Отче, благослови!
Ете, Христољупци, ни засветли светлозарниот спомен на преблажениот отец наш Кирил, новиот апостол и учител на сите страни, кој со благоверие и красота изгреа на земјата како сонце, просветлувајќи го целиот свет со зраците на Триипостасното Божество. Премудроста Божја си изгради храм за Себе во неговото срце, и врз неговиот јазик, како врз херувим, почиваше постојано Светиот Дух, Кој секогаш ги разделува даровите според силата на верата, како што рекол апостол Павле: „Секому од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов“. Зашто Господ рекол: „Кој Ме љуби Мене, и Јас ќе го возљубам, и Самиот ќе му се јавам, и во него живеалиште ќе си направам, и тој ќе ми биде син, а Јас ќе му бидам татко“.
Барајќи таква татковина, овој наш блажен учител ја остави сета убавина на овој живот, домот и богатството, таткото и мајката, браќата и сестрите. Уште од младоста беше по чистота како ангел, клонејќи се и бегајќи од животните наслади, минувајќи го постојано времето во пеење на псалми и во духовни поуки, следејќи го само патот кој води кон небесата. И затоа Божјата благодат се излеа во неговата уста, како што рече премудриот Соломон: „На усните на премудриот се наоѓа знаење, а на својот јазик тој носи закон и милост“. Преку нив нашиот учител ги затвори злохулните усти на еретиците.
А кога се појави ереста за време на иконоборецот (цар) Теофил, многу години светите икони беа гонети, уништувани и непочитувани. Но за време на благоверниот цар Михаил православните свикаа собор и против тие еретици (иконборци) го испратија Кирил, кој со својата духовна сила, како со оган ја изгоре сета нивна злоба. [А водач на таа ерес бил патријархот Аниј, кого православните го изобличија и го протераа од престолот. Ете, таков беше тој учител.] Штом ќе слушнеше некаде некаква хула за божествениот образ, тој како крилат ги прелетуваше сите страни, со јасни зборови ги разоруваше сите заблуди и учеше на правоверие, довршувајќи го она што не го завршил апостол Павле, прелетувајќи како орел на сите страни, од исток до запад и од север до југ.
Повикан, тој отиде во мисија при Хазарите и при Сарацените, и таму светна како сонце и со трисветлите зраци ги распрсна сите нивни заблуди.
Сред фулскиот народ, пак, тој ја уништи безбожната измама и ги озари со Трибеспочетната светлина.
Со милоста и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, тој стана пастир и учител на словенскиот народ, кој беше во незнаење и гревовен мрак. И (како што Даниил им ја затвори устата на лавовите), тој им ја затна устата на волците - тријазичните еретици (кои, помрачени од завист, велеа: „Не е достојно Бог да биде славен на друг јазик, освен на еврејски, латински и грчки. Поради нивната злоба, тие станаа соучесници на Пилата. Со јасни докази тој ги порази нивните заблуди, разгорен од силата на Светиот Дух). Според пророштвото, тој го направи јасен јазикот на пелтеците и со книги ги насочуваше сите кон патот на спасението. (Откако го преведе Црковниот устав од грчки на словенски јазик, тој отиде во Рим, водејќи го кон совршенство своето избрано стадо. Со радост тој го заврши својот животен пат). Господ Бог благоволи неговото пречисто тело да почива во Рим.
Почитувајќи ги неговите подвизи и патувања, нема на кој друг да оддадеме подобни пофалби. Иако засветли подоцна, тој ги надмина сите. И како што Деницата, која изгрева подоцна, со својата светлина го озарува целиот ѕвезден состав, испуштајќи светлина со сончевите зраци, така и овој преблажен отец и учител на нашиот народ, сјаејќи со троични зраци повеќе од сонцето, просветли безброен народ кој лежеше во мракот на незнаењето. А кое место остана скриено, што тој не го освети со своите стапки? Која ли вештина остана скриена од неговата блажена душа? Тој на сите народи им ги благовести скриените тајни со разбирливи за нив зборови, на едни - преку книги, а на други - со проповед. Божјата благодат се излеа во неговите усни, и поради тоа Бог го благослови за веки веков.
Поради тоа, која уста може да ја изрази сладоста на неговото учење? Кој ли јазик ќе успее да ги раскаже подвизите, и трудовите и добрината на неговиот живот? Зашто неговата уста Господ ја покажа посветла од светлината, која ги просветлуваше помрачените од гревовната измама. Неговиот јазик излеа сладосни иживотворни слова. Неговите пречисти усни процветаа со премудроста. Неговите пречисти прсти создадоа духовни органи (книгите) и ги украсија со златозарни букви. Од неговата богогласна уста се напоија оние што жеднеат за разум Божји. Преку неа се насладија мнозина со животворна храна. Преку неа Бог збогати многу народи со богопознание. Но повеќе од сѐ, со боготкан венец го овенча многуплемениот словенски народ, зашто овој апостол беше испратен токму за него. Од неговата уста истече извор на животворни зборови, напојувајќи ја нашата пресушена суша; а преку неа беше врзан и многухулниот јазик на еретиците. Таа пречиста уста се покажа како еден од серафимите, прославувајќи Го Бога, и преку неа Го познавме Триипостасното Божество, во една суштина, Кое се дели по својства и имиња, и е славено еднакво - совечниот Отец, Син и Свет Дух.
Затоа, преблажен отче Кириле, ги ублажувам твоите усни, од кои се излеа духовна сладост за моите усни.
Го ублажувам твојот многугласен јазик, преку кој зракот на Троичниот беспочетен Бог, кој му изгреа на мојот народ, го растера гревовниот мрак.
Го ублажувам твоето многусветло лице, озарено од Светиот Дух, преку кое светлината на богопознанието му изгреа на моето лице, и се искорени многубожната заблуда.
Ги ублажувам твоите златозарни очи, преку кои беше одземено слепилото на незнаењето од моите очи, и болсна светлината на богопознанието.
Ги ублажувам твоите ангелозрачни зеници, озарени од божествената слава, кои ме просветлија со боговдахновени зборови и го протераа слепилото на моето срце.
Ги ублажувам твоите пречисти раце, преку кои врз мојот народ слезе дождовниот облак на богопознанието, кој со боготочна роса ја напојува изгорената гревовна суша на нашите срца.
Ги ублажувам твоите од Бога движени прсти, преку кои за мојот народ се напиша слободата од гревовниот јарем.
Ја ублажувам твојата златозарна утроба, од која на мојот народ му потече водата на животот, која слегува одозгора по твоите молитви.
Ги ублажувам твоите светлозарни нозе, со кои го обиколи целиот свет како сонце, проповедајќи го боговдахновеното учење.
Ги ублажувам твоите златозарни стапки, со кои на прав пат ги упати нашите заблудени стапки.
Ја ублажувам твојата пресвета душа, преку која се исцелија гревовните рани на мојата душа, и се всади разум во нашите срца, преку твоите духовни проповеди.
Ги ублажувам твоите од Бога движени прсти, преку кои се напиша скриената за мнозина Божја премудрост, која ги открива тајните на богопознанието.
Ја ублажувам твојата пречесна Црква, во која лежи твоето многуразумно и богоглаголиво тело. Блажен е градот, кој го примил третиот исполнител на Божјата промисла, зашто овој блажен отец се јави за да го доврши недовршеното од двете врховни светила. Затоа Господ Бог благоволи тој да прими пречесен покој крај нив. Тој се упокои со мир во Господа во 6377 година од создавањето на целиот свет, во четиринаесеттиот ден од месец февруари. И откако ги заврши сите служби и трудови, со својот живот и вера тој им се придружи на сите свети отци. И со ангелите беше како ангел, со апостолите - апостол, со пророците - пророк, заедничар во Божјата слава со сите свети.
Преподобен учителу, со нив моли се и 3а нас, кои го чествуваме твоето преславно упокојување, за слава на Пресвета Троица - Отецот и Синот и Пресветиот Дух, сега и секогаш и веки веков. Амин.