Да знаете, возљубени, дека во овој ден е претпразненство на внесувањето во храмот на нашиот Господ Исус Христос, што го направи за да го исполни Законот, иако Самиот Он е Законодавецот. А тоа Он го направи за да не започне каменосрдечниот народ еврејски да зборува: „Ако овој е Бог или СинБожји, не би го нарушувал Законот и Пророците“. Ете, заради тоа Он го направи тоа, покорувајќи му се на Законот. А Законот беше даден заради беззакониците, та, боејќи се од Судот Божји, да го пазат Законот. И ова беше запишано во законот: на жена, кога ќе роди дете, Законот не и дозволува да влегува во Храмот до четириесеттиот ден, бидејќи е нечиста. А света Дева Богородица беше родила не според човечкиот обичај, не од телесна похота, туку зачна од Светиот Дух и надумно Го роди Словото Божјо, Кое се воплоти неискажливо, со две совршени природи. Света Богородица, пазејќи го Законот, остана надвор од Храмот, и не влегуваше во Светињата над Светињите до четириесеттиот ден, штитена и пазена од ангел во Египет од Иродовото убиство на децата. А кога умре Ирод, ангел Господов му се јави на сон на Јосифа во Египет, велејќи му: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му и отиди во земјата Израилева, зашто изумреа оние што ја бараа душата на Младенецот“. Ете, вака бргу завршува животот на оние што Му се противат на Бога.
Затоа, ве молам, отфрлете ги од себе неподобните мисли и откако ќе го земеме штитот на верата, да се заштитиме од безбожната заблуда. Да не се бориме против Бога, како некогаш Ирод. Дури нешто и повеќе: да бидеме соработници на Бога, љубејќи Го Бога со сето свое срце и ближниот како себеси, како што рече Господ. А наши ближни зар не се оние што покажале милост кон слепи, сакати, гладни, туѓинци, коишто Господ ги нарече Свои браќа? И навистина, ако покажеме милост кон таквите, тогаш ќе ни се отворат и нам вратите на Царството (небесно), и без суд ќе нѐ водат во рајот, ако не си ги затвориме самите ние со скржавоста. Самиот Бог нѐ повикува во Царството небесно, велејќи: „Бидете милостиви, како што е милостив вашиот Отец небесен, за да бидете синови на Севишниот и учесници во царството Негово“. Гледате ли, дека милостивите Бог ги нарекува Свои синови?
Затоа, да ги послушаме Неговите свети зборови, да ги запишеме во нашите срца, за да Го слушнеме како ни зборува: „Пријдете, благословени на Мојот Отец, примете го Царството приготвено за вас од создавањето на светот“. Да бидеме наследници на тоа Царство, славејќи ја Света Троица - Отецот и Синот и Светиот Дух.
---
Браќа!
Денес Законодавецот, исполнувајќи го Законот, како Младенец се внесува во Храмот на земниот Ерусалим. Денес праведниот Симеон, движен од Светиот Дух, брза да Го сретне Бога, зашто Светиот Дух беше му ветил дека нема да види смрт, додека не Го види Христа во тело. Денес престарените раце Симеонови Го примаат Создателот на сите. Денес праведниот Симеон, исполнет со радост, милостиво бара отпуст, говорејќи: „Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според Твоите зборови, зашто моите очи го видоа Твоето спасение што си го приготвил пред лицето на сите народи“. Тој претскажува и за распнувањето (Христово), говорејќи ѝ на Света Богородица дека таа ќе биде ожалостена, и ѝ рече: „А и тебе самата меч ќе ти ја прободе душата“, односно кога ќе Го гледа распнуван, нејзината душа ќе биде прободена од тешка жалост и тага, како со копје, не разбирајќи го доброволното распнување. Денес и пророчицата Ана Го прослави Бога, односно Му оддаде похвала на Оној што се облече во човечко тело, гледајќи Го, преку Духот, Спасението на целиот свет, и говорејќи дека Овој е спасението на целиот свет. Он ќе ја претвори во радост нашата жалост. Он пак ќе ги отвори рајските врати за сите оние што некогаш беа затворени поради престапот на нашиот прадедо Адам. Он ќе ја разори клетвата што ја заработи нашата прабаба Ева. Поради тоа, таа не излегуваше од Храмот, служејќи Му на Бога дење и ноќе со пост и молитва. Следете го, браќа, примерот на таа вдовица! Собирајте се во храмот дење и ноќе, бидејќи тој е дом Божји, тој е прибежиште за христијаните, и молитвата во него му е пријатна на Бога и служи за очистување на душата и телото. Секој што влегува во тој храм со вера, ќе се спаси. Тука се принесува пеење и жртва на Бога за целиот свет, и во него се наоѓа светата Божја трпеза, на која има духовна и неискажлива храна - телото и крвта на Јагнето Божјо, доброволно заклано за целиот свет, Кој Своето тело го претвори во духовна храна, и рече: „Кој го јаде Моето тело, и ја пие Мојата крв со вера, тој останува во Мене, и Јас - во него“.
Затоа, браќа, да разбереме Кому пристапуваме и што примаме, та откако ќе се очистиме од секакво зло и имајќи мир меѓу себе, така пристапете кон Светото тело со страв и трепет, но и потоа останувајќи чисти, пазејќи ја Светињата во своите срца, а не како свиње оддавајќи се на пијанство и на други нечистотии, туку како слуги Божји и учесници во Неговите тајни, имајќи мир меѓу себе и нелицемерна љубов. Да ги сакаме бедните и да ги примаме странците, и да бидеме чувари на Божјите зборови, а не само слушатели. Да се потрудиме со чист живот да се приближиме до Бога, и да Го слушнеме како ни говори: „Дојдете, благословени на Мојот Отец, примете го Царството што ви е приготвено од почетокот на светот“, оти заради вас бев странец; од небото дојдов на земјата, за да ги измирам пак заблудените со Мојот Отец и Бог! Заради вас бев гладен и жеден, та поради вашиот дар да ви ја подарам рајската наслада, и за оваа распадлива облека да ве облечам во нераспадлива одежда и со царски венец да ве овенчам.
Затоа, браќа, со сета душа и со чиста вера да Ја прославиме Света Троица, рамночесна и рамнопрестолна, Која сјае во три (лични) својства неразделно - Отецот и Синот и Светиот Дух, и сега и секогаш и во веки веков. Амин.