16. Јули (3. Јули)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈАКИНТ
За време на царувањето на Трајан во Рим настапи големо и страшно гонење против христијаните, зашто царот беше издал заповед сите во неговата држава да им принесуваат жртви на боговите, за да не бидат ставани на маки.
Во тоа време во царскиот двор живееше едно прекрасно момче на име Јакинт, родум од Кесарија Кападокиска, кое имаше дваесет години. Беше царски коморник и постојано се наоѓаше покрај царот. Како вистински христијанин по вера и целумудрениот живот, Јакинт тајно Му служеше на Христа Бога, украсувајќи се себеси со чистота, воздржание, кротост и сите добри дела.
Еднаш за некој празник во чест на нечистите богови, царот Трајан сенародно им принесуваше жртви на идолите. Прекрасното момче Јакинт не појде со него туку остана во дворот, се повлече во една мала одвоена одаја и усрдно се молеше на единствениот вистински Бог Тоа го забележа неговиот врсник Урвикиј, кој исто така беше коморник. Наслушнувајќи ја Јакинтовата молитва, тој отиде и го извести царот дека Јакинт се моли на некој Исус Христос и го нарекува Бог.
Во тоа време царот Трајан ручаше пред целиот народ и нареди да му го доведат Јакинт. Му подаде идоложртвено месо и му заповедаше да јаде пред него, но војникот Христов се прекрсти и му рече;
- Мене како христијанин не ми доликува да јадам осквернето, јас сакам и ти да го оставиш заблудното служење на идолите и да Го познаеш единствениот вистински Бог и Нему да Му служиш.
Кога ја видоа ваквата смелост сите се разгневија а царот му рече:
- Младоста твоја, Јакинте, те прави горд. Зарем ти, недостојниот, ме учиш мене да не им служам на отечките богови, туку на некој си Христос, Кого не Го знаеме ниту ние, ниту пак го знаеја нашите татковци?
Свети Јакинт одговори:
- Ти не Го познаваш Христос оти си недостоен да Го познаеш Него, вистинскиот Бог, Кој ги створил небото, земјата, морето и се што е во нив. Тој им ги дарувал на луѓето небесните светила и го создал човекот според образот Свој. Вистината ја зборуваш кога велиш дека не Го познаваш Него, Кого не Го познаа и твоите претци како деца на гневот. А Јас сум роден и воспитан од благочестиви и христољубиви родители, и Нему Му служам и Му се поклонувам.
Царот многу се разлути и им нареди на слугите да го тепаат по устата. Слугите веднаш скокнаа врз него и започнаа жестоко да го тепаат. Кога падна на земјата свирепо го газеа, говорејќи:
- Како смееш толку дрско да му се обраќаш на царот?
Потоа царот нареди да престанат. Светиот маченик не можеше да стане, па Трајан нареди насилно да му ставаат идоложртвена храна во устата. Тој цврсто ги стисна забите и не дозволи, па царот нареди да го оковаат, да му ги забијат нозете во клада и да го затворат во темница.
Утредента продолжи празнувањето и царот нареди на видно место да се наредат сите орудија за мачење, и да го доведат маченикот Јакинт на сослушување. Кога го доведоа, го праша:
- Момче, ќе се покориш ли на нашата наредба или ќе останеш упорен? Предвидувам дека твојот горделив ум ќе те доведе до страшни маки. Подобро послушај ме и принеси им жртва на боговите, ако не сакаш да загинеш во жестоки маки.
Но, храбриот слуга Христов, поткрепен од Господа, му одговори на Трајан:
- Јас сум христијанин, Христос Го почитувам, Нему Му се поклонувам и Му се принесувам како жртва жива а на твоите бесови нема да им принесам жртва. Не се плашам од твоите закани, ниту од маките. Нема да ме прелестиш за краткотрајниот живот да го оставам вечниот. Прави со мене што сакаш!
Царот се разбесни и нареди најпрвин беспоштедно да го тепаат послан на земјата, па потоа да го обесат на мачилиштето и со железни нокти да му го кинат телото. Јуначки трпејќи, маченикот викаше кон царот:
- Христијанин сум! Слуга сум на Христос и нема да се одречам од Него. Со мачењето ти ми правиш огромно добро. Мачи ме уште повеќе, зашто сакам да страдам за мојот Господ, додека трпеливо не го победам твоето насилство, со помош на мојот Владика Христос, Кој им помага на сите, кои со вера Го призиваат пресветото име Негово.
Во еден часот попладне, додека сите на гледалиштето многу се чудеа на неговото трпение, царот нареди да го симнат и окован повторно да го одведат во темницата, со заповед да не му даваат друга храна и вода освен од идоложртвената, за да го присилат да јаде од неа. Стражарите строго ја исполнуваа заповедта на царот, но постојано утредента ја наоѓаа храната недопрена, зашто светиот маченик ги минуваше деновите во глад и жед, непрестајно молејќи Му се на Бога и веселејќи се со духот, зашто беше хранет со благодатта на Светиот Дух. Трајан ги прашуваше стражарите за него и тие му одговараа дека не ја ни допира храната, па тој им се лутеше и претпоставуваше дека некој му носи друга храна и им се закануваше на стражарите со смрт. Тие му се колнеа дека никој не доаѓа кај него.
Во триесет и осмиот ден откако беше затворен во темницата, еден од стражарите по обичај влезе и ја виде темницата полна со неискажлива светлина а два Ангела стоеја покрај светиот маченик. Едниот му го покриваше телото со пресветла облека а другиот му ставаше на главата преубав венец. Стражарот се запрепасти од ваквата глетка, го фрли тоа што го носеше, па одјури кај царот и го извести што виде. Царот не му поверува и донесе одлука да го стави мачникот на уште пострашни маки.
По два дена седна на судискиот стол на гледалиштето и испрати да му го доведат Јакинт од темницата за да го мачи, велејќи:
- Да видам како ќе му помогне неговиот Христос! Дали ќе го избави од моите раце?
Но, кога слугите влегоа во темницата, го најдоа светиот маченик упокоен во Господа и видоа ангели во облик на пресветли момчиња, како со свеќи во рацете стојат околу неговото тело, додека темницата беше преполна со неискажлива светлина и благомирис. Слугите ги обзеде страв, та побегнаа од темницата и го известија царот што видоа.
Засрамен и јаросен, царот испрати многу слуги да го изнесат од темницата телото на покојниот. Кога влегоа слугите не видоа ништо освен мртвото тело и го изнесоа. Царот нареди да го исфрлат надвор од градот на пусто место, за да го изедат зверовите. Притоа им нареди на стражарите да бидат во близина, за да не го украдат христијаните. И така телото на светиот маченик лежеше долго време неповредено, зашто го чуваше Ангел Божји.
Една ноќ на еден чесен презвитер на име Тимотеј, роднина на маченикот, му се јави Ангел и му нареди да го земе мачениковото тело. Презвитерот појде со неколку верни од својот дом, го зеде ноќе светото тело, го однесе во својот дом, го положи во една одаја, И го завитка во чиста плаштаница со мириси. Тој секојдневно палеше кандило кај ковчегот и кадеше темјан.
Овој презвитер Тимотеј поживеа уште неколку години и пред својата смрт моштите на светиот маченик ги довери на една чесна вдовица, стара и света по живот. Таа со радост го прими тоа бесценето богатство, чесно го чуваше во својот дом и исто така секој ден палеше кандило и кадеше. Од светите мошти излегуваше силен мирис и ја исполнуваше одајата. Оваа жена никому не зборуваше за моштите на светителот, бидејќи целиот град им служеше на идолите. Само таа, сама, ден и ноќ со солзи се молеше крај нив.
По долго време и на оваа вдовица и се приближи овоземниот крај. Во меѓувреме се случи еден човек од силна главоболка да го изгуби видот. Цела година лекарите не можеле да му помогнат. Нему ноќе во сон му се јавил свети Јакинт и му рекол:
- Човеку, сакаш ли да се исцелиш?
- Кој си ти, што така ми зборуваш? - прашал тој.
Светителот одговори:
- Јас сум слугата Христов, Јакинт, лекарот на сите болести.
- Те молам, - му рекол болниот на тоа, - земи го сиот мој имот, само дај ми да ја видам светлината, зашто во оваа темнина многу тагувам, страдам и патам.
Свети Јакинт му одговори:
- Бадијала ќе те исцели мојот Бог, само исполни што ќе ти наредам: земи го моето тело, кое се наоѓа кај вдовицата што живее близу до тебе и испрати го во мојата татковина, во кападокискиот град Кесарија. Своите очи помазај ги со елеј од кандилото што гори крај мојот ковчег и ќе прогледаш.
Тој човек му поверува на своето видение, отиде во домот на вдовицата и и раскажа за јавувањето и наредбата на маченикот. Таа го одведе во внатрешната одаја кај ковчегот, му даде масло од кандилото и штом ги помаза своите слепи очи веднаш прогледа, но задоцни со извршувањето на наредбата. По некое време, неговите очи повторно ги покри густ мрак и тој ослепе. Тогаш повторно отиде кај моштите на светиот маченик, просејќи исцеление. На влегување во одајата слушна глас, кој му зборуваше одозгора:
„Оној, кој изиграл, самиот е изигран“.
Тогаш падна пред моштите на светиот, и со солзи велеше:
- Дај ми сега да прогледам, угоднику Божји, па веднаш ќе го исполнам тоа што ми го нареди!
Потоа стана, повторно ги помаза своите очи со масло од кандилото и повторно прогледа. Тогаш му се отворија не само телесните туку и духовните очи. Тој поверува во Господ Христос и беше просветен со свето крштение.
Во тоа време се престави онаа блажена вдовица. Тогаш новопросветениот христијанин го зеде ковчегот со моштите на светиот, го запечати, го испрати по верни луѓе во Кесарија Кападокиска, и им наложи, кога ќе наближат до градот да ги пуштат маските да одат сами, па каде ќе застанат тие, таму да ги положат моштите, зашто светиот маченик така наредува. Кога овие верни луѓе стигнаа со моштите близу градот Кесарија и беа на дофат на градската капија викана Севастиска, ги пуштија маските да одат сами. И тие, без некој да ги води, дојдоа и застанаа пред куќата во која се родил маченикот. Но неговите родители веќе се беа преставиле од овој живот, па верните со огромна радост ги зедоа моштите и чесно ги положија во таа куќа во мермерен ковчег, славејќи Го нашиот Господ Исус Христос.
Маченикот свети Јакинт го заврши својот живот во Рим, на 3 јули, усмртен со глад и жед, но со верата, молитвата и благодатта на Светиот Дух наситуван, кога над незнабошците владееше Трајан, додека над христијаните царува нашиот Господ Исус Христос, Кому слава со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АЛЕКСАНДАР,
основачот на обителта „Незаспивливи“
Преподобниот отец Александар се роди во Азија. Уште во млади години дојде во Цариград да се школува и долго изучуваше разни науки, така што стана совршен во световната философија. На зрела возраст стапи на воена служба и со текот на времето стана војсководец. Сакаше да чита книги и во слободното време често го читаше Светото Писмо, зашто беше чесен, добродетелен, постојан, богобојазлив, украсен со целомудрие и воздржание. Откако ги прочита Стариот и Новиот Завет, тој го вдлабочи својот ум во Евангелските зборови, изговорени од пречистата уста Христова: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и дај го на сиромаси и ќе имаш богатство на небото, па дојди и врви по Мене“ (Матеј 19, 21). Размислувајќи за овие Христови зборови и со цврста вера во нив, тој започна да го продава својот огромен имот а парите ги раздаваше на сиромасите и на болните. Притоа веќе беше донел цврста одлука да се одрече од светот и да стане Христов следбеник. Штом слушна дека во Сирија постојат свети луѓе, кои водат богоугоден живот во општожитија, тој посака да појде таму. Го остави својот чин, пријателите, домот, робовите и секоја житејска грижа и отпатува во Сирија. Таму отиде во еден општожителен манастир, во кој ава беше преподобниот Илија. Тој го умоли да го прими за монах и остана во тоа општожитие четири години, ревносно извршувајќи ги сите послушанија. Се обучуваше во испосничките подвизи и деноноќно се занимаваше со молитва и читање на книги. При тоа најмногу се трудеше да проникне во смислата на Давидовите Псалми, за да ја спознае силата на секој псалмски стих. Ги распрашуваше за тоа искусните, се насладуваше, разнежуваше, и усрдно Му се молеше на Бога да му подари разбирање на несфатливите тајни од Светото Писмо. Тоа го доби од благодатта на Светиот Дух.
Гледајќи дека во сите општожитија браќата имаат непотребна грижа за храна и облека, тој се присетуваше на евангелските зборови Христови, според кои не треба да се грижиме ниту за храна, ниту за пиење и облека, ниту за утрешниот ден, и цврсто веруваше дека промислителот Бог, Кој ги храни птиците небесни и во трева го облекува полето, попрво ќе сака и може да ги прехрани и облече луѓето кои Му служат, само ако најпрвин го посакуваат Царството Божјо и правдата Негова (сп. Матеј 6, 25-34). Обземен од такви мисли, преподобниот Александар го зеде еден ден своето Евангелие, отиде кај ава Илија и го праша:
- Оде, вистина ли е се што е напишано во Евангелието?
Кога го слушна ова необично прашање, преподобниот Илија се зачуди и збуни, зашто помисли дека преподобниот Александар е прелестен од ѓаволот со некое неверие, и без да му одговори, седеше со наведната глава. Потоа им рече на присутните браќа:
- Брака, да се помолиме на Бога за нашиот брат Александар, кој западнал во некои ѓаволски мрежи.
Па стана и се помоли со солзи. Потоа му се обрати на Александар и го праша:
- Од каде ти дојде таква сомневачка помисла, да не веруваш во она што е напишано во Евангелието?
Александар одговори:
- Не дека не верувам, оче, туку само прашувам, дали е вистина се што е напишано во Евангелието? На тоа браќата рекоа:
- Вистина е сè и овде нема место за никаков сомнеж.
- Ако е вистина сè, тогаш зошто не го извршуваме тоа? - праша Александар.
Браќата му одговорија:
- За немоќниот човек е невозможно да го исполни тоа на дело.
После таквиот одговор во Александар пламна духот и сметајќи го за штета дотогашниот свој живот, поминат во непотполно исполнување на Евангелските зборови, тој донесе одлука да појде во пустината, за таму полесно да може да ги исполни гореспоменатите евангелски зборови. Откако измоли благослов од преподобниот Илија и се поздрави со браќата, тој со надеж во Господа појде, без да понесе нешто со себе, освен Светото Евангелие. И остана во пустината седум години, без да се грижи за нешто земно. А како, по промисла Божја, бил хранет во пустината, ќе видиме понатаму.
По седумгодишниот престој во пустината, преподобниот Александар дозна дека недалеку од него постои една незнабожечка населба, во која сите им служат на демоните, бидејќи се идолопоклоници. Ревносен за Бога, преподобниот отиде во таа населба и го опожари тамошниот идолски храм. Жителите веднаш се собраа и го најдоа таму. Тој не побегна, туку намерно чекаше да дојдат идолопоклониците, зашто не сакаше да го сокрие од нив своето дело. Кога го прашаа кој го опожарил храмот, тој призна и им рече: „Јас го запалив“. Веднаш сите му се нафрлија за да го убијат, но Бог го чуваше Својот слуга. Некои од нив не се согласуваа Александар да биде убиен и настојуваа да го предадат на градскиот суд. Кога малку се смирија, светиот викна кон нив:
- О, луѓе! Сами сфатете ја својата заблуда и познајте ја вистината. Избегнете ја вечната осуда, зашто јас ви го објавувам Царството Небесно.
И започна светителот апостолски да им проповеда за спасението. Некои го слушаа, а други не обрнуваа внимание на неговата проповед, туку го одведоа и предадоа на градскиот суд. Во тој град тогашен градоначалник беше Равул. Тој долго се препираше со него за верата, повикувајќи се на неговите незнабожечки книги и многу му се закануваше со маки. Но, кога увиде дека преподобниот Александар е кроток, мудар и непобедлив во своето учење, Равул не му нанесе никакво зло. Напротив, Господ уреди така што овој градоначалник го повика насамо Александар и го праша:
- Кажи ми ја вистината. Каква надеж имате вие христијаните кога така го презирате својот живот?
Преподобниот со насмевка му одговори:
- Не е како што велиш ти. Ние не го презираме својот живот, туку се трудиме да го сочуваме бесмртниот за навек. Вистинскиот живот е да се живее вечно. А да се живее привремено не е живот туку смрт. Затоа ние го презираме времениот живот заради идниот вечен и бесмртен, зашто е напишано: „Кој си го чува животот свој ќе го загуби, а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, ќе го најде“ (Матеј 10, 39). На тоа Равул го праша:
- А вие, кога ќе преминете од овој живот, каде се надевате да бидете?
Светителот започна да му зборува за Царството Небесно и за вечните богатства подготвени за праведниците. Но, на неверниот незнабожец зборовите на светителот му се чинеа како басни. Сепак, тој го праша за почетокот на Светата Вера. Преподобниот го поучуваше во богопознанието и објаснувајќи му го Божјото милосрдие спрема луѓето, започна да му раскажува за делата Господови од стварањето на светот па се до крстот и доброволната смрт Христова, и до Неговото воскресение и славно вознесение на небото. И поминаа во тој разговор ден и ноќ без да вкусат нешто, ниту пак да задремат. А кога стана збор за светиот пророк Илија, кој со збор го заклучи небото и со молитва створи оган за жртвите кој жреците не можеа да го измолат од Ваал и другите богови, Равул се смееше и велеше:
- Сите тие ваши христијански басни се лага. Јас те советувам за корисното. Заедно со нас принеси им жртва на нашите богови. Тие се милосрдни и ќе ти простат.
На тоа светителот рече:
- Ако навистина се богови оние што ти така ги нарекуваш, зошто тогаш во деновите на пророкот Илија не ги послушаа своите жреци, кога тие цел ден повикуваа кон нив, ниту испросија оган од небото за жртвите? А слугата Божји Илија беше сам, еднаш Му се помоли на нашиот единствен Бог Кој живее на небесата, и веднаш падна оган од небото и ги спали не само дрвата и жртвата, туку ги испи и водата и камењата и правот. А потоа и врз двајца педесетници, кои сакаа да го фатат пророкот, падна оган од небото и ги проголта и нив и нивните војници.
На тоа Равул силно се насмеа и рече:
- Ако е вистина, тогаш ајде и ти стори го истото, бидејќи се нарекуваш слуга на твојот Бог. Еве, пред нас има многу трски и суварки. Помоли се на својот Бог како Илија, да падне оган од небото и да ги спали. Тогаш ќе речам дека не постои друг бог освен Богот христијански.
Светителот му рече:
- Првин ти помоли се на своите богови, тие да го сторат тоа.
- Јас немам ниту таква сила, ниту пак смелост спрема моите богови. Туку ти помоли се на својот Бог - одговори Равул.
Тогаш свети Александар, според евангелските зборови: „Се е возможно за оној кој верува“ (Матеј 9, 23), застана на молитва со цврста вера и надеж во Бога. И само што ги крена своите раце и започна да се моли, веднаш падна оган од небото врз трските и суварките и ги спали пред нивните очи. Равул се запрепасти од тоа и се плашеше да не падне оган и да го проголта и него како педесетникот кај пророкот Илија. И повика Равул со силен глас, велејќи:
- Навистина е голем Богот христијански!
И сакаше тој да му го објави тоа чудо на народот, но светителот строго му запрети да не кажува никому. И молчеше Равул, таејќи го во себе тоа чудо, се додека беше жив свети Александар. А по неговиот блажен крај го објави пред епископите и монасите, повикувајќи Го Бога за сведок.
По ова ужасно чудо градоначалникот Равул остана цела седмица со свети Александар, поучувајќи се од неговите боговдахновени поуки кон јасно познавање на светата вера и упатувајќи се на правиот пат кон спасението. Потоа сакаше да се просвети со Свето Крштение, бидејќи наближуваше пресветлиот празник Воскресение Христово. Но противникот на човечкото спасение - ѓаволот, сакајќи да го попречи ова свето дело, му стави мисла на Равул Светото Крштение да го прими во црквата недалеку од градот. И се упатија таму, следени од многу граѓани со жените и децата. Во таа црква затекнаа една страшно бесомачна девојка. Равул се запрепасти и рече:
- Не сакам да бидам христијанин. Оваа девојка ја казнуваат боговите, затоа што ја примила христијанската вера. Се плашам истото да не ми се случи и мене.
И веднаш ја напушти црквата со намера да се врати назад, но светителот го задржа и му рече:
- Зошто паѓаш под ѓаволското искушение? Оваа девојка со допуштање Божјо е казнета за своите гревови. Таа се заветила дека ќе Му служи на Бога во девствена чистота, но не го одржала своето ветување. Затоа сега страда од бесомачност, како предадена на сатаната, за да се спаси нејзиниот дух. А дека тоа е вистина, самиот појди кај неа и со свои уши ќе слушнеш што таа самата раскажува за себе.
Равул отиде кај бессомачната, и слушна како таа гласно ги исповеда своите гревови, заради кои Бог допуштил сатаната да влезе во неа и да Ја мачи. Тогаш Равул го отфрли секој сомнеж и го замоли светителот да го крсти. А кога излезе од светиот купел, белата облека, која според христијанскиот обичај му беше подготвена за Светото Крштение, се најде целата испишана со црвени крстови. Сите се восхитија на тоа чудо и го молеа светителот и тие да се крстат. Свети Александар им рече:
- Најпрвин треба со дело да Ја потврдите својата вера. Да појдеме во градот, и секој од вас да ги изнесе идолите од својот дом насред градот, со свои раце да ги искрши, па потоа ќе се удостоите на Свето Крштение.
Сите веднаш се согласија. Ги изнесоа идолите од своите домови, ги разбија среде градот и потоа целиот град се просвети со Светото Крштение. Преподобниот остана некое време во тој град и ги утврдуваше новокрстените во светата вера. Откако Му заблагодари на Бога, му рече на Равул и некои со него:
- Досега се храневте со млеко а од сега треба со цврста храна. Ако некој од вас сака да биде совршен во христијанскиот живот, нека ги послуша овие христијански зборови: „Продајте се што имате и дајте се на сиромашните. Пригответе си за себе ризница која никогаш нема да се испразни на небесата. Не грижете се за утре, туку најпрвин барајте го Царството Божјо, а Отецот небесен ќе ви даде се што ви е потребно (сп. Лука 12, 33; Матеј 6, 34. 33. 32).
Равул рече:
- Јас не можам да бидам толку совршен христијанин. Ако продадам и раздадам се, тогаш кој ќе ги храни многуте мои домашни? И како без грижа може да се стекне потребното за живот? Ако сакаш да ме увериш во тоа, покажи ми на дело. Ајде барем еден ден ти прехрани ме мене и моите домашни, без никаква грижа за тоа. Не знам како ќе успееш, кога и самиот си сиромашен и ни за себе немаш храна барем за еден ден. И кога тоа не можеш да го сториш во градот, што ќе правиш тогаш во пустината, ако ние оставиме се и појдеме со тебе.
Со огромна надеж во Бога, светителот одлучно рече:
- Земи ги своите домашни и своите пријатели, и одведи ги на еден ден во која пустина сакаш, далеку од луѓето. И јас ќе бидам со вас. Притоа, никој од вас да не понесе со себе ни трошка леб и ни. каква храна, па ако Бог не ве нахрани како некогаш Израилците во пустината, тогаш немојте да им верувате на моите зборови.
Равул се согласи. Утредента стана рано, ги поведе со себе многуте домашни и пријатели, и заедно со преподобниот Александар се упатија во една непроодна пустина, за на дело да го видат исполнувањето на светителовите зборови. Патуваа цел ден и во пет часот попладне застанаа на едно место меѓу две гори, кон кои од никаде немаше никаква патека, ниту некакви траги. Свети Александар според својот обичај започна да врши вечерна Богослужба. А Равул и неговите сопатници беа многу гладни и размислуваа што ќе јадат. Кога светителот ја завршуваше молитвата, тие здогледаа еден човек, прост селанец, како доаѓа кон нив и води коњ со огромен товар, во кој имаше чисти и топли лебови, овошје и зеленчук. Преподобниот му рече на Равул:
- Примете ја оваа храна, и не бидете неверни туку верни.
Тие со радост Ја примија донесената храна, а Равул, чудејќи се со своите пријатели, рече:
- ОД каде во оваа пустина се најде човек со ваква храна? Ние цел ден патувавме и одвај стигнавме овде. Овој човек требало да тргне од дома на полноќ, за во ова време да стигне тука. Дури и на полноќ да тргнал, не е возможно овие лебови да се топли, како сега извадени од печката!
Така чудејќи се, тие го прашаа човекот:
- Од каде си и кој те прати ваму?
Човекот им одговори:
- Господинот мој ви го испрати ова, за да не бидете гладни.
И кога сакаа уште нешто да му кажат, човекот стана невидлив заедно со коњот, зашто беше ангел Божји во облик на прост човек. Сите се запрепастија и восхитуваа, и поверуваа во зборовите на преподобниот, или подобро речено на Христовите, да не се грижат за ништо туку да се потпираат на промислата Божја. Потоа Му заблагодарија на Бога, па јадеа и преноќеваа таму а утредента се вратија во градот.
Од ова чудо може да се сфати со што се хранел преподобниот Александар седум години во пустината, без да се грижи за нешто земно. Многу поткрепен од ова чудо и желбата во тишина да се подвизува во богомислие, градоначалникот Равул првин се одрече од својата функција, па потоа започна да го продава својот имот и да го раздава на сиромашните, со согласност на својата жена и ќерките, на кои им го остави потребниот дел за живот. Потоа неговата сопруга со ќерките изгради манастир, од срце Му служеше на Бога во него и многу Му угоди. А Равул, откако раздаде се и ги ослободи сите робови, отиде во пустината од која по неколку години беше изведен и поставен за епископ на градот Едеса. Како епископ поживеа неколку години, како светлина просветлувајќи го своето стадо. Да се вратиме сега на повеста за преподобниот Александар.
Свети Александар, гледајќи како цвета и напредува во благодатта Господовиот град што тој го просвети со Светата Вера, многу се радуваше, но срцето го влечеше кон пустината. Граѓаните сакаа тој да им биде епископ и му досадуваа со своите молби. Тој одбиваше и кога сакаше тајно да замине од нив, тие деноноќно стражареа на градските капии, за да не замине од нив. Но, тој, како некогаш свети апостол Павле, од некои негови ученици во кошница беше спуштен ноќе преку градскиот бедем, и се упати кон пустината на своето омилено безмолвие. По два дена пат низ пустината, наиде на разбојничко живеалиште. Разбојниците го фатија и го одведоа кај својот харамбаша. Со своите боговдахновени зборови, преподобниот не само што го скроти звероподобниот харамбаша, туку и неговото сурово и свирепо срце го доведе до умиление, та и тој поверува во Господа Христа и по неколку дена беше просветен со светото крштение. Откако го крсти, преподобниот го праша:
- Пред крштението, што посака твојата душа од Бога?
Тој одговори:
- Посакав од Господа, по очистувањето на моите гревови во светиот купел на крштението, што поскоро да ми ја земе душата.
Светителот на тоа му рече:
- Тоа што си го посакал, ќе го добиеш.
По осмиот ден од крштението, кога новокрстениот со своето очистување во светиот купел и со многу солзи на вистинско покајание добро ги очисти своите гревови, се престави во Господа. Тогаш и останатите разбојници ѝ пристапија на Светата Вера. Откако се крстија, се оддадоа на сурово покајание и по кратко време тоа разбојничко живеалиште стана манастир. Разбојниците се одрекоа од светот и станаа одлични монаси. Преподобниот остана со нив доста време, им воведе монашки устав и им постави искусен старешина, Потоа ги целиваше во Господа и тргна во најдалечната пустина, духовно радувајќи се за спасението на човечките души. По два дена стигна до реката Еуфрат. Премина преку неа и се насели во едно огромно празно буре закопано во земјата. Дење одеше по горите и пустинските долови, а ноќе се враќаше во своето живеалиште - бурето. Не треба да прашуваме со што се хранеше, бидејќи тој и за Равул и останатите со него во пустината измоли леб од Бога. Живееше преподобниот долго време на ова место.
Со Божјо наговестување, кај него започнаа да доаѓаат браќа и да се населуваат, со желба да го следат неговиот рамноангелски живот. Неговиот престој на тоа место се продолжи на дваесет години. За тоа време, тука, крај Еуфрат, се изгради огромна киновија, огромен општожителен манастир, во кој се собраа многу браќа. Беа околу четиристотини од разни земји: Грција, Рим, Сирија, и Египет. Бог собра такво стадо и го довери на добриот пастир, преподобниот Александар. Најчудесното во сето тоа е што при малата грижа за храна и облека на толку голем број браќа, тие секој ден имаа се што им е потребно, а тоа што им преостануваше не го чуваа за утре, туку со раздаваа на сиромасите и патниците што им доаѓаа. Промислата Божја секој ден им испраќаше храна на Своите слуги.
Во таа киновија најпрвин се воспостави нов, дотогаш непознат поредок на „Незаспивливи“. Преподобниот Александар најпрвин воведе браќата седум пати на ден да одат во црквата на „Славословие Божјо“, според зборовите на светиот пророк, кој вели: „Седум пати на ден Те прославувам за судовите на правдата Твоја“ (Псалми 118, 164). Потоа, размислувајќи и расудувајќи за останатите зборови на истиот пророк: „Блажен е оној човек, кој ден и ноќ се поучува во законот Господов“ (Псалми 1, 1-2), преподобниот се прашуваше: Возможно ли е за човекот на дело да ги изврши овие пророчки зборови - и дење и ноќе незаспивливо да се поучува во законот на Божјото славословие? Ако е невозможно, тогаш Светиот Дух не би го ни изрекол од устата на пророкот.
И сакаше таквиот поредок да го воспостави во својата киновија, за да има непрекинато и незаспивливо псалмопеење во црквата и дење и ноќе. Ако поради телесна немоќ е невозможно за еден човек да го врши тоа во ќелијата, велеше тој, тогаш е возможно да го вршат многумина во црквата, менувајќи се на часови.
Така си размислуваше во себе преподобниот, но не се осмелуваше да го воведе тоа без Божји благослов. И според зборовите Христови: „Барајте и ќе ви се даде; чукајте и ќе ви се отвори“ (Матеј 7, 7), тој започна усрдно да Го моли Господа Христа и да чука во дверите на милосрдието Негово, да Му открие дали Му е по волја неговата намера и дали ќе Му биде пријатен таквиот поредок. За, како што ангелите на небесата постојано Го слават Бога, така и луѓето на земјата, кои во Неговата киновија се во монашкиот ангелски чин, да Го прославуваат Бога дење и ноќе со псалмопеења во црквата, која е земно небо. За ова преподобниот се молеше на Бога три години со многу пост и сеноќни молитви. И му се јави Господ на јаве и му рече:
„Отпочни со својата намера, зашто Ми е пријатна“.
Ова јавување Господово преподобниот го раскажа на неколкумина најдуховни меѓу браќата, но како тоа јавување да го имал некој друг, според примерот на светиот апостол Павле, кој за себе рекол: „Познавам човек кој бил вознесен до третото небо“ (2Кор.12, 3). Потоа пристапи кон остварување на својата од Бога благословена намера. Ги раздели браќата на дваесет и четири дежурства, според бројот на часовите во денот и ноќта, за секој, знаејќи го часот на своето дежурство, да се јави на местото на псалмопеењето. Се пееле псалмите Давидови. Се пееле по стихови, на два хора; не брзо, и тоа надвор од времето кога се вршени обичните црковни богослужења. За време на вршењето на овие богослужења бил прекинуван нововоспоставениот поредок на псалмопеење. На тој начин во црквата на оваа киновија и дење и ноќе постојано Го славословуваа Бога, поради што беше наречена „Обител на незаспивливите“. Востанови преподобниот при псалмопеењето и број на поклони за секој ден, според бројот на простувањата што Господ ги пропишува за простување на гревовите на оној што греши: седум пати по седумдесет, што изнесува четиристотини и деведесет. Покрај тоа воспостави по завршувањето на секоја црковна и манастирска служба, и секое дело, да се изговараат зборовите: „Слава во висините на Бога, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“.
Откако воспостави таков поредок во својата обител, преподобниот размислуваше што уште е потребно за богоугодување. И се сети на зборовите од псалмите: „Ќе ги научам престапниците да одат по патиштата Твои, и грешниците кон Тебе ќе се обраќаат“ (Псалми 50,13), и си рече: треба да се грижиме не само за своето спасение, туку и за спасението на другите, особено за обраќањето на незнабошците. И бидејќи во тоа време имаше многу идолопоклоници во тие краеви, тој одлучи некои од браќата да испрати на проповед Христова. За таа служба избра седумдесет најискусни и најогнени во верата, според бројот на Христовите ученици, за кои светиот евангелист Лука пишува: „Потоа избра Господ и други Седумдесетмина, и ги испрати по двајца пред Себе во секој град и место“ (Лука 10, 1). Откако избра толку ученици и се помоли за нив, преподобниот Александар ги испрати на проповед Христова по двајца, во сите околни идолопоклонички населби. И со благодатта Божја и молитвите на преподобниот, нивните трудови не беа залудни и многумина од незнабошците приведоа кон Господ Христос.
По дваесет години од своето живеење крај реката Еуфрат, преподобниот Александар, гледајќи ја својата киновија потполно уредена и поредокот на „Незаспивливите“ и сите прописи на подвижничкиот живот утврдени, многу се радуваше и Му благодареше на Бога. Од голема ревност и желба за спасение на човечките души, тој намисли да отпатува во Персиската земја, каде многубожечкото безбожие беше многу вкоренето. За тој пат си избра сто педесет души од браќата, а останатите ги довери на опитниот старец Трофим, кого го постави и за игумен. Потоа ги благослови браќата и со педесетмината се упати кон Персиската земја, без да носи нешто освен светите книги. Дури и по патот не го прекинуваше двохорското непрекинато псалмопеење како и во црквата, и се менуваа по ред според часовите во денот и ноќта. За да го испита трпението на своите браќа, тој ги водеше низ пустината без храна со наредба во одредено време да се хранат со шумски Јагоди, што единствено ги имаше таму. Нетрпеливите меѓу нив започнаа да роптаат, како некогаш Израилците против Мојсеј, говорејќи: „Не изведе во оваа пустина за да умреме од глад“, Тие намислуваа тајно да се вратат во обителта. Таквите беа триесетмина. Преподобниот со Божјо откровение ги дозна нивните помисли, ги изобличи како маловерни и им нареди да се вратат назад. А пак на останатите со силен глас им рече:
- Верувајте ми, браќа, денес Господ ќе ни испрати изобилна храна и ќе го посрами неверието.
Во меѓувреме наближија до границите на Персиската земја, на кои грчкоримските цареви беа подигнале мали неутврдени градови, во кои се наоѓаше војска за одбрана од наездите на варварите. Недалеку од тие градови, неочекувано, со наредба Божја, им излегоа во пресрет военоначалниците на тие градови, наречени трибуни, со прекрасен леб и друга разновидна храна, и го молеа светителот да ги посети и просвети нивните градови, бидејќи во нив живеат многу служители на демоните. Тие каснаа, па преподобниот ги испрати назад маловерните и нетрпеливите. Потоа ги посети оние градови и со Божја помош за кратко време, проповедајќи го Евангелието, сите ги обрати кон Христа. Во еден од тие градови не сакаа да го примат неговото учење, особено кога слушнаа како учи за милостињата. Таму богаташите му рекоа:
- Ти си дошол да нè осиромашиш.
Затоа преподобниот си замина од нив, а Бог ги казни со суша. Три години ги остави без дожд, додека не го осознаа својот грев. Тогаш започнаа да го бараат и откако го најдоа во Антиохија, го замолија да им прости. Потоа силен дожд ја напои нивната земја и имаше големо изобилие од плодови, а и душите нивни се обратија кон Бога.
Додека патуваше понатаму низ пустината, преподобниот наиде на еден град наречен Палмира, подигнат од Соломон. Иако се нарекуваа христијани, жителите на овој град беа јудејци и со христијанството се држеа до старозаветниот закон. Кога дознаа дека кај нив доаѓа Александар со браќата, ја затворија градската капија, велејќи: „Кој ќе нахрани толку монаси?“
И не ги пуштија кај нив. А преподобниот Му заблагодари на Бога и рече:
„Подобро е да се надеваш во Бога, отколку да се потпираш на човек“ (Псалми 117, 8). Браќа, не бидете малодушни, зашто Бог неочекувано ќе не посети.
И навистина, кога се оддалечија од градот, незнабошците кои живееја недалеку ги пресретнаа со леб и најразлична храна и ги нагостија. Оттаму преподобниот тргна во Антиохија со вообичаеното непрекинато псалмопеење. За нивното доаѓање дозна епископот на тој град Теодот, зашто името на преподобниот Александар насекаде беше познато и почитувано. А Ѓаволот поттикна некои злобни И завидливи луѓе, и тие ги наклеветија преподобниот и браќата кај епископот, дека божем лицемерно ги држат и постовите и молитвите за суетна слава, за да ги видат луѓето. Без да ја провери лажната клевета, епископот веднаш испрати многу свои слуги, заедно со тие клеветници со бесчестење да ги избркаат Александар и неговите сопатници. Во тоа време чесниот хор на земни ангели предводен од преподобниот Александар, веќе беше влегол во градот со вообичаеното псалмопеење. Испратените ги сретнаа во градот, ги нападнаа како разбојници, ги претепаа и ги извлекоа надвор од градот, а преподобниот Александар како старешина двојно го тепаа и срамотеа. Тој пак и браќата многу се радуваа што се удостоија невино да страдаат.
Знаеше тој дека тоа се случува под дејство на ѓаволот, за духовна корист на многумина и повторно со браќата тајно влезе во градот. Најде една запуштена бања и во неа го извршуваше своето псалмопеење. Утредента епископот дозна за тоа. Иако сè уште беше гневен, сепак веќе беше омекнал, плашејќи се не само од Бога туку и од народот, зашто граѓаните многу се израдуваа на доаѓањето на преподобниот Александар и го сметаа за голем пророк. Тие многу роптаа против епископот што им нанесе такво зло и бесчестие. Најпосле епископот даде благослов да останат во градот, а онаа запустена бања им стана обител. По кратко време со благослов на епископот граѓаните изградија црква и манастир. И многу граѓани наместо во својата црква започнаа да доаѓаат на богослужби кај преподобниот Александар, за да ги слушаат неговите медоточиви поуки. Душата на секого од нив гореше од љубов спрема преподобниот и ги снабдуваа браќата со се што им беше потребно за секој ден. Тие јадеа еднаш дневно, во три часот попладне, и се што ќе останеше го раздаваа на сиромасите и не оставаа ништо за утре. Бог секој ден им испраќаше храна и се што им е потребно, преку милостите.
По некое време преподобниот посака при својот манастир да изгради гостоприемница и болница. Откако измоли благослов од епископот, тој ја оствари својата желба. Иако самиот немаше ништо, ризниците на богатите беа отворени за него. Сите со радост му даваа сè што ќе побараше и извршуваа со усрдие сè што ќе им наложеше. Самиот им служеше на болните, самиот ги згрижуваше патниците, и им даваше сè што е потребно од она што го добиваше од богојњупците, односно од самиот Бог. Додека им служеше на болните, тој ги исцелуваше од болестите, полагајќи ги врз нив своите чесни раце, кои чинеа многу чудеса. Така се славеше Бог преку него.
На преподобниот му паѓаше во очи тоа што епископот вршеше извесни работи кои не му одговараат на неговиот чин. Исто така забележуваше дека и градскиот војвода и другите високи чиновници вршат неправда. Поради тоа се облече во ревноста на Илија, па бестрашно и смело, макар со кроткост, ги изобличуваше сите, поучувајќи ги во правдата и вистините од зборовите Божји. На сите им беше учител и наставник. Ваквата негова ревност не беше пријатна за секого, особено за старешините. Иако се восхитуваа на неговиот доблесен живот, некои од свештенството сепак не го сакаа и постојано го подбуцнуваа епископот против него. Од него беше испратен најзлобниот ипоѓакон, на име Малх, со многу слуги, да го протераат преподобниот од градот. Штом дојде, Малх со јарост силно го удри по лицето светиот, говорејќи:
- Оди си од градот, безбожнику!
А преподобниот како незлобиво јагне, како одговор му ги рече Евангелските зборови: „А на слугата името му беше Малх“ (Јован 18,10).
И кога ипоѓаконот Малх и слугите со него сакаа уште повеќе да го злоставуваат и да го избркаат од градот, се собра народот и настана огромен метеж. Сите го штитеа светиот отец и браќата негови, така што Малх и оние со него одвај се извлекоа од народниот гнев. Епископот страшно се разгневи и на совет од војводата, кој исто така беше гневен на светителот, ноќе го зграпчија од обителта и тајно го протераа во Халкидон, а браќата ги растераа. По некое време повторно беше вратен во Антиохија на барање на народот. Штом не ги најде своите брака таму, тој Ја промени својата монашка облека, се облече како просјак и ноќе го напушти градот. По неколкудневно патување стигна во Критиниската киновија, во која го најде оној исти поредок, востановен од него и во својата киновија крај реката Еуфрат. Зачудено претпоставуваше дека тоа некој од неговите ученици го пренел ваму и Му благодареше на Бога што и во оваа земја му ги покажа плодовите на неговите трудови. Браќата го препознаа и многу му се израдуваа, зашто неговото име се славеше насекаде и одамна сакаа да го видат. По некое време преподобниот отиде во Цариград, зашто Бог го повикуваше таму за спасение на многумина. Со него од таа киновија тргнаа уште дваесет и четири брата. Во Цариград се насели при црквата на света Мина и кај него започнаа да се собираат браќа. За неколку години се собраа околу триста браќа од разни народности. Така се создаде прекрасна обител и се воспостави поредокот на „Незаспивливите“. И се што им беше потребно, со промисла Божја им се праќаше, што јасно ќе се види понатаму.
Некои угледни луѓе, кои слушале, а и гледајќи го нивното сиромашно и безгрижно житие, зашто тие деноноќно се занимаваа единствено со славење на Бога и не се грижеа за ништо земно, намерно испратија неколку луѓе во обителта, да останат неколку дена за да видат од каде монасите ја добиваат секојдневната храна. Преподобниот ја провиде нивната намера и во нивно присуство му рече на еден свој ученик:
- Оди и доведи го човекот, кој стои крај манастирската капија.
Братот појде, здогледа човек со голем кош, полн со чисти и топли лебови и го внесе кај отецот. Преподобниот пред сите го распрашуваше кој е и од каде ги донел овие лебови. Го распрашуваше, не затоа што самиот не знаеше, зашто за него ништо не беше сокриено од Бога, туку за да ги посрами маловерните, кои беа дошле да го испитаат нивното живеење и прехранување. Човекот започна да зборува:
- Јас сум продавач на леб. Денес кога ги вадев лебовите од пекарата, кај мене дојде еден светол маж, со висок раст и прекрасен изглед и со власт ми рече: „Сите овие лебови однеси ги на слугите на Севишниот“.
Јас се преплашив и реков дека не знам каде треба да ги однесам, атој ми рече: „Ајде по мене". И Јас тргнав по него. Тој ме доведе до капијата и стана невидлив.
Тогаш преподобниот стана и Му благодареше на Бога. Така сите дознаа за неговата огромна вера во Бога и големото Божјо промислување за него.
Преподобниот беше толку прозорлив што знаеше се што прават и мислат браката. Тој насамо ги изобличуваше нивните согрешенија и татковски ги поправаше оние што згрешиле. Во грижата за болните одреди четворица од браќата да им служат и нареди да подготвуваат топол чај за оние што имаа потреба во болеста. Тие тоа го исполнуваа. Но, се случи еден ден, случајно или по промисла Божја, овие брака да заборават да подготват топол чај за болните, за да се обелодени цврстата вера на преподобниот во Бога. Штом го дозна тоа со духот, преподобниот повика еден од нив и го праша зошто не го подготвиле топлиот чај. Тој сакаше да ја сокрие својата грешка од прозорливиот старец и рече:
- Немаме дрва.
Преподобниот на тоа му рече:
- Зошто утрово не ми рече за дрва? Ме искушуваш ли? Впрочем, појди зашто и така веќе топлиот напиток е подготвен.
Кога дојде во болницата, братот навистина најде полн лонец со напиток, како без оган врие. И сите се восхитуваа на ова чудо и на верата на преподобниот.
Во тоа време Црквата Христова ја брануваше Несториевата ерес и врагот рашири глас меѓу народот дека преподобниот Александар е еретик. Тогаш на побожноста гледаа како на ерес а на ереста како на побожност, а и самиот патријарх и многумина со него беа во ереста. Преподобниот Александар беше приведен на суд кај зловерниот, и прашан за ереста за која не беше виновен, тој ги изговори зборовите од Псалмите:
„Седат кнезовите и ме клеветат, а Твојот слуга размислува за наредбите Твои; откровенијата Твои се поука моја а наредбите Твои советници мои“ (Псалми 118, 23. 24).
Додека преподобниот го зборуваше тоа, се појави ѓаволот и викна:
- Зошто предвреме ме мачиш? И стана невидлив.
Преподобниот повеќе ништо не изговори, туку гледаше во земјата како безазлено јагне пред стрижачи. Судиите се разлутија и го избркаа надвор. А кога развратните слуги на сатаната сакаа да кренат рака на него, тој, покриван од Бога, помина меѓу нив и се врати во својата обител, во која многу молитви беа принесени на Бога за него од страна на браката.
По некое време врагот повторно се крена против него преку еретиците, кои не само него туку и многумина од браќата мачеа, ги ставаа во окови, ги фрлаа во темници и многу ги злоставуваа. Сето тоа беше за венец на славата на преподобниот а за срамота на врагот.
Кога одмина еретичката бура, останатите денови од својот живот преподобниот ги помина во мир. Бидејќи Му угоди на Бога и многу души приведе кон спасението, по педесетгодишно подвизување во монаштвото се престави кај Господа во 430-та година, во длабока старост. Чесно беше погребан и на неговиот гроб се случуваа чудеса. На сите болни им се даваа исцеленија, по молитвите на преподобниот Александар и благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух, чест, слава, благодарност и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АНАТОЛИЈ,
патријархот Цариградски
Свети Анатолиј најпрвин беше презвитер во Александриската црква но по смртта на патријархот Флавијан беше поставен на престолот на Цариградскиот патријарх во 449-та година. Во негово време цариградскиот престол беше признат за рамен на римскиот, и тоа на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, во 451 година. На тој свет Собор е осудена Ефтихиевата монофизитска ерес, а свети Анатолиј многу се борел за чистотата на Православната Вера. Многу страдал од еретиците, додека најпосле не бил убиен од нив во 458 година, во времето на царот Лав Велики. Управувал со Црквата близу девет години и се преселил меѓу светите Ерарси во Царството Божјо.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МОКИАН и МАРКО
Овие свети маченици беа фатени и предадени на епархот Максимијан. Тој ги присилуваше да им принесат жртви на идолите. Светите маченици одбија и смело Го исповедаа името на Господа Христа. Поради тоа им ги отсекоа главите. Кога свети Мокијан го водеа на губилиштето, по нив со лелек одеа неговата жена и децата. Светиот маченик ги советуваше да молчат. А кога на свети Марко му беше отсечена главата, неговата жена, која беше присутна, радосно ја зеде неговата глава во своите раце како најскапоцено богатство. Така овие двајца храбри јунаци Христови отидоа кај победоносците на Небесата.
СОБОР ВО ЧЕСТ НА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „МЛЕКОПИТАТЕЛНИЦА“
Чудотворната икона на Пресветата Богомајка, наречена „Галактотрофуса“, односно „Млекопитателница“, најпрвин се наоѓала во манастирот на свети Сава Осветени. Кога овој голем светилник Божји требаше да се пресели во Царството Божјо, на своите браќа, насобрани околу неговата постела, им рече дека после долго време во тој манастир од запад ќе дојде едно царско момче монах, исто така на име Сава, и нему за благослов треба да му Ја дадат оваа света икона „Млекопитателница“, а со неа и неговиот игуменски жезол. Од тогаш измина доста време, околу седумстотини години, но браќата го одржаа заветот на својот голем отец и заштитник. И кога во свое време, во почетокот на тринаесеттиот век, во Светата Земја дојде свети Сава и го посети манастирот на свети Сава Осветени, пред него се помести оваа света икона, а жезолот падна и му се поклони. Тогаш браќата Саваити му го соопштија заветот на својот духовен праотец, и му ја дадоа оваа чудотворна икона и жезолот, а со нив и иконата на Пресвета Богородица наречена „Троерачица“. Тогаш светиот архиепископ Сава ги донесе во Света Гора и ги положи светата „Троерачица“ во соборниот храм „Пресвета Богородица“ во Хилендар, чудотворната „Млекопитателница“ во својата ќелија „Типикарница“ (или „Испосница“) во Кареја, а пак жезолот во една ќелија наречена „Патерица“, на Кареја. Вреди да се спомене и тоа што свети Сава ја поставил светата икона ,„Млекопитателница“ од десната страна на иконостасот „Испосница“ таму каде што обично стои иконата на Спасителот, која е поставена од левата страна.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ГЕРАСИМ НОВИ, КАРПЕНИСИОТСКИ
Беше родум од селото наречено Мега, близу градот Карпенисија (на Пелопонез), од побожни и христољубиви родители. На крштението го доби името Георгиј. Во неговата единаесетта година неговиот постар брат Атанасиј го доведе во Цариград и го остави кај еден свој сонародник продавач и се врати назад. Георгиј на улицата продаваше намирници на својот газда. Еден ден падна и ги скрши бочвите и садовите на газдата, па исплашен од казната седеше крај патот и плачеше. Го виде една турчинка како плаче, го однесе во својата куќа да го утеши и го задржа два месеци кај себе. Потоа полека, малку со сила малку со ветувања, таа и нејзиниот сопруг успеаја да направат тој да ја прими муслиманската вера, па заедно со своите деца го обрезаа. Потоа овој турчин се исплаши за својата жена и затоа го испрати Георгиј кај друг турчин, кој го зеде со себе на патување низ Бугарија, Босна, Македонија и Евија, па повторно се вратија назад во Цариград.
Не помина долго време, а малиот Георгиј си дојде на себеи сфати каков страшен грев извршил, та започна во себе тајно да се кае и горко да плаче. Во првата прилика тој побегна од Цариград и се врати во својот дом. Оттогаш почна строго да пости и да се моли на Бога, особено призивајќи го светиот великомаченик Георгиј да му биде посредник пред Бога, за да се удостои со маченичка крв да го испере својот грев на одрекување од Христа. Ноќе тајно одеше во блиската црквичка на свети Георгиј и му се молеше долго и усрдно. Во една прилика тој остана таму на молитва до утрото, и кога се враќаше го забележаа некои деца и извикаа: „Ене калуѓер“. Тогаш на Георгиј му дојде мисла навистина да стане монах. Тоа веднаш и го соопшти на својата мајка. Мајката, која сакаше да го ожени, се противеше на неговата намера и се трудеше да го спречи. Георгиј тајно побегна на Света Гора и дојде во скитот Свети Пантелејмон, каде се сретна со својот сонародник, јЈеромонахот Кирил, и стана негов послушник. Старецот го утеши и го научи на правиот монашки живот, го описмени и тој започна да го чита Новиот Мартирологион, каде беа опишани подвизите на светите Новомаченици.
По една година во подвизи на Света Гора, тој посака да прими монашка схима, а старецот му рече дека треба да изминат барем две до три години. Но, со настојување на Георгиј, тој наскоро го замонаши во втората недела на Великиот пост со името Герасим. Три дена по своето монашење, Герасим побара благослов да појде на мачеништво, но старецот започна да го кара, зборувајќи му дека тоа е искушение од ѓаволот, кој сака повторно неподготвен да го зароби во своите канџи. Треба да трпиш, - му рече старецот, - и долго време да поминеш во монаштво, зашто и монаштвото, според светите Отци, исто така е мачеништво. Герасим му се покори на старецот, и кога повторно побара благослов пак не го доби. Криејќи ја во себе желбата за мачеништвото, тој помина така три години а потоа доби благослов да се подвизува некаде во осаменост, но да не излегува во светот.
Преподобниот Герасим помина тогаш низ неколку манастири, но тагата поради одрекувањето и желбата за страдање никако не го напуштаа, така што целиот беше изменет во лицето и изгледот, Најпосле се посоветува со еден духовник на име Данил, кој го исповедаше и го причести со Светите Тајни Христови, па потоа отиде кај својот прв старец Кирил, и му рече:
- Бидејќи се наоѓам под твојот канон, и не можам да излезам во светот, те молам и преколнувам да ме пуштиш да одам во мојата татковина, да ја видам мојата мајка и роднините, а верувам во Бога дека нема да те нажалам со ова мое заминување.
Со ова преподобниот мислеше на мачеништвотвото. Под татковина го подразбираше Небесниот Ерусалим, под мајка Пресвета Богородица, а под роднини светите маченици. Така доби благослов и тргна на пат. Имаше дваесет и пет години.
Кога стигна во Цариград веднаш се јави во домот на својот поранешен домаќин турчин. Излезе пред него и му рече:
- Јас сум оној мал незлобив Георгиј, кого ти и твојата зла жена ме прелагавте и ме направивте турчин. Штом ја запознав светлината и вистината, дојдов пред сите да исповедам дека сум христијанин и како христијанин сакам да умрам.
Турчинот беше запрепастен од ваквиот став на преподобниот, но повторно се обиде да го придобие со ласкања и ветувања. Кога не успеа, го посоветува да си оди оттаму и да живее каде што сака како христијанин, само сега да каже дека е муслиман за жив да се извлече од градот. Маченикот му се заблагодари за њубезноста, но не прифати повторно да се нарече муслиман. Тогаш агата го повика својот оџа и му го предаде. Овој од своја страна се обидуваше повторно да го придобие, но кога не успеа го предаде на турскиот воен старешина во градот.
Тој го ставаше свети Герасим на најстрашни маки и злоставувања цели петнаесет дена. Но, бидејќи остана непоколеблив, заповедникот го осуди на смрт со посекување со меч. Кога џелатот го одведе на губилиштето, светиот маченик мирно клекна кон исток И ја изговори онаа молитва на блажениот разбојник:
„Сети се на мене Господи, во Царството Твое“.
Џелатот сфати што сака да каже и затоа насилно го свртуваше на запад, но тој повторно се свртуваше на исток. Тоа го разбесни џелатот и тој веднаш му ја отсече главата. Лицето му блескаше од радост, долго време по посекувањето. Пострада за Христа на 3 јули, во среда, 1812 година, на плоштадот близу храмот „Света Софија“ во Цариград.
Благочестивите маченикоњупци зедоа делови од неговата облека и неколку влакна од главата, од кои потоа многумина се исцелија. А кога добија дозвола го откупија неговото свето тело и чесно го погребаа во храмот „Преображение“ на островот Прот. По три години оттаму го пренесе старецот на преподобниот Кирил во манастирот „Пирсос“ во Карпенисија, каде почива и денес.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИСАИЈА ОТШЕЛНИКОТ
саија се подвизувал во Мисирскиот Скит во петтиот и шестиот век. Се спомнува во книгата на свети Варсонуфуј и Јован (ОдгоИ: 249 и др.) како маж со особена светост. Пишувал многу поуки за монаси и отшелници. Од неговите списи останале малку, зашто многу биле уништени од муслиманите. Свети Исаија зборувал:
„Умот пред да се разбуди од сонот на ленливоста се наоѓа со демоните“.
„Круна на сите добри дела е човекот да ја положи сета своја надеж во Бога, да прибегнува единствено кон Него, со сето срце и сила, да биде исполнет со милост спрема сите, и да плаче пред Бога, молејќи се за помош и помилување“.
Каков е знакот дека на човекот му е простен некој грев?
„Знак дека гревот е простен е кога тој грев повеќе не врши никакво дејство во твоето срце и што ти си го заборавил до таа мера, што во разговор за сличен грев ти не чувствуваш никаква склоност кон тој грев, како нешто сосем туѓо на тебе. Тоа е знак дека си помилуван“.
„Залудни се и молитвите и подвизите на човекот кој во себе таи злоба кон ближниот и желба за освета“.
„Со сите сили труди се, со устата да не зборуваш едно а во срцето да имаш друго“.
„Круна на доблеста е љубовта, круна на страстите е правдањето на гревовите свои“.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ БЛАГОВЕРНИ ВАСИЛИЈ и КОНСТАНТИН,
кнезовите Јарославски
Беа двајца родени браќа. И едниот и другиот беа кнезови во времето на страшните насилства од страна на татарите. Василиј до 1249-та а по него Константин до 1257 година. Големи и самопрегорни заштитници на рускиот народ. Како христоњубиви и побожни подигнале многу храмови. Константин загинал бранејќи го Јарослав од татарите. Во 1501 година чесните мошти на светите кнезови се пронајдени нетрулежни, и почиваат во Јарославската соборна црква.
СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ ЈОВАН и ЛОНГИН,
Јаренгските чудотворци
Биле монаси на Соловецкиот манастир и ученици на свети Филип. Го минувале животот во строг пост. Биле образец на целосна послушност и смиреност. Во 1561 година тргнале на копно по манастирска работа, но ги затекнала бура и ги потопила. Нивните свети тела беа пронајдени нетлени на Корелскиот брег, на сто и дваесет врсти од манастирот, на устието на реката Јаренга, и положени во селото Јаренга, каде потоа бил подигнат манастир. Наскоро моштите на светите угодници се прославија со чудеса и исцеленија.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИКОДИМ КОЖЕЕЗЕРСКИ
Родум беше од Ростовската област. Во младоста бил ковач во Јарослав. Потоа, со специјално укажување Божјо се замонашил и се населил во Кожеезерскиот манастир. Тука Никодим водел живот на строг подвижник, трпеливо и усрдно извршувајќи ги сите манастирски послушанија. Неговиот доблесен живот го сврте вниманието на браќата, и тој, одбегнувајќи Ја човечката слава, отиде на пусто место на брегот на реката Хоз-Југа, во Оленецката губернија. Тука преподобниот Никодим се подвизувал во строг пост и молитви се до својот блажен крај. За своите подвизи бил удостоен од Бога на дарот на чудотворството. Се упокои во 1640 година, а на четириесеттиот ден пред својата смртт бил однапред известен со јавување на свети Алексиј, митрополитот Московски и свети Дионисиј, архимандритот на Троице-Сергиевата лавра. Неговите свети мошти почиваат во Кожеезерскиот манастир, во Архангелската епархија.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БЛАЖЕН ЈОВАН МОСКОВСКИ, безумен ради Христа
Беше родум од околината на Вологда. Во младоста работел во солана а потоа преминал во Ростов. Таму го зел на себе тешкиот подвиг на јуродивството, налудничав ради Христа. Одел полугол, носел врз себе тешки железни вериги, и голем железен капак. Потоа се преселил во Москва и ги продолжил своите подвизи. За светоста на својот живот бил удостоен на прозорливоста и чудотворството. Се преставил во 1589-та година. Неговите свети мошти почиваат во Московската Покровска црква.