Светиот отец наш Григориј Палама Архиепископ Солунски

1. „Господ, нашиот Бог, е единствен Господ“ (5. Мој. 6, 4), Кој е познат во Отецот, Синот и Светиот Дух: во неродениот Отец, во беспочетно родениот Син, безвремено и бестрасно, како во Слово, Кое, откако го помажал со Себеси она што го примил од нас, се наименувал Христос, и во Светиот Дух, Кој не е роден од Отецот, туку произлегува од Отецот. Ова е едниот Бог и ова е вистинскиот Бог, во ипостасите на Света Троица - еден Господ, по природа, волја, слава, сила, дејство, и дека е неразделен со сите Свои божествени својства.

2. „Сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце, со сета твоја душа и со сите твои сили! Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во срцето твое и во душата твоја; и пренесувај им ги на децата свои и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“ (5. Мој. 6, 5-7), за да ги извршуваат, да се поучуваат во нив и да говорат за нив. Секогаш спомнувај си за Господа твојот Бог и бој се само од Него; никогаш не заборавај Го Него ниту Неговите заповеди и тогаш Он ќе ти даде сили да ја исполнуваш Неговата волја. Зашто, Он не бара ништо друго од тебе освен „да се боиш од Господа, твојот Бог, да одиш по сите негови патишта, да го сакаш, и да му служиш... од сѐ срце и од сета душа; да ги пазиш заповедите на Господа, твојот Бог и наредбите негови“ (5. Мој. 10, 12-13).

3. Он е пофалба твоја, Он е Бог твој. Невчудовидувај се без мерка на бестрасноста и на невидливоста на светите ангели, ниту на крајното лукавство на паднатите од небото духовни сили, на нивата итрина и на нивното лукавство, кога нѐ измамуваат и не осмелувај се да мислиш дека во нив има нешто што е еднакво со Бога. Не загледувај се во големината на небото, ниту во разновидноста на неговите движења, ни во болскотот на сонцето, ни во светлината на месечината, ни на трепкањето на звездите, ни на погодноста на воздухот за дишење, ни за тоа колку се корисни морето и земјата и плаши се нешто од сето ова да не го направиш твое божество. Зашто, сето ова Му е потчинето Нему, бидејќи сѐ е создадено од Него; создадено е од ништо, од силата, со силата на Неговото слово. Псалмопеачот вели: „Зашто Он рече и тие настанаа; Он заповеда и се создадоа“ (Псал. 32, 9).

4. Затоа само Него прославувај Го, кон Него прилепувај се со твојата љубов и пред Него кај се, дење и ноќе, за сите твои волни и неволни гревови. Зашто, „Он е: штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистинит“ (Псал. 85, 15), - вечниот Добротвор, Кој ни го ветува и дава небесното царство, кое никогаш не престанува, радосниот и бесмртен живот и светлина што никогаш не потемнува - за оние што Го почитуваат и љубат, што Му се поклонуваат и заповедите Негови и извршуваат. Но, Он е и Бог што ревнува; Он е Судија праведен и страшен Одмаздник, Кој ги накажува оние што не Го почитуваат, што не Му се покоруваат и што не ги извршуваат Неговите заповеди; ќе ги накаже со вечни маки, со оган што никогаш не изгаснува, со страдања што ќе немаат крај, со тага без утеха, со густа темнина, со чкртање заби, со црв што никогаш не спие, а сето ова го подготвил за оној прв лукав отстапник, како и за сите оние, кои се измамени од него, кои тргнале по него и Го оставиле својот Создател, со дела, зборови и помисли.

5. „Не Драва за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата“ (2. Мој. 20, 4), за да не му служиш и да не му се поклонуваш како на Бог. Зашто, сѐ е создание на Бога, Кој во последните векови, откако прими тело од утробата на Дева, се јави на земјата и поживеа со луѓето; пострада за спасение на луѓето, умре и воскресна, заедно со своето тело се вознесе на небо и седи оддесно на престолот на Бога Отецот; а со тоа исто тело, пак, ќе дојде на земјава, за да им суди на живите и на мртвите. Затоа Него, Кој се воплоти заради нас и заради нашето спасение, направи Го икона, од љубов кон него; преку оваа икона спомнувај си за Него, преку неа поклонувај Му се Нему, преку неа издигнувај го својот ум кон почитуваното тело на Спасителот, Кој седи во слава оддесно на Отецот на небесата. - На ист начин прави и други свети икони и поклонувај им се, но не како на богови, што е забрането, туку за сведоштво на твоето општење со нив, на твојата љубов и на љубовта твоја кон нив, и на твојата почит кон нив; умот твој издигнувај го кон нив преку нивните икони. Како Мојсеј што направил икони на херувимите и ги поставил во Светињата на светињите, па и самата Светиња на светињите била праслика на наднебесните работи, а и светата носилка била слика на целиот свет, а Мојсеј ја нарекол света, но славата не се однесува на создаденото, туку преку сѐ што е создадено, на Оној Кој ги создал сите созданија - на Бога. И ти, иконите на Господа Исуса Христа и на светиите не сметај ги за богови, туку, преку нив поклонувај Му се на Оној Кој нѐ создал во почетокот според Својот образ, а потоа благоволил, според Своето неискажливо човекољубие за нас да стане можно да Го опишуваме.

6. И не поклонувај се само на иконата на Господа Исуса Христа, туку поклонувај се и на образот на Неговиот Крст, затоа што тој е знаме на Христовата победа над ѓаволот и на сите множества на спротивни сили, зашто сите тие треперат и бегаат секогаш кога ќе го видат неговиот белег. Овој белег, и пред појавувањето на првообразот, бил високо прославен од праотците и пројавил големи и преславни чуда. И за време на Второто доаѓање на распнатиот на него Господ Исус Христос, Кој ќе дојде да им суди на живите и на мртвите, ќе претходи пред Него - како големо и страшно знаме на Неговата сила и на Неговата слава. Затоа, прославувај го сега, за да можеш и тогаш да го гледаш и да се прославиш со него. Поклонувај им се и на светите икони, како на сораспнатите со Христа, изобразувајќи го крстот на твоето лице и спомнувај си за силата на Христовите страдања, кои се појавиле во нив. Исто така, почитувај ги и гробовите на светиите и некои од нивните запазени коски, зашто благодатта Божја не отстапила од нив, како што не отстапило и од телото Христово Неговото Божество, на Кого Му се поклонуваме, тоа тело кое било распнато на животворниот крст и кое умрело на крстот. Правејќи го ова и, прославувајќи ги оние што Го прославиле Бога, преку совршени дела од љубов кон Бога, тогаш и ти, заедно со нив, ќе бидеш прославен од Бога и заедно со Давида ќе запееш: „Твоите пријатели во голема се чест, Боже“ (Псал. 138, 17).

7. „Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог“ (2. Мој. 20, 7), ако се колнеш заради нешто земно, и од страв од луѓето или заради некаква лична корист. Престапувањето од клетвата е одречување од Бога. Затоа, не брзај да се заколнуваш; воопшто одбегнувај да се колнеш, плашејќи се да не паднеш во клетвопрестапништво, да не отстапиш од Бога и да не бидеш вброен кон беззакониците: Биди вистинољубив во сите твои зборови; со тоа тие ќе бидат поткрепувани како со заколнување. Ако ти се случи некогаш, без потреба, да се врзеш со заколнување, кога тоа ќе биде сообразно со Божјиот закон, тогаш, и постапи така, ако е тоа согласно со Божјиот закон, а својата кривица за тоа што си постапил така, очисти ја со милостина, молитва, плач, и некој телесен подвиг, умилостувајќи Го Христа, Кој ни рекол да не се колнеме и да не се заколнуваме. А, ако некогаш се заколнеш дека ќе направиш нешто што е против Законот, тогаш, настојувај да не го направиш тоа само затоа, зашто си се заколнал, за да немаш еднаков дел со пророкоубиецот Ирод. Остави ја таа противзаконска клетва неисполнета, а потоа, вети дека нема да се заколнуваш воопшто, и побрзај да Го умилостивиш Бога, ползувајќи се со посочените лекарства.

8. Еден ден во седмицата, кој се именува недела, се вика ден на Господа, Кој воскреснал во тој ден од мртвите, и со тоа го претскажал општото воскресение на сите и нѐ уверил во неговата вистинитост во тој свет ден (сп. 2. Мој. 20, 10-11), никаква световна работа не работи, освен она што е најнеопходно потребно, а и на сите кои се под твое управување, давај им одмор и спокој, та, заедно со нив да Го прославуваш Оној Кој со Својата смрт и со воскресението ја совоскреснал и нашата природа. Спомнувај си за идниот живот и поучувај се во сите заповеди на Господа; испитувај се дали не си престапил некоја од овие заповеди, и поправај се во сѐ. Во овој ден, посетувај го Божјиот храм и присуствувај на сите црковни служби; причестувај се со телото и крвта на Господа Исуса Христа; постави почеток на твојот праведен живот; обновувај се и подготвувај се за примање на идните вечни блага, заради кои, не ползувај се лошо со земните блага; во денот на Господа оставај ги сите земни работи, освен она што е најнеопходно и без што не може да се живее. Имајќи Го на тој начин Бога за свое засолниште, нема да ги престапиш Божјите заповеди, нема да го распалиш огнот на страстите и нема да го натовариш врз себе товарот на гневот, и така ќе го посветиш светиот ден на Господа, ќе празнуваш и нема да правиш зло. Празнувај ги и другите востановени празници, како што го празнуваш Господовиот ден; и во тие денови прави го истото и од сите зла воздржувај се.

9. Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да ти биде добро и да поживееш долго на земјата“ (2. Мој. 10, 12), зашто преку нив Бог те вовел во животот, и по Бога - тие се причината на твоето постоење. Затоа и ти, после Бога - почитувај ги нив и сакај ги, ако љубовта кон нив ѝ помага на твојата љубов спрема Бога, а, ако не ѝ помага, тогаш отстрани се од нив. А, ако ти пречат, особено во делото на твојата вера, вистинската и спасоносната, како не се православни, тогаш, не само оддалечи се, туку и отфрли ги, а и не само нив, туку и сите други луѓе, кои се како нив. Зашто, Господ Исус Христос рекол: „Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик. И, кој не го носи својот крст, и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик“ (Лука 14, 2627; Матеј 10, 37-3 8). Така треба да се однесуваме кон нашите телесни родители: родителите, роднините, браќата и сестрите, како и спрема пријателите, кои ни пречат на нашето спасение, а оние што ја имаат истата вера и што не ни пречат во делата на нашето спасение, нив треба да ги почитуваме и да ги сакаме.

10. Ако треба вака да го сакаме нашиот родител по тело, тогаш колку повеќе сме должни да ги сакаме и да ги почитуваме нашите духовни родители, кои нѐ претвориле од битие во преродено битие, ти ја предале светлината на знаењето, те научиле да ја знаеш вистината, те преродиле преку бањата на повторното раѓање, ја поттикнале во тебе надежта во воскресението и во бесмртноста, вечното царство и наследство; од недостоен те направиле достоен за вечните блага, те направиле син и ученик на Богочовекот Исуса Христа, а не на обичен човек, зашто Самиот Господ рекол: „Никого на земјата не викајте го свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата; и наставници немојте да се именувате, зашто еден е вашиот наставник - Христос (Матеј 23, 9-10). Должен си да им укажуваш секаква чест и љубов на твоите духовни отци, зашто честа спрема нив се вознесува кон Господа Исуса Христа и кон Светиот Дух, како што вели апостолот: „Вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: Авва, Оче!“ (Рим. 8, 15) и кон небесниот Отец „од Кого се именува секој род на небесата и на земјата“ (Ефес. 3, 15). Потруди се во текот на целиот твој живот да имаш твој духовен отец и да му ги откриваш секој грев и секоја помисла, и да добиеш од него разрешување од твоите гревови и лекарство, зашто ним им е дадена власта да ги врзуваат и разврзуваат душите, и сѐ што ќе разврзат тие на земјава, ќе биде разврзано и на небото (сп. Матеј 18, 18). Оваа благодат и оваа власт ја добиле тие од Господа Исуса Христа, затоа биди им послушен и не противречи им, за да не си причиниш пропаст на твојата душа. Зашто, ако им противречиш на твоите телесни родители во она, што не е забрането во законот Божји, Законот те предава на смртта, а оној што им противречи на духовните отци, нема ли од себе да Го изгони Светиот Дух и да ја погуби својата душа? Затоа, советувај се со твоите духовни отци и слушај ги до крајот на твојот земен живот, за да се спаси твојата душа и да ги наследи вечните и вистински блага.

11. „Не врши прељуба.” (2. Мој. 20, 14), за да не станеш член на блудница, место да бидеш член Христов (сп. 1. Кор. 6, 15) и да не бидеш отсечен од божественото тело и да бидеш фрлен во геената огнена. Ако ќерката на жрецот, откако ќе се оскверни со блуд, со оган се изгорува, затоа што го посрамила својот татко (3. Мој. 21, 9), до толку повеќе, ако некој му причини осквернување на Христовото тело ќе биде виновен за вечно измачување.

12. Но, ако му припаѓаш на телото Христово, тогаш пази го девството, за да можеш целиот да бидеш Божји и кон Него да се прилепиш со совршена љубов, при Него и со Него да бидеш во целиот живот, постојано да се грижиш само за она што е Господово и како ангел Божји да живееш на земјава, зашто девството им припаѓа на ангелите, и оној што се прилепува кон девството, станува подобен на нив; но, уште повеќе таквиот се уподобува на Отецот, отколку на нив, Кој пред сите векови девствено Го родил Синот, и девствениот Снн во почетокот девствено роден од сесветиот Отец, во последните години од Света Дева Марија, се родил девствено со тело, и Светиот Дух од Единиот Отец, не со раѓање, но исходно излегол неискажливо. На овој Еден Бог Му се уподобува оној што го избрал вистинското девство и во девствен брак се соединува со Него, па девствува со душата и телото и со секое свое чувство, зборови, помисли и ги украсува со убавините на девството.

13. А, ако не претпочиташ да девствуваш и не си Му давел завет на Бога за ова, тебе ти прилега да земеш во името на Господа една законска жена и само со неа да живееш, да ја имаш како свој сад во светиња, а од туѓи жени да настојуваш со сите сили да се воздржуваш, а ти ќе можеш совршено да се воздржуваш, ако се пазиш од неумесни однесувања кон нив, ако и самиот твој телесен и духовен поглед го одвраќаш од нив, а тоа е можно, ако свикнеш да не се загледуваш љубопитно во убавината на лицето. Зашто „секој што погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба во неа во срцето свое“ (Матеј 5, 28) и од таа причина е нечист пред Христа, Кој го гледа човечкото срце. И од ова, тој, бедниот, паѓа и во срамни телесни дела не само со блуд, прељуба и други не природни соединувања, туку и во секакви други неприродни извртености. А ти, отсечувај ги горчливите корења, па нема да раѓаш смртоносни плодови, но ќе родиш плодови на чистота, зашто „вашиот плод е светост... без која никој нема да Го види Господа“ (Рим. 6, 22; Евр. 12, 14).

14. „Не убивај!“ (2. Мој. 20, 13), за да не бидеш лишен од синовството на Оној, Кој мртвите ги оживува и да не станеш, со своите дела, син на исконскиот човекоубиец. Бидејќи убиството произлегува од удари, а ударите од навредите и караниците, а тие од гневот, а гневот - од навредите и штетите што им ги нанесуваме на другите, или од ударите и од навредите, затоа Господ Исус Христос вели: „На оној, што сака да ти ја земе горната облека, подај му ја и кошулата“ (Лука 6, 29). На оној што те удрил - не враќај му со удар, ни на оној што те навредил - со навреда. Зашто, на тој начин и себеси и оној што те навредил ќе го избавиш од гревот на убиството. Ти ќе добиеш простување за што си згрешил пред Бога, зашто е речено: „Проштавајте и ќе ви биде простено“ (Лука 6, 37), а оној што говорел лошо против тебе, „ќе биде виновен за во пеколот“ (Матеј 5, 22). Па затоа, ако можеш од корен да го искорениш злото и во твојата душа да ја вселиш кротоста, прослави Го Христа, Кој е учител и Сотрудник во добродетелта, без Кого како што сме научени, не можеме да направиме ништо добро. Ако, пак, не можеш да останеш без гнев, прекори се кога се гневиш и покај се пред Господа Бога и пред оној, кој слушнал од тебе лоши зборови или претрпел од тебе некакво зло. Зашто, за гревот треба да се каеме во неговите почетоци, за тој да не дојде до својот крај; оној што не се измачува за малите гревови и не се кае за нив, преку нив ќе падне и во поголеми.

15. „Не кради!“ (2. Мој. 20, 15), за да не се случи, Бог „Кој гледа сѐ што е скриено“ (Дан. 14, 32), затоа што Го презираш, да те казни со повеќекратна казна. - Подобро е: од она што имаш, тајно да му дадеш на оној што нема, за од Оној Кој гледа тајно, да примиш стократно повеќе, а во идниот живот - вечно блаженство во царството небесно.

16. „Не сведочи лажно против својот ближен!“ (2. Мој. 20, 16), за да не бидеш сличен на оној што во почетокот Го наклеветил Бога пред Ева и да не бидеш проколнат како него. Подобро е да го прикриеш паѓањето на ближниот, ако тоа не биде штетно за другите, за да не бидеш сличен на Хам, туку на Сим и на Јафет, и ќе се удостоиш со благослов.

17. „Не пожелувај“ ништо од она што му припаѓа на твојот ближен, ни од неговиот имот, ни парите, ни славата негова: „Не пожелувај ја жената на ближниот свој, не пожелувај го домот на ближниот свој, ниту нивата негова, ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни ослето негово, ни секаков добиток, ниту нешто друго, кое е на ближниот твој!“ (2. Мој. 20, 17). „Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт“ (Јаков 1, 15). А ти, не посакувајќи го она што е туѓо, воздржи се и од лихварството како вид на кражба. Многу е подобро да му даваш од своето на оној што проси, да им даваш милостина, според своите можности, на оние на кои им е таа потребна и не одбивај да им дадеш заем на оние што ти се молат. Ако најдеш нешто што го загубил некој, предај му го на оној што го загубил, па макар тој и да е скаран со тебе и да е твој непријател. Зашто, на овој начин и него ќе го смириш со тебе и со добро ќе го победиш злото, како што ти заповеда Христос.

18. Запазувајќи го ова со сите свои сили и, ако живееш според овие правила, ти ќе вложиш во својата душа сокровиште на побожност, ќе Му угодиш на Бога и Он ќе те нарече блажен и ќе бидеш наследник на вечните блага, со кои да се удостоиме сите ние преку благодатта и човекољубието на Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос, на Кого Му прилега секоја слава, чест и поклонение, со беспочетниот Негов Отец и сесветиот, благ и животворен Дух, сега, секогаш, во сите векови и во сета вечност. Амин.

Светиот отец наш Григориј Палама Архиепископ Солунски