15. Јули (2. Јули)
ПОЛОЖУВАЊЕ НА РИЗАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
во Влахернската црква
Во времето на благочестивиот византиски цар Лав Велики и неговата сопруга Верина, во Цариград живееја двајца браќа, угледни сенатори. Тие го замолија царот да им дозволи да појдат во Ерусалим, за да се поклонат на Светите Места. Кога стигнаа во Палестина, појдоа во Галилеја да го посетат Назарет и да го видат светиот дом на Пречиста Дева Богородица, во кој Таа, по благовеста на Архангелот и слегувањето на Светиот Дух, Го зачна Бога Логосот на неискажлив начин. Откако се поклонија, останаа да преноќат во едно мало село, и по промисла Божја останаа кај една неомажена жена еврејка, која беше стара и живееше чист и честит живот. Додека овде им се подготвуваше вечера, тие забележаа во таа куќа една одвоена соба во која гореа многу свеќи и од темјанот се креваше прекрасен мирис (зашто таму беше сокриена чесната риза на Пречистата Богомајка). Околу таа соба лежеа и многу болни. Галвиј и Кандид многу се зачудија и мислеа дека нешто старозаветно се чува таму. Тие ја замолија чесната жена да вечера со нив и ја прашаа што има во собата осветлена со свеќи и темјан, и зошто болните лежат околу неа. На почетокот жената молчеше, но не можеше да ги премолчи чудесата што се случувале од тој предмет, па им рече:
- Чесни луѓе, сите болни што ги гледате овде очекуваат исцеление, зашто на ова место слепи прогледуваат, хроми се исправуваат, ѓаволи се истеруваат, глуви добиваат слух, неми прозборуваат и сите неизлечиви болести овде лесно се исцелуваат.
Галвиј и Кандид започнаа уште поусрдно да ја распрашуваат жената поради што на тоа место му е дарувана таква благодат и сила на чудотворство. Жената и понатаму ја сокриваше вистината и рече:
- Во нашиот еврејски род се зборува дека на ова место Бог му се јавил на некој од нашите древни отци. Од тогаш тоа се исполнило со благодатта Божја и во него се случуваат чудеса.
Внимателно слушајќи ги зборовите на жената, во нив се разгоре уште посилна желба да ја дознаат вистината, како некогаш Лука и Клеопа, кои говореа: „Не гореа ли нашите срца во нас“ (Лука 24, 32) и ѝ рекоа на жената:
- Те заколнуваме во Живиот Бог, благочестива жено, кажи ни ја вистината. Ние изминавме долг пат дури од Цариград, само за да ги видиме Светите Места во Палестина и во нив да Му ги принесеме своите молитви на Бога. Сега слушаме дека во твојот дом се наоѓа свето и чудотворно место, па сакаме да знаеме како се осветило тоа и од што се случуваат чудеса овде.
Жената воздивна, и со заклетва низ солзи им рече:
- Прекрасни луѓе! Божествената тајна, која настојувате да ви ја кажам, никому до денес не му е откриена. Но, вам, како благочестиви и богољубиви, ќе ви ја кажам сокриената тајна, со надеж дека тоа што ќе го слушнете ќе го чувате во себе, без да кажете некому. Јас овде ја чувам сокриена ризата на Пречиста Дева Марија, Која Христа Бога Го роди. Кога Таа се преставувала од земјата на небото, за време на Нејзиниот погреб присуствувала една од моите прародителки, која била вдовица. Според заветување на самата Пречиста Богородица, нејзе и била дадена чесната риза Богородична. Штом ја добила ризата, таа чесно ја чувала кај себе сиот свој живот, и на умирање ја доверила на една девојка од своите роднини, со заповед под заклетва да ја чува во чистота, не само чесната риза на Пресвета Богородица, туку и своето девство од почит спрема самата Богородица. Оваа девојка исто така сиот свој живот ја чувала ризата со огромна почит. И кога настапил нејзиниот крај, ја доверила на една чиста и чесна девојка од својот род. Така во текот на многу години, преминувајќи од една девојка на друга, светата риза дојде и до моите раце, до мене, која остарев во чист безбрачен живот. А бидејќи во мојот род повеќе нема таква девојка, на која би можела да ја доверам оваа тајна, еве, вам ви кажувам за неа, да знаете дека овде се случуваат чудеса од таа чесна риза, која се чува кај мене во таа внатрешна соба. Ве молам никому да не зборувате за оваа тајна, никаде каде и да сте.
Кога слушнаа за ризата на Пречиста Богородица, Галвиј и Кандид се исполнија со ужас и неискажана радост и со солзи ветија дека ќе ја чуваат доверената тајна. Потоа ја замолија жената да им дозволи ноќта да ја поминат пред светата риза во таа соба. Таа им дозволи.
Кога влегоа во собата и го видоа ковчегот во кој се наоѓала светата риза, и во ковчегот кандила како горат, почувствуваа прекрасен и силен мирис. Започнаа со солзи да се молат кон Бога и кон Богородица, правејќи многу поклони. Во нив двајцата имаше една иста мисла:
како тоа непроценливо богатство да биде подарено на царскиот град. Откако се договорија, тие ја измерија ширината, должината и висината на ковчегот, добро го погледнаа неговиот изглед и од какво дрво е изработен. На изгрејсонце ги извршија своите молитви и излегоа од таа света одаја, заблагодарувајќи И се на жената што им дозволи и ноќта да ја поминат покрај чесната риза. Тие им дадоа обилна милостиња на ништите кои се затекнаа таму, и се упатија кон Ерусалим, испратени од жената на која и ветија дека повторно ќе дојдат кај неа, за да се поклонат на светата риза на Пресвета Богородица.
Откако во Ерусалим се поклонија на Животворниот Крст и гробот Господен и ги посетија сите Свети Места во околината на Ерусалим, Галвиј и Кандид повикаа дрводелец да изработи ковчег од старо дрво според големината и изгледот што му го опишаа. Кога ковчегот беше готов, тие купија од злато исткаен покривач, се вратија кај онаа жена и ја замолија со него да го покрие ковчегот на чесната риза на Пречистата Богомајка. Потоа повторно ја замолија да им дозволи покрај ковчегот да извршат сеноќно стоење на молитва. Штом добија дозвола, тие паднаа пред ковчегот и со солзи ја квасеа земјата, молејќи се на Пречиста Дева Богородица да не им забрани да се допрат до Нејзиниот ковчег со ризата и да го однесат со себе. На полноќ, додека сите спиеја, тие со страв го зедоа ковчегот, го изнесоа од куќата и го сокрија во својата кола. На неговото место во собата го внесоа ковчегот што го порачаа во Ерусалим и го поставија на истото место, го покрија со златоткајната покривка и до зори останаа на молитва. Кога се раздени и заблагодарија на чесната жена, се простија со неа, ги обдарија ништите со милостиња и тргнаа на пат.
Патуваа со брзање и неискажлива радост и стигнаа во Цариград. Отпрвин никому не зборуваа за донесената риза на Пресвета Богородица, сакајќи кај себе да го сокријат тоа најскапоцено богатство. Со таа цел тие во својот дом направија мала црква во име на светите апостоли Петар и Марко, и во неа го поставија ковчегот со светата риза на тајно место. Но, кога видоа дека не можат да ја сокријат оваа огромна светиња поради чудесата што се случуваа од неа, тие појдоа и за се го известија царот Лав Велики и неговата сопруга, царицата Верина, како и пресветиот цариградски патријарх Генадиј.
Исполнети со неизречива радост, тие отидоа во домот на Галвиј и Кандид, и во нивната црква. Кога го отворија таму оној чесен ковчег, ја здогледаа светата риза на Пречистата Божја Мајка, неизгниена после толку години, и богобојазливо со страв ја допираа, целивајќи ја со њубов. Потоа ја зедоа, и свечено, со сенародно славење, ја однесоа во Влахернската црква „Пречиста Богородица“. Таму ја положија во ковчег украсен со злато, сребро и скапоцени камења. Беше одредено секоја година, на 2 јули да се празнува Полагањето на Ризата на Пресвета Богородица, во чест и слава на Преблагословената Дева Марија и родениот од Неа Христос, нашиот Бог, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈУВЕНАЛИЈ,
патријархот Ерусалимски
Свети Јувеналиј го прими престолот на Ерусалимската патријаршија за време на царувањето на благочестивиот цар Теодосиј Младиот. Во времето на неговото патријархување во Палестина се подвизуваа големите светила на црквата Евтимиј, Теодосиј, Герасим Јордански, на кого му послужи лавот, и многу други. Во тоа време имаше бранувања во Црквата, предизвикани од еретиците. Тогаш се појави Несторијанската ерес, која хулеше на Пречиста Дева Богородица, и во градот Ефес беше свикан Третиот Вселенски Собор на светите Отци, на кој Јувеналиј со александрискиот патријарх свети Кирил и останатите свети Отци го проколнаа Несториј со неговата ерес. А пак по смртта на царот Теодосиј, кога на престолот стапи Маркијан со Пулхерија, искрсна нова ерес, Диоскорова и Евтихиева, која богохулно учеше дека во Христа постои една природа. Тогаш во градот Халкидон беше одржан Четвртиот Вселенски Собор на светите Отци“. На тој Собор свети Јувеналиј блескаше со побожноста меѓу светите Отци, како деница меѓу ѕвездите, бркајќи ја темнината на еретичкото зловерие. Кога по завршувањето на соборот свети Јувеналиј се врати на својот патријаршиски престол, во Палестина дојде еден еретик од евтихиевото зловерие на име Теодосиј, по чин монах, но со лош карактер. Овој еретик го осудуваше светиот Халкидонски Собор дека на него божем бил отфрлен догмат на Православната вера и било обновено несториевото учење. Исфрлаше и многу други бесмислици. За овој еретик, Евагриј пишува дека за неверието и злите дела бил истеран од својот манастир и се присоединил кон зловерниот Диоскор во Александрија. Но и од него бил казнет со многу ќотек за подлост и расипаност, а потоа како бунтовник бил качен на камила и со потсмев шетан низ градот. После тоа, прибегнувајќи во Палестина, тој започнал да ја смутува Црквата, сеејќи ја богохулната ерес. Тогаш во Палестина се наоѓаше царицата Евдокија, сопруга на благочестивиот цар Теодосиј Младиот, која по смртта на својот сопруг живееше по Светите Места. Овој еретик Теодосиј најпрвин царицата Евдокија ја убеди да го отфрли Халкидонскиот Собор, па потоа многу неискусни монаси зарази со ереста и ги стори свои истомисленици. Со мнозина заведени монаси тој крена буна против патријархот Јувеналиј, барајќи од него неодложно да го отфрли Халкидонскиот Собор. Откако патријархот Јувеналиј не се согласи на тоа, тие го избркаа од престолот и тој отпатува во Цариград кај царот Маркијан. А еретикот Теодосиј, имајќи ја за помошник царицата Евдокија и потпирајќи се на силата на монасите заслепени со ереста, седна на патријаршискиот престол и многу јадови им задаваше на православните. Епископите и клириците кои не сакале да општат со него тој ги симнуваше, други на маки и смрт ги предаваше, приграбувајќи ги нивните имоти и разорувајќи ги нивните домови. Така постапи тој и со скитополскиот епископ Северијан, кој не сакал да се покори на неговата ерес. Откако го симна од престолот, тој го предаде на смрт.
После тоа цела Палестина се наоѓаше во големи бранувања, а светиот град Ерусалим беше како од варвари завземен и опустошен. Не можејќи да го гледаат таквото гонење и разорување на Црквата, а заедно со тоа и плашејќи се од насилничките раце, светите палестински Отци се сокрија по длабоките пустини и со солзи се молеа на Бога за искоренување на ереста и за мир во Црквата.
Тогаш во клирот на Ерусалимската црква имаше еден ѓакон Атанасиј, надарен говорник и ревносен во побожноста. Кога виде дека во Црквата на патријаршискиот престол седи еретикот псевдопатријарх Теодосиј како „гнасен пустошник на свето место“ (Матеј 24,15), Атанасиј застана пред него и громогласно викна: „Престани, Теодосиј, со толку убиства да го исполнуваш Светиот Град! Престани да војуваш против Христос и разбојнички да го растеруваш Неговото стадо од божественото трло!“
Штом Атанасиј ги изговори овие зборови, веднаш го фатија вооружените чувари на Теодосиј и го извлекоа од црквата. Ставан на најразлични маки и страшно тепан, ѓаконот Атанасиј најпосле беше усмртен со удар од остра секира. А неговото тело, врзано со јаже за нозете, беше влечено по целиот град и најпосле фрлено на кучињата.
Но, војводата Доротеј, назначен од царот да управува со Палестина, во тоа време не беше во Ерусалим туку во војна против Моавиканите. Кога дозна за се што се случува во Светиот Град, тој итно се врати со војската во Ерусалим, но оружјеносците на лажниот патријарх Теодосиј и царицата Евдокија, по нивна наредба ги затворија градските капии пред војводата, и не му дозволија да влезе во градот, се додека не им вети дека ќе биде нивни истомисленик во верата. Така стварајќи немири во Црквата, лажниот патријарх Теодосиј остана на престолот на Ерусалимската патријаршија дваесет месеци, се додека војводата не доби наредба од царот да го фати и како бунтовник и убиец да го испрати на суд во Цариград. Но, Теодосиј однапред дозна за оваа царева наредба, и тајно побегна на Синајската Гора, каде што се криеше како непознат.
Тогаш пресветиот патријарх Јувеналиј, кого во Цариград царот Маркинијан и Пулхерија многу го почитуваа заради неговите добродетели, со царска согласност отиде во Ерусалим, повторно го прими својот патријаршиски престол и започна да доведува во ред се што беше пореметено. Кога слушна за неговото враќање, пустинските Отци со радост се вратија во своите обители. А пак царицата Евдокија, заведена во евтихиевата ерес од споменатиот Теодосиј, се колебаше незнаејќи до кое вероисповедување да се држи. И испрати таа пратеници во Антиохија, кај преподобниот Симеон Столпник, барајќи од него корисен совет и упатство. Тој и врати, наредувајќи и да се помири со пресветиот православен патријарх Јувеналиј и да го следи неговото благочестиво учење. Царицата веднаш постапи така, јавно се одрече од ереста и стана заедничар со Вселенската Црква. По нејзиниот пример и многу народ, мирјани и црнорисци, прелагани од еретикот Теодосиј, се обратија во Православието.
Потоа свети Јувеналиј останатото време од својот живот го проживеа во мир, украсувајќи ја Светата Црква со својот збор, животот и пастирското служење. А во Прологот за него пишува и дека кога Маркијан и Пулхерија подигнале црква во Влахерна, во име на Пречиста Дева Богородица, тие преку писмо го прашувале свети Јувеналиј дали знае каде било положено телото на Богомајката. Патријархот им одговорил дека не знае, но сепак им навел вистинско древно предание, дека телото на Богомајката било погребано, дека светите Апостоли во текот на три дена слушале ангелско пеење, дека тие по истекот на три дена го отвориле гробот на Богомајката, заради еден од учениците кој не присуствувал на Нејзиниот погреб, и дека притоа во Нејзиниот гроб не го нашле Нејзиното пречисто тело, туку само Нејзините покривки.
Штом го прочитаа тоа, царот и царицата повторно му напишаа на патријархот, молејќи го да им го испрати барем запечатениот ковчег на Богомајката со погребните покривки. Патријархот го стори тоа.
Свети Јувеналиј управуваше со Ерусалимската црква како ерарх триесет и осум години, и во длабока старост во мир се престави кај Господа во 458 година. Сега стои со небесните ерарси пред престолот на славата на Големиот Архиереј, нашиот Господ Исус Христос, Кому слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ФОТИЈ,
митрополитот Киевски и на цела Русија
Дваесет години мудро управувал со Руската црква. Се упокоил во 1431 година. Една недела пред смртта му се јавил ангел Божји и му го објавил точното време на заминувањето од овој свет.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЛАМПРОС
Овој свети новомаченик во младоста со измама бил приведен во исламот. Но кога малку потпораснал се покајал и се вратил во својата христијанската вера. Затоа бил фатен од турците и заедно со светите новомаченици Георгиј, Мануил, Теодор, Георгиј (вториот), и Михаил, кои се слават на 6-ти април, претрпе многу страдања за Христа. Маченички пострада на 2 јули 1835-та година во приморското село Макра во Тракија (наспроти островот Самотрак).