Браќа, потребно е секогаш да покажуваме добар подвиг со вера и лубов, да напредуваме во примањето на законот Господов, и да разбереме како сме создадени од небитие во битие (од непостоење во постоење); како потоа, измамени преку змијата, вечниот живот го заменивме со смртта и, откако паднавме во распадливост, се оддалечивме од Бога преку злобата и му се потчинивме на созданието, кое ни беше доверено да ни служи, и од сите созданија ние направивме богови: сонцето и месечината, реките и изворите, и сѐ што е распадливо, дури до влекачите - и на сите нив им станавме робови. А кога својот живот го доведовме до очајание, тогаш нѐ посети вишната благодат и слава и сила Божја и откако се смести во нашата природа, стана истовремено и Бог и човек, двоен по природа, се воплоти бессемено и ги зеде врз Себе нашите страдања и болести. Првото Негово раѓање беше беспочетно и предвечно од Беспочетниот Отец, славен непрестајно од вишните сили. Второто раѓање го прими заради нас без татко од Пречиста Дева која, поради Неговото раѓање, е наречена Богородица. Он го обновува оветвениот од грев род наш човечки.
Денес (Господ Исус) дојде на јорданските води и, покажувајќи ни пример на смирение, како обичен човек ја приклони Својата пречиста глава под рацете на создадената од прав природа, доведувајќи ги во недоумица небесните сили. Он дојде во облик на сиромав и како обичен човек ја приклонува Својата глава. А кога (реката) Јордан Го виде, од поранешните чуда Го позна својот Творец и со трепет го врати назад својот тек. Созданието, иако бездушно, со страв Му служи на својот Творец; а ние, браќа, иако сме духовни, не Му оддаваме достојна почит на својот Создател, туку се валаме како свиње во калта (на гревовите), постојано обременети од нашето самоволие, поробени од зависта, со гнев исполнувајќи се, помрачени од лажните похоти на овој живот, поради немилосрдие и мрзливост лишувајќи се од секое добро.
Затоа, ве молам, да не останеме докрај во ова зло, да се тргнеме како од сон,да се разбудиме и да се покаеме, просветлувајќи се со смирение, цветајќи со братољубие, приближувајќи се кон Бога со гостопримство кон странците, вознесувајќи се со постење, нарекувајќи се синови Божји со милостина, примајќи го пречистото тело и крв Христови, зашто светиот апостол рече: „Ако некој недостојно го прима телото Христово, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Христово“. Браќа, ова што го примаме не е обична служба или принесување, туку самата жива и словесна жртва која ги осветува сите, пред која треперат херувимите и серафимите и сите бесплотни сили кои, не смеејќи да ја погледнат, се движат треперејќи.
Поради тоа, браќа, сите ние допирајќи се со усните, сега го примаме Неговото тело. И ние да се уподобиме на небесните сили и, приближувајќи се до Него со добри дела, да Го примиме, та и Он да нѐ прими нас во бесконечното Царство, славејќи Го заедно со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.
(Проширена верзија)
Браќа, потребно е секогаш да пројавуваме добар подвиг со вера и со љубов, да го примаме законот Господов и да разбираме како бевме создадени од Бога од небитие во битие (од непостоење во постоење); потоа, прелажани преку змијата, вечниот живот го заменивме со смртта и, паднати во распадливост, се оддалечивме од Бога и се потчинивме на тварта, која ни беше дадена од Бога за да ни служи нам, и си направивме богови од сите созданија: од сонцето и од месечината, од реките и од изворите, и од сите распадливи твари, дури и од влекачите - и на сите им станавме робови.
И кога својот живот го доведовме до очајание, тогаш нѐ посети вишната благодат, и сила и слава Божја и, откако се смести во нашата природа и бессемено се воплоти, стана истовремено и Бог и човек, двоен по природа, и ги прими на Себе нашите страдања и болести. Првото раѓање беше беспочетно и предвечно од беспочетниот Отец, Кој е непрестајно славен од вишните сили. Второто раѓање заради нас, го прими без татко од Пречиста Дева, која е наречена и Богородица, поради Неговото раѓање, за да го обнови оветвениот од гревот род наш (човечки).
Денес Господ Исус дојде на јорданските води, давајќи ни пример на смирение, и Својата глава ја преклони под рацете на создадената од прав природа, доведувајќи ги во недоумица небесните сили. Он дојде како сиромав и ја преклони Својата глава како обичен човек. А кога (реката) Јордан Го виде, Го позна својот Творец од поранешните чуда и со треперење го врати назад својот тек. Созданието, иако бездушно, со страв Му служи на својот Творец. А ние, браќа, иако сме духовни, не Му оддаваме достојна почит на својот Создател, туку се валаме во калта како свиње, постојано обременети од нашето самоволие, поробени од зависта, со гнев исполнувајќи се, со лагите на овој живот помрачувајќи се, со немилосрдие и мрзливост лишувајќи се од секое добро.
Затоа, ве молам, да не останеме докрај во овие зла, но да се тргнеме како од сон, да се родиме повторно со вода и Дух, и да се обновиме заедно со сето создание. Денес Христос ја потопува во Јордан човечката нечистотија и го измива од нас прадедовскиот грев; денес се осветува природата на водата со крштението на Господа; денес Светиот Дух, откако слезе од небото во вид на гулаб, му покажува на Јован Претеча да Го познае Творецот на сите созданија и Господ; денес Бог Отец невидливо говори: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го“! Затоа, да го слушнеме Христовиот глас; да се покаеме, просветлувајќи се со смирение, цветајќи со братољубие, приближувајќи се кон Бога со гостопримство на странци, вознесувајќи се до небесата со постење, правејќи се синови Божји со милостина и откако ќе отфрлиме секаква злоба и со покајание ќе ја очистиме телесната нечистота, така да го примиме пречистото тело и светата крв Христова. Зашто апостолот говори: „Ако некој недостојно го прима телото Божјо, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не ги разликува тајните Христови“, зашто, браќа, ова не е обична служба или принесување, што ја прима од свештениците, туку самото живо тело и крв Христови, кои нѐ осветуваат сите; словесна духовна жртва, пред која со страв и трепет стојат херувимите и серафимите, и сите бесплотни сили кои, не смеејќи да погледнат, трепетно се движат, отстапувајќи од Божествената трпеза. А ние, со усните допирајќи се, го примаме пречистото тело на Христа, нашиот Бог, Кој заради нас стана човек, еден од Света Троица, и така да го прославиме празникот Богојавление, примајќи и осветена вода за здравје на телото, за спасение на душата, за осветување на домовите, за прогонување на ѓаволот, за очистување од секаква скверна и за секоја добра потреба; та, откако ќе поживееме добро овде, да бидеме учесници и во идните добра, во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому Му прилега секоја слава, чест и поклонение, со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков.