Дојде Исус од Галилеја на Јодран при Јован за да се крсти од него, сакајќи да ги измие гревовите на сите. Он покажа толкаво смирение сакајќи да го потопи Адамовиот престап во јорданските води, како што сведочи апостол Павле во посланието до Тит, велејќи: “Поради престапот, ние некогаш бевме се заблудиле од праведниот пат и бевме се поробиле на похотите и на различните сласти, бевме одвратни, противници, мразејќи се едни со други. А кога се јави добрината и човекољубието на нашиот Спасител - Бог, Он нѐ спаси, но не поради нашите праведни дела што ги направивме, туку по Својата милост, преку бањата на повторното раѓање, та, откако ќе ги отфрлиме нечестието и телесните похоти, да поживееме целомудрено, праведно и набожно во сегашниот век, чекајќи ја блажената надеж и јавувањето на славата на великиот Бог и Спасител наш Исус Христос, Кој поради Своето преголемо човекољубие не можеше да трпи да нѐ гледа поробени на безбожната измама на лутиот непријател. Поради тоа Он се смилува на нас, ги преклони небесата и слезе, сакајќи да се приопшти поблизу со нашето тело и крв. И стана човек во сѐ, подобен нам, освен во гревот, во којшто не зеде учество. Но сакајќи да ги потопи во Јордан нашите гревови, дојде при болните како Лекар, при заблудените овци - како вистински Пастир, а не мачител; при паднатите - Исправител; при земните - Небесен; при мртвите - Живот; при врзаните - Ослободител; при оние во адот - Воскресение; при грешните - Оправдување; при оветвените - Обновување; при помрачените - Светлина; при бедните - Збогатување; при слепите - Просветлител; при раслабените - добар Поткрепител; при оние што седат во темнина и во смртна сенка“ - Светлина што никогаш не заоѓа; при оние што се во крајната бездна - Возвисител; при помрачените од гревови - Исток од висините, прогонувајќи ја лагата и просветлувајќи нѐ со бањата на повторното раѓање.
Но да слушнеме што е тоа „повторно раѓање“ (пакибитие). Првото раѓање (битие) го означува рајското живеење од коешто отпадна нашиот прадедо (Адам). Тој нѐ роди во маки и во гревови, и нѐ предаде на распаѓање. А бањата на повторното раѓање го означува пресветото Крштение, преку кое Господ ја обновува нашата оветвена природа и стануваме учесници во Неговата нераспадлива слава, ако (Крштението) го запазиме чисто, соблекувајќи го стариот човек заедно со неговите дела, односно откако ќе ги отфрлиме незнабожечките обичаи (нарави) кои нѐ оветвеа поради непослушноста и облекувајќи се во новиот (човек) преку Крштението, односно во Христа, Кој слезе заради нас, се облече во ова бедно тело, прими облик на слуга и тргна кон јорданските води, сакајќи да го потопи противникот, нашиот непријател – ѓаволот.
Кога Јован Го виде (Исуса) како доаѓа при него како обичен човек во облик на слуга, се смути од ужас и обземен од страв повика, говорејќи: „Што правиш, Господи, па доаѓаш на водите (јордански) како обичен човек во облик на слуга? Каде Ти се бесплотните чинови кои секогаш врват пред Тебе и Ти ја пеат Трисветата песна, среде кои во она време му се јави на Твојот угодник Мојсеј? Каде Ти се шестокрилните (серафими) кои стојат околу Тебе, коишто во она време му ги покажа на Твојот пророк Исаија, кој Те виде како седиш на висок и издигнат престол? Каде Ти е безбројното мноштво бесплотни сили - десетици илјади по десетици илјади, коишто во древноста ги виде Даниил како стојат околу Твојот престол? Каде Ти се четиризрачните животни, врз кои Те виде Езекил како почиваш? Каде Ти се престолите, господствата, властите и силите, врз кои почиваш постојано, славен заедно со Отецот и со Духот? Каква потреба имаше, Владико, та слезе во овој беден облик, Ти, пред Кого трепери сѐ и сѐ исчезнува? Небесните и земните предели не можат да Те сместат, а како ќе може да Те смести Јордан? Морето Те виде и побегна; и Јордан, кога Те виде, исчезна и својот тек го врати назад. А јас, како ќе пристапам кон Непристапниот? Како ли ќе ја пружам распадливата десница кон предвечниот Живот? Нема ли да отпаднам од второто посинување, кога ќе ја пружам недостојната рака кон вечно Постоечкиот и кон бесмртниот Живот, како што Адам во она време ја пружи својата рака кон дрвото кое дава знаење? Кој видел некогаш да биде осветлен од сонцето Оној што со Својата светлина ја осветлува вселената? Еве, Ти си го дал крштението заради грешните, за да можат тие да сиг и мијат сите прегрешенија! Но Ти, Владико, која нечистотија сакаш да си ја измиеш!? Затоа, јас треба да бидам крстен од Тебе, а Ти доаѓаш при мене грешниот, бидејќи од Тебе - Создателот се очистуваат сите! Од Тебе, Дарителот на светлина, се просветлува сѐ. Навистина, несфатлива е оваа Твоја тајна што ја извршуваш, правејќи го ова! Впрочем, кои гревови сакаш да ги измиеш, кога си неосквернет по природа? Но Самиот Ти, крсти ги дојдените луѓе и, пред сѐ, мене, бидејќи јас имам потреба да бидам крстен од Тебе, а Ти доаѓаш при мене!“
Господ, пак, му одговори на Јован и му рече: „Ете, гледајќи Ме, преку благодатта што ти се даде одозгора, ти знаеш за Моето неискажливо слегување и за воплотувањето, претскажано од пророците. Со твоите прозорливи очи ти Ме виде уште од мајчината утроба. Затоа, не соблазнувај се од Мене. Твоите пророштва ти ги искажа низ устата на твојата мајка, зашто ти се роди по Моја заповед, според ветувањето. Но така треба, со смирение да исполнам секоја правда. Затоа, Јоване, остави го сега ова и пружи ја твојата рака, и крсти Ме Мене, Кој имам потреба од крштение заради тебе. Не е време сега да мудруваме за возвишени работи, туку треба да го гледаме примерот на смирените и овој настан. Остави сега, Јоване, немој да го следиш примерот на непослушноста Адамова, туку послужи Му на Оној, Кој преку пророкот рекол за тебе: -Ете, Јас ќе го испратам пред Твоето лице Мојот ангел, и тој ќе го приготви патот пред Мене!“
Јован пак рече: „Но како ќе пристапам и ќе ѝ послужам на Твојата неискажлива тајна, којашто херувимите и серафимите од страв не смеат да ја гледаат? Навистина, како може сеното да се допре до божествениот оган и да не изгори? Кој видел некогаш Господарот да бара крштение за очистување од слугата кој е кал? Навистина, сега Ти, Господи, извршуваш страшни и ужасни работи, зашто Ти си Оној Кој небото го постави на ништо и го облекуваш со облаци како со одежда; Ти си Оној Којшто ја утврди земјата врз водите; Ти си Оној, Којшто го зауздуваш морето со песок, и си му одредил граници до каде да се простира; Ти си Оној Кој со заповед го украси Своето создание и со рацете ја држиш вселената. Не знам како да ја разберам оваа Твоја голема промисла што сега ја извршуваш, дојден на овие води, носејќи го на Себе образот на слуга, и Својата глава ја наведнуваш под раката од кал направена и на мојата нечиста рака и заповедаш да го допре врвот од Твојата глава, Тебе, од Кого реката Јордан, кога Те виде, исчезна. Не, Господи! Крени ја главата, зашто Ти си Главата на сите. Крсти го дојдениот народ, а пред сите - мене, а потоа ќе се крстиш и Самиот Себе, зашто рацете ми трпнат, не навикнати да творат повеќе од она што е заповедано. Душата моја сака да искокне, не поднесувајќи го Твоето смирение“.
А Господ му рече: „Знам што бараш: ти сакаш да ја созерцаваш славата Божја, но не е време да ја откријам, оти сѐ е добро во свое време. А сега исполни ја таа заповед и потоа погледни ја онаа слава, зашто Јас дојдов во оваа вода да ја потопам змијата која во древноста го измами твојот прадедо. Затоа Јас се облеков во неговото тело како во облека, за да го обновам делото на моите раце и да го измијам во Јордан списокот на неговите гревови та, откако ќе ја потопам неговта распадливост, да го облечам повторно во нераспадливост и да го издигнам на небесниот престол, и да ги поттикнам на радост бесплотните сили, говорејќи: ʽРадувајте се со Мене, зашто ја најдов мојата загубена драхмаʼ Затоа не распрашувај за големите нешта, туку пружи ја својата рака и крсти Ме Мене, Кој невидливо ги крштавам сите со духовен оган и сила“.
Тогаш Јован пристапи и Го крсти Исуса. Веднаш потоа се јави страшно видение: небесата се отворија над Исуса и Светиот Дух слезе врз Неговата глава во вид на гулаб, и се слушна од небото гласот на Отецот, Кој велеше: „Овој, Кој се крштава, е Мојот возљубен Син, Кој е совечен со Мене, неразделен од Моите прегратки, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го! Тој е Мојот возљубен Син, Кој сега дојде во смирение, и Кој пак ќе дојде во славата на Своето божество, за да ѝ суди на вселената, и да даде секому според неговите дела! Затоа Него слушајте Го! Тој е Мојот возљубен Син, Кој ги потопува во Јордан гревовите на првосоздадениот Адам и Кој го спасува човечкиот род; Него слушајте Го! Тој е Мојот возљубен Син, Кој на небесата беспочетно и неискажливо се раѓа од Мене без мајка, а на земјата се роди од Дева Марија без татко; Него послушајте Го“.
Ете, впрочем, и евангелистот (Јован), јасно говорејќи, рече: „А утредента Јован Го виде Исуса како доаѓа при него и повика, говорејќи: “Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на целиот свет. За Него ви сведочев јас кога реков дека по мене иде Маж, Кому не сум достоен, откако ќе се наведнам, да ги одврзам врвките од Неговите обувки. Него слушајте Го, за да примите од Него совршено крштение. Оти јас ве крштавам со вода за покајание, а Тој ќе ве крсти со вода и со Дух Свети. За Него рече пророк Исаија, велејќи: Гласот на оној што вика во пустината, вели: Пригответе го патот на Господа и исправете ги патеките Негови“.
Затоа, која ли уста може да го изрази твоето благовестие, кога твојот глас беше пострашен од гром? Кога народот се крштаваше, Јован им рече: „Јас не сум Христос, туку сум Неговиот претеча, кој ви вика: Покајте се, зашто при вас иде Оној Кој го подарува Царството, и Кој врз Себе ги зема гревовите на целиот свет. Тој е Оној што крштава со Дух Свети и со сила. Човечкиот ум не може да го изрази Неговото раѓање. Првото Негово раѓање е предвечно од Отецот на небесата, а второто раѓање на земјата го примил заради нас, без татко, од Пречистата Дева. Затоа Он треба да расте, а јас да се смалувам. Јас сум како зрак што осветлува мало место, а Тој ги озарува сите со божествена светлина. Он е Единородниот Син од Бога Отецот, Кој дошол да го обнови Своето создание, а јас сум роден од свештеник кој достигнал чесна старост, за да проповедам подготовка на Неговите патишта. Освен тоа, раѓањето на Оној е необично и чудесно од Пречистата Дева, без татко на земјата, заради нас, а моето - од изнемоштеното тело на Елисавета, која беше веќе во одминати години. Родениот од земното говори и проповеда земни работи, а Оној што е од небесата, проповеда и учи за небесни работи; зашто роденото од тело е тело, а роденото од Дух е дух. Ветерот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди“.
Откако Јован му ги претстави на народот овие и многу други сведоштва за својот Господ, Кој се крштаваше од него, тогаш кој ќе може да му изрече достојна пофалба на оној што и Самиот Господ го фали, велејќи: „Меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител!“ Тој е наречен Божја благодат. Кој му е рамен нему по раѓање? Кој му е рамен нему по пророштво? Бидејќи тој е троен: и пророк, и претеча, и крстител. По живот тој е неспоредлив со никого, а само со ангелите, да не речам со вишните ангели, оти тој единствен ја изврши страшната тајна на Божјата промисла и откако со треперење пристапи кон Непристапниот, ја допре Неговата глава, викајќи: „Јас имам потреба да бидам крстен од Тебе, а Ти ли доаѓаш при мене?“ Господ му рече: „Ако Јас не бидам крстен од тебе, тогаш никогаш еден земен цар нема да прими крштение од беден свештеник. Јас дојдов да му дадам пример на Моето создание та, одејќи по Моите стапки, да се искачат во горниот Ерусалим, каде што не ќе има змија да писка, ниту да се издигне кон увото за да дошепне соблазна, туку таму е дрвото на животот, самоизраснато со цвет и напојувано само од единствениот божествен извор, од кое имаат право да јадат оние што целосно ги запазиле Моите заповеди“.
Навистина, о Пророку и Претечо, ти стана сведок на сѐ ова, и на повеќе од тоа, на страшната промисла, зашто преку тебе се откри она што беше скриено од ангелите и од архангелите, од властите и престолите, од силите и господствата, и од сето небесно создание. Ти стана очевидец на неискажливата тајна и служител на таа страшна промисла, и благовесник на неискажливи чудеса кои се случија меѓу тебе и нашиот Господ Исус Христос. Ангелите и архангелите, слушајќи ги овие расправии, говори и дела, и гледајќи го нивното остварување, со трепет се чудеа и со крилјата ги покриваа своите лица.
Поради тоа, кој ќе ги искаже твоите величија? Кој ли јазик ќе го изрече твоето необично и чудно зачнување, кое се случи во длабока старост, благовестено со ветување на твојот татко Захариј? Поради неговото неверие тој беше казнет со онемување до твоето раѓање. А кога се појави ти како Деница, ја разреши немоста на твојот татко. Твоето раѓање беше чудесно, но уште повеќе - твоето воспитување. Кога Ирод се разгневи и Го бараше Господа, за да Го убие, и реши да ги заколе невините дечиња, тој беше помислил на тебе, Претечо, да не си ти Христос, бидејќи ти беше роден според даденото ветување. Ирод испрати слуги при Захариј и праша: „Каде е твојот син?“ А тој одговори: „Јас стојам постојано пред служебниот олтар и не знам каде е мојот син“. А Елисавета, кога слушна дека Ирод ги убива младенците, го зеде детето и побара место да го скрие. И кога не најде, обземена од тага побегна во планината, па кога ги подигна своите очи кон небото, го исполни пророчкото слово, полагајќи ја својата надеж на Господа, викна со висок глас кон планината велејќи: „Горо Божја, прими го ова дете заедно со неговата мајка!“ Планината се отвори, ги прими обајцата и пак се соедини. А Ирод, кој ги бараше и не ги најде, испрати слуги во храмот и при олтарните скалила го уби неговиот татко Захариј. И не се најде неговото тело, а крвта беше најдена згусната, како камен стврдната. Тогаш се слушна глас од олтарот, кој велеше дека Захариј е убиен и дека неговата крв нема да биде уништена додека не дојде неговиот Одмаздник. А планината служеше и со различни плодови му подготвуваше храна на овој чудесен Претеча, како што евангелистот Лука јасно укажува на тоа и вели: „И тој остана во пустината до денот кога му се јави на Израилот“.
Такви се дивните чудеса на овој Претеча! Такво е неговото страшно и чудесно раѓање! Такво е неговото неискажливо воспитување, целиот исполнет со божествената светлина, украсен со мир, кроткост и умиление. Затоа и неговиот татко Захариј, пророкувајќи преку Светиот Дух, рече: „И ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, зашто ќе одиш пред лицето на Господа, за да Му ги приготвиш Неговите патишта, и да го вразумиш Неговиот народ за спасение, преку проштавање на нивните гревови, поради големата милост на нашиот Бог“.
Затоа и ние, Христољупци, насладувајќи се од ова светлозарно торжество, со почит да го празнуваме неговиот пресветол спомен, без да се враќаме на поранешните гревови, како песот на својата блујавица; отфрлајќи ги сите нечисти дела на ѓаволот, да ја истресеме од себе сонливата тежина, и брзо да се насочиме кон покајание, украсувајќи се со добри дела, со пост вооружувајќи се против врагот непријател, со љубов еден кон друг да се натпреваруваме, со милостина и чистота умот свој просветлувајќи го, да го впериме угоре. Овие добродетели лесно вознесуваат на небото и оние што ги извршуваат, ги прават сожители на ангелите. Затоа, да побрзаме да ги стекнеме добродетелите, пред да нѐ стигне смртта, и крадецот да ни го украде духовното богатство. Да не помислуваме, велејќи: „бидејќи времето го поминавме во мрзливост и во гревови, што можеме на крајот да направиме?“ Но тоа е ѓаволска измама. Самиот Бог говори преку пророкот: „Во каква состојба ќе те најдам, во неа и ќе те судам: или во грев, или во покајание“. Затоа, браќа, да се уподобиме на оние најмени работници кои, макар што дојдоа во единаесеттиот час, примија еднаква награда како и првите. Зар не гледаш дека кога честопати сме во очајание поради суша, паѓа доцен дожд и прави да израснат повеќе плодови. Затоа и ние, откако ќе го отфрлиме бремето на очајанието и лошите дела, да се обратиме кон Божјото милосрдие, славејќи Ја Пресвета Троица - Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите.