Блажениот Авва Таласиј

Акростихот на оваа стотица:

Моли се за мене, пречесни брате, зашто јас очекувам големи страдања според делата на мојата слободна волја, - чекам душевни жалоста и телесни измачувања.

1. Сакаш ли оддеднаш да се избавиш од сите страсти? - Ослободи се од нивната мајка - од самољубието.

2. Бестрашноста и знаењето се здравје за душата; него не може да го има робот на телесните сласти.

3. Телесното и душевното сластољубие го исушуваат - воздржувањето со трпението и љубовта со великодушноста.

4. Самољубието е почеток на порочните страсти за нашата душа, самољубието е љубов спрема телото или самосожалувањето.

5. Да се потчинуваме на умот - тоа е главниот белег на разумноста; тоа бара и телото да го смируваме и да го поробуваме на духот.

6. Срамно е за разумниот да му се покорува на неразумниот; да размислува само за задоволување на срамните похоти.

7. За разумната душа е погубно - да Го остава својот Создател, а да му робува на телото.

8. Тебе ти е заповедано - телото да ти биде роб, а не да те пороби со противприродните сласти.

9. Раскини ги врските со телото; на овој свој роб - давај му го само најнеопходното.

10. Чувствата заклучај ги во крепоста на молчалива усаменост, за да не можат умот твој да го привлекуваат кон похотите што им се својствени.

11. Најсилните оружја за оној што трпи во усаменост се: воздржувањето, љубовта, молитвата и читањето.

12. Умот не престанува да кружи по предметите на телесните сласти - сѐ додека не го поробиме телото и соѕерцанијата не ги засакаме.

13. Заповедите извршувај ги, за да се ослободиш од страстите, а да придобиеш знаење - пази ги догмите на верата.

14. Спокојот на душата е од бестрасноста и знаењето; заробениот од страстите него не може да го има.

15. Кој го поробува телото - желбите страсни ги отфрлува; го ослободува од тешкото робување на нив.

16. Слободен си создаден, кон слобода си повикан; не дозволувај да им робуваш на нечистите страсти.

17. Демоните умот наш кон земното го приврзуваат - со жалости и уништувања, со желби и застрашувања.

18. Стравот Божји похотите ги врзува , а божествената жалост - страстите ги прогонува.

19. Кој мудрост љуби - стравот го презира, а сладоста на знаењето ја прогонува тагата.

20. Светото писмо ги содржи следниве четири работи: заповедите, догмите, застрашувањата и ветувањата.

21. Воздржувањето и трудот - похотите ги сопираат, а усаменоста и божествената љубов - нив ги исушуваат.

22. Не ранувај го братот со двосмислени и сомнителни зборови; зашто и тебе, тоа ако ти се случи - не ќе можеш да го поднесеш.

23. Гневот го сопираат великодушноста и незлобивоста, а љубовта и чувството - го уништуваат.

24. Ha кoгo му е дадено знаење - светлина духовна му е дадена, но кога некому му е дадено, чест не му прави - тој темнина ќе гледа.

25. Извршувањето на заповедите раѓа бестрасност, а бестрасноста на душата - го пази знаењето.

26. Преминувај од земно кон умствено соѕерцание, така и сетивата твои ќе ги издигнуваш кон духовното.

27. Видливата жена ја означува душата што дејствува, а кога со неа умот се соедини - се раѓа добродетелта.

28. Изучувањето на Божјите зборови - на разум Божји го изучуваат оној - што ги изучува побожно и разумно.

29. Она што е светлината за оние што гледаат и што се гледани, тоа е Бог за оние што мислат и за оние на кои се мисли.

30. Видливото небо го означува небото на верата, на кое, слично на небеските светила - светлеат светиите.

31. Нетелесното знаење е небесниот Ерусалим; во него го соѕерцаваме знаењето на светот.

32. He биди безгрижен и неработен; инаку и знаењето ќе намали. Тогаш заради настанатиот глад - во Египет ќе појдеш (сп. 1. Мој. 26, 1-2).

33. Духовната слобода е ослободување од страстите - неа никој не ја добива без благодатта Христова.

34. Царството небесно е земја ветена; за него се удостојуваме со бестрасноста и знаењето.

35. Духовен Египет е мракот на страстите; таму никој не навлегува - ако предходно не гладува.

36. Увото свое наполнувај го со духовни зборови; тогаш умот свој ќе го оддалечиш од нечистите помисли.

37. Само Бог по природа е благ и премудар; и умот наш станува таков - ако ревнува за тоа.

38. Воздржувај го стомакот, сонот, гневот и јазикот, и нема да „ја сопнеш од камен ногата своја“ (Псал. 90,12).

39. Труди се подеднакво да го засакаш секој човек, и сите страсти - веднаш ќе ги прогониш.

40. Земното го гледаме и со умот и со сетивото за гледање, а духовното - само со умот.

41. Неможно му е на умот да се занимава со духовни работи, ако претходно не се ослободи од телесното.

42. Природното чувство кон земното е приврзано; тоа е развлекувано - па и умот го развлекува.

43. Давај му го чуството на умот, за да му служи, но не давај му премногу време - да го развлекува.

44. Кога умот твој со чуствата се занимава, попречувај му да се задржува со нив; издигнувај го кон духовното разбирање на земните работи.

45. Дека умот се предал на духовните работи знак за тоа е: презирот спрема телесните наслади.

46. Умот, устремен кон соѕерцанието на духовните работи- од тоа добива - преголема радост.

47. Кога умот се збогати со знаењето на единиот Бог, тогаш и чуствата нему му робуваат.

48. Не давај му на умот да кружи по земните предмети, за да не се преоптоварува со сластите и жалостите - својствени на нив.

49. Кога умот секогаш е зафатен со духовните предмети, желбениот дел на душата станува божествено оружје.

50. Не може умот да се исполни со знаење сѐ додека желбениот дел на душата не се украси со добродетели својствени на него.

51. Умот се оттуѓува од светот тогаш - кога потполно ќе се отсече од секое земно чувство.

52. Разумниот дел од душата треба да служи за вежбање во познавањето на Бога, а на оној на желбите - за љубовта и воздржувањето.

53. Умот не може секогаш да биде зафатен со нешто земно, ако не е приврзан кон тоа со некаква пристрасност.

54. Умот е совршен - кога е исполнет со знаење; кога се утврдува во добродетелите, - душата бива совршена.

55. Наклонетиот ум кон телесните наслади - станува роб на телесните сласти.

56. И умот отстапува од местото на знаењето - кога дејствителниот дел се оддалечува од своите добродетели.

57. Ние сме примиле „можност да станеме синови Божји“ (Јован. 1, 12), но не можеме да станеме тоа, ако не се ослободиме од страстите.

58. Никој нека не мисли во себеси дека навистина станал чедо Божјо, ако уште не ги придобил божествените особености.

59. Усвоените добри и лоши навики нѐ прават или синови Божји или синови на сатаната.

60. Мудриот човек внимава што станува во него; тој брза да се очисти од секоја нечистотија.

61. Ожесточената душа и кога ја тепаат - не чувствува, а спрема својот добротвор - благодарност нема.

62. Во облека нечиста облечениот - бива исфрлан од свадбата и бива фрлен во крајна темнина (Матеј 22, 12-13).

63. Кој има страв од Бога - тој за душата своја се грижи; тој од лошата судба лесно се спасува.

64. Милоста Божја не може да ја прими оној, кој им робува на страстите.

65. Господ Исус Христос рекол: „Никој не може да им слугува на двајца господари“ (Матеј 6, 24), иако ние не сакаме да Му веруваме.

66. Осквернетата душа - од страстите побеснува; без сечење и обгорување не може да поверува.

67. За огрубените потребни се страшни маки; тие без болки страшни - не можат да смекнат.

68. Осквернетата душа - отврднува од страстите. Разумниот - за душата своја се грижи; преку доброволни измачувања од вечните маки се спасува.

69. Кој се грижи за својата душа - доброволно страда и се смирува; за тоа - Бог гревовите му ги простува.

70. Како што похотта и гневот ги умножуваат гревовите, така воздржувањето и смирението - ги отстрануваат.

71. Жалоста по Бога срцето го скрушува; таа се раѓа од стравот од пеколните маки.

72. Жалоста по Бога срцето го чисти; таа го оддалечува од нечистите страсти.

73. Трпеливоста е трудољубивост на душата, каде што е таа - сластољубието го нема.

74. Секој грев се прави заради сластите, а проштевањето се дава за страдања и жалости.

75. Промислата Божја ни праќа недоброволни болки - ако не се покаеме доброволно со страдања.

76. Христос е Спасител на целиот свет; Он ни дарувал покајание за спасение.

77. Покајанието раѓа извршување на заповедите , а извршувањето на заповедите - душата ја чисти.

78. Очистувањето на душата е очистување од нејзините страсти, а ослободувањето од страстите - ја раѓа љубовта кон Бога.

79. Душата е чиста ако Го љуби Бога, а умот е чист - кога ќе се ослободи од незнаење.

80. За Божјите заповеди труди се дури и до смртта; кога ќе се очистиш преку нив - во животот ќе влезеш.

81. Телото твое направи го слуга на заповедите; колку ти е можно запази го здраво и несластољубиво.

82. Телото се бунтува кога немаме молитва, пост и безмолвие.

83. Доброто безмолвие добри чеда раѓа: љубовта, воздржувањето и чистата молитва.

84.Читањето и молитвата ја чистат душата, а љубовта и воздржувањето - делот на душата што пожелува.

85. Секогаш имај еднакво воздржување; нееднаквоста да не те урне во спротивност.

86. Откако си поставиш закони, не менувај ги, толкувајќи ги криво; кој вака прави - себе се измамува.

87. Во страсните души сонцето не грее, во нив сонцето на вистината - одамна е зајдено.

88. Син Божји е оној што на Бога личи; станал подобен на Него: во добрината, мудроста, силата и правдата.

89. Лошата склоност е болест на душата, а гревот е нејзината смрт - гревот направен со дело (сп. Рим. 5, 12).

90. Неалчната душа кон совршена бестрасност води: умот на неалчниот бега и од сѐ надворешно.

91. Сите душевни добродетели пази ги во согласност; од ова ce раѓа плодот на правдата.

92. Велат дека соѕерцанието на духовните предмети - бива бестелесно, бидејќи нема ни материја, ни облик.

93. Како што четирите стихии имаат и материја и облици; така и составените од нив предмети - ги имаат тие особености.

94. Словото од човекољубие станало тело (сп. Јован 1, 14); но ни она што го имало не го изменило, ниту она што станало - пак не се изменило.

95. Велиме за Бог Син дека се воплотил - дека е и Бог и човек; дека е од две природи - од божествена и од човечка и дека е во две природи.

96. Едно лице во Христа исповедаме - со две природи - неразделно соединети.

97. Едно неразделно лице во Христа славиме и неслиено единство - исповедаме во Него.

98. На триипостасната единствена божествена природа ѝ се поклонуваме и Единосушната Света Троица ја благословуваме.

99. Трите ипостаси на Света Троица се: отецтвото, синовството и произлегувањето. А на трите заеднички својства испостаси се: природата, божеството и благоста.

Блажениот Авва Таласиј