Авва Таласиј
Акростихот на оваа стотица гласи:
На духовниот брат и господин Павле од Таласиј, по надворешност отшелник.
1. Љубовта, која е сецело устремена кон Бога, ги сврзува тие што љубат, и со Бога и еден со друг.
2. Умот, врзан за духовната љубов, не помислува за ближниот ништо што не е прилично за љубовта.
3. Под видот на љубовта се скрива лицемерноста на оној, кој со устата благословува, а со срцето уништува.
4. Оној што ја придобил љубовта спокојно го поднесува и жалното и страдалното, што му го причинуваат непријателите.
5. Само љубовта ги соединува созданијата со Создателот, и меѓу себе - едно со друго - во едномислие.
6. Вистинска љубов придобил оној, кој ниту се сомнева во братот свој, ни зборува против својот ближен.
7. Чесен e пред Бога и пред луѓето оној, кој не презема ништо, што би можело да ја разурне љубовта.
8. На нелицемерната љубов ѝ е својствено да има зборови на вистината од добра совест.
9. Под вид на добра расположба завист скрива оној , којшто братот свој го прекорува кога и слуги слушаат.
10. Како што телесните добродетели од луѓето слава привлекуваат, така и духовните од Бога биваат прославувани.
11. Љубовта и воздржувањето ја очистуваат душата, а чистата молитва го осветлува умот.
12. Силен маж е оној, којшто со дејствување и со разум злото го одгонува.
13. Од Бога добил благодат оној, којшто придобил бестрасност и духовно разбирање.
14. Ако сакаш да се избавиш од страсни помисли, имај воздржување и љубов спрема ближниот.
15. Запазувај се од невоздржаност и омраза, и нема на имаш пречки за време на твојата молитва.
16. Како што во јамата за помии нема благоухана миризба, така благоухана љубов нема во злобната душа.
17. Храбро зауздувај ги гневот и похотта, и набргу ќе се избавиш од лошите помисли.
18. Суетата се победува со скривање на нашите добри дела, а гордоста ја прогонуваме со неунижувањето на никого.
19. Својство на суетата се лицемерието и лагата, а на гордоста високото мислење за себеси и зависта.
20. Силен е тој кој што владее над себеси, а душата и телото му ги потчинува на умот.
21. Во искушенијата се познава искреноста на пријателот кога е готов да учествува во нашата неволја.
22. Заклучи ги чувствата во безмолвното осамување, а помислите потчини ги на строг суд, зашто тие го напаѓаат срцето.
23. Помислите за навредувањата среќавај ги непријателски, а оние сладострасните - прогонувај ги како опасни.
24. Здружени: безмолвието, молитвата, љубовта и воздржувањето се кола со четири тркала, која умот го издигнува на набесата.
25. Телото свое измачувај го со пост и бдеење; само тогаш сластољубивата мисла што те измачува лесно ќе ја одгониш.
26. „Како што восокот се топи од оган“(Псал. 67, 3), така од стравот Божји се топи нечистата помисла.
27. За разумната душа големо зло е да биде заробена со срамна страст.
28. Трпеливо поднесувај ги ударите на случајностите, што ти ја ожалостуваат душата; Божјата промисла е со нив да ни ја очисти душата.
29. Кога веќе го отфрли имотот и се откажа од светот, откажи се најпосле и од лошите помисли.
30. Секогаш да ги проучуваме зборовите Божји, тоа е дело што му прилега на умот.
31. Како Бог што управува со светот, така душата управува со телото.
32. Со каква надеж ќе Го пречекаме Христа ние, кои и досега на телесните страсти им робуваме.
33. Страдањето и жалоста ја победуваат похотта, - кога се доброволни или од Божјата промисла.
34. Среброљубието e храна за нашите страсти - доколку ја потхранува и зајкнува самоугодливата похот.
35. Жалоста раѓа скудост на задоволството и сластољубието; задоволството е врзано со секоја страст.
36. Со каква мерка му одмеруваш на телото свое, со таква мерка Бог ќе ти одмери.
37. Бог ќе ни суди според нашите добри дела, што сме ги направиле со нашето тело.
38. Добродетелта и знаењето ја раѓаат бесмртноста; лишеноста од нив - мајка е на смртта.
39. Жалоста по Бога похотта ја одзема, а одземањето на похотта е воскресение на душата.
40. Бестрастноста е неподвижност на душата кон злото; но неа не можеме да ја добиеме без благодатта Христова.
41. Христос е Спасител на душата и на телото, а кој оди по Неговите стапки - од лошото се ослободува.
42. Ако сакаш да се спасиш, откажи се од телесните страсти; место нив - прифати ги воздржувањето, љубовта и молитвата.
43. На бестрастноста ѝ е својствено расудувањето, а расудувањето сѐ што прави - прави со мерка.
44. Исус Христос е наш Господ и Бог; умот што оди по Него - не оди во темнина.
45. Собери си го умот, набљудувај ги помислите; кои ќе ги најдеш за страсни - војувај против нив.
46. Три се извори на помислите: чувствата, паметењето и телесната похот; најдостапни ни се тие од паметењето.
47. На кого му е подарена премудроста, тој го има знаењето на бестелесните; тој го знае и почетокот и крајот на светот.
48. Не биди невнимателен кон твојата работа, и твојот ум ќе биде просветен; на таквите им е ветено: „Тебе ќе ти ги предадам чуваните во темно богатства и сокриените добра“ (Иса. 45,3)
49. Од Бога добил благодат оној што се ослободил од страстите; со милост се удостоил - кој знаење примил.
50. Умот, ослободен од страсти, станува светловиден; непрестајно е осветлуван од соѕерцанијата на битието.
51. Знаењето е светлина на душата; кој него го нема - неразумен е и оди во темнина.
52. Неразумниот животот го минува во темнина; над него владее темнината на незнаењето.
53. Кој Христа Го љуби од злото ќе се избави; кој по Него оди во светлина живее.
54. Умот ослободен од страстите, ги согледува и најистенчените помисли, и кога телото e будно и кога во сон е потонато.
55. Ум што добил висок степен на чистота, во создадениот земен свет - притеснет се чувствува, сака да биде надвор од сѐ што е земно.
56. Блажен е оној што стигнал во безграничната безграничност; него може да го достигне само - оној што преминал во безграничноста.
57. Божјите зборови ги испитува оној , кој Бога Го почитува; љубителот на вистината - смислата нивна ја најдува.
58. Умот со правина движен - ја наоѓа вистината; а кој на страстите робува - никогаш не ја наоѓа.
59. Бог како што е по суштина непознат, така е и по својата големина неопфатлив.
60. Суштеството што e без почеток и крај, и премудроста Негова не може да се истражи.
61. За секое создание спасението е дело на благата промисла на Создателот за него.
62. Господ ги придржува оние што паѓаат; по својата милосрдност - ги подигнува сите што паднале.
63. Христос е Судија на живите и на мртвите; Он по правда наградува и казнува.
64. Ако сакаш да владееш над душата и телото, брзај да ги отсекуваш причините на страстите.
65. Со добродетелите соедини ги силите на душата; секој стремеж на страстите ќе се отсече од нив.
66. Стремежите на похотта со воздржување отсекувај ги, а стремежите на гневот - со духовната љубов.
67. Безмолвната осаменост и молитвата се најсилните орудија на добродетелта: тие го очистуваат умот и го прават да гледа.
68. Разговорот е корисен само, ако е духовен; во сите други разговори претпочитај го молчењето.
69. Од петте видови разговори, три прифати ги, во четвртиот - не учествувај, а од петиот - воздржи се.
70. Кој го сака молчењето - тој кон ништо страсно во светот не е приврзан; сите луѓе ги сака - оној , кој ништо човечко не сака.
71. Совеста наша е вистински учител; кој неа ја слуша - не се препнува и не паѓа.
72. Совеста не ги изобличува само оние кои - или стигнале до врвот на добродетелите - или паднале до дното на злото.
73. Совршената бестрасност раѓа чисти помисли, а совршеното знаење нѐ води пред лицето на Непостижливиот.
74. Срамна жалост има оној што не добил телесни уживања, а тој што ги презрел - живее без жалости.
75. Жалоста е лишување од саканото задоволство - и на она што го чекаме од Бога и она што бива по духот на овој свет.
76. Царството Божјо е добрина и мудрост; оние што нив ги добијат - на небото живеат.
77. Несреќен е човекот што го претпочитува телото пред душата, а светот - пред Бога.
78. Кон сите еднаква љубов придобил оној ,кој не им завидува на оние што во доброто напредуваат, а ги жали - оние што не се грижат за доброто.
79. Оној, кој барањата на душата и телото ги подложил под законот на добродетелите, тој треба да управува над другите.
80. Добар духовен трговец е оној, кој заради идниот живот се откажал и од радостите и од жалостите на земниот живот.
81. Љубовта и воздржувањето душата ја закрепнуваат, а умот и духот се зајакнувани од чистата молитва и духовното соѕерцание.
82. Koгa слушаш поучни зборови, не осудувај го оној што ги зборува, за да не бидеш лишен од поуката - која е корисна за душата твоја.
83. Лошото срце лошо помислува, исправноста на ближниот - во неисправност ја претвора со неправилното толкување на неговите дела.
84. Не верувај ѝ на помислата што ближниот го осудува; кој зло сокровиште има - тој зло и помислува.
85. Доброто срце добри помисли раѓа; какво е духовното сокровиште - такви се и помислите негови.
86. Пази ги помислите твои и од злото бегај, за да не се помрачи умот твој и да не почне погрешно да ги гледа работите.
87. Кога помислуваш за Јудејците, внимателно од нивните дела оградувај се; тие заслепени од завист - Господа и Бога Го сметале за сатана.
88. Лошото сомневање умот наш го помрачува; неисправното како исправно го гледа.
89. Близу до сите добродетели се наоѓаат и страстите; затоа страсните луѓе и добродетелите ги сметаат за страсти.
90. Ако умот наш долго остане во задоволство и жалост, тој набргу ќе падне во страста на очајанието.
91.Чистата совест душата ја издигнува, а нечистата - ја урива во пеколните длабочини.
92. Кога страстите беснеат - суетата ја прогонуваат, а кога ги прогони - таа пак се враќа.
93. Ако сакаш да се избавиш одеднаш од сите страсти, зафати се со воздржувањето, љубовта и молитвата.
94. Умот што молитвено живее во Бога, тогаш - и страсниот дел на душата од страстите го ослободува.
95. Бог, Кој им го дал битието на сите созданија, Он со Својата промисла ги опфаќа сите.
96. Бог, бидејќи Господар на сѐ, посака да стане слуга; со тоа го пријавил највисокиот степен на Својата промисла.
97. Бог Слово неизменливо се воплотил, со телото Свое - со целата твар се соединил.
98. Ова е пречудно чудо на небото и на земјата: Бог е на земјата, а човекот - на небото; за да ги соедини луѓето со ангелите - Он и на сите твари им дава обожување.
99. Осветувањето и обожувањето на ангелите и на луѓето е познавање на Светата и Единосушна Троица.
100. Простувањето на гревовите е ослободување од страстите; ако некој уште не е избавен со благодатта - тој уште не добил проштевање.
Авва Таласиј