да Го знаеме Бога и кога се трудиме да бидеме незавидливи, да бидеме целомудрени, кротки, дарежливи според нашите можности, благи, нелицемерни и да правиме сѐ што Му е угодно на Бога.

152. Знаењето за Бога и стравот Божји се лек против страстите на телото. Затоа кога незнаењето за Бога се настанило во душата, тогаш страстите, останувајќи неизлекувани, ја расипуваат душата. Тогаш таа страда и се распаѓа како од долговремен отров. Но, Бог не е виновен за тоа, затоа што Он им подарил на луѓето и знаење и разум.

153. Бог го исполнил човекот со знаење и со разум, трудејќи се да ги очисти неговите страсти и од неговото доброволно зло. Бог сака по Својата добрина сѐ што е во нас смртно да го претвори во бесмртност.

154. Умот, кој се наоѓа во чиста и богољубива душа, вистински Го знае Бога Кој е нероден, невидлив и неискажлив, Кој е чист за оние што имаат чисто срце.

155. Венец на нагниежливоста и добродетелта и спасение за човекот е благодарното претрпување на несреќата. Зауздувањето на гневот, на јазикот, на стомакот и на славољубието. Тие се можни со помошта на Божјата благодат.

156. Она со што се одржува светот е Божјата промисла. И нема ни едно место на кое Божјата промисла не се однесува. Промислата Божја е Божјото совршено слово, кое е основа на сѐ што постои, зашто Бог создал сѐ видливо и невидливо. Редот во светот не може да е без учеството на Божјата промисла.

157. Похотта, која се разгорува преку спомнувањето е корен на страстите, кои се роднини на темнината. Наоѓајќи се во овие похотливи спомени, душата не знае дека е дадена од Бога, да му се предава на гревот, без да помислува за страшните маки, во кои ќе се наоѓа по смртта поради своето безумие.

158. Најголемите и најнеизлечивите болести на душата се: заборавањето за Бога и славољубието. Силната желба по злото е лишување од Божјата помош, а вистинското добро се состои во ова со ревност да го извршуваме секое добро, кое Му е угодно на Бога.

159. Само човекот може да Го прима Бога. Зашто со него, само со ова живо создание зборува Бог, ноќе преку сонови, а дење преку неговиот ум; Он им претскажува и им говори на достојните луѓе за идните убавини и добрини.

160. За оној што верува и што го сака тоа воопшто не е тешко да Го познае Бога. Ако сакаш и да Го гледаш, тогаш погледни ја совршената складност на сѐ што е создадено од Него и на сѐ што станало и што станува од Него. Сето тоа е создадено за човекот.

161. Свет се нарекува оној, кој е чист од злото и од гревот. Затоа најголемо совршенство на душата и најугодно дело пред Бога е тоа кога нема зло во човекот.

162. Со името се издвојува нешто од поголемо мноштво. Но неразумно е да се мисли, дека Бог, Кој е Еден и единствен има и други со исто име. Зборот Бог Го означува Оној Кој е беспочетен, Кој создал сѐ заради човекот.

163. Ако дојдеш до сознание дека имаш зад себе си лоши дела, отфрли ги од својата душа, очекувајќи ги вечните блага, зашто Бог e праведен и човекољубец.

164. Бога Го знае и од Бога бива знаен оној човек, кој се труди секогаш да биде неодвоен од Бога. А таков човек е само оној, кој е добар и кој се воздржува од секое телесно задоволство, не затоа што не располага со средства да ги има, туку доброволно и затоа што свесно и слободно се воздржува од нив.

165. Благодари му на оној што те навредува. Тогаш ќе Го имаш Бога за пријател. Не говори ништо лошо за своите непријатели. Подвизувај се во љубовта, целомудрието, трпението, воздржувањето и во други слични работи. Зашто тоа е вистинското познавање Ha Бога преку смиреност и други слични добродетели да одиме по Него. Но ваквите дела не му се својствени на секого, тука само на умната душа.

166. Оваа глава сум ја напишал за оние, кои се осмелуваат да говорат дека и растенијата и тревите имаат душа, за да им дадам знаење на оние што не го знаат ова. Растенијата имаат физички живот, но немаат душа. Човекот се нарекува разумно животно, затоа што има разум и што може да придобива знаења. А другите животни, кои живеат на земјата и во воздухот, кои имаат глас, тие имаат дишење и душа. Сѐ што расте и се умножува можеме да го наречеме живо, за него не можеме да речеме дека има душа. Има четири вида живи суштества: едни од нив се бесмртни и со душа, такви се ангелите; други имаат ум, душа и дишење, какви што сме ние луѓето, третите имаат дишење и душа, какви што се животните; а четвртите, какви што се растенијата, имаат само живот. Животот во растенијата се одржува и без душа, и без дишење и без ум, - тие немаат бесмртност. Но и сѐ друго не може да биде без живот. Секоја човечка душа е во постојано движење.

167. Штом ќе почнеш да размислуваш за некое телесно задоволство, биди внимателен и пази се да не бидеш веднаш вовлечен во него. И откако некако ќе го оддалечиш од себе си, спомни си за смртта и помисли за тоа колку подобро ќе ти биде тогаш да си спомниш дека си ја победил таа сластољубива прелест.

168. Бог му поставил достатна преграда на злото во луѓето со тоа што ни подарил ум, знаење, разум и способност да го разликуваме доброто од злото, да знаеме дека тоа е штетно за нас и да бегаме од него. Hо, безумниот човек оди по злото, па дури и се фали со него. Тој е обмотан од него како со мрежа и не може потоа да се ослободи од него, не може да Го види и да Го познае Бога, Кој Создал сѐ за спасението и обожувањето на човекот.

169. Ние смртните треба да се грижиме за себе си и однапред да знаеме дека нѐ чека смртта. Зашто блажената бесмртност им припаѓа на разумните души, кои се добри, а кога е душата лоша, неа ја очекува вечна смрт.

170. Кога легнуваш на својата постела, спомнувај си секогаш со благодарност за безбројните добрини на Божјата промисла. Тогаш, исполет со оваа добра помисла, ќе се зарадува твојот дух и сонот што ќе го имаш ќе ти биде за отрезнување на душата, затворањето на очите твои ќе те исполни со вистинско познавање на Бога, а твоето молчење, бидејќи исполнето со чувство за добрините Божји, ќе те вдахнови срдечно да Го прославиш Бога, Создателот и Промислителот на сѐ. Затоа кога нема зло во човекот, тогаш и самата благодарност Му е попријатна на Бога и од најскапоцената жртва. На Бога нека Му биде слава во сите векови и во сета вечност. Амин.

Свети Антониј Велики